Афера „Мис Елен Стоун“ 91901-1902)

Аферата „Мис Елен Стоун“ претставува еден од најпознатите настани во историјата на македонското револуционерно движење. На 21 август 1901 година, чета предводена од Јане Сандански и Христо Чернопеев ја заробила американската протестантска мисионерка Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Цилка на патот меѓу Банско и Горна Џумаја.

Првичната намера на револуционерите била да обезбедат финансиски средства за Организацијата. Заробувањето на американска државјанка предизвикало огромно внимание во светската јавност и повеќе месеци било една од главните теми во меѓународниот печат.

За време на заробеништвото, двете жени биле чувани во планинските предели на Разлошко, Малешевско и Струмичко. Иако постојано биле во движење поради потерата на османлиските власти, според сведоштвата тие биле третирани коректно. Особено внимание привлекол фактот што Катерина Цилка за време на заробеништвото родила девојче во декември 1901 година.

Преговорите за ослободување биле водени преку посредници во Софија и Цариград. По повеќемесечни разговори бил договорен откуп од 14.500 турски лири. Парите биле предадени во јануари 1902 година во Банско.

На 10 февруари 1902 година Елен Стоун и Катерина Цилка биле ослободени во близина на селото Градошорци, Струмичко. Дел од добиените средства биле искористени за потребите на ВМРО и за набавка на оружје и организациски активности.

Аферата предизвикала голем меѓународен одек и придонела македонското прашање да стане познато во Европа и во Соединетите Американски Држави. По своето враќање во Америка, Елен Стоун јавно зборувала за состојбата во Македонија и за борбата на македонскиот народ под османлиска власт.

Извор: Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија.