„Спомени на Борис Сарафов“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното македонско преведено издание и го задржува распоредот и содржината на оригиналот.

ПРЕДГОВОР

Помина година и половина од прогласувањето на Илинденското востание, во кое Борис Сарафов зеде активно учество, и во Македонија беа веќе дојдени „цивилните агенти“ на европските држави, што се беа натовариле со задачата да применат административни реформи за олеснување на тешката положба на бугарското македонско население. Настапи привремено затишје, и во македонските револуционерни средини, што сите беа во напрегнато исчекување, што ќе донесат ветените реформи. Во тоа време постојано немирниот и подвижен Борис Сарафов можеше да го исполни своето ветување да й ја раскаже својата „комитска историја“. И така на 23 јануари 1905 година дома кај мене започнаа нашите средби, што се повторија неколкупати, како што покажуваат датите на тие средби во понатаму објавените спомени. Сарафов ја сфати намената на моите записи, и ми даде збор дека ќе биде искрен и објективен, и со готовност ми раскажа за сè позначајно од неговата бурна дејност, сосем соодветна на неговиот вонредно жив темперамент и неговата не помалу жива творечка фантазија, извор на множество негови смели, –   вратоломни подвизи. Кога го слушав како отворено се искажува за сè за што ми раскажуваше овај убав, стамен и јуначен маж, и кога притоа се загледував во изразот на неговото лице, во мене остануваше впечаток дека беше искрен. Честопати јас дури со наслада го слушав, но затоа пак имав малу време, затоа што Сарафов беше зборлест, па требаше да внимавам да не пропуштам некој негов збор. Сега, по толку години, кога ги читав неговите спомени, подготвувајќи ги за објавување, увидувам дека сум успеал добро да го следам: тој сиот е оцртан во овие свои спомени.

          За Сарафов како човек може да има различни мислења, но токму поради тоа неговите спомени ќе помогнат да се избегнат можеби некои предрасуди за него, кои произлегуваат поскоро од неговиот навидум авантуристички карактер. Нема сомневање дека во некои негови постапки силно се пројавува таа црта на неговиот карактер, но треба да признаеме дека тие во својата основа претставуваат израз на силен поттик од морално-патриотски карактер. Кога е во некакво притеснување, во безизлез, Сарафов не останува долго време парализиран, во пасивност, бидејќи во такви моменти не го напушта фантазијата, и тој веднаш има подготвен нов, спасувачки план. Навистина понекогаш тој дејствува мошне бескрупулозно, придржувајќи се за принципот, дека целта ги оправдува средствата, и во тоа е неговата слаба страна. Но ако не ја испуштаме од предвид моралната атмосфера од турско време, сред која тој се воспитувал, патриотските средини, во кои се движел, и особено неговата несовладлива желба бездруго да постигне реални резултати за доброто на татковината, бездруго ќе го ублажиме својот суд за него. Дотолку повеќе што од неговите спомени тој истапува пред сè како патриот и потем суетен: очевидно тој се разликува од видот на оние суетни луѓе, кај кои во решителни моменти личното зема згорнина над општото. Секако Борис Сарафов е необична, силна личност, чија потполна карактеристика сега по објавувањето на овие негови спомени станува појасна. Туку тие и инаку се мошне интересни за историјата на македонското движење, бидејќи го поткреваат превезот и од некои настани во Кнежевството, што доведоа до жалниот судир меѓу Внатрешната организација и ткв. „Врховен комитет“.

          И Борис Сарафов стана жртва на фаталниот расцеп меѓу внатрешните дејци. По несреќниот крај на Илинденското востание, во Серско се издели познатата група на санданистите кои во време на истото востание останаа настрана, не зедоа активно учество во него, а потем стасаа дотаму, што да им судат и да ги казнуваат противниците од другиот табор. На 11 декември 1907 год. Сарафов заедно со Ив. Гарванов загина од раката на убиец испратен од таа група.

          Љ. М.

I

Куси биографски податоци. – Првиот македонски комитет во Софија. – Сарафов со голема чета го напаѓа град Мелник По враќањето Сарафов заминува во Петербург и таму стапува во Генералштабната воена академија.

22 јануари 1905 год.

          Роден сум во 1872 год., на 12 Јуни во с. Либјахово, Неврокопско. Татко ми, Петар Сарафов е родум од с. Гајтаниново, а мајка ми Сирма – од Либјахово. Татко ми беше учмтел, во прво време и инспектор на училиштата, кога пок. Методија Кусевич бил секретар во Егзархијата. Првите ученици на солунската гимназија од источна Македонија ги беше собрал татко ми. Основно училиште учев во своето село, а потем продолжив во Солун да учам од II до IV одделение, а потем во гимназијата до VI клас заклучно. Потоа поминав во Софија во военото училиште. Физички бев слабичок, па татко ми сакаше да зајакнам. Уште во гимназијата меѓу себе зборувавме за идното ослободување на Македонија, па си мислев дека би било добро да се здобијам со воен опит. Татко ми, кога бев во втори клас, беше директор на бугарското училиште во Серез. Наклеветен од Грците во 1885 год. тој беше испратен на заточение, божем како бунтовник, заедно со дедо ми, архимандритот Харитон, татко на мајка ми, претседател на општината во Серез. Беа осудени од воен суд во Солун, што ги осуди на 16 години затвор, што ги одлежуваа во гр. Караман, во Кониската област во Мала Азија, каде биле интернирани. Татко ми заедно со дедо ми избегале и дошле во Бугарија во 1888 год.: се населиле во Софија каде во 1889 г, дојде и мајка ми. Во 1890 година во Солун завршив VI клас и во месец септември постапив во военото училиште. Во истото училиште во 1891 год. постапи Гоце Делчев; тој беше во втората чета, а јас во првата. Се познававме од Солун. Од Солун се познавав и со Дамјан Груев – од гимназијата, исто така и со Ѓорче Петров. Во 1893 год. завршив како офицер. Тогаш социјализмот беше во мода. Бегав од училиште и во една куќа близу до старото воено училиште се наоѓав со ученици од VII кл. па читавме илегални руски автори, се одржуваа и реферати и сл..

          Како офицер ме испратија во Белоградчик, во 15-ти Ломски полк. Постојано настојував да ме прведат во Софија, и во 1894 година во мај ме преместија тука.

          Токму тогаш се беше формирал првиот македонски комитет, под претседателство на Китанчева. Коста Сарафов, чичко ми, може да раскаже подробно за основањето на Комитетот во Софија.

          Тука веќе се запознав со делото. Претпоставував со Китанчева да започнеме со поактивна дејност. Уште во текот на зимата 1894 година почнав да собирам чета. Дење одев во касарната, а навечер ги обучував комитите во крчмата – ан „Нов свет“ (на улица Пиротска). Повеќето од нив беа Македончиња, меѓу нив имаше и еден постар, дедо Димо, арамија.

          Со Китанчева велевме дека треба да покажеме знак на живот идната пролет со некакво подвижување, за да предизвикаме интервенција од големите сили, па во Македонија да се примени членот 23 од Берлинскиот договор. Китанчев се согласуваше со тоа. Низ Бугарија за тоа веќе се одржуваа и митинзи, а во Софија имаше и македонско друштво, па и другаде околу 20 друштва, Нив одеше да ги организира низ провинцијата Китанчев. Комитетот се грижеше да набавува средства, пушки, и сл.. кога ќе има потреба. Јас агитирав мегу работниците Македонци за да се подготвуваат за комити, па и меѓу офицерите, да се подготвуваат секој кој што сака. Наближи летото. Јас се најдов со офицерите – покојниот Мустафа, Начев, потем Гаруфалов, Луков, Венедиков, и му ги претставив на Китанчева откако од нивните прикажувања разбрав дека сакаат да земат учество во претстојното движење. Јас и Китанчев заедно темелно разгледувавме заедно со тие офицери, како да се изврши тоа. Претходно се испратија помали чети, првин под водство на Димо Дедото, потем на Никола Херојот и други. Јас со офицерите заминав во Ќустендил, каде имаше една чета од 200 мина. Заминавме на 16 јуни. Таму во месноста Хајдушки кладенец, над село Граница токму расправавме како да заминеме – таму беше и Китанчев, – дојде телеграма од татко ми до Китанчев, со која ме моли да си отидам во нашите места. А пак токму во тоа време имаше една чета, формирана во Дупница од Кочо Муструкот и Кољо Ризов. Беше решено да се дополнат со некој од интелигенцијата, и Китанчев укажа на мене, во согласност со телеграмата од татко ми, за да отидеме во Источна Македонија, а другите да отидат во Струмичко. Така и направивме. Четата од Дупница, 40 мина, се подготви; зедов некои и оние момчиња, што ги обучував во текот на зимата. Тргнавме и ја минавме границата на Петровден, преку Кадиин гроб (по Илиината река). Дојдовме до селото Драглишта, патем поминавме ноќно време, скришум од населението, крај селото Банско, и стасавме на Пирин Планина. Им паднавме на товар на Власите, овчари. Тие за првпат беа виделе таква чета, и тоа со луѓе од интелигенцијата; дотогаш среќавале – само арамии. Кочо Муструкот, покажувајќи им на мене, им велеше: „Досега доаѓавме по арамилак, а сега веќе доаѓаме – за народното дело гледате какви луѓе се дојдени“. Јас бев во офицерска униформа. Тука ја затековме четата на дедо Анчо – од 25-мина, та вкупно станавме 65-мина (околу 8 или 9 јули).Решававме што да правиме понатаму. Мене ми беше мошне тешко да ги наговорам тие луѓе за извршување на патриотски подвизи. Поголем дел од нив си имаа на ум само да кренат некоја мала тупурдија, па и ќесето да не им остане празно, пак и да не загинат, ами да си се вратат во Бугарија. Јас им докажував дека многу поголемо значење има ако го нападнеме град Мелник, па дури и само пет чивтиња да фрлиме, туку во градот да ги испукаме. Ми требаше долго време да ги кандисам при овој напад да се воздржуваат од секаков грабеж, за да остане акцијата чисто патриотска, политичка. Потем, за да ги заполтам, им реков дека отпосле, на враќање некаде може да се допушти и пљачка. Турците узнаа дека има дојдено некаква чета, и беа презеле мерки, така што тешко можеше да се влезе во градот Мелник. Зада им го отргнеме вниманието, се упативме накај Неврокоп. Турците во Мелник се успокоија и им јавија на своите во Неврокоп да не пречекаат. Ние се вративме пак кон Мелник. Преку ќумурџиите узнавме дека Турците се опуштиле, и не го вардат местото – премините. Со брз марш на 12 јули в зори стасавме во градот, откако ја зазедовме теснината, за да не може однадвор да им дојде помош на Турците. Уште оддалеку поставивме стражи. Ја зазедовме околиската управа. И стражарот во стражарската просторија беше задремал, па и заптиите, 7-8 мина, и тие спиеја, така што со сите нив лесно излеговме накрај. Потоа друг дел отиде на поштата, за да го расипат телеграфот. Аскерот, околу 200-мина, беше сместен во касарната во долниот дел на градот. Поштата ја зазедовме, при што како жртва падна само телеграфистот.

          Ги запаливме поштата и околиската управа. Внатре имаше 24 товари муниција, па дојде до силен грмеж. Пожарникарите, што си помислиле дека е „јанг`н“ доаѓаат да го гаснат пожарот. Блиску до околиската управа се наоѓаше и затворот; ги искршивме вратите од затворот, и затворениците побегнаа. Пукаме по пожарникарите, – паѓаат мнозина. Други излегуваат со стомни за вода, со фесови; момчињата не можеа да ги распознаваат, па загинаа три-четири мина Грци (таму е грчко маало). Зафативме пусија сред улицата, и по соседните турски куќи; семејствата ги одделивме под стража на друга страна, а ние се сместивме крај прозорците. Дојде војската. Еден – два плотуна од наша страна и паднаа неколцина; пак се вратија, пак плутон – ура! Турците си помислија дека се опколисани; отстапија, војската се растури низ полето. Некои од Турците почнаа да пукаат од прозорците на куќите, и ние тогаш заповедавме да се запалат некои куќи, па изгореа околу 37 турски куќи.

          Во почетокот, уште кога се наоѓавме во околиската управа, благајникот што живеел спроти зградата на управата, излезе уплашено, си ги трие очите, се кажа кој е и беше убиен веднаш. Меѓутоа, не се зедоа никакви пари. Мудурот го немаше. Собравме некои поистакнати луѓе, им кажавме за целта на нашиот напад – слободата на Македонија. Беше опасно да се останува внатре, едно поради тоа да не го заземат озгора патот, па да не можеме потем да излеземе, пак и момчињата да не започнат со пљачкосување, затоа што и војводите беа арамии, сакаа да го фатат грчкиот владика, за да земат пари, но ги спречив.

          Кон пладнина излеговме од градот со два товара храна и вино. Се искачивме на врвот Кукла, многу убаво место за борба. Таму се разместивме за отпочинување. Имаше 2 лесно ранети момчиња. Утредента се предвидуваше дека ќе пристигне потера. Кочо Муструкот ни рече дека тој ќе се оддели со 16 момчиња, и дека ќе се видиме пак по некое време. Тој виде дека со нас нема арамилак. Тој потем го нападна гркоманскиот манастир и таму ограби калуѓери, им зеде до 40 лири. Ние, 45-мина, продолживме со патот. Потерата не навтаса над селото Влаи. Имаше околу 1 баталјон војска. Се боревме сиот тој ден – 16 јули. Местото беше карпесто, не можеа сосем да не опколисаат. Не загина никој. Во ноќната темнина се извлековме, и ја оправивме накај Бугарија. Останавме со 50-60-100 патрони на една пушка. Кај Предел, на синорот меѓу Разлошко и Џумајско, Турците ни беа поставиле пусија. Дојде до престрелка, но жртви немавме. Утредента, откако се закачивме по падините на Рила, имавме уште две судрувања со турски пусии, но можевме да ги заобиколиме. Кај последната пусија одзедовме шинели, фесови и бел леб. Избегаа, бидејќи им удривме од тил. Границата ја префрливме со тие трофеи, со турски шинели в фесови.

          Се вративме на 22 јули. Границата ја поминавме на Ајгидик, и пак излеговме на Илиина река. Не пречека отец Пајсиј од Рилскиот манастир, а пак тој беше и на нашето испраќање. При заминувањето, јас си бев дал оставка како и другите другари, во плико, а пак посебно си бев зел и едно месечно отсуство. Дали владата знаела за таа работа не ми беше познато, меѓутоа, се досетувавме, бидејќи на Хајдушки кладенец најдовме сандаци со владина муниција. Четата беше вооружена со мартинки.

          Во Софија останав во месец август. Китанчев си мислел дека акцијата ќе има посериозен карактер, дека ќе трае подолго. Пак и владата ја прекина својата поддршка, па и тој беше донекаде очаен. Туку сепак тој не прими одушевено, затоа што сепак бевме извршиле релативно најдобра работа.

          Владата веќе не нè гледаше со добро око; и беше неудобно да не прими пак во служба. Мене ме обзеде мечта да се запишам во Петербургската академија на генералниот штаб. Со помош од Комитетот, што ми даде 200 франка отидов во Петербург во септември 1895 година и постапив во академијата како вонреден слушател. Таму брат ми Петко учеше инжинерија. Таму се задржав 4 месеци. Еден ден дојде воениот министер Вановски, да направи ревизија, и се виде дека сум бил примен во академијата врз посебни основи (Обручев, началникот на главниот штаб на армијата, ме беше примил по препорака на дедо Климент), така што не можам да продолжам, затоа морало да примам руско државјанство и да бидам вклучен во некој руски полк. Јас не примив руско државјанство. Во Петербург ја носев својата униформа од 1 -ви Софиски полк. Таму на двапаати ги собрав студентите Бугари, за да ги запознаам со нашие работи, Одржав подробен реферат. Претседател беше Белинов.

