„Спомени на Христо Куслев“ – дигитално издание

Напомена

Дигиталниот текст на оваа страница е пренесен според македонското издание и го задржува распоредот по поглавја.

Предговор

Христо Куслев, интелигентен момок, кој ја завршил солунската гимназија и бивш народен учител, е еден од првите кои ме посветија во работите на Внатрешната организација, особено подробно опишувајќи ми ја тажната глетка, која ја претставуваа прогоните меѓу приврзаниците на Централниот комитет и на основаното „Братство” во Солун, како и попосле борбите меѓу врховистите и централистите, главно во Петричкиот регион, каде што Куслев раководел организациона чета. Тогаш особено впечаток ми направи неговото раскажување за жестоките казни, применувани спрема лесните жени од народот, кои не ја исполнувале строгата заповед на организацијата да не одржуваат врски со Турци. Исто така ме зачудија не помалку интересни епизоди во неговите спомени, како видни турци го трпеле јавното мешање на четите во приватниот живот на населението, принудувајќи го да застранува од турците, чувствително правејќи штета на тој начин на нивните интереси и главно на нивниот господарски престиж. Општо земено спомените на Куслев содржат интересни, карактеристични епизоди од животот на населението, среде кое што тогаш дејствувал.

          Расказот на Куслев достига до крајот на големото востание, додека дејствувал со чети и во Разлог и Неврокопско. Тој тргнал со Делчев во јануари 1903 г. и по неговата смрт дејствувал во Струмичко, земајќи учество после и во дејствијата за време на востанието. Меѓутоа не раскажува подробности, што што правел во тоа време; очигледно е, дека ништо сериозно не се преземало поради слабата подготовка за востание па и поради убедувањето, кое што сите раководители од оваа страна на Вардар споделувале дека востанието е избрзано, неподготвено. Поради тоа и тука востанието се изразило само во некои посмели акции на реонските чети.

          Разочаран од неуспесите, Куслев после продолжи да учи во туѓина и заврши по стоматологија во Женева, каде што во 1907 год. го видов пак. Тој потоа некое време престојуваше во Бугарија и после се изгуби некаде во туѓина.

          Љ. М.

I.

Биографски податоци. – Првата организациона дејност на Куслев во Џумајско. – Куслев се враќа во Солун да го доврши гимназиското образование. – Приврзаници на Централниот комитет и на „Братството” меѓу учениците во солунската гимназија.

18 јануари, 1904 год.

          Се викам Куслев Христо, роден сум во Кукуш на 18 март 1877 г. Родителите ми се кукушани; татко ми беше трговец. Основното образование го добив во Кукуш вклучително до III клас, а после продолжив во Солун, каде што во 1896/7 учебна год. завршив VI клас. Дојдов во Софија да станам јункер. Положив испит, но се раскајав, не сакав да станувам “машина” па отидов за учител во с. Лешко (Горно Џумајско) во есента 1808 г.

          Уште во Солун, во петти клас, разбрав дека има револуционерна организација. Случајно се запознав со еден работник по делото од надвор; тој ми соопшти подробности и тогаш дознав дека и во Солун има таен комитет, во кој за членови се примале и по возрасни ученици. Поп Стамат (род. од солунските села) беше како советник и тој крштеваше новите членови, ги водеа кај него. Тој ме покрсти и ме запиша за член. Одев само кај него, тој ми даваше весници. Во шестиот клас пред Божик се запознав со Дамјан Груев, кој таму беше инспектор. Тогаш тој ми кажа да агитирам меѓу другарите во гимназијата. Во Кукуш дознав кои се работниците. Како што кажав сакав да пристапам во военото училиште за да се запознам со военото искуство. Ме разубедија некои кукушани во Софија кажувајќи ми дека човек во тоа училште станувал просто „машина” итн. и јас се откажав. Но сепак сакав од малку-малку да се запознам со военото искуство. Сакав барем малку, до пролетта, да служам војник во Бугарија, колку да знам да вртам пушка, но ми се кажа дека тоа не се дозволува. Ѓорче Петров тогаш беше задграничен претставник на организацијата, а порано учител во гимназијата во Солун кога бев во петти и шести клас, па се знаевме. Во договор со него заминав или, подобро, бев испратен за учител во Лешко. Тука имаше веќе нешто наредено, имаше курири итн. Селаните дури не сакаа учител, но се принудија да ме примат. Во Џумаја им се соопшти на посветените неколкумина да дејствуваат пред коџбашијата и поповите во Лешко да бидам назначен за учител. И така се назначив.

