„Спомени на Сава Михајлов“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и стил.

Предговор

Сава Михајлов, родум од Гевгелиско, кој ја завршил солунската гимназија, се наоѓа во Џумајско како народен учител токму во разгорот на борбите меѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет. Под влијание од Делчев, Михајлов, како што самиот кажува, си поставил за цел да ја брани самостојноста на Внатрешната организација. И тој докрај е упорен во тој правец, работејќи во согласност со Сандански, Чернопеев, Крсто Асенов и др, со коишто подеднакво ги споделува и грижите да се набават по секоја цена потребните парични средства на организацијата, поради што учествува и во аферата со Мис Стон. Сава Михајлов се сметаше за многу чесен деец и голем идеалист, високо ценет и од Делчев. Не може да има сомнеж, дека и во својата борба со врховистите тој се водел само од чисто принципиелни побуди според тогашното општо сфаќање на револуционерните работи во средината на внатрешните дејци. За историјата на фаталната меѓусебна борба меѓу двете револуционерни крила, личната оцена на Михајлов е важна, што се однесува до поврзаните настани со неа.

          И како внатрешен организатор Михајлов се истакнува со голема смелост и решителност во своите манири и дејствија. За подготовката на општото востание во 1903 г. тој неуморливо се грижи и покрај неблагопријатните услови, кои особено се засилиле по солунскиот атентат. За време на востанието Михајлов е еден од последните, кој се прибира од оваа страна на границата за да ја сподели со мнозината свои другари по оружје тешката тага за поднесените жртви. Со него се запознав при еден посебан натан, кога во зимата 1903 година по иницијативата на неколкумина благонаклоници во полза на ослободителното движење во Софија се правеа залудни обиди да се помират двете страни – врховистите и централистите. Во една средба со Делчев, кого што за прв и последен пат тогаш го видов стануваше збор по прашањето за помирувањето; го поканив да присутствува на едно собрание од повидни претставници на емиграцијата, за најпосле да се најде еден modus vivendi меѓу надворешните и внатрешните дејци. Делчев ги споделуваше нашите добри желби но и не го криеше сомнежот во успехот на помирливата иницијатива. Најпосле вети дека ќе земе учество на собранието, кажувајќи  дека ако не дојде лично, ќе испрати да го замени едно лице, во кое што може да имаме полна доверба како во него самиот. На собранието наместо Делчев се јави Сава Михајлов. Не познавајќи ги подробно претходните настани, кои тој ги преживеал во судирите со луѓе на Врховниот комитет, не можев тогаш добро да ги оценам мотивите поради коишто Михајлов крајно недоверливо се однесуваше спрема претставниците на спротивната страна, меѓу коишто беше и тогаш резервниот генерал Цончев. Го помнам добро спокојното, но впечатливо држење на Михајлов и големото значење, кое што присутните му го оддаваа на секој негов збор. И кога на крајот на заседанието божем се дојде до една спогодба и се состави помирлив протокол, кој остануваше да се потпише другиот ден од претставниците на двете страни, Сава Михајлов изјави, дека тој ја прифаќа постигнатата спогодба, но е уверен дека другата страна нема да го исполни. Тој излезе во право – другиот ден Цончев и неговите другари се откажаа од спогодбата и одбија да го потпишат протоколот, за што на времето се направи и едно печатено доверливо соопштение до емиграцијата.

          По Илинденското востание се сретнавме со Сава Михајлов („Савата”) како стари познаници и овој пат подобро се разбиравме. Михајлов беше многу елегично настроен и на кусо ги предаваше своите спомени. Тој претчувствуваше дека ќе загине, како што и се случи, бидејќи го сметаше за свој долг да продолжи да работи за ослободувањето на своите браќа од другата страна на Рила, кои тогаш станаа уште понесреќни по крвавите последици на востанието. Кај мене тој остави впечаток на карактерен маж со благородни пориви и цврсти принципи.

          Л. М.

I.

