Методија Андонов-Ченто – од претседател на АСНОМ до политичкиот прогон

Методија Андонов-Ченто


Ченто во пресрет на АСНОМ

Методија Андонов-Ченто зазема едно од најзначајните, но и најтрагичните места во историјата на создавањето на современата македонска држава. Како претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а потоа и како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, тој се нашол во самиот центар на процесот на институционално оформување на Македонија во 1944 година.

По приклучувањето кон Народноослободителното движење, Ченто активно учествувал во подготовките за свикување на македонското народно собрание. На 30 април 1944 година бил потврден за претседател на проширениот Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ.

Уште пред одржувањето на Првото заседание можат да се согледаат неговите погледи за значењето на идната македонска држава. Во март 1944 година, во селото Глог, каде што тогаш се наоѓале Главниот штаб на НОВ и ПОМ и Иницијативниот одбор, Ченто ја напишал статијата „Пред свикувањето на Народното собрание“.

Во неа претстојното народно собрание го претставува како историски настан и израз на народниот суверенитет и националната слобода. За Ченто, свикувањето на АСНОМ не било само создавање нов орган на власта во услови на војна, туку остварување на еден подолг историски процес и на борбата на македонскиот народ за сопствена политичка и национална афирмација.

Во текот на подготовките за АСНОМ особено значајно станало и прашањето за иднината на Македонија. На заедничкиот состанок на Иницијативниот одбор и Главниот штаб во мај 1944 година била определена делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, која требало да замине на островот Вис и пред југословенското политичко и воено раководство да ги изложи македонските позиции.

На средбите на Вис било поставено и прашањето за обединувањето на Македонија. Тоа покажува дека уште пред Првото заседание, прашањето за македонската државност било поврзано и со поширокото нерешено македонско национално прашање.

На 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, Ченто бил избран за претседател на Президиумот на АСНОМ. Со тоа станал првиот човек на новосоздадената македонска државна власт.

Но токму прашањата што се отворале во периодот на создавањето на АСНОМ – положбата на Македонија во југословенската федерација, степенот на нејзината самостојност и иднината на македонското национално прашање – во следните две години ќе станат дел од сè подлабоките несогласувања меѓу Ченто и новото политичко раководство.

Патот од претседателското место на АСНОМ до неговото политичко отстранување и затворање започнал многу побрзо отколку што можело да се претпостави во август 1944 година.

Ченто и прашањето за обединувањето на Македонија

Едно од прашањата што го следело Методија Андонов-Ченто уште во периодот на подготовките за АСНОМ било прашањето за иднината на поделена Македонија.

На заедничкиот состанок на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и Главниот штаб, одржан на 8 мај 1944 година, била определена македонска делегација во состав Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев. Делегацијата добила задача да замине на островот Вис, каде што се наоѓало југословенското политичко и воено раководство.

На средбата со Јосип Броз Тито и раководството на нова Југославија, одржана на 24 јуни 1944 година, македонската делегација го поставила и прашањето за обединувањето на Македонија по нејзиното ослободување.

Прашањето било од исклучително значење. Вардарскиот дел требало да ја добие својата државност во рамките на идната југословенска федерација, додека Пиринскиот дел се наоѓал во рамките на Бугарија, а Егејскиот во рамките на Грција. За дел од македонското раководство создавањето држава во Вардарска Македонија не значело дека со тоа е завршено македонското национално прашање.

Според податоците за разговорите на Вис, Тито начелно не ја отфрлил идејата за обединување, но сметал дека тоа не може да биде непосредна задача во тогашните воени и меѓународни околности.

За Ченто, меѓутоа, прашањето за Македонија продолжило да има големо значење и по Првото заседание на АСНОМ.

Само девет дена по заседанието, на 11 август 1944 година, како претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто повторно го поставил прашањето за положбата на Пиринска Македонија во комуникацијата со југословенското раководство.

Овие постапки се важни за разбирањето на неговите подоцнежни несогласувања со новата власт. Ченто не го гледал создавањето на македонската држава на 2 август 1944 година како крај на македонското прашање. Прашањата за положбата на Македонија во југословенската федерација и за судбината на Македонците надвор од нејзините граници останале дел од неговите политички преокупации.

Во следните месеци, меѓутоа, ќе се појави уште едно крупно прашање: колкава политичка и економска самостојност треба да има Македонија во рамките на новата југословенска федерација. Токму тука несогласувањата меѓу Ченто и партиското раководство ќе стануваат сè поизразени.

Судирот Ченто – Колишевски

По ослободувањето на Македонија постепено се појавиле разлики меѓу Методија Андонов-Ченто и новото партиско раководство предводено од Лазар Колишевски. Зад нив не стоел само личен судир меѓу двајца политичари, туку и различно гледање на положбата на Македонија во новата југословенска федерација.

