„Спомени на Христо Чернопеев“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и распоред на поглавјата.

Предговор

 Меѓу војводите, кои дејствувале од оваа страна на Вардар, Чернопеев или поточно Черну Пеев по Сандански го зазема првото место, а како борбена сила тој си придобил големо име, особено што нему му се падна да ја изнесе првата по значење крвава борба со турската војска кај селото Бајалци (на 4. фебруари 1901 г.), којашто до тогаш не сретнала таков силен отпор од страна на бугарските комити. На жалост и Чернопеев го истроши поголемиот дел од времето и енергијата во крвави расправии со врховистите, за кои читателот ќе најде интересни подробности во тука објавените негови спомени. И на Чернопеев сите усилби во таа борба се насочени кон приврзаниците на Врховниот комитет за да се спречат опасните последици за населението од едно избрзано востание  кое што при сета таа успешната агитација на посочените предизвика, но во многу скромни размери, благодарение на реакцијата на внатрешните дејци, меѓу кои во тој однос не мала улога изигрува Чернопеев. Тој својата четничка кариера ја започнува како воен инструктор искусен во воената вештина најнапред во реонската чета во Гевгелиско и Ениџевардарско во почетокот на 1900 година, а после преминува во Кукушко, каде што и покрај слабото образование успеал да развие забележителна организаторска дејност по селата. После му се паѓа да дејствува и во други реони во Струмичко, Малешевско, Џумајско и др. Во Џумјско се започна борба со врховистите, во којашто и Чернопеев зема големо учество. Во содејство со Сандански и Чернопеев учествува при фаќањето на Мис Стон и ги одбива нападите на врховистите. По многу премрежја и Чернопеев со голема загриженост пречекува веста, дека на тајниот конгрес во Солун на 1 јануари 1903 год. било решено да се крене општо востание: вооружувањето во реоните од оваа страна на Вардар, коишто Чернопеев добро ги познавал, било многу слабо, а мала била надежта, дека ќе може во такво кусо време да се најде најнужното. Меѓутоа солунскиот атентат во средината на месец април истата год. ги расипува неговите планови дотаму, што тој изгубил верба дека ќе може нешто сериозно да направи и многу разочаран се прибира во Бугарија. Дури во август, во разгорот на востанието во Битолско, Чернопеев преминува со чета во Кочанско и се обидува со неколку смели акции да помогне од своја страна, но неговите стремежи се залудни па се враќа назад. Веднаш по востанието Чернопеев пак се втурнува во Разлог за да се врати пак назад по некорисно дадените жртви во една борба со турската војска.

          Во зимата 1904 г. се сретнав со Чернопеев и го распрашав за неговата револуционерна дејност. Простичко, но природно и логично раскажуваше тој. Се гледаше, дека Чернопеев се посветил во служба на ослободувањето на Македонија, иако и немакедонец, не од лична амбиција да се прочуе со подвизи во опасното тогаш револуционерно поле, а по силен патриотски осет и однесување со почит кон тогашните раководители на делото, меѓу кои прв му влијаел Б. Сарафов, под чијашто команда служел во ломскиот полк. Кога се запознав со него, тој беше видел и научил многу нешта, па се разбира и кај него се разви извесен сомнеж да критикува и да осудува други видни дејци по долото. При сето тоа можеше да се забележи, дека тој е човек, кого што поумни и поитри од него лесно можеле да повлијаат, затоа што неговата желба да работи беше упорна, а и не се раководеше од големи лични амбиции. Тој навистина касно подпадна под влијанието на едни несоодветни на неговиот дух и природа крајни начела, но при сето тоа чесно го положи својот живот за националниот идеал.

          Љ. М.

I.

Биографски податоци. – Чернопеев под влијание на Б. Сарафов и Ѓорче Петров се привлекува во македонското дело и заминува во Македонија, каде што отпрвин дејствува во Гевгелиско и Ениџевардарско, а после тоа и во Кукушко. – Борби со турците. – Кога се врати во Бугарија, Чернопеев ги затекнува односите со врховистите многу заострени. – Делчев го испраќа Чернопеев во Џумајско.