Биографски податоци. – С. Михајлов, како учител во с. Кавадарци, влегува во организацијата. – Во Гевгелија Михајлов го раководи раковиодното тело. – Доаѓајќи привремено во Софија, ја сваќа опасноста за организацијата од страна на врховистите и се зарекува да се бори со нив. – Михајов во Џумајско се среќава со Сандански и Чернопеев -Фаќањето на Мис Стон.

Mоето име е Сава Михајлов. Роден сум вo декември 1877 г., вo с. Мачуково, Гевгелиско. Основно образование добив во своето родно село, а од I заклучно до IV клас учев во Цариград, во класното училиште во 1889-1892 год. Своето образование го продолжив во солунската гимназија од V-VII клас во 1892/3-1895 год. Во учебната 1895/6 година бев назначен за учител во с. Кавадарци, после бев една година учител во с. Ракита (Кајларско), од таму во Тиквеш и во Неготин во 1897 година, кога стана Виничката афера, после во с. Богданци (Гевгелиско) 1898/9, а во градот Гевгелија во 1899/1900 и во Џумаја 1900/1901 г. до божик. Тогаш прејдов во четата на Чернопеев и на Сандански, до добивањето на парите за Мис Стон – после престојував во Софија до 24. јануари 1902 г. заедно со Крсто Асенов и Сандански. Назад за Македонија заминав со Сандански на Пирин на 6 април, каде што останав до крајот на мај и пак во Софија до 10 јануари, кога заминав заедно со Сарафов преку Ќустендил-Кочанско со своја чета од 10 души за Гевгелиско. Таму стигнав успешно на 20 февруари; во Малешевско се сретнав со Крсто Асенов и заминав заедно со него; однесовме матерјиал, 10-12 товари динамит и оружје во Гевгелиско. Од таму во март со Крсто заминавме во Кукушко и во Солун. Се вратив назад во Гевгелиско и таму останав и за време на Илинденското востание како реонски началник.

          Уште како ученик во Цариград, кога ја прочитав „Под ропството” во Министерската збирка, веќе нејасно започна кај мене да се создава идејата за независност од турците, но посуштински – во седмиот клас во Солун, каде што имавме ученички кружок и знаевме дека нешто се работи. Знаевме на пр., дека Дамјан Груев, кој тогаш беше во Штип, работи нешто против турците, но дека има некаква организација, ништо не знаевме. Во VII. кл. имав другар Дочков Страшимир, родум од Цариград (сега живеат во Сливен; Дочков сега заврши медицина во Берлин). Тој ми влијаеше, имаше слободољубиви идеи општо против тиранијата. Се добиваа тајно весниците Глас Македонски, Право, Автономија, Другар, Социјалист. Кога заминав за Кавадарци како учител, уште не бев посветен за делото. И мојот учител Димитар Мирчев ми влијаеше, ми даваше книги со револуционерна содржина, на пр. Белешките на Захарија Стојанов, Ботев и весници. Во Кавадарци веќе имаше организиран комитет уште во 1894 год. Дамјан, одејќи за Штип, поминал преку Кавадарци и основал нешто како комитет. Затекнав петмина учители и две учителки. Од нив само еден беше посветен и беше член на комитетот, а другите членови беа еден трговец, Иванчо Мишев Велков и еден тенеќеџија, Глигор. Месниот комитет беше од три члена. Имаше уште двајца учители во Варош – Пане Иванов и Иванчо Минчев, тамошни родени, коишто беа посветени. Јас во разговорите со нив осетив дека тие се посветени, можев лека-полека да ги препознам, силно сакав да се заработи во тој правец и многу ми беше тешко дека кријат од мене, дека си шепотат. Тогаш доаѓаше вестникот „Бунтовник”, хектографирано издаван во Солун од Централниот комитет, каде што беше и Груев како инспектор на солунските училишта. Еден од другарите, Иванчо Мишев беше како претседател на комитетот. Тој најпосле ми соопшти, ми откри се, бидејќи се уверил во мене. Ми го прочита и правилникот, а формална клетва дури и не ми побараа. Од тогаш сум член на организацијата, т.е. од крајот на 1895 година.