          Во Џумаја ми ја соопштија шифрата за да можам да кореспондирам со градот. Се пазарив за 11 лири годишно и го отворив училиштето. Почнав да агитирам меѓу населението, да покрстувам некои членови, а главното беше да уредам место за примање на чета, којашто требаше да премине за Малешевско за да зароби некој бег. Но во февруари 1899 год. му зедоа само 40 глави крупен добиток на Дјустин ага од Виница. Четата беше испратена од Малешевски, кој беше во Дупница. Со говедата четата се врати во Бугарија, ги предаде, а парите, се виде, му биле дадени на Малешевски и на Ѓорче за комитетот. Четата беше од 7-8 души, водени од некој си Васе. Не се случи никаква афера. Турците помислија, дека тоа го сториле „разбојници”. Наскоро, кај велигден, помина друга чета со слична цел, пак од 7-8 души, пак организирана божем од Малешевски и таа отиде во Виница и пак сакаа да заробат еден бег, но не успеаја, се распрснале така што дури и војводата, некој си Стојан, самиот поминал „без опинци” преку границата на Бугарија. Таа чета ја крена „Виничката афера”. Тие четници беа убаво вооружени, со берданки. Токму кога се случи Виничката афера, од Бугарија почнаа да праќаат оружје наменето за Малешевско. Оружјето минуваше преку Лешко – само кримки. На два пати поминаа 10 товари со по 16 пушки на коњ. На третиот пат не можеа да преминат; турците ги удрија куририте и им ги зедоа дури и коњите, кои другиот ден стопаните со по една бела меџжидија си ги зедоа во Џумаја од аскерот, кажувајќи им дека коњите им биле украдени. После тоа друга чета од 7 души во мај месец 1899 год. мина за Струмичко. Во таа чета беше Ефрем Чучков, кој сега е во Лџжене на пунктот; тој беше учител во Пехчево, кога се случи Виничката афера, а родум е од Штип. Во четата имаше и едно помаче, родум од Кресненско. Јас се зачудив и ги запрашав, како мофат да водат таков човек со нив; ми одговорија, дека тој помак (на 26-27 години) бил и во 1895 година со востаниците и дека бил „добро” момче. Позборував со помакот, кога по месечина ја испраќавме четата и помнам, дека тој меѓу другото ми ги кажа зборовите: „Не се впуштајте во авантури”. После разбрав дека тој истиот помак предал две момчиња од истата чета, кои турците ги затворија во Скопје. Дури и нас не предал и куриерите и се.

Се заапознав со раководителите во околните села на Лешко. Бев неуискусен, млад, многу лошо живеев, сам живеев во училиштето. Селаните беа добри луѓе, подвижни, многу добри работници по делото. Особено курирот Николај беше добар, идеален момок. И сега си е таму работник. И чорбаџијата Китан беше добар човек, чесен и за делото помагаше. Тој беше многу измачуван минатата пролет кај Ѓурѓовден, измачуван до умирање и пак по сето тоа и сега помага. Сега во Лешко тој и Николај се столбовите. Поп Стоил е безопасен, страшлив човек.

          Четата, што замина заедно со помакот, ми донесе порачка од комитетот во Софија (од Малешевски) да седам преку целото лето за да им се најдам на помош како на други организацииони чети, кои ќе минуваат, така исто и на некои ранети, кои можеби ќе минуваат за Бугарија. Четата, за којашто кажав, беше вооружена со манлихерки. Седев до 20 јули и кога видов дека нема такви чети, дојдов во Софија, се најдов со Делчев, кого што сум го видел уште како ученик во Солун и Кукуш. Тој се сметаше тогаш како прв човек на организацијата. Делчев ми соопшти, дека нема да минуваат такви чети и јас наскоро преку Дупница, кадешто му однесов некои весници и револвери на Малешевски, се вратив пак во Лешко и од таму – право преку Кресна за Солун, за да си завршам седми клас во гимназијата. Завршив во 1899/1900.

          Тогаш во комитетот во Солун беа Татарчев, Матов и Пере Тошев. Со последниот повеќе се среќававме. Кога бев во шести клас, се покрстија до 21 ученик кои формираа таен револуционерен кружок. Си купивме револвери, да си ги имаме; собиравме членски влогови – даваа кој колку сака, по еден-два гроша и др. Собиравме и слободна помош. Дури на едно богато момче од пансионот му украдовме 6 лири, кога му испратија пари да си плати во пансионот. И тие пари се дадоа „во касата”. Во Солун имаше еден кружок од кукушани, коишто внесуваа по еден грош во неделата; беа само ученици, без да бидат посветени во делото. Парите се собираа со цел да се купуваат револуционерни книги, коишто просто ги голтавме. Ја читавме „Под ропството”, што ни направи силен впечаток; фразата на Боримечката „мајку му стара!” тргна низ населението, која до тогаш не беше употребена во Македонија. Во седми клас продолжив да се вбројувам во тајниот ученички кружок. Веќе многу влијаев како искусен деец, агитирав во VI и VII клас. Учител беше и Мартинов. Тогаш веќе водевме борба со учениците од гимназијата, кои припаѓаа кон „Братството”, на кое целта им беше да се противдејствува на српската пропаганда. Тоа братство посветуваше ученици, кога им се кажуваше дека братството пак проследува револуционерни цели.

          Кога дојде потполковникот Јанков во Солун, уште немаше такво братство и ние слободно си работевме. Колушев, Гарванов, Тенчев, Мишев не влегуваа во тајниот револуционерен комитет. Сум слушал, дека не ги примиле. Со нив беше и Ат. Наумов. Јанков барал од Дамјан Груев да ги дознае сметките на комитетот и што е извршено од комитетот до тогаш. Груев му кажал: “Јас имам место каде да давам такви сметки; Вие не сте ополномноштен од организацијата да ви ги откривам сметките на комитетот”. Јанков, разлутен, доаѓа кај Колушев и веќе се отворени картите и се зафаќаат со Колушев и горенаведените да работат против комитетот. Јанков отиде во Костурско и од таму – во Бугарија. Од тука напишал меѓу другите и едно писмо до Колушев, кое што попадна во рацете на ученичкиот кружок. Јанков го испратил во еден хотел до анџијата, а пак овој го предал на еден ученик од Костур, Стефан Кузманов, член на нашиот ученички кружок. Тој го прочита пред некои другари, меѓу кои бев и јас. Тоа содржеше многу детински работи: „Зошто не ми одговараш? Што направивте? Работите ли веќе по она итн.” Од писмото се разбираше, дека се договориле со Колушев и др. да организираат нешто како контра комитет и на таа идеја се должи „Братството”. Наскоро по заминувањето на Јанков се формира “Братството” и веќе се започна борба меѓу нас и него. Во едно друго писмо Јанков пишуваше дека наскоро кабинетот ќе паднел и напролет ќе имало војна, ќе имало востание во Македонија. Навистина, кабинетот во Бугарија падна. Колушев тогаш му говорел на своите другари дека востание сигурно ќе има. Копии од тие писма се наоѓаат кај Пере Тошев. Често пати доаѓаше до големи жестоки судири меѓу нас, учениците, посветени на Внатрешната организација и учениците од Братството. Тие не следеа дури и кого покрстуваме и ние не еднаш сакавме дури да ги тепаме, за што баравме дозвола од Пере, но тој ни забрануваше, за да не се крене скандал итн.

