Напомена
Текстот е пренесен според достапното македонско преведено издание и го задржува распоредот и содржината на оригиналот.
Предговор
На 23 декември 1926 година се навршија дваесет години од смртта на Дамјан Груев, што јуначно загина во борбата со турската потера над село Русиново во Малешевско. Изминатите две десетолетија се достатни за да можеме веќе со поголема објективност да дадеме оценка на Груев како човек и како деец на македонското ослободително движење, чии основни начела ги постави тој. Неоспорно е дека Груев останува во историјата на македонската ослободителна борба како нејзин прв инспиратор и генијален организатор. Во тој поглед тој ќе заземе истакнато место, напоредно со великите организатори на ослободителните востанија на потиснатите народи што копнеат за слобода. Величината на таквите народни водачи не се мери според постигнатите реални успеси, туку според силата на нивниот дух и на нивната способност да им влеат толку силна вера на народните маси за правината на нивните најскришни копнежи, така што да станат способни за херојски подвизи. Токму тоа го постигна мошне скромниот Дамјан Груев, имајќи ги предвид уште поскромните средства со кои се служел, поставајќи ги основите на Внатрешната македонска револуционерна организација. Нема сомневање дека меѓу неопходните квалитети кај еден вистински апостол на велика народна идеја, првенствениот и главниот е во тоа не само тој да биде од се срце и душата предан на идејата, туку и да е готовен секој миг и животот да си го даде за неа. А таков вистински апостол на македонската револуционерна идеја беше Дамјан Груев. Тој самиот најдобро си дал карактеризација, кога на уште непосветениот во делото Иван Гарванов, – како што раскажува последниов во своите спомени, – пред да му објасни во подробности во што се состои задачата на Внатрешната рев. организација, првин му го поставил прашањето: „Дали си готовен да умреш за Македонија?
Во длабоката чиста вера на Груева во светоста на ослободителната идеја, за која македонските Бугари масовно се кренаа против Турците, и жртвуваа мило и драго без да ја постигнат целта, се објаснува навидум чудниот факт дека истите востанати селани и потем страшниот погром, што им се струпачи во есента 1903 год. продолжуваа, сред своите опожарени домови, потиснати и гладни, да го прифаќаат Груева, да го кријат од турските власти, и наспроти очигледниот ризик за својот живот и дури уште да ги послушаат неговите совети и да ги извршуваат.
Така Груев, и по несреќниот крај на Илинденското востание, во очите на населението остана негов почитуван апостол, и зимата по востанието ја поминува меѓу народот во Битолско, дури и во самата Битола. Во делото на реформите, за кое тогаш почнало да се прикажува од европската дипломатија, Груев со право согледувал резултат на моралниот успех на македонското востаничко движење, и се трудел, укажувајќи му на народот идни посреќни перспективи, донекаде да го ободри и да го теши. Останат докрај и наспроти несреќите оптимист, есента 1904 год. Груев за кусо време се префрли и во Софија. Тогаш јас го искористив случајот, та го наговорив да се согласи да ги запишам неговите спомени за неговата дотогашна револуционерна дејност во Македонија. Познавајќи ја, од една страна, неговата скромност, а од друга страна не особено наклонетото за таква работа настроение по жалниот крај на востанието, и уште мошне нејасната иднина, допуштав дека тој ќе ме одбие, како што тоа го стори Пере Тошев, кој навистина вети да ми раскаже за својата дејност, но не го исполни ветувањето, и си замина без и да ми се јави. За среќа, сепак Груев, откако извесно време поболедува и се готвеше да се врати пак во Македонија, најде време и за мене. На 18 јануари 1905 год. (по стар стил) вечерта дома кај мене до доцна, до глуво доба – преседавме и ја запишав првата половина од неговите спомени, што тука ги објавувам. Втората средба се одржа вечерта на 19 јануари, како што е и запишано во моите записи. Успеавме да стасаме до крајот на Илинденското востание. Требаше да се сретнеме барем уште еднаш, за кое Груев даде согласност, но тоа да биде понатаму, по потребно одложување поради некоја негова неодложна работа. А тогаш пак јас трошка се разболев, и додека бев уште во постела, ненадејно дојде Груев да ми каже дека за жал морал веднаш да си замине, па дошол да се збогуваме. Ми го даде за спомен својот портрет, со свој потпис, и дата 4.4.1905 год. Ми беше јад што така неочекувано се разделуваме. Му посакав среќа и скоро видување пак во Софија. Не го видов веќе. На 23.12.1906 година се разнесе жалната вест за неговата смрт.
И така раскажувањето на Груев остана недовршено, за неговата дејност во Македонија по Илинденското востание. Освен тоа, раскажувањето е и мошне кусо. Груев избегнуваше подробности, велејќи дека кога би се впуштал во нив, нашата работа би се одолжила многу, па и не се сеќавал за се што поодделно би заслужувало да се одбележи – толку многу преживеал во текот на тоа, иако релативно кусо време, откако датира неговата дејност во Македонија. Тој слабо се сеќаваше за дати, со мака се потсетуваше да ја уточни понекогаш дури и годината, – спомените му беа преплеткани, особено за првите години. Јас не се осмелив мошне да настојувам, бидејќи сметав дека и ова, иако е накусо, но во сврзан ред, што ќе го имаме од него, ќе претставува скапоцен материјал кога веќе нема попотполни податоци. Се разбира, допуштав дека и со него, како и со сите истакнати револуционери, секој час може да се случи некоја несреќа. И навистина стана така, па запишаниве од мене куси податоци за животот и неговата дејност, сега претставуваат единствената, иако недовршена автобиографија на овој велик Македонец. Недоискажаното од него ќе може да се дополни, а исто ќе можат да се приберат и значителни подробности според спомени од други дејци, со кои Груев заеднички работел и лично се среќавал со нив.
Софија, 1. 1927 Љ.М.
I
I
Куси биографски податоци. – Настанувањето кај Груев на идеја за дејствување за Македонија. – Неговото апсење по убиството на министерот Белчев. – Во Битола Груев преземи револуционерна агитација. – Каков социјалист бил Груев. – Груев ја основа во Солун Револуционерната организација.
18 јануари 1905 г.
