„Спомени на Иван Анастасов Грчето“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и распоред на поглавјата.

ПРЕДГОВОР

Во спомените на Иван Анастасов Грчето, родум од Мелник, посебен интерес претставува несекојдневниот факт, што еден младич по народност грк толку се сродува со ослободителната македонска идеја, што поднесува големи душевни и физички страдања, само затоа што е под сомнеж дека е шпион, од луѓето на организацијата со кои работи за делото, и при сето тоа, откако поради истата, во случајот неаргументирана подозривост, го убиваат и неговиот брат кој тргнал со него како четник, пак останува верен приврзаник на организацијата до крајот на востанието. Од таа страна Иван Анастасов е редок  пример на благороден карактер и заслужува голема почит од наша страна. За неговата искрена приврзаност кон нашето ослободително дело најголема причина е што Анастасов во детинските години добил образование во бугарското трикласно училиште во Мелник и Сер и во серското бугарско педагошко училиште, по што станал и бугарски учител во Петричко. Но за да ги издржи сите прогони од страна на организационите власти, од кои бил тајно осуден на смрт, без да ја изневери клетвата, се должи на личноста на Делчев, со кого што Анастасов во најкритичниот момент случајно се сретнал и шармот, кој го применувал врз такви чесни и сочувствени дејци, каков што бил и Анастасов. Делчев веднаш ја прозрел невиноста на Анастасов, којашто после и фактички се докажува, го зел под своја закрила и така спасил еден способен и верен работник за организацијата, посветувајќи го како што треба и врз целите на организацијата. Карактеристиката на Делчевата личност, којашто ја содржат спомените на Анастасов, е корисен придонес кон биографијата на Делчев.

          Иван Анастасов после успешно дејствува во Поројско и Демирхисарско, вршејќи револуционерна агитација по селата “во духот на Делчев”, како што кажува самиот. Анастасов зема учество и во судирот со врховистите, главно во гонењето на војводата Дончо. Најпосле Анастасов, се враќа во Бугарија и во почетокот на 1903 г. заедно со Делчев тргнува за Македонија со голема чета, во којашто меѓу другите бил и П. Јаворов. По смртта на Делчев Анастасов содејствува да се подготви востанието, но во недостаток на оружје требало да се ограничи со планови само за ситни терористички акции. По востанието Анастасов беше дојден во Софија па можев да го видам и да го распрашам за неговата четничка дејност.

          Љ.М.

I.

Биографски податоци. – Ив. Анастасов неволно попаднува вo четата на војводата Зелников. – Анастасов и брат му, осомничени за шпионажа, се прогонуваат од организацијата. – По многу премрежја Анастасов преку границата се спасува во Бугарија. – Раководителите на организацијата се убедуваат во невиноста на Анастасов.