II.

Куслев во Сер. – Аферата на Наумов. – Делчев со чета во Серско и Драмско. – Куслев ги организира селаните, купувајќи оружје. – Прогони со турски бегови.

Кога завршив VII клас, без матура (1900 год.), за време на распустот отидов во Дојран за св. Илија на панаѓур. Се сретнав со серскиот раководител Стефан Константинов (од с. Хотово, Мелничко). Ми рече, дека во Сер нема човек да ги раководи работите, бидејќи се случил атентатот против Наумов па се разбегале, а Нико Ников беше затворен. Атентатор беше Михал Попето, родум од Радомирско. После го убија во Кукушко и тоа поминатата година, кога тргнал со една чета да зароби една калугерка – игуменката католикиња во Кукуш. Католиците таму имаат нешто како манастир. Потерата ги открива, тој паѓа убиен во с. Чугунци пред да успеат да го приметат планот. Со Попето учество во атентатот против Наумов зедоа уште Ангел Спанчовалијата (од Мелничко), попосле исто така убиен, затоа што премина кон врховистите и Андон Ќосето. Тогаш јас заминав во Сер, следев што зборува ранетата Наумовица. Преку Димитар поп Томов, учител во Сер (род. од Гевгелија), дознавав се што зборува таа и реферирав во Дојран. Таа се заканвала дека ќе разоткрие се за организацијата, но кога дошол турскиот иследник, по три денови, веќе не можела да зборува. По нејзината смрт на Нумов му се напиша едно писмо од Солун да се крене од Сер, затоа што во спротивен случај ќе биде убиен. Ми напишаа да видам дали ќе се закрен и тој по 2-3 дена се закрена. После тоа добивав писма од Делчев, кој беше дојден со чета од Софија со цел да зароби еден конзул – мислам дека австрискиот конзул во Сер. Тој се вртеше во блиската планина Боздаг. Атентатот врз Наумов го осуети тој план. Имаше гонење, а и немаше луѓе. После тоа кроевме да заробиме еден турчин по име Халјаз бег, многу богат во Драмско. Стојо војвода едно време сакал да го заробува и таму беше убиен. Ми напишаа од Драмско, дека на извесна дата тој бег ќе помине покрај една мандра па да го дочекаат. Но самиот калауз, еден гркоман, кој водел преговори со Делчев за да го заврбува бегот да помине од таму, одејќи на мандрата му се јавил на бегот дека го чекаат комити и тој се вратил назад. Муструкот тогаш беше со Делчев и тогаш избега од Делчевата чета со 7 души за да прават арамилак. И навистина наскоро после тоа Муструкот го зароби калугерот од серскиот манастир, од кого што зедоа до 300 лири. И Бозуков беше со Делчев и тој се оддели со своја чета за во Кукушко, за да го заробат дојранскиот бег но не успеа. Делчев успеа наскоро да зароби еден грк од серско, но тој им избега пред да се земат парите. Делчев го држеше 15-20 дена.

          Јас тогаш заминав за Солун. Во Сер говорев со секретарот на бугарското агентство Самаров (род. од Пештера во Бугарија) за ослободувањето на Ников, кој беше затворен по аферата со Наумов. Ников беше советник во раководителното тело и беше под сомнеж. Самаров ми кажа, дека со 10 лири би се издејствувало ослободувањето на Ников. Во Солун му го соопштија тоа на Татарчев и се испратија 10-те лири, но Ников не можеше да се ослободи. Во почетокот на учеб. год. 1900/1901 год. заминав во Кукуш и бев назначен за главен учител во првокласното училиште во Долни Порој. Бев назначен од серската општина.

          Во Порој поминав до распустот. Тука бев раководител во Поројско. Речиси во сите села се организираа комитети со исклучок на селата Липуш и Тодорич. Рамна е влашко село. Веќе имаше правилници и устави, кои се испратија по сите села. Во секое село се назначија раководители и советници. Се собираа членски влогови. Имаше и курири. Слободните помошти се определуваа од раководителното тело. Јас го распрашував раководителот во секое село, кој колку може да даде, па според тоа им се налагаше. Имаше специјални лица терористи. Имав двајца во Долни Порој, еден од нив беше Алеско Поројлијата. Ги испраќав во други села, често пати заедно. Немаше случај да се прибегнува насилство, обично си ја даваа помошта. Само во Долни Порој собрав до 120 лири. Од Шугово се зедоа до 30 лири, од Матници 10 лири, од Горни Порој до 150 лири и др. Уште не се бараше помош од сите села за да не се огорчат луѓето од самиот почеток, туку се земаа од сите само членски влогови и тоа само од посветените.