По право моето име е  Черно Пеев, но луѓето навикнале да ме викаат Чернопеев. Роден сум во 1868 година во месец јули, во с. Дерманци (Плевенски окр.). Учев во плевенското трикласно училиште. Служев во плевенскиот полк, после во ломскиот полк. Стапив на служба во 1889 година и со прекин служев до 1899 год. За време на прекинот писарував во општината во с. Луковит. Се откажав како фелдфебел, пешадинец. Востанието во 1895 год. влијаеше врз мене, сакав да дадам отказ и да земам учество во тоа движење, но доцна се случи, движењето беше запрено. Порано само сум читал по весниците за македонското дело. Борис Сарафов служеше во ломскиот полк во 1895 год. Кога се врати Сарафов, малку стоеше во полкот и од таму отиде во Русчук, во русчушкиот полк. Тогаш, пред да одам во Русчук, поблиску се запознав со Сарафов и дознав повеќе подробности по македонското прашање па тогаш веќе вистински се заинтересирав. Почнав со согласноста на Сарафов тајно да организирам и една дружинка во полкот со членови војници и унтерофицери. Се собраа влогови, наложени според платата. Член можеше да биде којшто сака, но само ако е испитан и сигурен. Целта беше да се собираат оружје и резерви. Кореспондирав со Сарафов во Русчук. Собраните суми – до 150 лева – му ги испратив на Сарафов. После, кога дадов отказ, во август 1899 год., предадов револвери, ками, пушки и патрони на офицерското братство во Лом и тоа ги препрати во Софија, во комитетот на Сарафов. Имено откако Сарафов беше избран во комитетот, кога од него дознав дека има потреба да се дејствува и внатре во Македонија, тогаш ја напуштив воената служба и дојдов во Софија, каде што бев околу еден месец.

          Тука се среќавав главно со Сарафова и со Ѓорче Петров. Разбрав, дека внатре има потреба да се организира револуцијата, откако за тоа ќе се подготво народот, пред се духот на народот. Знаев, дека има организиран комитет – Централен комитет, разбрав, дека Ѓорче Петров е делегат на Централниот комитет, и од Ѓорче главно дознав за Внатрешната организација.

          Тогаш од Солун беше дојден и Хаџи Николово, со кого што  се запознав преку Ѓорче, и препорачан на него, дека ќе заминам, немаше потреба да носам писмено препорачиливо. Сарафов ми кажа, дека ќе ја извршувам должноста на терорист под заповедите на Ц. К., а Ѓорче, кому му оддавав поголемо значење, ми кажа дека ќе извршувам се што ќе ми каже комитетот. Јас заминав со пасош со железницата преку Србија во Солун заедно со едно момче од Ресен, по име Никола Кокаров, кое што беше дошло во Бугарија, престојувало тука две години и си одеше пак за Ресен со инструкции од комитетот да дејствува во своето родно место.

          Во Солун до 4 1/2 месеци стоев без работа и се среќавав со главатарите Пере Тошев, Татарчев и Матов и разменував мисли само со нив. Минував како учител, се движев слободно по градот и по кафеаните. Отпрвин само се подготвував да заминам во некој реон, но се подзабави работата, затоа што сеуште се правеа подготовките. Тогаш тајно обучував со пушка во својата соба момчиња од Солун – кондураџичиња, писари кај трговци, занаетчии – околу 10 души. Сето тоа беше во есента 1899 година. На 14 февруари 1900 год. најпосле заминав во реонската чета на Гевгелиско и Ениџевардарско, предводена од Михал Апостолов („Попето”). Мојата прва средба со четата стана во с. Оризари. Патував со едно момче од четата, кое дошло да се лекува во Солун. Во селото стигнав преку денот и момчето ме одведе кај раководителот. Тој ми јави, дека четата е во друго село. Бев облечен како работник, кукушка носија, како да одам на работа по афионите. Се преоблеков во друга носија – во аскерски алишта и ми дадоа пушка систем „Гра”. Вечерта тргнав со истото момче да ја најдам четата во другото село, и штом излегов од селото, кај гробиштата, се слушна посебен знак и момчето го позна, дека е знакот од четата, којашто се состоеше од 15 души, облечени во разни алишта, едни со куртки, како во нашата војска, други со турски чепкени, некои во аскерски алишта.

          Се вративме во Оризари; Попето ме запозна со другите. До половината на април т.е. два месеци одев со четата по реонот, се занимававме со агитација. Навечер ќе се викаа некои селани и се убедуваа да го поткрепуваат делото и ги заколнувавме пред четата. Се криевме по цел ден во извесна куќа. Се случи на петтиот ден во с. Дабово, случајно еден турски падар да влезе во куќата, каде што се криеше четата, ја отвора вратата и ги гледа четниците. Го фаќаат и го фрлаат во Вардар. Обучувавме со пушки и селани. Јас ги обучував и четниците. По два месеци останаа 8 души; се оддели една четичка од 7 души под водството на Апостол, од 8-те души 4 души останаа со Попето, а со другите 4-ца тргнав за Кожув планина. Таму стоев до мај. Се занимававме со организирање по селата. Имаше еден зулуџија субаша, арнаутин, кој сакал да потурчува две моми од с. Серменин. Селаните се пожалија на четата. Таткото на момите, чорбаџија, откако четата го уби Турчинот, од благодарност ја даруваше четата и го испрати својот син, 17-годишен момок, Тодор Иванов, ученик во серското училиште. Тогаш беше откриена Гевгелиската афера, па турските власти веќе насетиле дека има чети.

