„Спомени на Георги Поп Христов“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и стил.

ПРЕДГОВОР

Важно дополнување на сведоштвата кои ги имаме за револуционерните дејствија во Битолско и, особено, во Леринско, претставуваат спомените на Георги Поп Христов. И покрај својата краткост тие се одликуваат со точни и јасно изложени податоци за развојот на Внатрешната револуционерна организација во таа област во Македонија и за настаните од почетокот до крајот на Илинденското востание. Георги Поп Христов за сето време вршел важни раководни должности во Организацијата, поради што податоците што ги соопштува имаат несомнена историска цена.

Георги Поп Христов беше меѓу првите чии спомени по Илинденското востание почнав да ги забележувам – на 3 декември 1903 година, ја имавме првата средба. Поради скромноста со која Христов се одликуваше, како и поради недостатокот од слободно време, тој во раскажувањето ги избегнуваше деталите, иако јас точно во нив гледав ценет материјал за битовите карактеристики на населението, кое со искрена пожртвуваност се фрли во поројот на Револуцијата. За среќа, г. Христов е уште жив и ќе може да ги дополни своите интересни спомени со важните детали од она време, доколку уште ги помни. Овде го печатиме она што тогаш тој сам го запиша.

          Љ.М.

I.

Биографски податоци. Начелата на Внатрешната револуционерна организација во Битолско

3 декември 1903 г.

          Роден сум 1876 година во Крстофор („Христовор”), кое се наоѓа на 1 час од Битола. Татко ми, поп Христо, тука беше свештеник. Најнапред учев основно училиште во селото, една година учев во Буково (гркоманско село) на грчки. Од прв до четврти клас, одев во прогимназија во Битола (1888-92). Кога бев во трет-четврт клас почнав да разбирам дека тајно се работи за ослободување на Македонија, но уште бев малечок и не знаев ништо подетално. Сфаќав дека идејата се состои главно во будењето на бугарштината и затоа и самиот агитирав во тој дух по околните гркомански села, на пример во Буково. Откако го завршив четвртиот клас во текот на 1892/3 година, станав учител во своето село. Бев сам; училиштето беше егзархиско. Ништо уште не работев за ослободувањето, но чувствував дека има потреба од подготовки, зашто и во нашата околија беснееше Абдул ага Шебединчето, бег, кој го имаше селото Кравари и чифлик во Крстофор. Беше спахија, земаше десетина од 5-6 села, сите околу Битола. Освен што економски ги угнетуваше луѓето, правеше и ѕверства. Господари на околијата беа тој и Шефкија (Шефки бег). Тој ја држеше Могила и околните села во Карабаџак, а Абдул-ага Добрушово со околните села. Освен овие, кои беа главни крвопијци, имаше и второстепени, ќаи и полјаци, кои го измачуваа населението.

          Учителствував една година, а потоа отидов на педагошкото училиште во Солун, кое го завршив во текот на 1895/96 година (имаше два курса). Во 1893/94 година се случи Ерменското востание и колежот по него. Точно тој настан ми ја даде идејата за востание. Во Солун веќе имаше тајна организација. Од Бугарија тајно се добиваа весниците: „Право”, „Глас македонски”. Темелите на Внатрешната организација беа ставени во 1893/94 година. Кога дојдов во Солун веќе имаше тајни градски комитети во Охрид, Ресен и др. И во Солун имаше комитет, но се чуваше во тајност и ние само наслутувавме дека постои. Во текот на втората година во училиштето точно разбрав кои се во солунскиот комитет. На чело беше Дамјан Груев (првата година тој беше коректор во Самарџиевата книжарница, а втората училишен инспектор). Членови беа: Хаџи Николов (книжар) и д-р Хр. Татарчев. Беа опфатени ученици од горните класови – од седмиот клас на гимназијата и од вториот курс на педагошкото училиште. Завршив во 1895/6 година и бев назначен за учител во с. Кавадарци, кај што имаше училиште до втор клас. Другари ми беа – Никола Хрлев, главен учител во селото Горно Броди, потоа Јанаки Илиев, Атанас Бошков, Иванче Минчев, сите родум од Кавадарци. Имаше и учителки. Тогаш влегов во делото. Во него најдобро ме упати Хрлев, кој се вклучил уште додека бил во Скопје. Дадов кдетва – и тоа само пред него. Клетвата гласеше вака: „Те (ве) заколнувам, во името на чесноста, на Бога и на верата (3 пати), дека отсега натаму до последната капка крв ќе работиш за браќата во Македонија и Одринско; те (ве) заколнувам дека ќе бидеш послушен и дека нема да издадеш ништо од тајната која сега ти се доверува ниту со мисла ниту со дело; во спротивно, ако издадеш било со мисла или со дело, ќе бидеш убиен од твоите браќа со кама или со револвер, кои ги бакнуваш”. (Се бакнуваат камата и револверот). Така се станува член-работник на Организацијата. Во почетокот бев обичен работник. Веднаш по клетвата самиот си го определуваш членскиот влог. Во текот на следниот распуст – точно во времето на грчко-турската војна – отидов во своето село и од Хрлев бев препорачан во тамошниот комитет. Раководител беше Ченков, заедно со Лозанчев и Пешков. Георги Ченков подоцна беше отепан во Прилеп. Во текот на распустот, Ченков ме задолжи да агитирам во своето и во околните села, да го придобиеме народот, да „ја разработуваме почвата”. Ченков ми даде усни инструкции. Во Кавадарци, по клетвата, ми дадоа само да ги прочитам уставот и правилникот на Организацијата. Идејата на Организацијата беше да се агитира меѓу народот, за да се подигне неговиот дух и да се подготви терен за масовна народна револуција, за да се добие слобода. Во почетокот под зборот – слобода подразбирав апсолутна слобода, каква што царува во Бугарија, Србија, Грција и сл. Сé уште не се размислуваше како натаму ќе се реализира, дали Македонија ќе биде одделно кнежевство или не, дали ќе се соедини со Бугарија и сл. Во текот на распустот работев само меѓу селаните. Во почетокот тие беа љубопитни и сакаа да слушаат што им се раскажува и да им се читаат весници, но самите не се одлучуваа да се вклучат, се плашеа. Кога им велев дека ќе дејствуваме самостојво, одговараа: „Што можеме ние сами да направиме?” Зборував во црквата, со примери од евангелието им докажував дека треба да се жртвуваме за верата како што се жртвувал и Исус Христос. Одделно разговарав само со некои луѓе.