          Јас го најдов веќе со чета Мих. Попето, кој одеше само во некои села со 6 – 7 души. Таа беше организациона чета. Попето беше дојден со Делчев и во Серско се оддели со одделна чета во Порој за да казни двајца турци, зулумџии, од с. Шугово и од Г. Порој. Беше казнет и еден шпион, влав, од Г. Порој. После тоа по заповед од Ц. К. четата беше повикана да отиде во Кумановско, каде што имаше борба со српската пропаганда. Во текот на пролетта дојде друга чета, кукушката чета, само со четири души. Таа служеше да ги собира паричните влогови коишто се испраќаа во Сер. Со комитски пари јас купував пушки и револвери само од арнаутите. Пушките, повеќето систем “Гра”, им ги продавав на селаните према дадената вредност. Купив 26 пушки. Од Сер и од Централниот комитет не дозволуваа да се купуваат пушки, затоа што божем од Бугарија требало да дојдат поевтини. Јас плаќав до 2 1/4 до 2 1/2 лири за пушка. Се правеше обука само со нишан. Беше дојден Илија Орлов (бивш јункер во Софија) за главен учител во Долни Порој па со негова помош се увежбуваа членовите на Д. и Г. Порој; ги собиравме во црквата и таму се увежбуваа во нишанење, стрелање простум, на колена и лежечки. Во таа година беше убиен  еден арнаутин, Реџо, контролор на тутунот, затоа што криеше арнаути разбојници. Го уби Алексо како терорист. После тоа неколку пати му се постави заседа на Салимбег од Долни Порој, каде што има многу лоши турци и на Емер-ага – и двајца членови на турскиот комитет во Д. Порој, во кој влегувал и мудуринот. Тие од своја страна многу сакаа да ме убијат, а исто така и Алексо но не успеаја да ме начекаат некаде. Еднаш сакаа да ме убијат дома, но пак не успеаја. Турците веќе знаеја што правиме. Секоја недела доаѓаа наши луѓе во црквата, каде што ги крштевавме новите. Се обидовме да го отруеме Емер-ага, бидејќи тој нигде не излегуваше, но осети. Требаше да испие отров во чајот во кафеаната на советникот Вељо Калајџиев, кој беше идеален момок. Другиот советник Георги Неделков, наречен “Мајка му стара”, (ја читал „Под ропството”) исто така беше редок работник, идеален човек. Турчинот поосетил дека нешто штипе во грлото, се посомневал и му ја дал чашата на кафеџијата да пие. Турчинот извадил и револвер и го терал да пие. И овој голтнал две-три голтки и плукнал, кажувајќи дека навистина нешто нагорчува – и му направил друг чај. Турчинот се посомневал затоа што и турците започнале да употребуваат отров и се обидоа и мене да ме отрујат. Бев ојден во Солун по еден шпион влав, за да го посочам таму, па да го спастрат, бидејќи во Порој тоа не можеше да се направи затоа што се пазеше. Врајќајќи се од Солун отидов во еден ан на ручек кај еден бугарин, Динко (Динката) во Долни Порој. Тој беше заедно со турците – крадеа луѓето. Го повикал самиот мудурин и му говорел да не убие. Јас побарав вино, голтнав еднаш-два пати, ми стана лошо и зедов да повраќам – многу ми беше лошо. Добро што не голтнав повеќе.

          Заседите против речените двајца бегови не успеаја, бидејќи турците не поминаа. Му поставивме заседа на еден доктор, грк од Долна Џумаја, турски шпион, но и тој не помина преку истото место. Луѓе на турскиот комитет три пати пукаа врз Михал од Горни Порој, но не можеа да го убијат. После тоа едно турче, член на турскиот комитет, поткупено од власите во Горни Порој (во тоа село има власи), уби еден богат бугарин од истото село, Клифов Иванчо, член на организацијата.

          Такви крвави гонења имаше тогаш.

          За време на распустот отидов во Кукуш. И таму училиштето стана цел хуќумат. И во Порој веќе беше воведено да ги судиме луѓето, да им разгледуваме судски дела. Тоа се воведе во Поројско во таа година, а во кукушкиот реон судењето започнало порано. Луѓето престанаа да одат по турските судови. И на нечленови на организацијата им се забрануваше преку терористите да одат по турските судови. По распустот се вратив пак во Д. Порој, но едно писмо од Сер дојде и јас требаше да заминам во Сер, каде што ми соопштија дека во Петричко немало ништо наредено, имало потреба од искусен човек во делото па требало да заминам во с. Цапарево. Тука станав учител и ја поминав цела учебна година – 1900-1901.

III.

Куслев преминува во Петричко. – Населението брзо ги прифаќа идеите на организацијата. – Се казнуваат Бугарки, кои имаат врски со турци. – На турците не им се дава засолниште во бугарски куќи, каде што има жени; турците крајно огорчени поради тоа.

