„Спомени на Пандо Кљашев“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и распоред на поглавјата.

ПРЕДГОВОР

Пандо Кљашев, чии спомени се содржани во втората книга од „Материјалите за историјата на македонското ослободително движење”, во Софија првпат дојде по несреќниот крај на Илинденското востание, во кое тој зеде забележливо учество како водач на реонската чета во Костурско. Со Кљашев се запознав во зимата 1904 година. Ми остави особено добар впечаток не само со својот елегантен и мошне пријатен надворешен изглед, туку и со своето здраво расудување, интелигенција, скромност и карактерност. Тој се согласи да доаѓа кај мене за да ги запишам неговите спомени, кои овде се обнародуваат сосема точно, како што ги раскажуваше во многуте средби, кои се гледаат од датите забележани во моите записи. Кљашев ме восхити со својот свеж ум; одговарајаќи на прашањата, прецизно соопшти многу дати, имиња, описи на ситни случки, биографски податоци за разни, второстепени личности, четници и сл., како што ќе забележи читателот сам во спомените. Една меланхолична добрина излегуваше од овој, на прв поглед, благ и хуман патриот, па напати ми се чинеше неверојатно, дека истиот овој деликатен младинец ги правел сите оние жестокости за кои самиот раскажуваше. Но и патриотското чувство, кое продолжуваше да го воодушевува, беше толку длабоко, а вербата во праведноста на македонското народно дело беше толку цврста, што не е чудно што во нејзино име тој бил способен во дадени мигови сè да направи за да го изврши својот долг онака како што тој го разбирал.

          Во текот на честите средби и разговори, додека се пишуваа неговите спомени, ние се зближивме и јас многу се плашев кога Кљашев без прекин повторуваше дека брза да замине во својот крај, кога ќе заврши испрашувањето на кое го подложив, за да ги остави таму своите коски, како жртва кон сè уште не завршеното народно дело. Тој сериозно предвидуваше дека ќе загине и ништо не можеше да ја смени неговата одлука да се врати назад. И навистина набрзо замина – пролетта 1904 година. На 13 август 1907 година, загина во родниот костурски крај, во планината над селото Дреновени, во една битка со Турците. Со својата смрт тој остана доследен на себеси и надомести за свесните и несвесни грешки кои, евентуално, ги направил во името на големата идеја за ослободување на Македонија.

          За да се комплетира впечатокот за овој виден македонски идеалист, ќе го пренесам овде мислењето за него од г. Баждаров, негов соученик во солунската гимназија, објавеи во Илинденскиот број на в. „Македонија” (Софија. бр. 234, 31 јули 1922 година):

          „Пандо Кљашев беше најмалиот по раст меѓу учениците од 1896 до 1899 година, во машката солунска гнмназија и во 1899/900 учебна година во битолската машка, класична гимназија. Го викавме Пандето. Кусичок, но со широки раменици и набиен, со впечатливи црни очи, отворено чело под густата, бујна, но секогаш грижливо исчешлана коса, тој го имаше минато детството и влезе, како и ние, во младешка доба; за тоа сведочеа и никнатите влакненца под носот. Првиот и површен впечаток беше дека со неколку години нè надминал сите во класот. Меѓу најголемите меѓу нас – Манол Розов, Г. Христов, Г. Каракабаков, Г. Тодоров, Андреј Казепов – тој навистина изгледаше како дете. На сите ни беше љубимец поради добриот карактер и нежната душа. Немирните другари понекогаш на шега го чепкаа Пандето, а тој кротко се смееше. Но, кога ќе претераа, веѓите му се збираа на челото, а во очите му светкаше гнев. На лицето му се читаше лутина – му здодеа да биде третиран како мал. Според бистрината и успехот, беше меѓу најдобрите ученици.

          Во гимназијата имаше ученички револуционерен кружок. Во него членуваа и некои наши сокласници. Неупатени во тајната, ние во почетокот не знаевме ништо. Сигурно уште нè сметале за лесноумни деца или пак за многу занесени во училишните задачи и несоодветни за толку опасни работи. Во 1898 година – бевме во петтиот клас – по иницијатива на Трпен Марков од село Вишени, Костурско, кој беше привлечен од учителот Ив. Гарванов – и ние формиравме таков кружок, мислејќи дека нема друг. Подоцна разбравме дека постојат два комитета – централниот и овој, на братствата. Пандо Кљашев во почетокот на следната учебна година веќе беше член на една од нашите групи. По обединувањето на двата комитета во Солун, се обединија и двата ученички кружока во Солун и Битола, кај што бевме преместени сите ученици.

          Го завршивме гимназискиот курс и се растуривме низ сите краишта на Македонија, немајќи време и можности да ги следиме маките на кој и да е. Пандо, како и многумина од нас, брзо бил принуден да се префрли во илегалност. Поради големата верност кон ослободителното дело, тој зазема раководно место во Организацијата во Костурско, заедно со повозрасните од него – Лазар П. Трајков, Манол Розов, Васил Чакаларов. Во Илинденското востание тој учествува во сите покрупни востанички дејства во најјужниот крај на Македонија.

          Востанието беше задушено од аскерот, башибозукот и од зимата. Многу од војводите дојдоа да се одморат. Дојде и Пандо Кљашев, но не остана долго: повторно се врати назад меѓу своите страдални браќа во поробената земја за да ја изврши до крај клетвата што си ја беше дал како ученик. Стана член на Битолскиот окружен комитет и во текот на 1906 и 1907 година повеќе престојуваше во централниот град, каде што заедно со другите окружни членови раководеше со организациските работи. Тие две години беа најтешки. Македонските револуционери требаше да водат нерамноправна битка не само со реформираната жандармерија на Хилми паша и војските на Хамид, туку и со грчките и српските чети. Во овој период тие дадоа големи жртви: кога би се направила статистика ќе излезе дека тие се побројни отколку во востаничката година. Костурскиот крај тогаш загуби видни личности, како што се – Митре Влашето, Атанас Кршаков и др. По повод загинувањето на Кршаков, при патувањето од Битола до Костур, Кљашев му пишува на еден свој пријател во Софија:

          „Несреќен е засега нашиот крај; надојдените несреќи оставаат толку длабоки и мачни траги, што се чини дека таму засекогаш ќе свие гнездо. Неумоливата смрт коси сè што е поживо, подоблесно, понадежно во овој крај, толку горд во борбата со непријателот, небаре провидението решило со несреќи да се скрши неговиот устрем кон благосостојба. П., јас, ти и толку наши бројни другари и пријатели се лишивме од еден храбар, мил, непрежален другар, а Костурско – несреќно и обвиено во жал по тешки загуби зимоска – од еден примерен син, од еден доблестен водач. Ти секако се досетуваш за кого станува збор, доколку веќе не си слушнал: обичниот Насо, секогаш храбриот Кршак, го нема веќе меѓу нас…

          Другарите оставени од војводата и сега ме викаат. Јас одам кај нив. Ја напуштам Битола. Бев несреќен таму слушајќи толку лошотилаци за мојот сакан крај и за мене лично и заминувам кон моето свето место. Ќе бидам среќен доколку успеам да го закрепнам мојот тажен роден крај. Но, и ако паднам таму наскоро, нема да жалам. Бидејќи моите верни другари треба да ме чекаат, со нив јас ќе бидам уште посреќен”.

          За жал, само десеттина денови по пишувањето на ова писмо, душата на Пандо Кљашев веќе беше кај душите на неговите мртви другари.

          На 4 август 1907 година, софиските весници ја објавија следната телеграма од Цариград:

          „Турските весници пишуваат дека една бугарска чета од 10 души, со која командувал Наумов, поручник во бугарската армија, Пандо Кљашев и Ристо Стојнов, била уништена во планината, над Дреновени, Костурско, по една битка со војската. Меѓу убиените се и тројцата војводи”.

          Не помина многу време и оваа кобна вест беше потврдена. Пандо Кљашев со 14 другари херојски загинале во една битка со аскерот кај спомнатото село на 13 август (31 јули) 1907 година.

          Софија, 1925. IV.      Љ.М.

I.

Биографски податоци

Роден сум во селото Смрдеш (Костурско), на 29 септември, 1882 година. Татко ми беше ѕидар, родум од Смрдеш, а мајка ми од блиското село Брезница. Во своето село учев од прво до четврто одделение, во бугарско училиште. Во Смрдеш живеат најзапалените гркомани. Во Костур завршив трети клас, а од четврти до шести клас учев во солунската гимназија. Седмиот клас го учев во Битола. Гимназијата ја завршив во 1899-1900 година. Идната година бев учител во Смрдеш, а на крајот на учебната година, во јули и пристапив на востаничката чета и оттогаш сето време го минував со четите. Уште во Солун, на 20 декември 1898 година, заедно со неколку другари од класот (шести клас), бев вклучен во револуционерното дело. Тогаш во Солун имаше две партии: централистите – на чело со Хр. Матов, Хр. Татарчев, Хаџи Николов и Пере Тошев и врховистите со – Гарванов, Колушев, Хаџи Мишев. Со нив беше и Наумов. Јас и моите другари не знаевме дека постојат разлики меѓу двете групи, а ги симпатизиравме Хр. Матов и Пере Тошев. Во револуционерното дело бевме упатени од Гарванов и Колушев, но не директно, туку посредно. Од книгите што ги имав прочитано, кои извршија влијание врз мене, се сеќавам на расказите од Каравелов, „Под игото” од Вазов и делата од Ботев. Организиравме приредби, а со собраните пари купувавме книги. За распустот по седмиот клас бев в село, а седмиот клас го поминав во Битола. Мојот другар Лазо Москов ми објасни дека имало расцеп меѓу Гарванов и Матов. Дури тогаш сфатив што значеле објаснувањата на некои другари, дека сме припаѓале на другата група. Од Москов дознав дека Гарванов, Колушев и компанија сметале дека не треба да се дејствува на револуционерен, туку на еволутивен начин, односио преку училиштата, преку културно издигнување и сл., додека другите се залагале за – револуција.

          Сега знам дека расцепот бил последица на амбициите. Гарванов и Колушев имале намера поцелосно да се ангажираат и да навлезат подлабоко во делото, за да имаат поголемо поле за работа. Со Гарванов беше Самарџиев, книжар, а со Матов – Хаџи Николов, исто книжар. Гарванов е родум од Стара Загора, Колушев од Одринско. Матов и компанија дејствуваа повеќе тајно, не се покажуваа, беа резервирани.

          Во Битола дејствував како ученик меѓу учениците. Целта беше колку што е можно повеќе да ги подготвиме понадежните ученици од четврти до седми клас. Постигнавме многу; ги групиравме сите подобри ученици и дававме тон во целото училиште. И меѓу учителите имаше вклучени во делото. Учители тогаш ми беа Дамјан Груев, кој ми предаваше географија, а во долните класови геометрија со цртање и боење; Герџиков Михаил, предаваше француски, а се претставуваше со името Луканов Тодор, божем завршил хемија; Васил Пасков, предаваше психологија, логика и историја.

II.

Зародишот на Организацијата во Костурско. Дејствувањето на Апостол Димитров, Лазар Поп Трајков, Павел Христов и Кузо Стефов. Поп Трајков в затвор

Во текот на распустот, по завршувањето на гимназијата, во родното село Смрдеш почнав самостојно да агитирам. Открив комитетски членови на чело со Фоти Мерџов, обичен селанец од бугарската партија. Основите на Внатрешната македонска револуционерна организација веќе беа ставени. Имаше и устав. Во Костурско, во овој период, Организацијата во повеќе места имаше фатено корен.

          Но, корени и тоа длабоки, во Костурско имаше пуштено и гркоманството. Егзархистите беа силни само во две села – Д’мбени и Бобишта. Подоцна егзархиски станаа и селата Поздивишта и Рула. Тоа се случило пред создавањето на Организацнјата. Во почетокот гркоманските села не беа добра почва за Организацијата. Борбата меѓу гркоманите и Бугарите беше жестока, а во Костенаријата селата и сега се гркомански, под патријаршијата. Првите никулци на Организацијата ги донесе Апостол Димитров, родум од Д’мбени, учел во Солун (исклучен во шестиот клас). Кога се разгоруваше борбата меѓу гркоманите и Бугарите, Димитров како учител во Смрдеш не можеше многу да направи. Тој беше учител уште јас кога бев прво одделение – околу 1890-1891 година. Со пропагирање почна во октомври 1895; во почетокот привлекол неколкумина, 2-3 од Смрдеш и Д’мбени и ги вклучил во делото. До 1895 година Димитров работеше само за бугаршината, против Грците. Од Смрдеш беа: Ламбро и Крсто Поповски и Лазо Поповски, сите егзархисти. На гркоманите тогаш сè уште не можеше да им се зборува за делото. Од Д’мбени бил опфатен поп Филип и уште 1-2. Од селото Тиолишта го вклучил учителот Кузо Темелков; од Блаца – учителот Динко Дамјанов; од Загоричани – Никола Цицов, исто учител. Сите овие Димитров ги организирал во текот на 1895 година. И учителот во Брезница, Христо Георгиев, му беше другар на Апостол Димитров. Георгиев, родум од истото село, успеал да придобие само еден работник – Пенчо Балков. Тие се првите протагонисти на револуцијата во Костурско. На тој начин во Смрдеш и Д’мбени по 5 години се засејува првото семе на револуцијата. Апостол Димитров отиде од Смрдеш за главен учител во Костур. Таму тој повеќе настојуваше да ги групира Бугарите, да привлече некои селани кон егзархијата, а многу малку се ангажираше за делото на Организацијата. Со парите добиени од Битола (од Груев) купуваше грчки пушки за Организацијата и им ги даваше на костурските села – на Д’мбени и на другите. Пушките беа наменети за Битолско, но поради некои тешкотии создадени при пренесувањето, тие останаа во Костурско, поточно во Д’мбени (имаше 18 пушки, купени за 40 лири), а некои и во Загоричани (купувани во 1894 година). Тие се, можеби, првите пушки што ги купила Организацијата. Во 1896 година, Апостол Димитров од Костур отиде во Пловдив, кај што стана чиновник на источните железници. Тој и тука работи во друштвото, па и сега е многу активен. Сега е чиновник во софиската железничка станица. По Димитров, за главен учител во Костур дојде Нелчинов – Македонец (не е од Костурско); тој учителствуваше во текот на 1896-97 година. Беше вклучен и важеше за раководител. Лазар Поп Трајков (родум од Д’мбени) и Кузо Поп Стефов (родум од Загоричани), како ученици во Солун беа вклучени во делото, ми се чини од Груев. Во текот на распустот тие двајцата дејствуваа во своите села заедно со Нелчинов. Последниов не забележа поголем успех, додека Поп Трајков, освен своето село, ги обиколи сите села во Корешта и Пополе. Неговиот другар Кузо Стефов, агитираше по селата околу Загоричани. Во овој период, 1896-97 година, како резултат на агитацијата на Поп Трајков и Стефов, како и на Нелчинов, речиси во сите села имаше по неколкумина во делото. Заедно со Поп Трајков по селата одеше и неговиот другар Лазар Москов (родум од Д’мбени), ученик во Битола.

          Главните учители во Костур – Апостол Димитров и Нелчинов, не можеа да направат ништо посебно. Непријателствата меѓу Бугарите и гркоманите се смирија по обиколките на учениците. Ученичките посети на селата извршија пресврт во духот на селаните. Учениците пееја патриотски песни, раскажуваа и сл. Песните особено влијаеја по другарските средби. Сето тоа го подигнуваше националното сознание кај селаните гркомани и егзархисти. Како резултат на тоа, непријателствата се гасеа и почвата стануваше попријатна.

          Поп Трајков и Москов низ селата делуваа многу енергично. Уште како ученик во Солун, Поп Трајков беше детално упатен во тајните на Организацијата. Кога ги обиколуваше селата, во делото ги вклучуваше само најдобрите. Тој беше авторитет за нив и со нивна помош ја наложуваше својата волја кога беше потребно. Поп Трајков беше храбар и, ако беше нужно, тој се фаќаше и за оружјето. По негова иницијатива селаните во Д’мбени почнаа борба против спахијата Јумер-ага. Селаните десетината, всушност осмиот дел, сакаа спахијата да си го зема во натура, додека спахијата сакал да си тера по старо: да ја остава кај селаните, а подоцна да им зема двојно, да ги стегне за пари околу Велигден. Во оваа борба Поп Трајков ја покажа својата одлучност, Тој ги натера селаните сами да го измерат житото и сите заедно да го остават пред вратата на селскиот ан. Човекот поставен од агата не сакал да го прими житото, но тие го истуриле пред луѓе. Најпосле агата бил принуден да си го прибере житото, но ги викнал селаните да се кара со нив. Тие го ополномоштиле Поп Трајков; агата не го сакал човекот „кој ќе ја растури царштината”. Поп Трајков се спротиставил и рекол дека ќе зборува, зашто е ополномоштен; селаните го потврдиле истото. Скокнале Турците да го убијат, но скокнале и вооружените селани и – агата се повлекол. Оттогаш Поп Трајков се издигна во очите на селаните. Турците бараа начин дз го отепаат, но тој се чуваше.