Роден сум во 1871 год. во с. Смилево (Битолско). Татко ми се викаше Јован, а дедо ми – Грујо. Татко ми беше ѕидар. Најпрвин учев во селото, во кое имаше основно бугарско училиште. Учител ми беше Атанас Башев од Ресен. Потем учев од I до IV клас во Битола, а V и VI клас во Солун, од каде заминав за Белград, и таму продолжив со образованието, останувајќи таму една година и неколку месеци. Од Белград дојдов во Софија, и се запишав како студент по историја на високата школа. Тоа беше во 1889 година. Во четвртото полугодие ја напуштив Високата школа, поради познатата училишна афера со Рачо Косев, и заминав во Македонија – во Битола, каде по малу време добив назначување на егзархиски учител во своето родно село Смилево. По едногодишно учителствување тука, бев преместен за учител во Прилеп, во кој предавав во четвртото одделение на основното училиште, и во трикласното училиште. Следната година отидов во Солун, и станав коректор во печатницата на Самарџиев. И тоа траеше една година, по кое пак станав учител во Штип. И тука престојував само една година, и ме назначија за училишен инспектор во Солун. Таа служба ја вршев две години, а потем една година поминав во Солун без работа, по кое една цела година и половина бев интерниран во Битола. Одново станав учител во Битола, а по една година попаднав во турски затвор, во кој лежев првин во битолскиот затвор две години, и потем во Подрум-кале десет месеци. Од затвор излегов во март 1903 год.. Преку Солун си дојдов во Смилево, каде ме затече и Илинденското востание.
По убиството на министерот Белчев во Софија во мене се породи за првпат идејата да работам за македонското дело. Едно 3-4 месеци пред тоа студентите Македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен, интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија. Бидејќи српската пропаганда веќе беше почнала да дејствува во Македонија,и ние поради тоа се наштрекнавме и дојдовме на мислата дека треба да се побрза да се постави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред да успее српската пропаганда да се зајакне и да го расцепи народот. Ние самите го испитавме врз себеси дејството на таа пропаганда. Во Скопје и во Солун истовремено имаше агитатори. Ни ветија стипендија и ни ја дадоа. И тогаш јас со уште неколку Македончиња отидовме во Белград. Тука можевме да ги согледаме српските намери од тоа што мошне се трудеа да ни влејат српска идеја, и да ни го натурат српскиот јазик, што уште повеќен не разгневуваше.
Во Софија повеќе меѓусебно се запознававме. Кога се токмевме да формираме „друштво“ (во тек беше изработка на правилник – статут). Се предвидуваше целите на друштвото да бидат научни, а всушност се подготвувавме да се собереме за идна револуционерна дејност. Токму тогаш дојде до убиството на Белчев. Последуваа апсења, – ме уапсија мене и Никола Наумов поради нашето учество во социјалистичка група; а пак тоа се состоеше главно во тоа што одржувавме вечерно училиште. Не задржаа 15 дена затворени во 5-от полициски участок. Ни правеа истрага и не пуштија. Друштвото ни се растури поради тоа што јас и Наумов, за да го избегнеме служењето војска, неколку дена по нашето ослободување од затвор си заминавме во Македонија. И двајцата бевме исклучени од Високата школа, додека бевме затворени. Јас си заминав во Битола. Тогаш не постоеше ниту збор за некаква организација.
Во текот на летото во Битола се обидов да здружам неколку момчиња, со чисто револуционерна цел, сиреч идејата што ја имав во Софија, почнав да ја остварувам. Тоа отпрвин беше меѓу 5-6 мина: Лука Џеров (од Битола, беше завршил V или VI клас во солунската гимназија), Неделко Дамјанов (од Битола, учител), Дуртанчев (учител, род. Од Битола), Никола Кочов (учител од Битола) и др.
Во Софија главните членови на „Дружбата“ ни беа Хр. Поп Коцев, Д, Мирчев, Никола Дејков (секретар кај мировен судија, родум од Прилеп, сега адвокат во Луковит), Поп Арсов. Сметавме да дејствуваме главно во насоката да се бара применување на Берлинскиот договор. Мислевме да создадеме организација, по образец на Револуционерната организација во Бугарија пред ослободувањето, да дејствуваме по примерот на Ботев, Левски, Бенковски и сл.. Добро ја бевме проучиле таа организација. На пример, записите на Захариј Стојанов ни повлијаеја, па и воопшто дотогашната бугарска револуционерна публистика. Бевме се запознале и со историјата на српските движења.
Уште во текот на летото во Битолаја формиравме Дружба, а и пристапивме кон изработка на устав, но тогашниот архимандрит, сегашниот владика Козма беше научил за тоа, и успеа да разочара некои од другарите, па така се оневозможи натамошното јакнење на Дружбата.
Меѓу целите, што си ги поставуваше таа група, освен револуционерната идеја, што требаше да се всадува и шири под скришна форма, да се зајакнуваат можностите за популаризирање на идејата, и дазакрепнуваат и врските меѓу интелигенцијата, се токмевме да создадеме една околиска заемна библиотека за сите што го сакаат тоа. Туку не бидна ништо, и јас си се прибрав дома в село. Во Смилево одржував вечерно училиште за возрасни, тука тоа беше нешто сосем ново. Имаше посетители. Развивав чисто просветна дејност. Потем во Прилеп поминав пак на чисто учителска работа. Таму немаше почва за друго. Учителите беа со конзервативни идеи. Дури не можеше ништо ни да се стори со нив за идејата. Дури и повеќе, учителите се држеа настрана од мене, оти се беше прочуло дека сум бил исклучен од Високата школа во Софија, и дека сум бил заразен од социјалистички идеи. Заправо социјализмот го должам на социјалистичките средини во Софија. А пак никогаш не бев го проучувал сериозно социјализмот, ниту пак сум му бил некогаш предан со некаков фанатизам на тоа учење. Во Македонија ме задеваа како социјалист, и јас, предизвикан го бранев тоа учење, но не сум бил активен социјалист и не сум ни мислел дека за него има почва во Македонија.