          Во Петричко дејствував во Каршијака, од Игуменско нагоре, западно од Струма. Во селото Гореме го затекнав учителот Цоне, родум од истото село, како раководител со десетина души истомисленици. Во Рибница попот со неколкумина беше раководител, а во с. Палат поп Трандафил со двајца-тројца. Организацијата тука датира 2-3 години, од времето на Георги Костадинов (од с. Хотово), учител во Петрич и Димитар Штанов од с. Крушево (од Демир-хисар, Серско). Тие биле реонски раководители. По другите села немаше никакви раководители. И целата организација се состоеше само во тоа што за делото знаеја само раководителите и повремено давале некакви услуги, а друго ништо – немало ниту собирање на пари, ниту чета. Не ме сакаа за учител во Цапарево па два месеци не го отворив училиштето, додека не покрстив неколкумина кои ме наложија на општината. Немаше училиште – и тоа се направи по заповед на комитетот. После тоа го повикав даскалот од Гореме и му доверив да покрстува. И јас отидов во повеќето села и покрстував поединечни лица и поставував раководители. Речиси во сите села, кои се во Каршијака, се формираа комитети: во Гореме, Рибница, Цапарево, Раздол, Киспал, Добри-лаки, Никудин, Игралиште, Кранџилица, Занога, Драгуш, Палат, Махалата, Седелец, Велушец, Крушица. Кога дознаа дека ќе ја раководам четата во Каршијака, којашто дојде од Бугарија, организирана од Малешевски и проведена од Гоце Делчев, дојдоа од село Никудин да ме замолат да ја испатам четата во нивното село, затоа што како чифлигари-робје тие разбираат што е ропство и сакаат да работат за делото. Во четата беа Иван Грчето, Алексо Поројлијата, Христо Џигов (од Г. Порој) и Мијал Јанков (од Г. Порој).

          Така наскоро со голема готовност сите ја прифатија идејата на организацијата па целиот Каршијак беше придобиен. Пред да дојде нашата чета тука во Игуменско и Каршијака беснееше со чета војводата, наречен Зелникот со петмина души. Тој се однесуваше како разбојник, одеше нагоре надолу, јадаше, пиеше, се пијанчеше итн. Луѓето се жалеа од него. Јас му порачав да дојде, да разговараме, но тој не дојде. Се плашеше. Тогаш заповедав по сите села да не му даваат храна и каде што се јави веднаш да ми јават. Најпосле тројца од неговите другари се одделуваат и една вечер дојдоа да разговараат со мене. Јас се посомневав, да не сакаат да ми напакостат. И покрај тоа отидов. Од нив дознав дека тие го оставиле и дека тој со внукот отишол во Малешевско. Им зборував дека треба да го остават арамилакот и да му помагаат на народот кој има потреба од чесни луѓе; им предложив, ако се согласуваат да живеат според правилниците како четници, да влезат да и служат на организацијата. Им опишав каков ќе биде нивниот животво иднина кога ќе работаат меѓу народот, дека нема да има арамилак. Тие се согласија и јас ги испратив во село Белушец. Четата со Грчето замина за Игуменско. По малку дојде и друга чета од 7 души, наменета за Каршијака, на чело со Иван Савов. Него го убија во Кратовско, каде што наскоро после тоа ја отепаа цела чета. Тој беше родум од Бугарија; секретар му беше Коста Мазнејков, род. од Радовиш, убиен минатото лето заедно со целата чета, околу 15 души, во Радовиш. Кога дојде четата, зеде да обиколува по селата и организацијата оживеа. Се наредија раководителни тела, се собираа членски влогови и слободна помош. Турско население во Каришјака немаше па слободно се движеа, без грижа. За Каршијака и Игуменско ни се испратија околу 494 пушки, кримки, кои се разделија по сите села – по 30, по 40, по 10, според селото. Патроните беа малку, по 10-100 на пушка.

          Собраните пари од реонот ги испраќавме во Петрич, а од таму во Сер и во Солун. Се случија убиства. Еден бегликчија, турчин, беше сосечен од четата во с. Игралиште заедно со една жена Бугарка (имаше маж), со којашто развратувал. И жени и моми таму во Каршијака и Игуменско по традиција се предадени на разврат, особено со турци. И нејзиниот маж беше казнет како шпион. Неговиот син, ќерка му и снаа ги испративме да се населат во Бугарија. Четата просто ги украде и ги екстернира, за да не дознаат турците и да не ги измачуваат па да искажат. Жената беше казнета заради контактите со турци, што беше строго забрането со смртна казна. Момите сами одеа по турските села да развратничат, одеа и на панаѓур во Мелничко да си пазарат и да развратничат. Сето тоа се спречи. Дури 14 такви моми на сила ги омаживме, само да престанат да развратничат. Имаше еден турчин, кој знаеше се што се прави за делото во Каршијака. Се викаше Јашар Чауш. Знаеше се од жените. Ги знаеше имињата на момчињата во четата, знаеше дека и пушки сме донеле, знаеше и за убивањето на жената и на Турчинот, знаеше како дошла четата, како ме викале – се. Сега тој е изваден од служба, тој беше булукбаша (воен), водеше аскер. Трупот на убиениот турчин заедно со трупот на жената властите ги најдоа, но се поверува дека тоа го направиле нејзините роднини. Еден гркоман од Петрич, поткупен со пари од владата, беше шпион и еден бугарин од Крстилица, тие шпионираа. Кајмакамот од Петрич им дал по 10 лири да дојдат во Каршијака да дознаат каде е четата. Таа ми јави дека дошле такви луѓе и јас заповедав да ги фатат, да ги принудат да кажат кој ги испратил и да ги екзекутираат. Бугаринот кажал, откако му обеќале дека ќе го пуштат, а гркот не. Дедо Никола Кутрулја, од с. Игралиште, зел учество при фаќањето на шпионите и при нивното погребување. Турските власти се сетија дека шпионите се испотепани. Дојде војска, 60-70 души во селата, пребарува, беа многумина, ги раскопаа и гробиштата но ништо не најдоа. Се најде во една куќа крв – некој дерел зајак – и се вознемирија мажите од таа куќа во с. Махалата. Кога тепале едно момче, се расклоцале коњите во коњушницата и удриле толку силно во едни даски, што им се присторило дека е плотун и турците се разбегале од куќата, дури и јузбашијата се уплашил. Голема паника. После разбрале дека не било ништо и од срам уште во темно отидоа во Петрич без да откријат нешто.