          Григор Бејдов, егзархиски свештеник, беше претседател на општината во Костур и пред доаѓањето на Димитров во овој крај, прилично помогна за закрепнувањето на бугарштината. Но, поради „недобро” поведение егзархијата го распопи, а од Цариград го однесоа во еден манастир, тука во Бугарија. Распопен, тој пребегна кон Србите, а тие го натоварија со мисија да отвора српски училишта во костурските села, кога го назначија повторно за свештеник во Костурско. Поп Трајков се зафати да го дебне по цели ноќи по патиштата за да го отепа, но не успеа. Затоа пак, и Бејдов ништо не направи. Дозна дека го дебнат и избега назад во Битола, а оттаму во Србија. Сега е потурчен, а кажуваат и дека е убиен од Турците. По ова Поп Трајков и Кузо продолжија по распустот да учат во Солун. Со Организацијата, консолидирана по распустот, раководеа – учителот Христо Георгиев во Смрдеш, главниот учител во Костур, Нелчинов и други учители по селата. Така мина зимата во текот на 1897 година.

          Поради ученичкиот бунт во Солун во текот на 1897 учебна година, Поп Трајков е исклучен од шестиот клас. Бунтот беше организиран од Комитетот. Учениците дигнаа врева главно против учителот Наумов. Наумов и припаѓаше на групата Гарванов-Колушев. Учениците на чело со Поп Трајков, Анацинов, Бошнаков и др., најверојатно по препорака на Комитетот од другата група, станаа против Наумов и компанија главно за да ги натераат да си одат од Солун. Наумов беше ставен за директор наместо Сарафов. Благој Димитров {сега учител во Софија) доби отказ; учениците не го сакаа Наумов, незадоволни што Димитров е отпуштен. Егзархискиот училишен инспектор Лазаров дојде да нè смирува. По тој повод Поп Трајков беше исклучен, дојде во Софија, гладуваше и напиша долго излагање до Егзархијата за работата на учителите во Солун. Како резултат на тоа, Егзархијата му дозволи да се врати во Солун и да го заврши седмиот клас. Учителскиот совет, сметајќи дека е опасен, не го прими во интернатот, туку му дадоа 12 лири за да живее приватно. Поп Трајков беше и поет. Тој е посебен тип, со тврда волја, молчелив. Ја заврши гимназијата и се врати во Костурско. Повторно целиот распуст ги обиколуваше селата, а учебната 1898/9 година ја помина како учител во селото Д’мбени. Но, во селото тој малку остануваше, одеше да агитира секаде, дури до Леринско. Имаше една учителка која му помагаше. Отиде дури во Пателе да купи пушки за 20-тина лири, земени од д’мбенци. Минувајќи од рака в рака, пушките биле менувани со постари. Треба да се забележи дека во Костурско, на пр.: во Д’мбени, Смрдеш, Загоричани, Вишени и др. пушки се наоѓаа, останати од „фариите” – вооружени христијани кон одеа по селата за да ги бранат своите. Тие пушки пред неколку години на христијаните им ги дал, ми се чини, Рифат – паша, за да се заштитуваат. Набрзо по ослободувањето на Бугарија, 1-2 години, дошле оттука разочарани некои македонски војводи да дигаат востание затоа што Македонија останала во ропство. Тоа биле Павел од село Желево и спомиатиот Мерџов; од Грција војводите Далипо, Стефо. Ова движење го викаат „андарсијата” („андарти”-ајдуци). Од ова време во Костурско се роди бунтовничкиот дух.* Затоа Организацијата најде подобра почва во Костурско: луѓето се храбри – таму има ајдучки војводи, кои издржале големи судири со Турците, на пр.: Наум Орлин, кој во неговиот конак во Лерин го фатил кајмакамот; имало еден арамија кој се викал Лаки, познат јунак и др. Местото е планинско, луѓето се принудени да одат на гурбет.

          Во времето кога Поп Трајков одеше низ селата, за учител во Костур беше назначен Павел Христов, родум од село Цапари (преселен во Битола). Павел Христов беше ополномоштен од Битола за раководител на реонот. Кога дојде таму се договорија со Поп Трајков, така што последниот остана подвижен агитатор, а Павел постојан, во Костур. И двајцата вклучуваа нови селани кои доаѓаа в град. За да имаат подобар успех одлучија во делото да ги вклучуваат и гркоманите, кои се мнозинство и без кои не може да се направи ништо сушинско. На тој начин се удираше нога и на црковната борба, зашто таа се пренесуваше на друг терен. И навистина, црковната борба престана. Павел Христов обиколуваше и некои села блиску до градот и пропагираше. Веќе во секое село имаше по 20-тина вклучени, а не само по 2-3-ца. Центар на Организацијата стана градот Костур, поточно учителот Павел Христов, кој успеа да направи уште поголемо име од Поп Трајков. Училиштето беше претворено во управа. Секој пазарен ден во него доаѓаа многу луѓе -и гркомани и Власи – за да ги вклучува во делото.

          Поп Трајков во текот на распустот 1898 година имаше викнато двајца, да му помагаат во својство на терористи. Тоа беа Дедо Ицко, од село Воштарени (Леринско) и Иван Кафеџијата, од Битола. Дедо Ицко – 50-годишен, подгрбавен, многу скромен човек – беше душата на целиот реон во Леринско. Терористичките дејства главно се состоеја во капади на Турци, на турски големци. Но, помошниците на Поп Трајков не направија ништо посебно и се вратија назад. Во истата 1898 година Кузо Стефов беше назначен во селото Хрупишта (Бугари и Власи) при што тој вклучуваше и Власи. Кузо почна да ја пробива организациската мрежа и во селата од Нестрам-кол (Хрупишта).

          Со овие дејци Организацијата забрзано се развиваше и во 1899 година. Во тоа време на сцената излегоа и неколку нови дејци – терористи: Коте од Рула, Кољо Вишенски (од с. Вишени), Стасо Кономладски и др. Коте Христов од Рула е човек кој и пред тоа се занимавал со ајдучки кражби. Имал дружина (тајфа), ќе ја свикал, ќе нападнел некоја куќа или карван и пак ќе се повлечел в село. Во една куќа во Псодери го фатиле, го однесле во Лерин, го тепале и го осудиле на затвор. Бил затворен и во Корча. Како човек кој ракувал со оружје, Поп Трајков го користел ту како курир, ту заедно со него одел. Му плаќал по нешто за да се издржува и да не мисли на кражби. Тој беше во состојба да им служи на терористите.

          Спасо Кономладски и Кољо Вишенски, поранешни падари, беа искусни и одлучни во ракувањето со оружје. И тие исто му користеа на Трајков било како курири било како терористи.

          20 април

          Во текот на 1898/99 учебна година, Поп Трајков е назначен за учител во родното село Д’мбени. Тој во училиштето не остануваше многу време, туку отсуствуваше по цели месеци одејќи по селата да го организира народот. Во училиштето го заменуваше неговата другарка која исто беше учителка. Поп Трајков во Петеле отиде за да организира канал за купување и пренесување пушки од Кајларско и тоа преку Дине0, наречен Абдураман. Во Пополе-кол (Загоричани како центар со околните села се вика Пополе) Поп Трајков ја закрепнуваше Организацијата. Цела година ту се враќаше во Д’мбени ту ги обиколуваше Корешта и Пополе-кол. И Павел Христов често одеше по селата, правеше собранија, мобилизираше. Тој имаше контакти со комитетот во Битола. Сето тоа беа подготовки и зголемување на бројот на работниците во текот на 1898/99 учебна година. Ширењето на Организацијата беше спречувано од многу продадени души во реонот, и Бугари и гркомани, што резултираше со предавства кои ја заплашуваа Организацијата во нејзиниот зародиш. Имаше и такви елементи кои се дружеа со Турците и го скубеа народот заедно со спахиите и државните чиновници (даночници и сл.}. На таквите ни случајно не можеше да им се довери тајната на Организацијата, а од друга страна тие беа непроодна пречка за нејзин развој. Требаше на секој начин да се истребат. Поп Трајков и Спасо Кономладски уште во јули 1899 година поставија заседа на патот од Лерин, преку Прекопани до Загоричани, за да начекаат двајца чорбаџии од ова село – еден коџабашија и неговиот помошник, по име Цуцуљо и Кљанчето (прекари). Не успеаја. По неколку дена, 8-10 дена, Поп Трајков на друго место повторно ги чекаше нив, овојпат со Манол Розов (тогаш Розов се уште беше ученик во Солун) кои се враќале од Битола. Повеќето од селаните мислеа дека ги убиле Турци. Тогаш ги ликвидираа. Само некои од Организацијата наслутува дека тоа го направи Поп Трајков, а тоа нему му донесе големо име, едноставно вдахна респект и страв. Тоа се првите жртви на Организацијата во Костурско. По ова Поп Трајков се врати во родното село. Од Битола му испратија еден другар-терорист, по име Вељо, родум од Демирхисарско (Битолско). Со него Поп Трајков ноќе шеташе наоколу и ги заплашуваше несовесните работници. Во октомври истата година Поп Трајков, Вељо, Спасо, Новачко (од Кономлади) и Демир (од Кономлади) застанаа на патот меѓу Кономлади и Брезница, во месноста Црна Гора. Го чекаа спахијата Демир, од село Грлени, помошник на спахијата Јумер-ага, родум од св. Недела. Сакаа да го ликвидираат зашто тој имаше отепано двајца Бугари, од кои едниот го претепал со ќотек. Беше вистински ѕвер. Мислеа дека ќе помине оттука. Наместо тој, поминало друго Турче, другар на Демир, заедно со Динко Хаџиев од село Црновишта, кој подоцна стана еден од најдобрите работници во нашиот крај. Мислејќи дека е Демир, нашите пукале и го отепале Турчето, а Динка, исплашен, почнал да бега. Го стигнале откако пред тоа го раниле во раката, а му го погодиле и коњот. Му се заканиле велејќи му да молчи, да не кажува никому ништо. Подоцна тајно го излекуваа во Костур. Работата ја заврши Павел Христов. Потоа го вклучија во Организацијата и тој, како што реков, стана нејзин верен работник. Турците не ни помислија дека тоа можеле да го направат Бугари.

          Поп Трајков и во текот на 1899/1900 година повторно учителствуваше во Д’мбени. Во ноември го обиколуваше Пополе и кога свратил во селото Черешница, во еден дуќан имало околу 10 заптии. Поп Трајков со другар му Бељо оделе во искинати алишта и не ги поздравиле Турците. Тие скокнале, ги фатиле и се зачудиле кога нашле кај нив револвери. Ги донесле во Клисура. Патем многу ги тепале. Во Клисура ги претресле и кај Поп Трајков го нашле печатот од Комитетот, расписки и список од членовите по селата. Павел преку свои пуѓе успеал да го поткупи полицискиот началник и да земат сè што им било земено. Револверите останале кај заптиите, без да се бараат објаснувања кај кого се најдени. Ги носат во Костур без никакви докази. По тримесечен затвор ги префрлиле во Корча. Јумер-ага и спахиите од Св. Недела настојувале да се осуди Поп Трајков заш0то беа насетиле дека е опасен.

          За да се зацврсти Организацијата во село Шестеово, според Комитетот, требаше да се ликвидира учителот Танас, Бугарин, но фанатизиран гркоман. На една свадба во селото Тиолишта, Кољо Вишенски пукаше во него од прозорецот на една соседна куќа. Никој не се посомнева дека го отепа Бугарин, дури напротив, беше фатен еден бег од Косгур кој беше осомничен за убиството. Кајмакамот не го сакаше бегот. Не толку одамна тој го беше затворил кајмакамот во конакот. Сега тој сакаше да му се одмазди и со задоволство го прифати обвинението од роднините на убиениот учител против бегот, дотолку повеќе што тој во Тиолишта дури бил и скаран со учителот. Во Битола бегот не беше осуден, но не беше ни ослободен, туку го испратија во Солун, таму да продолжат да му судат. Од мака умре во затворот. Беа фатени уште тројца сомнителни селани од Шестеово (егзархисти), како и свештеникот поп Димитар, но брзо беа ослободени.

          Кога ги зеле списоците и печатот од Поп Трајков во Клисура, Турците ги викнале учителот Златко Каратанасов од село Бобина да им прочита што е напишано и да им каже. Тој мајсторски се извлекол – рекол дека не ги разбира тие знаци, дека биле специјални букви и ништо не кажал. И за печатот ништо не рекол. Сега истиот Златко е свештеник во Бугарија, во селата околу Варна.

          Во Корча Поп Трајков е осуден на две години, а неговиот другар Вељо ослободен. Адвокат му бил еден Грк од Корча. Поп Трајков ја прифатил пресудата и одлежа две години. Во затворот имал можност да чита и да пишува; свирел на цигулка; го привлекувал вниманието на затворениците; научил арнаутски и запознал еден Арнаутин – Абдул од село Менкулец. Абдул му ветил на Поп Трајков дека ќе набавува пушки за Организацијата кога ќе излезе од затвор, а за возврат Организацијата да му помогне како и тие, арнаутите, да ја зацврстат својата арнаутска револуционерна организација која не напредуваше многу, зашто немаа интелигенција.

          Додека Поп Трајков лежеше в затвор, движењето во селата малку замре. Павел Христов се зафати поенергично со работа и место Поп Трајков, десна рака му стана Кузо Стефов од Загоричани. Работата повторно тргна.

* Во движењето „андарсијата”, меѓу комитите имало и Руси, дојдени од Бугарија. Ова востание треба да се проучи. Значи андарсијата, фариите – од реформите на битолскиот паша (кого Турците го сменија) – и сè друго се објаснува успехот на Организацијата. Во тоа време се појави и еден страшен крсердар, по име Абдил.

III.

Турските дерикожи во Костурско. Првата чета на Организацијата

Во 1900 година, јас уште бев во Битола, ја завршував гимназијата. Во текот на оваа година Организацијата закрепна, се роди идејата да се формира чета за да го заштитува населението од разни дерикожи. Така на пр. Ќасим-ага од селото Капештица, од прост падар, со убиства и зулуми дојде до најбогат човек и економски ги потчини поголемите села во Корештица. Тој Ќасим-ага беше далекувид: предвиде дека нашата борба, борбата меѓу егзархистите и патријаршистите ќе се претвори во политичка борба против турскиот режим, нагласувајќи дека кога тој би бил власт, не би дозволил да се распламтува таа борба. Такви дерикожи беа и Нуредин-бег и Абедин-бег од Костур. Последниот беше блудник, кој немаше оставено намира убава жена во бугарските села во околината на Костур. Сафедин-ага од Св. Недела, од родот на Јумер-ага, „Јумеровци”, исто беше зулумџија. Под овие спахии селаните беа во двојно ропство – политичко и економско. Ќасим ги имаше опфатено селата – Смрдеш, Брезница, Кономлади, Статица, Поздивишта и селата од Рулската Река – Рула, Трново, Оштима и Желево. Јумеровци ги опфаќаа: Косинец, Д’мбени, Жупаништа, Дреновец, Црновишта, а од Кономлади и Статица земаа десетина. И Ќасим и другите настојуваа да се зближат со првенците во секое село. Тоа го правеа додека не ставеа рака на селото и додека не го заробеа економски, а потоа ги отфрлаа и првенците. Економски ги заробуваа така што десетината ја оставаа во селото, а ќе се јавеа на пролет да го бараат житото. Селаните во меѓувреме житото ќе го потрошеа, а тие правеа записник барајќи од нив двојно повеќе. На тој начин – со зулуми, со вдвојување на лихвата, со тепање, со грабежи, со посегање по честа на селанките, особено во куќите Ќасим кај што имаше за земање – тие народот го доведоа до очај. Со прекупувањето на десетината тие минуваа многу време по селата. Успеаја да деморализираат многу селанки. Имаа жени во секое село, а нивните мажи не смееја да се спротиставуваат зашто Турчинот-љубовникот им се закануваше со смрт. На тој начии Ќасим заграби големи имоти во Брезница и Кономлади, така што тие села речиси беа претворени во негови чифлици. Во Брезница изгради своја кула, грабна половина од шумата на Градиште. Селаните станаа нивни робови и не се осмелуваа ништо да направат без знаење на овие силни Турци. Жените сосема се распуштија. Ќасим беше особено итар. Организацијата не можеше да ја рашири својата мрежа во овие села додека не се елиминира влијанието на овие дерикожи. Затоа Организацијата реши најнапред да ги ослободи селаните од овие злосторници, па кога малку ќе им олесни и откако ќе им вдахне верба во своето дело, да ги привлече луѓето кон себе. Тоа можеше да се направи само со четите. Во текот на април 1900 година, Павел Христов почна да ја формира првата чета во Костурско. Војвода беше спомнатиот Коте, од Рула. Имаше 6 четници: Митре Влашето, Демир Кономладски, Христо Цветков, од истото село, Алексо Настев (убиен во востанието, 1903 година – „Алексо војвода”) од село Цереово (Леринско), Нако од Шестеово, Вељо, другарот на Поп Трајков и уште Иван Бужов од Д’мбени. Некои од нив уште пред да се формира четата извадија пасоши, божем ќе одат во странство (Нако и Иван беа тогаш дојдени; Нако пред да се јави во Организацијата отепал еден Турчин, лежал в затвор, потоа избегал во Бугарија и пак се вратил). Четата беше формирана во почетокот на мај, се облече во востаничка облека – чисто арнаутска носија со фустани, за да може, кај што ќе треба, да поминат како Арнаути.