Во Солун ја поминав следната година, на работа во печатницата на Самарџиев. Тука се сретнав со свои стари другари: Поп Арсов, Андон Димитров (род. од солунското с. Ајватово, сега член на битолскиот суд); д-р Христо Татарчев, Хаджи Николов (од Кукуш), Христо Батанџиев (од Гуменџе, секретар на солунската општина?). Со нив ја обновивме старата идеја. Се згрупиравме, и сложно изработивме статут-правилник. Во неговата основа ги поставивме истите начела: барање да се примени Берлинскиот договор. Така тој статут беше оформен според образецот на статутот на Револуционерната организација во Бугарија пред нејзиното ослободување. Девизата беше: примена на решенијата од Берлинскиот договор. Основавме тајна организација со „Централен комитет“, со разграноци, со членски вноски. Се предвидуваше полагање заклетва и сл.. Во правилникот не се предвидуваше ништо за српската пропаганда, но имавме на ум, кога ќе се освести народот, да се оневозможат нејзините последици. Тоа беше во текот на 1893-1894 учебна година.
Првата година посветивме во новата организација 2-3 ученици, штоја завршија гимназијата во Солун: Александар Панов, што стана учител во Прилеп, после студираше во Париз и се врати во Солун, каде почина од болест, и други двајца. И така годината заврши со тоа.
II
Груев формира месни комитети низ Македонија. – Првата месна организација во Кавадарци. – Груев во Штип. – Неговото залознавање со Делчев. – Првата предавничка афера во Штипско.
Во текот на распустот заминав за Штип, ја напуштив работата кај Самарџиев. Во Штип отидов да се запознам со тамошните луѓе. Имав намера да поминам низ неколку места во Македонија, за да подготвам терен.
Во Штип забележав дека некои граѓани наклонето се однесуваа спрема мене лично, и дури ми предлагаа да станам учител кај нив. Јас мислев дека е прерано да заприкажеме за идејата. Се разделив со штипјани, отидов во Неготино, Кавадарци. Тука го поставивме почетокот на првата месна организација. Имаше еден трговец, Иванче Велков (жив е уште) Пане Иванов (главен учител, тамошен), Јанаки Илиев (кожувар, тамошен), Минцев (сега е тука, чиновник во статистичкиот завод во Софија). Последниов беше еден од оние што беа завршиле образование (или завршуваше во Солун). Тој ме запозна со другите. Минџев уште во Солун беше веќе посветен во делото. Со негова препорака наскоро се разбравме, ги отворивме картите. Им дадов копие од стутот што го носев со себеси, дадоа пред мене заклетва и се постави почетокот. Така ми поминаа неколку дена. Тоа беше во јули месец 1894 година.
Од Кавадарци отидов во Прилеп. Тука го затеков Алексо Панов, со него и со Јордан Поп Костадинов (учител, тамошен), и со Јордан Гавазов (железар) и неколцина други формиравме „комитет“ („месен комитет“). Претседателот се избираше од сите. Оттаму отидов во Битола. Тука најдов познати другари – Пере Тошев, со кого порано заедно учителствувавме во Прилеп (тој е родум од Прилеп; а завршил VI клас во Пловдив). Тој беше единствениот со кого бев поинтимен, и со кого си имав разбирање, но тогаш уште бевме немоќни да започнеме нешто. Во Битола Пере Тошев беше без служба, живееше кај своите браќа, банкари. Тука беа и Григор Попев, трговец; Ѓорги Пешков, трговец (и двајцата прилепчани) и Никола Наумов. Последниов се откажа – беше скептичен, не веруваше во успех. Еден друг, Доревски, предлагаше првин да се усоврши балонот и потем да се делува. Во Комитетот беше уште вклучен Неделко Дамјанов, учител во провинцијата. Имаше и други, околу 10-тина мина.
По неколку дена од Битола заминав во Ресен, по повод осветувањето на црквата. Оттука отидов во Охрид. И во двата града формиравме комитети. Се вратив преку Ресен, туку не се сеќавам точно дали формиравме комитет и во Ресен. Лицата, за кои можам да си спомнам, се Никола Костадинов, Петар Стрезов (тука се) и Доревски (сега во редакцијата на в. „Препорец“).
Во Охрид во Комитетот влегоа учителите Александар Чакаров (сега учител во Новоселци), Лев Огненов (главен учител). Откако наминав и во Сруга, се вратив назад во Битола. По пат не придружуваа Алексо Панов Прилепчанчето и Григорев – Попев, прилепчанец. Се сретнавме во Ресен при посветувањето на црквата. Воопшто идејата се пресретнуваше добро во потесен круг.
Ме повикаа за учител во Штип, во чисто оппштинското трикласно училиште. Во Штип и во Ново Село (беа слеани заедно) имаше до 18 учители и учителки. До ноември ја вршев должноста на главен учител. Во ноември пристигнаа Дели Иванов и Делчев. Делчев веќе имаше идеи, слични на нашите. И тој се беше заразил од социјалистичката доктрина, и тој беше потпаднал под влијание на револуционерната литература во Бугарија, и тој самостојно беше дошол до убедувањето дека треба да се организира една револуционерна организација за ослободувањето на Македонија. Делчев и Дели Иванов дојдоа во Штип назначени како егзархиски учители. Беа поднеле молба од Софија, од каде по нивното назначување тргнале за Штип.