          После тоа преминав преку Вардар во Кукушко. Во Кукуш раководител беше Туше Дели-Иванов. Со него се среќавав во гр. Кукуш за да се договараме. По кукушките села одев до следниот март 1900 год. Во август случајно, вечерно време, патувајќи запревме кај една чешма, јас се наведнав да пијам, а турците, кои ја надушиле четата, од заседа пукаат врз мене и ме рануваат во слабините. Четата одзади отвори оган по турците. Момчињата ме одведоа до едно блиско село, Казаново и тука поради загуба на многу крв, бабички ми ја преврзуваа раната, ја запреа крвта па можев уште истата ноќ да заминам со другарите на Арџанското езеро, каде што направивме колиба и таму лежев околу еден месец. Момчињата се вртеа повеќе во колибата. Уште не оздравен, излегов со четата по околијата. Бев многу слаб, раната уште незаздравена па одев на коњ. Еднаш паднав и уште повеќе се повредив, па заминав за Солун да се доизлекувам. Тука престојував околу три недели и тргнав кај четата со други четири момчиња. На тргнување полицијата надуши дека ќе излегуваме. Ние наседнавме кај еден турски стражар, пиевме ракија и така се извлековме и стигнавме кај четата. По малку време мојата чета порасна до 16 души, повеќето терористи. Михаил Герџиков, за прв пат испратен од Ц. К., пристапи во мојата чета во Кукушко за да се извежба. Од Бугарија пристигнаа уште 3 момчиња (од Карлово 2 и едно од Кукуш). Четата успеа преку зимата да ги организира речиси сите села. Пари се собираа од селата и се внесуваа во градот, за да послужат за купување на оружје. Во јануари 1901 г. Герџиков и уште едно момче, Петар Јуруков и други 8 души заминаа за Битолско, самостојно да водат чети. Пред тоа некој си Милан од друга чета, од Гевгелиската, им се предал на турците заедно со Кочо Карловалијата од мојата чета. И двајцата отишле во Солун да се лекуваат и таму, заробени, искажале некои работи. Имаше опасност, дека турците ќе почнат да бараат оружје и др. Во тоа време се откри солунската афера и неколку момчиња избегаа во мојата чета, којашто премина во Гевгелиско. Четата ми стана до 30 души. После се вратија некои по селата па четата остана пак со 13 души. Пак се вративме во с. Бајалци (на границата меѓу Гевгелиско и Кукушко). На другиот ден осамнавме опколени – целото село беше заобиколено од турска војска, не осетил падарот. Тоа беше на 4 февруари 1901 г. Тогаш четата излезе на отворено. При излегувањето удривме на напад, им ја разбивме засадата и преминавме преку нивните редови. Се отпочна борба, престрелка на отворено поле. Имаше снег; залегнавме во лозјата и престрелката траеше 14 часа. Од 13 момчиња беа убиени 7, а ранети двајца. Седумте паднаа уште утрото при атаката. Од ранените еден, Стефан Стојчев, го оставивме во бесвесност, отѕкако малку го повлековме, а другиот го зедовме со нас. Се повлековме во кукушките села и отидовме во с. Калиново. Таму изутрината пак потерата ни потера. По снегот се познаваа нашите траги. Од тука избегавме во друго село па дури третиот ден се изгубија нашите траги.

          После тоа заминав за Бугарија, затоа што турците силно не прогонуваа, а и немаше доволно оружје. Четата остана таму само со тројца души. Јас дојдов во Софија заедно со Дели-Иванов, главно да се погрижам за оружје. Тоа беше кон крајот на март 1901 год.

          Во Софија ги најдов Делчев и Ѓорче, но нивните односи со Сарафов беа расипани. Со Сарафов и јас повеќе не одржував никакви врски, туку само со Делчев. Се убедив, дека тогаш оружје не може да се однесе до Кукуш, па и Делчев најде за добро, јас да останам во Џумајско па во текот на април заминав заедно со Попето, кој тргна за Кукушко. Јас останав во Џумајско и тоа во с. Лагодаш. Останатите тројца од четата ми се присоединија кон четата, којашто Попето ја одведе од тука во Кукушко. Таа се состоеше од 15-тина души. Заминав за Џумајско со 8 души: Никола Дечев од Стара Загора и едно момче, Александар Дрводелов од Враца; другите шестмина беа македонци. Тогаш беше започната борбата од страна на Сарафов против Внатрешната организација: да се наложи Сарафов како врховен началник на внатрешните. Сава Михајлов тогаш беше учител во Џумаја. Целта на Делчев, кога ме испрати во Џумајско, беше да го подготвувам отпорот против сарафовистите и да го подготвувам населението да не им се доверува на други луѓе освен на внатрешните и на Делчев. Во с. Лешко тогаш беше учител Крсто Асенов (тој неодамна беше убиен во Ениџевардарско). Кога се сретнав со Савата и со Асенов, им ја истакнав нуждата од пари, дека треба да се помачиме да се најдат пари. Савата смисли, дека би било добро да се фати еден бег, и тоа „пашата” од Џумаја, кој бил богат. И Сандански во тоа време беше дојден со чета, пак од Софија, определен за Мелничко. Како појде од рака планот со бегот, решивме на друг начин да се бара чаре.

II.