          Другарите ми напишаа дека по смртта на Китанчев работите во Комитетот не врвеле, па да се вратам во Софија, за да видам што да се прави понатаму токму тоа ми дојде навреме. Си го зедов куферчето в раце и преку Берлин стасав во Виена. Тука беше брат ми, учеше за доктор

II

Вратен во Софија, Сарафов се среќава со Делчев. – Првенствено треба да се најдат пари. – Сарафов преку Цариград доаѓа во Св. Гора. – Пречек на српскиот крал во Хилендарскиот манастир. – Преку Солун Сарафов се враќа во Софија. – Основањето на офицерските „братства“. Немирен Сирафов прави смели планови и заминува пак во Петербург.

          Во Софија затеков расцеп во Комитетот. Од една страна генералот Љапчев, Карајовев, Јосиф Ковачев, Димитар Матов, Радев и др., а од друга страна Тјуфекчиев со офицерите востаници. Главна девиза на последниве беше: не ни е потребна дипломатија, да се организира движење и сл. Другарите веднаш ме прибраа со себеси. Продолживме заедно. Прва задача ни беше да стапиме во врска со луѓето однатре. Делчев беше дојден тука (тоа беше пролетта 1896 год.). Ми кажа дека се мачеле да стокмат нешто како комитет внатре, дека идејата е прифатена од сета интелигенција, но дека немаат оружје, а немаат ни средства. Тој ми предложи да отидеме да станеме „горски царови“. На сцената се постави прашањето за средства. Од кај да најдеме? – Со грабежи. Некои не наведоа на идејата дека пари можело да се најде во Зографскиот манастир. Јас ќе отидам таму. Зедов руски пасош, како Бугарин од Бесарабија, а имено пасошот на еден млад јункер од Бесарабија, Александар Иванович – Фурунџи Славов, род. Од Ташбунар (пасошот беше издаден во Кишињев).

          Отидов право во Цариград. Пред да тргнам од Софија се јавив во нашето воено министерство, кај полковникот Ковачев: „Вам ви се потребни податоци за Македонија; дајте ми пари за да можам да пропатувам низ Македонија“. Ми дадоа 300 лева. Заминав за Цариград сам. Таму го најдов Љапов, претседател на месниот комитет, кој беше поврзан со Солунскиот комитет. Љапов ме сокри, разгледавме да видиме каде што може да се стори еден ден. Тоа беше во месец март. Токму тогаш во Цариград дојде и кнезот. Средивме таму емиграцијата да поднесе до кнезот една молба со остра содржина, – да се заземе за правата на поробеното население во Македонија. Имаше многу народ. Кокарев (што потем го убија во Преспа) ја предаде молбата. Потем го бараа за да го уапсат. Истовремено еден руски полковник, некојси Бешков, обиколуваше низ Македонија, и се искажуваше многу неповолно за нас Бугарите во Македонија, правејќи не Срби, што не се достојни за слобода и сл.. По тој повод му напишав едно писмо до гроф Игнатиев, со кого се имав запознаено во Петербург. Му се оплакав на руските конзули, што отворено и даваат поддршка на српската пропаганда во Македонија. Подоцна Игнатиев, кога во 1901 год. отидов пак во Петербург, ми рече дека со тоа писмо отишол кај императорот, за да му обрне внимание на тоа прашање, и му го прочитал писмото (тоа беше напишано на руски). Во Цариград се задржав една недела. Егзархот знаеше дека се наоѓам таму; испратил многу поздрав, рекол дека го познавал татко ми, но рекол уште ако е кабил да се држам понастрана од него. Од Љапов се научив подобро за Комитетот во Солун. Се запознав со Кокарев и некои други дејци. А најважно беше што се запознав со ерменските револуционери, токму со оној што во месец август таа година ја нападна турската банка, што го викаа Бапкин. Тогаш Ерменците дејствуваа сложно со нашите. Таму беа и Симон Радев и Робев во училиштето, но не се сретнав со нив.

          Од Цариград по море заминав на Св. Гора како на поклонение. Еден ден се задржав во Пантелејмонскиот манастир, а утредента пристигнав во Зографскиот манастир. Се претставив како дојден од Русија на поклонение. Меѓу калуѓерите најинтелигентен беше отец Калистрат од Струга, помошник на игуменот. Ги предбрав младите калуѓерчиња, па ги распрашував што имаат, колку имаат. Токму тогаш се градеше едно ново крило и узнав дека од Одеската банка, каде имале вкупно 1.000 лири, постепено подигале износи колку што им требало. Значи, се виде дека немаат пари, а не дека можело да се земе до 20.000 лири, како што ми велеа. Отидов во Хилендарскиот манастир, каде повеќето од калуѓерите беа Бугари од Македонија. Тие негодуваа оти тука ќе дојде српскиот крал – токму тогаш големците меѓу калуѓерите дале согласност манастирот да се смета за српски, само за да им се избришат долговите. Дојде кралот. И јас излегов на пречекот застанав во редицата, и кралот се ракува и со мене. Ми дојде на ум колку би било убаво да можеме да го грабнеме од таму – каков богат откуп!

          Ми завршија парите. Во Солун отидов само со еден черек во џебот, право во хотелот „Колумбо“. Гладував два дена, додека успеав да ги најдам другарите Пере Тошев, Ѓорче Петров, Делчев и Хаџи Николов. Тие токму тогаш се собирале на нешто како конгресче. Им изнесов план: да ме киднапираат како руски поданик така што рускиот пратеник да даде откуп. Тие не го прифатија мојот план, затоа што тогаш и немаа уште чети. Ме посветија во своите активности. Се фалеа дека нивната идеја е прифатена, дека нашле дури и самоформирани организации. Се преместив во хотелот „Партенон“, претставувајќи се за руски драмски артист. Прмстигна една италијаска трупа, и тие се запознаа со мене како со колега, ми даваат билети, јадење, пијам со нив, и слободно си одам насекаде. Истата трупа потем беше дојдена во Софија; како колеги си имавме разбирање. Од Солун преку Скопје заминав пак право во Софија. Ми дадоа пари на заем од Комитетот, што потем да им ги дадам на браќата Иванови – на кои им должеле. Во Софија требаше да ги оправдам парите што ги бев зел од министерството. Напишав рапорт, дадов некои податоци за турската војска, што ги имав прибрано од другарите во Солун; и им ги опишав месностите низ кои имав поминато како востаник во 1895 год. Тогаш воен министер беше Рачо Петров. За својот распоред добив уште 25 наполеони. На Рачо му ја опишав потребата од оружје во Македонија. Скоро потоа од Македонија пристигна Груев, и јас му го претставив на Рачо Петров. Груев имаше одено во Белгија заради проучување на експлозиви (во 1896 г. во јуни-јули) и се врати во Македонија. Се среди работата со пушките, и во септември дојде Ѓорче Петров, и по него и Делчев. Уште тогаш, кога Делчев ми велеше да станеме горски царови, ние имавме собрано пари, купивме револвери, бомби и др., и тој имаше платено само делумно за нив, а пак делумо ги набави бесплатно. Почнавме да работиме заедно – со нив. Во тоа време јас на нашите им предлагав да заминам внатре во Македонија, туку тие беа на мислење да се остави тивко да се организира таму Организацијата. Тука спрема ослободителното дело во општеството владееше апатија. Котилото, – офицерите околу Тјуфекчиев, се растури, сите стапија во служба. Генералот Николаев, на чело на Комитетот, не правеше ништо. Останав последен јас, без средства за живеење. Решив да стапам во служба. Во 1896 година се имав запознаено со Цончев, што тука беше командант на 6.Трновски полк. Меѓу моите другари офицери, пред да се разотидеме, се јави идејата да се основаат дружини меѓу офицерите, колку да се соберат средства за прва потреба. За ова прашање зборувавме и со Цончев. Бозуков беше офицер во неговиот полк. Цончев се беше заинтересирал преку Бозукова, на кого порано му имал платено 1.000 лева – половината од сумата што Бозуков ја подигнал како полковски благајник. Цончев се имаше запознаено и со други офицери, што имаа учество во мелничката афера. Дојдовме до заклучок, секој да се потруди во полкот во кој ќе се најде, да формира офицерско братство. Цончев ја одобри таа идеја, и како најстар, со влијание, се стави на чело на таа идеја. Тој со писма им се обрати до оние полкови – кај имаше свои пријатели. Се основаа братства, се собираа пари и се испраќаа тука, чинам до капетанот Димитар Венедиков, што им беа предадени на Ѓорче и на Делчев за потребите на ослободителното дело. Во крајот на август 1896 г. јас бев заминал за Русе, вклучен во составот на 5. Дунавски полк. Формиравме братство. Ги бодревме востаниците Македонци, што ги имаше во градот; сите се обраќаа до мене и колку што ќе имав пари им давав. Ѓорче постојано ми ја подвлекуваше потребата од средства. Една моја идеја беше ваква: не бива ли да го поставиме нашето дело под протекција на некој кнез? За најпогоден таков кнез чиневме дека е Јосиф Батемберг; тогаш тој беше во Петербург на гости кај Лајхтенбергскиот принц. Отидов во Петербург самиот, зедов отсуство. Туку се разминавме, – тој си беше заминал за Италија. Тука се сретнав со гроф Игнатиев. Тоа беше во 1897 г. Треба да споменам дека и во јули 1896 г. бев пак во Петербург, напросто кај брата си, и откако се вратив, влегов во служба. Положбата беше тешка, тегаш не знаев што да правам – тој плаќаше за трошоците.

          Во 1897 година, ми се чини во мес. февруари – март, отидов, како што реков во Петербург. Не бидна ништо. Игнатиев ме советуваше да мируваме: Австрија може да не окупира; додека кај нас е кнез Фердинанд ништо не може да биде, иако си го покрстил сина си и слично.

          Брат ми велеше дека пари можеле да се најдат во Белград. Го доведовме Ѓорче во Русе, го испративме во Белград, но не се собраа многу пари, слаба работа. Заедно со Ѓорче отидовме и во Букурешт, па таму ги организиравме Македонците.

          Во 1897 година дојде до Виничката афера. Делчев ми јави по телефон од Софија да соберам, ако можам, една чета, за да заминеме внатре во Македонија, и да им стави крај на турските ѕверства и сл.. Зедов да собирам чета, туку ми напишаа дека работата стивнала, па престанав. Избувна Шпанско-американската војна. Јас сакав да ја манифестираме нашата симпатија спрема Кубанците, и барав 500-600 мина да стапат во американската војска, а пак тие за надомест да ни дадат пари, да можеме ние да се вооружиме. Токму тогаш за таа работа одев и во Петербург и за Франц Јосиф Батемберг. Американскиот конзул во Петербург ми одговори дека немаат потреба од луѓе. Ме сослуша љубезно и ме испрати. Јас му се кажав кој сум.

          И 1898 година помина исто така. Кога воен министер стана ген. Иванов, се прекинаа врските со него. Од продадените пушки на браќа Иванови се дадоа 5.000 со изричен услов да му се предадат на Ѓорче. Овие пушки ги дадоа без муниција. Тие беа пренесени и потем ги открија во Штипско, во Виничката афера.

III

Сарафов застанува на чело на Македонскиот комитет во Софија. – Неговите односи со Ѓорче Петров и со Гоце Делчев. – Првото мешање во работите на Внатрешната организација. – Прекин на врските со Ѓорче. – Бурна активност на Софискиот комитет. – Парични средства и купување на оружје.

Во почетокот на 1899 година постојано се допишувавме со Ѓорче, загрижени какво е ова мртвило во Организацијата тука. Комитетот беше сосем пасивен; беа удриле само на пишување писма, а немаа пари ни за марки. Почна да се агитира Комитетот да се смени, во него да влезат поактивни луѓе. Цончев агитираше меѓу офицерите, а Ѓорче, Делчев, Венедиков, Гаруфалов, Бозуков и др. – меѓу граѓаните.

          Се размислувавме кои луѓе треба да бидат поставени на чело на тукашниот Комитет. Бевме на мислење на чело на Комитетот да го избереме Цончев. И Ѓорче и Делчев и јас и други мислевме така. Цончев велеше дека ако тој биде поставен на чело на Комитетот, до кревањето на востанието треба да дојде најмалку за 5 месеци, инаку тој не може да стои така долго – ќе се избламира. Затоа тој беше на мислење првин да дојде до јавување на помлади луѓе, што ќе го подготват теренот, што ќе вршат организирање, да се соберат средства, и потем, кога ќе дојде часот за движењето, тогаш и тој ќе земе учество во него. Се согласивме со тоа. Решивме да агитираме за оние кандидати, што потем и беа застанати на чело. На конгресот помина нашата листа. И јас застанав на чело на Комитетот. Паприков му беше испратил писмо на Драндаревски во Русе, никако да не си дава оставка. Цончев помогна и новиот Комитет, на чие чело застанав јас, се конституира на 16 јуни. Покојниот Давидов беше во служба заедно со мене; заедно и живеевме во една иста куќа и во потполност се согласувавме.

          Комитетот почна да дејствува во споменатата насока. Најпрвин се зафативме со исплаќање на долговите. Ги активиравме друштвата. Најпрвин почнавме со Софија. Не можеше толку лесно да се соберат луѓето и тие да го почувствуваат авторитетот на Комитетот, додека не сфатат дека сме решени да одиме докрај. Малу по малу почнавме да ги наметнуваме своите барања. Од 30 друштва станаа 250 друштва, градски и селски. Не врвеше така лесно ни со заемот. За да не доаѓа до завист, почна обложувањето со облигации според имашноста на луѓето. Однатре постојано бараа средства, и затоа мораше да се грижиме енергично за собирањето пари преку обложување со облигации.

          Со Ѓорче и Делчев работевме сложно. Тие заседаваа заедно со нас, ги потпишуваа записниците во Комитетот. Прашањето за востанието кога да се крене, не се поставуваше на дневен ред. Идејата да се формираат внатрешни чети се појави тука. Тука беше напишан и правилникот за четите внатре. Ѓорче и капетан Венедиков го напишаа. Јас бев на стоиштето таму да се испратат апостоли, што ќе обиколуваат насекаде, затоа што само Делчев дејствуваше како таков. Јас го испратив Герџиков. Сè што се испраќаше (материјално) на внатрешната организација, беше на сметка на Комитетот. Дури и Делчев замина заедно со Бозукова внатре во 1899 год., во јуни. Целта беше да извршат еден подвиг. И двајцата честољубиви, наскоро се разделиле, и Делчев им беше напишал на пријателите да не се однесуваат спрема Бозуков со доверба. Бозуков ни се оплака поради тоа, но ние не сакавме да ги расипуваме односите во Внатрешната организација поради Бозукова. Тој потем замина за Трансилванија – во март 1900 г.. Се даде писмена оставка. Потоа во 1900 год. во февруари Делчев замина во Одринско. Ние го снабдивме со сè, литографии и сл. – потрошивме околу 3.000-4.000 франка. Го подготвивме да замине со 4-5 мина другари, меѓу кои беше и Стојан Лазов, што учеше во Висока школа. Тука останавме со Ѓорче. Кога се постави прашањето да ни се усвои од Егзархијата листата на учителите (списокот ни го дадоа однатре), ние испративме со свои потписи човек до егзархот, – тоа беше поручникот Љубомир Стојанчев, родум од Трново, сега цончевист). Токму во тоа време накај месец септември, кога се конституира составот на нашиот Комитет, многу се изострија односите меѓу „Братството“ во Солун и Централниот комитет. Не многу потем дојде до атентатот врз Наумов. Централистите беа решиле со терор да се справат со Гарванова и др.. Тоа нам ни штетеше многу тука, на делото. Ѓорче аплаудираше на акцијата против Наумов. Беше на мислење дека треба да се испоколат сите од „Братството“, – никакво разбирање, никакво помирување. Ние во Комитетот усвоивме решение да посредуваме да се сложат. Против тоа решение беше Ѓорче. Ние им испративме писмо, но немаше резултат. Избравме човек, што специјално од наша страна да отиде во Солун за да се постигне спогодба меѓу Братството и Централниот комитет. Во тоа испраќање на специјален човек од наша страна Ѓорче гледаше нарушување на самостојноста на ЦК, па според неговото сфаќање, ние навистина се појавувавме нешто како „врховен комитет“. А пак ние единствено сакавме да се избегнат несогласувањата и крвопролевањето внатре, за да не ни пречи тоа и нам тука во собирањето пари од заемот и сл.. Отиде нашиот човек, Иван Камбуров, потпоручник, родум од Елена. Ѓорче, за да попречи, им напишал писмо да не го прифаќаат. Камбуров, откако пристигнал таму, веднаш се воврел како клин меѓу нив, и по 5-6 дена разговори, убедувања, дојде до спогодба писмена, потпишана и од Камбуров. „Братството“ престана да постои, а Гарванов стана претседател на Месниот комитет во Солун.