Роден сум во градот Мелник, во 1880 година. Најнапред учев во својот роден град, каде што завршив 3-класно грчко училиште. Потоа татко ми ме испрати во бугарското класно училиште во Мелник – во први клас, а втори и трети клас продолжив во бугарското училиште во Сер. После пристапив во бугарското педагошко училиште во истиот град. По завршувањето на вториот педагошки курс, 1899/1900 учебна година (дури допрва се отвори и трети курс), станав бугарски учител во с. Егуменец во Петричко, назначен од петричкиот претседател на црковната општина. Во тоа село имаше и друго училиште со учителот Стојко Бакалчето, родум од истото село. Тој бил посветен од порано во македонското револуционерно дело како раководител на Внатрешната организација. Од мене тој криеше, и јас само надушував, затоа што забележав, дека престанаа случаите од разбојнички фаќања на трговци за откуп. Порано секоја година се случуваше, разбојниците да фатат барем по тројца-четворица трговци, главно Грци, затоа што во Мелничко тргуваа повеќе Грци. Од тој вид разбојници беше познат Дончо; тој е познат во Мелничко и Петричко како ајдук од 19 години наваму. Таков беше и Ангел војвода Сугаревлијата, ајдук, од с. Сугарево (Мелн. окр.), убиен во Врања од Михал Капотовлијата, од с. Капотово (Мелничко). Разбрав, дека разбојниците се откажале од својот занает и дека се зафатиле да дејствуваат поинаку. Подоцна во училиштето повремено доаѓаше по некој весник од Бугарија, пр. в. „Бунтовник”, од кој разбрав доста нејасно, дека се подготвува нешто за да се ослободи Македонија и тоа со помош на Бугарија. Во тоа време во селото доаѓаше една самонаречена полуајдучка чета, којашто под превезот на комитетското знаме гледаше да ја помине зимата. Војвода беше Костадин Зелников, од с. Русиново (Малешевско). Случајно попаднал во една куќа, каде што така се криеше четата, којашто после, во текот на пролетта, пак си го фати ајдучкиот занает. Зелников ме посвети во некои работи па од него дознав, дека суштествува комитет во Македонија, дека се пренесуваат пушки од Бугарија и дека се подготвува востание. После тоа случајно попаднав, обиколувајќи по некои куќи од една маало во друга, на една случка помеѓу Зелников и еден човек, бугарин, кого што Зелников го сретна по патот и зеде да го обвинува, дека нешто изнесувал, пари и др. и на третото прашање го уби со пушка. Јас тогаш помислив навистина, дека го уби заради шпионажа, а после дознав, дека всушност тоа било заради некои лични сметки за неговите ајдучки дела. Бидејќи неволно присуствував на тоа убиство, и затоа што имав високо мислење за патриотските задачи на Зелников, а за да не потпаднам под одговорност пред властите заради убиството, уште истата вечер влегов во неговата чета. Тоа беше во 1900 година во март месец.

