Во еден зачуван печатен исечок со наслов „Еден разговор“, авторот се навраќа на настан од 1903 година во Софија, непосредно по веста за смртта на Гоце Делчев.
Историски контекст
Весникот „Македонско знаме“ излегувал во Софија од 1932 до 1934 година како орган на македонската прогресивна емиграција во Бугарија и неофицијален гласник на круговите блиски до ВМРО (Обединета). Весникот припаѓал на левото и прогресивно крило на македонското движење и бил остар противник на политиката и методите на десното, михајловистичко крило на ВМРО. (Македонска Енциклопедија)
Во неговите текстови се застапувала идејата за национално ослободување и обединување на Македонија, а истовремено се водела полемика против врховизмот, меѓусебните пресметки и вмешувањето на македонското револуционерно движење во внатрешнополитичките борби во Бугарија. (Македонска Енциклопедија)
Во таква политичка и идеолошка средина е објавено и сведоштвото „Еден разговор“, во кое авторот се навраќа на своја средба од 1903 година со претставници на тогашниот врховистички круг. Поради јасната политичка определба на весникот, сведоштвото треба да се чита и како историски извор и во контекстот на подоцнежните идеолошки судири во македонското револуционерно движење.

По повод зачестените напади од страна на тогашните централисти и пропагатори против делото на Внатрешната организација и Гоце Делчев, решив лично да побарам објаснување
– Во текот на 1903 година, еден ден во Софија, отидов во канцеларијата на тогаш познатиот адвокат и врховист Дзивгов, мој вујко. Само по неколку минути влегоа неговите пријатели — Протогеров, Цончев, полковник Јанков и Софрони Стојанов.
Уште со влегувањето во канцеларијата, сите насмеани, обраќајќи му се на Дзивгов, рекоа:
„Најпосле се ослободивме од тоа куче, го убија.“ (Се однесува на македонскиот апостол Гоце Делчев.)у
Останав збунет. Бев млад, ентузијастичен револуционер. Не одговорив ништо, плукнав и си излегов.Се прашував самиот себеси: на кого му служат тие луѓе?
Само во едно бев сигурен, нешто во кое и денес останувам убеден:
„Не на Македонија.“
На моето прашање: Треба ли македонската емиграција да се меша во внатрешниот живот на Бугарија? Ми одговори — не!
— Досегашното мешање нè донесе до оваа положба. Македонците, каде и да се, треба да бидат единствени и да работат по патот зацртан од Гоце.
— Значи ние немавме разлика во разбирањето за ослободувањето на Македонија.
Блаже Видев
Забелешка
Текстот е преведен на современ македонски јазик од зачуван печатен исечок со наслов „Единъ разговоръ“. Во достапниот исечок не се зачувани целосните библиографски податоци за изданието, бројот и датумот на објавување.
Поради тоа, сведоштвото треба да се третира како мемоарски запис на авторот, односно како негово подоцнежно сведочење за разговор за кој тврди дека се случил во Софија во 1903 година, а не како непосреден документ создаден во моментот на настанот.