          Уште во зимата Павел им дозволил на селаните од Смрдеш и Брезница да го елиминираат Ќасим. Коте со 5-6 другари се обидуваше да го начека и заседнуваше по патиштата. Најпосле, на 16 април, Коте заедно со Васил Беќаров од Желево, Нако од Шестеово, Насо Јорлев од Апоскеп, Алексо од Цареово – го фатија кај Псодери, кога овој доаѓал од Лерин. Ќасим бил со тројца другари. По првите истрели Ќасим не бил погоден. Кога слегол од коњот, фатил позиција и нишанел во Коте. Васил Беќаров го погодил в чело и тој паднал. Едниот другар на Ќасим, Неџиб исто беше отепан, а другиот, помлад Турчин успеал да избега и да им јави на заптиите на Бигла. Откако ги зеле пушките на убиените избегале в планина. Потерата ги бркаше, но не дозна кои се. Тие се вратија во своите куќи. Радост го обзеде населението. Телото на Ќасим требаше да биде пренесено низ сите села кои тој најмногу ги мачеше. И оние што го отепаа излегоа да гледаат како неговите синови го носеа мртвото тело на татка си, натоварено на коњ, со штици на една страна, а од другата мртвиот Неџиб. Петте негови синови воопшто не се сомневаа дека убиството е дело на Комитетот, а го набедија својот противник Хусеин-бег од Биглишта и тој веднаш беше затворен заедно со 12 негови луѓе. Во Корча тие биле многу измачувани. Се обиделе да избегаат, ги фатиле и уште повеќе ги измачувале, како соучесници. Ослободија само неколкумина, а в затвор го задржаа Хусеин-бег со уште неколкумина негови луѓе. Го преместуваа од Корча во Битола, потоа во Солун за да се разгледа таму обвинението од синовите на Ќасим. По селата тргна потера. Во Желево и Оштима измачуваа некои селани за да дознаат нешто повеќе за убиството, но не дознаа ништо. Неколку дена по ова се формира четата. Народот се почувствува посигурен, комитетот стана една таинствена сила, кон која почнаа да се приклонуваат.

          Бидејќи сите кои влегоа во четата имаа семејства, Павел Христов им вети помош, по 3 лири месечно. Сè што ќе спечалеше четата, требаше да оди во касата на Комитетот. Овие први четници беа прости луѓе, и беа жедни за убивање Турци и шпиони. Тие знаеја дека е тоа цел на четата и дека ако нешто грабнат, дека е тоа на Комитетот. Некои сакале да се остави таму пленот и не сакале пари. Но Павел Христов ги убеди дека тие не се разбојници и затоа им даваше плата. Најалчен беше Ванчо од Д’мбени кој многу сакаше тој да ја води четата. Бидејќи Павел Христов ги стегаше, Ванчо почна да агитира меѓу четниците да не му се покоруваат на Комитетот. Коте тогаш уште беше послушен и кога виде кај Ванчо соперник, му кажа на Павел за неговото однесување со мнение дека треба да се преземат мерки тој да се отстрани. Павел се согласи и истата работа му ја довери на Коте. Овој со двајца другари го викна Ванчо да одат по вода и во Вишенската бука го отепаа – еден одзади му испукал куршум в грб. Коте остана единствен војвода на четата која повеќе се врткаше во Кономладско. Првата поважна работа што ја направи четата беше ликвидацијата во текот на јули на Абедин-бег од Стариот чифлик, до езерото, на 3/4-тини часа од Костур. Павел Христов, кој ја имаше организирано работата, отиде да гледа како сето тоа ќе заврши. Бегот изегол од селото Фотиништа на коњ и кога наближил до позицијата на четата два истрела го легнале. Уште не паднат од коњ, Демир се стрчал да го дотепа. Абедин извадил револвер, но Демир со нож го докрајчил. Четата избега в планина. Околу имало жетварки. Фатија четворица од Шестеово, Бугари, но брзо ги пуштија. Така заврши оваа работа.

          Уште не можат да откријат беговите кој ги убива. По ова четата отиде во Корешта и тука повеќе се движеше.

IV.

Марко војвода

Во јули 1900 година дојде Марко, чие вистинско име беше Георги Иванов, родум од Котел (Бугарија). Во тоа време меѓу четниците кои не го сакаа Коте се рашири глас дека тој е груб и прост човек. Дури дојде до расправија меѓу Коте и четниците, а еден сакаше да го убие. Кога дојде Марко четата беше во Зеленичко. Тогаш Павел Христов го претстави Марко како војвода на четата, а на Коте му нареди да биде послушен. Марко во Битола дојде од Бугарија. Коте, всушност, привремено беше назначен за војвода, додека не се најде поспособен човек. Москов беше против Коте уште кога се формираше четата, но бидејќи немаше друг се случи тој да биде назначен за нејзин водач. Другиот, способен човек, беше Марко. Сега Марко се назначи за водач. Кога ја презеде четата одржа говор. Веднаш се наметна паричниот проблем: доцнеше исплаќањето по 3 лири на човек, пари имаше малку. Марко почна да го објаснува идеалот на кого му служат. Тој беше човек со тврда волја, имаше многу страдано, читал многу, со мали барања, чесен до крај – човек воздржан во се. Тоа влијаеше врз четата. Еден од четниците, Митре Влашето, под влијание на Марко сосема се преобрази. Марко постојано ги обучуваше четниците со борбени знаења. Секогаш беше сериозен со четниците – во сите случаи. Им ја засадуваше идејата на Организацијата. Тој имаше учествувано во востанието во 1895 година, при горењето на селото Доспат (во Родопите), на чело со Давидов.

          Марко им всади на четниците послушност кон раководството. Сè правеше со железна волја и со малку претенциозност. Импонираше со своите способности. Затоа тој успеа целосно да ги придобие четниците. Коте не можеше да го издржи сè она што го бараше Марко. Од друга страна Марко беше дојденец, странец. Коте имаше околу 45-46 години. Марко гледаше дека Коте не е задоволен, но најнапред сакаше да ги сплоти четниците. Кон Коте се приклучи Вељо, другарот на Поп Трајков (Вељо во затворот се разочарал од Поп Трајков, зашто тој го прекршил постот) Вељо повеќе сакаше сам да ја заврши работата, отколку заедно со другарите да ја поднесува дисциплината. Марко ги учеше како да одат во ред – во строј, а Вељо ќе се оддалечи неколку чекори и си оди самиот. Еднаш за малку ќе го отепале неговите другари, кога помислиле дека е туѓ, зашто го виделе од страна додека оделе во патрола. На Коте му беше повредена суетата бидејќи Марко му го зеде војводството; освен тоа арамиските инстинкти работеа во него. Марко ги обиколуваше селата, тој со четата им се јавуваше само на повидните работници. Првата година не влегуваше во селото туку остануваше в планина. Тогаш сите сакаа да ја видат четата. И јас првпат ја видов Марковата и, воопшто, првпат видов чета во селото Брезница, в планина. Марко остана една недела над нашето село. Ги учеше младите да ракуваат со пушки, а со постарите разговараше. Дојде и Павел Христов кој во планината им зборуваше на селаните. Зборуваше и Марко – на својот источно-бугарски говор. Воодушевувашето кај селаните беше големо.

          Во четата имаше четворица од Кономлади, а Коте порано со четата повеќе се врткаше околу ова село. Четниците од Кономлади почесто си одеа дома, кај жените. Дури некои од нив забременија и мораа да признаат дека мажите им се тука, а не во туѓина. Се дозна, имено, дека има чета. Тоа го рашири една од најразвратните жени во селото, која имаше работа со Турците. Кога дојде Марко ги намали честите одења в село, но веќе беше доцна.

          Крсто Поповски, еден од првите работници во Смрдеш, имаше брат во затворот во Корча. Тогаш јас веќе бев учител во Смрдеш. Крсто Поповски преку мене побара да му дадат 2-3 од четата, за да го спаси брата си, кога еден заптија сакал да го префрли од Корча во Битола. Павел Христов не се согласи зашто не требало четата да се покажува заради едно приватно лице и зашто се уште не било дозволено да се убиваат заптии и царски луѓе за да не се зголемат сомневањата. Крсто за да го одмазди и да го спаси братот, односно да издејствува прошка за него – одлучи да ја предаде четата. За да се извлече од предавството, четата заедно со Марко се премести во Леринско.

          Откако го мина селото Був, Марка го пречекаа курири за да го префрлат во селата Воштарени и Попадија. Требаше да се мине Леринското Поле, а тешко се минува тој пат за една вечер. Коте негодувал, не сакал да оди, но најпосле му се потчинил на Марко. Организацијата по тамошните села беше слаба: четниците ги поднесувале откажувањата, но почнале да се бунат против Марко затоа што ги донесол во туѓ реон. Коте и Вељо биле главните иницијатори за отцепување на еден дел со цел повторно да се вратат во Костурско. Марко останал на своето. Се доближиле до Петеле за да казнат еден предавник, турски шпион, гркоман. Во една воденица останале неколку дена. Една вечер, на стемнување, влегле во селото наводенети и отишле право во дуќанот на чорбаџијата. Некој ги забележал, се дигнала врева, отвориле оган од селото против четниците и тие одвај се спасиле, не завршувајќи ја работата по која тргнале. Неуспехот на акцијата Коте го искористил за напад против Марко, прогласувајќи го за неспособен за една толку обична работа. Четниците се поколебале и една вечер четворица го напуштиле Марко. Тој останал со двајца. Митре Влашето во своето село останал случајно, божем да се преоблече како овчар. Демир и Христо со пасошите отишле во Бугарија, затоа што Турците се посомневале поради жените, па власта барала од нивните родители да им покажат писмо со кое ќе се види дека навистина се во туѓина. Затоа Марко беше проценил дека е добро привремено тие да бидат во Бугарија. Со Марко останале Алексо Настев и Георги Николов од СмрДеш. Со Коте и Вељо заминале Иванчо и Нако. Целото име на Иванчо е Димитар, родум е од демирхисарското село Белица. Иванчо во четата дојде во јули 1900 година, а отцепувањето се случило во почетокот на септември, на планината околу Петеле. Иванчо е момче на 21 година.

          Откако се отцепија, се вратија во Костурско и се криеја, поддржувани главно од Лазо Чолакот, во село Апоскеп. Потоа се криеја и во Кономлади и во Рула. Марко остана со двајцата другари во Леринско, ги обиколуваше селата до зимата, по што ја зголеми четата. Остана во Леринско, кај што и загина.

          Откако се дозна дека Крсто е предавник, им се порача на членовите на Организацијата да немаат доверба во него. Кога виде дека не му стојат добро работите, Крсто отиде кај Павел во Костур да му се извини. Тој го обвинувал Сотир Поп Василев од В’мбел, србомански учител кој божем го завел. Павел го искритикувал Крсто и му рекол дека името вечно ќе му остане предавничко. Крсто дојде и кај мене да се правда но, иако пред тоа бевме први пријатели, и јас исто му реков, дури и му нагласив дека треба да се тргне, во спротивно ние ќе го тргнеме. Донесов и еден терорист во селото и му кажав за Крстета, да го казни, но тој не успеа. Потоа го оставив да избега и сега талка по Родос. Србоманскиот учител продолжуваше да поткопува, да разбере детали за четата за која му зборувал Крсте за да и каже потоа на власта. И без да знае нешто поконкретно, отишол во Костур и дал список на позначајните луѓе во Смрдеш за да й се додвори на власта и за да издејствува ослободување на Крстевиот брат, Ламбро.

          Сотир требаше да се казни. Се одреди Коте со другарите да го пречека во заседа. Кога се враќал Сотир од Костур за В’мбел, минал покрај четата, но таа го забележала доцна. Тргнала по него, го стасала и го отепала пред Смрдеш. Ова дело можеше да се прикрие зашто и самиот мудур им заповедал на заптиите да го следат и да го доведат во Биглишта, бидејќи 2-3 пати поднесувал лажни информации во власта. Дури и синовите на Ќасима не сакаа да го видат Тие веруваа дека татко им го убил противникот Хусеин-бег а Сотир ги уверуваше дека тоа го направиле комитите. Мудурот не сакаше да преземе никакви мерки, а во тоа го поддржуваа синовите на Ќасим. Меѓутоа. од Костур дојде војска. затворија седум души, меѓу нив и една жена. Се потрошија околу 120 лири за да се ослободат луѓето, кои впрочем и не беа виновни.

V.

Посериозно организириње на реонот. Васил Чакаларов

22 април

          Дотогаш само се регрутираа членови, без да се организираат со намера еден ден да се искористат. Со луѓето во секое село раководеше оној кој ги примил во Организацијата. Вистински раководни тела се формираа во текот на 1900 година. Дотогаш опфатените членови еден со друг не се знаеја. Тајната се чуваше и пред жените. Во секое село кај што имаше повеќе членови, се формираа раководни тела во кои влегуваа по четворица, примени меѓу првите. Четата почна да ги обиколува селата и да држи собранија на кои примените членови се запознаваа меѓу себе. Се назначија десетници кои ја собираа членарината. Сега веќе кога ќе се примеше некој требаше да си набави оружје на своја сметка. Раководните тела не се занимаваа со тоа. Секој си купуваше пушка од арнаутите.

          По убиството на Сотир. Коте со групата – четворицата – повторно се прибра во Кономлади. Павел гледаше дека таа група нема да биде од полза, а знаејќи го карактерот на секој од нив и знаејќи дека се прилично компромитирани со откажувањето од Марко и со постојаното работење за пари, одлучи да ги отстрани од реонот. Преку свои луѓе успеа да ги убеди да се тргнат оттаму, откако им даде пари. На Коте му предложи да го пренесе во Бугарија, а слично планираше и за другите. Коте навистина тргна во Бугарија. Вељо сакаше да оди во Демирхисарско, во тамошното реонско раководство. Нако беше испратен во Грција. Низ Леринско Котета го водеше Тане од Горничево со уште еден курир. Тие пукале во Коте, но не го погодиле (очигледно имале таква наредба). Тогаш Коте се врати во Костурско, не верувајќи веќе, речиси, во ништо. Вељо отиде во Битола. Коте од курирот Тане бил ранет во вратот и останал да се лечи по селата. Тоа се случи во октомври 1900 година.

          Во овој период, по препорака од Битола, почна да се организира канал за снабдување на Битолско со пушки од Грција. Павел Христов го испрати Манол Розов, кој само што беше завршил гимназија, во Солун и Атина, а оттаму во Лариса за да го организира каналот. Но, Манол не успеја зашто не знаеше грчки, ниту имаше искуство, и се врати назад. Тогаш Борис Сарафов, во договор со Делчев и Ѓорче Петров, од Бугарија го донесе Васил Чакаларов. Тој му дал 25 наполеони за да го направи каналот во Грција за пренесување пушки, додека Павел Христов требаше да го среди истото на турска територија.

          Васил Чакаларов е роден во Смрдеш и беше првиот кондураџија, опинчар. Како младинец беше буен и со другарите правеше многу врева. До првиот клас одеше во грчко, а првиот клас го учеше во бугарско училиште. Во црковните борби живо учествуваше. На 23 април 1893 го наклеветија дека учествувал во обесчестувањето на грчката учителка во Смрдеш. Од затворот избега во Бугарија – се криеше околу 3 месеци по арнаутско, по Деволт (Чакаларов убаво зборува грчки и прилично добро арнаутски) – стаса и до Софија. Немаше работа. Му се врати на својот занает и зеде една барака на Витошка улица и почна да прави чевли. Потоа беше каменорезач, главно во Шумен, па претприемач за каменорезачи по мостови (правел мост на Искра при што загубил прилично) и најпосле станал надзорник на железничката линија кон станицата Лакатник; ги надгледувал работниците на линијата за Мездра. Од таа работа Сарафов во октомври 1900 година го испрати Чакаларов во Грција и тоа по препорака на ресенскиот реонски началник, Кокарев.

