Ракописни спомени на Рафаел Камхи – Скендер Бег за Иванчо Карасулијата и настаните од 1898–1902 година
Вовед
Рафаел Камхи – Скендер Бег во овој спомен се навраќа на Иванчо Орџанов, познат како Иванчо Карасулијата, и на настаните поврзани со него во периодот 1898–1902 година. Камхи не пишува како надворешен набљудувач, туку како непосреден учесник и човек кој лично ги познавал личностите за кои сведочи.
Неговиот расказ го прикажува Карасулијата, неговото влегување во револуционерното движење и сложените односи што подоцна се развиле меѓу него и Организацијата. Во спомените се појавуваат и повеќе истакнати дејци, меѓу кои Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков и Андон Ќосето.
Особено значаен е делот во кој Камхи сведочи за несогласувањето меѓу Гоце Делчев и Ѓорче Петров околу случајот со Карасулијата. Двајцата му го довериле спорот на Камхи, кој требало да го разгледа случајот и да го даде своето мислење. Токму во овој дел тој се потпишува со своето револуционерно име „Скендер Бег“.
Оригиналниот ракопис на споменот имал 34 страници. Дел од страниците не се зачувани, а при архивското објавување недостасувачките делови се пренесени според зачуван машинописен препис. Поради тоа, текстот претставува значајно непосредно сведоштво за луѓето, односите и внатрешните проблеми во македонското револуционерно движење на преминот од XIX во XX век.
I.
Иванчо Карасулијата и неговото приклучување кон Организацијата
Бидејќи многупати ми зборуваше за Иванчо Карасулијата, затоа ти пишувам за него.
Иванчо Орџанов Карасулијата од с. Карасули, Гевгелиско, беше многу убав маж. Турците го нарекуваа Дилбер Иванчо. Тој беше голем јунак. Роден за војвода, со добар и благ карактер. И така, уште од детството ја мразеше харачаријата и беше против беговите. Инаку, со народот, граѓаните и селаните, беше многу добар, дури им помагаше и на сиромашните.
Тој имаше свои другари од гевгелиските села. Се движеше околу Кожуф Планина со своите другари нелегално.
Во 1898 година Гоце Делчев го покани на една средба, на која Делчев се обиде да го убеди Иванчо Карасулијата да влезе во редовите на Организацијата и така да стане еден од првите војводи.
Неговиот одговор беше:
„Јас си останувам самостоен, не влегувам под никакво влијание, но ви го давам мојот чесен збор дека ќе помагам со сите свои сили, морално и материјално, на Организацијата.“
Дури и на месниот комитет, ако имаше потреба од пари или морална помош, ќе му помогнеше.
И така Делчев и Иванчо се разделија љубезно.
II.
Грабнувањето на Туран-бег и спорот околу откупот.
Во почетокот на летото 1899 година Туран-бег, заедно со својот син, купиле големо количество добиток и го пренесувале од Костурско. Известен од своите јатаци, Иванчо Карасулијата со своите другари ги нападнале од заседа. Синот на бегот, исплашен, отворил оган против четата. Со тоа ја предизвикал својата смрт — четниците веднаш го убиле. Таткото, Туран-бег, се предал и бил одведен на Кожуф Планина.
По долги преговори со кадијата за откуп и откако кадијата се уверил дека Туран-бег навистина е жив, ја испратил сумата од 2.000 (две илјади) златни лири како откуп. Исто така, како подарок за војводата Иванчо испратил една стара сребрена сабја, а за четниците еден чувал суво грозје и еден чувал леблебија. Четниците биле на број 14 момчиња.
Откако ги добиле парите, Иванчо и неговите другари се собрале на советување како да ги поделат, но околу тие пари настанал голем спор. Месниот комитет ги испратил двајцата учители — Ташо Мицов и Христо Ников од Смоквица — да ги побараат парите за Месниот комитет. За таа цел од Гоце Делчев бил испратен Михаил Попето, за да ги земе парите од Иванчо.
Попето им објаснил дека парите непременно треба да ѝ ги дадат на Организацијата. Иванчо одговорил дека прашањето ќе се реши на заседанието.
Во зима Михаил Попето подробно им објаснил дека сите треба да бидат дисциплинирани и да ѝ се потчинуваат на Организацијата, но незадоволни останале Гого и Мито од селото Мутулово. Изјавиле дека никогаш нема да се согласат парите да ѝ се дадат на Организацијата.
„Парите“, рекол Гого, „ќе си ги поделиме и ќе им ги испратиме на децата за да не гладуваат.“
При тие зборови на Гого, сите четници побарале да ги поделат парите. Тогаш Михаил Попето станал и рекол:
„Другари, кој од вас мисли дека треба да се работи за народот, нека тргне со мене, а оние што сакаат да си ги наполнат џебовите, нека останат да си ги поделат парите.“
Веднаш станале двајца од четниците на Иванчо Карасулијата. Прво Андон Ќосето и Дино Петровски рекле:
„Ние не сакаме дел од парите“
— и тргнале со Михаил Попето. Другите не се помрднале од местото. Голема била алчноста на останатите да ги поделат парите.
Попето, со Андон Ќосето и своите другари, се вратил кај Гоце Делчев и му раскажал што се случило.
III.
Гоце Делчев и раскинувањето на врските со Карасулијата
Гоце Делчев многу се вознемири од постапките на Иванчо Орџанов, затоа што се покажа како човек со харамиски карактер, кој одбиваше да ѝ се потчини на Организацијата. Но Делчев не сакаше да го уништи Иванчо, туку бараше подобар начин да го доведе во редовите на Организацијата.
И така, засега го остави, додека да отиде и да се посоветува со Ѓорче Петров, за да размислат што треба да се прави. Привремено Месниот комитет ги прекина врските со Иванчо Орџанов.
По таа акција со Туран-бег, Иванчо Карасулијата стана многу популарен. Се сметаше себеси за повисоко поставен од Организацијата и не се потчинуваше и не слушаше никого.
На неговиот каприц се должи најголемата афера, наречена Валандовска афера, која се случи на 7.XII.1899 година, во која 126 луѓе од разни села беа осудени и испратени на заточение.
IV.
Валандовската афера од 1899 година
Еве како започна таа афера.
Иванчо Карасулијата со својата харамиска чета поставиле заседа за да заловат еден богат Гркоманин во малата планина Валандово. Тука се судриле со жандармеријата и убиле двајца жандарми.
По тој повод дошла голема потера на чело со Мехмед-паша, со 4.000 војници и офицери и многу башибозук. Од друга страна дошол и Ќазим-бег со многубројна војска.
Го опколиле Валандово и ги фатиле најглавните луѓе, иако биле невини. Со многу тепање и измачување, со голем терор, ги откриле луѓето од Комитетот и започна […]
V.
Средбата со Михаил Герџиков
Иванчо Карасулијата го праша Михаил Герџиков:
„Кажи сега, Михаил, за што си дошол и што сакаш од мене?“
Герџиков му одговори:
„Испратен сум од страна на Централниот комитет. Прво, да одбегнуваш судири со турската војска, а исто така и убиства на мирното население, за да не се предизвикува афера како минатата година.
Валандовската афера многу скапо ја чинеше Организацијата — 126 души настрадаа, од кои 95 беа осудени и испратени на заточение, а 31 беа убиени; толку души беа тепани, куќи изгорени и толку пушки, комитетски пари и бомби беа запленети од власта.
Тоа беше голем удар и пропаст за Организацијата. Сето тоа се должи на тебе, затоа што ја предизвика таа афера. Затоа сум задолжен од Централниот комитет да не се повторуваат такви грешки.
Второ, Централниот комитет ме задолжи да ти кажам дека на секојa …цена треба заедно со твоите четници, време е, да влезете во редовите на Организацијата и да работите задружно со околискиот војвода Андон Ќосето.
Трето, откупот што го зедовте од Туран-бег — две илјади лири — треба да влезе во касата на Централниот комитет. За сето тоа треба да ми одговориш, за да му реферирам на Централниот комитет.“
Иванчо Карасулијата одговори:
„Сега, во моментов, не можам да ти одговорам за ништо, но ќе се посоветувам со моите другари, легални и нелегални, и ќе ти одговорам најдоцна до десет дена.“
И се разделија љубезно.
Утрото на третиот ден Герџиков беше испратен со голема чест кај Андон Ќосето. Веднаш Герџиков го извести Централниот комитет за првата средба со Иванчо.
Централниот комитет му одговори:
„Нема да се враќаш без да го уредиш ова прашање. Имаш мандат да постапиш како што ќе најдеш за добро. Не е лошо да се посоветуваш со Андон Ќосето и со Петар Јуруков.“
VI.
Втората средба и преговорите со Карасулијата
На осмиот ден Иванчо Карасулијата испрати писмо и курир да дојдат кај него. Герџиков одговори со следново писмо:
„Драг другару Иванчо, многу ти благодарам за поканата, но ќе те молам да ја исполниш мојата желба — заедно со мене да ги примиш другарите Андон Ќосето и Петар Јуруков. И тоа, верувам, ќе биде прифатено од твоја страна.“
Иванчо одговори:
„Прифатено, само прими еден четник со вас.“
И така се согласија. Иванчо го испрати курирот, придружен од двајца негови четници, за да ги доведе до определеното место, каде што Иванчо ги чекаше со целата своја чета.
Средбата беше многу љубезна и свечена. По иницијатива на Михаил Герџиков се бакнаа сите војводи и четници како вистински и искрени браќа. И така првиот ден помина во радост и веселба меѓу сите. Иванчо нареди да испечат јагниња и баници. Беше наредил од блиските села да донесат и вино, ракија, разни мезеа и добри јадења.
Иванчо ги покани и своите најблиски пријатели — легални јатаци од селата. Меѓу нив ги покани и прочуените свои другари харамии од Гевгелиско: Кади Усеин од селото Негорци, Фириджик Ахмет од селото П’рдејци и Муле Мустафа од град Дојран.
Присуството на овие тројца турски разбојници на таа пријателска средба за помирување меѓу двата братски табора ги вознемири Михаил Герџиков и неговите другари Андон Ќосето и Петар Јуруков, но немаше што да направат, бидејќи самите тројца меѓу нив се чувствуваа силни.
Напротив, Иванчо со тоа сакаше да ја покаже својата борбена сила како демонстрација пред луѓето на Организацијата. И така првиот ден помина меѓу веселбата на Иванчовата страна и тагата кај Герџиков и другарите.
По големото славење на Иванчо, Михаил Герџиков му рече:
„Време е да се тргнеме настрана и да ги започнеме нашите преговори, бидејќи четниците од четата на Андон Ќосето се сами, без водач. Како неискусни, да не направат некоја грешка.“
Иванчо одговори:
„Добро, да започнеме, но мојот одговор ќе биде јавен. Треба да присуствуваат сите мои другари, четници и јатаци, за да знаат, за да го одобрат она што ќе го направам. Од нив ништо скриено не можам да направам.“
Герџиков и неговите добри другари разбраа дека одговорот ќе биде негативен и понижувачки за Организацијата, но беа принудени, по заповед на Централниот комитет, да ја истераат докрај таа комедија и да го надвијат злото.
И така се согласија преговорите да станат јавно.
VII.
Јавниот одговор на Иванчо Карасулијата
Иванчо Карасулијата го зеде зборот:
„Слушајте, другари четници и вие, мои верни јатаци другари. Организацијата на Гоце Делчев испрати кај нас делегати да се здружиме и да бидеме заедно, но да се потчинуваме на заповедта на Гоце Делчев. Дали сте вие, мили другари, согласни на тоа?“
„Не, не, не“ — одговорија сите одеднаш.
„Како што ние сме под твоја заповед, така треба да си остане и отсега целиот реон Гевгелиско, Кожуф Планина, Дојран и Воденско. Сакаме да не ни се меша никаква организација.“
Тие зборови беа голем удар за Герџиков и неговите другари.
Иванчо повтори:
„Делчев сака парите од откупот, што ги зедовме од Туран-бег, да ѝ ги дадеме на Организацијата — две илјади лири. Согласни ли сте да ги вратиме? Кажете, другари.“
Четниците одговорија:
„Не даваме ниту еден грош.“
Но некои од четниците рекоа:
„Не сакаат ли и сувото грозје и леблебијата да му ги дадеме на Гоце Делчев?“
Охрабрени од тие зборови, Герџиков и неговите другари му рекоа на Иванчо:
„Многу ти благодариме за гостопримството, дозволи ни да се вратиме, откаде што дојдовме.“
Иванчо стана и рече:
„Слушајте, другари, јас мислам дека треба да се направат мали отстапки на Организацијата. Ако сте согласни на отстапките што ќе ги направам по моја волја, дајте ја својата согласност однапред. Одморете половина час, посоветувајте се, другари, и да ми одговорите.“
По половина час се собраа и одговорија:
„Како што ќе решиш за добро, мил војводо, сè е прифатено од сите нас, ниту еден од нас не е против твоето решение.“
Иванчо го зеде зборот:
„Другари, ви благодарам од душа и срце за големата доверба што ми ја давате и бидете уверени дека ќе го изберам најправедниот пат.“
Се сврте кон Герџиков и неговите другари и им рече:
„Драги Михаил Герџиков, разбирам добро и знам дека Организацијата е едно свето дело и работи за народот да го ослободи од ропство, но за тоа ние не можеме да си ги жртвуваме сосема интересите.