Чернопеев заедно со Сандански во Разлог учествува при фаќањето на Мис Стон. – Борба со врховистите на чело со Саев. – Чернопеев се грижи да ги запре селаните да не востануваат. – Вооружени судири со врховистички чети. – Чернопеев во Струмичко.

Заминавме за Разлог и таму мислевме некого да уловиме, на пр. некој си  Хаус, инспектор на протестантите. Во Банско бев јас со Сандански, а четата беше вон. Случајно пристигна Мис Стон. Решивме да ја заробиме. На три часа од Банско, во месноста Предел, бевме со целата чета од кои некои беа облечени со аскерски алишта. Сандански Ви раскажал како се случи фаќањето на Мис Стон и нејзината другарка госпоѓа Цилка, Бугарка. Бидејќи Дончо после со свои луѓе ја нападна мојата чета од 5 души во с. Тросково, каде што беа и заробените жени, момчињата се окопаа и водеа престрелка. Жените беа во една визба. Јас пристигнав со 50 души селани од организираните од с. Лешко и Дончо, кога разбра дека наближуваме, отстапи. Во таа престрелка едно селанче од с. Тросково, кое што Дончо го испрати да ни предложи да се предадеме, нашите момчиња го убиваат кога наближило, без да знаат кој е. Со жените се криевме само по селата – Покровник, Лешко, Селиште, Тросково и Сушица. Откако Дончо премина во Мелничко, отидовме и во с. Кресна и с. Влахи. Кога се зеде откупот бевме во Влахи. Детето на Цилка се доби во Кресна.

          Дончо отпрвин се кажувал четник (т.е. началник на чета) од Петричко и дека доаѓа да отвори канал за Мелничко, за да пренесува оружје. Една чета под водството на Мих. Лазаров (родум од Бугарија, унтерофицер) од 13 души, којашто била составена од селани на организацијата, била вратена назад преку границата, а оружјето им го зел Дончо, како и оружјето кое што го носеле за Петричко. Дончо им предлагал и тие да се присоединат кон него, затоа што тие оделе без „полномошно” од Централниот комитет.

          Откупот се зеде во февруари 1902 г. Јас заминав во Струмичко да ги пуштам жените а другите го донесоа откупот. Сумата после се распредели по реоните.

          Пролетта 1902 година врховистите успеаја да фатат почва во Петричко, Џумајско и Малешевско. Селаните се уште не се имаа одметнато од внатрешните, туку само сакаа да се примириме со врховистите. Последните работеа со луѓе кои внатрешните ги избегнуваа. Тие повеќето беа со лошо име – шверцери и др. Се прогонувавме. После Дончо во Џумајско за четник дојде Ив. Пашалијата. Јас го гонев, сакав да се сретнам со него па пред населението да се искажат и двете страни и да му остават на населението само да суди. Во с. Железница раководителите ги предадоа моите луѓе на турците, а Пашалијата избега. Раководителите побараа да се повлечам. Јас настојував да се одржи собрание, за да се прегледаат сметките. Раководителите, учители, Хр. Стоев и Хр. Ташов, користејќи се со тоа дека има два комитета, избегнуваа да се јават на собрание и да се разгледаат сметките за земени пари. Нивен човек, Георги Кривошиев, преоблечен во турски алишта, оди во Џумаја и им јавува на турците. Јас и другарите видовме дека од Џумаја тргна аскер (се гледа од селото), но не претпоставувавме дека ќе има предавство. Зафатив позиции и се случи седумчасовна борба. Едно момче падна. Пашалијата во тоа време се затскривал во с. Железница. Тоа беше на велики вторник. После веќе се виде, дека не може да има здружување со врховистите па се започнаа жестоки гонења. Со Саев јас се судрив на два пати. Првиот судир со Саев беше, кога се сретна со мене ноќно време кај колибите Габрово и се отпочна престрелка, којашто траеше близу еден час. Од нивна страна падна едно момче мртво, а од наша страна две момчиња беа ранети – Нунков Костантин (од Чирпан) и Ѓошо Иванов (од Враца, сега убиен во Гевгелиско). И двете страни знаеја, дека не се борат со турци. Тоа  беше во мај месец. Кон крајот на мај имав уште еден судир кај Селиште пак со Саев; изутрината настана престрелка од куќите, околу еден час, без жртви. Еднаш јас и Саев пред многумина селани во с. Лешко се објаснувавме во присуство и на двете чети; и двете страни останаа цврсто на своето.

          Агитацијата на врховистите се состоеше главно во тоа, дека уште во текот на истата година ќе имало востание и говореа, дека помош ќе има и од Бугарија и од Русија.