          Во Грција Чакаларов прво слегол во Лариса, кај што има наши овчари и брзо сфатил дека канал може да се организира. Во Атина се сретнал со Розов, кој, пак, мислел дека не може. Откако Сарафов преку Делчев му соопштил на ЦК дека Чакаларов може да ја заврши таа работа, ЦК го ополномоштил Чакаларов да ги усогласува постапките со Розов. Чакаларов заедно со Лазо Киселинчев од село Косинец, околу кого во Атина се збираа членовите на Комитетот од истото село, преоблечен во Арнаутин отишол да преговара со изговор дека божем дошол од арнаутско да набави оружје, за да организираат божем арнаутско востание. Чакаларов на грчките трговци кои тргувале со пушки на браќата Малзиниоту во Атина, им кажал дека е родум од Јанина. Со нив зборувал полу грчки, полу арнаутски. Едниот од браќата рекол: знај, ако разбереме дека си Бугарин, не само што ќе престанеме да ви даваме пушки, но и ќе се одмаздиме. И илјада драхми да ни давате за пушка, ако е за бугарскиот комитет нема за продавање. Но, Чакаларов ги убедил дека тоа е чисто арнаутска работа. Пушките ги пазариле по 16 или 19 драхми. Се согласиле пушките да ги даваат трговците во Волос и Трикала, а за парите да се грижи Чакаларов. Ја средиле работата во Волос, а оттаму во грчко Трново, кај што трговците му ветиле дека ќе го олеснат пренесувањето на пушките. Се согласиле и да го поткупат цариникот со 20 наполеони, за да не се забележи дека толку пушки, илјада пушки. минале низ тој пункт и да не се запишат како износ. По овој договор, Чакаларов заедно со Розов пак се враќа во Атина, кај што добива 220 наполеони испратени до Розов од Солун, за првата зделка.

VI.

Војводата Атанас Петров. Аферата по убиството на Нуредин бег. Апсењето на Павел Христов

Павел работеше со Кузма Стефов, а овој со помош на власите (каракачани) се надевал дека ќе го организира пренесувањето на пушките. Во тоа Павел Христов реши да формира нова чета затоа што се покажа дека има потреба од неа. Од Битола не му праќаа војвода и тој го назначи Атанас Петров од Шестеово, кој беше придружуван од нашите луѓе во Битола, со препорака дека ги знае патиштата од Костурско до Грција. Битолското раководство го прати како курир при пренесувањето на пушките до Павел Христов, а овој, бидејќи немаше човек за војвода на четата, го назначи Атанаса.

          Атанас Петров немаше образование, беше неписмен, дотогаш се занимаваше со мајсторство. Како мајстор работел во Ѓумурџиско, дошол во Бугарија, немал работа, бил без пари. На жена си не й праќал пари и таа го напуштила, се омажила за друг. Петров кога слушнал во Софија дека има Комитет, сакал да влезе во четите и да му се одмазди и на оној кој му ја зел жената. Итар човек, разговорлив, вешт, склон кон измислувања и лажење.

          Првата средба со луѓето од Комитетот ја имаше во селото Вишени. Чукнал на вратата од Дамјан Марков (татко на покојниот студент Трпен Марков), не му отвориле веднаш, а Атанас почнал да се расправа. Потоа се сретнал со Павел Христов, почнал да критикува дека ништо не било организирано, дека нагоре било се поинаку, било организирано. Павел веднаш сфатил дека е прост и недостоен човек, но поради потребата го направил војвода. Четата се состоеше од: Атанас Петров, Иванчо, од четата на Коте, Вељо, кој се врати од Битола со другар му Михаил (псевдоним Георги) – вкупно четворица. Михаил (Георги) во Леринско учествувал во убиството на еден бег од селото Крушоради.

          Бидејќи беше зимно време, четата се прибра во селата, прифаќајќи нови членови. Павел Христов го назначи Кузо Стефов да раководи со Петров и да го надгледува. Кога слушнал Митре Влашето, кој беше во четата на Коте но си останал во селото, дека дошол „војвода” отишол во Д’мбени да го види. Тука разбрал дека Петров им викал на селаните, дека сегде сè било готово само тука ништо не било направено, дека скоро ќе имало востание -1901 година – дека имало скриени топови итн. Митре видел дека тој не се разбира од воена команда и дека е неписмен. Но другите тоа не го забележувале. Тој ги терал селаните да побрзаат, зашто востанието ќе се дигнело на Нова година. Селаните, притиснати и окуражени побрзаа да набават сè што е потребно и брзо се вооружија. Тој обиколи неколку села и на заеднички собранија ги запозна членовите едни со други. Набрзо за тајниот комитет знаеја сите, па дури и жените. Петров со својата агитација придонесе да се открие тајната за Комитетот, направи за него да знаат сите, иако селаните сè уште не беа подготвени да го прифатат и да го чуваат. Тој обиколи неколку села, некогаш сам, некогаш со Кузо. Власта можеше да разбере дека има чета и дека постои организација, зашто Петров ги прифаќаше и најопасните елементи, луѓе кои работеа со Турците. Многумина почнаа со предавствата, на пр.: Васил Цеменов од Д’мбени, кој за акциите на Комитетот ги информирал Јумеровците во Св. Недела, а поп Аргири од Жупаништа му кажувал на грчкиот владика. Тоа се случуваше во почетокот на 1901 година. Четниците Велјан и Георги во јануари 1901 се скараа со Петров, па дури беа решиле и да го убијат. Четата ги укоруваше селаните кои немаа пушки, бараше прво за пушки да обезбедат пари, ветувајќи дека наскоро ќе бидат обезбедени. За пушките разбраа сите, се сетија и Турците, а грчкиот владика кога дознал дека тие ќе се носат од Грција, и јавил на својата власт да преземе мерки.

          Околу Божик (на Коледе) Коте откако оздраве повторно сакаше да влезе во четата на Петров. Павел го кандиса велејќи дека тоа што се случило било без негово знаење. По обиколувањето на некои села во Корешта и Пополе, Павел му напиша на Петров да се префрли во Нестрамско и да ја зајакне таму Организацијата и да се отвори пат за пренесување пушки. Петров заедно со Кузо отиде во Нестрам.

          Во четата на Петров имаше уште две момчиња од Шестеово (Григор Вангелев и Тасо). Кон неговата чета со наредба се приклучија уште 3-4-ца од околните села, па четата се зголеми на 12 души. Во Нестрам останаа десет дена, формираа раководно тело, десетници и сл. Се случи таткото на едно момче од Кондороби, по име Кочо, кое само за неколку дена се придружи на четата, да оди во Костур и да ја извести власта за влегувањето на неговиот син во четата, а со цел да не сноси одговорност. Павел Христов кога видел дека таткото ќе им каже на Турците дека син му исчезнал, му испратил на Кочо писмо во кое барал тој да се врати дома. Кочо враќајќи се, го сретнал патем татка си кој му кажал дека тргнал во Костур да ја информира власта. Тогаш синот ја извадил камата го избодел татка си и се вратил во четата.

          Една вечер во Нестрам Коте, Вељо, Георги и Иванчо ја опколија куќата кај што беше Петров со Кузо и почнаа да пукаат со цел да ги убијат, но не успеаја. По оваа случка Коте со Иванчо, Вељо, Георги и Спасо дефинитивно се оддели од Организацијата и почна како чета самостојно да дејствува.

          И едните и другите се вратија во Жупаништа. Павел Христов откако дознал за настанот го испрати поп Филип од Д’мбени да се обиде да ги смири, а доколку не успее да им даде пари да одат преку граница. Но, тие помирувањето не го прифатиле, па дури ја побарале месечната плата и други пари. Бидејќи барањата не им се исполниле, тие се упатиле во Рулската Река. Петров со четата отиде во Апоскеп. Павел Христов конечно увиде дека Петров не е соодветна личност за работата и му предложи да оди во Битола, од каде сакаа да го префрлат во Ресенско. Петров, меѓутоа, со изговор дека сака да ги види домашните, се врати во Костурско и тука остана. На негово место за војвода на костурската чета од Битола го испратија Тале Горанов, од Прилеп. Петров талкаше по селата, но не како војвода, чекајќи да замине во Ресенско.

          Коте и неговите другари талкаа низ Рулската Река. Јас, како учител во Смрдеш и началник на областа околу Рулската Река, почнав да преговарам со Коте. Тој вети дека ќе ја слуша Организацијата и дека единствено Петрова не го поднесувал. Јас го известив Павел Христов за сè. Целта ми беше да се намами некако дружината на Коте и да се уништи како опасен елемент. Ги поканив во В’мбел, но не дојдоа сите, се виде дека нешто насетиле. Првиот обид да ги уништиме не ни успеа. Потоа повторно се вратија во Рулска Река. Набрзо Вељо и Коте се искараа меѓу себе и се разделија – Коте со Георги остана во Рулска Река, а Вељо со Спасо и Иванчо отидоа во Кономлади и останаа таму кај браќата Коле и Марко Пандеви. Тука тие брзо го покажаа својот карактер: почнаа да крадат, да колат овци, да ги тепаат селаните за пари, да блудничат. Најпосле Спасо и Вељо се одделија од Иванчо кој, преоблечен во селска облека, одеше послободно во селата. Павел кога го согледа сето тоа, го викна Коле Пандов (еден од браќата) кој вети дека нема повеќе да ги поддржува. Тој, заедно со својот брат, го ликвидира Вељо, а Спасе се извлече и избега кај Коте. Иванчо го пратија во Грција, со намера патем да го ликвидираат. Тоа не се случи и Иванчо среќно стигна во Грција (во текот на 1901 година). Коте не се расфрлаше како Вељо, беше повоздржан. Сакаше да зајакне и да се додржи.

          23 април

          Во меѓувреме, Петров талкаше без работа. Повторно беше актуелно ликвидирањето на Нуредин-бег, брат на Јумер-ага, од Св. Недела. Павел му ја довери таа работа нему, како похрабар. Петров ја заврши. Бидејќи е неписмен, Павел му напишал обично, а не шифрирано писмо, за да може некој од другарите (четворица Власи) да му го прочита. Откако еден од другарите го прочитал писмото, наместо да го уништи, го ставил во гуната. Подоцна, по убиството, на патот меѓу Хрупишта и Костур, гуната на тоа момче е најдена, а со неа и писмото. Меѓутоа, ранетиот Нуредин, дошол до вратата од куќата и пред да умре рекол дека го убиле Турци, дури кажал и имиња. Ако не беше најдено писменцето, пак ќе настрадаа само Турци. Но кога се сфати од писмото дека го пишувал П. Езеров (псевдоним на П. Христов), фатија некој си Кузо, зашто во писмото стоеше – “Кузо ќе ти помогне”. Фатија и Турци, се направи голема афера. Кузо е воденичар во селото Манак. Турците помислија дека работата ја извршил Комитетот за надомест од крупицките бегови. Фатија четири бега, спомнатиот Кузо, овчарот Михо Влашето и други двајца од Брезница. По една недела го фатија и Павел Христов, зашто Михо Влашето бил толку жестоко измачуван – горен на мангал, едноставно страшно, нечовечки го мачеле, што најпосле кажал дека Павел учителот го напишал писмото. Кога го фатија, Павел ништо не кажа, но кога ја претресоа неговата куќа, ги најдоа писмата, ги споредија и, го задржаа. И Кузман Стефов, врз основа на писмото, беше задржан. Измачувани беа и беговите, особено Ќаите од чифликот Манак. Најпосле дошол редот на Кузо, воденичарот од Манак. Бидејќи не верувал дека ќе ги издржи измачувањата и бидејќи претпочитал побрзо да умре отколку да ги предаде другарите, со ноже си го расекол стомакот, па цревата му излегле, а тој почнал да ги влече и да ги кине за да умре побрзо. Но, не му успеало. Го слушнале Турците, веднаш го однесле на лекар, му помогнале, го сошиле. Потоа го испрашувал иследникот. Тој рекол дека во затворот Турци, испратени од роднините на убиениот, сакале да го отрујат, за да не ги оправда беговите. Оваа случка ги потресе турските власти и тие ги прекинаа измачувањата, а набрзо почна судењето. Потоа затворените Турци и Бугари ги однесоа во Корча. Се оддолжи иследувањето, до аферата на Иванчо, за која ќе раскажам подолу. А Кузо, откако оздраве, повторно беше однесен во затворот во Корча. Со нив уште беше затворен учителот Димитар Марков, од селото Желино. Тој од страв од измачувањата кои ги претрпе Михо Влашето и поради случката на Кузо, полуде во затворот, зборуваше сè и сешто, но не му веруваа, го испратија во лудницата во Битола и најпосле го пуштија. Подоцна си дојде на себе и непосредно пред востанието зеде забележливо учество во Костенариската чета.

VII.

Војводата Тале Горанов. Обиди да се отвори канал од Грција. Казнени мерки против Коте и неговите другари

По оваа афера, Петров со четата отиде во Ресенско. Тоа беше во мај 1901 година.

          Тале Горанов, кој ја водеше четата, имаше основно образование, беше човек со слабости – многу нервозен, повеќе наперчен груб човек. Престојувал и во Кнежевстото. Но, во споредба со Петров беше поумен и имаше подобри односи со селаните. Во воените работи знаеше исто колку и Петров. Првата задача што му беше доверена не ја изврши. зашто главно престојуваше во Загоричани, кај едни учителки. Тој беше млад и убав. Павел не испрати мене и Москов малку да го смириме, но ништо. Тој се однесуваше самоволно кон четниците, па тие не го поднесуваа. Кога виде Павел дека залудно седи во Загоричани, му нареди да тргне по селата за да го подигне духот на селаните, кои беа малку разочарани по проповедите на Петров кој им зборуваше за брзо востание, божем до Нова година, а помина прилично време. Горанов тргна низ селата Блаца, Вишени, Жупаништа, Д’мбени и Смрдеш. На патот од Д’мбени за Смрдеш четниците сакале да го напуштат. Со Горанов тогаш одеше и учителот од Загоричани Дамјан Илиев, кој со својот несериозен карактер се ујдиса со Горанов. Кога дојде во Смрдеш, во согласност со препораките од Павел Христов, тој не требаше да презема ништо без моја согласност. Тогаш требаше да се казни предавникот од Косинец, Трајко Маноловски, гркоман. Тој беше многу близок со Турците од Св. Недела и со Јумеровците. Тој беше посветен, но – за сè ги информираше Турците, а во исто време ја предупредуваше и четата да внимава на заседите, иако тој ги известил Турците дека четата тогаш и тогаш ќе помине. Подоциа истиот Трајко, кој беше член на раководството во селото, почна да обвинува за предавства некои свои непријатели. Во Косинец имаше еден храбар работиик, Наке Гершамин (Бугарин). Турците од Св. Недела многу го мразеа, зашто Наке беше кмет во селото и им се спротиставуваше на нивните самоволија. Тие пратиле свои луѓе да го пречекаат Накета и да го отепаат пред да замине во туѓина. Тие луѓе преспале кај Трајко. Другиот ден утрото кога тргнал Наке, Турците се разместиле на патот и тоа поблиску до Смрдеш, за да бидат замешани, според планот на Трајко и селаните од ова село. Турците успеале да го отепаат Накета. Еден од неговите убијци бил виден од селаните од Габреш. Тие го поткажале на власта, таа го затворила и го осудила на 15 година. Мислам дека уште лежи в затвор. Поради тие предавства. за кои самите Турци им кажаа на луѓе од комитетот, се донесе одлука Трајко да се ликвидира. Одлуката ја донесов јас, а ја одобри Павел Христов. Со Горанов ги определивме луѓето кои ќе го казнат Трајко. На 1 мај вечерта, четниците Нако од Шестеово и Наум од Желино и работникот од Смрдеш Наум Митрушов, влегоа во селото и го нашле Трајко во неговиот дуќан и додека нешто шиел, го застрелале. Селото беше убедено дека го отепале Турците. Власта спроведе истрага и затвори една вдовица чиј маж беше убиен од Турците, наговорени од Трајко за одмазда. Сега беше затворена жената Христовица Станчева заедно со синот Трпен, зашто Турците претпоставиле дека тие платиле Турци да му се одмаздат на Трајко, според тукашниот обичај. А Трајко пак, по убиството на мажот од жената, заедно со Наум поп Трендов, одлежа три години затвор. Христовица успеа да избега од затвор, повторно беше фатена и на крајот ослободена заедно со сина си.