Тука за првпат се запознав со Делчев. Наскоро се зближивме, а и живеевме во иста куќа. Јас веќе бев започнал пред нив, туку почетокот беше горчлив. Се случи голема непријатност. Отидов на гости во едно село, Горни Балван, повикан од учителот Кралев (родум од Куманово). Таму го затеков брат му – шпион и заптија при валијата во Скопје. Јас го сметав учителот Кралев за надежна сила, и се искажав отворено – и пред брат му. Овој не затаи дека бил заптија, туку божем веќе во оставка. Мене ми се стори соблазнива можноста, ако може тој па да стане заптија, за да можеме преку него да се послужиме за узнавање на тајни. Овој тргнува од селото, и потем се одби и во градот, беше на гости кај мене и оди во селото Немањец, – оди во црквата и подметнува во црковни книги едно компромитирачко писмо. Потоа и јавува на власта, се врши претрес, и свештеникот и учителот ги отеруваат во Скопје. Не се разбра, кој е предавникот. Шпионов во Скопје му јавил се за мене на валијата Хафаз-паша. За да провери, по една недела валијата го праќа назад во Штип, со уште двајца, од кои едниот бил јаверот на валијата, јузбашија, а другиот помошник на бинбашијата. Се облекле во востанички облеки, заправо во арамиски. Во моите проповедања имаше и загатнувања и за идните акции, и тие нарочно се облекле така. Дојдоа во Штип. Јас ги видов од кафеаната, кога стасаа со колата. Се сместија во анот. Во мене се роди недоумица. Отидов да ги видам. Кога ги запрашав зошто дошле, одговорија дека за нив нема опасност, затоа што патувале под изговор дека се трговци, за Кочани, и дека тој нарочно го има доведено, за да ми ги претстави мене и да им дадам упатства. Поверував. На првата средба шпионот ми го претстави помошникот на бинбашијата, чист Турчин, што добро знаеше српски. Тој ми објасни, дека откако убил еден Турчин, дванаесет години живее во Србија, па заборавил бугарски. Беше убавец, личен. Другиот негов другар се престори дека е болен и не се ни појави, затоа што и не знаел бугарски, а се виѓаваше дека е Турчин. Беа дојдени кај мене дома,токму кога кај мене дојдоа и селани од с. Немањец, за да ми се оплачат што ги снашло, а токму дека некој непознат човек им подметнал писмо. Заедно со нас и шпионите зедоа да го окаруваат султанот. Дотука за се беше запознаен и учителот Калајџиев (штипјанец), со кого заедно бевме кај учителот Кралев во с. Балван, а пак и сега при овој случај беше пак кај нас. Турчинот – што се претстави под име Стојанов, божем „братучед“.- се увери во вистинитоста на поткажувањето. Ги задолжив да дојдат утредента на ручек кај мене. Утредента претпладне, по распуштањето на црквата, отидов пак во анот, да ги нагледам. Пак вториот Турчин (јаверот) не излезе, – се така уште бил болен. Јас пак верував. Се сместивме на балконот од анот, да се напиеме. Токму тогаш дојде учителот Кралев на коњ, придружен од еден суварија, што во рацете држеше едно бело торбуле, запечатено; внатре во торбулето беа неговите книги, што му ги собрале откако направиле претрес кај него дома. Го водеа под истрага. Бидејќи суваријата ми беше познат, ги поканив да дојдат горе кај нас. Кога учителот се ракуваше со „Стојанова“, разбрав дека не го познава, и тогаш брат му, за да ја поправи грешката, почна да му објаснува кој е тој и што му е и каков е. Јас се вчудовидев, дека за некој „братучед“ треба толку да се објаснува кој е и што е. Во мене се јави сомневање. За да можам да се уверам , го натерав учителот да седне до мене. Кога заврши со ракијата (а во сето тоа време нашиот „Стојанов“ туку постојано гледа в земји), го искористив случајот, и го пратив шпионот да отиде да порача друга ракија, Во тоа време го нагазувам со нога по нозете учителот, и го запрашувам со ишарет – за „Стојанова“ – што човек е. Овој ми даде знак дека тој е човек во кого не треба да се има доверба. Разбрав дека сум паднал во стапица. Туку си реков дека е поумно да не се искажувам одеднаш. Оттаму суваријата го одведе учителот во зградата на управата, а јас по малку време се разделив и се упатив право дома. Дојден дома си, наскоро набрзина ги собрав сите весници и книги. Јас се допишував со луѓе од Кнежевството, имав револуционерни книги и весници од Бугарија, и ги пренесов сите во други куќи. Во меѓувреме му јавив за сета работа и на учителот Калајџиев. Овој, семеен човек, мошне се исплаши. Тие, Турците, не поканија на ручек, и јас отидов таму. Учителот Кралев го пуштија од управата и само книгите му ги беа задржшале. Ме повикаа мене да ги прегледам, – месната управа, значи не беше упатена во тајната раководена од Скопје, – и јас ги успокоив, дека нема ништо, откако сокрив во ракавот две-три компромитирачки писма. Момчево, Кралев, сам си беше смислил своја шифра – беше остроумно момче, – бидејќи јас му бев велел дека кореспонденцијата ќе се води шифрирано. Да забележам само дека Кралев минатата година беше убиен како востаник.
На враќање пак го запрашав за „Стојанова“, – и тој јасно ми кажа дека не го познава, и дека се сомнева и во брата си. Му нарачав да узнае добро како стои работата, откако му се заканив дека во спротивно ќе одговара. По половина час ме извести кои и какви се другарите на брата му. Туку јас сепак и наспроти сето тоа отидов на ручекот, се така весел како и порано, за да не се досетат дека сум ги разбрал што се.
После ручекот го сретнавме владиката Максим, што токму тој ден дошол од Скопје, и под изговор дека сум поканет од владиката, смајсторисав да им откажам да не доаѓаат кај мене на вечера, на која ги бев поканил. Нарочно бев рекол дека ќе има и печено прасе, на големо вџашување на јаверот, кој рекол оти е готовен и царство да изгуби, туку верата не си ја погазува. Отидов пак и ги поканив на вечера, откако им реков дека по вечерата ќе морам да одам кај владиката. Јаверот одби да дојде на вечера (поради прасето), преправајќи се.дека е болен, а другите на половина одбија, бцдејќи им претстоело утредента да патуваат.
Бидејќи се колебаа, јас не настојував многу, и така се договоривме да им испратам од вечерата. Се збогувавме. А пак шпионот уште после ручекот, поради мојот здржан јазик, дошол до заклучок дека сум се досетил за нешто, и му открива се на брата си, за кого чинел дека е во состојба да му служи. Брат му му рекол дека јас небаре сум ги препознал какви се и што се уште од првото среќавање. Јас нарочно му бев рекол така. Тие утредента божем си заминуваат за Куманово, ја изнесуваат колата од анот, и ја преместуваат во еден турски ан, а самите остануваат во една турска куќа, без да знаеме за тоа ниту јас, ниту учителот, што си отиде во своето село.
Спроти куќата на Калајџиев има маалска чешма. Третиот ден потоа Калајџиев на полноќ случајно оди на вода и таму ги затекува заедно со деврието (ноќните стражи). И мојата куќа беше во близина. Изутрината Калајџиев ми јави и така узнав дека тие останале во градот. По една недела тие си заминаа за Скопје. Во тоа време пристигна и еден учител од Комитетот. Стравови големи. Сè му јавиле на валијата. По 2-3 недели дојде и самиот валијата. Го пречекав со учениците. Шпионите дојдоа пак и по третпат, туку за чудо сето тоа немаше никакви последици за мене.