          Како учител продолжив да работам во селото Варош, до Прилеп. Таму станав десетник. Во Прилеп беше организиран градски комитет со раководно тело, со десетници и сл. Раководители беа учителите Атанас Иванов од Прилеп и Јордан Поп Константинов и поп Георги и Петре Свеќар. Тие го образуваа раководното тело. Негов претседател беше главниот учител Калејчев, од Воден. Како десетник имав работници кои ми беа доверени, со кои требаше да раководам – да ја собирам од нив членарината, да се собираат пари за да се купи оружје и да се воспитуваат револуционерно, за да привлечат нови членови и со тоа да се зголемува мојата десетничка група – „групата”. Тогаш имаше 5-6 десетници, односно 5-6 „групи”. Десетниците меѓу себе се знаеја, а групите не. По 2-3 десетници беа раководени од еден раководител. Нему секоја недела му се даваа пари со потврда и отчет за состојбата и развојот на групата. Отчетот се кажуваше усно. Тоа се правеше преку шифра. Имаше и мрежа, поврзана со другите центри и канали за курирска служба. По неа ни доаѓаа весници од Бугарија. Тоа беше во 1897/8 година. Во зимата, пред Божик, се случи Виничката афера и мрежата привремено беше во прекин, а половина година организацијата беше во целосен застој. Повеќето раководители избегаа во Бугарија. Од прилепските остана само Јордан Поп Константинов. Тој сам не можеше ништо да направи. Дури другата година повторно се вратив во селото и продолжив со старата агитација. Почнав дури и да им давам заклетва на некои подготвени селски момчиња. Заедно со постарите работници од селото и од градот почнавме да правиме план како да го средиме Шебединчето. Се распрашавме, го пресретнавме кога се враќаше од чифликот во Кравари. Тој брзо помина покрај нас и иие ништо не направивме. Почнавме да ги фаќаме шпионите. И во моето село имаше шпион, еден коџабашија. Следната, 1898/99 година, учителствував во Прилеп. Организацијата се созеде, се подготви, зашто Дамјан Груев се премести од Солун во Битола. Тој тука стана раководител. Дојде и во Прилеп. Јас со него се знаев од Солун. Имавме тајно собрание од сите десетници и раководители. Груев ни разјасни многу работи кои за нас беа непознати за Организацијата, нé окуражи, ја стегна Организацијата.

II.

Даме Груев и Тошев во Прилеп, во 1892 година. Георги П. Христов во Леринско. Првите организациски начела. Христов се враќа во Битола. Првите чети

Груев прво бил учител во Прилеп уште пред 1892 година, заедно со Пере Тошев и таму се родила идејата за ослободување. Оттаму тој доаѓа во Бугарија, се сретнува со Китанчев и други. Идејата во него зрее. Потоа се враќа во Битола, се сретнува со Пере Тошев и Григор Попев и во текот на распустот ги формираат првите комитети во Прилеп, Битола и Ресен. По ова, Груев оди во Солун, а Пере Тошев во Скопје, заедно со Матов и делото натаму побрзо се развива.

