Напомена
Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и стил.
ПРЕДГОВОР
Спомените на Анастас Лозанчев и на Григор Попев (запишани во текот на 1930 г. и 1932 г.) се однесуваат на почетниот период на организацијата, до првите нејзини чекори. Тие се особено вредни, затоа што ни откриваат некои драматични моменти од револуционерното движење во Македонија. При прочитувањето на спомените на Лозанчев треба да се има предвид, дека тој е најкритикуваниот, посочен како најизразит приврзаник за востание. И таков си остана докрај. На читателот ќе му направи впечаток невоздржливоста, со којашто Лозанчев се нафрлува врз Дамјан Груeв, со кого што на секој чекор сака да дели мегдан. Треба да подвлечам, дека беа нужни големи усилби за да се наговори Анастас Лозанчев да раскаже за својата дејност. Во тој однос ми помогна околноста, што во детските години другарував со неговиот првороден син. И при запишувањето на спомените Лозанчев беше крајно возбуден. По однос на некои дејци тој е остар и до крајна мера објективен. Но тоа нешто не ме вознемируваше, затоа што желбата ми беше да ги пренесам неговите спомени независно од неговиот однос кон некои цели и задачи на македонската револуционерна борба. Така што спомените и во тој однос се вредни, затоа што придонесуваат за објаснување на редица нешта. Треба да се одбележи дека и самиот Анастас Лозанчев како да ја сфаќаше острината на својот расказ по однос на некои дејци и на неколку пати истакнуваше, дека спомените ќе “можат да видат бел свет само по неговата смрт”. (тој почина во 1945 г.).
Б. Мирчев
I
Софија, 1930 год.
Роден сум на 8 април 1870 г. (ст. ст.) во Битола. Татко ми се викаше Диме Лозанчев, а мајка ми Анча. Тој се занимаваше со крчмарство и трговија, а имавме и зеленчукова градина којашто ја дававме на исполица.
Петти клас завршив во Солунската гимназија во 1885 г. Соученици ми беа Христо Матов, Јосиф Ѓакончето, Александар Чакаров и др. Откако завршив петти клас, се прибрав во Битола каде што престојував извесно време, а во 1887 г. заминав за Софија и стапив на работа кај фотографот Карастојанов. Но наскоро се разболив и се вратив во Битола. После заминав за Белград, каде што купив фотографски апарат (машина). Пред тоа во текот на две години (1891/1892 г.) бев учител во селата Могила и Смилево, Битолско. Во последното село учителствавме заедно со Лазо Лигушо и Неделко Дамјанов, а во село Могила учителствав сам. Учител станав, затоа што бев заболел, но после одново станав фотограф. За време на мојата револуционерната дејност овој мој занает служеше за заскривање. Во наредните месеци ги обиколував Костурско, Охридско и други места. Тогаш овој занает беше тешка работа.
Татко ми Диме Лозанчев беше замешан во Охридската завера. По тој повод ќе раскажам два случаи. Тогаш кај нас, во Битола, се криеше Никола војвода, млад убаво облечен човек, кого што после турците успеаја да го заробат во Призрен и тој издаде многу нешта. Никола го предаде и мојот татко, предавајќи им на турците, дека кај нас меѓу другото бил оставил и едно ноже. Точно, Никола војвода остави едно ноже, но еден турчин го бендиса и го зеде, кога за него плати една бела меџидија. И сега, кога турците направија претрес, не го најдоја бараното ноже. Во тоа време во куќата ја имавме книгата “Изворното прашање и Санстефанска Бугарија” од Драган Цанков. При претресот ја држев книгата во своите раце и не ја давав, кажувајќи им на турците, дека таа ми е нужна за на училиште. Ако турците ја отвореа дури само таа книга, ќе го осудеа татко ми на затвор.
Кај нас се криеше исто така и Димитар Стерев, кој беше испратен од Бугарија исто по таква работа. (Во последно време тој живееше во Русе.) Беше нешто како писател. Тој ме научи да играм на карти, за да му поминува полесно времето. Тогаш бев на 11 години.
Во наредните неколку месеци Диме Чакре се криеше кај нас и пред Велигден заедно со Ташко Гавазов замина за Прилеп, каде што се случи случката со Крапчевци. Диме Чакре имаше жена Турчинка, којашто се покрсти. Таа престојуваше доста време кај нас и пред да замине за Прилеп, тој ја испрати во Ќустендил.
II
Софија, 1930 год.
Во Ресен се собраа многумина од посетнешните дејци. Пред тоа Дамјан Груев ми зборуваше за револуционерни комитети. Во Ресен не се одржа никаков конгрес. Илија Шилигаров пишува, дека таму бил и Пере Тошов. Тоа не е точно. Во Ресен бевме на 15 август 1893 г. А со Пере се запознав во м. ноември. Таму беа д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Глигор Попев, Георги Пешков, Александар Панов, Трајче Доревски и др. Даме Груев заедно со Алексо Панов и Глигор Попев откако престојуваа неколку денови во Ресен, заминаа за Охрид.
Со Даме се познавав уште како дете и татко ми издејствува тој да биде прифатен за стипендист. Подоцна Даме заедно со Димитар Мирчев отидоа како стипендисти во Србија, но таму не останаа долго. Во Ресен не имаше никаков конгрес, затоа што дотогаш немаше организација, туку независно организирани лица и може да се каже, дека таа започна оттогаш. Тоа се однесува за Битолско. Може да се водени разговори меѓу Пере и Даме, ама организација немало; поточно е да кажам, дека во Ресен се одржа собир, но не конгрес. Организацијата во Битола започна по доаѓањето на Пере, во ноември 1903 г. Со него се запознав на свршувачката на Глигор Попев. Тогаш Пере беше назначен за учител во гимназијата во Битола.