          По ова Ѓорче веќе сосем се дистанцира, иако таму дојде до спогодба. Според Ѓорче таа постапка била принципиелно неправилна, затоа што на некој начин излегува дека Комитетот тука се грижи да им излегува во пресрет на одделни амбициозни групи, отпадници, за да ги придобива на своја страна, и да ги вовлекува во Внатрешната организација како надворешен елемент. Според мислењето на Ѓорче, утре ќе се појават други незадоволници внатре, кои пак ќе треба да се постават за големци, за да бидат задоволени нивните амбиции. Поради тоа остана незадоволен. А пак ние, кога го видовме убавиот резултат од нашето прво помирувачко мешање во работите на Внатрешната организација, и кога видовме како луѓето однатре послушуваат совет, за избегнување на неслоги, рековме оти Ѓорче е единствениот што толку се спротивставува. Тогаш Делчев беше внатре во Македонија со Бозуков. Тоа стана во август 1899 г.

          Ја изгубивме веќе довербата од Ѓорче. Навистини, работевме пак заедно, но веќе ја немаше поранешната искреност. Ни беше вообичаено до ЦК да се пишуваат писма по решение од Комитетот, а не приватни писма. Обично се пишуваше: „од браќата во Височка до браќата во Св. Гора“. И тие ја пишуваа адресата обратно. Туку Ѓорче оттогаш почна да праќа и приватни писма. Пред нас на седница Ѓорче искажува согласност за нешто, и ние пишуваме за тоа, туку не се извршува. Се посомневавме во Ѓорче, и се уверивме, – фативме едно негово писмо, што го фотографиравме во 20 примероци, видовме дека тој приватно им пишува да не го извршуваат она што ќе го има во нашето официјално писмо. На седница го распрашавме Ѓорче за тоа, туку тој одби. Тогаш му рековме на Ковачев, секретарот, да го прочита неговото писмо. Ѓорче побледе. Немаше каде – призна. По ова му предложивме да се мавне оттука, и тој отиде интерниран во Трново. Тоа стана зимата 1900 год. или пак во почетокот на 1901 год.

          Во текот на јули 1900 г. пред откривањето на писмото, имавме конгрес на кој се појавивме сè уште заедно со Ѓорче и Делчев, сосем солидарни, сите како членови на Комитетот, еднакво одговорни. Ами до заладување во односите дојде полека – полека, поради амбициозноста на Ѓорче, што бараше да го слушаме, и кој не можел така лесно да поднесе јас толку да се истакнувам.

          И после случката со Ѓорче ние ги продолживме нашите односи со Централниот комитет, откако им ги објаснивме причините поради кои беше отстранет Ѓорче. Делчев, што одвреме навреме час одеше, час се враќаше внатре, слушаше главно за она што му кажувал Ѓорче. Како што се гледа, и на Делчева не му се свидело многу нашата многу гласна активност тука, која небаре ја засенуваше активноста нивна внатре, иако и тие и ние уште го прикривавме постоењето на Внатрешната организација.

          Офицерските „братства“ се размножија. Во речиси секој гарнизон имаше братства, од кои редовно доаѓаше до прилив на пари во Комитетот. Офицерите почнаа да се дружат многу блиску со нас. Доаѓаа кај нас, прикажуваа. Ѓорче почна да гледа со сомневање и на тие наши блискости и чести контакти со офицерството, па си помислил можеби, дека нешто друго имаме на ум. Во текот на нашите спорови со Ѓорче и Делчев, кој искажуваше солидарност со Ѓорче, ги повикавме на седница два пати и Цончев и оние другари, што беа присутни на собранието, кога се решаваше ние да застанеме на чело на Комитетот (Цончев, Николов, Јаков, Гаруфалов, капетанот Дим. Венедиков). Уточнувавме и се усогласувавме и потоа привремено работата пак одеше напред. Сето тоа стануваше така пред да дојде до запленувањето на Ѓорчевото писмо.

          Во текот на тоа време ние им испративме голем број дејци, да ги воспитаат, на пр. Чернопеев, што служеше во 15. Ломски полк, во мојата чета; ги испративме Ѓорги Херојот (Марко), Крстју Б’лгаријата, Атанас Бабата. Ним ние им ги испраќавме луѓето на располагање, без да им даваме некакви инструкции да се изделуваат од Внатрешната организација, или да ни бидат послушни нам. Од сето тоа можеа да разберат дека ние никогаш не сме сакале да им ја преземеме Организацијата.

          Кога Братството во Солун капитулира, тука Кочо Аврамов и Александар Чакаров, што со својот весник „Автономија“ служеа на братството, и продолжуваа да бидат во опозиција, иако и однатре им пишуваа да запрат. Чакаров попрв се свести и замолче. Кочо Аврамов продолжуваше да прави интриги, па дури требаше да се пука во него, но остана жив. Тој се среќаваше и со Молохадис…

          Шумните постапки од нашиот Комитет во тоа време се правеа од три побуди. 1-во, се правеше јуриш за собирање пари, репресивни мерки; 2-ро, репресивни мерки против шпиони, на кои ќе ни се укажеше и однатре и 3-то, требење на тукашни шпиони, што беа откривани од нас и во странство. Сите казни беа извршувани со согласност на Делчев и на Ѓорче – во нив вклучително и атентатот врз Михаљану, што во печатот го поткажуваше постоењето на Организацијата. Дојде Фитовски со предлог да ни купи пушки од Романија. Него ни го претстави Протугеров. Јас му се заканив дека нема да мине добро ако не предаде. Тој отиде кај турскиот пратеник, и стори поткажување за сè за пари. Ги изеде и нашите пари. Ние се стремевме како да спречиме да не се поткажува постоењето на Внатрешната организација. Дури за уредннкот на Пестер Лојд, што го објави статутот на Организацијата (очевидно се добрал до него преку австрискиот конзул Бора), и откриваше како се набавува и како се пренесува оружјето, постоеше наше решение за казнување, но не беше извршено. Имаше фанатизам. Па и внатрешните луѓе беа восхитени како од тоа што имаме средства, така и од тоа што гледаа каква сила сме тука. Оние што доаѓаа во Софија, потем внатре раскажувале со големо восхитување за силата и значењето на нашиот Комитет. Со тоа се подигаше духот и внатре во Македонија.

          Ние принципиелно бевме на ова стоиште: да се држиме далеку настрана од официјалните сфери, силата да ја црпиме од народот, од масата. Главно преку друштвата. Спрема официјалните сфери имавме обѕири само до толку доколку мо-жеме да земеме од нив средства без да се обврзуваме спрема нив, аодозгора уште и под услов тие да не ни пречат. Притоа, се стремевме за постигнување потполна солидарност со Внатрешната организација, главната опора за крајната цел. Друга задача ни беше да го вовлечеме офицерството, тоа да се заинтересира за ослободителното дело, па кога ќе потреба еден ден за внатре, да го имаме на располагање. Тоа ни го изјавуваа и внатрешните, дека на денот на востанието сè ќе им се даде во рацете на офицерите, и воопшто на воените луѓе, а пак дека учителите ќе останат назад, како морални сили.

          Што се однесува за сметките сите другари офицери (Цончев, Јанков, Николов и други) кои учествуваа во активноста, имаа право да доаѓаат и да ги прегледуваат сметките. Приходите и расходите се правдаа со документи. На пријателите им се стори загадочно што јас најдов средства што ги внесов во Комитетот, без да кажам за нивниот извор, околу 65.000 франка, што беа заведени вака: на пр. Ив. Николов од Браила (непостоечки) дал 10.000 лева и сл.. Беше дадена расписка, колку за да фигурира во кочаните. Со записничко решение од тие пари одделивме еднаш околу 10.000 фр. што беа употребени како неповратни за издржувањето на некои пријатели околу Комитетот, што не сакаа да даваат признаници. Од нив беа давани пари и на Ѓорче, Делчев, Мурџев и др.. Извесни мали злоупотреби од наши луѓе беа покривани од тие пари. За година и половина околу 560.000 франка вкупно влегоа во касата на Комитетот. Повеќе од половината од тие пари беа дадени за бојни материјали. Купивме 1.100 пушки малихерки во Австрија, и околу 10.000 кримки со еден и половина милион патрони, околу 1.500 мартинки, берданки и др.; и имаше не помалу од илјада револвери. Заедно со комитетите внатре отидоа до 200 пушки манлихерки; а другите беа сместени во складови на границата (за манлихерки пушки беа дадени 64.000 франка а сè на сè чинеа до 70.000). И воопшто сите пушки беа сместени во складови, и се предадоа на следниот Комитет. Пушките кримки се внесуваа внатре во Македонија уште во мое време, им ги предававме на началниците на Внатрешата организација на границата, без пари, само со земање признаница. Ние им ги издржувавме крајграничните пунктови, а тие даваа само признаници. Воопшто трошоците беа основани, и поголем дел од нив отиде за целите на Внатрешната организација. Воопшто немаше разидувања по парични прашања. На конгресот беше избрана ревизиона комисија.

IV

Меморандум до европските владетели и до султанот. – Основање на весникот „L`Effort“ во Париз. – Сарафов кај генерал Куропаткин. – Формирање на „стрелачки дружини“. – Сарафов кај рускиот пратеник во Софија Бахметјев. – Апсење на Сарафов и на неговите другари од Комитетот.

Не милувавме многу да се плеткаме со дипломатија, но честопати беше потребно и тоа. Еден Англичанец ни велеше дека би можело да се добијат средства од Англија, до 4-5 милиона, но за тоа требало да се испрати до европските сили еден меморандум, со кој да се бара извршување на чл. 23 од Берлинскиот договор, па потем самите да си ги бараме правата. Напишавме и испративме еден меморандум до самите европски владетели, со препорачано писмо по пошта, а еден и до султанот. Меморандумот до султанот беше категоричен: или мир или војна. Во меморандумот до владетелите главно се бараше извршување на Берлинскиот договор. Имавме на ум некој од Комитетот да отиде во Англија, за да се сретне пак со оној Агличанецот, но не бидна ништо. Јас двапати одев во странство – за купување на оружје и за основањето на весникот „L`Effort“. Ние обрнувавме големо внимание на нашата пропаганда во Европа. Тој весник не чинеше 5-6.000 франка. Симеон Радев ни изврши исто така услуги. Моето трето заминување во Русија беше во 1900 год. во месец април. Токму тогаш за Русија заминуваше нашиот воен брод „Надежда“. За таму беше тргнат Паприков. Тогаш се говореше и за Бургас – Варна. Јас тогаш се наоѓав во Русе, и набрзина решив да заминам и јас во Петербург. Сакав да ја појаснам положбата на пријателите на револуционерното дело – на гроф Игнатиев, Башмаков, баронесата Дистерло, Леонтиев, Харузов (во географското друштво) и др.. Го посетив и Куропаткин. Тој ме прими студено. „Что ви делаете?“ Јас му кажав дека веруваме во неговите длабоки симпатии спрема нас. „За нас се пролеаја неколку капки од вашата крв, а ние Македонците останавме последните робје“. Му ја опишав неподнесливата положба, и дека најпосле може да дојде до вивнување на востание и слично. Тој решително, остро, ми рече да не правиме глупости, оти Турција ќе не здроби, дека Русија е зафатена на Далечниот исток и слично. Тој беше остар, не ме покани ни да седнам, и ми зборуваше стоејќи. Јас не му реков дури и збогум – излегов и веднаш си заминав со експресот за Ница. Куропаткин по моето излегување го прашал по телефон Станчева, кај живеам. Јас се исплашив да не ме екстернираат, и побрзав да си отидам. Моите впечатоци од Петербург беа такви, дека таму имаше еден кружок од пријатели, што ни сочувствуваа, на кои Паприков им беше рекол дека ние можеме да им организираме станица за јаглен во Варна и Бургас, но дека во случај на движење во Македонија, – дали Бугарија може да смета на поткрепата од Русија. Не му било одговорено ништо одредено, и останало така само на разменување на мисли.

          Тоа беше во 1900 г., ми се чини во март или април. Поминав преку Виена за пушките. Се одбив во Штаер, каде оставив човек да раководи со работата. Потем таму нарочно одеше Софрониј Стојанов, за да ги презема една по една. Ги пренесовме по Дунав, – минаа небаре носиме модер камен за државните лозја.

          Кога се вратив, по конгресот активноста продолжи. Се засилуваа активности за собирање средства. Кон крајот на 1900 год. се зафативме да формираме стрелачки дружини. Им ја оставивме таа работа на воените, тие да ги обучуваат и вежбаат – Јанков во Шумен, Николов во Варна, Протугеров во Русе, Јорд. Венедиков во Плевен, тука Гаруфалов и Д. Венедиков. Потем се менуваа на смена и други офицери од братствата. Купуваме пушки кримки и за стрелачките дружини. Беше соборен Радославов, кој не ги извршуваше инструкциите од кнезот за вршење на репресалии против нас. Стрелачките дружини ги штрекнаа и дипломатијата и турската влада. Дојде до голем притисок. Се случи и аферата со Михаиљану. Во тоа време ме повика рускиот дипломатски агент Бахметјев. Тој сакаше да ме подзаплаши и да ме посоветува. „Отидовте многу далеку – ми рече тој. – Клучовите за македонското прашање се во Петербург. Какви се тие дрпања на пари со сила? Сета ваша работа е само студентска фантазија. Тоа создава во Европа лош впечаток. Па и во Русија, затоа што ако сторите нешто, нема да ви помогне, бидејќи Русија е зафатена на Далечниот исток. Ме советуваше да си дадам оставка.

          Јас му одговорив дека присилното собирање на пари е систем на кој не натера со своите неискрени постапки токму дипломатијата. Ако ние самите не се нафатиме со нашето ослободително дело, дипломатијата нема да ни помогне. Дека тој нема право да се меша во таа работа и сл.. Мојот одговор му се стори дрзок. „Кога ме наговарате да си дадам оставка, реков, треба да имате и кандидат што ќе ме замени“. Тој ми рече дека Ризов бил погоден човек за тоа. Јас му одговорив дека тој не може да успее. Тогаш Бахметјев ми рече: „Штом е така, и вашата организација тука, и онаа таму, ќе се сторат прав и пепел“. И така стана. По некое време дојде владата Каравелов – Данев и министерот Сарафов ме уапси, а истовремено и во Солун ги уапсија членовнте на Комитетот.