          По убиството на Трајко, Горанов во Смрдеш остана уште неколку дена, направи едно успешно собрание, се здоби со почит кај селаните, успеа да организира некои работи и да собере прилично пари со потврди, кои ги растури меѓу богатите селани. Парите ги стави во селската каса. Овде, сепак, малку се расправав со него. Тој не можеше да седи на едно место, не си седеше во својата соба, во куќата кај што беше сместен туку одеше во другите соби, кај што беа жените. Беше суетен. Си направил печати: „Костурска реонска чета”, потоа „Тале Горанов, Костурски војвода”. По расправијата сакаше да посегне по мене, но се исплаши. Јас му се пожалив на Павел Христов. Горанов слични конфликти имал и со други – меѓу другите и со покојниот Трпен Марков. По ова, Павел му нареди да оди во Битола. Таму Дамјан Груев му забранува да биде војвода во Костур. Го испратил во Струшко, кај што исто правел глупости и престапи, особено со жени. Вратен е во Битола и осуден на смрт. Кога тргнал за Бугарија, во едно прилепско село, војводата Патчев го ликвидирал. Така заврши Горанов. Неговото заминување од Костурско во Битола се случи пред 16 мај, кога Павел Христов беше затворен.

          Откако остана без водач, четата на Горанов се приклучи кон Петров, кој талкаше без работа и се подготвуваше да замине во Ресенско. Подоцна, тој навистина замина, придружуван од поранешните четници на Горанов.

          По затворањето на Павел Христов, на негово место дојде Мих. Николов, секретар на раководното тело, на кое претседател беше Павел Мил. Николов, родум од Бобишта, учител во Костур. Мих. Николов, за да го ослободи реонот од четите, го испрати поп Филип (поп во Д’мбени) во Битола, за да побара растурање на четата, а Петров побрзо да замине во Ресенско. Поп Филип издејствува таква одлука. Москов беше ученик во Битола и пред Груев го поддржа мислењето дека реонот треба да се исчисти од разните поранешни четнички елементи и одново да се формира чета со нови луѓе, по можност од другите реони. Петров отиде во Ресен со неколкумина другари и четници од четата на Горанов, вооружени со костурски пушки. Во Костурско остана само Митре Влашето со двајцата браќа и со татка си. Митре беше послушен, добар познавач на местата и човек од кого многу се очекуваше при формирањето нова чета, која почна Москов да ја формира уште како ученик. Во тоа време Коте одеше по своите села, по Рулската Река, со двајца другари.

          Мих. Николов беше слаб човек, не можеше да го замени Павел Христов, ниту да патува и да ги подготвува селаните. По затворањето на Павел Христов и откако се разбра дека нема чета, духот падна и воопшто раслојувањето беше сè побрзо. Селаните ја загубија довербата во луѓето кои ги водеа. Од нив беа земени и пари, околу 200-300 лири, со ветување дека ќе се набават пушки најдоцна за три недели. Остана само да се организира каналот од турска страна. Кузма Стефов неколку пати се обиде да ја заврши работата, но залудно. А парите се трошеа за тие обидувања, за издржување на луѓето и сл. Собраните пари за пушки се потрошија за потребите на четата, за организирањето на каналот. Селаните кои немаа дадено пари за пушки, сами си купуваа од Турците (Арнаутите). По 5-10-15 Арнаути ќе тргнеа по селата со по 1-2 пушки и ги продаваа за 180-200 гроша пушка и по 7 г. пакетче патрони. Благодарение на нив, селаните можеа да се вооружат. Тоа се случуваше од Божик до Велигден 1900-1901 година. Во текот на јануари и февруари 1901 г. Павел Христов преку четата забрани да се купуваат пушки од Арнаутите, зашто очекувал истите пушки, поевтини, да дојдат од Грција преку каналот кој уште не беше организиран во внатрешноста. Со тоа се намали купувањето на пушките, но не се прекина сосема.

          Сето тоа помогна да ослабне револуционерната идеја.

          Кога видоа дека внатрешниот канал уште не е организиран, Чакаларов и Манол Розов, кои веќе беа купиле пушки во Грција, одлучија сами да ја спроведат дистрибуцијата на оружјето. Се договорија Манол Розов да оди во Костурско, да земе добиток и да дојде на граница. Но, Розов со курирот стаса само до Кожани, кај што беше фатен, затоа што немал пасош. Се потрошија многу пари за да се ослободи, но залудно. Го преместија во Суровичево и во Битола, кај што остана еден месец. Поради хартиите што биле најдени кај него, во Корча беше осуден на една година затвор. Вкупно, Розов в затвор остана година и половина.

          Во почетокот на јули 1901 година, Москов, кој штотуку го заврши седмиот клас во Битола, дојде со полномошно да го преземе раководењето на реонот. Требаше да се назначи учител во Костур и од таму да се влијае. Јас во Смрдеш енергично ги водев работите. Очите на сите револуционери во реонот беа свртени кон Смрдеш. Мих. Николов дури му се пожалил на Москов заради предоминацијата на Смрдеш.

          Во моментот кога Москов правеше план и бараше начин како да ја реорганизира Организацијата во реонот, се врати Петров со четата од Ресенско. Тој објасни дека во Ресенско биле лишени од многу работи, не можеле веќе да го поднесат таквиот живот, па посакале да се вратат во Костурско. Москов нареди да не й се дава леб на четата на Петров по селата, зашто се разбра дека него и во Ресенско не го сакале. Петров не се покори, не сакаше да се врати и повторно почна да работи на своја глава. Немаше дозвола да оди со четата, а набрзо и четниците го напуштија. Остана само со тројца со кои се криеше по селата. Четворица негови четници отидоа во Грција.

          Митре Влашето, со своите браќа и татко си, се движеше околу Кономлади, се прикриваше, но не можеше да ја забрза работата. Коте откако престана да доаѓа во Смрдеш, главно се врткаше во Рулско село. Еден ден, неговите другари со неколку селани од Желево, за пари ги нападнаа под Трново еден бег и неговиот син (од арнаутлук). Го отепале синот, а бегот се предал. Кај него нашле само 9 лири. Несреќниот татко од жал умрел пред доаѓањето в село. Поради оваа случка од Кономлади фатија 7 души, од Брезница 8, од Трново 3 и од Бесвиња 1. Сите беа измачувани, но само 1 трновчанец кажа сè. Во Корча некои ги осудија, а оние кои можеа да дадат поткуп, ги ослободија. Тоа се случи во почетокот на јули. Пред тоа, во текот на мај, Коте и неговите другари, пак за пари, нападнале двајца ќаи на синовите на Касим. Иако не можеа да ги убијат, аскерот од Костур дојде во Кономлади и Брезница и почнаа нови измачувања на селаните, кои пак со рушвет се откупуваа. Тоа беа „подароците” од Коте за населението. Георги и Коте, по убиството на синот на бегот, се скараа. Георги и Спиро од Преспа се одделија, додека Коте остана со Тасо и со уште еден. Георги и Спиро дојдоа во Смрдеш, а Коте се упати кон Дреновени кај што се сретна со Москов.

          Во почетокот на јули, Чакаларов со пасош на туѓо име, првпат дојде во Костурско. Тој дојде со цел да го организира внатрешниот канал и пак да се врати во Грција и да продолжи со пренесување на пушките. Во Смрдеш убедивме неколкумина Власи да му помогнат. Дојде и Москов кој се запозна со Чакаларов, а двајцата разговараа за каналот. Чакаларов се запозна со ситуацијата и сакаше да биде полезен додека престојува во Костурско. Тој се понуди да го ликвидира Коте, по одлуката што ја донесовме ние. Беше сè договорено, но Коте не дојде, туку само Георги со Спиро. По заложба на Чакаларов решивме и овие двајца да не ги пуштаме, штом веќе ни паднаа в раце. На 27 вечерта, Чакаларов сакаше да го отстрани Георги, бидејќи одлуката и за него веќе беше донесена. Москов во Дреновени го планирал истото за Коте и неговите другари. Точно вечерта добив писмо од Москов во кое пишува дека за неделата истото мислел да го направи со Коте и сакаше да се одложи нашето решение. Чакаларов беше против, но јас и селаните бевме за одложувањето и одложивме за утрешниот ден.

VIII.

Предавничка афера на Иванчо. Потери и апсења. Опаѓање на револуционерниот дух во Костурско

Но, точно другиот ден, на 27 јули разбравме дека почнала афера по предавството на четникот Иванчо. Иванчо по убиството на Вељо беше испратен во Лариса. Тука тој не седел мирно, брборел сè и сешто меѓу нашинците. Грчката полиција се раздвижила. Тој, велат, направил четичка и божем ја минал границата, но бил разбиен и се вратил назад, во Грција. Бидејќи не можел да мине со чета, отишол да се посоветува кај Гркот Василаки, саатчијата. Тој го посоветувал да оди кај турскиот конзул во Лариса и сè да му каже. Така и направил. Турскиот конзул го испратил Иванчо во Љапчишта, од таму во Битола, кај што останал две недели. Дознав дека Иванчо кога бил во Љапчишта, му однесол писмо во Костур на Ламбро Опинчарот, да му прати 5 лири, зашто сакал сè да предаде. Но, тој веќе амаше предадено многу. Од Битола го препратиле во Корча со бинбашијата Муфтар-ага, началник на жандармеријата. Оттука Иванчо, облечен во војнички алишта, под името Осман чауш отишол во Костур со околу 100 души војници и аскер. На 27 јули отишол во Д’мбени за да ги фати компромитираните. Селаните биле в црква, тие го опколиле селото, фатиле петмина, а барале уште 24 души. Иванчо посочувал кои. За да не ги затвора, на бинбашијата за тие 24-ца, му беа дадени 24 лири. Бинбашијата барал пушки. Селаните се спасија со 24 лири. Поради оваа афера Георги и Коте останаа живи.

          25 април

          За овој случај ние добивме известување од Д’мбени другиот ден, на 28. Јас ја свикав комисијата во селото и заедно со Чакаларов решивме никој да не биде предаден, колку и да бидат измачувани. На селаните им препорачавме да избегаат в планина додека се види што ќе се случи понатаму. Испративме луѓе во Косинец да ја известат тамошната комисија (односно раководното тело) за нашето решение. Но тие не нè послушаа и дозволија да бидат фатени: учителот Никола Поп Трпов, падарот Дељо Марковски и уште четворица други. Од Косинец потерата заедно со Иванчо, кој со себе ги носеше и фатените од ова село, отиде во Лобаница, кај што го фатија учителот Иван Анастасов. Потоа дојдоа во Смрдеш. Селото го опколија на 29 јули. Но, сите познати на Иванчо беа в планина, па не можеа да фатат никого.

          Глетката беше ужасна: четник и тоа познат четник, рерорист, да ги предава сите по ред! Почнаа да му праќаат клетви. Тоа беше голем удар за уште незацврстената организација. Од Смрдеш Иванчо отиде во Брезница, кај што исто ги покажувал луѓето, но не фатиле никого. Оттаму во Кономлади, кај што ги знаеше и жените и децата.

          Во Смрдеш фатија 4-5 востаници, ги однесоа во Кономлади, но ги пуштија. И во Кономлади беше избегале. Откако малку се созедоа луѓето, откако малку мина стравот. се одлучи да се соберат похрабрите членови од селата и да се нападнат Иванчо и аскерот кога ќе одат за Костур. Собравме во Смрдеш 30-тина души. На 30 јули вечерта отидовме да го блокираме патот меѓу Брезник и Габреш, кај месноста „Чернок” („Градиштето”). Останавме еден ден. Тука ја сретнавме и четата на Петров. Ни се придружија и многу селани, кономладци, кои не сакале да се предадат. Се собравме 60 души. Слушнавме дека и Москов од Дреновени се префрлил во Вишени. Исто така начувме дека и тој собрал голема чета и испративме двајца за договор, нападот да биде во исто време. Но, се покажа дека тој не собрал чета, па дури им порачал на селаните да не се организира никаков напад, зашто со нападот ќе се докажело дека е вистина сè што кажувал Иванчо. Но, Иванчо откако насетил што се подготвува, со аскерот преку друг пат, преку Дреновени, стасал во Костур. Тогаш и ние се вративме во селата. Паѓаше силен дожд и почнаа Богородичните пости.

          Иванчо го продолжи своето. Со аскерот отиде кон Загоричани, во Пополе, за да ги апси луѓето. И, и таму затвори неколкумина. Потоа тој седеше во Костур, а потерата сама одеше по селата. Иванчо ги предаде првите луѓе од раководните тела во секое село. Беа фатени околу 100 такви луѓе, а се бараа уште 250 кои навреме избегаа. Бидејќи бинбашијата си земаше поткуп, оние кои сакаа да се спасат му даваа по 10-20 лири. Тој дури праќаше абер дека ќе дојде да ги измачува селаните доколку не му платат. Смрдеш му даде околу 40 лири, Брезница 20, Д’мбени 24, Косинец, Рула, Кономлади, Вишени, Загоричани, Блаца исто даваа. Парите се даваа или на лица познати на бинбашијата, или на неговиот внук Ќазим. Од Смрдеш и Брезница парите му се дадоа преку Васил Георгиев Каранџов (гркоман); од Д’мбени преку Васил Цеманов, подоцна оценет како предавник: од Кономлади преку Лазо Колев, исто предавник и сл. Од Пополе луѓето рушветот го даваа преку Алекси Ханџијата (Грк) во Костур.

          Бурата се потсмири; Иванчо не ги обиколуваше селата, но се јавија други предавници кои одеа со потерата или тајно ги поткажуваа луѓето. На пр. Лазо Колев од Кономлади, дотогаш прикриен предавник, се отвори целосно и јавно и почна да бара пари од работииците од околните села, ги уценуваше со предавства, или им се нудеше за ослободување од затвор. Сето време одеше со пушка в рака, придружуван од продадени елементи за да го чуваат. На тој начин тој самиот стана кожодер во Кономладската Река. Таков беше и Трајан Стојанов од Рула. И тој во почетокот беше многу добар работник, одлучен, услужлив; и со пушка и со дело многу му помогна на Комитетот. Но, кога беше предаден од Иванчо и фатен, за да се ослободи, й вети на власта да го фати или да го убие Коте. Затоа одеше со потерата. Тој личности не посочил, но оставаше лош впечаток што оди со потерата да брка комити. Васил Цеманов од Д’мбени, пријател на Јумеровци, тајно предавал и порано, а сега тајно посочувал на други луѓе.

          Во Шестеово имаше еден Танчо Коџабашија. И тој признал дека има Комитет. И тој земаше пари од луѓето за да ги ослободува. Во Загоричани еден жежок гркоман, Карамачо, исто предавал кажувајќи имиња. Исто поп Аргири од Жупаништа и поп Илија од Поздивишта, гркомански свештеници. Тие му кажувале на владиката, а тој на власта. Тие свештеници беа викани како обвинети, а тие, за да се ослободат, ги потврдуваа тврдењата на Иванчо.

          Последица од овие предавства беше повторното паѓање на духот на народот поради што Организацијата два месеца нигде не можеше да најде сигурна поткрепа. Луѓето беа исплашени и очајни. Не можеше да се испрати курир од едно до друго место. Иванчо кога согледа дека неправедно ги клевети луѓето, зашто повеќето избегаа и кога виде дека бинбашијата зема пари, почна и тој да зема, но сега за ослободување на оние кои тој ги поткажа. Сега почна да одрекува дека ги познава.

          Во вакви услови четата на Петров целосно се распадна. Тој остана со едно момче и се криеше во Сетома и Шестеово, а некогаш и во Кондороби.

          Коте и Митре кога видоа дека сè пропаѓа, дека сите се тргаат од нив, го напуштија Костурско и отидоа во Преспа. Успеаја да ја ограбат Јанинската благајна. Ја нападнаа благајната. но по грешка пајтонот со парите избега. Убија тројца чувари на коњи и еден христијанин-Арнаутин, кој имал 600 лири книжни пари, но бидејќи беа прости луѓе, не ги зеле.

          Поради оваа случка бинбашијата од Костур почна да ги брка разбојниците во Преспа. На враќање минал низ Желево, кај што покрај другите предадени од Иванчо, го фатил и Васил Беќаров, убиецот на Касим. Дека е убиец на Касим кажал Иванчо, па во Костур го донесоа во окови.

          Потерите ги крстосуваа селата, ги бараа предадените селани, на кои спокојството им беше уништено. Тоа траеше во август и септември.