Даме, за да ме засегне, соопштува во своите спомени, дека едни од првите членови на организацијата во Битола биле Никола Алтипармаков и Неделко Дамјанов. А истите беа посветени во делото не од Даме, туку од мене. Со Неделко Дамјанов учителствавме во село Смилево, а со Никола Алтипармаков не поврзуваше ловот. Тогаш започна покрстувањето со револвер и евангелие. Редот на покрстените лица во Битола е следниот: јас, Пере, Георги Пешков и Глигор Попев. Подоцна веќе влезе во организацијата и Ѓорче Петров. Пере, иако близок со Ѓорче, не сакаше тој да биде прифатен во организацијата. Тогаш тие двајцата живееле во пансионот. Ѓорче влезе во организацијата две години подоцна.
Даме тврди, дека со неговото доаѓање во Битола се поставил почетокот на организацијата. А тој дојде доста доцна… Во тоа време ние во Битола веќе дејствувавме на широка нога. Воопшто, може да се каже, дека има многу неточни податоци во спомените, предадени од проф. Милетич.
Во Битола организираната борба започна малку покасно, но затоа пак изненадивме многу други организации. Во нашата организација имаше голема цврстина и поголема желба за работа.
Пере Тошов не беше силен како организатор и тој можеше да влијае само на тесен круг луѓе. Штом погледнеше психолошки на некого и установеше, дека е способен за работа, тој го привлекуваше кон себеси и му даваше насока, додека другите го правеа обратното. Пере Тошев беше многу издигната личност во организацијата. Грешката на Пере беше во неговиот карактер.
Со Даме беше обратното: тој не ја бараше личноста, туку се служеше со луѓе како Георги Попхристов, Аце Дорев, Александар Ефтимов – се само осредни личности. Повеќето од дејците на организацијата, како Лечо, Манол Розов, Лазар Поптрајков, Пенчо, кој дејствуваше во Преспата, се воспитаници на Пере. Оние, кои работеа со Пере, се сплотуваа со организацијата.
Револуционерната борба не започна со Даме, туку со Пере Тошов. Револуционерните идеи кај Пере беа пооформени, отколку кај Даме Груев.
Пере и Даме се познаваа од Прилеп, каде што учителствале. Пере Тошов беше потемпераментен бунтовник. Даме можеше да влијае, како да кажам, со својот говор врз масата, а Пере тоа не го можеше. Тој влијаеше само на одделната личност, додека дар за говор не поседуваше. Борис Сарафов како оратор исто така беше подобар од него. Пере не можеше дури ни да пишува добро. Исто и Даме не можеше да пишува, а пак Ѓорче Петров можеше да пишува во продолжение на 48 часа без умор, и не само да пишува, туку и да твори. Пере Тошов беше до краен степен молчелив но и многу избувлив, не давајќи пет пари за никого. Седи, седи и одеднаш ја вади обувката и ја фрла некаде, јаболко, круша, што ќе му попадне.
И покрај тие избувнувања ние помладите бевме восхитени од него. Во почетокот не можев да поднесувам никаква слобода, а претераните слободи на Даме воопшто никој не можеше да ги поднесува. Слободите на Пере – ги поднесувавме сите.
Пере Тошов во некои односи не можеше да го поднесува Даме. Истото беше и со Ѓорче – и тој не можеше да го поднесува Даме. Оние, кои работеа со Пере, се сплотуваа со организацијата. Можам да кажам, дека во организацијата почитував две личности – Гоце Делчев и Пере Тошев. Само пред нив јас се наклонувам.
III
Софија, 1930 год.
Со Гоце Делчев сум бил само во текот на неколку денови. Тој правеше впечаток со својата дејност. Гоце можеше да ја преброди цела Македонија во едно тешко време. Тој ги имаше манирите на Пере, но беше и подобар организатор.
По преместувањето на Пере во Битола дојде и Даме и за кусо време меѓу нас се појавија конфликти. Една од причините за тоа беше следната: заземеме ли решение по дадено прашање, Даме не се стеснуваше после да го застапува спротивното становиште заземено од нас. А мене такви работи не ми се бендисуваа. Секогаш би се согласил со измена на заземеното решение, но ако тоа, се разбира, се случува не по вољата на еден човек, туку по заедничко решение, по решение на сите нас, по решение на целото раководство. Еднаш му реков на Даме, дека тој начин на работа нема да оди во иднина и се повлеков за извесно време од активното учество во работите на организацијата. Сепак продолжував да помагам во организационите работи. Кога Гоце Делчев дојде во Битола, Даме Груев беше во затворот. Тогаш Делчев ми гостуваше 4 денови и водевме долготрајни разговори. Тој сакаше од мене лично да ги дознае причините за моето повлекување од организацијата и на крајот ме покани одново да земам учество во организацијата. Дадов согласност за тоа, но под договор, дека мојот глас ќе се слуша толку, колку гласот на другите. Тогаш еден од моите услови за повторното влегување во организацијата беше Георги Пешков да престане да се занимава со парични прашања. Последниот беше загадочна личност и со него никогаш не сум бил во дружељубиви односи (од браќата Пешкови, Кољо беше подобар).
Гоце посака да се види со Даме, кој се наоѓаше во битолскиот затвор. Тогаш син ми Цветан беше на една година. Ми падна на ум план, со кој би можеле да го оствариме тоа видување. Планот беше следниот: Гоце да го земе детето в раце и со мајка ми да се упатат кон затворот. Гоце Делчев ја прифати таа моја идеја и на два пати го посети Даме Груев во затворот. Вториот пат тој отиде сам. Гоце и Даме воделе разговор и за моите барања.
Од Битола Гоце Делчев замина за село Буф, Леринско, а оттаму се упатил за Бугарија. Целта, за којашто Делчев беше пристигнал кај нас, беше да ги ревизира четите и да го покрене духот на населението. Една од големите грешки на организацијата беше и Гоцева грешка. Тој сакаше да се брза со доставката на оружје. А тоа носеше ризици. Подоцна Гоце кажуваше, дека “не треба да се дејствува…” Но во тој случај зошто беше неопходна таа подготовка? Тоа беше негова грешка. Затоа што, кога човек располага со оружје, започнува да мисли попоинаку. Во својата голема обиколка низ Македонија советите кои Гоце ги даваше, беа да се брза колку што се може повеќе со доставките.
Гоце пристигна во Битола од Прилеп, но тоа со сигурност не можам да го тврдам. Или пак пристигнал од Мориово? Но се сеќавам, дека од Битола тој замина во Буфкол, Костурско, Ресенско, од каде се врати назад. Тој беше придружуван од еден младич, на кого не можам да се сетам за името. Гоце Делчев не беше од раскошливите, не водеше голема чета, не правеше глупости, како на пример Борис Сарафов, кој се оградуваше со “ураџии”. Гоце беше чуден човек. Негова грешка беше брзината. Штом не сакаше да се крева востание, зошто беше таа подготовка? Тогаш ние го принудувавме секое лице да си купи, да се снабди со оружје. Брзината во вооружувањето – тоа беше грешката на Гоце. Други грешки кај него јас не наоѓам. Подоцна Гоце кажуваше, дека не треба да се крева востание. А востанието ни се наложи. Една од причините, да ни се наложи, имено беа и проповедувањата од Гоце Делчев “брза подготовка”.
IV
Софија, 1930 год.
Кај мене немаше амбиции. Ако имав такви, како на пример кај Борис Сарафов, да сакав да не попуштам докрај, но јас се повлеков од организацијата, затоа што дојдов во спротивност со моите најблиски другари. Ако не востанеше востанието, претстоеше катастрофа. Прашувам јас, зошто не избувна востание од оваа страна на Вардар? Затоа што таму беше се распаднато, а не дека не сакаа да кренат востание, не дека некој им попречи. Им попречија условите, дека не беа готови. Та нели ингилизовци во Солун на конгресот беа за востание? Противници за востанието на солунскиот конгрес беа еден – двајца луѓе.
Со Даме Груев, како што веќе спомнав, доаѓав почесто во конфликт. Ќе раскажам една случка, којашто се случи со братот на Сребрен Поппетров, кого што го убија како предавник. По тој повод имав непријатност со Даме Груев. Падна сомнеж, дека братот на Сребрен Поппетров станал предавник. Такви извештаи добивме од началникот на железничката станица Екши су. Војводата Марко Лерински на неколку пати пишуваше, дека Стефан Петров им поткажувал на турците. Тоа ние не сакавме да го дозволиме и затоа постојано одлагавме заземање на соодветни мерки. Еден ден Марко Лерински напиша остро писмо. (Кореспонденцијата ја водев јас.) По советувањето со другарите му одговорив на Марко Лерински да оди во Екши су, да повика пријатели и непријатели на Стефан и откако ќе го проучи прашањето, да ни напиши, а ние од своја страна ќе заземеме решение. По тоа прашање тој се јавил и до Даме, кој од затворот наредил да не се презема ништо. Уште на другиот ден Марко му напиша одново и прашуваме: “Што правите, каква е таа работа…?” По тој повод отидов кај Даме, се карав и изјавив да не дава наредби од затворот, затоа што во спротивен случај одново ќе се повлечам од организационите работи.
И навистина искажаните опасности на Марко се остварија – по неколку денови беа убиени Марко Лерински и Абдураман во Пателе, што беше катастрофа за организацијата, затоа што се открија многу пушки. Подоцна самите селани го убија Стефана. И денес Сребрен Поппетров ме обвинува, дека сум го извршил убиството. Но изјавувам, дека јас не се решив за убиството на Стефана, затоа што и сега за мене не е јасно дали Стефан беше стварно доушник. Но треба да кажам, дека сомнение имаше, а Марко беше наполно убеден во предавството на Стефан. Марко Лерински беше буден организатор. Но неговата организациона дејност не му помогна и турците можеа да го откријат скриеното оружје кај Лерински. Ако не востанеше востанието, слична катастрофа ќе имавме насекаде.
Марко Лерински помогна многу за издигање на добри војводи во организационен поглед. Неговата чета беше, така де се каже, школа за војводи преку којашто поминаа многумина од нив. Тој беше скромен човек, но предан на организацијата.
По мојата последна расправија со Дамјан Груев, тој повеќе не се решаваше да командува од затворот. Но не помина многу време и Даме го испратија на заточение во Подрумкале, од каде се врати малку пред востанието.
Јас водев кореспонденција со Солун и окрузите. Работев многу и бев вонредно обременет, а и по карактер сум си таков – ако се зафатам со една работа – ја терам без мера. Во текот на годината пред востанието не ми се собираше на деноноќие повеќе од 4 часа сон. Вечерав на ниска софра. Имавме малечко миндерче со нозете под софрата и така спиев во продолжение на четири часа. Потоа станував и се зафаќав со шифрованите писма, кои ги пишував на платно. Бев многу слаб и ме чуди од каде се наоѓаше таа енергија. Секогаш му порачував на мајка ми да ме разбуди во определен час, но таа никогаш не ме будеше, затоа што станував секогаш навреме.
За време на убиството на поп Ставре бев во конфликт со Даме. Тоа убиство се случи по негова наредба. Од поп Ставре беа барани пари и за исполнување на таа задача беше задолжен четникот Трифун од с. Избишта. И кога Трифун отишол кај поп Ставре, последниот, скрил турци во живеалиштето кои го заробиле Трифун. Но за пари не убивавме. Но грешката на поп Ставре беше, што изврши предавство.
Еднаш организацијата дојде во конфликт со митрополит Григориј и еден ден ние заедно со Михаил Герџиков отидовме кај владиката кој не ислуша. Пред тоа тој ни ја покажуваше вратата. Нашите луѓе не беа справедливи по однос на него. Владиката Григориј беше стварно енергичен човек и во последните години беше во услуга на организацијата. Во врска со ранувањето на Хаџи Попе, бев задржан 4-5 месеци во затворот. По него пукаа како по Срби. Во почетокот ние бевме националисти, но попосле станавме интернационалисти. По Хаџи Попе стрелавме за да ги заплашиме србите.
Секоја година правев обиколки и ги посетував Кичево, Охрид, Струга. Еден ден од Костур ме вратија во Битола со врзани раце. Турците веќе беа започнале да се сомневаат во мене. Јас бев првиот член на организацијата во Битола, кој за организациони работи попадна во затворот. Оние, кои попаднаа тогаш во затворот сметаа, дека со нив пропаѓа и земјата, но после тоа стана нешто најобично.
V
Софија, 1930 год.
На 1 или 2 јануари 1903 г. отидов на конгрес во Солун. Заседанијата на конгресот се водеа во машката гимназија. Во тоа време Пере Тошов беше во Бугарија. Тука беа и Иван Гарванов, Спас Мартинов, Лазар Димитров, Иван Ингилизов и други. (имињата на присутните можат да бидат најдени на многу места, меѓутоа најточниот опис на солунскиот конгрес го даде Христо Попкоцев во списанието “Македонски преглед”. Тој е најверодостојниот опис.). На конгресот во Солун се собравме многумина. Но за чудење беше тоа, што јас не знаев зошто Централниот комитет повикал некои од дејците во Солун. Од битолскиот округ бев повикан само јас, додека од другите окрузи имаше делегати од околиите. Такви имаше и од Цариград. Малку од делегатите беа против востание. Еден од нив беше Лазар Димитра. Христо Попкоцев и Тодор Лазаров присуствуваа на конгресот како набљудувачи затоа што скоро беа излегле од Призренскиот затвор.
На Солунскиот конгрес ги искажав моите лични сваќања. Претходно не бев известен за неговиот дневен ред, за да можам да го заземам мислењето и на моите другари од ќелијата. Многумина пишуваат различно за Солунскиот конгрес и некои упатуваат обвинувања против мене. Но треба да подвлечам и да истакнам, дека на Солунскиот конгрес бев поканет лично, без да бидам однапред известен за прашањата кои што ќе бидат дискутирани. Треба да истакнам исто така, дека не знаев за што одам во Солун. Поканата, упатена до мене, беше лична, а сите останати покани беа упатени до револуционерните окрузи.
Сега по прашањето, зошто бев за востанието? Многумина ме обвинуваат за лична амбиција. Овие обвинувања ги отфрлам со одвратност. Како причини за востанието можат да бидат, следните:
1) Движењето на врховистите во 1902 г.
2) Нашата подготовка беше таква, што не можеше да се одолжи за 10 – 20 години.
3) Многу Македонци, не знам по чија сугестија, на организацијата или пак однадвор, започнаа масовно да се враќаат по своите родни места во текот на зимата, дури и есента.
4). Костурчани и леринчани заплашуваа, дека сами ќе кренат востание. Големиот страв од откривање на оружје (особено по убиството на војводата Марко Лерински).
5) Зголемувањето на четите имаше за последица непрекинати судири со турски единици.
7) Големата напнатост на населението, кое што го принуди да ја занемари својата дневна работа.
8) Осиромашување на населението.
9) Моралниот пад кај некои личности, кој започна да му тежи на населението.
10) Ослабување на дисциплината.
11) Од излагањето на делегатите стана јасно, дека подготовката по окрузи и околии е доволна.
Тоа се главните причини за избувнување на Илинденското востание. Можеби има и други, но не можам да си ги спомнам. Кога се јави полковникот Јанков во Македонија, ние просто го запиравме населението да не востани. А тој се појави точно во тие места, каде што желбата за брзо кревање на востание беше голема и ние требваше да обеќаваме дека наскоро ќе има востание.
Кога Гоце Делчев во 1902 г. ја премина Македонија, паролата беше “брза подготовка”. По борбата кај село Арбино, Охридско, (борба со четата на Тома Давидов) излегоја 50-60 души нелегални. Долготрајната подготовка започна да му тежи на народот.
Тоа е, што можам да кажам за Солунскиот конгрес. Се разотидовме и почнавме да дејствуваме поактивно за подготовката на востанието.
Плановите за востанието се створија со пристигањето на полковник Јанков, кој доаѓаше, за да крене востание во Леринско и Костурско. Зошто Јанков доаѓаше со таква цел? Што целеа со тоа оние, кои што го испратиле? Тој не беше човек со голем ум. И дали сето тоа тој не го правеше од слепа амбиција да не биде засенет од ген. Цончев?
Стапив во врска со полковникот Јанков и го поздравив со “добро дошол”. Од неговиот одговор се забележа, дека е човек со посебен манталитет. Тој мислеше, дека ќе може да не заплаши и да дејствува мимо нас. Му напишав, дека таа работа нема да се случи во Битолскиот округ и го потсетив да побрза да се договори со нас, затоа што ќе направиме се, за да го отстраниме. Започнавме да дејствуваме, за да му попречиме да не преземе нешто. И стварно, на крај на краиштата ние успеавме во таа насока. Тој се компромитира. Меѓутоа населението, што од неговата агитација, што од други причини, беше речиси готово да дејствува. Па кажувам, тогаш ние бевме принудени да даваме ветување, дека во текот на идната година “нешто ќе преземеме”.