И ние сме против тиранијата и се бориме со таа цел. Бидејќи ние сме тука пред Организацијата, немате право вие, кои сте од поново време од нас, да нè потчинувате на вас, новодојдените.
Уште минатата година се сретнав со Гоце Делчев и се разбравме дека јас со моите другари ќе си бидеме самостојни и ние ќе ѝ помагаме на Организацијата колку што можеме.
Напротив, од Организацијата ние не бараме да ни помогне во ништо, било морално или материјално. И така Организацијата нема право да ни се меша со кого се биеме и со кого се бориме, и кого грабнуваме и фаќаме за откуп. Никому не можеме да даваме сметка за нашите дела.
Ако е согласен и пратеникот Герџиков, можеме да ги обновиме врските што ги прекинавме уште по заробувањето на Туран-бег, повторно да си останеме блиски и да се среќаваме во реонот како другари и неконкуренти.
И јас го советувам другарот Герџиков да си остане тој како војвода на Организацијата во Гевгелискиот реон, а кога ќе се среќаваме секојдневно, ќе се советуваме за многу прашања и моите другари, четници и јатаци, ќе го почитуваат.
И така нашите односи ќе бидат засекогаш во мир и хармонија.
За да ја покажам мојата добра волјa …извади од џебот 200 (двесте) златни лири во четири фишеци по 50 лири, за да му ги даде на Герџиков, велејќи му:
„Тие лири се од откупот на Туран-бег.“
Герџиков го зеде зборот, му заблагодари на Иванчо Карасулијата за укажаната почит и доверба, но не побара да ги прими двестете лири. Иванчо насила му ги стави во џебот и му рече:
„Ти ги давам како подарок од мене за тебе лично, не за Организацијата.“
Герџиков му заблагодари на Иванчо за подарокот од 200 лири и му рече:
„Драг Иванчо, јас не можам да примам никаков подарок за мене лично. Сум дал клетва додека сум жив да му служам на народот. Имам началство, ќе реферирам. Ако ми дозволат да ги земам и да ги внесам во општата комитетска каса, тогаш ќе те известам, инаку не можам да ги земам.
Од моја страна ќе им пишам на Централниот комитет и на задграничните претставници да бидат попопустливи и да направат некои отстапки, за да може да се постигне некаква спогодба меѓу тебе и Организацијата.
Привремено ќе останам советник кај Андон Ќосето. Ако ме назначат за гевгелиски околиски војвода, ќе прифатам со задоволство, за да бидам близу до тебе и до твоите другари.
Засега, драг Иванчо, прими ги како од мене, така и од моите другари, нашите најтопли благодарности за гостопримството и извини нè за сите трудови што ги направивте за нас. Се надевам дека наскоро ќе добијам назначување за гевгелиски околиски војвода и дека наскоро ќе се видиме. Да бидеме блиски — тоа е мојата желба.“
Останаа на вечера, а на полноќ сите се бакнаа и пет четници ги испратија до нивниот реон.
Забелешка: Во оригиналниот ракопис недостасуваат страниците 13–18. Во архивското издание текстот на ова место е пренесен според зачуваниот машинописен препис.
VIII .
Одлуката да се побараат инструкции од Гоце Делчев и Ѓорче Петров
Тројцата верни другари — Герџиков, Ќосето и Јуруков, како замаени, почнаа да размислуваат што да прават со тој разбојник. Со добро ништо не можеше да се постигне. Ако го нападнеа со 3–4 чети и милиција од 150–200 четници, ќе настанеше големо братоубиство, бидејќи Карасулијата имаше многу приврзаници во блиските села, а имаше и турски разбојници за пријатели.
Постоеше можност разбојниците да ја известат турската власт, да се замешаат во таа матна вода и да настане голема касапница — ризична работа.
Тројцата дојдоа до заклучок да се обратат до Гоце Делчев и до Ѓорче Петров за инструкции, откако подробно ќе им го изложат однесувањето на Карасулијата и сите опасности од еден напад. Иако имаа слободен мандат да постапат како што ќе најдат за добро, не се решаваа сами да влезат во толку голем ризик.
Испратија рапорт до Централниот комитет, а копија и до задграничните претставници, за да им одговорат што треба да направат.
Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кога го добија рапортот, останаа изненадени и зачудени од однесувањето на Иванчо. Тие мислеа дека Герџиков, како интелигентен човек, ќе го убеди Карасулијата да влезе во редовите на Организацијата. Тоа не се случи.
Гоце и Ѓорче почнаа да размислуваат какви мерки да се преземат и какви инструкции да му дадат на Герџиков, за да се искорени тоа зло.
Во тоа време Гоце Делчев се сретна со Борис Сарафов и му ја раскажа целата историја за Карасулијата. Му го даде и рапортот на Герџиков да го прочита.
Откако го прочита, Сарафов го праша Гоце:
„Што мислиш да направиш?“
Делчев одговори:
„Мислам да соберам 25–30 храбри момчиња, добро вооружени сo …манлихери, исто така четите на Лука Иванов, Апостол, Попето, Герџиков, Андон Ќосето и 100–150 души милиција. Јас и ти ќе бидеме над четите, ќе ги опсадиме и, ако не се предадат живи, ќе ги уништиме до еден. Тоа е мојот план. Ако си согласен, отсега да почнеме да се подготвуваме да го искорениме тоа зло.“
Сарафов одговори:
„Слушај, Гоце. Самиот нема да те оставам да одиш, но треба да го земеме и мислењето на Ѓорче. Ако Ѓорче е согласен, јас сум готов.“
Гоце одговори:
„Согласен или несогласен Ѓорче, јас решив тоа и ќе го направам. Не можам да трпам еден разбојник да ѝ диктира на Организацијата.“
Се сретнаа со Ѓорче. Гоце му го раскажа на Ѓорче својот план. Кога Ѓорче го слушна планот на Делчев, се стресе, скокна и им рече:
„Вие и двајцата сте луди, треба да одите во лудница. Може ли разумен човек да мисли на такво глупаво решение — да ги опустоши народот и Организацијата со тоа братоубиство?
Герџиков излезе многу поумен од вас двајцата. Иако имаше слободен мандат да направи како што ќе најде за добро, сепак не влезе во авантура, туку ни испрати рапорт, за да не падне во грешка.
Вие набрзина скроивте таков ризичен план, за да предизвикате војна меѓу селаните од блиските села, а така ќе ги уништат учителите и селските раководители од блиските села; дури и вие сте во голем ризик.