          Јас и Чакаларов се откажавме од намерата да го нападнеме Иванчо со аскерот и на 1 август отидовме во Битола. Целта беше јас да го запознам Чакаларов со раководителите, а тој со нив да поразговара за каналот за оружје. Во Битола јас останав три, а Чакаларов десетина дена. Повторно се вративме во Смрдеш. Во Битола нè посоветуваа да се погрижиме да се смири бурата, па потоа да продолжиме со работа. Се подготвувавме јас, Чакаларов, Москов и Кољо од Врбник, да појдеме во Костур преоблечени и да го отепаме Иванчо, кој живееше во анот на Гркот Алекси. Планот не го остваривме зашто Москов ни кажа дека извесен Ламбро Браов, родум од Апоскеп, се нафаќа за пари да ја заврши таа работа. И раководното тело од Смрдеш, пред ние да се вратиме, го ангажирало за истата работа Климента Кочовски од Ресенско (тој учеше во битолската гимназија, а потоа беше во четата на Петров). Но и тој не успеа.

          Ние петмина тргнавме кон Апоскеп, но никој во селото не нè прибираше, никој јадење не нй даваше. Имавме само две пушки и требаше да седиме в планина. Одлучивме оној Ламбро Браов од Апоскеп заедно со Кољо од Врбник да оди во Костур и да го убијат Иванчо, но и тоа не успеа. Кољо самиот отиде со таа намера, но и тој не успеа. Загубивме две недели. Се вративме во Смрдеш, единственото село каде и тогаш можеа да се кријат револуционери. Затоа и подоцна Смрдеш паѓаше в очи. Москов и Чакаларов тука останаа цело лето. Најпосле одлучивме јас да одам во Битола и да побарам терорист за да го убие Иванчо. Тоа се случуваше во . септември. Во Битола се сретнав со Георги Поп Христов. Тој ги исмеа костурчани, велејќи: „Умре Павел, се пропадна во Костурско!” По патот ме сретна потерата. По мене случајно одеа две жени кои се исплашија и ме замолија да одам со нив додека ја минеме потерата. Ме прашаа зошто толку доцна. Одговорив дека сакам да ги испратам жениве до селото. Од јад се разболев од неврастенија и лежев две недели.

          Москов и Чакаларов, во меѓувреме, се сретнале со Митре Влашето, Коте и Петров и со нивните четниците станале 13 души. Формирале чета и одлучиле најнапред да ги исчистат предавниците по селата, а потоа и Иванчо, како потешка работа. Го отепаа Лазо Колев во Кономлади, потоа Цеманов во Д’мбени, него го отепа Чакаларов. Тогаш заптиите ги префрлаа од Корча во Костур Павел Христов и Кузо Стефов и Чакаларов сакаше да ги ослободи. Но, Турците задоцнија еден ден и четата која го блокира патот, се повлече. Во Д’мбени останаа Чакаларов и Кољо за да завршат со Цеманов. Го причекале една вечер кога се враќал дома. И ова убиство направи сензација. Тоа беше во септември.

          Неколку дена по ова, ги пренесуваа Павел Христов и Кузо Стефов. Ги спроведувал еден заптија, кого Павел и Кузо го убедиле да ги пренесе преку Д’мбени, но заптијата подоцна се премислил, зашто патем им се придружиле Евреи. Кузо Стефов успеал да избега. Заптијата го бркал, но не можел да го фати. Павел Христов почнал да бега во друг правец, но Евреите кажале каде избегал. Во близина бил Сафедин-ага, од Јумеровци. Бил на лов и со негова помош Павел бил фатен. Го тепале до бесознание, му ги искубале мустаќите и брадата, сакале да го убијат, зашто Иванчо сè кажал, па Јумеровци знаеле за каков комита се работи. Најпосле го испраќаат Павел во Костур. Кузо преку Жупаништа и Д’мбени дојде во Смрдеш. Во исто време, за да ја намалат дејноста на Комитетот, Турците во секое село поставија по 2-3 Турци-падари, на сметка на селото. Оваа мерка беше прилично опасна и затоа четата им нареди на селата да не ги примаат, зашто ќе ги убиваме. И покрај сè, сите села ги примија, освен Смрдеш кој соопшти дека Турци-полјаци не сака и дека ќе се жали во Битола кај кајмакамот. Малку-по-малку, Турците-полјаци по 1-2 месеци беа избркани и од другите села. За тоа придонесе и костурскиот кајмакам кој виде дека ќе се случат немири, па не сакајќи да се спротиставува, ги повлече полјаците. При постоењето на Турци-полјаци во едно село не може да се прават собранија, ниту слободно да се влегува, ниту да се прикрива во околината, значи за развојот на Организацијата полјаците беа од животно прашање – да нема Турци-полјаци. Селаните се повикаа и на една постара одредба, Турчин-полјак да нема во христијанско село. Тоа се случи по една царска одлука – реформа.

          На тој начин духот почна повторно да се враќа, луѓето видоа дека Организацијата не може лесно да се искорени. Грчкиот владика во тоа време многу агитираше меѓу народот да се откаже од комитет. Под влијание на владиката, Турците не ги тормозеа гркоманите и сета вина паѓаше врз Бугарите-егзархисти. Кога гркоманите видоа дека се привилегирани кај власта, почнаа сосема да се отуѓуваат од Организацијата, а пред тоа не беше така и Организацијата не правеше разлика меѓу гркомани и егзархисти. Оттогаш во Костурско се внесе недоверба меѓу гркоманите и Организацијата. Грчкиот владика. поддржан од Турците, одеше до таму, што без негова согласност власта не им даваше пасоши на Бугарите-егзархисти.

          Аферата искомпромитира многу луѓе, тие станаа илегални и требаше да заминат од Костурско. Нивното заминување можеше да се организира преку Грција. Беа потребни пари. Се наложи данок по селата за да се соберат 80 лири. Се собраа помалку. И со тие пари се префрлија повеќемина преку граница, некои и од четата, зашто Москов и без тоа сакаше да ја исчисти и да ја обнови четата со нови, чисти елементи.

          Кузо со Петров и со деветмина отидоа во Пополе да присоберат пари, да ликвидираат некои предавници во тие села, а потоа се планираше општо распуштање на четите – според планот на Москов – да остане реонот некое време без чета. Тоа се случуваше во почетокот на октомври.

          Во тоа време Митре и Коте, во друштво со Чакаларов, тргнаа во Жупаништа да расчистат со поп Аргири. Но задачата не ја извршија, се предомислија и се разделија – Коте тргна на своја глава, да собира некои свои вересии по селата, а Митре се прибра во Смрдеш.

          Иванчо откако собрал во Костур 60 лири од луѓето и откако за тоа дознала власта (и тоа од затворениците во Битола кои се пожалиле) со телеграфска наредба од Битола е фатен. Кај него нашле 50 лири, а другите пари биле кај брат му, кој дошол да го види. По ова Иванчо беше затворен. Во тоа време во Костур, придружуван од нас, дојде учителот Пано Младчев од Штип (сакаше да работи во Смрдеш). Тој се нафати да го отепа Иванча. Но, точно тогаш со силен конвој го пренесуваа Иванчо во Корча.

          По сето ова аферата се смири, стравот кај селаните попушти. И пазарот, кој речиси беше затворен (зашто одеа само жени, мажите се плашеа да не ги предаде Иванчо) повторно оживеа (октомври месец).

          Коте целосно се одметна од Организацијата.

IX.

Ново раководно тело во Костурскиот реон. Гоце Делчев во Костурско. Женско комитетско друштво во Смрдеш

По затворањето на Павел, за реонски раководител на Костурско беше назначен Москов. Јас бев учител во Смрдеш и централен раководител на околните села. Чакаларов пренесуваше пушки. Ние го сочинувавме комитетот. Михаил Николов, кој божем го заменуваше Павел Христов, се притаи во селото Бобишта и за него никој ништо не слушна. Сè се случуваше во и околу Смрдеш.

          Чакаларов отиде во Битола со намера да продолжи во Грција и да ја продолжи работата со пушките. Раководството од Битола го врати назад Чакаларов со обврска да се погрижи за зацврствувањето на Организацијата. Тој, јас, Кузо, Михаил Николов и Москов формиравме раководно тело на Костурскиот реон. Сите бевме рамноправни. Така остана до крајот.

          На 26 октомври, како што беше речено, го префрлија Иванчо од Корча во Костур. Москов, Чакаларов и јас одлучивме да го блокираме патот и да ги нападнеме, но мене ме пресретна потера, ме бркаше, пукаше по мене. Одвај се спасив, доаѓајќи во Смрдеш. На тој начин пропадна планот да го отепаме Иванчо, зашто одел по друг пат. Потем се зафативме со реорганизација на реонот. И четата сакавме да ја освежиме со поздрави елеменети. Михаил Николов повторно беше назначен за учител во Костур. Водењето на четата му го доверивме на Петров. Коте се одметна. Го наговаравме Петров да расчисти со Коте, но тој не сакаше да ја изврши таа наредба (четата на Коте имаше 13 души – разни разбојници).

          Тогаш во Кономлади неочекувано дојде Делчев со Марко војвода. Со цела чета отидовме да се сретнеме со Делчев. Тој првпат дојде во Костурско околу 20 ноември. Дотогаш знаевме дека Дедчев е висок раководител, каков што беше и Груев.

          Делчев се зафати да ги исправи работите и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. „Поголем од него нема”. Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на иекого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков. тогашен битолски раководител – во приватна куќа спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко броеше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше – најголемото дело за еден час. Се викаа сведоци. Имаше многу смирувања. Откако сè заврши, се организира собрание за целото село – само мажите. Се покрстија сите непосветени. Одеднаш беа покрстени 30 души, дадоа клетва в црква, навечер, во групи од по 4-5 души пред сите, на заедничкото собрание. Најчесто Марко ги заколнуваше, а Делчев, како и Москов, држеше говор. Делчев, речиси им ја исцрта состојбата, им го прераскажа минатото на селото опишано во разни книги, ги покани да се сплотат.

          Се формира раководно тело. Се назначија десетници, се определија правата и должностите. Раководното тело беше задолжено со судска власт во иднина да ги разрешува судските спорови. – „Не е убаво, велеше Делчев, сега кога претставуваме таква сила, да одиме да се судиме кај Турците. Сè треба да земеме во свои раце.”

          Кога му ги опишавме на Делчев делата на Коте, кои ги потврдија Марко и Георги Пешков, побаравме Коте да се казни. Тој исто беше викнат и со својата чета седеше во друга куќа. Се видоа со Делчев. Делчев се согласи и одлучи уште вечерта кога ќе заминуваме да се нападне Коте (тој, Петров и Геле од Трсје се наоѓаа во куќата во0 која беше и Делчев). Но, пред да се изврши казната, не известија дека сме предадени во Костур и дека доаѓа аскер. Чакаларов настојуваше пресудата да се изврши уште истата вечер. Делчев не сакаше да се брза и на крајот не се случи ништо зашто набрзо се префрливме во Поздивишта (половина час одење). Георги Пешков сакаше преку Лерин да се врати во Битола, но во Лерин беше фатен и затворен. Во Кономлади дојде и Славејко Арсов за да влезе во Марковата чета (Арсов е подоцнежен ресенски војвода). Аскерот го опколи Кономлади, ги претресе сите куќи и ништо не најде. За да го оддалечиме вниманието на аскерот, одлучивме да го нападнеме татко му Трајана во селото Рула. Отидоа четници со Коте и Чакаларов и ја завршија таа работа. По ова Делчев беше подготвен да му прости на Коте. Чакаларов првпат пред четниците направи такво дело: го беше исекол на парчиња. Митре првпат видел такво нешто и кога дојде кажуваше дека Чакаларов бил многу жесток човек. Аскерот од Кономлади веднаш се префрли во Рула да ги фати комитите. Во меѓувреме. Чакаларов со Митре и со некои лерински четници веднаш отишле во Кономлади и ги казниле со смрт двете жени кои не предадоа во Костур и уште една за развратниот живот, за опомена на сите слични жени.

         По ова, кога виде бимбашијата дека ќе стане кланица само заради него, се повлече со аскерот во Костур и ги прекина истражувањата. Доаѓањето на Делчев, убиствата и повлекувањето на аскерот, многу влијаеше врз сите, дури и врз најмалодушните дека, сепак, нешто сериозно и големо се подготвува и дека тоа не е шега. Голем потрес предизвика и убиството што го изврши Кузо на 8 ноември (пред да дојде Делчев) среде Загоричани. Тој го отепа гркоманот Карамачо, Бугарин, предавник и силен приврзаник на грцизмот. Среде село Кузо и неколкумина четници го пресретнуваат, пукаат во него, тој паѓа, а потоа му ја здробуваат главата со кундаците,

          По сето ова се повлековме во Д’мбени, кај што во присуство на Делчев се одржа испитувањето на оние четница н и водачи кои имаа направено повеќе гревови. Се разгледаа и делата на Коте. За него Делчев рече дека заслужил смрт, но претполага дека во него сè уште има прилично свест, дека ќе се соземе и дека во иднина ќе биде добар работник и затоа му простува. Коте ги призна своите грешки, се извини велејќи дека дотогаш немало некој кој да му објасни дека толку била сериозна одговорноста. Вети дека ќе биде послушен. За да го следи однесувањето на Коте, Делчев реши да го земе со себе 1-2 месеци, а потоа да го врати назад.

          На тој начин сите четници, откако беа разгледани нивните гревови, се смирија. Некои отидоа во Грција, според одлуката на собранието, да се тргнат, едни, затоа што не одговараа за четите, други затоа што беа женети и требаше да се грижат за семејствата.

          На 3 декември тие што останавме заедно отидовме во Смрдеш. И тука Делчев го повтори истото што го направи во Кономлади, собра многу пари, со потврди од позафатените селани, ги уреди сметките на селскиот комитет. Дотогаш парите јас ги евидентирав неопитно и нередовно. Делчев ни покажа како да се водат. Направи општо собрание на кое ги разубеди селаните за времето на востанието, во што ги заблуди Петров со својата агитација. Одржа говор, ги оживеа духовите, дури предизвика и ентузијазам. Со одлука на Делчев во Смрдеш се формира Женско комитетско друштво со цел да помага со: алишта, курирски услуги, криење и сл. По прашањето на Женското друштво не бевме единствени: јас и Кузо бевме за, Чакаларов и Москов против, главно од страв да не се јават оговарања особено затоа што еднаш веќе имаше случај со учителка и војводата Горанов.

          Во тоа време од затвор излезе Лазар Поп Трајков. Прво отиде во Д’мбени, а потоа одеше со нас и со Делчев по селата. Кога бевме во Смрдеш, Чакаларов и Москов отидоа во Д’мбени да го пресретнат Сафедин-ага од Св. Недела. Марко со четата и Кузман Стефов отидоа во Брезница да ја реорганизираат Организацијата. Важно е да се подвлече дека сега сите селани беа учесници, знаеја и жените, сите се чувствуваа еднакво виновни и еднакво приврзани. Сафедин не поминал по патот, па не можеле да го ликвидираат. Околу 15 декември случајно дојде аскер да го бара Кљашев и други „фирари” (илегалци: фирар буквално значи човек баран од власта, но сè уште на слобода). Се исплаши цело село, никој не доаѓаше кај нас. Првите денови не претресуваа по куќите. Марко, кој го обожуваше Делчев, кога слушнал дека во Смрдеш влегла војска, за да не му се случи нешто на Делчев, решил дење да ги нападне ќаите на Касим во Брезница, за да го пренесе вниманието на војската таму. Селаните го молеле да не го прави тоа, а Марко испратил луѓе во Смрдеш да наслушнуваат што се случува и во зависност од тамошните случувања да ја определи својата активност. Ни испрати и две писма. Ние во текот иа ноќта се повлековме низ војската и влеговма в планина. Со нас беше и Лозана Фотева – „фирарката” (ја предал Иванчо). Аскерот си замина. Ние тргнавме во Дреновени, а оттаму сакавме да се упатиме во Пополе. Беше околу 17 декември. Во Дреновени Коте го замоли Делчев да го пушти да оди до Рула, да се збогува со домашните, зашто Делчев сакаше да го земе со себе. Му дадовме една лира и со Митре Влашето и неколку четници Коте тргна кон Рула, а ние кон Вишени. И во Вишени имаше судски дела, свечено собрание и сл. Тука имаше и знаме, па и бакнување на знамето. Се држеа говори, се објаснуваше целта на делото, се поттикнуваше. Селски чети овде немаше. Потоа се поделивме – јас и Делчев со еден дел од четите отидовме во Черешница. а Москов, Чакаларов и Поп Трајков – во Блаца. И тука се случи истото. Пред Божик се прибравме во Загоричани. Тука од едно писмо од Митре разбравме дека Коте се откажал од Делчев, дека не сака да го слуша и дека тие се враќаат без него.