Ченто, како претседател на Президиумот на АСНОМ, се залагал за поголема самостојност на Македонија во однос на федералните органи и продолжувал да го поставува прашањето за обединувањето на Македонија. Тој настојувал македонските државни институции да имаат реални овластувања, а не само формално место во федералниот систем.

Од друга страна, по ослободувањето сè поголема политичка моќ добивало раководството на Комунистичката партија на Македонија, на чие чело се наоѓал Лазар Колишевски. Неговата политика била цврсто поврзана со линијата на Комунистичката партија на Југославија и со изградбата на централизираниот партиски систем.

На тој начин во Македонија фактички се појавиле два центри на политичка моќ: државните институции предводени од Ченто и партискиот апарат предводен од Колишевски. Во услови во кои Комунистичката партија постепено ја преземала решавачката политичка улога, позицијата на Ченто станувала сè послаба.

Несогласувањата особено се однесувале на степенот на самостојност на Македонија, нејзините финансиски и стопански интереси, односите со федералните власти и нерешеното македонско национално прашање.

Веќе во почетокот на 1945 година може да се забележи организирано ограничување на политичкото влијание на Ченто. Покрај Президиумот функционирале и партиски структури и тела кои преземале дел од фактичкото одлучување. Со тоа претседателот на највисокиот државен орган постепено бил потиснуван од центарот на политичката моќ.

Разликата во политичките концепции станала уште повидлива со формирањето на првата македонска влада во април 1945 година, чиј претседател станал Лазар Колишевски. Во нејзината програмска декларација силно се нагласувале братството и единството и ставот дека иднината на Македонија е поврзана со силна Југославија.

Тоа не значи дека Ченто бил против федеративна Југославија. Неговите несогласувања се однесувале пред сè на тоа каква треба да биде положбата на Македонија во таа федерација и колку самостојно македонските институции треба да располагаат со сопствените политички и економски прашања.

Со текот на 1945 и почетокот на 1946 година судирот станувал сè потежок. Во партиските кругови Ченто бил обвинуван за национализам и за ставови спротивни на официјалната политика. Политичката иницијатива сè повеќе преминувала во рацете на партиското раководство предводено од Колишевски.

На 14 март 1946 година Ченто поднел оставка од своите функции. Со неговото заминување од врвот на македонската државна власт завршила првата фаза од неговото политичко отстранување.

Но пресметката со него не завршила со оставката.

Само четири месеци подоцна Ченто ќе биде уапсен, а набргу потоа ќе се најде пред суд.

Апсењето и судскиот процес против Ченто – 1946 година

По оставката од државните функции, Методија Андонов-Ченто се вратил во Прилеп. Но неговото повлекување од политичкиот живот не значело и крај на пресметката со него.

На 14 јули 1946 година Ченто бил уапсен во Прилеп и префрлен во затвор во Скопје. Дури на 31 јули Министерството за внатрешни работи соопштило дека бил уапсен при наводен обид да ја премине границата кон Грција.

Против поранешниот претседател на Президиумот на АСНОМ било покренато обвинение за дејствување против државата. Меѓу главните политички обвиненија биле неговите ставови за положбата на Македонија во Југославија, неговото залагање за обединување на Македонија и тврдењето дека настојувал Македонија да се одвои од југословенската федерација и да се стави под странски, односно американски протекторат.

Судскиот процес се одржал во Скопје од 19 до 21 ноември 1946 година. Само две години претходно Ченто бил избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ; сега пред судот бил третиран како противник на државниот поредок.

На 23 ноември 1946 година била објавена пресудата. Методија Андонов-Ченто бил осуден на 11 години затвор со присилна работа, како и на губење на политичките и граѓанските права во траење од пет години по издржувањето на казната.

Во обвинението неговите политички ставови биле претставени како непријателско дејствување против Југославија. Меѓу другото, на товар му било ставено дека не се согласувал со внатрешната и надворешната политика на федерацијата и дека сметал оти во постојните југословенски рамки не може да се оствари обединувањето на Македонија.

Процесот против Ченто подоцна станал еден од најпознатите примери на политичките судења во повоена Македонија. Особено значајно е што со демократизацијата на политичкиот систем повторно било отворено прашањето за законитоста и основаноста на пресудата.

Во 1990 година, по барање на неговото семејство, била поведена постапка за повторно разгледување на случајот. На 22 октомври 1990 година, Окружниот суд во Скопје ја укинал осудителната пресуда од 1946 година.

Со тоа, повеќе од три децении по неговата смрт, судската пресуда врз која се темелело политичкото и правното осудување на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ била отстранета.

Но меѓу пресудата од 1946 година и нејзиното укинување стојат речиси девет години што Ченто ги поминал во затвор – период што оставил тешки последици врз неговиот живот и здравје.