          Во август месец, кога јас се сретнав еднаш со Саев и говорев цел ден со него за востанието, Саев беше на мислење, дека нема да се крева востание, а ќе треба да се работи уште една-две години. И јас тогаш се искажав дека штом е така, се надевам преку зимата да се договориме и двете страни. Кај 17 септември 1902 г. пристигнаа уште 30 души со Славчо Ковачев, Крсто Асенов и др., па четата ми стана до 50 души. Задачата ни беше, под моја команда да се избркаат врховистите и најважното, да им се осуети планот за востанието, за што тие веќе јавно агитираа. Селаните веќе си беа приготвиле се за востание, си скриле храна, алишта и ништо не работеа, ништо не си приготвуваа за зимата, за овците и др. со цврста верба дека ќе се ослободат. Селаните во Џумајско, Петричко и Малешевско тогаш веќе беа преминати откај врховистите. Имаше села како Лешко, каде што врховистите не си пробија пат, но општо земено повеќето беа наклонети кон нив. Со Саев беше и Лефтеров – вкупно до 40 души; Дончо во Петричко водеше до 20 души; Пашалијата во Малешевско и Петричко – 15 д.; на левиот брег на Струма Јордан Стојанов и Николов водеа околу 80 души. Во Малешевско имаше чети испратени од Цончев, но нивните водачи беа месни луѓе како Васил Пехливанот, Костандиев, Петар Уже, а во Петричко: Костадин Попов, Кост. Бакалов и др.

          Кога се зголеми четата на 50 души, тргнав по трагите на Саев со цел да го нападнам и да го прогонам па да се осуети востанието. Некои од селаните, кога видоа дека јас се засилив и како наближуваше денот на востанието, зедоа да се колебаат, дури и многу врели приврзаници на врховистите, како на пр. поп Лазар од с. Падеж, па дојдоа да ме викаат да ги спасам т.е. да го прогонам Саев. Јас пристигнав во Падеж и за малку ќе го фатев Саев, но Саев одделува четири души од својата чета, кои отишле па ги убиле спахиите од с. Железница (на 22. септември, во недела). Селаните, исплашени од последиците, одат кај Саев да бараат совет, токму спроти 23. септември во ноќта, кога јас го барав Саев. Саев им одговорил на селаните дека востанието е решено па штом дојдат турците да ги ловат, тие да ги земат пушките и да удрат. На осамнување јас запрев во с. Падеж, а кога излегов да ги поставам стражарите, ги видов двајцата селски попови, ги повикав и од нив разбрав за убиството на спахиите и за востанието кое што веќе почнувало со тој ден и дека поповите оделе во црквата да ги подигнат црковните книги и прибор. Саев тогаш бил во с. Тросково. Додека уште така разговараме, припукаа и пушките во с. Железница – се отпочна престрелка меѓу селаните и аскерот. Кога припукаа пушките, ние излеговме на ридот, гледавме со дурбините и видовме дека селаните, разбиени од аскерот, бегаа во паничен страв. Ние, како кои селани ќе сретневме, ги убедувавме да не земаат учество, претпоставувајќи дека судирот ќе се ограничи само во с. Железница. Аскерот го запали селото Железница. Тогаш добив писмо од Саев со содржина : „Селаните се борат и не знам која е причината, ела да им помогнеме на селаните или барем чувај ни го грбот”. Јас, кога го добив писмото, слегов од ридот, надофјдоа селани, жени и деца и ги советував да не бегаат, затоа што ќе ги пресретбне друг аскер, туку да си седат по домовите. Ете ти го доаѓа Саев со развиено знаме кон Железница. Ние се повлековме кон с. Габрово да ги убедуваме другите села да си стојат мирно. Имаше цел ден борба меѓу Саев и аскерот. Ние гледавме од далеку. Малку селани зедоа учество. Многу дојдоа кај нас, каде што зазедоввме позиција за секој случај. Се стемни. Ние стоевме уште три дена во Џумајско и немаше никаква друга борба. Саев со 4-5 жртви се извлекол. На четвртиот ден, кога почнаа да се движат потерите, се повлековме во Малешевско. Таму три-четири дена се движевме и ги убедувавме селаните да стофјат мирно и да ги остават четите да се борат. Еден ден седевме на една височина и забележавме, дека еден човек со шинел влезе во една колиба. Ние со Крсто Асенов отидовме таму и тој се претстави како четник од четата на Васил Пехливанов. Го заробиввме без спротивставување. Од него и од писмата кои ги носеше, разбравме дека тие решиле да креваат востание во Малешевско другиот понеделник, кај 30 септември. Сега наредбите им беа прво да се убијат полјаците и спахиите турци, што има, и сите селани да се кренат кој со што има – со коси, секири и др. Ние не верувавме дека селаните ќе се кренат, но Пехливанот од друга страна испратил луѓе да ги убијат падарите, па кога ќе дојдат турците, селаните од страв да бидат принудени да се борат. Тогаш набрзина донесовме решение – се разделивме на две групи: Крсто Асенов со 15 души отиде да обиколи еден дел од Малешевско, а јас другиот дел со цел и да убедувавме кон мир и да ги разбиеме врховистичките чети, кои би ги сретнале. Тргнавме дење, да обиколиме што повеќе села. Крсто кај с. Митрошинци сретнал тројца од луѓето на Пехливанов кој дошле да ги убиваат полјаците. Селаните успеале да му јават на Крсто, тој ги заобиколил, но тие избегале. Ние пак со другата група отидовме во с. Владимирово со цел да свикаме собрание во недела, за да се разбереме со селаните. Ние во тоа село се кажувавме, дека сме кренале востание во Џумалиско и доаѓаме да ги ослободиме. Тоа го направивме со цел да дознаеме каде е четата на Васе Пехливанов. Селаните се доверија, кога со мене го видоа и Владислав Ковачев со офицерски алишта (порано не одеше со офицерски алишта) и ни кажаа каде е четата. Тогаш му напишавме писмо на Пехливанов и го потпишавме „Дарвингов”, за да дојде да се договориме за востанието. Дознавме, дека тој веќе собрал до 50 души селани со цел да го нападне другиот ден, денот на востанието, аскерот во с. Будинарци. Ние требаше да дејствуваме брзо, затоа што остануваше само еден ден за да ја спречиме катастрофата и затоа прибегнавме и кон кажаното лукавство. Пехливанот се посомневал во писмото, затоа што едно од неговите момчиња, кои беа опколени пред тоа од нас, му кажало дека пукале на нив ама не знаело сигурно, дали бил аскер или не. Пехливанот испрати двајца свои четници, меѓу кои беше и Григор Георгиев-3верката. Од последниот, кој бил човек на внатрешните, дознав дека тие решиле да кренат востание на другиот ден. Го задржавме Зверката кај нас а другиот го испративме со писмо до Пехливанот да дојде да се сретнеме. Тој наместо да дојде со целата чета, се одделува со 6 души и доаѓа спроти нас на 1/2 час растојание и праќа еден човек да одат само двајца луѓе од нас кај него. Отиде Ковачев со уште едно момче да го убедуваат да не крева востание. Видов дека треба да се убие Пехливанот и се приближив со четири души зад него, каде што разговараа со Ковачев. Кога се врати Ковачев и соопшти дека оној не си го повлекува решението и Пехливанот уште чекаше, отворивме оган на нив, го ранивме Пехливанов, едно момче падна на место и други две ранети. Ние се повлековме. Пехливанот, ранет во нозете, не можеше да оди. Како последица на тоа и не се случи востание во Малешевско; селаните, кои се беа собрале кај Пехливанов, се разбегаа.

