
Роден е на 12 февруари 1873 година во с. Нестрам, Костурско (денес Несторио, Грција). Уште на 15-годишна возраст заминал во Хилендарскиот манастир на Света Гора. Во 1896 година ја завршил Бугарската католичка гимназија во Солун. Служел како ѓакон во бугарската црква во Букурешт, а во 1903 година, по наговор на Даме Груев, се приклучил кон револуционерното дело и влегол во четата на Борис Сарафов.
На Смилевскиот конгрес бил избран за член на Горското началство на Ѓаватскиот востанички реон. За време на Илинденското востание активно учествувал во борбите, а по Востанието останал со Даме Груев и зел активно учество во работата за зацврстување на редовите на Организацијата во Битолско.
Во 1906 и 1907 година бил околиски војвода во Ресенско. Во 1908 година бил делегат на Ќустендилскиот конгрес.
За време на Балканските војни и Првата светска војна раководел со чета. По војните се повлекол на бугарска територија.
Умрел на 20 март 1935 година во Софија.