          Работата продолжи по стариот ред. Почнавме да собираме пари за оружје, но тоа тешко се набавуваше. Кругот на Организацијата се ширеше по прилепските села. Ченков и Гавазов беа дојдени во Прилеп со цел да организираат терористичка чета. Тие се самоубија на 24 мај во една куќа, предадени на Турците од еден шпион. Следниот распуст го поминав во Прилеп, а на 18 август се вратив во селото. Бев препорачан за работник во Леринско и затоа бев назначен за секретар на Охридското архиерејско намесништво кое се наоѓаше во Лерин. Владиката Методиј беше личен пријател на Дамјан Груев. Световното име му беше Методиј Штерев; беше родум од Зарово, Солунска околија. Јас работев бесплатно. Одев за секретар и едновремено и инспектор во училиштата во Леринско. Првата работа беше да органнзираме комитет во Лерин, кај што имаше веќе неколку упатени работници: Течо Киров, учител родум од Лерин, беше назначен за раководител; Христо Спиров, учител и некои граѓани. Се организира комитетот. При секоја посета на селата агитирав и формирав комитети. До крајот на годината успеавме да формираме организациска мрежа во бугарските села на целиот лерински реон, во кого има околу 50 села. Во секое село се формираа благајна, раководно тело, архива и курирска служба. Чети немаше. Од парите од селските благајни 1/3 одеше во Централната благајна во Лерин а оттаму 1/3 во окружната благајна. Од окружната се испраќаа пари во благајната на Централниот камитет. Првпат во Леринско и Костурско се формира чета, и тоа од доброволци, во летото 1900 година. Броеше 8 души. Првиот војвода беше Георги Иванов, под псевдоним Марко. Тој беше бивш унтерофицер во Бугарија, родум од Серско. Во четата влегоа и Коте (сега премина во разбојник) и Лечо Настев, учител. Тој беше моралната сила, помошник на Марко. Откако се формира првата чета, работата му ја доверив на Филип Георгиев, интерниран учител од село Бојница, Гевгелиско, и отидов во Битола по повик од Дамјан Груев. Тогаш го интернираа Груев во неговото родно село, Смилево. Еден ден пред да тргне тој успеа да ми ја довери својата работа во Битола. Во исто време јас станав учител во Битола, препорачан од комитетот на училишниот одбор.

          Владиката Григориј многу се бунеше, но не можеше ништо да направи. Ја работев работата со другарите Аце Дорев, книжар, кој беше и благајник и советниците – Георга Пешков, занаетчија-ортомар и Неделко Дамјанов, фурнаџија. Претседател беше Васил Пасков, имаше завршено вишо училиште во Софија, учител во битолската гимназија (родум од Серско). Наскоро и Пасков го интернираа во родното место по повод убиството на поп Ставре. Му беше предложено да ги даде парите со потврда „патритски влог”. Не само што не сакаше да даде, туку и го предаде на полицијата момчето. Се направи проблем, а по аферата, на 18 август 1900 годииа, го затворија Дамјана Груев, а Пасков и Пешков ги интернираа. Пешков избега. Една година продолживме сами, а работата релативно добро одеше.

          Групите, по оваа афера, се организираа одново, се доплнија празните места, агитацијата се обнови и воопшто до есента се засили работата. Пешков се врати. Уште додека бев во Лерин, од Грција почна да се купува оружје за секое село. Селаните си купуваа преку некои луѓе, во вид на трговија. Купуваа од Турци-трговци – селани. Тие во почетокот продаваа пушки гра, земени од Грците во грчко-турската војна. а откако нив ги потрошија, почнаа за печалба да набавуваат од истите пушки директно од Грција. Уште додека бев во Битола се собираа пари и им се делеа пушки на работниците по селата, кај што се криеја во специјално направени скривници во куќите. Кога се вратив во Битола, во Прилепско веќе имаше чета на чело со Мирче војвода, родум од Прилеп, како и во Демирхисарско со војводата Јордан Пиперката, родум од село Козица, Кичевско. Тие чети се нарекуваа „ајдучки”, зашто беа составени од неписмени селани кои не можат да пропагираат, туку само ги обиколуваа селата, колку да го окуражат народот и да им се заканат на зулумџиите бегови, ќаи и полјаци. Во текот на зимата двете прилепски чети се распуштија: остана само Пиперката со еден другар; тие како терористи се криеја по селата. Во Леринско остана Марковата чета. Тоа беше чета од најнов тип, „организаторска чета”. Таа организираше, посветуваше, набавуваше оружје и сл.

          По истиот тип, како самостојна, од Леринско-костурската, се одвои Костурската чета под војводство на Атанас Петров (родум од село Шестеово, Костурско). Коте се отцепи од Марко и поведе своја чета, независна од Организацијата.