          Одев неколку дена без пушка, а после ми дадоа пушка. Заедно со Зелников одевме по селата и тој проповедаше се едно исто, дека треба да се крене востание, дека Бугарија ќе помогне и др. Во тоа време околискиот раководител во гр. Петрич, Димитар Атанасов Гуштанов, тогаш главен учител (родум од с. Крушево, Демирхисарско, Сер. окр.), дознава дека и јас сум посветен во комитетските работи и дека сум тргнал веќе да дејствувам па доаѓа намерно во с. Долна-Рибница (Петрич, окр.) и се среќава со мене и Зелников. Тој сакаше да ме разубеди пак да се вратам како учител во селото за да не настрада и селото. Кажа уште, дека некој друг ден, по испитите, ќе можам пак да пристапам во чета, бегајќи од Мелник. Јас го послушав, се вратив во селото, им дадов испит на децата и се вратив во Мелник. На панаѓурот во Мелник, на св. Троица, дојде еден од Рибница и ме покани да одам на работа кај Зелников. Тогаш и мојот постар брат, Димитар, терзија (само две години постар), и тој заедно сo мене отиде во четата на Зелников. Тогаш откако поодивме неколку дена, разбравме, дека Зелников е ајдук. Во тоа време некој си Костадинов Стефан, окружен раководител и учител во Сер (род. од с. Хотово, Мелничко), издал некаква смртна пресуда против мене и брат ми, мислејќи, дека ние сме поставени од поп Стојан, претседател на црковниот одбор во Мелник, со кого што Гуштанов бил во лоши односи поради делото, за да дознаеме, како Грци, за комитетските работи и да издаваме на поп Стојан. Смртната пресуда требало да ја изврши војводата Зелников, кого што тие го сметале за свој. Брат ми осети, дека Зелников почна да се однесува ладно кон нас, а некои од другарите нешто префрлуваа. Брат ми, како постар и макар што малку го владееше бугарскиот јазик, бидејќи заврши грчко III-класно училиште, повеќе ја свати работата и ми предложи да избегаме. Тогаш носев кримка со четири патрони, а брат ми имаше турска капаклија со пет патрони. Јас не се согласував, и при едно преместување во шумата од едно место на друго брат ми исчезна, а јас си останав. Изедов еден ќотек од војводата Зелников, дури сакаше да ме убиве, но другарите се застапија за мене, фрлајќи ја целата вина врз брат ми. Тогаш Зелников зеде на една полјанка да ме распрашува, потпирајќи ја пушката до моите гради: „Ти не ли си грк? Ти не ли си добил 100 лири од мелничкиот кајмакам за да ме убиеш мене? Да го оставиме тоа; за тебе е издадена смртна пресуда како за предавник и грк, но јас не верувам во тие работи. Важното е да ми кажеш, каде сте се договориле со брат ти да се сретнете. И ти си сакал да избегаш, но не си можел. Кажи каде? Едно-две!” – Ја допре пушката. – “Кажи, или ќе те убијам!” – „Ќе ти кажам”, одговорив. Помислив, дека ќе ме убие, ако откажам, како што го уби и оној во Егуменец. И му кажав едно место, така, измислено. Брат ми навистина ми кажа едно друго место. Тој побара да го одведам на тоа место, заканувајќи се дека таму ќе ме убие, ако сум лажел. Јас отидов таму. Се крие тој во една драчка, а мене ме остави на отворено место, за да викам да излезе брат ми. Бидејќи виде, дека брат ми го нема, ја сврти колата, зеде да се извинува, што ме тепал и др. Во суштина се уплаши, кога виде, дека не може да го убие и брат ми, па овај после да не се одмазди за мене. Ме остави кај еден овчар со намера да се врати по два дена. Отиде да си најде опинци божем, па потоа мене и брата ми сакал да не одведе до бугарската граница за да си побараме работа во Бугарија, бидејќи не можеме да дејствуваме во четата, штом има смртни пресуди против нас. Откако си отиде тој, другиот ден се најдовме со мојот брат. Брат ми свати, дека Зелников сака и нас двајцата да не сотре. Тргнавме од Игуменската планина за селото Палат по течението на р. Лебница, според упатувањето на овчарчето, кое што ни кажа, дека ќе поминеме покрај село Никодим за 3-4 часа до Палат. Одевме цела ноќ и не стигнавме до Никодим; сме го згрешиле патот. Другата вечер пак тргнавме и околу полноќ стигнавме во Никодим, слушнавме кучешко лаење и помисливме, дека реката тече сред село и тргнавме во селото. На првата воденица тропнавме на вратата и го замоливме воденичарот за некоја пара да не одведе вон од селото. Да, се случи свадба во селото и ние да поминеме покрај куќата, каде што е свадбата, а таму бил падарот, турски арнаутин. Тој, кога чул кучешко лаење, излегол на тремот да види, кој ќе помине. А ние од таму треба да поминеме. Кога поминавме покрај него, воденичарот се запира и му кажува да ни најди тој човек да не одведе. Тој скокна, го фати за рака брата ми и зеде да не испитува, кои сме. Таму при распрашувањето јас избегав и го оставив мојот брат, скитав два дена и се сретнав со учителот Бакалчето, кој, компромитиран, повел неколку другари, мала чета од 7-8 души, меѓу кои беше Попов Костадин од с. Егуменец. Ми дадоа пушка и тргнав со нив. Меѓутоа брат ми се спасил со 40 гроша, кога докажал, дека е од Мелник. Доаѓа во с. Палат, после тргнал да ме бара во с. Д. Рибница и таму, другарите на Зелников, кои ја напуштиле неговата чета, го среќаваат брата ми и ја извршуваат пресудата – го убиваат. Од мене тоа го криеја другарите во четата на Бакалчето, плашејќи се, јас да не се одмаздам, откако ќе разберам за неговата смрт, па решиле да ме убијат и мене.

