Донка Христова Ушлинова

Родена е на 21 декември 1880 година во с. Смилево, Битолско. На 15-годишна возраст се омажила за Ставре Христов Ушлинов од с. Лера, Битолско.

Додека нејзиниот сопруг бил на печалба во Цариград, на неа фрлил око чифлик-сајбијата на с. Лера, Џелеп Реџо. Кон крајот на август 1902 година, не можејќи повеќе да го трпат, двете јатрви, со помош на нејзиниот брат Апостол, го намамиле да влезе во куќата и го убиле.

По убиството побегнале во планините, каде што по извршениот распит биле примени во четата на ресенскиот војвода С. Арсов.

Двете јатрви, Донка и Сребра, се првите жени-комитки кои се вклучиле во борбата на ВМОРО против османлиското ропство во Македонија. Се облекле во машка комитска облека и научиле да ракуваат со пушка и пиштол.

За време на Илинденското востание Донка учествувала во дваесетина борби со турскиот аскер. По Востанието се населила во Варна, каде што завршила и повисоко образование.

Заедно со својот сопруг учествувала во двете Балкански војни и била одликувана со два ордена „За храброст“ – IV и III степен. Како доброволка учествувала и во Првата светска војна, каде што исто така била одликувана со орден „За храброст“ – II степен. Во 1917 година била одликувана и со орден „За храброст“ – I степен.

По војните живеела во Варна со својот сопруг, каде што во 1924 година родила едно дете.

Умира на 27 јуни 1937 година во Варна.