III
Гоце Делчев и Дели Иванов во Штип. – Просветна агитација. – Груев во Софија и во Солун. – Неговата средба со егзархот. – Интернирањето на Груев во Битола и неговата активност како раководител на битолскиот револуц. округ. – Првата чета. – Неговото апсење во Битола – По две години затвор Груев оди на заточение во Подрум.
Тогаш во Штип дојдоа Гоце Делчев и Дели Иванов. Во делото веќе имавме посветено неколкумина од еснафите. По Божиќ се посветија во делото и други луѓе. Делчев веднаш ми остави силен впечаток со својата отвореност и чесност. При првите обиди да приклучува нови луѓе, тој беше дури и претерано отворен, па мораше да го контролираме, за да не ја искаже нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој постојано се стремеше да ја каже сета вистина, бидејќи сметаше оти секој треба да ја прифати идејата исто онака како што и тој ја прифатил. Беше многу пргав. Тој го прифати планот и се друго онака како што ги имаше затечено. Во Солун беа останале споменатите лица, што го претставуваа Централниот комитет. Поп Арсов можеби беше секретар, д-р Хр.Татарчев – претседател. Ретко се допишувавме. Во текот на велигденскиот распуст, Делчев и Дели Иванов заминаа за Кукуш, со задача да наминат во Солун, каде ги препорачав, за да проверат каква е активноста на другите. Се вратија сосем разочарани, таму работата беше подзаспана. На враќање Делчев се одбива патем во Гевгелија и во Дојран, каде го постава , почетокот на Организацијата. Се врати во Штип. Со тоа помина таа година.
Во Штип организиравме собранија на посветените во делото, што беа означувани со бројки и никакви имиња не се запишуваа. Бевме почнале со лажна бројка,- најмалу од №80, за да мисли секој дека задоцнел. Беа поделени на групи; ги собираа десетари, така што тие да не се знаат едни со други. На овие собранија се правеа разговори, охрабрувања, се даваа брошури и весници за читање, се упатуваа како да ги извршуваат своите должности. Отворивме празнично училиште, во кое се оддржуваа предавања со чисто револуционерна тенденција, како на пр.: „обединувањето на Италија“, „американското востание“, биографии на револуционери како Гарибалди, Мацини и слично, „обединувањето на двете Бугарии“, и др. Имаше голем прилив на слушатели. Следната година поставувавме на штипската сцена театарски претстави: „Иванко“, и слични револуционерни пиеси. Во сето тоа земавме учество јас, Делчев, Дели Иванов, Ѓурков (учител); држевме предавања. Отворивме огранок и во Радовиш (таму беше учителот Станков, сега во администрац. на в. „Вечерна пошта“) и во Виница (таму беше учител Алексо Чакаров, што сега го издава в. „Автономија“.
Во време на распустот заминав за Софија, да испитам како се води работата со четите, што беа почнале да преминуваат преку границата, – се подготвуваше востанието во 1895 година. Дотогаш ние внатре немавме никакви врски со надворешната организација во Кнежевството.
Се најдов со Туфекчиев, Љапчев и со Китанчев. Јас им раскажав за нашата организација внатре, што имаме и што сме сториле. Китанчев беше веќе болен, па не можевме да прикажуваме за востанието. Ова последново многу ни пречеше на планот. Веднаш разбрав со какви средства започнале, па не очекував никакви особени резултати. Преку Пловдив -Едрене – Дедеагач заминав за Солун. Зборував и со Китанчев, како да си помагаме во иднина. Нашите барања тогаш главно беа ограничени на тоа да ни се дава морална помош, и да ни го олеснат набавувањето со револуционерна публицистика.
За нас претставуваше утешен факт тоа што и емиграцијата во Кнежевството беше почнала да работи во истиот дух, во кој работевме и ние, и дека се пристапува кон дело.
Идната година останав во Солун, како инспектор на народните селски училишта, со цел да останам во Солун, за да живне работата на Централниот комитет. Се зафатив и се зазедов за тоа и организиравме комитети во сите градови. Во текот на секој распуст, божиќен, велигденски, обиколував низ градовите, и во нив посветував луѓе во делото. Тогаш Централниот комитет почна да функционира поредовно, тогаш тој се здоби со суштинско значење на „централен“. Додека бев во Штип водев преписка направо со Битола. Се служевме со хемиско мастило, со псевдоними. Комитетот веќе почна редовно да дејствува како централен. Мрежата на месните комитети се зголемуваше. Почнавме и да повикуваме доверливи лица и од некои подалечни места, за да ги посветиме во делото. Тогаш почнавмеда издаваме и хектографиран весник, што се испраќаше по сите околии. Имаше веќе и „канали“. Тоа беше во текот на 1895/96 год.; во 1896/7. Пак станав инспектор. Продолжувавме со активноста. Ѓорче Петров беше учител во Солун. Него го испративме во Софија, за претставник, всушност со значење на агент, што да ни олеснува со порачки и др.
Следната уч. година 1897/8 останав без служба. По пријава од општинскиот претседател Егзархијата ме повика на сослушување, божем поради безбожност. Јасно му реков на егзархот дека нема зошто да страхува за мојата безбожност, туку поскоро за Организацијата, за која му раскажав сè. Егзархот се држеше наклонето, не ме советуваше да се откажеме, но тогаш искажа само страхување, со избрзани акции да не предизвикаме австриска окупација на Македонија. Ние непријателски се однесуваме спрема српската пропаганда; егзархот бездруго бил убеден дека нашата активност не е без полза, бидејќи воопшто не најде ништо друго да ми забележи, освен споменатиот страв од австриската окупација. Се разделивме со добро со арно. Почетокот на „Братството“ во Солун се совпаѓа со последниот период на мојот престој со служба во Солун и со моето отпуштање. Од Солун по една година ме интернираа во Битола.