          Тоа се случуваше во зимата, 1900-1901 година. Во текот на пролетга, бидејќи се зголеми бројот на терористичките групи, од нив се формвраа месни чети. Од нив, од месните чети, во почетокот на пролетта се формираа постојаните горски чети. Во почетокот секое село имаше терористичка група, како и во секој град; подоцна се преобразуваа во месни чети, а од нив се формираа горските чети. Тоа не се случи според претходен план, туку така се разви природно.

          Летото 1901 година, веќе имаше горски чети. Горска чета организиравме и во Демирхисарско, под раководство на Никола Петров, кој беше социјалист, родум од Велес, а по занает – дограмаџија. Подоцна го поправивме, па стана револуционер, како нас. Социјалист беше станал во Бугарија. Во почетокот тој бил четник со Делчев, потоа станал работник во Организацијата и дојде во Битола. Имаше желба да води чета. На ист начин се организира и Крушевската чета со војвода Велко; Охридската, на чело со Горанов (псевдоним, а вистинското име му беше Тале, бојаџија од Прилеп) Се формира и Ресенска чета со војвода Петров – од Костурско; Прилепска, со војвода Марко Лозов. Само Битолско остана без чета. Тие чети одеа по горите и селата и осганаа сé до Илинденското востание.

III.

Гоце Делчев во Битолско. Голема предавничка афера. Масовни апсења. Г.П. Христов в затвор. Битки во Крушевско и Леринско

Борбата меѓу врховистите и централистите се следеше само од раководителите, таа воопшто не се одрази во организацијата во Битолско; населението не знаеше за неа. Делчев долго и широко ни го осветли судирот. Тогаш од Делчев разбравме дека врховистите сакаат да навлезат во внатрешноста, да ја изнасилат работата за да го забрзаат востанието. Делчев кажуваше: „Тие сакаат да ја земат Организацијата во свои раце и да го дигнат востанието кога тие ќе решат дека е моментот погоден, бидејќи тие, како поблиски до раководните кругови во Бугарија, подобро го знаеле тоа”. Делчев беше на мислење да им се дозволи да влезат, но само при прифатливи услови за Организацијата, а не како што предлагале тие. Тие сакале да влезат со свои чети и четници, со своја придружба, со материјали и сл. додека Делчев се согласуваше да дојдат само некои од нив, но посебно, било тајно или со пасоши и да работат како учители, или како војводи или инструктори во организациските чети. Сите ние го одобрувавме мислењето на Делчев. Ние ја чувствувавме потребата од воени лица, способни да ги обучуваат четниците. Тоа му го кажавме на Делчев, а имавме доставено и писмено барање до ЦК да ни испратат такви лица за војводи. Ние, откако слушнавме за борбата меѓу врховистите и внатрешните, не се вовлекувавме во неа и не ги прекинавме подготовките.

          Делчев, околу 20 јануари, замина од Битолскиот округ во Воденско. Есента и во Битолско се организира чета, на чело со војводата Стојан, од Битуша (Битолско). Прекарот му беше „Донски” (псевдоним).

          Во зимата имавме афера поради предавство. Случајно се запали слама во селото Егри (Битолско). Сламата што се запали беше на еден кој не беше вклучен во делото, а кој имаше брат кој беше вклучен. Тие се карале меѓу себе. Првиот, Петре, го обвинува брата си, па дури и го предава на ќајата; случајно бил таму и чаушот со 13-14 аскери. Петре го наклеветил брата си како лош човек кој имал работа со комитите. Иако тепан, брат му ништо не признал, а чаушот и ќајата го обвиниле Петрета дека го наклеветил брата си. Тој тогаш рекол да го фатат селанецот Насте, да му удрат ќотек и тој сé ќе кажел. Така и се случило. Насте го предал Јосиф Петков (од с. Жабени, преселен во Битола, курир на четата). Го фаќаат и го мачат – и тој по ред ги кажал имињата на работниците од Битола и од селата Егри, Жабени, Барешани. Уследија апсења. Ги предале пушките. Во Битола предадените беа поапсени. Тогаш и мене ме уапсија. Некои избегаа во четите. Тоа се случи на 19 февруари 1902 година.