          Но пошто другарите не сакале да ја извршат старата пресуда, ми соопштуваат дека јас повеќе не сум за чета, баш како грк, во кого што многумина се сомневаат, па ми кажаа, дека со едно шифровано препорачливо ќе ме допратат до границата на Бугарија, а всушност мислеле да ме убијат по патот, на друго место. Стигнав во с. Горем, Петричко. Тука требало да се изврши пресудата. Јас насетив и не ја дадов препораката, туку побарав да го отворат каналот, за да ме преведат натаму до Бугарија. Таму престојував 6-7 дена. Пристигнаа другари од Бакалчето, и од нив дознав, дека брат ми е убиен, а еден директно ми кажа, дека и мене ме сомничат како шпион и побара да види, какви документи имам. Горемскиот раководител ги повика на советување, а кај мене остави едно простодушно момче да ме варди. И тоа ми откри се, дека отишле да се советуваат како да ме убијат. Ми предложи, да бегам. Јас тргнав со едни горемлии, кои одеа за Св. Врач (Мелничко) и после отидов во Хотово и од таму напишав на мелничкиот околиски раководител, Симон Чушков, учител. Всушност Симон не му беше негово име. Му се пожалив за се, протестирв против се. Тој најпосле, по 20 дена, прифати да даде една препорака, за да заминам за Бугарија. Божем во с. Влахи сакаа да ми дадат препорака, и дадоа, ама пак со тајна смртна пресуда: натеран  бил дедо Илија (од Крчево, Демирхисарско, тогаш четник) да ја изврши, но тој случајно си имал работа. Јас стигнав до с. Градево, и друга пресуда доаѓа по мене до Градево и ја запира Петар Цветанов, раководител и учител, додека ја преминав границата. Стигнав во Дупница на 8 септември 1900 година. И тука сакале да ме убијат, ме осудиле на смрт. Малешевски ме осудил, но пак не се извршила.

          Останав во Дупница, и во тоа време доаѓа писмо од Чушков до Малешевски, во кое што соопштил, дека ја испитал работата и открил дека е се неосновано, што било изнесено против мене

II.

Анастасов тргнува со четата на Михал Поројлијата.- Во Струмичко Анастасов се среќава со Делчев, кој го зема под закрила. – Целите на Внатрешната организација, како што ги објаснувал Делчев. Карактеристика на Делчев како човек и агитатор. – Анастасов продолжува да дејствува согласно со идеите на Делчев. – Агитација по селата во Поројско и Демирхисарско. – Борба со војводата Дончо и врховистите. – Борба со турска војска.

Во Дупница бев месец и половина. Дојде четата (3 души) на Михал Поројлијата (од с. Горни Порој, Демирхисарско) за да се вооружи, да се одмори и пак да се врати. И јас тргнав со неа со согласноста на Малешевски. Со мене четата беше четири души. Во Ново село (Струмичко) придојдоа уште двајца, раководители од Радовишко, и после во с. Монастирово (Струмичко) по патот се сретнав со Делчев. Тој ме разбра, кој сум, и ме зеде под своја закрила. Тој за прв пат подобро ме упати по делото. До тогаш бев во магла. Тргнав со четата, ама што ќе правам, право не знаев. До тогаш мислев, дека револуцијата е лесна работа, само да се внесат нешто пушки и др. Делчев објасни: не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија ни од која да е друга сила, туку треба да се подготвиме од внатре – во душата, секој селанец да се вдахнови од таа идеја, се да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. До тогаш никој од надвор да не се меша во нашата работа итн. Делчев агитираше да им проповедваме на селаните да не одат по турските судови, кои само ги дерат, туку да си основаат селски судови и се сами да си средуваат; да се пропагира идејата на слободата, да се посочува, како живеат луѓето во други слободни земји; да им се објаснува на населението, како настанувале револуциите, кои им ја дадоа слободата на соседните земји – Влашко, Србија, Грција, Крит; да се дејствува да се избираат раководни тела по селата, да се постават курири. Делчев тогаш беше нешто како ревизор и ги повика тамошните чети, кои беа дојдени на Малешевската гора, за да му дадат отчет и да добијат совети од него. Делчев секогаш одеше сам, со куса манлихерка, преправен како трговец во потури, антерија, џамадан, со два револвера (едниот му го даваше на курирот). Тој секогаш одеше со курир, затоа што не ги знаеше месностите. Тој самиот ги изодил сите села. Првиот впечаток од Делчев беше, дека тој е чист и беспрекорен, а притоа решителенъ човек. Тој говореше доста литературно па не го разбираа сите. Луѓето се прашуваа: аџаба убаво зборува, но што не можевме се да разбереме. Михал Поројлијата се оддели и отиде во Порој сам и за војвода остана Алексо Поројлијата (од Долни Порој); секретар му беше Милан Поп Јорданов, од Велес, кој сетне се самоуби во Велес. Поодевме само неколку дена по селата. Не бевме задоволни од Алексо, и при првата средба со Делчев, кому писмено се пожаливме, тој го смени Алексо и за војвода го назначи Милан Поп Јорданов. Поминавме во Поројско. Бидејќи Алексо не се согласуваше да остане обичен четник, излезе од четата и отиде во четата на Иван Савов (петричкиот околиски војвода). Тоа беше во зимата 1900 година.