19 јануари
Поминав интерниран во Битола околу година и половина. Со помош од ѓаконот Тома (родум од Кичевско, свештеник во Битола), од Ѓорги Пашков, Аце Дорев и некои од учителите – поставивме посолидна основа на Организацијата. Имаше веќе основано месен комитет, но и тука беа подзаспале. Ги активиравме и комитетите од околиите. Се организираа и по селата. Следната година (1900) бев назначен за учител во гимназијата во Битола. Дојдоа уште двајца другари – Пасков и Герџиков. Истата зима дојде и Славејко Арсов. Герџиков и Пасков се грижеа за издавањето на хектографираниот весник. Помагаа и за неделното училиште. Се вршеше купување на материјали. Обиколував низ околијата, одев во Прилеп, Охрид, Лерин. Одев дури и додека бев интерниран. Обиколките ги вршев за нашата администрација. Јас бев сметан за раководител на битолскиот округ. Во Солун како претседател се сметаше д-р Хр. Татарчев со Пере Тошев и Хр. Матов. Последниов, кога беше во Скопје, иако беше сметан за член на Организацијата, под влијание на митрополијата повеќе покажуваше наклонетост да ја насочува активноста на Организацијата против српската пропаганда, со која беше повеќе во допир. Откако дојде во Солун, Матов порешително ги прифати чисто револуционерните цели.
Бевме веќе оформиле една чета, првата чета во Костурско. Делчев преку сето време беше одовде Вардар.
Заврши учебната година, и на 6 август 1900 бев уапсен. Повод беше убиството на поп Ставрета. Човекот што отиде да му побара пари од поп Ставре, беше доведен како комита, и беше сместен да живее кај братучед ми. Јас, како и сите затворници, бев во државниот затвор. Останав затворен две години, по кое во мај 1902 бев заточен во Подрум. Во битолскиот затвор имав право на свиждање со посетители, и бев во тек со сè што се правеше. Имав можност и да се допишувам – со шифри. Се наоѓав во голема одаја, заедно со 40-50 мина секакви затворници. Јас и од затворот раководев со битолскиот санџак. Делчев дојде привремено во Битола. Оттогаш беше задолжен и Лозанчев да зема учество во раководењето. Лозанчев беше фотограф. Пред да дојдам во Битола од Солун, Лозанчев веќе учествуваше во работата на Комитетот. Тој трошка се беше повлекол, бидејќи активноста не врвела сосем добро, па го обзело малодушност. Сега, кога бев во затворот, тој одново се зафати со раководењето со работиве. Тоа беше, како што ми се чини, втората година. Делчев замина за Костурско. Во затворот беше и Мицко, родум од с. Латово, Кичевско. Тој бил осуден како востаник од 1881г, и дотогаш беше одлежал цели 19 години во затвор. Често се среќававме. Мицко бил србоман. Јас се обидов да повлијаам врз него, и тој, откако го пуштија од затвор, дури и ни вети да стапи во нашите чети, туку не го стори тоа, очигледно под влијание на српскиот конзул или на српските учители.
Во мај месец ме испратија во Подрум. Таму ги затеков доктор Татарчев и Хр. Матов, и заедно не држеа таму. И додека бев во Подрум, знаев како врват работите. Служејќи си со хемиско мастило водев кореспонденција со Солун, Битола, Софија. Писмата за навидум беа пишувани на турски. Протерав добро во затворот, – како во Битила, така и во Подрум.
IV
Груев, ослободен од заточение, се враќа во Солун. – Решението за востание и Гоце Делчев. – Првата средба на Груев со Б. Сарафов. – Груев на конгресот во Смилево. -Неговото учество во Илинденското востание. – По капитулацијата Груев останува. во Битолско.
Ме пуштија пред Велигден во 1903 год. Се вратив во Солун, слободен. Затеков веќе примено решение за востанието. Гарванов беше претседател на Централниот комитет. Ми ги објаснија доводите, за да се прифати такво решение. За кревање на востанието се изјаснил и Чернопеев. Струмичкиот претставник бил за, одринскиот – исто така. Луѓето (гурбетчиите) веќе се беа вратиле од Цариград дома во Македонија – беше доцна веќе да се премислува. Во Солун дојде Делчев. Изнесува приговори. Главно сметаше дека серскиот санџак е сосем без оружје. Ние го утешивме со ветување дека ќе ни биде доставено потребното оружје преку специјални добавувачи. За тоа ќе го испратиме Гочев, се надевавме дека пак направо по море ќе бидат дотерани пушки од Грција, сметавме на една набавка од 1000 пушки. Делчев се успокои. Тој тргна со намера да ја среди работата со канал за Св. Гора, од каде требаше да поминува оружјето за Серско, и после да се врати во Кукушко, каде некои се беа изјасниле за врховисти. За неговото убиство узнав во Смилево, на конгресот. Јас тргнав едно-два дена по заминувањето на Делчев, и се задржав во Битола едно – два дена. Делчев бил поткажан во Брод и од касиеринот.
На конгресот ја прикажав положбата онаква каква што е: сметав за безумно да се премолчува дека некои реони воопшто не се подготвени, и дека нема да земат учество. Со Сарафов се сретнав за првпат во Смилево дома кај мене. На конгресот Сарафов беше категорички за акции.
Имаше мислење порано да се започне со востанието. Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до толкава жестокост, сосем да го сотираат населението. Сарафов во доверба кажуваше дека некој министер рекол оти ако бидеме во состојба да задржиме 60.000 турска војска, Бугарија ќе се смешала. И јас најпосле допуштив дека може да дојде до тоа. Конгресот ме избра за член на Генералштабот на битолскиот вилает, заедно со Сарафов и Лозанчев.
Пред да се разгори востанието ги обиколивме Охридско, Демирхисар, Костурско. Кога се прогласи востанието, и тројцата бевме во Смилево. Началник на реонот беше Сугарев. Во селото имаше аскер 60 мина. Во време на „дова-та ги нападнавме. Селаните од куќите на пусии, а Турците настапуваа во параден строј – паднаа околу 30 мина. Другите влегоа во училиштето и во нивната зграда. Битката заврши неуспешно за нас. Ние се наоѓавме во планината. Слегнавме, им се приклучивме на селаните, бевме сè на сè до 200 мина. Турците се беа утврдиле во училиштето, што беше камена зграда, така што ништо не можеше да се стори. Цела ноќ продолжи престрелката. Во текот на ноќта запаливме една просторија, во која тие имаа склад со патрони и др., внатре имаше и аскер, та некои изгореа живи. Се обидовме со динамит да ги кренеме другите згради, но не успеавме. Утредента, на 21 јули, попладнето пристигна на помош друг аскер. Ние дадовме заповед за повлекување на нашата претходница пред селото, селската чета, што беше распоредена таму, не го беше добила тоа известување. Една друга чета го пречекува аскерот, пааѓаат десетина Турци и еден јузбашија, а од нашите -еден комита. Четата беше на Стојан Донски, тоа беше смилевска чета. Кога четата отстапила, аскерот се доближува до четата што беше претходница; оваа отвора оган, убива 2-3 Турци, и аскерот се повлекува назад и се распоредува горе во планината на оддалеченост од околу 1 час. Ние бевме од другата страна на шумата. Оние Турци во селото остануваат затворени, а некои од селаните си биле по куќите. Претходницата, откако гледа дека сите се повлекле, и таа се повлекува – и на третиот ден аскерот непречено влегува во селото, ги ослободува своите другари Турци и тогаш запалува 30 куќи. Сите селани беа незадоволни од тоа отстапување, што беше заповедано од штабот. Селаните, кога го видоа чадот од запалените куќи, почнуваат да се приближуваат кон селото. Турската војска помислила дека ќе биде нападната од нив, се втурнува во бегство, оставајќи торби и други работи, а селаните влетуваат и го згаснуваат огнот.