          В затвор останав 8 месеци заедно со 35 души, граѓани и селани, сето време во Битола. Потоа јас и уште четворица бевме осудени на смрт. Другите беа осудени од 101 до 3 години. Јосиф ги предаде и леринскиот курир, Ќосе Золе, и крушевскиот курир и пренесувач на оружје. Леринскиот пак, од своја сграна, ги предаде леринските градски и селски работници. Крушевскиот, Коле Влаше (од Крушево) исто така ги предаде крушевските работници. И таму уследија апсења и пресуди. Аферите се намножија, а од тоа во пролетта Организацијата се засили зашто многумина се префрлија во илегала и отидоа во четите. Тогаш, на 25 март, првпат, се биеше и се распадна чета во село Кадино (Прилепско), под раководство на војводата Методија Патчев (охриѓанец). Неговата чета, составена од 7 души беше предадена, опколена во една куќа, та сите се самоубија. Архивата беше заробена, па се направи голема афера – 100 души, прилепчани лежеа в затвор, и граѓани и селанн. Оттогаш зачестија средбите на четите со потерите, како и аферите и апсењата. Судир имаше во селото Ракитница: крушевската чета на Велко војвода беше опколена, Велко и неколкумина негови другари беа убиени, другите избегаа, а четворица живи фатени и однесени в затвор. Тогаш и четата на Марко случајно се бие со Турците во селото Трсје (Леринско). Во битката паднале неколку Турци, а четата без жртви се спаси. Во селото Пателе, пред да влезе Марко во него, гркоманите од ова и од селото Горничево се договориле да го предадат Марко и неговата чета на мудуринот во Сурвичево. Разбрал за тоа Марко и отишол да ги казни гркоманите и бугарските чорбаџии во Пателе. Со 50 души влегол во селото. Власта била известена за тоа (на 6 јули 1902). Го опколуваат Марко и неговата чета, почнува битка, а Марко по првите пукотници, се обидува да излезе на чело на четата и паѓа. Тогаш четата се враќа во селото, кај што се бијат цела ноќ. Во текот на ноќта поголем дел од четата успева да пробие пат. Абдураман (Дине), Марков четник од село Пателе, четири дена се бие заедно со своите другари и најпосле се самоубива, а неговите другари се предаваат живи. Тие беа селани – Марко беше ја дигнал „милицијата” од селата. Турците со артилерија запалија неколку куќи во селото и отепаа неколку жени и деца.

          Остатоците од четата на Марко повторно се опколени во селото Крушоради. Беа отепани началникот и повеќето од другарите, а целото село (малото Јуруко) беше изгорено (15 куќи). Имаше и други слични случки. Во селото Чорлија, близу Битола, беше опколена битолската чета и целосно уништена, се спаси само еден. Во Избишта (Ресенско) исто така беше опколена чета; тука беше дошле и други чети да се сретнат со Давидов кој дошол исто со чета („ревизорска чета”). Турците намирисале и ги опколиле ресенската и охридската чета. Давидов дошол на помош. Почнала голема битка во која зеле учество и селаните од околните села – прв случај кога селаните со оружје пристапиле на помош на четите. Тоа било на 18 јануари 1903 година. Турците отстапиле. Паднале 15-16 души, селани, а Турци многу повеќе. Давидов заминал во Охридско.

IV.

Г.П. Христов излегува од затвор. На Смилевскиот конгрес. Борис Сарафов во Битолско. Подготовки за востанието

Мина и Кресненското востание во 1902 година[1], дојде амнестија, почнаа разговори за реформи и на 22 февруарн 1903, излегов од затвор заедно со другарите, затворени за политички престапи.

          Кога излегов од затвор видов дека Организацијата прилично напреднала. Раководител во тоа време беше Лозанчев, трговец (тоавчија-мануфактурист); имаше завршено петти гимназиски клас, стариот занает му беше фотографскиот, го научил во Бугарија.

          Уште в затвор разбрав дека во Солун се донесла оддука за востание. Оваа одлука не ја одобрувавме, затоа што не бевме прашани. Битолскиот округ на Солунскиот конгрес го претставувал Сашо Лозанчев. Тој не го зел предвид мислењето на војводите – горските раководители, како и на легалните раководители. Неговото мислење произлегло од состојбата, за која сметал дека е доволно подготвена, а од друга страна мислел дека таквата состојба нема да може да се одржи подолго.

Кога излегов од затвор веќе беа почнати подготовките за востанието. Беа дојдени гурбетчиите, најмногу во Костурско, Ресенско и Битолско. Претставникот од Цариград, штом се вратил од Конгресот, им јавил на сите опфатени работници да се вратат дома, зашто ќе има востание. И јас, сакал-несакал почнав да работам повторно, како легален работник во Битола. На 23 април имаше регионален конгрес во Смилево. Дамјан Груев, исто пуштен со амнестијата, беше дојден една недела пред конгресот. Неколку пати пред конгресот одев по работа во четите и пак се враќав в град. На конгресот бевме избрани за претставници од битолското раководно тело. Од секоја имаше по еден легален и по еден активен, горски – јас, Лозанчев и Георги Пешков. Од градот сите бевме легални. На конгресот бевме околу 30 души. Претседател беше Дамјан Груев, кој претседаваше со Централниот комитет. Во неофицијално советување со нас во Битола, Дамјан беше против одлуката за востание донесена во Солун, ја сметаше за пребрза и му беше мачно, но бидејќи гледаше дека сé е подготвено, немаше што да прави.