          Ние постојавме уште малку во Малешевско, додека го очистивме од тие четици. Една чета од нив, нападната од Крсто Асенов, изгубила еден четник и избегала во Бугарија. Во с. Горем (Петричко) уште првиот ден на востанието селаните, кога виделе дека ги излагале, ги свртеа пушките против врховистите и раководителот Блгаринов Стојан. Тој таа пролет заедно со својот татко пак отишол да организира, но, предадени од соселаните, биле испотепани од турците. Откако го поисчистивме Малешевско, таму остана Крсто Асенов, а пак јас заминав за Струмичко, затоа што таму се откри афера па турците бараа пушки, тепаа, го измачуваа населението за да го приберат оружјето и др. Кога пристигнав, открив дека речиси целото оружје е предадено. Се уплашив дека ќе го приберат целото оружје и решив да удрам на аскерот. Престана гонењето и се успокоија духовите. Зимата ја поминав по селата во Струмичко со чета од 10 души. Ковачев замина за Штипско. Некои се вратија во Бугарија, болни.

IiI.

Чернопеев, загрижен поради неочекуваното решение за востание, заземено во Солун. – Поради недостаток на оружје Чернопеев намислува да дејствува само преку одделни атентати на железници и др. – Со неколку чети Чернопеев влегува во внатрешноста. – Неуспешни борби со турската војска. По многу жртви четите се распрснуваат. – Чернопеев после еден последен обид да дејствува во Разлог се повлекува во Бугарија.

Јас во сите свои писма сум настојувал да се свика конгрес и да се види, ако може да се крене востание, да се крене, или пак да се подготвиме да им се противставиме на врховистите и да не правиме востание во текот на пролетта. На солунскиот конгрес од Битолско имало само еден делегат – Лозанчев. Сите, и струмичкиот делегат Иван Поп Арсов и Ингилизов, и тир биле за востание, и покрај тоа што во Струмичко имаше само до 200 пушки, во Мелничко до 300 – вкупно до 500 пушки. Кога ми го соопштија тоа, јас се полудив. Делегатот не бше и за делегат, ама него го нашле и него го повикале. Му кажале дека за Струмичко ќе дојдат уште 300 пушки од Солун. Јас, бидејќи не верував многу во тоа, отидов во Солун со две момчиња да видам дали има пушки. Таму остана Крсто Асенов. Кога дојдов тука, немаше пушки дури и за четата, којашто сакав да ја поведам.

