Димитар Поп Георгиев – Беровски

Роден е во Берово во 1840 година. Основното образование го завршил во Берово, а потоа учел во Одеската духовна семинарија (1858–1860). Потоа во Белград се запишал на Военото училиште.

Во 1865 година се вратил во Берово и работел како учител. Таму зел активно учество во црковните борби против грчките фанариоти, со што се стекнал со голема популарност кај народот од Малешевијата. Наклеветен од грчките владици, пребегнал во Цариград, а потоа живеел како нелегалец во Солун.

Во Солун, заедно со македонската патриотска интелигенција, формирал кружок, чија цел била организирање востанија против турската власт.

Бил вклучен во организирањето на Разловечкото востание, а по неговото задушување се вклучил во организирањето на Кресненското востание (1878), при што бил избран за началник на Востаничкиот штаб.

По неуспехот на Востанието се префрлил во Ќустендил, каде што живеел и работел сè до својата смрт на 19 декември 1907 година.