Полковник Јанков замина за Костурско, што сметаше да го претвори во своја база на дејствување. Меѓутоа таму тој наиде на најголем отпор и на крај на краиштата, беше принуден да капитулира и со неколку души четници беше испратен преку границата. Меѓутоа во однос на полковникот Јанков не беа преземени груби мерки.
Централниот комитет ни нареди да го убиеме полковник Јанков и можам да истакнам дека моја е заслугата, што не беше извршено тоа убиство. Ако ги послушавме Гарвановци и другите од Солун, ќе беше голем срам за организацијата.
Започнавме да се подготвуваме уште позабрзано за востание. По доаѓањето на Делчев во нашиот крај се даде уште поголем импулс во таа насока. Пишуваа да се враќаат гурбетчиите, а ние од наша страна не го запиравме нивното враќање.
На конгресот во Смилево беа представени со по 2-3 души, а дури и со повеќе сите околии. Од Битола бевме јас, Георги Сугарев и Георги Попхристов. Имаше претставници од Костурската, Преспанската и Дебарската околија. Во тоа време од Подрумкале пристигна и Даме Груев и, колку што се сеќавам, за Смилево заминавме заедно. Јас бев сеуште легален. Во Солун Гоце Делчев се сретнал со Даме Груев, пред кого настојувал да не се крева востание. Меѓутоа по долготрајни спорови Гоце Делчев ја дал својата согласност и обеќал, макар и не присрце, да дејствува организирајќи напади на тунели, железници…
Во Смилево за претседател на конгресот беше избран Дамјан Груев. Почнаа дискусии. Имаше противници за востанието и тоа главно од оние реони кои не беа подготвени. Еден од нив беше Прилепскиот реон со претставникот Петар Ацев. Против мене зборуваше Георги Сугарев, кој побара да дознае зошто пред да заминам за Солун, не сум го зел мислењето на другарите. Му одговорив, дека во Солун бев повикан лично од Централниот комитет и дека таму сум искажувал лични мои гледишта. Георги Сугарев се сврти кон мене со дрзок тон и побара да дадам објаснувања пред Дамјан Груев и Борис Сарафов. Кога заврши Сугарев, удрив силно со тупаница на масата и кажав: “Тоа што сум го направил, не сум го сторил од лична амбиција, туку како што кажав порано, повторувам и сега, дека во Солун бев повикан лично и поради тоа нема да давам тука никакви објаснувања. Не сте ли согласни – готов сум сега да се повлечам.”
Откако конгресот ја ислуша мојата декларација, се пристапи кон суштинска работа. Дискусиите на конгресот продолжија неколку денови.
За време на заседанијата пристигна вест за настанатите атентати во Солун, како и новината за убиството на српскиот крал Александар Карагеоргевич. Тие настани извршија големо влијание за заземените решенија од конгресот. Фактот, што јас, Даме Груев и Борис Сарафов бевме едногласно избрани, докажува дека сите беа согласни со идејата за востание. На Петар Ацев му се ветија пушки, кои после се испратија со Пере Тошев.
На конгресот во Смилево имаше непријатности со војводи. Еден ден Борис Сарафов ми кажа, дека сакал да го убие Јордан Пиперката. Се свртив кон Сарафов и му реков: “Многу добро знам што човек е Јордан Пиперката, со кого што често сме имале непријатности, но знај, дека откако ќе го застрелаш Пиперката, јас тебе ќе застрелам.” Тогаш бев малку налудничав…
Еднаш Борис Сарафов ми кажа, дека чул извици: “Да живее Сарафов” – му одговорив, дека тие работи не се за тука. Во Софија може да се случуваат такви нешта, но тука – не.
По Смилевскиот конгрес, поп Тома беше задолжен да достави во Софија препис од протоколите на конгресот (тогаш направив снимка на учесниците на Смилевскиот конгрес, но еден од четниците го осветли стаклото). За време на конгресот во Смилево се случи колежот во Битола и убиствата во Цапари. Конгресот ја прекина својата работа и сите чети се упатија кон селата Ѓавато и Цапари. Но уште по патот не настигнаа курири и соопштија што се случило во Битола и Цапари и ние се вративме назад во Смилево, каде што ја продолживме својата работа.
Насекаде беа назначени шумски раководства. Назначени беа и помошници. И така сите се разотидовме, за да се подготвиме за востание. Денот на востанието не беше определен, но беше заземено решение тој да се определи од нас тројцата.
Откако конгресот ја заврши својата работа, требаше да заминам за Битола, за да средам некои работи. На 15 мај – Спасовден – пристигнав во Битола, каде што се движев ноќно време или рано наутро. За чудење беше, што при такво раздвижување на чети, како што имаше во Смилево за време на конгресот, не беше забележано никакво предавство. И тој факт ми даде посебен кураж да се вратам во Битола, каде што останав уште еден месец.
По конгресот се формираа многу чети. Кога се случи убиството на Парашкев Цветков во с. Могила, бев во Битола. Во тоа време јас се подготвував да излезам нелегален. На денот на моето излегување во шумата му кажав на својата жена, дека довечер нема да бидам дома. Моите деца Цветан и Пенка спиеја и посакав да ги бакнам. Се вртев околу нив, но жена ми беше околу мене и така заминав, без да ги бакнам моите деца. Тоа ми причини голема болка. После, во месец октомври, кога ја видов одново својата жена, таа ми рече: “Се ти простувам…, но каде беше тоа срце, што не ги бакна децата…!” Тука е трагедијата на нашата борба во Македонија. Ние требаше да жртвуваме се.