          Си наумив, кога ја видов таа жалосна состојба, да направам некој атентат по железницата или др., но не залудно да го креваме народот. Тука собрав 60 души момчиња, вооружени со манлихерки и берданки а зедовме и динамит. Во Софија дојдов во февруари а границата ја преминавме на 24 март 1903 год. Бевме околу 190 души. Со нас имаше чети за Радовишко – со војвода Коста Мазников; за Велешко – војвода Ник. Дечев; за Тиквешко – војвода Тимо Ангелов (убиен со експлозија во Битолско); за Битолско – војвода Кондов; за Кичевско – Ванчо Мицков. Во февруари Сарафов замина со околу 70 души за Битолско. Се разминавме во Малешевско.

          Имаше силно гонење од Бугарија против мене и другите па границата ја поминавме дење на Саса горе во Ќустендилско. Не осетија од турска страна. Стоевме под Саса во колиби четири дена, додека се поправи времето. Битолчани тргнаа по еден пат за Битолско, а пак ние со Дечев, Мазников и Тимо за Струмичко, од каде што требаше да се разделиме.

          На велики вторник се сместивме кај с. Лески во шумата (во Кочанско); не придружуваше и Кочанската чета предводена од Делчо Коцев па бевме до 130 души. Не открија ловци и преку денот се боревме цел ден. Дојде војска од Кочани. Стражата отвори оган по ловците, го убија едниот, другите избегаа. Во близина имало аскер. Лески е во падините на планината Плачковица. Аскерот ни го пресече патот и ние речиси на напад го избркавме од две чуки, но највисоката чука остана во турски раце. Пристигна аскер од Кочани и Виница и се боревме цел ден, останувајќи на тие две чуки. Изгубивме, убиени Велко Ников, родум од Кула (Блоградчишко) и уште тројца души и еден ранет – Иван, од с. Смол (Гевгелиско). Во текот на ноќта се повлековме, откако уште преку денот се разделивме па тргнавме во два правци. Одевме три-четири дена гладни, затоа што насекаде турците поставиле заседи. На велики петок најдовме во две воденици брашно, направивме качамак и момчињата закрепнаа. Дечев и Мазников тргнаа во друг правец, а пак јас – преку Малешевско за Струмичко. На 1 април, велигден, пристигнавме во Малешевско и испративме да ни донесат храна. И Дечев и Мазников, бидејќи биле откриени по патот од турците, тие исто така дошле во Малешевско и аскерот по нивните траги. На голема сабота дознавме дека се блиску до нас. На велигден аскерот нападна на нив. Бевме на 1 1/3 час растојание од нив. Со еден дел јас притекнав на помош со околу 30 души, а другиот го оставив да ни го пази тилот. Во близина бил и Лефтеров па и тој дојде на помош (тој беше човек на Цончев). Го удривме аскерот во грбот и ги ослободивме нашите, коишто дадоа 5-6 жртви. Но додека да се повлече аскерот, друг аскер удри на Лефтеров во грбот а истовремено слушнав пушки и кај нашите момчиња, оставени да ни го пазат тилот. Тогаш се вратив на помош кај нив и додека да пристигнам видов дека сме загубиле до 7 момчиња, нападнати во тилот. Меѓутоа Лефтеровата чета се разбива на две групи, едните дојдоа кај нас (13 души), самиот Лефтеров со два-тројца отишол на страна, а другите биле испотепани. Лефтеровата чета настрада најмногу, паднаа 11 души од неговата чета.

          Се боревме до вечерта и се повлековме накај Струмичко. Во с. Нивичене најдовме приготвен леб, сланина и др. па закрепнавме. Со нас беше и еден чех по име Климент. Во Струмичко, во с. Нивичене, одморивме една недела. Еден мал дел од четата, поистоштените момчиња, до десетина души, се вратија во Бугарија. Ние останатите ги обиколивме селата. Динамитот се расипа од дождовите, а патроните ни останаа по малку.