          Пред конгресот се јави Сарафов, кој со својата чета беше во Прилепско. Беше донесол два товара динамит. Редум ги обиколил реоните во Прилепско, Битолско, Леринск,. Костурско, Преспа, Ресенско и дојде на конгресот во Смилево. Сарафов со согласност на Делчев беше определен да работи во Малешевско; тој тргнал таму со четата, но кај селото Владимирово имал судир со Турците, при што имал и жртви. Откако видел дека тешко се работи во средна Македонија, особено во Малешевско, тргнал кон Тиквешијата, а кога дознал дека Битолско е подобро подготвено преку Тиквешко доаѓа во Битолскиот округ. Од ЦК дојде писмо со кое не предупредуваа дека тој ќе дојде и дека целта ќе му биде да го забрза востанието и да застане на чело.

          Но, ние го сфативме тоа и без писмото.

          На конгресот Сарафов повеќе зборуваше за воениот дел на востанието, за неговиот план. Давидов имаше направево нешто како план. По долга и широка расправа, конгресот одлучува да се дигне востанието и тоа да се води партизански. Имаше мислења и против востанието со мотивација дека реоните не се доволно подготвени. Такво мислење искажаа прилепските делегати и некои од битолските, како што е горскиот началник Георги Сугарев (родум од Битола) „најдобриот војвода”. Потоа се избра воен – генерален штаб што го сочинуваа тројца – Дамјан Груев, Сарафов и Лозанчев. Нивни заменици беа – Лазар Поп Трајков (од Костурско, убиен од Коте, сега, пред две недели) и Петар Ацев (родум од Прилеп). Се избраа и реонски началници од 3-5 души. Се направи план на движењето. Од вооружените луѓе да се формираат чети не поголеми од 30-50 души со војводи назначени од реонски началници. Се изработи и правилник – дисциплински устав за востанието. Денот на востанието остана да го определи генералниот штаб. Приближно се определи времето на востанието да биде кон крајот на јули, согласно со едно писмо од Ц.К.

          Од конгресот до востанието времето требаше да сс употреби за подготвување на оружјето, купување, носење храна во планината, полнење чаури (имавме машинки), набавување лекови. Турците не ги забележуваа подготовките.

          Војводата Цветков, реонски началник, загина кај селото Могила, кога дошол овде да собира храна за востанието.

          Пред Смилевскнот конгрес, Сарафов минувајќи низ Преспанско, Лерин и др. успеал да привлече на своја страна повеќемина – три-четворица од горските војводи, за да има на конгресот повеќегласие, на пример – Чакаларов (костурски војвода), Папанчев (лерински војвода) Кокарев (ресенски војвода).

          По конгресот, давајќи инструкции како да се дигне востанието, Сарафов успеа меѓу луѓето да ги протне своите гледања. Имено да се дигне партизанско востание, но не како што беше разбрано на конгресот, односно вистинско партизанско востание, без да се изложува на погубување населението, туку партизанско во смисла да станат јавно од секое село колку што е можно повеќе луѓе, а со тоа веќе само по себе сите се објавуваа за востанати. Така се случи во костурскиот, охридскиот, ресенскиот и преспанскиот реон. Јас бев определен за Демирхисарско, а Папанчев за Леринско, но Папанчев, предаден, падна заедно со 9 души во Баница (Леринско) на 26 мај. На неговото место застанав јас, прекомандуван од Штабот како началник во Леринско и таму, во согласност со решението на конгресот, дигнавме чисто партизанско востание – само со чети од вооружени селани, а селата навидум си останаа мирни. Од едно село, зависно од неговата големина, излегуваа 10 до 20, дури и до 80 души, на пр. од селото Екшису. Затоа и се зачуваа селата – само 5 беа изгорени: Раково, Був, Арменско, Неокази и Љубетино.

          Во Леринско го подготвував населението за востание. Се носеше оружје, се чистеа пушките, се правеа воени вежби. Во тие вежби нé изненади известувањето за датумот на востанието, кое очекувавме да биде подоцна.

          Пред тоа му рапортирав на Штабот дека реонот е слабо снабден со оружје поради многуте афери, па малку да се одложи самото востание, во спротивно да не очекуваат многу од овој реон. Откако го добивме известувањето, се организиравме да се разнесат хектографираните апели од Штабот за востание. Окружното го добивме три дена пред востанието. Толку кусо беше времето што не успеавме апелите да ги разнесеме секаде каде што требаше. Наместо тоа, во секое село испративме по еден стар четник да соопшти и да го раководи во првите денови на востанието. Им се дадоа упатства на старите четници штом се прогласи востаннето во секое село да направат што можат – да се уништи сé што е турско во околината, особено турските кули, телеграфските жнци, аскерот да се напаѓа секаде каде што е можно и најпосле востаниците да се повлечат в планина.​

1. Именувањето е погрешно. Во прашање е Врховистичкото, познато како Џумајско востание од 1902 година

V.