Борис Сарафов пристигна со голема чета. Јас отидов во село Паралово (или Могила), за да се сретнам со него. Кога поминав низ село Карамани на пат за таа средба, ми направи впечаток, што од истото село беше излезен еден од чорбаџиите, кој порано испраќаше селани за средба со други чети. По нашата средба, Борис Сарафов замина за Костурско и Леринско. За пристигањето на Сарафов и Димитар Дечев му напишав на Тома Давидов нешто, што многу го јадосало, наспроти својот тивок карактер. Тоа стана причина за време на борбата кај село Арбино, Тома Давидов да не преземе никакви претпазливи мерки и турски куршум да го погоди во челото. До него тогаш бил поп Тома, кој ми ја раскажа таа случка. Ако не му го напишев тоа писмо, можеби Давидов немаше да настрада. Во таква состојба се случи цело востание.
Турската влада се грижеше да го прибира оружјето, но наидуваше на голем отпор. Селаните наспроти тешките мачења не ги предаваа своите пушки. Во Охридско имаше и вакви случаи: власта дознала, дека кај некој селанец има пушка; турците го фаќаат селанецот и му кажуваат да ја предаде пушката. Селанецот не одрекол дека има пушка, но одбил да ја предаде, кажувајќи: “За неа клетва сум дал, не можам да ја дадам.” И за изненадување турците го ослободиле селанецот. Такви случаи имаше многу. Во с. Цапари, Битолско, започнале да прибират оружјето и многумина селани избегаа. Тогаш Мице Бељов, селски началник, извршил предавство. Еден од предавниците ние успеавме да го фатиме. Предавството било извршено поради лошиот однос кон Георги Сугарев. Тогаш го поканив Сугарев да оди во Цапари и да дознае што се случува таму, но тој ми откажа и јас, придружуван од двајца четници отидов во селото. Предавникот, кога ме виде, се збуни. Се сеќавам на него – тој остана притаен до ламбата на еден оџак и ме гледаше криво. За предавството дознавме подоцна, откако тој беше заробен од патролите.
Откако го фативме Мице Вељов, тој кажа, дека сега не ни останувало ништо друго освен да бегаме кон боровите. Но височините таму беа зафатени од турци, кои со еден плотун можеа да не турнат во реката. Уморот беше голем. Тогаш бев многу слаб, таков си бев не само во текот на востанието, туку и порано. Тргнавме кон шумата, но јас не можев да одам, паѓав почесто како сноп и заспивав. Можеби тоа беше претчувство. Ме напуштија силите.
Кога видов, дека не можам да одам, му кажав на војводата Аце Коларчето, кого што со неколку души го најдовме во селото, да одат нагоре и да ме остават да се скријам во шумаците. Меѓутоа другарите не се согласија и побараа да се упатиме наместо кон боровите кон Василев – камен. Подзапревме и оние од нас, кои отидоа во правец кон боровите, со исклучок на двајца луѓе, беа испотепани.
Кога стигнав на Василев – камен, паднав, но по едно време другарите ме разбудија и соопштија, дека пукаат со пушки и дека Аце Коларчето бил заробен жив. Веднаш скокнав и моите другари покажаа каде бил Аце. Ние тргнавме, но некои со четниците откажаа да одат. Тогаш го извадив револверот и ги заплашив: “Кој нема да тргне со нас, ќе го застрелам.” Поголемиот дел од цапарци, кои веќе беа на местото, тргнаа во правец кон боровите, каде што ги водеше предавникот. Со нас водевме еден од предавниците, кој при создадениот неред успеа да избега. Од другарите, кои се упатија кон боровите, успеа да се спаси само едно момче од Демирхисарско, кое што се скрило под еден камен. На друго момче му се расипала пушката и турците го заробиле жив. Паднатите четници сите беа добри борци. Ние, останатите, се окопавме на Василев – камен и во наредните осум часа ги одбивавме нападите на аскерот. Ако турците заземеа подобри позиции, а тоа тие можеа да го сторат, можеа да не отепаат до еден.
Кога видовме, дека положбата е незадржлива и дека над нас започнаа да се тркалаат трупови на турци, фрливме неколку бомби и удривме во долот, кое нешто не беше тактично. Меѓутоа Турците, кои се наоѓаа таму, побегнаа и ние ја зафативме височината, кога за поголема сигурност се разделивме на две групи.. На Василев – камен ја оставив чантата со печатот, некои документи и пари, кои ги скрив под еден камен, затоа што не верував, дека ќе се спасиме. По неколку денови еден селанец ја најде чантата, којашто ја добив заедно со документите и парите.
Воопшто треба да кажам, дека момчињата се држеа херојски, со исклучок на еден, кој подоцна загина исто така херојски. Таа борба за мене беше прва и не знаев каков впечаток ќе ми направи. Тука ранија 6 души, а од другата група – од 13 души успеаја да се спасат само двајца. Таму загина и четникот, кој го уби Таки Чона. Можам да кажам, дека мојот умор и слабост, којашто ме тераше на сон, спаси голем дел од другарите. Таа борба во село Цапари се случи на 2 јули 1903 г.
Заминавме за Преспа и по дводневно гладување одново се сретнав со моите другари, кои донесоа конечно решение за денот на востанието. Ние уште од порано се запревме на денот, но конечно не го определивме. Другарите во мое отсуство го определиле денот на востанието и јас ја дадов мојата согласност.
VI
Софија, 1930 год.
Се објави востанието и тоа, кое што се очекуваше, се случи. Ние никогаш не сме мислеле да ја исплашиме турската држава, туку сакавме да предизвикаме интервенција. Ако сакавме да правиме нешто повеќе – требаше да дадеме повеќе жртви. Борис Сарафов предложи да ја нападнеме Битола, но тој немаше предвид, дека градот имаше над 70 илјади жители и многу војска. Еден таков напад можеше да има за последица убивање на голем број луѓе, нешто кое што се случи – само во помал сразмер – на Ѓурѓовден истата година.