Утредента ние определивме пак една патрола да отиде да ја заземе вишнатината „Ѓорев гроб“. На излегување од селото патролата здогледува како по патот доаѓа војска од Приблци. Четата ја водеше Донски (15 мина); доаѓа до престрелка. Се стрчавме и ние на помош, ги заобиколуваме од десното крило Турците, и тие се разбегнуваат, оставајќи си ги коњите. Потем фативме да копаме ровови околу селото. Стојков беше специјалист. Убаво се копаше трапот. На највисоката чука се појавија Турци, но тие се исплашиле, бидејќи си помислиле оти сме многу и сме се утврдиле. Аскерот се врати во Битола без да испука ниеден истрел.
До 14 август бевме спокојни. Сарафов се оддели и отиде во Демирхисарско. На 14 август дојдоа 9 табура војска по 600 до 800 мина. Се биевме цел ден, насекаде зазедовме позиции. Раководевме јас и Сугарев. Турците извршија напад со артилерија. До 10 часот попладне (сиреч 4.) паднаа 32-33 комити. Имаше загинати и Турци. Потем јузбашијата (бинбашијата) кажувал оти загинале 100 мина. Тогаш почна повлекувањето на четите. Дел од нив останавме во шумата над селото. Јас бев таму. Сугарев отиде во Ресенско. Пред да се мркне Турците влегоа во селото, околу 12 часот. Но еден дел од аскерот беше влегол во селото уште на пладнина. Веднаш фатија да ги палат куќите. До вечерта пламна сето село. Сето население беше во шумата, со еден дел од четите. Турците наоколу веќе ги опколисаа четите. Во селото останаа само неколкумина старци, немоќни, што ги потепаа. И во збегот (логорот) во шумата беа убиени околу 40 мина од двата пола, што на поотворени места беа погодени од куршуми. Самите тие, од исплашеност, се изложиле на отворено. Во текот на ноќта еден број од мажите се пробивме низ турскиот обрач во планината, и поминавме во соседната шума. Жените, децата и старците останаа во шумата под селото. Утредента им побараа теслим на семејствата, и тие се прибраа во селото. При предавањето немало насилства. Првиот ден некои жени со деца, довтасани, биле натепани, па и силувани. Селаните влегоа во селото што беше изгорено. Војската остана на вишнатините околу селото уште три дена. Војската го продолжи својот пат натаму по билото на Бигла и се најде во Демир Хисар. Ние се вративме назад, во Смилевско. Ноќно време слегнувавме и во селото. Имавме прибрани храна и облека во шумата, па тоа се спаси. Околу 50 семејства останаа сосем без облека.
По капитулацијата поголем број од двата пола (околу 300 мажи) со исклучок на вооружените востаници, се прибраа во Битола. Не сакале да ги пуштат во градот, но тие најпосле успеале да влезат. Таму се сместиле делумно и во свои куќи. Потем во текот на септември се собравме сите – и Лозанчев и Борис – во селото, каде пак дојде војска. Ние излеговме горе на билото на планината; бевме 150-160 мина, зазедовме позиции за борба. Забележавме дека и од други две страни надоаѓаат војски. Ние се концентриравме во центарот. Се отвори оган од крилата. Крилата отстапија. Центарот по неколку истрела повторно отстапува кон гората. Со десното крило, каде беа селаните се разгоре битка; загинаа наши 4 мина. Борбата траеше до 3-4 часот попладне. Во текот на ноќта војските се распоредија долу, во котлината, а дел од нив горе, по билото. Од четите дел од нив заминаа накај Горни Демир Хисар, а ние се вративме во Смилевско (борбата се одвиваше на боишкоцеровскиот синор). Војската го продолжи патот за Горни Демир Хисар. Сарафов беше со мене. Тогаш се разделивме. Јас предложив да отидам во Леринско, но и тој го сакаше истото тоа. Борис се искажа ,дека е решен да си замине во Бугарија, и се упати преку Преспанско-Леринско. Со него тргнаа и некои од неговите луѓе, па и други.
По заминувањето на Сарафов, стапи во сила општото решение за запирање на борбените дејства. Складиравме околу 400 пушки. Отидов да ги надгледам другите реони, сите во Битолско. Помошните мисии на Англичаните донесоа малу утеха и успокојување. Од друга страна гласовите за реформите не охрабрија донекаде.
Еден разговор со Даме Груев
Пред извесно време дописникот на „Новое времја“ разговарал со познатиот револуционерен деец Даме Груев за развојот на македонското прашање во текот на 1904 година. Откако зборува за слабите резултати на Мирцегшките реформи и нивната неискрена примена од страна на Турција, г. Груев говори за антагонизмите на разните националисти во Македонија, подобро кажано за таканаречената „војна“ на Внатрешната организација против Грците и Србите. Ние ќе го објавиме само тој дел од долгата кореспонденција, која доаѓа токму на време, дотолку повеќе што за Даме Груев се мисли дека е еден од најтолерантните дејци, а кон Србите дури има некои симпатии.
На прашањето на г. Кирилов, дописник на „Новое времја“ – зошто до востанието не се забележувало дека антагонизмот помеѓу Грцте, Србите и Бугарите во Македонија е толку изострен и како да се објасни тој факт? – Груев одговорил:
-Грците секогаш биле најголемите непријатели на македонските Словени; до Востанието тие својата национална пропаганда ја ограничуваат на определени реони; немаше преминување на села од Патријаршијата кон Егзархијата и обратно. Немаше повод за раздразнување на национално чувство, Бугарите и Србите како да се беа приспособиле кон постоечкото status-quo. Освен тоа во тоа време националните интереси силно се маскираа од очекуваното од сите (Бугари и Срби) претстојно востание.