Борби и турски ужаси во текот на востанието. Тепаните во село Арменско. Запирање на востаничките дејствија. Г. П. Христов низ Грција доаѓа во Варна

Според планот, во секое село востанатите селани направија по нешто: ги истепаа Турците, ги урнаа водениците, ги запалија кулите. Јас со 200 души од селото Екшису ја нападнав станицата – магазите ги разурнавме. Пред тоа паднаа тројца аскери, ги извадивме шините од железничката линија, ги искинавме телеграфските жици и отидовме во планината. Уште утрото на 20 јули сите кои беа слабо вооружени, ги вратив назад, во иивните села. Останавме околу 80 души од Екшису. Се поделивме на 4 чети со по 20 души, со посебни војводи. На секој војвода му определив место – каде да се движи и работи, речиси за секоја вечер – да ги напаѓа мостовите, телеграфските жици. да ги уништуваат Турците по патот, да ги напаѓаат турските логори и во текот на ноќта да бегаат в планина. Истиот распоред го давав и на други места. Другиот ден отидов во друг центар.

          На 22, во месноста Плоча, блиску до селото Трсје се судривме со аскерот од Нерет, Псодери и од Лерин. Имаше околу 400 души пешадија, а освен тоа и кавалерија. Востаниците – околу 200 души – бевме добро утврдени на позицијата. Командуваше главниот војвода, а Турците по осум-часовна битка отстапија.

          На 1 август имавме битка до селото Битоша, во шумата. Аскерот ја нападна селската чета (околу 15 души). Ние со 30 души отидовме на помош и почна битката уште од зората. Четата успеа да се извлече. Дојде поголема сила – околу 3000 души и иие моравме да отстапиме во планината. Тогаш војската го ограби селото Битоша и целото го изгоре; останаа само 8 куќи, а беа отепани 25 невини жени и деца. По ова војската се упати кон селото Раково. Можевме да ја задржиме околу 3 часа, додека селаните успеат да избегаат. Потоа Турците влегоа во селото и целото го изгореа. Веднаш по ова разбравме дека дека друго одделение на војската го напаѓа селото Був. Веднаш се упативме за помош, се отвори оган и заедно со Бувската чета, која броеше околу 50 души, ја задржавме војската од пладне до вечерта. Селаните успеаја да избегаат. Само 10-тина жени, старци и деца беа отепани, селото беше запалено, а црквата ограбена. На 4 август, заедно со костурските чети се токмевме да ја нападнеме писодерската кула, која на Турците им служеше како пункт. Планот беше пренесен и уште утринта бевме предадени. Се отвори оган кој траеше сé до вечерта. Бевме околу 400 востаници, наспроти 4000 души аскер и башибозук. Турците се биеја со планински топови, паѓаа гранати и меѓу нас, но никој не загина од граната. Во битката загубивме 5 момчиња од Костурската чета. Од Турците многу паднаа – до 200 души, зашто нашата позиција беше мошне поволна. Се повлекоа Турците зашто не можеа да не избркаат од позициите. Ние ја опколивме кулата, мислевме дека е празна, но тие се криеле внатре. Штом ја опколивме, тие почнаа да пукаат, ние почнавме со нападот. Се стемни и ние се повлековме, а тие цела ноќ пукаа. Аскерот, штом заврши пукањето, отиде во селото Арменско, кое се наоѓа блиску до патот Лерин-Костур, го нападна, ги потепа жителите кои не можеа да избегаат. Таму имаше на место изгорени и отепани жени, деца и старци, околу 120 и 33 ранети (точно изброени), 15 жени обесчестени, а потоа убиени, една мома – Таса Стојчева, најубавата во селото намерно ранета и обесчестена. Таа ноќ ја оставаат ранета, а другиот ден повторно минува аскерот, пак ја обесчестуваат и таа умира.

          Јас со четата во селото влегов другиот ден. Ги собравме труповите. Беше страшно. Половина село е гркоманско, половината егзархиско. Грчкиот владика од Лерин му кажал на гркоманскиот поп Лазар, да не се поведуваат по комитите, туку да си седат мадро и кога ќе дојде аскерот да не бегаат, туку напротив, да излезат со жените и децата и да го пречекаат, за да го умилостиват. Така и направиле. Поп Лазар на чело со селаните, со жени и невести излегол да го пречека разлутениот аскер кога слегувал од Бигла. Прво нему му ја пресекле главата само отворил уста и почнале по ред да колат, да палат. Селаните се разбегале, се затвориле. Турците го изгнасиле и го запалиле селото. Кој ќе излезел го убивале уште на прагот, кој ќе останел внатре, од страв или се скрил, жив изгорувал. Имаше трупови половина изгорени, а други сосема поцрнети. Многу жени се спасиле со пари, бегајќи. Имаше и деца отепани. Тоа го направија башибозукот и аскерот.

          Во битката фрлавме бомби. Имавме 20-тина манлихерки. Бевме наредени во круг. Не биеја со артилерија, па директно, па пак со артилерија.