Пере Тошев пристигна на 15 мај 1903 г. со пасош од Бугарија до село Кукуречани заедно со Милан Биолчев, до каде патувале со пајтон, а оттаму ја фатиле шумата. Во тоа време бев на пат за Смилево. Не можам да се сетам каде се сретнавме со Пере, но со него поминавме доста време во Златарската курија, на Црни врв. Таму беа Даме Груев и Борис Сарафов. Еден ден Пере и Даме пак се скараа за нешто, по што Пере со неколку товари пушки замина за Прилепско.
Во првите денови на востанието турската војска не мрдна. Во Ресенско четите водеа борба над Шурлинец, на Галичица. Јас се движев обично со двајца четници. Заминав за Смилево и пак се собравме тројцата: јас, Даме и Борис Сарафов. Првиот ден на востанието имаше напад и паднаа многу турци. Првата вечер на востанието, во Битолското поле беа запалени многу огнови, што можеше да се набљудува од височините. Беа запалени и многу турски кули, тоа продолжи неколку ноќи. Прекинати беа телеграфските врски и во текот на првиот ден немаше никаква врска, парализирано беше секакво движење на турските единици. Курири непрекинато донесуваа соопштенија за извршени акции во различни места. Се разбира, дека никаде не беше извршено нешто посебно. Чудеса не се направија, ниту пак се очекуваше да се направат, затоа што ние не можевме да ја уништиме самата империја, ниту пак тоа го мислевме. Но општо земено, тоа што беше замислено, се случи. Во Смилево останаа Даме Груев и Борис Сарафов, а јас вториот или третиот ден на востанието, придружуван од двајца четници заминав преку Демирхисарско за Кичевско. За таму се упативме на коњи, запленети од турците. Во Демирхисарско не можев да се сретнам со никого од војводите, но во Кичевско се видов со Лука Џеров, Наки Арсов и други и со нив обиколивме многу места. Борби не се случија. Турците започнаа да ги утврдуваат своите села, не излегувајќи од нив. Се говореше, дека се готват да нападнат откај село Јама, Дебарско. Но тоа не се случи. После се вративме одново во Смилевско и разбравме, дека се водела борба. Војските откај Призрен не беа уште пристигнати. Започнаа да предаваат оружје и го повикав Георги Сугарев да заминеме за село Реотино, но тој откажа.
Уште во текот на првиот ден на востанието почна да се чувствува голема потреба од ѓон. Преку еден фурнаџија од село Магарево, Битолско, наредив да се откупат околу два товари ѓон. Доставката беше исполнета, но турците дознале за неа и го убија фурнаџијата.
Се движев нагоре-надолу и пак заминав за Демир Хисар, каде што го сретнав Димитар Дечев. Војските веќе беа започнале да настапуваат, а ние – Даме,.Сарафов и јас – по борбата во Крушево се собравме одново на планината Бигла, каде што имаше многу чети од Ресенско. Тука турците почнаа да не гаѓаат со топови, но пукањето им беше неточно. После аскерот помина покрај нас, без да не забележи, а можеа да не погодуваат дури и со камења. Војската, којашто напаѓаше, беше околу 10 илјади души. Турците напаѓаа од сите страни. Тогаш тие се закануваа, дека како што “чешелот минува преку брадата, така ќе ги претресат шумите и ќе не испофаќаат”. Таа закана тие не можеа да ја исполнат.
Општо земено во текот на целото востание не беа дадени многу жртви, а кога турците започнаа да напаѓаат со големи сили, ние го натеравме населението да се обезбеди со резерви со храна. Аскерот започна да потпалува по неколку села наеднаш. Кога пристигнаа војските на Бахтиар паша, ние се наоѓавме по височините на Бигла планина. Турците запалија дел од село Смилево, а ние заминавме за Ресенско. После пак се вративме во Смилево. Тогаш аскерот уби многу мажи и жени. Наскоро се водеше и последната борба во село… (сум го заборавил името). Сега веќе почнаа предавствата.
Се наоѓавме на една височина, кога не нападна аскер. Бевме предадени од селските патроли. Кога не нападнаа турците, јас спиев и тие се доближија на неколку чекори до нас. Кога ги видовме, ние 5-6 души удривме надолу, а останатите другари не видов во кој правец избегаа. Јас не успеав да ја земам дури ни мушамата. Тука загина еден мој братучед, а сите останати, кои се упатија кон височината – со исклучок на еден, кој се скрил во еден жбун, беа испотепани. Матлиев одеше пред мене, јас бев болен. Турците пукаа од двете страни. Посакав да се скријам во некој шумак, но после расудив, дека ако тие пребараа лесно можеа да ме откријат. И така продолжив да одам. По едно време се залетував да паѓам, но голтнав лимонова сол и се созедов. Десетте наполеони, кои ги носев со себеси, ги закопав во едно лозје, затоа што не мислев, дека ќе останам жив. Но по чудо останавме живи и стигнавме во Смилево.
Претпоставувам, дека предавството е извршено во самото село и дека сме биле предадени од патрoлите. Уште при првиот турски плотун еден куршум го погоди мојот патрондаш, разбивајќи 7 патрони, но не можеше да ги запали. Куршумот остана во патрондашот. Во таа борба за чудо турците не можеа да не отепаат. Но ако беа повешти во пукањето, ниту еден од нас немаше да се спаси. Се наоколу беше поцрнето од војска.