          Бидејќи главниот учител во Кавадарци беше егзархиско орудие, осети кој сум и што сум и за тоа поднесе извештај. Кнчев тогаш беше училишен инспектор. Како за казна ме преместија во с. Ракита. Тука немаше уште ништо – во цело Кајларско идејата беше сосем туѓа. Во Ракита имаше уште само една учителка. Тука за прв пат организиравме еден заеднички комитет за целата каза, во кој влегуваа момчиња и од селата Палеор, Емборе и Конкој – сите тамошни учители. Влегуваа и уште неколку души работници од Ракита и од споменатите села. Се организираше по правилникот да се даваат членски влогови. Грчко-турската војна малку му попречи на организирањето, се положи само основата. Се основаа комитети и во селата Дебрец и Налбаткој (Биралци). Емборе е тука центар на црковно-училишното дело. Селото Кајлари е чисто турско. Комитетите ги основаа учители; се запознав со нив и тие прифатија. Само учителите во Емборе не се подадоа. После еден од учителите и едно друго момче, селанче, прифатија. Бев во контакт со Пере Тошев во Битола. Кореспондиравме шифровано со хемиско мастило. Шифрата ми ја даде тој. Тошев беше во контакт со Централниот комитет во Солун.

          Не ми се сакаше да седам долго во Ракита, сакав да бидам во класно училиште, во градот, за да можам повеќе да работам. Си дадов оставка. Ме назначија за главен учител во Неготин во второкласното училиште по настојувањето на општината во Кавадарци. Тука имаше комитет. Дејноста се состоеше во организирање и зголемување на членовите на организацијата.

          Минав во второкласното училиште во големото село Богданци (Гевгелиско). И тука веќе имаше основан комитет од еден мој бивши другар од солунскиот педагошки курс, кој пред мене тука две години учителствтвал и тоа кога јас бев во Кавадарци. Членовите почнаа да си набавуваат пушки а веќе имаше кримки, пренесени од Бугарија. На бедните добри работници им се даваа пушки, доставени од Централниот комитет. Наши луѓе од Гевгелиско по канал ги преземаа од комитетски луѓе во Струмичко. Поимотните  си доставуваа турски пушки, повеќе систем Гра.

          Кога минав во градот Гевгелија, бев член на реонското раководително тело. Претседателот Андон Костов, од Дојран, беше главен учител. Член уште беше и Аргир Манасиев од с. Сехово (Гевгелиско) – учител. Тогаш се случи Валандовската афера. Ние тогаш во Гевгелиско (1898-99.) веќе имавме чета; – таа е една од првите чети. Солунски, компромитирани работници, прости луѓе, терористи, извршиле некои работи во Солун и избегаа во Гевгелиско. Четата се движеше по селата и служеше како извршна власт на раководителното тело. Кон четата се присоединија и момчиња од Гевгелиско – едни компромитирани, а други од желба да водат независен шумски живот. Четата порасна на 12 души, после се раздели на две и на три чети, па една замина во Ениџенско. Покасно во Гевгелиско дојде Михал Попето од четата на Делчев (Во 1898 г. Делчев со чета бил заедно со Бозуков во Пирин). И тој дојде со мала чета, 5-6 души, и почна да дејствува во духот на организацијата. По селата четата вршеше агитација, се разбира, отпрвин со вардење – само во куќите на посветените. Минав во Џумаја веќе како реонски раководител по барањето на Централниот комитет.