          Општо земено турците многу се плашеа од бугарите во Каршијака. Нашите веќе не им даваа конак на турците. Порано ќе дојдат в село, ќе се задржат в куќи, особено каде што има моми, ќе ги викнат момите да играат оро, ќе ги чепкаат итн. Тоа се забрани. Едно момче, Христо, кое што имаше две сестри – едната мома, другата вдовица – пуштило на конак турци и покрај тоа што му е забрането. Кога се разбра за тоа, пратив курир да му каже, да отиде во една колиба, каде што беше четата, во спротивен случај ќе биде убиен. Тоа се уплашило, дојдоа жена му, којашто беше чесна и неговите сестри кои беа развратнички, па ме молеа итн. Јас му простив и после тоа куќата му беше затворена. Кога ќе дојдеше турчин во селото, се затвораа куќите и момите бегаа, така што турците требаше да се задржуваат во определена соба – конак за тоа, кој се определуваше по заповед. Најразвратното село е Цапарево, другите не се во таков размер. Кога дојдоа бегликчиите во Цапарево, еден од безите (беговите), кој беше како секретар на бегликчиите (кјатипин), се задржа во истата куќа на Христо. Јас испратив едно момиченце да му јави на момата (вдовицата ја немаше) да се тргне од дома. Таа веднаш се тргна и не се врати. Тој чека, чека и излезе; ме виде и знаеше дека не одобрувам да им се дава конак на турците. После тоа ги собрав селаните и им кажував строго, да не примаат ни еден од бегликчиите на конак каде што има жени. Кјатипинот излезе од бакалницата и разбра што зборувам, па ми вели: „Даскал ефенди, што си ти тука па забрануваш да се задржуваат луѓето? Што одиш по мене? Јас си барам конак.” Му одговорив: „Таму нема конак за тебе, еве конак определен за гости.” Тој приговори: „Што ме мислиш мене, развратник ли ме мислиш, хаирсизин ли?!” Јас му кажувам, дека не го мислам за таков, но не бидува во таа куќа, затоа што има моми тука. Тој ми кажува дека е царски човек. Одговорив, дека и јас сум. Ме нарече комита, се налути и зеде да пцуе. Тоа ме натера да постапам како што се кажа погоре, со братот на таа мома. Од тогаш им кажував на секој татко или брат, каде што имаше таква мома, да им бараат маж. Многумина тоа го направија, но некои не сакаа да се мажат па ја праќав четата, ја земаа и ја дававме на некое момче, со кое што порано момата се сакала. Еднаш пред 8 души турци кренавме една мома и тие си отидоа. Грабањето на момите како обичај сеуште суштествува и ние се послуживме само со тој обичај. Ја венчавме таа мома, макар што беа големи пости (мислам, тоа беше во март 1901 г.).

IV.

Последиците од солунската афера. – Преку Дончо војвода врховистите се загнездуваат во Петричко. – Организационата дејност на Куслев во Каршияка. – Куслев непрекинато дејствува во разни реони до есента 1903 год.

Во тоа време се случи солунската афера и Делчев се најде во мојот реон. Беше дојден од Игуменско а се враќаше од Битолско. Го пресретнав во Рибница и после дојдовме во Цапарево. Делчев започна да им проповедва на селаните. Јас го замолив да им позборува нешто на селаните; тој и покрсти неколкумина. Сите селани знаеја за делото, но покрстениот се сметаше за работник, војник на организацијата, должен да изврши што ќе му се довери. Делчев за востание не говореше, туку само да работат, да се подготвуваат, затоа што не се знае кога ќе притрба да се крене народот со оружје. Тој замина во Гореме и таму пристигна писмото од Централниот комитет, во кое што се соопштуваше дека Татарчев, Матов и Пере Тошев и др. се заробени и дека станала офера. На другото утро Делчев со двајца курири преку Балканот замина кон Сушица за Бугарија. Пред тоа имаше намера да ги изоди Џумајско, Мелничко, Неврокопско, Демирхисарско и Разлошко. Лошата новина го натера да побрза во Бугарија. Тогаш започнаа да поминуваат преку Каршијака бегалци од Кукушко, Солунско, Битолско, Гевгелиско, четници од Чернопеевата чета по неговата борба кај Бајалци. Помина и Чернопеев со Дели-Иванов. Герџиков помина со 20-30 души од струмичката чета од Гевгелија. Помина и Аргир самиот, како учител. Ванчо Карасулијата помина со својата чета и др.

          Јас поседов уште некое време во Цапарево, а по испитот отидов во Сер и после во Кукуш. И четата на Каршијака премина на велигден во Бугарија. Савов се плашеше од своите другари и посака да премине и тој во Бугарија. Тогаш ммногу чети преминаа и организацијата беше потполно разнишана.

