Спомени за настаните од 1896–1897 година – Рафаел Камхи

Ракописни спомени на Рафаел Камхи – Скендер Бег за настаните од 1896–1897 година

Вовед

Рафаел Камхи – Скендер Бег оставил повеќе ракописни спомени за своето учество во македонското револуционерно движење. Овој зачуван фрагмент се однесува на настаните од 1896–1897 година, период во кој Камхи непосредно се вклучува во организациската дејност и воспоставува врски со повеќе истакнати дејци на Македонската револуционерна организација.

Во своето сведоштво Камхи се навраќа на престојот во Солун и на контактите со Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Пере Тошев и Борис Сарафов, а потоа и на враќањето во Битола, каде стапува во непосредна врска со Даме Груев. Иако зачуваниот текст е краток, тој претставува вредно сведоштво од непосреден учесник во револуционерното движење и дава личен поглед врз односите и организациските врски меѓу неговите рани дејци.

Од оригиналниот ракопис денес е зачуван само еден лист, односно две страници, додека првите четири страници недостасуваат. Во архивската публикација документот е означен како „Оригинал. Ракопис.“

I

Зачуваниот фрагмент од спомените

Почетокот на ракописот недостасува. Текстот продолжува од зачуваната петта страница.
Во саботата наутро отидов. Тој беше готов, ме чекаше. Излеговме во Солун, се прошетавме. За ручек Ѓорче порача ручек во „Бошњак хан“. Ручавме заедно со Делчев. Пере Тошев не дојде на ручек, дојде малку подоцна. На крај повторно се бакнаа со Борис и веднаш замина. Јас си помислив дека, можеби, причината бев јас. Тој си замина и веднаш им реков дека ќе одиме да го испратиме кираџијата Наум, а јас ќе останам уште неколку дена во Солун.

Сарафов рече: „Откако ќе заминам јас, тогаш ќе заминеш за Битола. Сега можеш да одиш, довечер кај Пардо ќе се сретнеме.“ И така се разделивме од нив. Вечерта повторно се сретнавме тројцата. Борис се пресели во хотелот „Партенон“. Тогаш се собираа делегати за конгрес. Во неделата не се сретнавме, а вечерта се сретнавме кај Пардо и тогаш Сарафов предложи да го грабнеме како руски поданик и да бараат откуп од рускиот пратеник. Но таа идеја беше отфрлена од Ѓорче.

По 5–6 дена Сарафов замина преку Скопје за Софија, а јас се вратив во Битола. Ѓорче ми даде едно писмо за Даме Груев. Му го предадов писмото и усно му раскажав за средбата со Сарафов. Груев ми рече дека сега сме многу блиски, дека ништо не нè дели од браќата. „Треба да се среќаваме 1–2 пати дневно, ти ќе ни бидеш многу полезен за делото.“

II.

Организациското собиралиште во Битола

Договоривме средба кај Спиро Костов, колонијалист и крчмар, на горниот кат од дуќанот. Таму се собиравме со Даме, поп Тома, Лука Џеров, Георги Пешков, Неделко Дамјанов, како и со учители и курири од Охрид, Струга, Ресен и Прилеп. Тука ни стана гнездо.

Уште при враќањето од Солун им реков на господата Биолчев и Бадев да си побараат човек, бидејќи јас не можев да останам — ми се натрупуваше многу работа и не сакав да ја оставам. Им реков дека ќе се нагрбам да доаѓам по неколку часа дневно.

И така, во тоа време го запознав братот на Андон — Филип, со трговците кај кои имаше работа, бидејќи комисионерите од Солун, кои им испраќаа стока на битолските трговци, испраќаа полици кај Биолчев и Бадев за да ги собираат парите. Имаше многу работа и сето тоа беше на мој грб, затоа продолжував да доаѓам по 3–4 часа дневно.

III.

Повикот од Ѓорче Петров и Борис Сарафов

Во 1897 година добив едно писмо од Ѓорче од Софија. Ми пишуваше:

„Јас веќе се сместив тука со Гоцета. Непременно да дојдеш тука, зашто многу ни требаш.“

Долу во писмото, напишано од Сарафов, стоеше:

„Љубезно братче, непременно да дојдеш, за кратко време ќе станам горски цар. Те чекам со нетрпение, Борис.“

Откако го прочитав писмото неколку пати, веднаш како луд го побарав Даме и му реков:

„Јас ќе заминам за Софија.“

Истиот час го известив Андон Бадев дека ги оставам и дека за 1–2 дена заминувам за Солун.

IV.

Заминувањето и премолчената вистина

Не им ја кажав вистината, иако многу се мачеа да ме убедат да останам — сè беше залудно.

Оригинал. Ракопис.

Извор:

Милена Тодоракова, „Документи на Рафаел Камхи за участието му в Македонското революционно движение, съхранени в семейния архив на Нацо Христов Боболев“, Известия на държавните архиви, бр. 115–116/2018, Софија, Државна агенција „Архиви“, 2019.