          И во Загоричани имаше собрание. Јас отидов да направам собрание во Бобишта, кај што чета немаше стапнато, исто и во Бомбаки и во Куманичево, кај што исто така првпат влегуваше чета. Дојде до големо раздвижување. Георги Поп Христов од Битола дојде да се види со Делчев, како и Христо Силјанов од Грција.

          Бидејќи Чакаларов остана во Костурско, без негово знаење Силјанов од Битола го пратиле во Атина да ја продолжи неговата работа со пушките. Татко му на Силјанов бил охриѓанец, се оженил во Цариград за Гркинка, умрел млад. Христо со сестра си и поголемиот брат останал кај роднините на мајка си, пораснал како Грче, потоа отишол во српско училиште во Цариград, и најпосле доаѓа како бугарски стипендист во 3. клас во Солун. Подоцна заедно завршивме гимназија во Битола. Една година беше учител и раководител во Прилеп, а во текот на распустот во 1901 година беше во Атина. Тогаш, немајќи искуство и немајќи ги врските што ги имаше Чакаларов, не направи ништо и се врати назад разочаран.

          Во Загоричани најпосле пред Делчев излезе и Михаил Николов кој дотогаш се криеше во Костур. Во селото се направи собрание на Нова година. Имаше и карневали, играње, веселба. Тогаш во куќата во која беше Петров влезе гркоманот Илко Поп Анастасов, бивш грчки учител, облечен во расо, иако незапопен, како шпион на грчкиот владикака, и ги виде четниците. Четниците го фатија, се подигриуваа со него, му се заканија и го пуштија. Тој – право во Куманичево, кај што има Турци. Ги фрлил расото и шапката, облекол турски алишта и рекол: „Од денес натаму јас не сум христијанин – одете, известете ја власта, дека во Загоричани се кријат комити”. Ни јавија навреме. Во планината отидовме на 2 јануари. Беше студено. Аскерот го опколи селото, фати неколкумина, меѓу кои и учителката Маслина Грнчарова, ги однесе во Корча, кај што беа осудени на 3 години затвор. По една година ги амнестираа.

          Пред тоа Делчев побара доброволец да го отепа Трајана од Костур. Се јави едно момче, Христо. Тој на одење му рече на Марков дека има куќа во Лерин и дека можат да ја продадат, за комитетот. Имал и жена.

          Христо го отепа Трајан и избега. Аскерот, враќајќи се од Загоричани разбра за убиството и почна да го брка. Еден Влав со коњ го сретнал Христо. Овој не се сетил да го симне Влавот и да му го земе коњот. Бимбашијата го сретнал Влавот, дознал од него каде отишол Христо, го зел коњот и го стасал. Почнала престрелка, пристигнал и аскерот и Христа го отепале. Го однесле во Костур, ги собраа луѓето од селата да го препознаат, но бидејќи тој беше од Лерин, од четата на Марко, никој не го позна. По 4 дена го закопаа во Апоекеп. Грците не дозволија да се закопа во градот.

          По ова повторно се собравме во Загоричани. Работата вака ја поделивме:

          – Четата се дели на два дела – едната ќе дејствува во Корешта. За водач беше назначен Митре (како воен раководител), а за началници и раководители на реонот – Москов и Чакаларов.

          – Во втората чета водач беше Петров, а Кузо и јас началници и раководители. Јас бев во Пополе.

X.

Организациска работа. По заминувањето на Гоце Делчев. Набавка на оружје од Грција

25 април

          Нашата улога беше да ги упатуваме четите, да им даваме работа. Нашите наредби тие мораа да ги извршат. Во првата чета беше одлучено наредбите да ги дава Москов, а во негово отсуство Чакаларов. Исто беше и во нашата чета – Кузо, а во негово отсуство, јас. Во однос на решенијата за уредување на реонот во административна смисла, се договаравме заедно, четворицата бевме рамноправни. Заедно одлучувавме и при испитувањата. Поп Трајков, како постар револуционер, остана легален претставник на своето село Д’мбени. Тоа го направивме за да има таму човек кому селаните ќе можат да му се обратат или да се пожалат тогаш кога од која и да е причина не можеа нам да ни кажат. Трајков сам го обиколуваше реонот, правеше собранија, формираше раководни тела, разрешуваше разни спорови итн. Во истата состојба беше и Михаил Николов, кој продолжи да учителствува во Костур, но тој не покажа речиси никаква дејност.

          Силјанов дојде во Загоричани и ни кажа дека работата во Грција не му одела. Чакаларов му возврати дека тоа се должи на неговата неопитност. Беше одлучено Чакаларов четата да му ја остави на Москов и да замине во Грција. Тој пред да дојде имаше купено и скриено 80-тина пушки. Тие и другите што планираше да ги купи, ќе требаше ние да ги прифатиме преку канал што допрва ќе го организиравме

          По овие одлуки, Делчев со Марко отиде во Зелениче, а оттаму во Екшису, кај што беше предаден од еден Бугарин и неколку чорбаџии. Делчев се спаси, а предавникот летото беше убиен. Од Леринско, Делчев отиде во Воденско.

          Ние тргнавме да ги организираме селата Загоричани, Апоскеп и Жупаништа. Требаше да се оди во Костенарија, но некои четници се бунеа, не сакаа да се оддалечат од реонот и се вративме назад. Чакаларов и Москов отидоа кон Кономладска Река, а потоа Чакаларов од Смрдеш зеде неколку Власи – овчари со добиток за да оди во Грција, по оружје. Оценивме дека е добро да формираме групи за да се олесни купувањето. Тие дружини имаа по 12 души. Нивната задача беше да одат во Грција на комитетски трошок и да ги земат пушките купени со комитетски пари. Секој можеше да земе колку што може, а само една од нив со 50 патрони подоцна ќе беше комитетска, додека другите остануваа на нивна сметка по откупната цена во Грција (таму една пушка тогаш чинеше 80 до 100 гроша, додека во Костурско достигна до 240 гроша). Печалбата се состоеше во тоа што луѓето се снабдуваа со ефтини пушки, а можеа да спечалат тие што можеа да пренесат повеќе парчиња. Одењето и враќањето траеше 10 дена, така што еден човек можеше да заработи 100 гроша. Но поради непредвидливи пречки од Грците, се случуваше некои да мора да останат во Грција и по 20, па дури и 30 дена. Групите до граница ги носеа курири, платени од комитетот. Куририте беа Бугари или Власи. Кога луѓето видоа дека е лесно ваквото снабдување со оружје, се растрчаа сите и од сите села се јавија работници да пренесуваат пушки. Особено се истакнаа селаните од Трсје, кои, како биџкиџии во Грција, ги знаеја патиштата. Тие одеа со свои работи, со нив и други позафатени селани и така продаваа оружје низ Костурско и Леринско. Селаните во Трсје, до 20 мај 1902 година, во селото веќе имаа 120 пушки.

          Како станица при пренесувањето на сето оружје беше селото Жупаништа кое во тој поглед многу му помогна ва делото.

          Чакаларов за Грција тргна во почетокот на февруари. Отиде во Трикала. Уште пред формирањето на групите, жителите од Трсје на своја глава почнале да купуваат пушки во Трикала и тоа прилично јавно, така што грчката полиција се досетила и почна да прави проблеми. Само што дошол во Трикала, Чакаларов бил уапсен со неговите луѓе и затворен 24 часа. Тој се претставил како гркоман кој дошол да ги снабдува гркоманите со пушки за да се заштитат, зашто Бугарите имале оружје. Тие не му поверувале зашто немал полномошно од грчкиот владика и го избркале од градот, забранувајќи му да купува пушки. Чакаларов имаше со себе комитетски пари за купување оружје, кое групите требаше да го пренесат.

          Во Лариса тој, сепак, успеа да купи пушки и да ги предаде на првата група. Ги извади и пушките скриени пролетта и натоварени на добиток со големи тешкотии успеа да ги испрати во Смрдеш. Чакаларов во Грција остана до 23 април, а потоа преку Солун и Суровичево се врати во Костурско. Грците кога сфатија дека се пренесуваат пушки, презедоа строги мерки: фатија неколкумина што пренесуваа пушки, им ги зедоа парите, ги затворија, ги тепаа, се обидоа да ги предаваат на турските стражи, правеа разни пречки, така што многу кои тргнаа со свои пари, се вратија и без пари и претепани. Огорченоста против Грците беше голема поради нечовечкото однесување. Повеќемина рекоа дека во Турција е сто пати подобро.

          И турските власти, откако од турскиот конзул во Лариса и од грчкиот владика во Костур дознаа за пренесувањето, почнаа да патролираат по патиштата за да ги откријат препродавачите. На 3 март, тројца – Наум, брат на Митре Влашето, Васил Митров и Гаќо Василев, двајцата Власи од Смрдеш, без опитен водач тргнале од Грција во Костурско со пушки. Кај Гревенскиот мост, под Гревена (6 часа од границата) ги пресретнала турската потера и им викнала да се предадат (ги предал еден воденичар кај кого отишле да бараат леб). Почнала битка, во која и тројцата загинале. Случката брзо се рашири. Пушките им беа земени. Нова афера потоа немаше.

XI.

Прв судир со Турците. Последиците. Таен грчки комитет. Смртта на Марко војвода

Откако среќно стигнаа скриените пушки исто и првата група, и покрај тешкотиите, одново испративме добиток за нови пушки. Бидејќи на Комитетот не му се исплатуваше да ги поднесува трошоците на групите, поради грчките препреки тие се одолжуваа, и бидејќи групите се нафаќаа сами да одат на свој ризик, Комитетот веднаш и плати на првата група. Со големи маки добитокот, натоварен со патрони и пушки, повторно се врати.

          Додека Чакаларов беше во Грција, дојде до првиот судир во Костурско. Ноќта помеѓу 11 и 12 февруари, во селото Шестеово, четата со 6 четници се судри со турската жандармерија (организиран џган од Арнаути, бивши разбојници кои бркаа други разбојници). Стигнавме во Шестеово и се разместивме во две куќи. Кузо отиде да се види со учителката Василка Иванова на која и беше вереник и Петров, кој беше во втората куќа отиде дома (тој беше од истото село). На патот од Сетома за Шестеово беше не виделе Турци, кои чекале со кучиња за лов. Тие не следеле, испратиле известување во Костур, а оттаму дошла жандармерија. Пред да се раздени ни јавија дека доаѓа аскер. Брзо се собравме и тргнавме да излеземе од другиот крај на селото. Но неочекувано пукнаа пушки и Кузо, кој одеше напред падна. Беше погоден во десната рака и во градниот кош. Со револверот в рака се стрча во првата куќа и се затвори. Турците го бркаа. Ние не го видовме зашто беше 30 чекори пред нас.

          Едниот другар, Киријако успеа да избега уште при првиот истрел. Останавме ние четворица – јас, Петров, Кољо и Наке. Фативме позиции. Еден Турчин покосивме блиску до нас. Се пушти вториот и него го покосивме. Од нашите падна Наке. Ранетиот Кузо сакале од куќата во која бил да го префрлат, но кога виделе дека е тешко ранет и дека раката му е скината, сакале да го префрлат во куќата во која живееше неговата вереница, учителката. Таму тој одлучил да се самоубие; му се придружила и учителката и тие двајцата се самоубиле, откако претходно ја заклучиле вратата од собата. Другиот ден Турците ја скршиле вратата и ги нашле мртви. Ние се скривме во една куќа, имаше скривница, давајќи две жртви – Наке и Кузо. Турците отепаа и двајца од селската стража, така што вкупно станаа четворица. Петров се извлече и собрал 60 вооружени селани од Кономлади, Турје, Поздивишта кои стигнаа до Црновишта – два часа од Шестеово. Но кога разбрале дека сè завршило се вратиле назад. Москов им испратил писма и на другите села да бидат подготвени за помош, но немаше потреба.

          Иванчо подробно кажал за сите убиства што ги изврши Комитетот до тогаш, поради што беше ослободен и Хусеин-бег, кој беше обвинет за убиството на Касим. Се обелодени и убиството на Сотир, убиството на Трајков во Косинец и др. така што сите убиства му се припишуваа на Комитетот. Бидејќи се дознало дека бимбашијата и Иванчо земале поткуп, Турците без судење ослободија 40 затвореници во Корча, меѓу кои беа и првите организациони работници на Комитетот, дури и убиецот на Касим, Васил Бекаров.

          По случката во Шестеово двете чети се соединија, а ги водеше Москов. Поп Трајков се сретна со Коте, сè му прости и го натера со четата да оди во Преспа, велејќи му уште да не шета низ нашиот реон, да не ги прибира отпадниците кои бегаат од нас и воопшто направи привремен компромис. Бидејќи поради нашите организациски работи многу се задржувавме, по два дена во едно село, четата која не следеше безделничеше, а тоа лошо се одразуваше врз момчињата. Затоа одлучивме четата под водство на Митре Влашето да се одвои и да се движи послободно, а ние по селата да се позанимаваме со организациските работи. По случката во Шестеово, Петров се отцепи од нас, незадоволен од подредената положба. зашто требаше да бара дозвола од мене, да цобара отсуство и сл., а тој имаше врски со многу жени, па нашата контрола тешко му паѓаше. Откако се отцепи, отиде кај Коте. Ние по прашањето на моралот бевме строги, особено во однесувањето со жените. Еднаш во Брајчино, во Преспа, домаќинот божем случајно испукал од револверот и право во главата на Петров. Умре во мај 1902 година.

          Чакаларов во Грција разбрал дека Коте има врски со грчкиот владика. Ние во почетокот не верувавме, но најпосле се уверивме. Повторно решивме да го ликвидираме, но повторно не успеавме.

          Јас и Чакаларов со половина чета отидовме во Корешта, а Москов и Митре во Пополе.

          Во Поздивишта тогаш беше формиран таен грчки комитет. Селаните ни кажаа дека владиката им ветил бесплатни грчки пушки, дека ќе дојде грчка чета и сл. Јас и Чакаларов се обидувавме да ги фатиме нишките на тој нов комитет. Во Грција еден член на тој комитет, Георги Ѓамчето, сакал да го убие Чакаларов, но тој тоа го насетил и му избегал. Затоа сега ние со Чакаларов го фативме Георги Ѓамчето, како и поп Илија од Поздивишта, јадрото на комитетот. Ноќта на 5 мај, го извлековме поп Илија од дома на планината Лисец и му кажавме дека ќе биде казнет со смрт. Тој напиша писмо во кое се исповеда и во кое го проколна грчкиот владика, признавајќи сè и велејќи дека заслужил да умре. Призна дури дека Георги Ѓамчето бил испратен да го убие Чакаларов.

          По оваа екскурзија, бидејќи немавме пари, решивме да го фатиме гркоманот Аристотел Лумбуров од Костур, миогу богат, родум од Д’мбени. Нему му беше испратена потврда која не беше платена. Оваа работа требаше да ја заврши нашата чета. Проценивме дека е добро да го пратиме Поп Трајков во Бугарија, за да се сретне со Делчев и да му рече да ни прати човек со воено искуство. Во тоа време Делчев ги назначи Попов и Калканџиев за војводи, со неколку момчиња. Поп Трајков ги сретнал во Атина. Бидејќи Поп Трајков беше болен (имаше кила) отиде во Софија, кај шго го оперираа.

          На 31 мај, на патот меѓу Трстеник и Капештица успеавме да го фатиме Аристотел. Ги отепавме двајцата заптии кои го придружуваа. Го фативме со жена му и со детето кое имаше една и пол година. Кога ги слушнаа пушките, тие многу се исплашија. Особено се преплаши жената, која беше Арнаутка. Чакаларов им се обрати на арнаутски, момчињата на грчки, па малку се смирија. Ги потеравме коњите. Патем разбраа дека сме комити, па се смирија уште повеќе. Ги донесовме до Волканова чешма, во Смрдешката Планина. Таму ги чуваше стража. Еден од трговците кој со нив беше успеал да избега, отишол во Биглишта, од каде што мудурот тргнал со 60 души да не брка. Ние бевме 13. Два часа пред да се раздени, потерата се доближи до нас. Залудно пукаа Турците. Ние решивме да ги пуштиме и двајцата – и мажот и жената, зашто беа младоженци. Требаше да ја задржиме жената, зашто тој вети дека добороволно ќе даде извесна сума, но не го одржа ветувањето. Малото детенце врескаше, со што ја доведуваше во опасност четата.