          Има едно момче, учител во Шуменско, се вика Бакалов. Тој беше учител во с. Чуричене. Беше злоупотребило суми, до 12 лири од организацијата. Му се бараа сметки, тој не сакаше да ги предава – лисица момче. Затоа беше осудено на смрт. Со едно писмо од Сер се заповедваше да ја испратам четата во с. Чуричене да го казнат. Му напишав на четата, а таа најде за нуждно да го повика во с. Палат, порачувајќи му да дојде сам, без курир. Тој се посомневал, затоа што порано му оставиле опомена. Затоа не отишол. Му заповедал на некои селани да вардат, да не дојде четата и да го фати. Четата, кога виде дека не доаѓа, праќа четворица да го фатат. Но неговите луѓе го известиле и тој избегал во гр. Петрич. Се јавува пред раководителите таму и бара објаснување зошто сакаат да го казнат. Тие му објасниле и најпосле му ги простиле парите и му кажале за во иднина да работи чесно и покорно. Но тој веќе оладил кон организацијата и намислил тука да го втера Врховниот комитет, бидејќи дознал од еден весник, дека меѓу Врховниот и Централниот комитет има раздор. Тоа тој го дознал и од едно окружно испратено од Ѓорче и Делчев. Испратил еден селанец да оди во Пирин да го најде Дончо, кој до тогаш си беше прост ајдук, прогонуван од нашите „народните” чети. Дончо слегува во Каршијака и зема да агитира меѓу населението да се сврти кон Врховниот комитет, од него да бара поткрепа. Тоа беше во текот на распустот, кога јас бев заминат од Цапарево. Самиот Бакалов сега ми ја раскажа работата така. Дончо им проповедвал да не му даваат пари на Ц. К., дека В. К. сакал да даде пушки бесплатно и др. Населението со недоверба погледна на таа агитација, не сакаше да се отцепи од Ц. К. Тогаш Бакалов и Дончо се обраќаат кон селските раководители во с. Палат, кон поп Трендафил и му соопштиле дека сакаат да се отцепат од Ц. К. и да се присоединат кон В. К. Поп Трендафил најпосле кажал дека би се согласил ако се согласи и Горенскиот учител Цоне. Тие отишле кај посочениот и овој наспосле се согласил штом поп Трендафил се согласил, со него да му напишат на В. К. да им соопшти, што треба да работат и како да ја започнат работата. В. К. стапил во контакт со нив и тие тајно започнале да дејствуваат. Дончо остана таму, се собираат со Алексо и решаваат да не пуштаат никаква централна чета во Петричко. После В. К. испраќа чети, а Ц. К. од своја страна контра-чети и се започнува борба.

          Да додадам уште за мојата дејност во Каршијака. Делевме правосудство – четата ме викаше, често и без четата јас самиот. Распоредував да не одат да се жалат пред турските власти и судови. Во с. Гореме на пр. повикав еден десетар, тој си ги повика своите вооружени членови и ги испратив да го доведат селанецот против кого што се пожалил друг селанец, дека му отсекол еден орев на нивата. Го распрашавме, тој призна и му пресудив казна да му се удрат 10 железни прачки (со стап за набивање на барут) и да даде 1/4 лира глоба за оревот и 1/4 за комитетот. Тепањето му се прости, глобата му се зеде. После тоа друг еден, овчар, ги пуштил овците во лозјата; за тоа му забележиле раководителите во Гореме, но и покрај тоа тој пак го направил истото. На истиот начин го повикавме навечер, му удривме 10 тојаги и плати 1/2 лири глоба за комитетот. Кражбата беше забранета. Се случија кражби, но бидејќи се даваше наредба по сите села, се фаќаа. Се казнуваа со глоба, ќотек, а за трет пат со смрт, но немаше таков случај.

          Бев назначен по желба на комитетот од Сер во с. Крушево (Демирхисарско). То беше во есента 1901 год. Таму затекнав веќе наредени раководители по селата, членски влогови и др. Таму поминал Делчев, кој ја постави основата. Имаше и тука пушки кримки – во Крушево 20, во Крчево до 80, но општо земено немаше многу оружје. Јас и таму бев пак реонски раководител. Му дадов наредба на четата да агитира по селата, којашто ја водеше дедо Илија Крчовски. Тој беше на 43 години, род. од Крчово, порано бил разбојник, но кога се сретнал со Делчев, овој му влијаел па стапил во служба на организацијата. Иван Грчето беше секретар во таа чета.

          Во Крушево ги повикав сите селски раководители да испратат во неделен ден по едно-две од подобрите момчиња, за да се увежбуваат со пушка. Увежбувањата се случуваа во мојот дом. Орлов во Порој ме поднаучи на нишанење. И во Кукуш за време на распустот така и во неделен ден и спроти недела момчињата вежбаа со грчки пушки. Таму момчињата беа распределени на десетици и секоја десетка се увежбуваше одделно во некоја куќа. Тоа продолжуваше до 8 ноември. Тогаш се собра општината во училишната зграда за некои општински работи и истовремено да го смени епитропот во кого што се сомневаа дека е шпион. Сакавме да сме слободни во црквата, да се увежбуваат момчињата во црквата секогаш кога сакаме. Епитропот не беше член, покрстен, а требаше да се стави таков на неговото место. На заседанието му се кажа на епитропот да го даде клучот. Тој одби, не ја признавал општината; беше поттикнуван од шура му па настана караница со него. Му се заканив. Случајно дојдоа двајца курири од четата за да им дадам оружје. Епитропот се скара со мене и ми се закани. Го извадив револверот и го застрелав. Јас избегав. Имаше некои заптии во селото и почнаа да пукаат против мене откако бев избеган на 300-400 чекори од селото. После тоа отидов во с. Крчово, му ги дадов на учителот сметките за селото Крушево, а тој ми даде еден курир па заминав во Каракој. Истовремено му кажав да соопшти за настанатото со мене во Сер, да се распоредат од таму да влезат во некоја чета. Имаше за тоа нешто печатено во „Вечерна пошта”.