          Тогаш Внатрешната организација беше во својата најголема сила. Сарафов беше на чело на Врховниот комитет. По Божик дојдов во Софија и тука со Ѓорче Петров во еден разговор разбрав, дека Сарафов се токми да посегне по Внатрешната организација. Разбрав, дека Сарафов од чисто славољубие сака да ја круниса својата активност со прогрес, затоа што веќе беше неговата втора година на комитетствување и клонеше кон паѓање па природно кај него се развивала желба “славно” да заврши. Тоа го сфативме како многу опасна игра, зло за организацијата и воопшто лошо па јас прифатив да стапам во спогодба со соседните реонски началници (во Малешевско и Разлог) на Џумајско за да се спротивставиме на едно евентуално посегнување од Сарафов. Имаше мрежа. Го предупредив, но се случи солунската афера, падна Сарафов и дојде мешовитиот комитет Михаиловски, Кепов и Цончев. Кога се избираше Цончевиот комитет, јас за време на ваканцијата бев дојден во Софија; тука беа Гоце и Ѓорче. Со Делчев добро се запознав во Џумаја, таму тој дојде со ревизиона чета, дојде и дома. Се сретнавме во едно село со неговата чета, а тој, преоблечен селски, дојде и во мојата куќа. Уште тогаш бев убеден во согласност со Делчев и Ѓорче, дека не треба да му се доверуваме на Цончев, предвидувајќи дека ќе сакаат пак како Сарафов да ја завладеат Внатрешната организација. И уште тогаш си ставивме начело да ја браниме самостојноста на Внатрешната организација, секако, да се спротивставиме да не се примаат никакви чети во Џумајско без знаењето и согласноста на делегатите на организацијата. После тоа во септември се вратив во Џумаја. Уште немаше никакви Цончеви чети, имаше само една организациона чета во Џумајско на чело со Чернопеев. Јас се вратив во Џумаја на 17 август.

          Мислевме, уште попорано – на Петровден, како да најдиме пари. Имавме план за еден бег во Џумаја, Сулејман бег, но тогаш и после во јули месец не успеавме да го фатиме. Кога на 17 минав јас, Чернопеев веќе се наоѓаше кај Банско, планот за фаќањето на Мис Стон веќе бил приготвен и само уште преку мене се допрашуваа Делчев и Ѓорче што ќе кажат, дали се фати Мис Стон. Делчев и Ѓорче не веруваа, дека ќе се земат големи суми за Мис Стон и затоа Ѓорче не беше согласен да се фаќа. Јаас заминав на 17 со Крсто Асенов и со неколку момчиња, отидовме во Банско и им соопштивме, дека Делчев се колеба. При сето тоа на своја одговорност се изврши фаќањето. Крсто Асенов (род. од Сливен, братов син на Хаџи Димитар) отиде со четата и со Мис Стон, јас се вратив во Џумаја. До тогаш Дончо го сметавме како разбојник. Ние собравме доста пари внатре за пушки па требаше да го доставиме оружјето. А пак кога се ангажиравме со Мис Стон, требаше да ги употребиме тие пари за да ја истераме до крај аферата Мис Стон. Имаше големи трошкови. Целата чета требаше да се издржува на свој трошок – беа 10-12 души. Селаните не знаеја, со исклучок на два-тројца, кои ги заробиле и др. Поради тоа што закасни доставката на обеќаното оружје, се појавија незадоволство и недоверба и Дончо го употреби случајот да интригува заедно со агенти на Цончевиот комитет во пограничните места. Се сееја интриги против Внатрешната организација. Јас бев уште во Џумаја, доаѓа во с. Логодаш (Џумајско) една генералска чета под водството на Мијал Лазаров (род. од Бугарија, резервен унтерофицер). Дојдоа селани и ни кажаа дека дошла една чета којашто не ја познаваат. Крсто, преоблечен во селски алишта, се сретнал со таа чета и разбрал, дека дошла од името на Цончевиот комитет без согласноста и знаењето на нашиот комитет.

II.

Прв судир со врховистичка чета. – Агитација по селата против врховистите?. – Михајлов, принуден да стане нелегален, пристапува во четата на Чернопеев. – Арчењето на парите, земени за Мис Стон. – Михајлов привремено се враќа во Бугарија.