Јас го прочитав рапортот од Герџиков. Тој пишува дека разбојникот Карасулијата располага со многу приврзаници и јатаци во блиските села, дури и со турски разбојници, кои имаат врски — можно е и турската власт да биде известена.
Може ли за еден разбојник да ставиме во опасност четите и милицијата, па и самите вас во голем ризик? Не заборавајте дека башибозукот од блиските села тоа го чека, за да ги пљачкосува и ограбува блиските села, а пак нашата борба е само со турската власт за ослободување на поробениот народ, не за братоубиство.
Доста ни е војната со врховистите, па да започнеме војна и со македонските села, од кои очекуваме да ни помагаат во делото. Затоа откажете се од тоа ваше избрзано решение.“
„Добро“, рече Гоце, „во сè си во право. Може ли Организацијата да трпи да нè измачува еден разбојник и да ни диктира?“
Ѓорче одговори:
„Трпение, другари, ќе најдеме начин по легален пат да му ставиме крај на тоа зло.“
IX.
Планот на Ѓорче Петров за Карасулијата
Гоце, со солзи во очите поради тоа што неговиот план беше отфрлен, се сврте кон Ѓорче и му рече:
„Те молам, брату Ѓорче, да најдеш средство час поскоро, за да можам да се успокојам.“
Ѓорче вети дека ќе се занимава со тоа прашање.
По неколку дена Ѓорче му напиша на Герџиков:
„Мишел, треба наскоро да се сретнеш со Иванчо, да му ги подигнеш акциите, да го пофалиш, за да можеш да ги фатиш неговите слабости.
Обиди се да го нападнеш Андон Ќосето, дека не бил способен за околиски војвода, и забележи на неговото лице дали ќе му направи задоволство нападот врз Андон. Оттука ќе забележиш дали храни омраза кон Андон Ќосето и пиши ми за сè подробно, за впечатокот што ќе ти го направи.
Јас ќе ти пишам како да постапиш со него, но ти посетувај го почесто и гледај да ја придобиеш неговата страна.“
Герџиков почесто го посетуваше Иванчо и разбра дека храни голема омраза кон Андон Ќосето.
Михаил Герџиков му напиша на Ѓорче за слабоста на Иванчо и за омразата кон Андон Ќосето.
Веднаш Ѓорче му напиша на Герџиков да се согласи со Иванчо и да напишат едно писмо до задграничните претставници, во кое да побараат Андон Ќосето да биде преместен од Гевгелискиот реон, бидејќи тој бил причината Иванчо Карасулијата да не се согласи да влезе во Организацијата, а освен тоа Ќосето не бил способен за околиски војвода.
На тоа писмо се потпишаа Герџиков и Иванчо и преку курир од Иванчовите јатаци го испратија во Софија, а курирот требаше да чека и да донесе одговор.
Ѓорче го пречека курирот на Иванчо многу љубезно и го покани да остане 5–6 дена да се одмори во Софија. Му даде 500 лева за трошоци.
Уште првиот ден Ѓорче му напиша на Андон Ќосето дека по 4–5 дена ќе добие официјално писмо дека го разрешуваат од Гевгелиско, но дека тоа е само една маневра. Без да им каже ништо на четниците, требаше да замине кај Апостол Петков Ениџевардарски, кому Ѓорче веќе му беше пишал, и да остане кај него како гостин неколку дена, додека да помине таа комедија.
X.
Привидното разрешување на Андон Ќосето
Ѓорче и Гоце му напишаа писмо на Андон Ќосето, во кое му пишуваа дека е разрешен од Гевгелискиот реон и дека го назначуваат за советник на Апостол Ениџевардарски. Во случај да не ја прифати таа должност, да дојде во Софија.
Четата и архивата требаше да му ги предаде на Михаил Герџиков, кој беше назначен на негово место за гевгелиски околиски војвода.
Исто така, напишаа писмо и полномошно до Михаил Герџиков да ја прими должноста од Андон Ќосето. Писмото и полномошното ги испратија преку курирот на Иванчо.
Кога курирот пристигна кај Иванчо, му го даде писмото. Иванчо го прочита, како и полномошното. Веднаш испрати двајца четници да го поканат Герџиков кај него за една важна работа.
Герџиков отиде кај Иванчо. Му го прочитаа писмото и му го дадоа полномошното.
И така Иванчо беше многу весел. Не го собираше кожата од радост што Андон ќе се тргне од реонот и што со Герџиков многу лесно ќе си поминат. Го сметаше Герџиков за аџамија и непознат со селаните во реонот и така тој ќе биде господар на целата власт.
Герџиков се врати со полномошното кај четата. Седнаа настрана со Андон Ќосето и се разбраа двајцата.
По некое време Андон Ќосето ги повика четниците на собрание. Стана пред нив и рече:
„Мили другари, по заповед од Централниот комитет и задграничните претставници мене ме преместуваат во друг реон, каде што тие нашле за добро.
Вие си останувате тука со новоназначениот за војвода во Гевгелискиот реон другар Михаил Герџиков — човек интелигентен, со висока култура, многу добар и херој, од кого ќе научите многу нешта што досега не ги знаете.
Јас, од моја страна, ве советувам како ваш брат и другар — како што досега бевте со мене добри и дисциплинирани, без никаква грешка, така и занапред да бидете добри, верни и дисциплинирани со вашиот нов војвода Михаил Герџиков.“
Потоа Андон Ќосето се сврте кон Герџиков и му рече:
„Почитуван другару Михаил Герџиков, ти ги предавам моите другари, на број 24 момчиња, сите до еден добри, храбри, дисциплинирани момчиња, и сум уверен дека како досега беа толку добри со мене, така ќе бидат и занапред со тебе.
Уверен сум во твојата мудрост и во твојот добар карактер, дека ќе ги сакаш и ќе ги упатуваш најдобро како вистински браќа. Ви посакувам секое добро и успех во борбата ни за слобода на поробениот народ. Михаил Герџиков го зеде зборот, се сврте кон Андон Ќосето:
„Другару војводо, многу ти благодарам за уверувањата кон мене. Ти давам чесен збор дека другарите што ми ги оставаш ќе бидат кај мене како кај свој брат. Ќе се грижам за нив како за очите.“
Потоа Герџиков се сврте кон четниците:
„Мили другари и верна дружино. Јас ве примам од вашиот мил војвода со голема радост и верувам дека и вие исто така ќе ме примите. И така, се заколнувам во името на делото дека ќе бидам најправеден кон сите вас еднакво, без разлика.