          Ние го предвидувавме тоа. Ѓорче беше уште во Трново; Делчева го немаше. Тој дојде, но веќе и тој не доаѓаше кај нас, поради Ѓорче. Решивме да се тргнеме од Комитетот, со тоа што ќе заминеме внатре во Македонија, и тука да оставиме наши заменици, се разбира, ами кои други, ако не пријателите со кои се бевме договарале пред да влеземе во Комитетот, а имено Цончев и неговите другари. Зборувавме за тоа што може да се очекува, и ги прашавме дали се готовни да ја преземат работата во свои раце. Цончев се искажа дека е готов (во декември 1900 год.). За да го сондираме теренот, како ќе се одрази ова во Бугарија, им го соопштивме тоа на носителите на политичките партии. Кога слушнаа за тоа, кренаа голема врева: „Што? Организацијата во рацете на луѓе на дворецот?!“ Симеон Радев дојде од Европа и ми рече дека сега, кога нашето дело тргнало толку добро во Европа, сега сосем ќе се компромитира, кога ќе се најде во рацете на официјални личности. Во меѓувреме, Цончев беше отиден во Видин за да си даде оставка. Увидов дека навистина ќе биде лошо ако на чело застанат старите офицери, и веднаш му напишав на Цончев, трудејќи се да му докажам дека ќе има голема опозиција, и му го докажував тоа со повеќе телеграми и писма и сл.. Предлагав околу нас да се приберат двајца-тројца од помладите офицери, да се запознаат со активностите, па кога ќе не уапсат, привремено да работат заедно со другарите од Комитетот, за кои знаевме дека нема да бидат уапсени. Наместо да се согласи со ова, Цончев напротив си даде оставка заедно со Јанков и Николов, а пак младите офицери Протугеров, Стојанчев, Дарвингов беа задржани на воена служба. Побаравме мислење од Делчев. Тој се искажа решително против: „Нема да допуштиме офицер во Организацијата и во Комнтетот. Ако на чело застане Цончев и вие заминете во Македонија, ќе ве пречекаат бајонетите на Организацијата“. Делчев се врткаше и меѓу социјалистите кои беа особено против офицерството, а од друга страна се наоѓаше под влијание на Ѓорче во Трново.

          Меѓутоа, уште пред да не уапсат нас, ги уапсија членовите на Комитетот во Солун. Од солунскиот Комитет добивме непотполнети бели листови, подвлечени, со порака да си напишеме сами полномошно за да влеземе ние внатре, и да го замениме Централниот комитет, за чиј состав да влезат лица што ние ги сметаме за погодни. И покрај тоа, Делчев беше против. Тој велеше дека не ги признава тие работи, тоа решение на Солунскиот комитет, што било донесено во момент на неговото апсење. И навистина оние во Солун си помислиле дека пропаѓа сè кога ќе ги уапсат. Тие ни предлагаа да формираме еден подвижен ЦК, во чиј состав да бидам јас, Делчев и Ефрем Чучков. Но бидејќи Делчев се спротивставуваше на тоа и постоеше такво расположение (тогаш под негово раководство беа четите, тој беше назначен за инспектор на четите), од тоа не бидна ништо. Делчев веќе не сакаше да се дружи со нас, затоа што се сомневаше дека имаме поголема блискост со Цончев, одошто со Внатрешната организација. Дојдоа Цончев, Николов, Јанков (во цивилно) и Протугеров, Стојанчев, Дарвингов и др., и се собравме на седница. Присутни беа и С. Радев, Страшимиров, Гологанов и нашиот Комитет. Сакаа да го слушнат нашето последно мислење. Меѓу нас беше Саракинов, човек на Цончев, што бараше да одиме докрај со Цончев. Ние известивме дека во март 1901 година за секој случај ќе биде свикан конгрес. Цончев со својата компанија побараа да ги кандидираме на претстојните избори за идниот Комитет. Офицерите и Цончев и компанија настојуваа да се согласиме со таа комбинација, така што во извесна смисла и ни го наложуваа тоа, дека тоа треба божем да го сториме од другарска, офицерска солидарност, затоа што најпосле Цончев и компанија можеле да бидат на чело на Комитетот и порано. Јас им одговорив дека не можам да се согласам да стане таква официјална смена на Комитетот, но се согласувам да доаѓаат и потоа, дури и на Комитетот, па како и порано да дејствуваме во слога. Тоа не им беше пријатно. Цончев дури ме запраша: „Вие и заповедате тука?“ Му одговорив дека во својство на претседател на Комитетот, обврзан да ги пазам интересите на делото, јас заповедам. Цончев одговори дека тие нема да се согласат со таква заповед. На тоа јас им ја покажав вратата, – и ги избркав. Раскинот беше потполн. Тие ми се заканија дека од утре ќе бидат опозиција. Им одговорив нека повелат, само нека бидат опозиција врз база на принципи, а не на амбиции. И навистина тие уште утредента низ цела Бугарија разгласија дека имало големи злоупотреби. Тоа беше нивни маневар (тоа стана вечерта на 13 март, 1901 г.). Јас распратив телеграми дека луѓето Јанков, Мурџев и Саракинов се отпадници, па друштвата да не им укажуваат доверба.

          Истовремено владата беше против одржувањето на конгресот. Не им дозволуваа на учителите да дојдат на конгресот. Отидов кај Каравелов, и го запрашав каков демократ е тој, кога не им допушта на учителите да дојдат на конгресот! Дали тој е, на чело на демократијата, или е само извршител на заповедите на кнезот? Каравелов сиот растреперен ми рече: „Ќе видиме, ќе видиме.“ Си отидов. Нашата положба беше трагична: ги оттурнавме своите блиски другари, офицерите што помагаа, токму поради споменатиот принцип, имено дека Внатрешната организација не сакаше да прифати на чело на Комитетот официјални лица, блиски до дворецот и до официјалните сфери во Бугарија, а од друга страна поради Ѓорче, и оние собири што ги правевме со Цончевци, додека дојде до раскинот, си ја натоваривме омразата од Делчев; од трета страна владата го спречува конгресот, одземајќи ни ги најнадежните сили – учителите. Владата, бидејќи предвидуваше оти ќе победиме на конгресот, ненадејно не уапси на 24 март вечерта, -15 дена пред конгресот, за да не можеме да се оправдаме, отфрлувајќи ги на конгресот изнесените клевети против нас.

V

Стојан Михајловски застанува на чело на Коммтетот. – Интриги од страна на генерал Цончев против Сарафов. – Редовниот македонски конгрес го избира Цончев за претседател на Комитетот. – Сарафов заминува во странство, да бара парични средства за ослободителното дело.

25 јануари

          Не уапсија одеднаш сите: мене, Ковачев, Давидов, благајникот Ѓорги Петров, кого го сметале за Ѓорче Петров (и тој беше замешан по делото). Благајникот го пуштија по 3-4 дена. Со Комитетот остана да управува Ѓорги Минков, а за помошници ги назначиле покојниот Славе Мерџанов, покојниот Соколов и други блиски другари.

          На 8. април се одржа конгресот. Цончев и компанија уште на станицата ги пречекуваат делегатите, растураа пак клевети за големи злоупотреби и агитираа за своја кандидатура. Со ретки исклучоци кај нас не ги пуштаа делегатите.

          Цончев и др., откако видоа дека нивната кандидатура нема да може да мине, ја издигнаа кандидатурата на Владимир Димитров (од Костур?), Стојан Михајловски, Кепов, д-р Владов, Георги Минков. Во новиот Комитет Михајловски и д-р Владов беа на страната на Цончев, а Кепов и Вл. Димитров – на страната на Делчев; Минков и Георги Петров, избран за благајник – беа на наша страна. Истовремено од конгресот беше избрана една тричлена комисија, да дојде во затворот за да искаже благодарност за нашата активност. Во таа делегација беа избрани Цончев, Михајловски и д-р Владов. Дојдоа. Михајловски одржа официјален говор. Со тоа јавно ја покажаа својата доверба во нас. Дури и Михајловски, кога видел какво е расположението на конгресот, имал намера да ме предложи мене за почесен претседател. Во одговор на нивната реч, јас им се заблагодарив за искажаните незаслужени заблагодарувања. Искажав надеж дека тие ќе развијат поголема активност, особено му се обрнав на генералот, на кого му напоменав дека најдобро би сторил ако остане најобичен регрут во Организацијата, за да бидат избегнати сите сомневања спрема него.

          Кога вториот Комитет стапи на должност, во наследство од нас доби околу 40-50 илјади франка во готово во касата на Комитетот и уште толку пари недособрани од друштвото; 1.000 пушки манлихерки складирани во складови по границата, и уште многу пушки берданки, а освен тоа добро организирани друштва – околу 250 низ цела Бугарија.

          Овој Комитет, во ваков состав, не покажа сложна активност. Секоја страна гледаше да протежира свои луѓе, па затоа изостана тековната работа. Општеството го пречека студено новиот Комитет. Друштвата престанаа или внесуваа сосем малу пари, исчекувајќи што ќе стане понатаму. Цончев почна лично да ги прибира парите од друштвата. Од некаде тој добивал и други пари, па со тие средства испраќаше делегати по друштвата, за да агитираат друштвата и управите да се преформируваат во негова полза. На тој начин се подготвуваше теренот за редовниот конгрес во почетокот на август.

          Интригите за злоупотреби продолжуваа да се шират насекаде. Во затворот дојдоа различни кореспонденти од странство, а народот – Македонците јавно ги искажуваа своите симпатии, собирајќи се пред затворот. Сите разбираа дека започнатото дело не оди добро. Во меѓувреме беше затворен и Ѓорче Петров, го држеа во затвор 2-3 месеци, и потем го пуштија. Делчев беше тука. За да му дадам последен доказ дека не сум му наклонет на Цончев, иако сме биле другари по служба, јас му предложив да ги земе илјадата манлихерки за внатрешноста, затоа што инаку ќе ги земат цончевци. Му предлагав да ми даде признаница за нив, за да можам да ги правдам при предавањето.Туку Делчев, не знам поради какви причини, не посака да го стори тоа. Истовремено Делчев се заокружи повеќе со социјалисти тука, што ја поттикнуваа омразата спрема нас, па кога ќе дојдат да се борат против Цончев, гледаа пак ние да не стапиме на сцената. А токму со таа тактика тие сторија Цончев да добие 53 гласа, а Минков 52! Цончев се покажа поголем мајстор во фракциските борби, – си обезбеди мнозинство на конгресот. На конгресот имаше 10-15 мина социјалисти. Истовремено конгресот започна со своите седници, а нас не изведоа на судење.

          Конгресот уште се одржуваше, кога нас не ослободија, и ние успеавме да се јавиме на конгресот, претпоследниот ден. Кога дојдовме таму, побарав Саракинов, што не беше обвинил дека пред апсењето сме зеле 100.000 франци, да го каже тоа јавно пред сите. Саракинов кажа дека тој знаел за тоа, а дека за тоа знае и Цончев. Овој стана и одрече дека знае за таква некаква работа. Интригата беше смислена така дека божем ние, членовите на Комитетот, сме си ги поделиле подеднакво парите. Откако Цончев го одрече тоа, Саракинов се збрка, и не можеше ништо да рече. Конгресот прифати да се внесе во записникот дека го осудува однесувањето на Саракинов и други, што растураат такви клевети против нас.

          На прашањата што ни ги поставија за сметките, дадовме одговори и побаравме да се избере една комисија што ќе ги прегледа сметките. Во таа комисија беа тројца, меѓу нив и Габровски. Таа комисија никогаш не нè повика да ги прегледаме сметките, ниту пак самата ги прегледа. Сето тоа претставуваше само долен фракциски маневар, бидејќи не можеше да се докаже ништо.

          Конгресот усвои резолуција, предложена од Габровски и напишана во согласност со Делчев. Со таа резолуција од една страна се осудуваше теророт, и од друга страна пред Комитетот во Бугарија се поставуваше нова директива, според која му се ускратуваше правото да ја проширува дејноста надвор од границата на Бугарија. Воглавно таа резолуција претставуваше предупредување на Цончев во иднина. Заправо ние не се мешавме во работите внатре во Македонија. Јас се смешав само во Цариград, кај бевме испратиле луѓе да ја потопат Отоманската банка таму (ги испратив Мерџанов, Соколов и Манџуков: тие беа стасале до темелите на банката, туку работата се разоткри; Турците ги уапсија и тројцата, но ги пуштија по барање на нашата влада, само за да не стаса работата до судење). По повод на таа резолуција јас станав и им реков дека со резолуцијата се нафрлуваат на нас и од двете страни, сиреч и од страна на Делчев (Габровски зборуваше со зборови на Делчев), но иднината ќе покаже кој е во право.

          По конгресот се собравме јас, Ѓорче и Делчев. Јас им реков дека Комитетот на Цончев ќе направи што сака, затоа што го прифати нашиот систем – теророт, додека ние се откажавме од него. Затоа, реков, на ним треба да им се спротивстави пак само со терор, за да се заземе наново изгубената позиција. Делчев беше разочаран оти го избраа Цончев. Јас в лице им реков дека тие, Делчев и Ѓорче, се виновни за тоа, бидејќи ги обединија со него листите против мене, што сепак му бев поприврзан на Делчев. Делчев призна дека згрешил. Ѓорче се извинуваше што не зел учество во тие работи.

          Делчев беше на мислење дека треба да се започне легална борба против Цончев, да се бориме преку весници, а пак за тоа нема средства. Јас им реков дека не можам да стојам тука, и да гледам како луѓето на Цончев ќе се гаврат со нас, и ќе не тероризираат, а пак јас како баба да се борам само преку пишување во весници. Делчев и Ѓорче се согласија да заминам во странство, и да се потрудам, ако може да се набават средства. Тоа беше во крајот на септември 1901 година

VI

Сарафов се среќава во Виена со фон Милер, подоцнежен австриски цивилен агент во Македонија. – Средби на Сарафов со истакнати политички личности во Париз. – Преговори со српските претставници Балукчиќ и Симмќ. во Минхен и Будимпешта. – Сарафов и Давидов во Белград. – Неуспех насекаде. – Богатиот Англичанец – Остер судир со Цончев на мак. конгрес.- Расцеп на конгресот, формирање втор мак. Комитет на чело со инженер Станишев.

Заминав за Виена. Таму беше брат ми со својата госпоѓа. Таму грофот Јозеф, сопственик на “Information”, ме покани да отидам кај него за да му дадам податоци. Отидов да му раскажам. Направо му реков да ми каже дали може да ми посочи некаде некој извор на средства. Најпосле тој ми рече дека во Министерството за надворешни работи има некој влијателен функционер, што би сакал да поразговара со мене. Веднаш си помислив дека тој човек ќе сака да ми понуди пари. Реков дека сум согласен да се најдеме со него. Еден ден, во договорен претходно час, во куќата на грофот Јозеф дојде господин фон Милер (Von Mŭller) сегашниот цивилен агент во Македонија. Тој раководеше со информационото биро за балканските работи. Милер го искажа своето восхитување од мене лично и од чудесиите: „Вие, ми рече тој, го подигнавте на дневен ред прашањето: не остана весннк што не да пишува за тоа. Вис играте на голема карта и слично“… А јас направо – потребни се пари! Тој ми одговори дека таа работа не е лесна, ние сме конзервативна држава, императорот не би се согласил и слично и слично. ,,Ами, како им давате пари на Албанците?“ – „Да, за католичка пропаганда“, – ми одговори тој. Му реков дека им даваат и на беговите и слично, дека ние сме соседи на Албанците и добро ги знаеме тие работи. Фон Милер почна да вртка, дека што се однесува за средства за мое лично издржување и на моите другари, тој би можел лично да ни даде извесна сума пари, бидејќи ме знаел, дека ќе имам некаква ролја итн. Јас категорички одбив да примам пари за лично издржување, затоа ште не сакам морално да се обврзувам и слично. Би можел да примам средства за каузата, а не за себеси лично а и дека ќе му ги претставам и другите пријатели (мислев Ѓорче и Делчев). „Да ме варди господ“, – одговори Ф. Милер, – не би се осмелиле да даваме пари на една таква личност како што сте Вие, а не уште да им дадеме на други двајца-тројца такви“. Ми вети дека можам да живеам во Австрија, ќе сум се наоѓал под негова заштита, но под услов да не го носам своето име, па да не се помисли нешто, па и Русија да не се посомнева. Се разделивме со Ф. Милер, што ми ја искажа својата готовност да ми дава совети. Подоцна грофот Јозеф ме претстави и на водачите на младочешката партија, пратеници во парламентот. Тоа стана во кафеаната „Плауер“. Не зборувавме ништо особено. Јас им побарав поддршка за нашата кауза, особено да не нè забораваат во парламентот (тоа беше во почетокот на септември).