Кога стигнавме во Смилево, можев да се преоблечам; ние имавме натрупано на тајно место облекло, опинци и др. Наскоро турците не открија и одново не нападнаа. Тогаш Георги Сугарев изјави, дека ќе гледа да се скрие во некое од скривалиштата и во истото скривалиште се скрив и јас. Но не помина многу време и се расколебав и кажав, дека не ми се умира тука и покрај тоа што аскерот беше близу, излегов од скривалиштето и се скрив во едно долче. Турците не ме забележаа и покрај тоа што се движеа од двете страни на долинката и пукаа во сите правци. Тие од едната страна се движеа на околу 10 чекори растојание од нас, а од другата – на 20 чекори. Местото, кадешто се скрив, беше отворено – ретка горичка и турците не ни мислеа, дека таму може да се скрие човек.
VII
Софија, 1930 год.
Се донесе решение за распуштање на четите, а пред тоа да се прибере оружјето. Решението се донесе од нас тројцата: Дамјан Груев, Борис Сарафов и мене. Сарафов замина за Преспа, а оттаму за Мориово, од каде требаше да се упати за наваму. По извесно време, јас заедно со Јонче касапот (Галабов) заминавме за Битола, а претходно средивме да не чекаат во битолските бавчи. Но кога стигнавме на договореното место, не најдовме никого и цел ден требаше да поминеме во една колиба. По едно време не забележаа работнички, кои многу се исплашија. Се плашевме да не не издадат, но тоа не се случи и вечерта се прибравме успешно во Битола. Во градот се местев од куќа во куќа и тоа продолжи доста време. Поначесто прикриено навраќав и дома. По едно време во Битола слегоја Даме и некои Сугареви четници, кои не се демобилизираа. Сите живеевме нелегално. Започнавме да издаваме весник, кој го литографиравме. Подоцна во Битола пристигнаа Ѓорче Петров и Пере Тошов и со нив поминав доста време.
Ме притисна силно главоболие. Во текот на последната борба јас многу настинав, бидејќи денови по ред поминав на дожд и снег, недобро облечен. А пак си бев и доста слаб. Па кажувам – ме притисна силно главоболие од настинка и здравјето наполно ми се разниша. После започна да се бунтува и мојата совест, кога почесто си го задавав прашањето – што направивме? Си давав отчет за настанатото и за она, кое што претстоеше да се прави. Долготрајни разговори водев особено со Пере, со кого што бев поинтимен и со него можев да ги споделувам моите мисли и тој своите со мене. И така поголемиот дел од зимата го поминавме заедно. Потоа, не знам во кое време, другарите отидоа на Прилепскиот конгрес. На конгресот не отидов затоа што, како што кажав, бев болен. Меѓутоа тоа, кое што имав да го предложам, му го предадов на Пере, кој исто така не беше согласен со мене. Кое беше моето становиште, нема да го кажам.
Во Битола останав до првите денови на мај 1904 г. После заминав за Смилево. Сега веќе одново започнаа да се формираат чети. Уште на првиот ден од моето излегување од градот, за време на спиењето, бев каснат од нешто, од кое што носам белег и сега на моето чело и во продолжение на еден месец ослепив наполно. Се движев со разни чети и преку Охридско стигнав во дебарските села Луково и Нерези, каде што престојував близу два месеци. Започнав по малку да прогледувам и во првите денови на септември 1904 г. заедно со војводата Марко од Луково заминавме преку Албанија за Црна гора. Тука се сретнав со Димитар Ризов и со негова помош заминав за Фиуме, а оттаму за Абација, каде што го сретнав, рускиот општественик П. Милјуков, кој тука беше на летување. Со него водев разговор за нашите работи. Неговиот совет беше да прекинеме секаква борба. На истото мислење бев и јас. Од Абација, под туѓо име минав преку Белград и успешно пристигнав во Софија.
Тука се сретнав со многумина од другарите. Наидов на голема декаденција. Собраната помош беше непотребно истрошена и бев принуден да го молам вујко ми да ми купи за 30-40 лева костум. Сакав да се зафатам за работа, но Христо Матов, кој дотогаш влегуваше во претставништвото, ми кажа да не го правам тоа, затоа што “ќе направело лош впечаток”. Станав продавач, затоа што не се согласував да се хранам на сметка на организацијата. Поради таа причина се зафатив со полезна работа, го научив сарачлакот и по цели денови шиев патрондаши, кобури за револвери и 1904 г. до 1905 г. се занимавав со таа работа. Потоа стапив на служба во дирекцијата за статистика.
Ме притисна меланхолија, која што за малку можеше да ме отера таму, каде што го отера Христо Матов – до лудост. Денови по ред не можев да спијам, ниту да се хранам и бев во многу тешка положба. Но службата во статистиката малку ме забавуваше, затоа стапив на работа во железницата во Земен. Избегнував средби со луѓе, можеа да ме тревожат. Разговори, особено за нашите работи, не можев да поднесувам. Не читав и весници. Таа состојба продолжи околу две години.
По Хуриетот заминав за Битола, каде што се установив на приватна работа и таму останав до 1913 г. потоа се преселив одново во Бугарија.
Ниту тогаш, ниту пак сега (1930 г.) сум согласен со методите на организацијата. Една од нашите грешки беше, што ги советувавме нашите луѓе да ја избегнуваат власта, а други ја искористуваа. Ние не ги советувавме нашите луѓе да стануваат чиновници. Не еднаш во разговори со Пере и Ѓорче го застапував становиштето нашите луѓе да заземаат служби, да стануваат чиновници на турската држава. Но тие ми одговараа: “Не. Ние тоа не можеме да го препорачуваме: ние не можеме со тоа да се согласиме, за нас власта расипува.” Меѓутоа подоцна ние требаше да ги бараме услугите на покварениот смилевец, на име Георги, кој по своја волја станал турски полицаец.
Ние никогаш не умеевме да ја водиме борбата на етапи. Ние бевме или за автономија на Македонија, или не знам за што. Направивме големи грешки. Меѓутоа во 1913 година, Бугарија ја направи најголемата грешка.
Поврзано