          Ги собравме сите жртви по доловите и ги погребавме. Ранетите ги собравме во манастирот, кој остана цел зашто е надвор од селото. Остана и училиштето, а куќи здрави има само две. По 2-3 недели селаните направија колиби, а некои се преселија во Лерин.

          Потоа ги собравме селаните од Був, Раково, Арменско и ги испративме во Битола да се жалат кај конзулите. Раковчани и Бувчани успеаја да се пожалат, но дрменчани не ги пуштија. Дојдоа комисии и милосрдни сестри. Настапи затишје кое траеше до 13 август. Тој ден заедно со костурските чети го нападнавме влашкото село Невеска. Нашите чети се биеја 2 часа. Внатре имаше 50 души аскер. Мудурот избега на време, а потоа избега и аскерот. Имаше 7 отепани Турци, а живи беа фатени шестмина. Внатре беше запалена касарната, а телеграфската линија се испокина. Најдовме многу портрети од наши раководители, ја уништивме архивата. Еден ден го држевме Невеска во наши раце. На 14 август, од двете страни дојде голема сила – околу 15000 души војска – 5000 од Лерин и 10000 од Костурско.

          Отстапивме во Врбица. Началници на костурските чети беа Чакаларов, Попов, Лазар Поп Трајков. Со нив бевме и на Бигла, од кај што не избрка аскерот, па пак отстапивме и се разделивме – едни отидоа кон Емборска планина, а други кон Корешта (во околината на Костур). Ние низ Клисура отидовме во Емборската планина. Оттогаш почна силна потера. Ги зафатија сите височинки, почнаа да претресуваат по планините, некаде и да ги палат. Ние постојано се селевме од едно на друго место.

          Во целиот лерински реон вкупно имаше околу 460 востаници. Во исто време кога ние се биевме во горниот дел од реонот, имаше битки и во источниот дел, во Горничевско и Попадија. Таму имаше 260 души, поделени на мали чети. Прогонот – најкритичниот период – траеше до почетокот на септември. Поради Одринското востание[1] војската почна да слегува од височините и планините и да се групира во градовите, а оттаму ги препраќаа по железницата накај Солун. Почнавме пак послободно да се движиме по планините, но не преземавме ништо посериозно.

          Околу половината на септември, откако малку се созедовме, се подготвувавме да ги обновиме дејствијата. Штотуку почнавме со дрварите да ги уништуваме Турците, дојде известувањето од Штабот за прекинување на дејствијата и за распуштање на востаниците.

          Во текот на прогоните, извесен број востаници се поколебаа и овде-онде почнаа да очајуваат и да го предаваат оружјето. Не беа мали прогоните – ги мачеа селаните, почнаа да ги палат селата. Сите села ги ограбија, многу невини работници беа убиени додека си ја работеле работата. Од мојот реон паднаа 50 востаници, а ранети кои заздравуваа имаше многу.

          Дојде Сарафов и тој го донесе известувањето за прекинување на дејствата на 27 септември. Се сретнавме во Був на планината. Таму бевме предадени од еден Влав, бивш анџија во Був, и нападнати од аскерот. Не опколија ноќе. На разденување видовме дека сме опколени. Ние бевме 50, а Сарафов имаше 13 души. Уште од мугрите почнавме да се повлекуваме по еден ендек, но не забележаа и отворија оган, та почна битка во која дадовме 3 жртви, а имавме и 5-6 ранети. Тоа беше на 28 септември. Турците имаа 15-16 мртви. Турската војска броеше околу 1000 души, кавалерија и башибозук. Се спушти магла, почна и да врне. Сите бевме опколени. Овде загина еден ученик од гимназијата – Костадин Георгиев, родум од Зарово, По ова го собравме оружјето и ги распуштивме четниците, освен старите четници, „фирари”, кои ќе немаа дерман од Турците, па ги испративме во Бугарија. Пушките ги скривме. На крајот ги обиколив со четниците селата, ги средивме сметките со „комисиите” (пред Востанието тне се нарекуваа „раководни тела”) и ги оставивме горе-долу задоволни откако им кажавме дека привремено ги прекинуваме дејствата и дека ќе чекаме Европејците да издејствуваат реформи. Ако не дадат автономија, може пак да се дигнеме.

          Се вративме преку Грција. Јас тргнав на 18 октомври со 9 души. Со мене дојде и Христо Настев. Во Грција не затворија во Волос. Успеав да избегам од участокот и да дојдам во Атина. Не испрашуваа кои сме и што сме. Не прашуваа зошто сме ги убивале Грците. – Убивавме шпиони, одговорив. Од Атина со параход стигнавме во Варна.

1. Се однесува на востанието дигнато по прогласувањето на Илинденското востание. Познато е како Преображенско, бидејќи е подигнато на православниот празник „Преображение“. (Б. На р.)