          Во втората половина на септември од Виена заминав во Париз. Го повикав Симеон Радев од Женева, за да ме запознае со круговите, што имаат симпатии за нашето дело. Ме запозна со Пресансе, Клемансо, Виктор Берар и Кијар. Зборувавме за нашето ослободително дело. “L`Effort” беше престанал да излегува, и јас постојано мислев како да се најдат средства за да обнови излегувањето на весникот, бидејќи и тие фанцуски пријатели се искажаа, дека треба да се печати весникот. Мис Стон беше веќе одграбната кога тргнав од Софија, и целиот печат ми го припишуваше тоа на мене. Пресансе ме посоветува да дадам деманти за тоа, и јас го дадов тој демант во в. “Temps”. За да не покрене Романија барање да ме предадат, по совет на Пресансе веднаш по објавувањето на демантите во “Temps” заминав за Лиеж. Таму беше Никола Тјуфекчиев, што студираше инжењерство. Таму се задржав цел месец. Ги разгледав фабриките за револвери и друго, за жал само ги гледав, не можев да купам ништо. Се кренав од тука и ја оправив во Женева, каде се наоѓаше Симеон Радев. Тука се сместив во хотелот „Белви“ под името Владимир Николас (Nicolas) со пасошот на Робев. Се зафатив посериозно да го учам францускиот јазик. Чекав да заврши аферата со Мис Стон, за да се здобијат со пари. Му пишував на Давидов, на Ковачев, па и на Ѓорче и Делчев. Од Делчева добив во одговор неколку писма. Во Женева се задржав до февруари. Се наоѓав на пансион во хотелот, каде се запознав со некои Американци и Англичани. Почнав да водам разговори со нив, и им се кажав кој сум, за да видам дали може да се набават средства. Со еден од нив, прилично богат човек, се спријателивме, почнавме да се рашетуваме заедно. Кога во Софија пиштеа за пари, Јаворов го издаваше в.„Дело“, па и тоа веќе не можеле да го тераат, јас му се оплакав на Англичанецот на нашата положба, и тој на двапати извади по 8.000 л., откако ме обврза никогаш да не го кажувам неговото име. Од тие пари јас им испратив 8.000 лева на Давидов и на Ковачев. И со тие пари излегуваше в. „Дело“, што го пцуваше Цончева, но не нè забораваше и нас (таков си е светот).

          Во Женева се сретнав со Балукчиќ; тој отиде во Минхен. Ме замоли да дојдам во Минхен, и јас отидов таму каде што се наоѓаше и семејството на Балукчиќ. Балукчиќ ми кажа дека води кореспонденција со Симиќ. Балукчиќ беше сметан како за нешто социјалист! Во потполност го одобруваше нашиот принцип: Македонија на Македонците! Тој ќе имал средба со Симиќ во Будимпешта, па ме покани да отидам заедно со него, затоа што и Симиќ сакал да се види со мене. Отидовме во Будимпешта, дојде и Симиќ. Тоа беше на 26.1.1902 г.. Се сретнавме во ресторанот„Панонија“ (Narepes utcza). Тука за првпат се запознав со Симиќ. Со него поразговаравме најљубезно. И тој ја одобрувал паролата „Македонија на Македонците!“, туку само страхувал од бугарско завојување. Му реков дека Цончев работи со Бугарија, а пак јас сум прогонуван од бугарската влада. „Ајде и вие Србите дадете ни малку средства на Македонците, за да можат Македонците да ги поделат своите симпатии спрема Србите и Бугарите. До сега има помагано само Бугарија и сл..“ Симиќ отворено пред Балукчиќ зборуваше против кралот Александар, и Балукчиќ му одобруваше. Симиќ призна дека и Србија треба исто така да даде средства, сиреч пушки и пари. Јас им побарав мартинки, бидејќи во склад во Ниш тие имаат 14 илјади мартинки, та малу по малу да извлечеме некое количество од нив. Симиќ рече дека треба првин да зборува со кралот, па затоа јас да слезам во Нови Сад, за да чекам на одговор. Така и стана. Но бидејќи работата беше сериозна, јас му напишав за сè на Ѓорче, за да дојде заедно да ги водиме преговорите. Ѓорче ми одговори дека нема пари. Му испратив телеграфски 200 лева во Трново, каде се наоѓаше. Наместо него дојде покојниот Давидов. Седевме во Нови Сад за да чекаме. Поминаа четири дена, па го испратив Давидов во Белград, каде се нашол со Симиќ. Давидов се врати во Нови Сад. Најпосле Симиќ ме повика, и ние отидовме во Белград, се сместивме во хотелот „Париз“ – јас под името Богдан Петров. Тие ни платија за сè. Се зафатија преговори. Симиќ ми рече да се видиме со претседателот на владата и со министерот за надворешни работи Вуиќ. Отидов кај Вуиќа. – Истата песна, како и Симиќ, имено: наклонети се да ја поддржат автономна Македонија, „Македонија Македонцима!“. Ги натерав уште додека сум кај нив да напишат едно циркуларно упатство до своите агитатори воМакедонија. Го умножија, потпишано од Симиќ и Вуиќ. Во него пишуваше да имаат доверба во мене и моите луѓе, и да се држат настрана од луѓето на Цончев, бидејќи внатрешната организација искрено работи за идејата „Македонија на Македонците“. Се чинеше дека Симиќ делува искрено. Јас им реков да бидат уверени дека кога ќе се воспостави автономна Македонија, веднаш ќе се формира најсилна партија, која ќе биде против анексијата (со Бугарија), од која страхуваат Србите. Им реков уште дека таа плејада борци за слободата на Македонија нема да плука врз своите принципи, оти Србија тогаш ќе излезе на море, бидејќи меѓу нас нема да има царински граници и сл. и сл. Тие ми поверуваа.

          Кога во Белград стасав јас, таму се докутуркаа и грофот Јозеф па и Вајсман. Симиќ ми рече дека кралот е наклонет да даде средства, Јозеф имаше аудиенција кај кралот, а ми се чини и Вајсман, – и се расипа работата. Не зедовме ниту пара, ниту ниедна пушка. Симиќ ми рече дека му е жал што неговите идеи не можеле да се пробијат; имале крал што секогаш се плаши час од Виена, час од Петербург и сл.. Сожалувам. Главен резултат беше циркуларното упатство. Се осети промена во однесувањето на српските агитатори во Македонија спрема Организацијата во 1902 и делумно во 1903 г..

          Ме огорчи тоа што не дојдоа ниту Ѓорче, ниту Делчев. Од Давидова разбрав дека весниците на Внатрешната организација ме пцуваат. Разбрав дека главно се плашат од моето име. Се вратив во Женева, да го побарам мојот Англичанец. Меѓутоа тој си беше заминал за Англија, и рекол оти има богат братучед, па ќе се потрудел да земел уште пари. Тој се врати во половината на март 1902 год. Тогаш од него добив 50.000 франка. Се чинеше дека човекот не е политичко лице, и е мошне богат. Кога ги зедов тие пари во кафеаната имаше група студенти – Симеон Радев и други – и ги истресов пред нив педесет банкноти по 1.000 франка. Веднаш реков во Париз да се започне со издавањето на “Mouvement Macedonien”. На Давидов му испратив чек на 10.000 франка. И се прилепив јас и на ќерка му на богатиот, стара мома (таа многу го симпатизираше нашето дело). Истовремено го повикав од Солун Јордан поп Јорданов (Орцето), и му дадов 10.000 франка, за да продолжат со работата. Уште кога бев во Комитетот, со согласност на Делчев се започна со поткопување на банката во Солун. Таа идеја беше на Славко Мерџанов, што ја имаше применето во Цариград, а пак Орцето и Диме Мечето беа негов огранок во Солун. Оние од Цариград, заедно со Мерџанов, ја намислиле таа работа. Орцето беше поработел некое време во Цариград, па таму научил како треба да се поткопува и сл.. Тогаш тие побараа од Делчев уште средства, но Делчев немаше да им даде. Таа работа запре по нашето апсење. Тогаш и Мерџанов, што беше во Софија, прекина со тоа, и заедно со Ерменскиот комитет Мерџанов, со една чета, презедоа една акција во Родосто, но тоа не им беше успешно. Потем удрија во Одрин, го фатија бекчето, но при сето тоа се разгоре борба, – ги фатија и ги обесија.

          И Делчев после од парите за Мис Стон му даде на Диме Мечето 5.000 лева за истата цел.

          А пак целта, и моја и на Делчев беше да се суреди нешто страшно во Солун, ако дојде до репресалии од турска страна, ако не можеме да подигнеме востание, или пак во самиот час на востанието.

          Истовремено со тоа му се јавив на Тјуфекчиев и побарав тој да им набави динамит. Барав и купив 1000 кгр. динамит, така што да експлодира со страшна сила во Солун. Го купивме во Париз. Бидејќи тоа беше мелинит и не прилегаше на обичниот динамит, што Турците го познаваа (ова беше жолт прав во 1000 пакла по 1 кгр.) си мислевме дека ќе може да помине преку турските царинарници небаре е „антифилоксерин“). Најпрвин испративме две качиња вистински антифилоксерин. Првин повикав да дојде од Солун еден Грк, кој ни укажа на друг Грк во Деде Агач, па до овој испративме две качиња од вистинскиот антифилоксерин, – овој сосем прилега и лесно поминал, без тешкотии, преку турската царина. Туку кога го испративме вистинскиот мелинит, случајот сакаше така, таму да се смени лекарот во Деде Агач, па направиле ново испитување, – го праќаат во Цариград за испитување – и узнаваат дека е динамит. Динамитот го фрлија во морето, а Гркот побегна во Атина. Тогаш купивме друг динамит, но го префрливме преку Бугарија – околу 150 кгр., и освен нив од Цариград поминаа уште околу 50 кгр., та со вкупно 200 килограми динамит ги извршија експлозиите. Сите тие работи стануваа тогаш.

          Меѓутоа, во Софија ги зеле парите за мис Стон. Давидов ми прати писмо, дека откако ги зеле тие пари луѓето од внатрешноста на Македонија, почнале напернато да се однесуваат. Затоа и јас самостојно се распоредив со тие 50 илјади франка. Во Париз почна да излегува весникот. Отидов таму и јас, инкогнито, туку сепак се сретнав со множество луѓе (во мај 1902 год.) Во Софија се подготвуваше конгрес. Се водеше интензивна агитација за да се кутне Цончев. Овој пак правеше интриги против внатрешните во врска со аферата мис Стон, а пак против мене дека се рашетувам и си правам ќеиф низ Европа. А пак за себеси правеше реклама дека еве штотуку ќе дојдат Русите и ние (Цончев) ќе кренеме востание. Јас требаше да дојдам на конгресот (во последниот ден на јули). Дојдов и јас да се потрудам да им го одземеме Комитетот. Меѓутоа, тие толку несмасно буричкале тука, што Цончев успеал да си збере свои делегати. Имавме наши делегати, – половината од нив беа мои лични пријатели, половината му беа пријатели на Делчев, – туку не можевме да собереме мнозинство. Уште во почетокот на конгресот Цончев не го допушти пристапот на конгресот на делегатите од исклучените друштва. Ако ги беа пуштиле делегатите од овие последниве, секако ќе успеевме. Јас предложив да се наметнеме – да си пробиеме пат со ками и револвери в раце. Ѓорче не сакаше, туку велеше да организирам тајфа. Јас не го прифатив тоа, и сè си остана така. Побарав да кажат што направила комисијата во однос на моите сметки. Ми одговорија дека не комисијата, туку Комитетот, самиот Цончев, ги прегледал моите сметки, и се нашло дека недостигаат 6.000 лева. Им реков тоа да биде запишано во записникот. Туку сепак не се искажаа категорички за сметките, туку ќе се формирала пак комисија – и избраа таква комисија. И таа комисија не стори ништо ни до ден денеска. Останаа само со приказните. Туку пред тоа ние демонстративно го напуштивме конгресот. Се одделивме, – отидовме да одржиме седница во „Д’лбок зимник“, на која донесовме осуда на Цончева поради неизвршената директива. Сите солидарно избравме нов комитет, на чело со инженер Станишев. Ако бев поставен јас на чело, прилично ќе им попречев на луѓето на Цончев за она востание што потем го крена тој.

VII

Сарафов попусто предлага решителни мерки против Цончев. – Сарафов во странство. – Се враќа во Софија поради доаѓањето на гроф Ламсдорф. – Значајни разгледувања по прашањето поставено од Солун, дали да се крене востиние. – Сарафов заминува со чета во Македонија. – Борбата кај село Владимирово.

Во тоа време владата размислуваше вака: кнезот му е наклонет на Цончев, па затоа да не го задеваме, за да не испаднеме во немилост, Паприков лично му беше најмалу наклонет на Цончев, пак по инструкции од кнезот. Но Цончев наидуваше на поддршка кај подолните функционери – офицери во военото министерство, затоа што тие си беа мислеле оти Цончев има поддршка од кнезот.

          Усеќав дека овие луѓе ќе кренат востание. На конгресот отворено му кажав на Цончев, оти знам дека сака да крене востание. Туку Делчев и Ѓорче никако не можеа да поверуваат дека тие ќе се решат да сторат такво нешто. Јас им велев: пријатели; ако не сакате да дојде до востание, дојдете да ги претепаме Цончев и некои негови другари, па со тоа да се избегне една голема катастрофа. Но тие не се согласија, затоа што владата ќе го искористи тоа, за да ја растури Организацијата и да ги разбрка оттука, па ќе си ја изгубеле базата и слично, дека кнезот токму тоа и го бара, и слично. – Глупаци, кнезот воопшто не ни помислил на такво нешто, и би било добро да се изврши ударот! – Јас тогаш пак заминав за Европа, не можев да стојам тука и да гледам – како луѓето прават востание, и тој срам не сакав да го поднесам. – Штом не се согласувате, им реков, јас ќе си заминам. И пак со нивна согласност отидов со задача, што ми ја порачаа, да видам, кај можеме да најдеме соодветно оружје за нас. Се покажа дека такво оружје има во Берлин, кај некој си фабрикант Grodstuck. Му јавив на Делчев, дека овој има оружје по поднослива цена, и дека можеме да купиме. Им порачав да пратат некој човек. Јас заминав (беше во почетокот на септември 1902 год.) две недели пред востанието на Цончев.

          Во време на востанието бев во Париз, и се преправав дека ова востание не претставува ништо сериозно, – се покажував безгрижен и рамнодушен, така што дури и кнезот тука беше се иритирал, па му рекол на Ризова дека додека луѓето креваат востание, Сарафов со четири кокони се забавува во Париз. Накај ноември во Берлин дојде Карајовев. Фативме да пазаруваме. Имаше пушки од типот Мартини и Гра. Се покажа дека нашите бараат околу 1.000 пушки, а пак човеков не продавал помалу од 4.000 пушки.

          И така со купувањето оружје не стана ништо. Се вратив назад во Париз, а Карајовев замина во Виена. Во тоа време, во почетокот на декември, грофот Ламсдорф беше започнал со својот поход. Дојдов во Виена, за да се најдам во близина, па и се прикажуваше дека тој првата посета ќе ја направи во Виена. Разбрав дека Ламсдорф доаѓа повеќе да прави прекори и да смирува. По него јас во Србија, и оттаму во еден ист ден со него стасав во Софија, на 13 декември. Кога тука ме запрашаа зошто доаѓа овој, – имаше интервју во „Вечерна пошта“ – беше објавено што сум рекол, а имено дека Ламсдорф во едната рака носи падарски реформи, напишани на хартија, а во другата рака држи камшик за бугарските револуционери и за бугарскиот кнез (види „Веч.Пошта“, бр. 13 или 14 дек.1902).