          После тоа отидов во с. Каракој, оттаму во с. Ловча па во Долјане (Неврокопско). По 12 денови ми се одговори да заминам во Каршијака против Дончо, кој го растроил реонот, без да ми кажат дека всушност Дончо успеал да го достигне врвот и дека врховистите тука се загнездиле. Дојдов по многу заобиколки во с. Елешница, се сретнав со демирхисарската чета на дедо Илија и со кукушката чета, предводена од Глигор. Ни се напиша од Петрич да ги чекаме Попето и Чернопеев, кои идеа со 40 момчиња од Џумајско па заедно да настапиме – ние Дончо да го удриме откај југ. Чекајќи го Попето, дојде неврокопската чета со 30 души доброволци (селани), водена од Атанас Тешовалијата. Заминавме во Рибница и од таму за Робово (Игуменско). Му напишав на Бакалов да дојде да се разбереме за тие прашања. Тој одговори дека се плаши, затоа што му излегла пресудата. Ме покани мене да одам, но без оружје. Разменивме уште две писма со кои го повикував да содејствува како учител, да се отстрани тој расцеп, затоа што ние, учителите, му ја вдахнавме на народот таа идеја и не треба да му даваме таков лош пример. Но средбата не се случи. Баба Кутрулевица, којашто порано служеше како курирка кога бев во Цапарево, ми јави дека ќе дојде аскер па да се преместиме од тоа село, но не поверував. Навистина другиот ден видовме дека од селаните и од самиот Бакалов сме предадени. Почна борбата, која што ви ја опишал Иван Грчето. На 17 јануари 1902 г. во Рупел се разделивме на чети а јас како секретар заминав во неврокопската чета и целото време го поминав во Неврокопско во агитација и организирање. Војвода беше Атанас Тешовалијата. Одевме по сите села. Страшно се уморував со агитацијата: ќе дојдат 5-6 души – гговори, говори, покрстувај; пак ќе дојдат други, пак истото: сметки прегледувај, кореспондирај – се остануваше на мене, немав помошник. Така траеше до летото, до 10 август. До Ѓурѓовден бев во Неврокопско, после заминавме во Разлошко за да се присоединиме кон разлошката чета и со Сандански да одиме во Кресна против четите на Капетан Стојанов и да го разубедиме населението да не се лаже по врховистите.

          Во Неврокопско до 23 април имаше убиства, се убија двајца бегликчии. Алексо беше дојден со 5-6 момчиња како врховист во Демирхисарско. Со дедо Илија требаше да го нападнеме. Тргнавме по неговите траги. Најпосле се сретнавме со негови двајца другари, кои тој ги испрати. Едниот беше Никола Јорданов, резервен унтерофицер, кој пред нас божем се разубеди. После тоа се вративме пак во Неврокопско, каде што во Каракој селаните ни изнесоа храна и ни кажаа дека бегликчиите биле блиску па не било чудно да дојдат да бараат во селото. Ние останавме надвор од селото. Раководителот ни испрати еден да ни каже дека не можеле да ни пратат храна поради бегликчиите. Тие не забележаа во пештерата каде што бевме и се приближија мислејќи дека таму има скриени овци; му свирнаа на нивните другари. Ние стрелавме по нив, ги испофаќавме ранети, живи, ги испотепавме и избегавме. Стана афера. Најдоја чаури од манлихерки и се уверија дека напаѓачите се комити а не селани.

          По 3-4 дена дојде писмо да одиме во с. Скребатно и таму ќе ни кажат што е. Таму требаше да уништиме една турска разбојничка чета. На еден воденичар му наложиле да даде пет лири. После тоа уредивме така што разбојниците дојдоа во воденицата, четворица души и ги испотепавме кога си ја пиеја ракијата. Тие беа двајца помаци и двајца арнаути. Најдовме пасоши кај посочените дека се божем луѓе трговци, тргнати од арнаутлукот по трговија, а пак всушност дошле да разбојникуваат.

          После тоа се разделив јас со четата и отидов во с. Ковачевица. Истата вечер, кога Чернопеев имал борба кај Железница, ние ги испотепавме разбојниците. После тоа отидовме во Разлог против врховистите. Одевме во Кресна, но нашата мисија беше безуспепшна. Пак се вративме во Неврокопско и стоевме таму до 6 август. Ги разделивме четите на две, половината замина во Голешово, затоа што се појавиле врховисти. После тоа заминав во Бугарија преку Ковачевица и Лџане, Пловдив, во Софија. Останав во Софија до 6 јануари. Со Делчев тргнав преку Самоков во Разлог – во Обидим, Кремен, Баничени, Ловча, Каракој, Крушево. Таму кај една пештера се фотографиравме сите и се разделивме. Таа фотографија ја има кај Карастојанов. Тогаш останав со своја чета со 10 души. Удривме на позиции, се разбегаа момчињата во Поројско. Најпосле стигнавме во Струмичко.