
Роден е во с. Крушево, Серски Демир Хисар, во 1876 година. Се школувал во родното село, во Педагошкото училиште во Сер и во Богословијата во Самоков. Извесно време учителствувал во Неврокопско, за подоцна, во 1898 година, да заврши право во Лозана (Швајцарија).
По враќањето станува учител во Кочани. Во наредната, 1899 година, бил назначен од Егзархијата за главен учител во егзархиското класно училиште во Петрич. На оваа должност останува до 1901 година, а потоа бил назначен за професор во Педагошкото училиште и за прв директор на гимназијата во Сер.
Тој станува член на ВМОРО уште во 1899 година, а потоа е избран за околиски раководител на градот и повеќе села во Петричко. Во 1902 година преминува во илегала. Пристапува во четата на М. Чаков, а потоа е назначен за член на Серскиот револуционерен комитет. Г. Делчев го назначува за инспектор на четите од овој округ.
Во февруари 1903 година е назначен за Драмски околиски војвода. Го придружувал Г. Делчев при ревизијата на четите во Серскиот револуционерен округ. Во март 1903 година учествува во рушењето на мостот на реката Ангиста.
На 4 мај 1903 година, кај с. Баница (Серско), заедно со Г. Делчев и уште неколку други војводи загинал во борбата со турскиот аскер.