          Во Софија се собравме со внатрешните – со Делчева и др.. Им раскажав каков одраз имаше надвор востанието на Цончев. Нашите односи со Делчева сега, по ударот што им го нанесе Цончев, станаа посрдечни. Имавме едно важно собрание пред Божиќ, и на Божиќ (во улицата Цар Симеон, спроти куќата на Цуцев, таму беше сместен и Комитетот на Станишев). На состанокот беа Сава Михајлов, Герџиков, Татарчев, Матов, Прличев, Хр. Силјанов, В`лчо Антонов, Ѓорче Петров и др. Се разгледуваше писмото на Гарванов од Солун, дека по востанието од Цончев многу е зголемен теророт од страна на Турците, дека положбата во Битолско е неподнеслива, дека наскоро таму ќе вивне востание и сл.. Гарванов бараше од тука мислење за нивниот претстоен конгрес, што требало наскоро да се оддржи во Солун. Имаше две мислења. Едното: Хр. Матов и компанија сметаа дека треба да се крене востание, штом веќе е таква положбата. Поинаку мислеа: Делчев јас, Ѓорче, и воопшто мнозинството беа против масовно раздвижување, туку само на четите да им се дадат инструкции за поактивни герилски акции, и тоа така што првенствено да се дејствува со динамит по пруги, мостови и сл.. Имаше борба меѓу двете мислења. Имаше и друго мислење, застапувано од В’лчо Антонов, терорист, според кое не треба да се продолжи со неоружена активност, да се казни Цончев и сл… И Герџиков беше за тоа Цончев да биде казнет. Треба да споменам дека тогаш се зборуваше и за преговори со Цончев, па се донесе решение да се прекинат секакви преговори со него. Собранието најпосле реши на Гарванов да му се јави дека собранието не е за кревање востание, барем така да не се наречува, бидејќи тоа би значело да се фрли попусто последниот куршум, туку да се зајакнат герилските акции. Со ова се согласија и Матов и компанија, бидејќи според негово мислење, и да се рече „герилски акции“, сепак е востание. Беше уште решено, бидејќи ќе биде преземена активна дејност, сите дејци што беа погодни да влезат внатре во Македонија. Не поминаа многу денови од ова собрание, а тука во Софија веќе се докутуркаа Гарванов и Думев, носејќи ги решенијата од конгресот. Тие дојдоа во половината на јануари 1903 год., а Делчев беше заминат на 7 јануари. Гарванов го соопшти решението како дефинитивно, затоа што во Битолско не можеле веќе уште да чекаат, така што најдоцна во април или во почетокот на мај ќе биде прогласено сеопшто востание.

          Се договоривме дека ќе заминам и јас. Зборувавме за тоа посебно со Делчев и со Гарванов. Најнапред беше решено да заминам во Малешевско, Струмичко, Радовишко, Кочанско, за да видам што може да се стори во тој реон. Затоа почнав да се подготвувам за пат. Тргнав веднаш, бидејќи владата беше узнала оти ќе заминам. Тука не можев да се договорам какви пушки и друго ќе ми бидат дадени, ми рекоа дека сето тоа ќе ме чека на границата. Васил Попов од Стара Загора, кој делувал порано во Малешевско, ја зеде на себе грижата за собирање на момчињата. Константин Бараков (учител) родум од с. Скребатно, Хаџи Димов (социјалист), фелдфебелот Дачо Иванов од Књажево, мојот братучед поручникот Стојков (родум од Гајтаниново), поручникот Панајотов, родум од Трново, резервниот портопеј јункер Димитар Дечев (што беше заминал со Давидова и преку Грција се беше вратил), – тоа беа од пописмените во мојата чета, сè на сè околу 40-мина.

          Наскоро тргнавме од Ќустендил. Ни дадоа некакви негодни пушки, само дваесет манлихерки, другите беа мартинки, српски пушки, во кои не пасираа патроните, та потем си имавме со нив големи маки. Со мене тргнаа Сава Михајлов н Андон Ќосето со уште 25-мина. Тоа стана на 23 јануари 1903 год., на 26 вечерта ја поминавме границата кај с. Сажденик. Времето беше многу студено, така што никој не нè вознемири. Преноќевавме во колибите кај с. Сас`т; турската стражарница беше во близина на едно 2 километра, нашиот стражар со бинокл го набљудуваше аскерот, дали ќе заоди на некоја страна. Вечерта на 27 тргнавме за с. Луково (Кочанско). На 28 јануари горе над Луково беше страшно голем студ, носевме 10 товари материјал, носевме пушки. Сава носеше пушки за Гевгелиско; тие беа српски, ги викаа кокенки, по името на Кока Милановиќ, којшто имаше преправено еден вид маузерки. Носевме и околу 300 килограми динамит, машинки и слично. Цел карван! Патувавме само ноќе. На 29. се бевме искачиле на врвот на Голак, во едни бачила. Од Голак навлеговме во Малешевско, накај с. Разловци; најпрвин запревме во колибите, горе во планината, а вечерта отидовме во селото. Ги собравме селаните. Видов дека тука луѓето се заразенн од фракциските борби: четите на Цончев се прогонуваа со нашите. Разбрав дека тука ќе си имаме повеќе работа, да го лекуваме населението од фракциски судири, па дури потем да го подготвуваме за востание. Потем отидовме во бачилата нас. Митрашинци (Малешевско). Од разговорите со селаните узнав дека тука се крајно деморализирани, – ѓаволести, итри, од секој збор прават две лаги, го земаат оружјето и го кријат. Видов дека овие луѓе нема да се кренат на востанне, или пак би востанале ако ние станеме полоши од Турците, па земеме да ги колеме. Тука најдов една чета од Цончев, што тука вршалеше, предводувана од некојси Карабиберов, подофицер од војската, родум од Кнежевството, вистински разбојник, бивш коцкар. Вилнеше низ селата: неговата проповед му беше тупаницата, ги тепа селаните на време да му донесуваат храна, да го вардат од Турците. Штом узнал за нас, им се заканувал на селаните дека ќе ги изгори ако не прифатат. Овој „орман војвода“ не седнувал на трпеза без јагне и слично, а кутрите селани јадат леб полн со сламки. Му пратив порака да се најдеме. Го испратив Делчев да го кандардисува да дојде, дека Сарафов нема намера да презема ништо лошо против него, дека се подготвува востание, нема веќе што да не разделува и слично. Тој дојде со голема претпазливост, си ја беше построил четата во верига (околу 25-мина месни разбојници и коцкари, собрани од тука, и еден писар). Отидов кај него: беа нахранети, убаво облечени, изнакитени со ќостеци, си ги носат ерифите и една гајда да се веселат. Јас се трудев да го наговорам да престане да се инспирира од Цончев, туку да започне со поинаква активност. Сакав да му оставам некои од моите пописмени момчиња во неговата чета. Тој добро ме познава, па и јас него. Се престори дека е восхитен од сето тоа што го чул, и отиде боже, да доведе уште некои свои луѓе, и веќе никаде не се виде. Веднаш почнал да им зборува на селаните против мене и да прави интриги.

          Отидовме и по други села: Русиново и Будинарци. Тука го сретнавме и покојниот Крсте Асенов, во бачилата на с. Спасе (Сава се беше одделил за с. Нивичани). Со него поминавме и низ уште неколку села. Забележав дека и тој, иако самиот беше од школата на префинети идеалисти, честопати се служи со насилство спрема селаните, затоа што според негови зборови инаку не можело да се преживее ни два дена, и дека и други постапуваат така. Не знам каков впечаток му направи тоа на Хаџи Димов, што беше со мене, и на кого Крсте Асенов по идеите му беше поблизок. Откако ќе завршеше со тепаници и нагрубувања, Асенов брзо преминуваше на пријателски тон со селаните, на шеги и слично. Неколкупати им пишував на селаните од Владимирово, да излезат надвор од селото, затоа што внатре во селото имаше аскер, па селото беше деморализирано. Најпосле излезе коџабашијата, некој итер човек, шпион, подведувач и другар на јузбашијата. Нам ни се прикажуваше како ангел: негодува против чорбаџиите во селото и сл. Ни предлагаше да убиеме некои кои божем му пречеле на делото, а всушност биле негови лични непријатели. Меѓутоа, некои малешевци ни кажаа што човек е, и тој требаше да биде убиен, но Васил Попов го зеде во заштита, дека ќе се поправел, ако го прибереме на своја страна, а пак тој имал големо влијание и слично. Го пуштивме и тој веднаш не предаде.

          Потоа, на 12 февруари, имавме борба со аскерот – околу 150-мина, близу до с. Владимирово, во месноста Касапли. Ние можевме да ја избегнеме оваа борба, туку не сакав, затоа што сакав да им покажам на тие расипани малешевци, дека ние сме дојдени тука за да се биеме со Турците, а пак тука никогаш немало вистинска борба. Ги запрашав момчињата, дали сте готовни за борба, и тие се искажаа како готовни, иако можевме да ја избегнеме борбата. Местото не беше којзнае колку погодно. Зафативме борбени позиции. Ние бевме до 45-мина; Ќосето беше веќе се одделил. Крсте со двајца другари беше со нас. Борбата започна околу 2 часот попладне, и траеше до вечерта. Сите се одржаа на своите позиции. Турците се втурнуваа блиску и по име ме повикуваа мене. Знаеја, дека ако ме убијат мене, ќе бидат пофалени. Загинаа 8 момчиња: Константин Бараков, кој штотуку со Хаџи Димов ја пеел „Прости ми народе мој несреќен“, Дачо Иванов, фелдфебел, добро момче и др. Имаше тројца ранети. На левото крило беа убиените. Пушките не им чинеа. Јас испратив од центарот други момчиња со манлихерки и ги одбивме Турците. Од Турците загинаа околу 50-мина. Штом се стемни, откако ги потеравме Турците, и тие си ги напуштија позициите, ние веднаш исто така остапивме. Беше рането едно момче, бивш курир во претставништвото. Куршумот му беше поминал низ двете раце. Крсто Асенов предлагаше да го убиеме. Јас не се согласив, и така заедно со други го качивме на коњ. Се оддалечивме на едно 6 часа отстојание, ги преврзавме и ги испративме со уште тројца во Бугарија. Тие стасале среќно во Софија, и во Александровската болница ги фотографирал францускиот кореспондент Лудвиг Нодо. Потоа се разделивме со Крсте Асенов. Околу нас почнаа да тарашат со цели колони дојдените потери. Крсто отиде кај Сава.

VIII

Сарафов го продолжува патот накај Битолско. – Неговата средба со битолското раководство. – Советувања, како да почне востанието. – Обиколка низ реоните пред конгресот во Смилево. – Сарафов држи охрабрувачки речи низ селата. – Пристигнување во Смилево.

Слегнав во Радовишко, во с. Смилјанци. И тука беше достасал малешевскиот гнилеж. Раководителот „Гогицата“, писмен селанец, ортак со јусбашијата и ограбувач на населението, тој ги пречекува, тој ги испраќа четите. Туку сепак разбрав дека во градот Радовиш сепак има некое раководно тело, што може да ми услужи. Преку Гогицата порачав до раководителот Варналиев да ни испрати ова – она. Го запрашав да ми каже со што ние можеме да им услужиме. Тој ми закажа средба во с. Воиславци. Тоа стана уште во февруари. Узнав дека од Гарванова имало писмо, во кое се велело оти по еден месец јас треба да одам во Битолско. Му напишав на Гарванов дека сум решил веднаш да заминам за Битолско, каде ќе можам да земам учество во организирањето на востанието. Му опишав каква е положбата во Малешевско, и дека тука ќе биде потребна строгост и др., за да се дисциплинира населението. И сите момчиња сакаа да поминеме преку Вардар. Го испратив Дечев во с. Нивичани кај Сава, за да ми го донесе оттаму мојот дел од динамитот, околу 150 килограми, (секој комита носеше по една бомба). Сава ми испрати само 60-70 килограми, а останатото го беше задржал. Оттаму отидовме во селото Дедино. Таму месниот војвода Стамен, со двајца другари, формирал чета. За малу само аскерот да не опколиса. Што туку зазори излеговме од селото, а аскерот влезе. Со Стамена одевме низ селата во Радовишко. Кога стаса Дечев со динамитот, од селото Дедино се префрливме во с. Скоруша, преденувавме тука, па потем отидовме во с. Липа во подножјето на Градешница.

          Од Неготино веќе нè чекаа. Вардар го поминавме со сплавови на 1 март 1903 г.. Во Неготино имаше месен комитет, па убаво поминавме. Една оригинална работа: тука раководител беше најумниот човек, дедо Ѓорги Слепиот (човек на 55 г.). Тој излезе далеку надвор од градот да не пречека. Оттука удривме на с. Шивец. Тука ме пречекаа раководителите од Кавадарци да ме распрашаат за оружје. Ги посоветував да отидат во Бугарија и да си купат оружје, што ќе си го пренесат сами. Така и сторија. Кога ја поминавме Црна, излеговме на с. Фариш. Се движевме по патот ноќе. Од Фариш – во с. Никодим. Тука се сретнавме со Петар Ацев. Потем на Ореовец – Плетвар, каде дојдоа градските раководители од Прилеп: Петар Талев, Каранџулов и Тренков. Каранџулов беше вонреден човек, прекрасен раководител. А Петар Ацев се покажа како човек со разнишани нерви, нервозен. Народот тука е добар, нерасипан, чист во планинскиот дел на Прилепско. Но раководителите не соумеале да станат популарни.

          Потем од Плетвар го фативме патот накај Кокра во Мариовско (во Селечката Планина). Насекаде помагавме во агитацијата на Петар Ацев, ги бодревме селаните. Тие не пречекуваа добро. Јас насекаде. по целиот пат, поминував под псеудонимот „Круме“. Оттука испративме писмо до Битола – ни јавија дека ќе се сретнеме во с. Паралово. Се упативме преку еден чифлик, и на 9 март стасавме во Паралово. Тука дојдоа Лозанчев и Пешков – битолското окружно раководство. Не прифатија љубезно. Давидов не беше убаво препорачал. Почнавме да ја разгледуваме идната акција. Им реков дека не сум забележал народот во Прилепско да сака востание. Зборувавме за начинот како да се крене востанието. Моја мисла беше, ако можеме со десетина илјади души да удриме ненадејно, и да ја нападнеме Битола, да ги заземеме складовите, топовите, да отвориме оган по касарните. Имавме доста динамит. Во Плетвар во Прилепско пристигна една чета со Силјан Пардов на чело, што се состоеше од 35-мина демирхисарци, тие носеа со себеси 100-тина килограми динамит за Битолско. Овој динамит се испрати во Битола, а заедно со нив отидоа Васил Попов и Ив. Наумов. Динамитот му го предадоа во Плетвар на прилепското начелство, а овие потем го препратиле во Битола. Четата на Силјан Пардов со Попова н Наумова преку Селце отиде во Демирхисарско и Крушевско. А динамитот што го носев јас, го оставив во Екшису, да се најде за минирање на пругата.

          Видов дека Лозанчев и другите не се чувствуваат достатно силни за една таква акција врз Битола, каква што предлагав јас. Тие ми рекоа дека со Давидов зборувале Битолско да се подели на 5 востанички реони; секој реон, според месните географски услови, да дејствува одделно, а по потреба здружено. Тогаш јас изнесов мислење да се свика конгрес, откако ќе довршам со обиколките низ реоните, за да се уверам каква е подготовката, духот и слично, па да се знае на што можеме да сметаме. Излезе дека и тие се решиле на таква идеја за конгрес. Лозанчев беше дури на мислење да се пристапи кон делото – востанието најдоцна во април или мај. Се разделивме.

          Фативме на Брод на р.Црна и тргнав за Леринско. Брод е гркоманско село. Тука беше еден од леринските војводи, некојси Тане. Мојата чета имаше околу 25-мина. Во Паралово ги оставив некои од моите луѓе од пописмените: Сипков отиде во Охридско, со војводата Тане тргнавме за во неговиот реон. Стасавме во с. Сетине, гркоманско село. Беше забележливо незадоволството од првенците – гркомани и од поповите од сета наша работа. Ги собрав селаните во црквата, им одржав реч. Обично на вакви собири најпрвин говореше месниот војвода. Обично ќе речеше: „Досега работевме ние, а ете сега дојде и нашиот началник („Круме“), па слушнете самите од неговата уста што треба и сл.“. Ќе се слушнеше одговор: „Море ние знаеме оти од него нема поголем“. На 11 март бевме во Сетине, на 12 во с. Баница. Во Сетине дојдоа раководителите од с. Вошчарани. Имаше една учителка, една мошне пргава; само да ја види човек како бодро врвеше со четата! Не допрати до Баница. Вошчаренското раководство, заедно со она од Екшису беа централни раководни тела, и го заменуваа и околиското – леринското, што беше растурено, бидејќи беа уапсени учителите. Во с. Баница – истото тоа: пак беа повикани од б-7 околни села раководните тела, и пак говор во црквата. Во своите говори јас главно навлегував на тоа: Слободата не се дава, туку се зема, тоа не е една ока леб да си го купиш. Оној што ќе ти ја даде, ти ја дава колку сака и до кога сака. Нема ништо полесно одошто да си ја земеш слободата: треба само да кажеш „или ќе бидам слободен, или ќе умрам!“ Па и ако сакаме други да ни помогнат, да ни се даде слобода, треба да покажеме дека сме достојни за неа. Треба да покажеме дека се возмутуваме од турската тиранија. Грешни луѓе сме, сме народиле толку деца, па барем за децата да направиме нешто. Им ја опишував положбата на Турција – финансиска и слично. Ние им ја одзедовме ноќта, преостанува уште да им го земеме денот, и слично. Ги предупредував дека Турците ќе палат, ќе горат, но тоа да не ги обескуражува: над тие колиби ќе се извишат поубави куќи, во кои ќе нема плачење и лелекање, туку веселба. „Треба да ги витосате тие живеалишта, што потсетуваат на ропството. И онака куќите не ви се убави, – на многу места живеете со добитокот заедно, не ве оставале да си направите поубави куќи, и слично“. Ние не сме сами што во Турција се борат за слобода, има и Ерменци, има и Турци што се борат – во Јемен. И му кажував на примерот на Крит, кој толкупати веќе востанувал, дека никоја држава – Србија, Бугарија, Грција – не се здобила со слобода без востанија. Срамно е, чуму ни е ваква живеачка! И свети Ѓоргија ќе ве утепа поради ваквата заспаност итн. итн.

          Со покојниот Папанчев се сретнав во Баница. Од Баница поминавме во Екшису, каде раководител беше Михаил Чеков. Истата историја. Овде-онде се разгледуваше по некој судски случај. Некој богаташ не дал пари, сега даваше, како што беше случај со Бане Граматиков од Екшису. Тој беше присутен на собирот – што беше импресивен – и тој извади и даде 40 лири, и јас му ги дадов на Чеков. Тука го оставив динамитот. Дако Горгиев, подофицер (од Разградско) и Ѓорги Чакаров (од Разлог), беше војник, и двајцата минери, имаа разбирање како се дејствува со динамит. На Дако му нарачав да се преоблече како селанец, да го прегледа мостот, за да може да биде кренат во воздух за време на востанието. Оставив 60 кгр. динамит, и 20-30 килограми ги предадов во Костурско. Дојдовме во с. Мокрени, (Костурско), каде беше Никола Андреев. Пак истото тоа. Потем – во с. Бобишта и Черешница. Тука на 17 март се сретнав со Чакаларов. Потем во бугарското село Блаца, по него Тихолишта. Насекаде одржувавме централни собранија по црквите. Оттука во Габреш, Смрдеш и Косинец. „Еве го нашиот началник“ – му велеа на народот Кљашев и Чакаларов. – „Зошто не ви велиме ништо против него, како против Јанкова?“

          На 28. во Смрдеш дојде до борба, која, како што велите подробно ви е опишана од Кљашев. Убава борба! Имаше само еден ранет. Излеговме од Смрдеш, поминавме по планината В`мбел, и се вративме пак во Смрдеш на 30 март вечерта, за да ги охрабриме селаните, и да ги пратиме пак да се оплакуваат. Од Смрдеш го фативме патот за Кономлади.

          Во тоа време добив писмо од Лозанчев со кое ми јавуваше дека загинал Давидов. За мене тоа претставуваше голем удар. Лозанчев ме повикуваше да тргнам за Смилево, за конгресот, заедно со Пандо Кљашев и со Чакаларов. Отидовме во с. Арменско, – и таму одржавме собрание. Преку с. Буф на прв ден Велигден дојдовме во с. Герман (Горна Преспа.) Го бев повикал војводата Коте да се сретнеме, а тој не предаде. Со време се извлековме во с. Љубојно. Оттука – во с. Златари, каде се видов со Панајотов. Со Арсова не се најдов, отишол по пушки долу кај езерото, заедно со Сотир Олчев. И тука пак направивме воена вежба: вооружени златарци дејствуваа против смилевци. На 9 април во Смилево излезе сето село да не пречека. Груев го немаше уште. По 4-5 дена дојде и тој. На 13-14 април пристигнаа Лозанчев, Пешков, Ѓорги поп Христов, Сугарев и други.

IX

IX

Сарафов на Смилевскиот конгрес. – Последиците од солунските атентати. – Членовите на главниот штаб на востанието во обиколка.

31 јануари

          Без да чекаме да дојдат сите делегати ја одржавме првата седница во една приватна куќа.

          Конгресот започна на 17 април. На мој предлог, Груев, како најстар деец во вилаетот, и како човек кој штотуку стасал од Солун, па и како делегат на Централниот комитет, беше избран за претседател на конгресот. Во претседателството влегоа: Ѓорги поп Христов, секретар, и Параскев Цветков (род. Од Плевен, учит. во Битола), реонски комита од Ѓаватко (пак за секретар). Најпрвин се разгледуваше прашањето кога да се крене востанието. Крушевскиот претставник Карев и Петар Ацев од Прилепско изнесоа приговори дека не се готовни, дека ако не им бидат дадени пушки и друго, не можат да сторат ништо. Но прашањето за кревање востание се усвои како решено во принцип, па немаше веќе зошто да се зборува.

          Јас изнесов дека сега востанието и се наложува на Организацијата поради авантурата што ја прави Цончев. Сега веќе се задржаа гурбетчиите и друго, па востанието веќе молчешкум е прогласено во Битолскиот вилает. Тоа претставува вистинско злосторство, да се крева неподготвено востание, но бидејќи се зголемени по бројност четите и се задржани луѓето, самите да се повлекуваме – не може, треба да се оди напред. Се искажуваа надежи дека Бугарија нема да остане настрана, ќе се смешала и слично. Јас изјавив дека не бива да се одгледуваат такви надежи, знаејќи ја добро положбата во Бугарија, никаква војна нема да се отвора заради нас, туку да пресметаме така што таа работа да ја започнеме и да ја изнесеме на своите плешки сами, пред да падне снегот. Нема сомневање дека ќе има некаква интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција од страна на големите сили, но не верувам дека може да дојде до оружена интервенција.

          Се премина на прашањето како ќе се востанува; беа распределени моралните борбени сили и како ќе се води востанието. Дотогаш власта беше сосредочена во рацете на градските началства. Заповедите доаѓаа од градовите, а четите ги извршуваа. Сега беше решено власта да биде со средочена во рацете на горските начелства – илегалните сили. Во градовите остануваа само бироа, што да прават купувања, да даваат податоци и слично. Во Битола се остави едно окружно биро. Врховната команда над борбените сили беше предадена во рацете на еден главен штаб, што беше избран со јавно гласање: Груев, Сарафов и Лозанчев. Со тајно гласање беа избрани и заменици: наместо Груева – Ѓорги п. Христов, Петар Ацев наместо Сарафова и Лазар П. Трај ков наместо Лозанчева. Потем беа распоредени реонските раководители (ги има објавено). Истовремено јас, заедно со покојниот Д. Дечев работевме на изработката на востанички дисциплински правилник. Тој беше прочитан на конгресот, и со малу поправања беше одобрен. Во него беа дефинирани правата и должностите на востаниците, на реонските началници, на горските тела, на штабот. Беа предвидени и казни.

          Воените сили беа распределени на: востаници, десетари, војводи, горски реонски началства и главен штаб.

          Се постави прашањето за датата на востанието. По долги разгледувања беше решено Штабот да го одреди денот на востанието, откако ќе се здобие со согласност од ЦК и од другите револуционерни окрузи (солунскиот, скопскиот, одринскиот).

          Се разгледа и начинот како да се води востанието. Како на најопитен во таа работа, мене ми се даде збор за тоа прашање, и сите мои предлози беа одобрени: беше решено востанието да се води исклучиво партизански; во секој реон да се распоредат силите на мали чети, од 30-50 мина. Кога горските началници ќе пристигнат во своите реони, да си го изберат потребниот број војводи, според количеството на живата сила, со која располагаат. Овие војводи треба да поминат курс по воена обука. За таа цел ги испративме: Дечев – да ги обучува демирхисарските, кичевските и битолските војводи; Стојков – охридските; потпор. Тодор Христов – крушевските, потпоруч. Панајотов – ресенските и преспанските; фелфебелот Попов – костурските; Папанчев, резервен потпоручник – леринските.

          За ваквиот курс напишав мала инструкција, од која инструкторите добија по едно копие.

          Беше решено секој војвода, откако ќе го помине курсот на обука, да си ја земе четата, да си избере десетари, да ги поучи, и потем да ја поувежба четата, да им биде прочитан и востаничкиот дисиплински правилник. Ги посоветував секогаш да вардиме ние да нападнеме први, да изненадуваме, а не нас да не изненадуваат. Откако ќе се изврши некој напад, веднаш да се растураат, за да можат полесно да се прехранат и да бидат избегнати катастрофи. Блиските чети да приоѓаат на помош, кога некоја чета ќе започне борба. Записниците се напишани без шифрување, и се наоѓаат тука кај Татарчев и Матов.

          Во време на одржувањето на конгресот дојде до атентатот на банката во Солун. Јас воопшто не очекував вакво нешто. Јас знаев дека тие во спогодба со Гарванов и Делчев ќе чекаат на потребниот миг. После се узна дека причина за тоа била тоа што Турците посакале да копаат таму, за да вршат поправки на цевите за спроведување на гас, па можеле да бидат откриени. Од друга страна, раководителите на тој Комитет немале доверба во Гарванова и компанија, што ги сметале дури дека се во состојба да извршат предавство спрема нивниот потфат. Кога разбравме за атентатот, си помисливме дека работата е започната, и сме останале назад. Солун веќе се губеше како центар, и затоа преостануваше секој округ самиот да се грижи за себеси. Затоа и нашите решенија беа донесени сосем самостојно: на никого не му дојде на ум да каже нашите решенија да се испратат за одобрување на ЦК. Ами Груев немаше да смета со никаков ЦК, сиреч Гарванов. Се напиша писмо, се испрати човек од Битола во Солун, да јави за решенијата на конгресот, и тие беа соопштени. Д. Мирчев беше останат во Солун неуапсен, се крепеше. Им беше јавено и на градовите дека тие остануваат само бироа, и сл. Ѓаконот Тома го испративме во Софија со записниците со востаничкиот дисциплински правилник и друго, да им ги предаде на претставниците Матов и Татарчев.

          Потоа ние (штабот) требаше да отидеме да ги посетиме реоните, па заедно, според условите во секој реон, заедно со реонското начелство, да направиме одреден план за востанието. Јас и Груев (Лозанчев беше отиден во Битола) ги обиколивме северните реони. Најпрвин право во Брежани, во Охридско (во половината на месец мај). Се сретнавме со Узунов и со други месни војводи: средивме некои спорови и нередности во четите. Имаше мислење Охридско да не се крева на востание, затоа што се близу до Арнаутите, па може да пострада.Туку самите тие во Охридско сакаа да востанат, па и ние си рековме дека и да не се кренат на востание, пак Турците нема да ги поштедат, и дека најпрвин ќе им го соберат оружјето. Потем го обиколивме Кичевско. Исто така го обмисливме текот на востанието. Направивме дури и една вежба: идните селски војводи од Охридско од една страна, командувани од Стојков, и Кичевската и Демирхисарските од друга страна, под команда на Дечев, оформени во две чети, водеа борба меѓу с. Јудово и с. Габрово, во месноста меѓу Горна и Долна Копачка.

          Потем пак поминавме во Демирхисарско, и во с. Пространи за првпат се сретнавме со Петар (Пере) Тошев, што беше дојден од Бугарија. Нему му беше дадена амнестија, и тој тргнал со кираџии и пасош од Софија. Тој ни пошол во пресрет со Лозанчева. Нашата чета, „штабската чета“, во која имаше околу 20-мина од мојата чета и од четата на Давидов, беше под команда на Делчев, кога беше кај нас. Го задржавме кај нас Тошев. Беше дојден окуражен, беше на мислење само малу подоцна да се крене востанието. Пере Тошев ни рече дска Начевиќ се ангажирал да посредува меѓу нас и Портата, но дека од таа работа не излегло ништо. Ние четиримината честопати разговаравме како да се води востанието. Јас се придржував секогаш до мислењето, дека треба да се нападне Битола, па дури и со тие 500-600 мина, што ни се на располагање, Лозанчев и Груев беа против тоа, затоа што немало луѓе, што се во состојба да водат борба во град; П. Тошев се согласуваше само кога би имале на располагање 500 килограми динамит, што беше нешто невозможно. Потем отидовме во Крушевско и таму со Крушевското горко начелство – Карев, Тодор Христов, Ив.Наумов – го уточнивме планот за востанието. Се бевме собрале близу до селото Зашле. Средивме некои ситни спорови и слично.Се вративме пак во Демирхисарско, и над селото Брезово се сретнавме со Јордан Пиперката. Тука со Пасков го разгледавме планот на востанието.

          Се вративме во Смилево. Зз датата на востанието за првпат заприкажавме над селото Бабино (Демирхисарско) со Лозанчева, Тошев и Груев на 1 јуни. Во тоа време загинаа множество комити, беше дојдено до прилично борби. Токму тогаш добивме вест за потепувањето на сето реонско раководно тело во Леринско, имено во с. Баница, каде беа убиени Папанчев и Вас. Попов. Во тоа време беше убиен Петар Танев, во с. Крапешница, поручникот Цветков беше убиен кај Могила, во Костурско. Го беа запалиле селото Смрдеш и др.. Под впечатокот од тие вести, н да не нè испреварат Турците – овде-онде веќе имаше предадено по некоја пушка, решивме да го прогласиме востанието на 6 јули. Пере Тошев се уште беше за тоа да се причека уште, затоа што бугарската влада сакала да се причека до крајот на август, дека порачала незнам какви некоиси материјали и сл..