И ако некој од вас не е согласен да остане кај мене, може слободно да си каже и да си отиде со поранешниот војвода. Не сум против тоа, кажете си го зборот.“
Четниците одговорија:
„Набрзина не сме подготвени да одговориме. Ќе се посоветуваме и по ручекот ќе одговориме.“
И така се разотидоа.
По ручекот, по 3–4 часа советување меѓу Андон Ќосето и четниците, Андон ги убеди дека таа промена се прави само и само за доброто на народот и затоа да не се сомневаат во ништо.
Четниците му го дадоа зборот на Дино Петровски. Тој, од свое име и од името на своите другари, изрази голема благодарност кон нивниот поранешен војвода Андон Ќосето и му посака секое добро. Ако во нешто згрешиле, бараа прошка. Го замолија војводата да остане уште еден ден кај нив како гостин.
Андон им заблагодари и вети дека ќе ја исполни нивната желба.
Дино Петровски се сврте кон Герџиков и му рече:
„Драг наш војводо, од моја страна и од страна на целата дружина ти благодариме за искреноста и ветуваме дека сите до еден ќе бидеме верни, дисциплинирани и послушни кон тебе, мили војводо, како што бевме досега. Исто ќе си останеме и занапред при нашиот сакан војвода Михаил Герџиков.“
Се слушнаа извици: „Ура!“
Андон Ќосето, откако се бакна со Герџиков и со четниците, многу љубезно го испратија, придружуван од курирот и двајца четници. Апостол Петков, ениџевардарскиот војвода, го прими многу љубезно.
XI.
Зближувањето на Герџиков со Иванчо Карасулијата
Герџиков уште истиот ден го извести Иванчо Карасулијата дека Андон си заминал и го покани да дојде на гости.
Тој одговори дека не му било удобно да дојде, наведувајќи измислени причини:
„Но дојди ти, ако сакаш“ — го покани Герџиков да отиде кај него.
Герџиков го остави Дино Петровски да го замени за еден-два дена и отиде кај Иванчо. Помина со него два дена. Иванчо беше многу љубезен и многу задоволен од отстранувањето на Андон Ќосето од реонот и така станаа многу блиски.
Иванчо Карасулијата вети дека наскоро ќе му ја возврати посетата на Герџиков.
Кога Герџиков се врати кај своите другари, почна да ги подготвува да знаат дека односите со Иванчо Карасулијата се многу добри и дека Иванчо ќе влезе во редовите на Организацијата и дека тоа се прави по заповед на Централниот комитет.
Четниците сите се израдуваа дека конфликтот меѓу браќата ќе биде среден.
Од друга страна, Герџиков му напиша на Гоце Делчев дека со Иванчо Карасулијата работата оди многу добро и дека речиси ќе почне да има целосна доверба од него. По некој ден ќе му пише повеќе.
На Иванчо Карасулијата му напиша преку курир Герџиков да заповеда да му дојде на гости во леднината над селото Петрово и да ги земе со себе и другарите.
Средбата требаше да стане на Кожуф Планина, центарот на Карасулијата.
И така Иванчо, заедно со харамиската чета, го пречека Герџиков со четата и многу љубезно двете чети се поздравија и се бакнаа.
Герџиков му рече на Иванчо:
„Ти си поискусен тука, заповедај ти како да стане охраната.“
Иванчо одговори:
„Леднината над селото Петрово не е толку сигурна. Подобро да си останеме тука, ќе си останеме посигурно така и момчињата ќе почиваат и ќе се веселат поспокојно.“
И така стана.
Герџиков беше порачал десет јагниња од разни села, а четниците отидоа да ги донесат таму.
Охраната ја нареди Карасулијата и така се успокои дека Герџиков нема задна мисла.
Ручекот беше приготвен и се собраа четниците од двете чети.
Герџиков го зеде зборот. Ја пофали дејноста и храброста на Иванчо и рече дека само Иванчо е роден да биде главатар на сите војводи.
Му беше весело што можеше да го разбере и да стави крај на раздорот и дека занапред сите ќе бидат потчинети на заповедта на Иванчо. Ги замоли четниците од двете чети да бидат дисциплинирани и потчинети на Иванчо.
На тие зборови Иванчо стана, го бакна Герџиков и му рече:
„Занапред рамо до рамо ќе бидеме заедно.“
Седнаа да ручаат и така двете чети останаа на Кожуф Планина три дена. Разделбата меѓу двајцата војводи и меѓу сите четници беше многу срдечна.
XII.
Предлогот Иванчо да стане околиски војвода
За сето тоа Герџиков му напиша на Гоце Делчев.
Тој одговори:
„Продолжувај со потесни врски и почесто среќавај се.“
Герџиков, од своја страна, продолжуваше почесто да се среќава со Иванчо и во секое писмо што му го пишуваше на Гоце Делчев, пишуваше и по неколку реда за Иванчо Карасулијата, кого љубезно го поздравуваше и го фалеше дека бил многу умен и храбар, и му благодареше што Герџиков добро се однесувал.
И така Иванчо, наместо да се зближи со револуционерните комитети во реонот, стануваше погруб и учителите и раководителите од селата многу се жалеа на Делчев од поведението на харамијата Иванчо и бараа негово уништување.
Гоце Делчев му напиша на Герџиков:
„Бидејќи сакаме да те испратиме во странство за една важна работа, посоветувај се со Иванчо кого да назначиме за војвода наместо тебе.“
Тоа писмо Герџиков му го даде на Карасулијата.
Тој многу се израдува и рече:
„Ќе размислиме по ова прашање.“
По три-четири дена размислување Герџиков му предложи на Иванчо:
„Слушај, другару, наместо да се назначи друго лице, кој знае дали ќе биде таков добар како тебе, Иванчо, мојата желба е да останеш ти тука, во овој реон, како околиски војвода.
Гледаш колку добро е расположен Гоце Делчев кон тебе. Јас сметам дека е добро да му напишам едно писмо на Делчев и да му го дадам моето мислење за тебе. Ако си согласен, да му пишеме заедно.“
Иванчо многу радосно се согласи и му напишаа едно писмо на Делчев со горното содржание и брзо го испратија по курир.
Делчев веднаш одговори дека со големо задоволство ќе биде назначен Иванчо за околиски војвода во Гевгелиско и дека многу добро направил Герџиков што го предложил.
Делчев веднаш одговори дека со големо задоволство Иванчо ќе биде назначен за околиски војвода во Гевгелиско и дека Герџиков многу добро направил што го предложил.
Воедно, Делчев предложи Иванчо да дојде во Софија, за да се запознае со Ѓорче и со другите стари дејци, бидејќи ќе ја искористат можноста што во Софија привремено се наоѓаат и други лица од Централниот комитет, кои имале голема желба лично да се запознаат со него.