          Ја продолжувавме агитацијата во духот на Делчев. Ја собиравме таксата од селата. Кој ја определуваше таксата? – Отпрвин ја определуваше околискиот раководител (според состојбата на секого) во спогодба со Серскиот раководител. Овој последниот често постапувал и пристрастно (спрема роднини и пријатели). Се земаше 2 до 10 лири „патриотски такса” од човек. Членски влог се земаше месечно од 2 до 5 гроша. Воопшто од сиромасите ништо не се земаше. Такса се земаше само од „покрстените”. Страшен џамбазлак беше: дека сум сиромав, дека доста две лири и др., а ние убедуваме, дека треба, дека еден дел оди за оружје итн.. Лошо беше, што веднаш по покрстувањето се бараа пари. Беше непријатно. Парите се внесуваа во околиската каса. Поројскиот реон тогаш за раководител го имаше Стојан Филипов, родум од с. Старчишта (Неврокопска околија). Нему му се предаваа парите, а тој ги препраќаше во Сер на окружниот раководител. Еден дел се запираше за потребите на реонот. Од околиската каса се плаќаа алиштата на четата, а често и за храна. Се воведе да се носат арнаутски, – турски алишта, за да не се разликуваме многу од турците. Имаше веќе строги морални правила за четниците. Во Поројско поминавме 3-4 месеци. Изодивме многу села. Кон јуни целата чета броеше 5-6 души. Пред тоа излезе смртна пресуда против Михал Поројлијата, главно затоа што тој почнал дрско да се води спрема раководителите, убивал многу власи (негова манија беше да убива власи, а на Алекси Поројлијата да убива турци) па со тоа има многу незадоволни итн. Пресудата ја извршија на планината Беласица со по едно пукање. Јас и уште еден му тргнавме по еден куршум.

          Во Бугарија престојував два месеци, главно да се снабдиме со пушки манлихерки, а зедовме и бомби (во 1901 г.). Се вративме во Демирхисарско (Мелничко, Серско и Демирхисарско тогаш составуваа еден револуционерен реон). Тогаш се вративме малкумина, но од Банско се одделивме јас и Стојко Хаџиев (од с. Голешево, Демирхисарско) и отидовме во четата на Дедо Илија на Пирин. Неговата чета тогаш ги гонеше ајдуците Дончо и Касапчето. Дончо го раниле и тој заминал за Бугарија, па ги гонеа Касапчето и Ангел Спанчовалијата (од с. Спанчево, Мелничко). Во интереса на делото беше да се очисти реонот од тие разбојници. Тогаш ние влеговме во четата на Дедо Илија. Во текот на есента Дедо Илија успеа да ги удри и тие се разбегаа, оставајќи си дел од оружјето.

          После тоа почна агитацијата во тој реон. И пак тргнавме по селата. Откако ние влеговме во четата, отпочнавме поправилна агитација во духот на Делчев. И порано Дедо Илија агитирал, но не бил во состојба добро да ги разбере основните идеи на Делчев и на организацијата, особено тоа, што треба да се подготвиме сами на свои плеќи да ја изнесеме револуцијата (Дедо Илија на тоа поле си е прост, неграмотен). Обично се разделувавме на две групи, јас одев со Дедо Илија, а Стојко со некој друг од другарите, или обратно. Многу села убедивме. Меѓутоа на Дончо му било страв и во Бугарија да не го убијат внатрешните, а од друга страна внатре зиме не може да се презимува лесно, па започнал преку поп Давчо, раководител во с. Палат, да дејствува да го примиме во организацијата. Таа не се согласила со мотив, дека порано, кога неколку пати му било предлагано, не прифатил, а сега организацијата нема потреба да прима такви расипани елементи. Откако не го прими организацијата, Дончо ги понудил своите услуги на цончевистите, и влезе во Македонија како агент на Цончев уште пред коледе. Ние требаше да ги напуштиме организационите работи и да одиме да го гониме Дончо. Целата чета со Дедо Илија (7 души) беше зафатена со тоа. Серски раководител беше Ников Анастас, книжар (од с. Броди, Серско). Тој не беше главен, ама постојан и влијателен. Не ни објаснуваа добро. Мислевме, дека ќе имаме работа само со еден Дончо, а то се укажа, дека тој успеал да го придобие на своја страна речиси цело Петричко, кажувајќи им, дека Бугарија и Русија ќе помогнат. Тоа многу и наштети на Внатрешната организација, затоа што таа собираше пари за пушки, а од друга страна не можеше да ги доставува на време. Врховистите напротив агитираа, дека не треба да се даваат пари за пушки, туку само секој да каже, каква пушка сака и самиот да дојде до границата, да му се предаде. “Оставете ги оние (внатрешните) – тие не мислат за вашата слобода” – кажуваа врховистичките агитатори. И навистина врховистите пари за пушки не собираа, но Дончо собирал, судејќи им на луѓето како судија, особено за кражби, кои се чести во петричките шопи. Тие обично не се судат, туку за кражба со кражба си враќаат. Дончо на тој начин за себеси лично собрал многу пари.

          Ние, не знаејќи ја силата на Донча во Петричко, стигнавме во с. Палат, каде што можевме да бидеме испотепани од него. Поп Давчо станал човек на Дончо и за малку не попаднавме во заседа организирана од Дончо со согласноста на попот. Поп Давчо после тоа ни предложи брзо да се тргниме од Петричко, затоа што Дончо се заканил, дека во спротивен случај ќе не испотепа. Ние немаше каде да одиме. Некое време стоевме во селото Елешница и чекавме помош од Внатрешната организација. Најпосле дојде кукушката чета под водството на Григор Иванов (од Гевгелиско) со 9 души па станавме 15 души. Отидовме во Долна Рибница, почнавме нова агитација, ново покрстување. Сите мажи на два пати се покрстија; по 100 души – во црквата. Таму  им расправавме, Григор Иванов им кажуваше, да не се повлекуваат по еден Дончо, ајдутин, дека тој гони други цели, дека Бугарија сака да ја присоедини Македонија, дека тоа е политика на кнезот, дека не треба само заради едни титули на кнезот населението да ризикува да се упропасти и сл. Им објаснувавме, што се направи во 1895 год. со обидот да се дигне божем востание итн. Вон од црквата стоеја 10 души стражари, а внатре беа другите. Селаните божем се наговараа. Окружниот комитет реши да се отепаат раководителите: поп Давчо во Палат, Цоне во Горем (учител “од старата мода”), Бакалчето, кој се одметнал и кој беше најглавниот и поп Иван од Рибница. Овој сам се јави, зеде да се оправдува, дека од страв пред Дончо отстапил итн. И ние не ја извршивме пресудата, го оставивме, а до другите не можевме да се доближиме.