Тоа беше на крајот од октомври 1901 год. Крсто ми го соопшти тоа со писмо и ме прашуваше, како да постапиме. Се погоди пазарен ден. Јас им порачав на работниците од трите села (Селиште, Покровник, Крџево) да си ги земат пушките и да се соберат во Селиште на едно место. Отидов јас со еден работник од Џумаја и со 30 души вооружени во с. Логодаш, каде што во една куќа се запрела врховистичката чета. Не пречека Крсто и заедно отидовме во куќата каде што беа тие. Уште кога не видоа, истрпнаа. Ги прашавме зошто дошле и кој ги испратил. Им го напоменавме редот на Внатрешната организација, дека не може да се трпи внатре чета којашто не работи во духот на организацијата и од името на Централниот комитет. Им предложивме да си го предадат оружјето и да се вратат назад. Оружјето се предаде доброволно. Им оставивме на некои, коишто имаа револвери и со наши момчиња ги испративме до границата назад.

          Од друга страна Дончо беше загнезден во Петричко и притискаше на секој начин да си пробие пат и во Џумајско. Испраќаше заканувачки писма до селаните и до мене во градот, дека сите ќе не изгорел и испотепал ако не ги вратиме пушките, земени од четата којашто ја обезоруживме во с. Логодаш итн. По моето заминување во август и Делчев беше заминат преку Малеш во Струмичко и од таму во Битолско. Тогаш по Делчев замина и Халјо со чета од страна на Цончев. Со Халјо беше и Иванчо Карасулијата. Тие отишле до Струмичко и брзо се вратија назад. Внатрешната организација им правела пречки, одбиле внатрешните да им содејствуваат и затоа брзо се вратија назад. Имаше гласови дека имале намера да го стигнат и Делчев и да го заробат. Од заканите на Дончо, од друга страна и тоа што не можевме да достоиме на зборот да доставиме пушки на време, се забележа едно колебање меѓу селаните. Тогаш посилно се проговори и за Централниот комитет од една страна и за Врховниот комитет на Цончев од друга. Бидејќи четата беше зафатена со жените и не можеше да обиколува по селата, јас бев принуден да го напуштам градот и да обиколам некои села. Дури свикав општо собрание на сите селски раководители во с. Лешко, каде што им објаснив каква цел има Внатрешната организација и за што се стреми Врховниот комитет. Им ја претставив работата така што ако им се подадеме на Врховниот комитет, можат неговите луѓе, било поттурнати од владата на Бугарија и главно од кнезот (како во 1895 година, кога нашите луѓе беа играчка на кнезот) или пак по свои лични побуди да направат некое движење внатре и со тоа да осуетат па да не може да стане нешто сериозно за слободата на Македонците, за којашто Внатрешната организација се подготвува. И одново се убедија раководителите и ветија да не им се подаваат на врховистите. Тоа беше во ноември м. 1901 година. На тоа собрание еден од селските раководители, Смилјан Димитров, раководител во с. Падеж, кој бил во тајна спогодба со Врховниот комитет, најмногу настојуваше против Врховниот комитет, зборувајќи дека кој ќе се оддели од Ватрешната организација треба да биде убиен итн. но по една недела, кога онаа обезоружена чета во с. Логодаш, повторно испратена од Цончев, ја преминала границата и истиот Смилјан ја примил кај себеи и и укажал поддршка. По малку време истиот со едно писмо ми изјавува, дека тие веќе се откажуваат од Централниот и се присоединуваат кон Врховниот комитет, а парите собрани за пушки предадени од нив на мене, да им се вратат. Јас му напишав, напоменувајќи му што говореше на собранието и го заплашив да се освести, затоа што инаку ќе биде убиен. Наближи Божик. Веќе и во градот се јавија незадоволни од Внатрешната организација, бидејќи на сила им се барале пари а всушност не беа согласни да се работи, беа луѓе трговци па се огласија против нас и во полза на В. К. Се укажа уште, дека голем дел од селските раководители во Џумајско ги злоупотребиле парите, собирани за оружје и од страв да не им се побара сметка, укажуваа дека ќе се префрлат кон страната на В. К. И посочениот Смилјан – исто. И во с. Тросково, каде што Дончо ја нападна четата со жените и таму раководителот се подал од истите причини: тој дури не внесол никакви пари на Ц. К.

