Добри Даскалов

Роден е во 1884 година во Кавадарци. Основното образование го завршил во Кавадарци, а потоа учел во Егзархиската гимназија во Солун. Од Солун образованието го продолжил во Самоков, Бугарија. Таму ја започнал својата револуционерна дејност и станал член на револуционерниот кружок „Трајко Китанчев“.

Член на ВМОРО станал во 1901 година и се вклучил во четите на Ј. Сандански и Х. Чернопеев. Учествувал во грабнувањето на Мис Стон. Бил избран за делегат на Солунскиот конгрес, но не учествувал на него.

Иако не се согласувал со предвременото кревање на востание, кога тоа веќе станало неизбежно, Добри зел активно учество во востаничките борби во Тиквешијата со четата на П. Самарџиев.

Во 1904 година учествувал на Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан на планината Мукос. Во 1905 година учествувал на Рилскиот конгрес, а во 1908 година на Ќустендилскиот конгрес. По Младотурската револуција, во 1909 година бил еден од основачите на Народната федеративна партија и член на нејзиното централно претседателство.

Убиен е на 16 јуни 1912 година по наредба на Т. Александров. Убиството го организирал М. Ѓурлуков, а го извршил Крсто Ристов, поранешен четник во четата на Д. Даскалов.