          Од таму отидовме во с. Чуричени. Дончо, кога видел, дека ние ги разубедуваме селаните, се уплашил од тоа и ги наговарал селаните да бегаат од нас, кога ќе влеземе во селото. Во с. Чуричени Дончо сакаше да не нападне; ние осетивме, излеговме и зазедовме позиција, и тој се повлече. Дојде писмо од Рибница, во кое што се кажуваше да бегаме во Елешница, затоа што Дончо ќе не предаде на турците, штом не може да не удри. Се улови писмо пак од поп Иван од Рибница до Дончо, во кое што го советува да не предаде на турците. Пак се вративме во Елешница и пак баравме помош од петричкиот раководител Донев (род. од Дојран, учител во Петрич), бидејќи бевме малку. Најпосле дојде Атанас Тешовалијата, неврокопски војвода, со тројца другари и со 32 души доброволци, собрани од разни села (во Серско, Мелничко, Демирхисарско и Неврокопско). Доаѓаат и тие, а ние во тоа време бевме разочарани, затоа што само ни кажуваа дека ќе дојдат на помош и Сандански и Чернопеев, а никој не доаѓаше. Кога дојде Атанасов, решивме да направиме уште еден обид. Бевме 52 души во с. Долня Рибница. Во тоа време се за јадење си плаќавме на населението. Видовме дека неискусните другари, доброволците, не можат многу да ни послужат па распуштивме 20-тина души а оружјето го складиравме. Да забележам, дека уште пред ние да дојдеме во Петричко, Алексо го уби Кецкаров, војвода на петричката чета, кој се доверил да оди кај нив, врховистите Алексо и Дончо, за да ги разубедува. Сакавме да го фатиме Бакалчето во с. Игуменец. Но не успеавме, Бакалчето после ни напиша да си одиме од неговиот реон, затоа што не предал на турците; неговиот реон можел да се вооружи сам без помош на внатрешнитеи, а кога ќе правиме востание,  тој сакал да биде со нас. Ние немаше каде да одиме. Тоа беше во почетокот на јануари 1902 год. И навистина турците со голема сила дојдоа од кај Струмица, Петрич. – до 600-700 души. Излеговме и зазедовме добри позиции по чуките и се боревме 5-6 часа, од утрото 9 часот до негде 3 ч. попладе. Од турците паднаа до 15 души. Престрелката се водеше најблиску, од 400 чекори до 200. Ние бевме распрснати на големи растојаниија по двајца, по тројца. Турците отстапија. Оставија едрн коњ со 33 шинела. Од наша страна немаше жртви.

III.

Анастасов поминува вo агитација по селата вo Демирхисарско и Серско до пролетта 1902 г. – Се вратил во Софија, се среќава пак со Делчев и се враќа по нова година (1903) со голема чета на чело со Делчев. – Во Серско се собираат реонските чети за да обмислат, како ќе се дејствува за време на претстоечкото востание. – Анастасов по смртта на Делчев ја продолжува подготовката за востанието. – Анастасов станува водач на драмската чета. – Во една борба кај с. Калапот турците ја убиваат четата. – Анастасов се спасува во Бугарија.

Ние се чудевме, каде да одиме; се повлековме на Беласица, скитавме три дена жедни и деморализирани. Почнавме да се пентериме и скитаме напразно по таа долга планина и се се вртиме во Петричко, а снег голем. Спиевме; помогнаа и турските шинели. Ја поминавме Струма и дојдовме во с. Рупел, во Демирхисар и одморивме. Тогаш една чета се оддели од Дедо Илија под водството на војвода Георги Радев – „Радо” (другар на Дедо Илија, род. од с. Броди) и се нарече „Серска чета.” Јас и бев секретар. Кирлиев од гр. Кукуш остана кај Дедо Илија, кој остана во Демирхисарско. Одевме по селата до пролетта, после дојдовме во Бугарија на 1-2 мај, главно за да го разберам подобро прашањето со врховистите. Тука токму беше дошол Делчев. Останав во Софија 9 месеци и тогаш тргнав за внатре заедно со Делчев спроти Иванден 1903 год.

          Тргнавме повеќе од 40 души, меѓу кои беше и Јаворов. Поминавме преку Самоковско во Банско. Во Банско остана една чета, “Банска”, под војводството на Јонко Вапцарчето (од Банско), а останатите, околу 30-35 души, го продолживме патот преку Неврокопско за Серско. Застанавме во с. Каракој, каде што Делчев издаде окружно за да се соберат во тоа село реонските чети. Дојдоа четата на Сандански од Мелничко (7-8 души), четата на Дедо Илија, на Гуштанов (драмска чета), на Атанас Пашовалијата (неврокопска чета) и др. Целта беше да се сретнат и да разменат мисли. Теравме четири товари динамит, бомби, електрични машини. Делчев покажа, како се работи со динамит; со 3 фишеци се направија обиди. Почна да се издава хектографиран весник. Го уредуваа Јаворов и Кирлиев, кои повеќе беа во с. Крушево и Лехово. Се фотографиравме кај пештерата „Капе” кај с. Крушево (Серско). Дојде фотограф од с. Зрнево. Тоа беше кон крајот на јануари 1903 г. Се распределија четите. Куслев замина за Поројско, Сандански за Малешевско итн. Јас попаднав кај Дедо Илија како секретар. Цело време бевме со Делчев. Делчев задржа за свои другари 11 души и формира своја, „ревизорска чета”. Дедо Илија и јас останавме со него. Заминавме да го разгледаме мостот на Струма кај Демирхисар; се мислеше да се отпочне акција, но се виде дека има многу аскер и општо земено беше тешко па се откажавме од таа намера.

          Наскоро во с. Балдево беше предаден на турците Георги Радев со четата (8 души), па настана борба во селото и изгореа до 20 куќи, плевни; внатре изгоре и еден старец, а четата се спаси вечерта со само еден лесно ранет. Од Драмско доаѓа Атанас Пашалијата и соопшти, дека мостот кај Анџиста, кој тој отишол да го разгледа, можел да се нападне. Тргнавме со Делчев во Драмско и заедно со Атанас отидовме 28 души во с. Горенци. Успеавме да го разрушиме мостот и еден дел од тунелот. Планот беше распределен. Се вративме во с. Меглен и с. Дреново па преку планината во серски Боздаг. Делчев требаше да замине со серскиот раководител Лазаров за Солун, пак на конгрес за да решат подробности за востанието.

          Делчев си беше против масовно востание. Ние се повлековме во Демирхисарско. Во тоа време се откри афера во Балдево (Неврокопско). Делчев од Солун се враќа преку с. Баница и таму се среќава со Гуштанов и со неговата чета и со дел од серската чета. Ние бевме на врвот на Пирин, во крајот на Неврокопско, кога дојде писмо да одмаздиме за Балдево. Заповедтта беше од околискиот раководител. Ние расудивме, дека тоа не е добро, дека може да ги натера турците да запалат друго село. Во тоа време излезе окружно да се соберат сите раководители во с. Ловча (Неврокопско).

          За таму тргнал и Јаворов со Кирлиев, со банската чета. Ги забележале турци и отвораат оган. Ние се најдовме таму блиску (до с. Голешово), притековме на помош па успеаја да се извлечат без жртви. Отидовме во Ловча и таму на 24 април дознавме, дека Делчев е убиен на 19 април. Сандански не беше таму, раководители немаше и се осуети конгресот.

          Останав пак со Дедо Илија, се одделив со неколку другари и после во почетокот на јуни бев накај Драмско. Дојде и Сандански со четата. Испратија посебни чети за Драмско под војводството на Мирчо (од Мехомија) и јас се присоединив кон таа чета. Подготвувавме пексимит за востанието и собиравме пари за пушки, но не успеавме да купиме. Во почетокот на септември се свика конгрес во Пиринско за да се крене востание на 14 септември. Имаше планови, што да се прави во Драмско, да ги запалиме куќите во селото Еридере на двајца шпиони гркомани и за други атентати по железницата. На 14 септември Мирчо од заседа го убиваат турците. Јас го зазедов неговото место, – водач на драмската чета. Можеа да излезат на 14-ти до 70 души селани од Калапот, но поради неуспесите по другите села луѓето се оладија и одбија да дадат момчиња, затоа што се плашеа турците да не го изгорат нивното село. Турците не насетија и селаните не предадоа. Имаше борба кај с. Калапот во една дабова горичка, каде што паднаа двајца турци; тројца од нашите се предадоа. Ја опколија горичката, а селаните им предлагаат на четворицата останати да ги закопаат во шумата, – ја испотепаа целата чета. Ги предадоа и пушките и пексимитот. Јас избегав во Неврокопско и по 7-8 дена дојдов тука.