          На Божик јас бев предаден. Подметнале едно писмо кај ливадата на 24. XII. и еден турски офицер го наоѓа и му го дава на едно бугарче, симитчија, да го прочита. Тоа содржело: „Ако сакате да знаете каде се жените и ако сакате да знаете кој е тука комитетски човек, фатете го главниот учител Сава Михајлов и уште Петар Китанов (трговец), Никола Чевејата (меанџија) и Лазо Покровнички (земјоделец)”. Двајцата работници – Лазо и Никола, зедоа учество при фаќањето на жените. Се случи тоа што симитчичето било наш човек па рекло дека не може да го прочита писмото и брзо му јавува на Чевејата за тоа. Јас, штом разбрав за тоа, избегав во четата на Чернопеев и Сандански. Час и половина од Џумаја ги држевме жените во населбата и Покровник. Тоа беше на Божик, а на 18 јануари ги добивме парите и ги пуштивме жените. Кога избегав во четата, тие беа со Чернопеев, а јас со Сандански, Крсто и неколкумина момчиња се грижевме да ги земеме парите. Парите ги донесовме тука со Сандански и Крсто. Делчев не беше дојден па му напишавме да дојде. Донесовме решение да не ги држиме парите кај нас, туку да се свика едно собрание од внатрешни дејци и да се реши кому да се доверат парите. Најголема доверба имавме кај Делчев. Сумата беше 14,500 турски лири, тежеа до 80 оки. Поминавме во Бугарија од Разлог преку Доспат, преку Аврамов проход на Белјово. Одевме со момчиња до 15 души со пушки; ни помагаа курири од организацијата, наоѓавме вооружени и во Бугарија. Ги оставивме во Белјовската шума со Сандански, а јас и Крсто денски тргнавме за Пловдив, купивме алишта и чанти за сите, се преоблековме и се вративме во Белјово. Кога се враќавме за Белјово, куриерите веќе ги вратиле да си одат за Разлог, полицијата ги фатила но ништо не искажаа. Стигнавме како трговци во Софија и го чекавме Делчев. Делчев ја добил веста во Воденско, дека се добиени парите и дојде дури по еден месец. Се одржува собрание. Се определи една комисија, којашто ги трошеше. Се испратија пари и во Разлог, во Џумајско, во Солун и во Битола. Тука требаше да се вооружуваат момчиња и да се испраќаат внатре, во пограничните реони главно и да се борат против врховистите. Благодарение на тие пари ние можевме да противдејствуваме и да се закрепиме, затоа што тогаш бевме останати сосем без пари.

          Стоев тука до крајот на март, кога се донесе решение да заминат сите внатре, а да останат тука само делегатите. Се избраа нови делегати: Стефанов Димитар (од кнежеството), Дели-Иванов (од Кукуш) и Делчев. На жалост целото лето се изгуби во борба со врховистите.

Јас заминав со четата на Сандански. Додека ние тука имавме собрание и се расправавме со парите, врховистите успеале да се провлечат во Џумаја. Нашето собрание се состоеше од дејци од внатрешноста кои се наоѓаа во Софија: Чернопеев, Сандански, Ѓорче, Малешевски, Аргир, Чучков, Стефанов, Дели-Иванов. Целата сума се остави на располагање на комисијата, а на момчињата од четата им се купи само по еден револвер. Општо земено многу малку се потроши.

          Се донесе решение, голем дел од парите да се употреби за оружје, но борбата со врховистите не оодвлече и по неа отидоа многу пари па не се достави толку оружје колку што мислевме.

          Со Сандански отидов во Џумајско, а Чернопеев и Крсто беа пак таму, од десната страна на Струма, а ние од левата. Требаше да се бориме да ги одвратиме нашите од врските со Цончев. Дејствувавме само со убедување. Веќе најдовме чети на Врховниот комитет, четата на капетан Стојанов во Џумајско, од левата страна, а од другата беше Пашалијата. Баравме средба со нив, но не се согласуваа таа да биди пред селаните. Ги избегнуваа средбите. Имаше обиди да не предаваат. Одевме по селата во Џумајско, Разлог, Мелничко. Во Софија се вратив самиот во почетокот на јуни. Делчев беше тука. Останав тука до 10 јануари (1902 година). Врховистите беа на врвот. Јас бев еден од четиричлената комисија, избрана како контрола над арчењето на парите. И Крсто беше тука до септември, беше ранет преминувајќи некои момчиња прку границата и тука се лечеше.