Тие лица биле многу восхитени само од слушањето за неговото херојство и сакале лично да го видат. Освен тоа, и самиот тој ќе ја види Софија, непозната за него дотогаш, и ќе биде гостин кај Делчев сето време додека престојува во Софија.
Писмото било напишано со многу аргументи и многу љубезно. Делчев му напишал уште пред тргнувањето да му јави кога ќе дојде во Ќустендил, за самиот Делчев да го пречека.
Со добивањето на писмото Иванчо многу се израдува. И Герџиков го охрабруваше со добри зборови дека ќе се запознае со Борис Сарафов, за кого Герџиков ќе му даде одделно писмо.
Иванчо Карасулијата, желен за првенство и лаври, веднаш реши да замине.
Герџиков заедно со Иванчо му напишаа на Гоце дека по два дена Иванчо тргнува.
И така Гоце Делчев тргна за Ќустендил да го пречека Иванчо.
По два дена Иванчо замина за Ќустендил, земајќи ги со себе тројца од своите најверни другари — Гого и Мито од селото Мутулево, Кукушко, и Лазар Делев од селото Орехово, Гевгелиско, облечени во современи алишта, со големи пафти и сребрени ќостеци како деребејовци.
XIII .
Спорот меѓу Гоце Делчев и Ѓорче Петров за судбината на Карасулијата
Гоце Делчев беше добил многу писма од гевгелиските, струмичките и кукушките раководители дека Иванчо Карасулијата и неговите другари треба по секој начин да бидат уништени, за да може Организацијата да биде спокојна, бидејќи не престанувале да ѝ создаваат пречки и опасности со своето своеволие.
И така Гоце Делчев му ги даде тие писма на Ѓорче да ги прочита и му рече дека тие разбојници непременно треба да бидат уништени, за да се стави крај на тоа зло.
Ѓорче не се согласи со тоа, велејќи му дека е срамота за Организацијата да постапи со подло убиство.
Гоце отиде во Ќустендил, љубезно ги пречека Иванчо и неговите другари, ги одведе во Софија, ги смести во хотел „Македонија“ и се врати кај Ѓорче, за да го убеди да ги прими Иванчо и неговите другари и тој да бара средство како да бидат уништени.
Ѓорче му одговори:
„Јас ниту ги примам, ниту сум согласен да го извршиш тоа убиство.“
И уште тогаш му рече збогум на Гоце и си замина во Трново кај својот искрен пријател Бочваров, без да му каже на Делчев каде оди.
Гоце потоа го бараше Ѓорче, но не можеше да му ја најде трагата. Гоце се најде на небрано.
Ѓорче избега за да го избегне извршувањето на тоа убиство во Софија, бидејќи без согласноста на Ѓорче го сметаше за престапление, и така ги остави на произволот на судбината и веќе не ги побара.
XIV .
Иванчо Карасулијата во Софија и врските со врховистите
Иванчо и неговите другари не се откажуваа. Тие, имајќи ги парите што ги зедоа од Туран-бег, ги расфрлаа по софиските шантани.
Бидејќи не беа доаѓале и не ја познаваа Софија, вкусија од нејзините привлечности и се развратија.
Врховистите ја искористија грешката на Делчев, се зближија со нив преку Хаџо, убиецот на Стефан Стамболов. Врховистите им пуштија многу пари и оружје.
Заедно Хаџо и Иванчо, на чело со триесет души чета, тргнаа преку Малешевско и се упатија кон Струмичко.
Известен за тоа, Герџиков го зеде со себе Атанас Нивички со четата, собраа и милиција, ги изгонија до границата и се вратија во Софија.
Тој неуспех на врховистите и тој пораз ги натера да бараат реванш.
XV.
Судирите меѓу врховистите и Внатрешната организација
Наскоро врховистите ги повикаа разбојникот Дончо Златков, Хаџо, учителот Бакалов, Алекси Поројлијата, Силијан Димитров, Иван Пашалијата и Иванчо Карасулијата Вироглавецот, собраа околу 150 момчиња и тргнаа во внатрешноста да ги убиваат луѓето на Внатрешната организација.
Тие чети поминаа по патот Горноџумајско и стигнаа во селото Логодош.
Кога за тоа дознаа Крсто Асенов, Сава Михајлов и Михаил Герџиков, собраа чети и милиција од селата Покровник, Крџево, Селище и тука, во Логодош, дадоа голема борба, која траеше цели шест часа, со големи жртви од двете страни.
На крајот врховистите отстапија.
Кога врховистите дознаа за овој втор пораз, испратија нови чети на чело со капетан Стојанов, капетан Георги Настев, Саракинов и други млади офицери и војници.
Четите се разделија на неколку делови. Едни отидоа на десниот брег на реката Струма, други во Струмичкиот реон, други во Петричко, а Иванчо Карасулијата успеа да ја завладее Кожуф Планина и започнаа убиства на луѓето од Организацијата.
Дончо и Алекси го убија војводата од Петричко Кецкаров, а исто така и учителот Александар Илиев.
Не стигаше тоа, Стојчо Бакалов ја извести турската власт дека во Струмица и Петрич имало чети.
И така, во една борба што траеше седум часа околу селото Долно Рибница, обединетата чета на дедо Илија, Глигор Иванов и Атанас Тешовалијата, со 82 момчиња, се бореше против 700 турски војници.
Убија 18 турски војници и 4 офицери, а многумина беа ранети од четниците, без ниту еден од нив да биде убиен.
Уште оставија како плен еден коњ со 50 шинели, кои четниците ги собраа.
По неколку дена Саев го нападна Чернопеев. Еден четник на Саев беше убиен, а од луѓето на Чернопеев двајца беа ранети — Костандин Нунков од Чирпан и Гошо Иванов од Враца.
XVI.
Иванчо Карасулијата како господар на Кожуф Планина
Иванчо Карасулијата, откако стана господар, ја завладеа Кожуф Планина и ги повика кај себе и другите.
Вангел Иванов, Атанас Орџанов, четата на Чопката — сите тие стари харамии станаа врховисти, сите блиски на Иванчо Карасулијата.
По негова диктовка отидоа во селото Тушин, го убија даночникот, кој ја собираше даночната давачка, убија двајца заптии и двајца Турци пандури, кои беа со даночникот.
Со убиството на тие царски луѓе, селаните од селото Тушин беа принудени да станат нелегални. Ги зедоа пушките и отидоа во планината.
Исто така ги измамија и селаните од селото Сборчани и тие го направија истото.
Тушинци и сборчани ги зазедоа височините Деревица.
Следниот ден пристигна многу турска војска под команда на Алај-паша.
Кога го најде селото Сборско празно, нареди да се запали селото. Исто така тргнаа да го запалат и селото Тушин, но таму ги пресретна Асан-бег Козарлијата и така успеа да го спаси селото.
Само една куќа изгоре.
На другиот ден Алај-паша им го испрати следното писмо на селаните:
„Селани од двете села Тушин и Сборчани. Јас знам дека за тие убиства што станаа во селото Тушин вие не сте виновни. Убиецот е Иванчо Карасулијата и неговите другари. Вие бевте измамени од Иванчо и од страв избегавте по планините.
Јас ви се колнам во името на Пегамберот и во името на султанот дека ќе имате милост и ништо лошо нема да ви се случи, ако доброволно се предадете во рок од пет дена.
Ако не се предадете за пет дена, да знаете дека нема да имате никаква милост. Имотите ќе ви ги изгориме, а вас, каде и да ве најдеме, живи ќе ве изгориме. Мислете.
Алај-паша, потпис.“
Кога го добија тоа писмо, тушинци и сборчани се обратија кон Иванчо Карасулијата и му рекоа:
„Или убиј нè сите тука, или пушти нè да си одиме со […] ни.“
Иванчо Карасулијата ја разбра големата грешка — дека тој е причината за сето тоа зло што му го нанесе на мирното население и дека причината за тоа е врховизмот. Им рече:
„Добро, ќе ве пуштам, но треба да се одговори на писмото.“
И така го натера својот секретар да одговори:
„Ваше превосходителство! Ние не сме виновни во ништо за убиствата. Војводата Иванчо Карасулијата со многу други четници ненадејно дојдоа во селото, ги убија царските луѓе и со сила нè одведоа во Балканот. Ние не сме виновни, ние ќе се вратиме сите и Ве молиме да ни простите.“
Кога Алај-паша го доби одговорот, испрати една рота турска војска да ги донесе.
И така Иванчо Карасулијата со сите четници се повлече, а селаните од Тушин и Сборчани групно се предадоа.
Тие преку Трсениќ беа одведени во Воден, а оттаму во Солун.
По 15 дена Алај-паша дојде во Солун и ги ослободи.
XII.
Измамата и разоружувањето на Кочо и Дељо
Иванчо Карасулијата не престануваше ден да не направи непријатности на Комитетот.
Така, еден ден Апостол Ениџевардарски испрати една група четници, на чело со Гоно Балабанов, да одат кај Аргир, гевгелискиот војвода, за да се советуваат какви мерки треба да се преземат за тие непријатности од страна на Иванчо Карасулијата.
Во селото Црна Река Иванчо дозна дека Гоно Балабанов со една чета бил таму наблизу и дека со него бил и учителот Кочо Колиштрков.
Иванчо испрати едно писмо по курир, во кое ги покани да дојдат да се видат.
Гоно Балабанов беше стар другар на Карасулијата и многу го симпатизираше. Штом го прочита писмото, Гоно му рече на Кочо:
„Да одиме да се видиме.“
Но Кочо одби да оди.
Гоно сепак отиде. Иванчо го пречека многу љубезно. Се согласија Гоно да напише едно писмо и да го покани Кочо да дојде заедно со Дељо Калчов.
Уште му напишаа:
„Непременно да дојдете, бидејќи Иванчо мисли многу добро за вас и за Организацијата. И така ќе стане едно разбирање помеѓу сите нас.“
Кога го доби писмото, Кочо заедно со Дељо Калчов отидоа на средба кај Иванчо Карасулијата.
Другарите од четата ги оставија да починат.
Карасулијата ги пречека љубезно Кочо и Дељо и почнаа разговори за тактиката и како треба да се дејствува занапред во борбата за ослободувањето на Македонија.
На тој разговор одненадеж десетина четници припаднаа и налетаа врз Кочо и Дељо со пушките на нож и ги разоружаа.
Кочо беше мушнат одзади во грбот и падна во несвест.
Кога се освести, се виде разоружан и му рече на Иванчо за бесчесниот начин на кој ги разоружа:
„Тоа е голем срам за тебе и за името што го носиш, Иванчо Карасулија, да се послужиш со измама, да нè поканиш на објаснение и разговор и потоа да нè разоружаш.“
Иванчо го погледна во очи и ништо не одговори, како да се призна за виновен.
Четата со плениците тргна за селото Беровица.
Близу до селото Дељо успеа да избега.
Тогаш ја засилија охраната на Кочо, но ниту смееја да го убијат, ниту да го ослободат.
И така, по неколку дена и Кочо успеа да избега од ноктите на Иванчо.
XVIII.
Обидот на Организацијата да го ликвидира Карасулијата
Тој подол акт многу ги возбуди Апостол, Аргир, Герџиков и Ќосето и му поставија заседа на Иванчо на Кожуф Планина.
Но селаните, кога го видоа тоа движење на четите од Организацијата, разбраа дека тоа е план да го нападнат Иванчо Карасулијата.
И тие го известија Иванчо и тој се скри меѓу своите јатаци.
Тој поганечки тип им се допаѓаше на селаните и така се спаси, бидејќи селаните многу го сакаа и го пазеа како од четите на Организацијата, така и од турската војска.
Тој создаде многу афери и ѝ нанесе многу штета на Организацијата.
Не се само тие за кои пишувавме досега, туку има и многу други, но засега ќе се запреме со Иванчо Орџанов Карасулијата, Дилбер Иванчо.
XIX.
Спорот меѓу Гоце Делчев и Ѓорче Петров поради Иванчо Карасулијата
Гоце Делчев го обвинуваше Ѓорче Петров дека тој е причината што не дозволил да се уништи Иванчо Карасулијата. И така тој отиде кај врховистите и ѝ нанесе толку многу штета на Организацијата и толку многу штета на народот со неговите афери.
Ѓорче Петров го обвинуваше Гоце Делчев дека тој е највиновен.
Прво, уште од почетокот, кога се запозна со Иванчо Карасулијата и виде каков тип харамија беше, требаше уште тогаш или да го привлече кон себе и да го убеди дека треба да влезе во редовите на Организацијата, како што направи со другите стари харамии — со Иван Биковски од селото Берово, Пејо Карамизијата од селото Крецово, Стоица Чорбаџијски од Панчарево, Атанас Сереков од селото Рудинари, исто Атанас Ризински, Мире Прилепчанец, Георги Телеграфиста од Ќустендил, исто Чочев и многу други такви харамии, кои влегоа во редовите на Организацијата.
Така требаше да го натераат и Карасулијата да влезе.