          По солунскиот атентат излезе еден предавник во Радовишко, каде што беше Мазников, некој си Михал, од с. Всеславци, па избегаа околу 200 души селани во шумата, кој каква пушка имал – кримичарки и др., и сакаа побргу да кренат востание. Јас ги наговорив да мируваат, затоа што по солунскиот атентат просто турците ќе ги исколат. После едни се вратија во своите села, а други избегаа во Бугарија. Јас пак се вратив во Струмичко и решив да се вратам во Џумајско за да набавам патрони. По солунскиот атентат бев убеден дека ништо не може да се случи во тој крај, затоа што немаше оружје. И дојдов во Софија заедно со еден дел од четата, а другиот го оставив во Струмичко, разделен на две групи под војводството на месни луѓе; тој дел и сега таму е разделен на две групи. Тука, во Софија, пристигнав кон крајот на јуни месец и тргнав назад кај четата кон крајот на август, којашто беше од 250 души, со намера пак да се разделиме, едни за Радовишко и за Тиквешко. Со мене беше Петар Самарџиев, а за Радовишко – Никола Жеков. Дечев и Тимо по борбата во Малешевско се вратија во Бугарија и само Мазников успеа да отиде во Радовишко каде што го убија во јули месец. Со мене беше и капетан Тренев и студентот Прличев, кои сакаа да заминат за Воденско со 30 души. Имаше и чета од 50 души на Делчо Кочев за Кочанско, па вкупно бевме 250 души. Студентите Стоилов, Марков, Соколов и Лазаров беа со Самарџиев. Четата помина пак преку Саса. Пет дена се движевме низ Кочанско, одевме по малку и не не открија. На шестиот ден застанавме кај Брегалница да престоиме преку денот и вечерта преку реката да фатиме за Плачковица. Се запревме во трлата. Случајно идат турци, кои имаат говеда и свињи во тоа маало. Ние ги забележавме од далеку и им поставивме заседа, во случај да дојдат во куќите. Тие влегоа, 6 души турци и двајца заптии Бугари. Турците не мерачеа да се предадат па ги истепавме; еден од бугарите се рани, а другиот се предаде. Тоа беше рано и местото не погодуваше за борба, па се повлековме назад по обратен пат, околу еден час растојание и зазедовме позиција. Се слушнаа грмежи и турците – аскери башибозук – излегоа од блиското село Оризарци (турско). По 1-2 часа дојде аскерот и изгоре колиби и куќи каде што помина. И селаните избегаа со нас. После во текот на ноќта пак се повлековме на друга позиција, поназад и преку денот дојде многу аскер, но не дадовме жртви: се окопавме, имаше и готови окопи од турците. Вечерта се собравме, се преброивме – сите здрави и читави. Тргнавме за “Китка”, да заземеме позиција за да се бориме таму и другиот ден. Едвај поминавме еден час пат, заврна, – бура, магла, момчињата зедоа да се губат, да викаат – врева. Се собиравме на неколку пати, но најнакрај едно момче, уморено, седнало на патот, па седнале и други мислејќи дека и ние напред сме седнати да одмараме. Така се одвоија до 70 души, меѓу нив и капетан Тренев (од Петричките села) и Стефан Мандалов (од с. Стојаково, Гевгелиско). Ние по неекое време излеговме го фативме патот, гледаме пред нас до 200 души аскер – се сместиле на патот, наклале огнови и заспале. Требаше да ги заобиколиме, за да заземеме позиција и после да одиме да ги нападнеме. Тогаш видовме дека многумина недостасуваат. Го оставивме планот да го нападнеме заспаниот аскер и се погриживме за останатите назад. Испративме курир од месните луѓе, за да ги најдат. Само што се одделија тие од нас, припукаа пушки. Меѓутоа, останатите назад, и тоа Тренев и Мандалов, кога виделе по некое време дека се одвоиле, тргнале по нас и нагазиле на аскерот на патот. Тренев сакал да го заобиколи, а Стефан Мандалов (“докторот” – бил аптекар едно време) бил на мислење да го нападнат, затоа што сметал дека и така и така се изгубени. Отвораат оган, но бидејќи не биле сите согласни, повеќето се распрснале. Стефанов, најискусниот, паѓа убиен и другите останалe сосем без глава, се распрснале. Тенев со 76 момчиња успеал да се извлече и после попаднал на друга заседа, па се распрснале во разни правци и останал сам и навистина сам се врати. Ние, кога слушнавме дека пукаат, застанавме на штрек и гледавме да отстапиме, да заземеме позиција и тргнавме во насока преку шумата, јас тргнав без пат и кажав да одат. Некои од момчињата беа заспале и се разбудиле од грмежите; секој се стремеше да оди напред, трча и туку се собираат на некое место повеќе и пак се одвојуваат во друг правец па и тој дел се распарчува на неколку делови. Изутрината осамна, слушаме пушките пукаат насекаде во таа месност, во шумата. Момчињата, коишто беа со Тренев, се распрскале, некои фатиле обратен правец и изутрината нагазуваат по 5-6 души на турци и така многу момчиња беа испотепани. Точно не може да се каже колку се испотепани, но не повеќе од 40 души.

          Се вратив во Софија. По востанието во Разлошко делегатите организирале една чета кај Рибните езера во Рила и ми предложија да одам со неа, како поискусен, за да нападнеме некое турско село. Во таа чета беа и Симеон Молеров и Димитар Стефанов (завршил право во Русија, родум од Бесарабија, директор на битолската гимназија, делегат на Ц. К.). Отидов со таа чета, го минав Разлог и требаше да го нападнеме турското село Курудере за да се одмаздиме, затоа што оделе по пљачкосување и го измачувале нашето население во с. Белица. Во селото не пречека аскер оддалеку со оган, па не можевме да направиме ништо сериозно. Леб имавме за три дена. Се вративме за леб. Само што се сместивме на бугарска територија до границата, некои момчиња одат да си ги земат раниците, оставени на другата страна. Турците им го преградуваат патот и ние станавме па се судривме и паднаа до 6 момчиња, а од турците паднаа многумина. Турците беа преминати на бугарска територија.

Со тоа се заврши.