III.

Михајлов заминува со чета во Гевгелиско да земе учество во востанието. – Солунскиот атентат попречува да се доставува оружје. – Се преземаат атентати по железницата. – Фрлање во воздухот на мостот кај Гевгелија – Две борби со војската. – Неуспешен втор атентат по железницата. – Крај на востанието.

 Од тука заминав на 10 јануари преку Ќустендил со Сарафов и со Андон Ќосето. Границата ја поминавме на 24 јануари. Сарафов ги понуди своите услуги и се одржа собрание од дејците тука, кога претходно се зеде мислењето и на Централниот комитет. Сарафов се прими како поединец да работи како секој работник. Сарафов се сложи да врши, каква било работа внатре што ќе му ја определи Централниот комитет. Кога Сарафов тргна, беше определен како реонски началник со чета (35 души, кои му ги даде организацијата) во Малешевско и Петричко. Јас се разделив со Сарафов на плинината Готен (на границата меѓу Струмичко, Малешевско и Разлог). Заминав за Гевгелиско. Таму веќе беше Аргир. Отидов со 9 души. Материјалот кој го носевме се состоеше од динамит и пушки – српски маузерки и берданки, купени по за 28-30 лева. Одев повеќе со намера да се организираат само терористички акции. Јас по однос на востанието се држев во резерва и кажував, дека ќе одам таму и ќе видам, ако има почва за востание ќе востанувам, ако не, ќе се задоволам само со терористички атентати. Кај 20 февруари стигнавме во с. Смоквица. Тука се сретнавме со Аргир. Ги најдовме Аргировата чета доста намалена (5-6 души) и уште една генералска чета на Иван Карасулијата (тамошен). Тие две чети се гонеа една со друга. Последниот, како постар деец тука, беше и посилен. Организацијата не беше задоволна од него поради неговите разбојнички инстинкти. Заробиле еден бег, уште во Сарафово време, зеле 1200 лири и само 200 лири му дадоа на комитетот. После Централниот комитет ги испрати во Бугарија, но Сарафов ги зеде во закрила, во касарната, се разгалија тие луѓе, се научија на пари и преминаа кон Цончев.