          Отидовме во Ресенско. Покојниот Славејко Арсов уште не беше сосем на јасно како ќе се води востанието. Тој си мнслел од 900 мина вооружени селани да изведе во планината само 150 мина. Му се кажа дека треба да ги крене сите. Му беше даден план, како да го нападне градот Ресен. Груев многу очекуваше од Арсова, но јас видов дека нема да биде кадарен. Против Арсов имаше многу оплакувања, поради женски работи и др. Сакаа да биде заменет од Кокарев. Јас им реков дека штом веќе сте го поднесувале досега, стрпете се, сега е доцна да се сменува пред самото востание. Незадоволните ги уапсивме, ги казнивме и сл.. Речиси насила го оставивме таму. Јас го сторив сето тоа. Тука, во с. Кривени преку Битола ми дојде писмо од Софија, во кое ми се јавуваше каков разговор имал Матов со генерал Савов во Софија. Савов му рекол дека Бугарија ќе била готова накај септември, штом веќе не е можно да се одложува востанието. Треба да споменам дека на одење од Софија, јас бев кај Паприков, и му реков дека одам во Македонија, дека таму ќе има движење. Паприков ми рече тоа да биде одложено, ако е можно, за мај. Јас го разбрав така, дека смислата на неговото искажување е во тоа, оти Бугарија може да војува. Под впечаток на писмото од Софија, во с. Кривени решив да се одложи востанието. Така и јавивме во Битола. Пере Тошев рече дека ќе си оди во Прилепско, и си замина. Тогаш отидовме во Преспа, каде се сретнавме со Кокарев и Ангел (Андреев) Преспански, што го бевме унапредиле во војвода инсанк`тл`нда. И тука истото. Не потера аскерот во с. Брајчино, каде не предаде еден Циган. Фрливме неколку чивтиња, и се извлековме. Во Преспа бевме само јас и Дамјан Гурев. Лозанчев го бевме оставиле во с. Смилево, да се грижи за кореспонденцијата. Оттаму заминавме накај Костурско, костурчани веќе беа готовни за востание, речиси штотуку да го започнат, бидејќи положбата таму беше неподнослива. Оттаму отидовме во Леринско. Во Леринско наместо Папанчев беше Ѓорги поп Христов. Тој беше далеку и не можеше да дојде, и јас му оставив писмени упатства за уривање на мостот кај Екшису, како да ги нападнат возовите и сл.

X

Груев и Сарафов решаваат за датата на востанието. – Протестно писмо до конзулите. – Дејноста на Сарафов по 20 јули. – Решение за демобилизација. – Собирање на оружјето. – Сарафов по повеќе премрежија се враќа во Бугарија.

Дојде вест дека имало борба над с. Цапари, во која имало 10-тина жртви, меѓу кои бил убиен и Лозанчев. Некои почнале и да се предаваат. Поради сето тоа на 1 јули над село Буф, горе во коријата, јас и Груев откако поприкажавме по прашањето за датата на востанието, и двајцата решивме востанието да се крене на 20 јули. За ова решение веднаш му јавивме на Петар Ацев во Битола, за да им јави во Софија и Солун. Лозанчев уште не знаеше за ова решение. Оттаму фативме преку Преспа назад во с. Златари, Ресенско, каде го најдовме здрав и жив Лозанчева. Тој сосем се согласи со решението. Во село Болно (на 9 јули) заедно со Лозанчева напишавме едно кусо известување до сите реонски началства – кусо, шифрирано, подвлечено (имавме една заедничка штапска азбука со бројки), а имено дека е одредено востанието да започне на 20 јули.

          Оттука заминавме за Леорека, и потем во Боишта, во месноста такавикана Нина-Орница. На 15 јули почнавме да пишуваме поподробни окружни упатства, всушност заправо ги пишував јас, до реонските начелства, и еден кус повик до народот, што требаше да го огласат реонските началници. Сето тоа беше напишано, требаше да се умножи. Заврна силен дожд. Слеговме во с. Боишта и во куќата на чорбаџијата Илија ги умноживме. Илија ме запраша: „Што работите, господине Сарафов?“ Јас му реков дека ќе слушне наскоро. Упатствата ги испративме со брзи коњи насекаде. Во подробното упатство се укажуваше на начините за водење на борбата, да не се распуштаат луѓето по селата и по своите домови, без наша заповед и др..

          Наближи денот. До 19 јули седевме во Боишта. На 20. изутрината бевме горе над Смилево. Решивме Штабот да земе учество при напад во Смилево.

          Во Смилево, откако Турците беа одбиени, остана Груев, а пак јас решив со штапската чета и со штапското знаме (направено во Битола на сметка на Комитетот), да отидам во Охридско, бидејќи таму почнале да ги горат селата. Пред тоа со Груев напишавме протестно писмо до конзулите во Битола. Испративме отпечатени обрасци во Битола, да го преведат на француски. Во овој протест ја отфрлувавме од себеси сета одговорност; изјавувавме дека ќе им биде вратено на Турците, што ги палат селата, на ист начин. Напишавме и едно писмо до управата на железницата во Солун. Јас тргнав за Охрид на 28 јули, откако им јавив со писмо на горските реонски началства во Ресенско и Демирхисарско да дојдат со по 200-400 мина, вооружени со пушки, и со по 200 вооружени со секири и дикли, па со една сила од 800 мина да се втурнам во Охридско, и да палам турски села. Одушевувањето во Демирхисарско беше огромно. Арсов не се појави со ниеден човек. Од Демирхисарците дојдоа само 50-60 мина, така што во с. Брежани јас имав сè на сè 150 мина, заедно со охридските чети. Турците узнаа и не нападнаа. Дадовме отпор, и Турците, накај 1000 мина, се повлекоа. Изгубија неколку жртви. Посакаа да го запалат селото. Тоа беше на 30 јули, но не успеаја. Потем на 10 август го запалија.

          Бидејќи немаше толку сили колку што барав, и бидејќи беше опасно сите охридски сили да се сосредочуваат на едно место, им дадов упатства како да отстапуваат. Меѓутоа крушевчани ме запрашаа што да прават кога ќе надојде војската. Ги посоветував да не чекаат војската да го преземе градот Крушево од нив. Од Охридско се вратив да видам што станува накај Крушево, се вратив во Демирхисарско. Се слушаше топовски татнеж, ијавуваа дека цело Крушево е изгорено. Го најдов Дечев, што беше прикрепен кон горското реонско началство во Демирхисарско. Дојдоа во с. Велмевци и крушевските реонски началници. Ги искарав што не го напуштиле благовремено Крушево, и не ги зеле со себеси поребните материјали, па заборавиле дури и сол да си понесат.

          По неколку дена маткање и од Охридско пак дојдоа растревожувачки вести, и пак појдов за Охридско. На едно место над с. Слатина најдов групирани околу стомина, имаше и други 300-400 мина над селото Турје, на оддалеченост од 2 часа од Слатина. Одредив да дојдат и тие, па со сите сили да ја нападнеме војската што доаѓаше да го гори Брежани. Тие дојдоа, туку не уште истата ноќ, туку утредента, кога веќе над селото Брежани, од кое бевме оддалечени околу 4 часа пат, веќе се креваше чад. Преку Мраморец одевме во Турје, за да ги подуспокоиме малу семејствата, што беа збрани таму од Малесијата, од изгорените села и др.. Комитите се собраа таму, им одржав говор, да не паѓаат во очајание, ами уште да се крепат, бидејќи од пепел на тие колиби, ќе се роди слободата. Беше 10 август, овде-онде беше веќе паднало и слана, стана студено. Имаше мали дечиња… Дење требаше да вардат тишина, децата да не пискаат…

          Од Турје отидов во Белица – Кичевско. Таму го повикав војводата Арсо (кого што сега пред 15 дена го убиле Турците во с. Подвис). Му дадов и упатства и нему, да не ги трошат куршумите попусто и др.. Слегнав во селата Пространи, Велмевци (Демирхисарско). Тука дојдоа охридските началници Кецкаров, Чакаров и Лазар Димитров (Л. Димитров беше болен). Зборувавме за тоа како да им се помогне на луѓето во Охридско, бидејќи беше фатил голем глад, оти Турците ги изгореле водениците, па требаше да се праќа храна од Демирхисарско и да се донесува жито за мелење во демирхисарските воденици. Слегов на отпочинок во с. Слоештица.

          Тоа село е удобно. Му пратив писмо на Груев да се најдеме. Му ја оцртав со мрачни бои положбата, главно затоа што нашите луѓе не се придржуваат токму како што треба за офанзивно однесување. Дојде Груев со Сугарева. Решивме какви мерки да се преземат против оние што се поколебуваат и се предаваат. Пред тоа во Смилево, на 14 август, Груев н Сугарев биле нападнати од Турците. Јас им пријдов на помош, но беше доцна, тие веќе го напуштиле селото, и тоа беше изгорено, и се сместиле на Нина-орница. Отидов во с. Вирово, им собрав леб и им испратив. Дојдов на Нина-орница. По оваа средба решивме да се продолжи активноста. Отидов во Слоештица, од каде заповедав да им се испраќа храна. Бидејќи Турците знаеја оти јас сум со штабот во Демирхисирско, не се решаваа да удрат веднаш, туку дури на 17 август од Смилево се забра аскер од неколку страни, околу 15-16 илјади мина. Отстапувавме полека, со повремени куси престрелки. Извршивме еден ноќен напад, колку за збрка и смут. Потем Турците се повлекоа, и запреа кај с. Солби, а јас преку Велмевци слегов во Крушевско. И тука веќе беа почнале да се колебаат, мнозина комити ги напуштија четите. Тука пак ги охрабрувавме луѓето, четите пак се потстегнаа. Во с. Цер, што беше изгорено, троа ги пободривме селаните. Потем преку Брезово отидов во с. Бабино, каде на 30 август ненадејно дојде до борба. За малу само ќе ме фатеа жив во селото. Стражата се повлекла и аскерот навлезе. Се извлеков јавајќи на коњ; четата беше веќе извлечена од селото. Во оваа борба немавме жртви, освен 2-3 ранети. Вечерта слеговме во Слоештица, пак заобиколивме нагоре во Големо Илино, Мало Илино (Демирхисарско). Таму беа пристигнале охридските чети, беа голи и гладни, па имаше расправии за храна. На 9 септември, пак се сретнавме со Груев и Лозанчев над селата Слоешчица и Вирово. Тие беа таму со смилевските чети.

          Тука, на мој предлог, откако увидовме дека во Бугарија владее мртвило, најдовме за добро некој од нас да замине за Бугарија, да ја живне таму работата, и белки ќе се трогнат луѓето. Другарите предлагаа да одам јас, но јас категорички одбив, и предложив да отиде Груев, но и тој не се кандисуваше, и остана на тоа. Тогаш напишавме писмо до бугарската влада: ја оцртавме положбата, и ја повикавме да се смеша вооружено, уверувајќи ја дека ние во случај на војна можеме да задржаме до 5-6.000 свои вооружени луѓе. Писмото го испративме до секретарот на агентството во Битола Кожухаров, и тој го препратил во Софија. Тогаш пристигна писмо до штабот, до Груев, дека Татарчев одел во Евксиноград, и дека ќе одржел застрашувачки тон и сл.. Јас предлагав да се размисли како да се демобилизира и како да се легализира сета маса народ, искомпромитиран пред властите.

          На 17 септември дојде една цела дивизија и не заобиколија со голема сила во с. Боишта. Ние се искачивме на Бигла, и зазедовме борбени позиции. Нашите крила отстапија, а ние се засолнивме во едни честаци во планината – и војската помина крај нас на 20 чекори оддалеченост. Потем пак заминавме во смилевската корија, и тука веќе решивме на 19 септември, како постепено да ги демобилизираме луѓето, и како да го спасиме оружјето. Веќе и не очекувавме резултат од нашето писмо до бугарската влада. Јас бев на мислење дека е подобро да ги распуштиме луѓето по наша команда, одошто тие да не напуштаат и да бегаат. И конзулите не окуражуваа така да сториме. Решивме да ги распуштаме партија по партија, откако го собереме оружјето. Јас се ангажирав да го сторам тоа во долните реони, каде не беа доаѓале Груев и Лозанчев, а имено во Преспа, Костурско, Леринско, Мариово, Прилепско. А пак Груев и Лозанчев да отидат во северните реони, во кои се движев јас. Им кажав дека потоа ќе си заминам за Бугарија. Пративме писмо до владата во Софија, – јас го напишав, дека ние, како што сме мобилизирале, така и ќе демобилизираме. Додадов уште дека ние не сме разбиени, дека градовите се уште цели здрави и дека од градовите треба да се очекува преродба и јакнење на Организацијата. Потоа се разделивме.

          Меѓутоа, пријателите наместо постепено, веднаш топтан ги ослободиле луѓето, им предоставиле на луѓето самите слободно да решат кој како знае така да прави. И така во Демирхисарско се предадоа сите пушки. Груев ги прибра смилевските пушки. Наскоро по мене тргна и Арсов, што ги бешеоставил луѓето што таму ги закопувале пушките. Заедно со Арсов поминав преку Ресенско до Златари. Потем свртев во Преспа, до с. Сливница. Никој веќе не доаѓа кај нас; од Брајчино, Љубојно, Герман, луѓето го предале оружјето, водачите си заминале. Едвај најдовме еден човек да ни донесе леб. Немаше што да се спасува. Четите уште се држеа во с. Буф. Таму го повикав Ѓорги поп Христов, и тој ги демобилизира. Бевме предадени од еден цинцар, и дојде до борба во која загина гимназијалецот Константинов (од с.Зарово). Се извлековме благодарејќи на маглата. Потем стасавме во с. Трсје и Нерет. Тука ги собравме леринските чети, од кои требаше да се прибере оружјето. Селаните се уверија дека нема ништо да им биде. Им велев дека конзулите гарантирале оти ќе има некакви реформи (Мирцштегските) и др.. Штотуку ги собравме пушките, ете ти аскер. Страшна положба. Ги кренавме пушките под стража, а селаните ги тргнавме настрана, за да не видат каде ќе ги однесеме пушките. Слава му на господа, аскерот помина без да дојде до нас. Испратив писмо во Коотурско, во кое им напишав еден началник да остане во Костурско, а другите можат да излезат. Потоа во Мариово (кај селото Лачен) Ѓорги поп Христов тргна со пушките накај Трсје да ги скрие. Овде, утрото на 1-5 октомври во една корија не догледа еден Турчин, дрвар и дојде војска. Бевме 15 души – штабната чета. Појдоа по нас. Кога се качивме горе, веќе беше мрак, се извлековме. Бевме многу уморени.

          Бевме стигнале дури до Вич. Ноќта поминавме во с. Котуре. Овде најдовме наши луѓе што ги бевме испратиле пред 4-5 дена; избричени, измиени, дотерани одвај ги познавме. Ни кажуваа дека во Лерин се јавиле кај пашата (турски генерал). Не прашува: „Каде бевте бре момчиња?“ Му одговоривме: „Бевме комити“, „Зошто?“ – „Не излажаа комитите“, „Каде ви се пушките?“ – „Ни ги зеде Сарафов“. И ништо не ни сторија. Сè ни дадоа, ни дадоа коњи за целата чета, и ние над село Неволјани (во близина на Лерин) влеговме во шумата. Овде го поминавме денот. Од с. Котуре нарачавме коњи, одовде со коњите во село Сетиње. Бевме околу 20 души, коњица, ја поминавме железничката линија и целото Леринско поле. Наблизу имаше чадор со турска војска но не се јавија. Од Сетине стигнавме на север во Мариовските планини и таму ги најдовме четите со еден од војводите Леко Банички. Тоа беше на падините на Ниџа Планина. На 5 октомври врнеше снег. Дојде Ѓорче со костурски чети и др. околу 150 души на број. Се собравме околу 300 души.

          Веќе беше невозможно (доцна) Ѓорче со динамит да стори нешто на мостот кај Екшису. Четите се разоружаа. На Лазар поп Трајков му дадовме напатствија како да ги разоружа четите итн. Тој беше ранет. Ние потоа го продолживме својот пат и со мали премрежија стигнавме до бугарската граница