Во време на востанието Србите имаа инструкција од Белград кон востаниците да имаат добронамерен неутралитет. Ние со тоа бевме задоволни. Но по востанието положбата се промени. Ефектот што го постигна Востанието, потоа сеништето на блиската македонска автономија ги исплаши Србите од Кралството; тие сакаа тоа да се случи колку што е можно подоцна, и во исто време побрзаа со својата пропаганда, во многу проширувајќи го нејзиниот реон, и тоа со поприлично неморални и предизвикувачки средства. На пример, помош во брашно се даваше само на оние настрадани од времето на Востанието што се согласуваа да се прогласат за Срби и патријаршисти. Урнување на status-quo од Србите предизвика негодување кај Бугарите, до толку што по Востанието националистичките интереси повторно станаа доминантни во умот на населението. Бугарите енергично реагираа против српската пропаганда.
Многу селани србомани, кога ќе чуеја за доближувањето на бугарската чета, од страв (често без причини) и од чувството на самозапазување ја известуваа турската власт за четата: потоа од страна на месните органи на Организацијата доаѓа до одмазда. Последниве откако видоа дека српската националистичка пропаганда води кон меѓусебно непријателство и раскол во народот, му го одвлекува вниманието од политичките цели на Организацијата, предизвикува предавство и репресалии од страна на Турците – под влијание на месното општествено мислење (мнозинството се Бугари) се насочија против српската пропаганда.
На многу места нашите прости војводи и месни дејци на Организацијата навистина ги застрашуваат Србите и србоманите, со тоа што ги принудуваат да се откажат од својата , национална пропаганда. Тоа е придружено со доста убиства: многу вистинските доставувачи и шпиони често и од двете страни гинат сосема невини луѓе. Како што гледатем јас не ги оправдувам нашите, а само ја објаснувам генезата за појавувањето и развојот на меѓусебното непријателство помеѓу Србите и Бугарите, што создаде опасна атмосфера за меѓусебна недоверба и лошо однесување, состојба на меѓусебна омраза и искоренување. Ви зборувам сосема искрено, поводот за создавањето на ваквата ужасна атмосфера го дадоа Србите; Бугарите во Македонија се однесуваат полојално отколку Грците и Србите, тоа можеби затоа што нашите таму се мнозинство и ние под своите нозе чувствуваме солидна морална почва. Бугарската девиза – политичка слобода – делува многу привлечно кај народот.
Јас никојпат нема да си дозволам да обвинувам за подбуцнување и доносничество такви српски државни дејци како што се С. Симиќ, Пашиќ: тие се гнасат од слични долни работи. Но второстепените агенти на српската пропаганда како резултат на својата примитивност и морална неразвиеност не се гнасат од шпионирање. Да го земеме како пример случајот со убиствата во с. Кокошине… Убиствата овде беа извршени од бугарската чета поради доносништво, меѓутоа морален виновник за овој однос (поради што минатото лето турската војска ликвидира една цела бугарска чета) беше српскиот архиерејски заменик во Куманово поп Ташко. После тоа во с. Кокошине дојде српска чета и го закла без секаква вина единствениот Бугарин во тоа село.
-Како се однесуваат српската и бугарската влада кон меѓусебните односи на Срби и Бугари во Македонија?
Крајно деморализаторски. Сепак бугарската влада таму наидува на отпор од Организацијата; се што е таму српско, е создадено и се раководи од Белград од српската влада, која во Македонија има сосема подруги цели од нашите; во тоа се наоѓа трагизмот на положбата во Македонија.
-Многу песимистичко гледиште на српско-бутрските односи во Македонија.
-Јас се уште не сум ви кажал се. Таму сега е многу, многу лошо; атмосферата е крајно противуречна и тревожна … Се уште нашите, како и Србите се чуваат од крајности. Ние со сите сили настојуваме за меѓусебно скротување и смирување на умовите. Но… доколку Србите не ги ограничат своите невозможни амбиции, не прекинат со испраќањето на чети од Кралството, со помошта на кои со насилија, убиства и шпионирање го шират србизмот, тогаш ние тешко ќе можеме да ја спречиме катастрофата. Вие знаете дека е можно општо колење на Србите во Македонија. Во градовите, паланките и големите села бројот на сознателните Бугари е многу поголемо… Ние можеме сосема да ги истребиме Србите, но ниту ние ќе поминеме лесно во тоа безумно и бесмислено вртоломејско убивање. Во секој случај од тоа ќе добијат нашите заеднички непријатели, борбата против кои ја чини нашата цел. Без оглед на тоа, ваквото животинско истребување до крајност го деморализира и развратува народот. Ете затоа јас жарко сакам да не дојде до слична абнормална положба…
-Како може тоа да се постигне?
-Преку спогодба со Србите; тоа е можно и во прв ред зависи од српската влада… Нашите услови се состојат во следново: 1. Наш основен принцип е единствено на Внатрешната организација во Македонија: ние не можеме да дозволиме постоење на друга независна политичка организација таму. Во тој поглед македонските Срби треба да се согласат да работат заедно со нас. Во тој случај ние во Белград ќе отвориме задгранично претставништво на Организацијата за да може таа да контактира со српскиот народ.
Потем, за да не се возбудуваат националните чувства на народот, Србите треба да го ограничат реонот на својата националистичка пропаганда во границите на до Востанието постоечкото status-quo.
-Меѓутоа Србите токму затоа бараат одлагање на автономијата, за да го засилат својот елемент во Македонија.
-Тоа се за нив опасни илузии. Тие во Македонија никогаш нема да добијат повеќе од тоа што веќе го имаат; напротив, во колку продолжат да противдејствуваат побрзо ќе предизвикаат втора вртоломејска катастрофа – тогаш тие апсолутно сè ќе загубат… Јас многу ги почитувам српските државни дејатели и сакам да верувам во нивната политичка мудрост и предвидливост: како нивните, така и нашите непосредни интереси бараат едни на други да си подадеме рака за помирување и да се договориме за заедничка културна и политичка работа таму.
в. Ден бр. 391, Софија 17 јануари 1905, стр. 2