          Јас гледав да се постигне едно помирување. Во реонот речиси немаше никакво оружје, но се кажуваше дека ќе дојдат пушки за Гевгелииско. По еден месец не известија дека дошле пушки од Грција и дека се отворил канал од Солун па да ги прибереме. Беа до 75 пушки. Ние ги прифативме од Езерото. Имаше надеж од Грција да се втераат уште и други пушки, до 300. одевме по сите села заедно со Аргир. Четата беше до 20 души. Сите бугарски и влашки села беа верни на организацијата. Се организираа заеднички собранија. Дела се разгледуваа дури и за разводи. Каде што имаше пушки ги вежбавме за пукање. Општо земено во Гевгелиско не забележав спремност да одат да се борат. Инаку четата се примаше добро, предавство немаше. Солунскиот атентат не изненади и покрај тоа што се очекуваше во случај да се открие. Солунскиот атентат го пресече патот на доставката на оружје од Грција. После тоа веќе не можевме од никаде да дотераме оружје. Останавме вкупно со 100-тина пушки во реонот. Четите зедоа да се зголемуваат. Карасулијата божем се помири со Аргир, ама пак си ја тераше како што си знаеше. Двете чети, мојата и Аргировата се зголемуваа до 80 души. Беа избегани до 10 души од Гевгелија, многу момчиња од Солун по атентатот дојдоа во четата, така што сите пушки во четите беа ангажирани. И Карасулијата имаше до 20 души. По селата немаше ниту една пушка. На 28 јуни соопштија, дека на 6 јули ќе се дига востание, кога се кажа дека ќе се чека втора заповед. После се одложи за 20 јули. Датата ми се соопшти две недели пред востанието. Кога ми се соопшти, се собравме со Аргир да се посоветуваме што да се прави, дека луѓето ќе креваат востание. Решивме, дека друго ние не може да правиме освен по линијата да им направиме по некоја пакост на турците. До тогаш четата немаше средба со турци па немше никаква борба. На денот на востанието со Аргир поодделно добивме извештаи. Бев сосем крај Гевгелија. Јас се подготвував да кренам еден мост на железницата, мислејќи дека истото тоа ќе го направи и Аргир. Дојде курирот од него, во кое што ми соопшти, дека за сега ништо не може да направи, но ќе треба да се подготвиме па со здружени сили нешто посериозно да направиме. Одложив и јас додека се сретнеме. Тоа се случи на 25 јуни кај с. Хума. Тука донесовме решение да го разрушиме мостот кај Гевгелија. На 28 тоа се направи ноќе кај 10 ч. вечерта. Имаше во близина стража, ние наближивме со целата чета за да пази таа на патот откај Гевгелија, во случај да се јави стражата и отидовме неколкумина, ставивме динамит под мостот и под шините на 900 метри. Експлозијата се случи откако се оддалечивме. Фитилите беа запалени истовремено, но тресокот на 20-тина места следуваше не истовремено, така да тресокот беше страшен. Целиот мост (до 20 метри) отиде на воздухот. Турците брзо го поправија, т.е. ставија греди. Имавме желба да крениме еден воз но тие се вртеа само дење па не можеше ништо да се случи. Сакавме да го разрушиме мостот кај Демир-капија, но еден ден пред тоа не предадоа од селото Клисура (Тиквешко). Порачавме леб, но аскер донесоа. Еден влав, крчмар, е главно виновен. Се боревме до 3 часа попладнето (24 август). Изгубивме 6 момчиња. Лошо не предадоа. Имавме и бомби, повеќето сопствена изработка – во шишето од пиво, опковани со тенекија или стегани со јаже. Борбата се случи во шумата. Бевме двете чети до 55 души. Едно момче, рането, после умре. Си пробивме пат. Дојде кукушка чета во Гевгелиско и тргнавме, околу 180 души заедно. Кај с. Ошин пак се сретнавме со аскер. Тогаш ба 25 септември. Меѓу клисурската борба и оваа измина речиси месец, преку кое време силни потери крстосуваа на толпа по 1000-1500 души. Тие потери го измачуваа и тепаа населението да ги каже комитите. Потерата не гонеше. Борбата на 25 септември испадна успешно за нас, не загубивме ни едно момче а доста турци паднаа. Не ги оставивме да наближат повеќе од 300-400 метри па паднаа многу. после тоа јас со неколку момчиња заминав да го кренам поштенскиот возё и тоа кога со него помине војска, но немаше кој да ни каже кога ќе помине војска. Најпосле рековме, каков и да е воз. Ги ставивме петардите, ето го возот кај с. Смоквица, помина и ништо – фалшливи петарди. Се обидовме со електричен експлозив. Во м. октомври чекавме и токму крајниот вагон додека да помине, експлодира; крајниот вагон се распарчи и возот и помина. Вагонот бил полн со жито. Помина без жртви и ние бевме задоволни, затоа што ефектот се постигна. Почнаа возовите пак да циркулираат само дење. Тоа беше нашиот последен атентат.

Со истите 7-8 души требаше да преминеме преку Вардар за да земеме алишта. Беше 7 ч. (на крајот на октомври). Токму требало да помине еден воз со единици и затоа турците поставиле заседа на 1/2 час подалеку од линијата по патиштата. Налетавме на една таква заседа, бевме сосем блиску, со раце да не фатат. Запукаа многу, но не удрија никого и ние се извлековме без загуби. Се вративме назад кај другите. Се прими веста да се прекинат непријателските дејствија и ние прекинавме. Аскерот почна да ги полни сите села по 150-120 души. Падна снег. Рековме да се намалат четите. Тргнавме за Бугарија. Јас пристигнав тука со 6 души, а Аргир попосле со 40 души. Карасулијата пак исто така со чета – уште пред мене.