Ченто во затворот – Идризово

По пресудата Методија Андонов-Ченто бил испратен на издржување на казната во затворот Идризово кај Скопје. За човекот кој само две години претходно стоел на чело на Президиумот на АСНОМ започнал долг период на изолација од политичкиот и јавниот живот.

Според податоците за неговото затвореништво, Ченто бил држен под строг режим и извесен период престојувал во т.н. „специјална ќелија“, под посебен надзор. Контактите со семејството биле ограничени, а затворските услови тешки.

Во текот на затворските години од него било барано да се откаже од своите дотогашни политички ставови и да признае дека погрешил. Ченто, меѓутоа, не се откажал од ставовите поради кои претходно дошол во судир со политичкото раководство.

Годините поминати во затвор оставиле сериозни последици врз неговото здравје. На 4 септември 1955 година, по повеќе од девет години затвор, Ченто бил пуштен на слобода. Во решението било наведено дека се ослободува условно, поради што самиот побарал од управата на затворот објаснување зошто неговото ослободување се третира на тој начин.

Од Идризово се вратил во Прилеп како тешко нарушен човек, далеку од јавниот и политичкиот живот во кој само една деценија претходно имал една од највисоките функции во Македонија.

Последните години

По враќањето во Прилеп, Ченто живеел повлечено. Последиците од долгогодишното затвореништво и нарушеното здравје станувале сè потешки.

Поради здравствената состојба побарал да му биде овозможено лекување во странство. Според објавените податоци, барал пасош за да замине на лекување во Швајцарија, но барањето не било одобрено.

Методија Андонов-Ченто починал на 24 јули 1957 година во Прилеп, на неполни 55 години.

Со неговата смрт завршил животот на човекот кој бил избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, а само две години подоцна бил прогласен за непријател на државата и осуден на долгогодишна затворска казна.

Укинување на пресудата и враќање на Ченто во македонската историја

Со децении по неговата смрт, улогата и судбината на Ченто биле потиснувани во официјалното претставување на повоената македонска историја. Дури со политичките промени на крајот од XX век било овозможено повторно отворање на неговиот случај.

Во 1990 година, по иницијатива на неговото семејство, била поведена постапка за повторно разгледување на судскиот процес. На 22 октомври 1990 година, Окружниот суд во Скопје ја укинал пресудата од 1946 година.

Со тоа била отстранета пресудата со која првиот претседател на Президиумот на АСНОМ бил осуден како противник на државата.

Историската судбина на Методија Андонов-Ченто останува неразделно поврзана со противречностите на првите години од македонската државност: човек кој учествувал во создавањето на нејзините највисоки институции, а потоа бил политички отстранет, осуден и речиси девет години држен во затвор.

Токму затоа неговиот случај е важен не само како лична трагедија, туку и како сведоштво за политичките пресметки во Македонија во првите повоени години.

Документи поврзани со Методија Андонов-Ченто

Животот, политичките ставови и судирот на Методија Андонов-Ченто со повоеното политичко раководство се документирани во повеќе зачувани ракописи, писма, телеграми, записници и судски материјали. Дел од нив се од особено значење затоа што овозможуваат неговите ставови да се согледаат непосредно од документите, а не само преку подоцнежни толкувања.

„Пред свикувањето на Народното собрание“ – март 1944 година

Ракопис на Ченто создаден во селото Глог во периодот на подготовките за свикување на АСНОМ. Документот е значаен за согледување на неговите погледи за претстојното македонско народно собрание и создавањето на македонската државна власт.

Телеграма до Јосип Броз Тито – 11 август 1944 година

Само девет дена по Првото заседание на АСНОМ, Ченто како претседател на Президиумот му се обратил на Тито во врска со Пиринска Македонија и преговорите за излегувањето на Бугарија од војната. Документот е особено значаен за разбирањето на неговиот однос кон нерешеното македонско национално прашање.

Записници и материјали на Президиумот на АСНОМ

Записниците од работата на Президиумот овозможуваат да се следи дејноста на Ченто како претседател на највисокиот орган на македонската државна власт, како и прашањата околу кои постепено се појавувале политички несогласувања.

Материјали од судскиот процес – 1946 година

Обвинението, записниците од судењето и пресудата претставуваат основни документи за проучување на политичкиот прогон на Ченто. Нивното споредување со неговите претходни ставови и постапки е од особено значење за оценувањето на карактерот на процесот.

Најголем дел од документарниот материјал за Ченто е објавен во зборникот „Методија Андонов-Ченто: документи и материјали“, издаден од Државниот архив на Република Македонија во Скопје во 2002 година.

→ Пред свикувањето на Народното собрание – Методија Андонов-Ченто, март 1944

→ Телеграма на Методија Андонов-Ченто до Јосип Броз Тито – 11 август 1944

→ Судскиот процес против Методија Андонов-Ченто – документи, 1946