Во спротивен случај, тогаш уште Организацијата беше многу силна, со неа имаше толку многу харамиски типови, и без шум ќе можеше да се уништи Иванчо или поправи.
Големата грешка е на Гоце Делчев — наместо да постапи така, тој го остави на произволот да работи на своја глава, без да се потчини, само со еден празен збор дека ќе биде добар со Организацијата.
И тој, уште кога ја изврши првата зделка со заробувањето на Туран-бег и не сакаше да даде откуп на Организацијата, требаше да се преземат мерки.
Гоце Делчев го остави да стане популарен, потоа го донесе во Софија за да го уништи, за да ја компромитира Организацијата со подло убиство.
И така двајцата великани меѓу себе стануваа сè позавојувани и еден со друг се обвинуваа.
Еден ден прашањето стана сериозно и настана големо огорчување меѓу двајцата дејци.
Случајно во канцеларијата влезе Скендер-бег и виде дека двајцата најдобри другари стојат огорчени.
Скендер побара да ги остави и да си оди, но двајцата добри великани го поканија да остане, бидејќи неговото присуство беше многу потребно.
И така Скендер остана.
Ѓорче Петров го зеде зборот, откако ја заклучи вратата и му рече на разсилниот да не пушта никого. Ако некој ги бара, да му каже да дојде по ручекот.
„Слушај, другару Гоце, ние не треба еден кон друг да имаме недоразбирање, за да ни напредува работата.
Меѓу нас има едно недоразбирање, важно е грешката да биде моја или твоја, нема значење.
И ти да си згрешил, и јас да сум згрешил, за лошо не сме помислиле ниту ти, ниту јас.
Прашањето е, како што мене, така и тебе ни се врти во главата — како што јас мислам дека не сум јас виновен, ти си виновен, истото го мислиш и ти за мене.
Ниту јас ќе се признаам за виновен, ниту ти исто.
За да се ослободиме од тоа убедување, многу добро би било да му ја довериме на едно трето лице целата историја на Иванчо Карасулијата и тој да најде кој од нас двајцата е виновен и да се стави точка на тоа.
Ако си согласен, да му се исповедаме пред Скендер-бег. Ќе го заколнеме да го чува во тајност и да го оцени тоа дело и да си го каже беспристрасно своето справедливо мислење.“
Гоце Делчев рече:
„Сум наполно согласен.“
Скендер-бег се сврте кон двајцата великани:
„Срамота е за мене да ми ги доверите вашите тајни. Јас немам ум за мене, не да судам за вас.“
И двајцата, Гоце и Ѓорче, одговорија:
„Не, мило братче Скендер, ти ќе ни бидеш арбитар и така ќе се стави крај на тоа недоразбирање. Ти даваме полно право.“
Скендер-бег категорично одби да ја прифати таа арбитража, ниту сакаше да знае за какво недоразбирање станува збор, и се обидуваше да избега.
Но двајцата великани Гоце Делчев и Ѓорче Петров се свртеа кон Скендер-бег со сериозност и му рекоа:
„Ти треба да ја знаеш таа историја и ние двајцата нема да ја довериме на друго лице, но сакаме и ти да си го дадеш мислењето кој од нас двајцата згрешил. И така ќе се успокоиме и двајцата.“
По многу убедување го принудија Скендер да ја прифати таа тешка задача.
Тој побара да му ја напишат целата историја точно како што се одвивала од почетокот до крајот, а потоа пет-шест дена ќе ја проучува и ќе го каже своето мислење, без да гледа хатер на едниот или другиот.
Двајцата великани се согласија уште истиот ден да ја напишат целата историја, без изменување во ползa.
…или ущерб на другиот, вистината, и да се потпишат и двајцата Гоце и Ѓорче за верноста.
Исто така едно писмо од Гоце и Ѓорче до Скендер-бег, дека го прифаќаат со задоволство решението на прашањето за свршен факт, без отфрлање од едната или другата страна.
По тие многу разговори двајцата великани го поканија и Скендер-бег да дојде со нив на ручек, бидејќи веќе беше минало времето за ручек.
И така тројцата весели, дека ќе се стави крај на тоа недоразбирање, отидоа во гостилницата „Цариград“ да ручаат.
По ручекот двајцата великани седнаа и ја напишаа истата историја, без едниот да сака да ја измени во ущерб на другиот, точната вистина.
Другото утро го поканија Скендер-бег да му ја доверат историјата.
Скендер-бег, пред да ја прими напишаната историја, ги замоли двајцата великани да му напишат едно кратко писменце, дека неговото решение ќе биде прифатено и ставено во исполнување, без да се бара друг арбитар.
И така беше прифатено.
По една седмица од проучувањето точно на таа темна историја на Иванчо Орџанов Карасулијата, Скендер-бег им ја даде следната резолуција на двајцата великани Гоце Делчев и Ѓорче Петров:
„Драги и љубезни великани!
Цела седмица со големо внимание многу пати ја прочитав историјата што ми ја доверивте, и мојот заклучок е овој и верувам во дадениот ваш чесен збор дека ќе биде прифатена мојата резолуција и ставена во исполнување.
I. Не наоѓам ниту еден од двајцата да сте виновни во ништо. Како едниот, така и другиот мислевте да донесете полза и добро за делото и за народот.
Не гледам дека ниту Гоце, ниту Ѓорче помислиле за лаври или за свое благо, или за полза за некој од своите блиски, за да може да се обвини или компромитира во нешто.
Тоа што се обвинувате едниот со другиот не е друго, освен тоа што ви е мачно дека не можевте да ја постигнете вашата цел.
Целта ви беше да се донесе благо за делото и народот. Вие се трудевте со сите ваши сили за тоа, но тоа не можеше да стане повеќе од тоа што стана.
Затоа треба да се помирите со положението и да мислите занапред како што сте мислеле досега, бидејќи на вашиот грб тежиме сите другари и цел народ.
Не треба да се занимавате со тоа што не ве интересира и да си ги губите времето и идеите во тоа што не го интересира делото и народот.
Отфрлете ги тие заблуди, терајте си го вашиот справедлив пат — ослободувањето на поробената Македонија.
Молам, извинете што јас, без да сум компетентен, си дозволив да ви пишувам толку.
Со почит,
ваш Скендер-бег.“
По прочитувањето на мојата резолуција и моето мислење, како што има многу такви пасажи во ВМОРО, каде што е забрането да се публикуваат, исто и ова прашање, тој празен дуел помеѓу двајцата великани Гоце Делчев и Ѓорче Петров, да остане во тајност, без да се публикува.
Таа резолуција да се стави во исполнување, се согласија Ѓорче и Гоце.
Тоа беше прифатено со задоволство од двајцата великани.
Оригинал. Ракопис.