          По оваа случка, со Москов го блокиравме патот за Ресенско за да го ослободиме Павел Христов, кого го носеа во Битола, но не успеавме. Дознавме дека Попов не можел да ја мине границата и дека се удавиле во реката. Пративме курир со 10 лири, но и курирот беше затворен. Кога Поп Трајков во Софија дознал за несреќата на Попов, заедно со Делчев одредиле нови војводи. Тоа беа – Георги Папанчев од Сливен, од школата на резервните офицери, и Никола Андреев од Мокрени. Тие тргнале директно и на 2 јули стигнаа во Костурско.

XII.

Голема афера во Леринско. Откривање на оружјето

Во мај, аскерот барајќи разбојници во Трсје (Леринско), случајно го открива компромитираниот Геле и го подбркува. Двајца другари паднале убиени, а тој ранет, ја испуштил чантата со архивата со писма, во кои биле запишани луѓето кои имале пушки, а биле запишани дури и броевите на пушките. Штом го прочитале списокот во Лерин, тргна војска во Трсје да ги фати луѓето и да им ги земе пушките. Јас и Чакаларов, случајно бевме во Трсје. Дојде и Марко со четата, заради аферата со Геле. Ние сакавме со него да се договориме пак за Коте. Утрото бевме изненадени од аскерот. Беше недела. Аскерот ги фати и ги врза сите селани кои беа дојдени в црква. Ние бевме затворени во три куќи и чекавме да не нападнат. Турците наближија, ги скршија вратите. Тие не знаеја дека сме внатре, туку одеа по списокот, а според него во куќата има пушки. Отворивме оган од сите куќи. Турците викнаа помош од Лерин, ние побаравме од соседните села. Нашата чета собрала 50 души и доаѓаше од Турија. Но, пред да стаса помошта ние решивме да се пробиеме, зашто Турците сакаа да ја запалат куќата. Турците веќе имаа 12 мртви. Скокнавме низ еден прозорец, па низ една друга куќа, по едно долче, прикривани од жените, излеговме над селото од другата страна токму кога аскерот од Лерин пристигна во голем број. Турците ги натераа врзаните селани први да влезат во куќите, но ништо не најдоа, освен нашите гуни. Во Лерин беа однесени 120 души. Беа измачувани, та околу 90 пушки беа предадени. Доне, коџабашијата од Трсје беше страшно измачуван, но не ја предаде пушката. Сè негирал, па најпосле го пуштија порано. Дел од селаните останаа в затвор неколку месеци, а еден дел до амнестијата. Случката во Трсје беше на 19 мај 1902 година. Тогаш имаше две свадби во селото и точно кога требаше двете невести да одат в црква. Турците го фатија момчето на едната невеста, а другото избега, па двете си останаа дома.

          Оваа случка многу лошо се одрази врз Марко; тој ја сметаше за свој пораз, го фати меланхолија, очај, се измени и се подготвуваше за одмазда, да ги гори турските села, да го нападне Лерин, да загине, само да ја исчисти дамката од својот реон.

          Потоа се разделивме со него.

          Тогаш во Петеле во една случка Марко загина. Блиску до селото потерата отепала еден четник по име Кице (Крсте). Тој пред тоа сретнал на патот еден лош Турчин (Арнаутин), Гега. Не успеал да го убие, а тој им јавил на Турците во Петеле кои дошле и го отепале. И по повод ова убиство беа предадени пушки во Петеле и во околните села и тоа – околу 300. Тоа го натера Марко да оди во Петеле и да го казни главниот иницијатор за предавањето на пушките. Таму беше убиен.

XIII.

Засилување на организациската работа. Првите селски чети. Херојска смрт на војводата Москов и на Кољо Вишенски

Кога дојдоа војводите Папанчев и Никола Андреев, Чакаларов со четата на Митре Влашето отиде во Нестрамско, да ги среди организациските работи, затоа што таму Организацијата сè уште не беше поставена како што треба. Јас останав во Д’мбени и Смрдеш.

          Во Нестрам селаните по аферата со Иванчо беше се измениле и не го примија добро Чакаларов.

          Дури и учителот Паскал Павлов, поранешен секретар на селскиот комитет, не сакал да се сретне со Чакаларов. Налутен, Чакаларов дење оди со четата да го фати учителот. Турците-полјаци од селото го виделе. Момчињата фатиле еден полјак, го врзале и отишле кај учителот. Тој плачел, молел. Чакаларов му простил, го искарал и го оставил. Наближила потерата. Чакаларов божем однесол неколку души в планина, за да кажат дека биле арамии, а не комити. Аскерот не ги бркал, но 12 души од Нестрам биле фрлени в затвор во Корча. Чакаларов отиде во Костенарија кај што прв формираше комитет. Таму владееше гркоманство – немаше егзархисти. Простотијата беше голема. Повеќето се воденичари. Идејата на Организацијата тука пат може да си пробие со големи тешкотии. Сите падари беа Турци. Без нив ништо не се случувало. Затоа при секое покрстување, многу се плашеле да не разберат падарите. Чакаларов се врати, а Митре успеа да го отепа најопасниот полјак, Мехмед, во селото Жужелци. Другите полјаци се подисплашија, па селаните ја почувствуваа силата на Комитетот.

          Пушките кои беа донесени од Грција, оние скриените како и новокупените, се делеа по селата врз основа на парите кои Павел ги беше собрал за оружје, но ги потрошил за други потреби. Само 28 пушки се продадоа по 210 гроша и парите отидоа во касата на комитетот. Им останавме должни на некои луѓе по селата и одвај подоцна, во текот на востанието се оддолживме било со пари било со пушки, а на некои сè уште им должиме.

          Од синовите на Касим на Велигден добивме 100 лири, откако претходно им испративме потврда. Го пративме Циле Кономладски, претседател на раководното тело во Кономлади. Синовите на Касим имаа имот во Брезница (една воденица, кула) и се плашеа да не ја запалиме.

          Москов отиде во Пополе и таму за првпат се сретна со војводата Никола Андреев, а пак јас во Смрдешка Планина се сретнав со Георги Папанчев.

          Војводата Никола Андреев е родум од Мокрени, Костурско. Заедно учевме до трети клас, потоа тој отиде во Варна. Таму станал новинар, потоа агент на Македонскиот комитет во времето кога Сарафов беше во Варна, потоа немајќи што да работи отишол во војска, го навредил началството, па требало да биде во дисциплинската чета. Се криел во Софија. Точно тоа време Делчев и Поп Трајков барале соодветни лица за војводи и го испратија кај нас, во Костурско.

          Москов во Пополе ја подели четата на два дела за да му ја подолесни работата на Никола Мокренски. Едниот дел му го дал на Никола, кому за помошник му го одреди Хр. Силјанов. Тој дојде на одмор од Леринско заедно со остатоците од Марковата и од својата чета, која ја водеше Дедо Андре.

          Беа организирани така што едната половина со Кољо Мокренски и Силјанов влегуваа во селата и агитираа, а Дедо Андре со другата половина од четата стоеше надвор од селото, за да удри од надвор во случај на опасност. Тоа се практикуваше сè до востанието со исклучок кога имаше големи студови, или силни дождови, кога беа премногу заморени или кога две села беа многу блиску, па едната чета влегуваше во едното село, а другата во другото и доколку се укажеше потреба можеа брзо да си пружат помош.

          Москов ја остави четата и дојде кај мене во Дреновеви да формираме нова чета за Папанчев. Бидејќи нова чета не се прави брзо, неколку дена, ние петмината, поминавме заедно, додека се сретнеме со Чакаларов.

          На 20 јули, преоблечен во селска облека, отидов во Битола, кај што се сретнав со Лозанчев за да прашам како да се однесуваме во Костурско, доколку Леринската афера, во Петеле, се префрли и во нашиот реон. Имено – дали да бегаме в планина, да се предаваме или да се бориме. Лозанчев сметаше дека селаните треба да избегаат в планина. Натаму ме извести дека тие испратиле писмо до Ц. Комитет за инструкции, барајќи мислење дали уште ова лето ќе има востание, или ќе оставиме сè да пропадне. Толку тешко се одрази Леринската афера поради која беа предадени 300 пушки. Според Лозанчев, треба сè да задржиме барем уште 2 месеца, за секој случај. Ми порача да настојувам луѓето да не одат во туѓина.

          Се вратив во Битола со мислата дека може да има востание. На средбата со Чакаларов и Москов разговаравме за вкупната состојба и тогаш првпат дојдовме на идеја да ги организираме вооружените луѓе по селата во селски чети, и тоа поодбраните од нив – во секое село по една со одбран селски војвода, потчинет на раководното тело. Оваа идеја Чакаларов ја примени во Вишени на 13 август. Војвода на првата селска чета беше Спасо Гергевски, родум од Вишени. Потоа истото продолжи и по другите села. Првата задача на селската чета беше на помош да доаѓа организирано кога ќе има потреба, во содејство со другите оружени сили при извршувањето на некои задачи, на пр.: ликвидирање на некој Турчин-шпион, казнување на некој селанец кој и по повеќе опомени уште не купил пушка иако има можности да си купи итн. Од Жупаништа се упативме во кономладските села и во Кономлади. Тука го најдовме учителот Геле од Трсје. Се криеше во една куќа со жена си и ќерка си. Тој уште Марко кога беше жив одбиваше да даде сметка за парите што му беа дадени за купување пушки. Затоа Марко, пред извесно време, ни јави да не го пуштаме Гелета во Грција, кај што сакал да избега. Сега кога го најдовме, го фативме и му рековме да ни помогне да се ослободиме од Коте. Но, наместо тоа, тој се здружи со Коте. Тоа се случи на 2 август, 1902 година.

          Четата на Чакаларов му ја поверивме на Папанчев да ја води како војвода. Москов сакаше да оди во Вишени. На стемнување, кога приврши предавањето на четата, дојде писмо од Битола со наредба Москов и јас да се сретнеме со Силјанов и со другите за да се договориме за мерките што треба да се преземат во Леринско и Костурско. Писмото го изнервира Москов и тој се упати во Вишени, иако сите го задржувавме. Таму се сретнал со Кољо Вишенски и Типо и наместо да останат в планина, тие влегле во селото, кај што имало 30-тина Турци, заедно со спахиите. Имало месечина при влегувањето во селото, кучињата залајале, па Турците ги забележале, без тие да забележат дека се откриени. Утредента неколку Турци го фатиле домаќииот Типо и му рекле „Ќе дојдеме кај тебе да претресеме”. Типо дошол до вратата и бидејќи не се решавал да отвори, Турците го отепале.” Москов и Кољо почнале да пукаат од внатре, а Турците пратиле абер во Костур за засилување. Москов бил уверен дека четите од околните села ќе им дојдат напомош. Писмата што му ги дале, поп Христов ги искинал, наместо да ги испрати. Аскерот дошол, ги опколил, ја запалил куќата. Москов и Кољо слегле долу, но пожарот се ширел сè повеќе. Огнот зафатил уште 6 куќи. Околу 2 часот на пладне, кога виделе дека живи ќе изгорат, излегле на јуриш. Прв истрчал Москов кого го раниле во пета, но успеал да влезе во една врата и оттаму продолжил да пука. Турците го чекале до стемнување и кога сакале да ја запалат и таа куќа, Москов се самоубил. Една старица го извадила од куќата пред Турците. Кољо Вишенски бил без пушка и кога истрчал едната рака му била изгорена. Тој веднаш бил убиен. Москов, додека Турците чекале помош, напишал проштално писмо. Писмото е кај мене.

          Во текот на престрелката Турците отепале еден старец, една млада невеста и еден вол. Целото село избегало. На Кољо му ги ископале очите и го дупеле со ками. Него го знаеја, тој беше јан кесеџија, ландокрвен, како терорист многу души имаше пратено на оној свет. Москов е родум од Д’мбени, гимназија заврши во Битола, беше добар ученнк, син-едннец. Беше скромен, селаните го почитуваа, чесен во секој поглед, размислуваше со своја глава, сакан од сите, самопожртвуван. Москов загина на 3 август 1902 година.

          Во саботата, на 19 август, над селото Оштима, ја сретнавме четата на Коте. Ја опколивме и по 8-часовна битка двајца отепавме, еден ранивме и двајца се предадоа. Коте не беше со четата. Еден од предадените беше и Никола Митрев, подоцна војвода во Охридско.

XIV.

Полковник Јанков во Костурско сака да дига востание

Околу 30 август 1902 година добивме известување дека дошол полковшк Јанков. Патувал низ Леринско, преку планината Вич. Во Леринско не се задржал. Напиша три писма – едно за Силјанов, потоа за Митре Влашето и за Коте. Им напишал и на раководните тела на околните села со кои ги покануваше на средба со него за да им ја објасни целта на своето доаѓање. Се потпишуваше како: „Полковник Анастас Јанков; аѓутант Јанаки Москов; Началник на II воен округ”. Јанков дојде во Загоричани кај што неговите момчиња, околу 58 души, повеќето од Костурско, Преспанско, а некои и од Кнежевстото, се преоблекоа. Јанков брзаше да се сретне со „воените сили”. И покрај тоа што ЦК нй нареди да го разоружаме, ние не го направивме тоа, надевајќи се дека ќе се смириме. Јас воопшто не го познавав, Чакаларов малку, а Папанчев и Андреев го знаеја и велеа дека е невозможно помирувањето со него. Место за средба беше Блаца, но вечерта тој не дојде. Не веруваше. Утредента се видовме одблиску. Со Јанков, од Загоричани беше дојден и Михаил Николов (траеше распустот). Од наша страна на средбата отидовме јас, Чакаларов, Силјанов и двајца четници. Ние имавме доверба. Подоцна се дозна дека Јанков имал намера да нè разоружа, но му се спротиставиле момчињата. Само што почнавме да се запознаваме, се покажа една потера од 200-300 души, која „го чешлаше” теренот. Потерата беше на 200 чекори од нас. Ние ги знаевме патиштата и се провлековме со Јанков, вкупно бевме 100-тина души, покрај Турците. Нè пресретнаа нашите четници кои останаа да нè чекаат додека ние бевме кај Јанков. Средбата беше на 1 септември, во недела. На Шестеовскиот Врв застанавме, зашто доволно се оддалечивме од аскерот. Направивме логор. Јанков го тргна на страна Чакаларов. Му зборувал дека – ние многу сме направиле, дека народот долго ќе ни отплатувал, дека нашиот труд ќе се овенча со успех, основата која сме ја направиле никогаш нема да била заборавена и слично, сè ласкање. На крајот му кажал дека дошол да дига востание, дека секаде кај што минал е организирано и дека е договорено востанието да почне на 7 септември со биење на камбаните. Јанков велеше дека било доволно востанието да трае – три дена. Тој гарантирал дека по две недели Македонија ќе биде слободна, зашто руските генерали од Шипка, заедно со Цончев ќе ја поведат бугарската војска. Чакаларов рекол дека тоа му е чудно, зашто такво нешто не ни соопштило битолското раководство, кое ни довери цел реон. Но ако е вистина дека сите се подготвени, тогаш и ние ќе го исполниме нашиот долг. Чакаларов уште рекол дека тој има другари и дека и тие ќе треба да се информираат. Нè викнаа – мене, Силјанов, Никола Мокренски, Папанчев, Митре Влашето, Дедо Андреја Јанков. Полковникот и пред нас го повтори истото. Јас се спротиставив, реков дека ако е тоа вистина сигурно ќе бевме информирани од своето раководство и дека додека не ни испратат писмо или човек – нема да веруваме, ниту да дејствуваме. А ако се потврди тоа што го кажа Јанков, тогаш ќе ги распоредиме силите и ќе ја почнеме борбата. Јанков се фати за последните зборови – дека ќе дејствуваме. „Значи согласни сте да дејствуваме”. Но, и тој требаше да се согласи да се испрати курир во Битола за да се увериме. Така мина првиот ден.

          На 2 септември се преместивме на Поздивската Планина, на врвот Рушиб. Таму доаѓаа селани да го видат Јанков и да разговараат со него. Тој беше облечен во војничка униформа. Ние го замоливме да не раскажува за целта на неговото доаѓање додека не добиеме одговор од Битола. Тој вети, но не го одржа ветувањето. На луѓето кои доаѓаа кај него им дробеше сè и сешто. Го замоливме да прекине, зашто не беше во интерес на делото. Тој почна да вика: „Како можете да ми забранувате да се гледам со луѓето и да зборувам со нив?” – „Не, господине Јанков, одговаравме, но претпоставете дека од Битола ќе одговорат дека се согласуваат, а кога вие зборувате толку јавно, нема ли Турците да разберат предвреме?” И тој повторно ветуваше дека ќе молчи. Третиот ден бевме во Кономладската шума, во месноста Пеливор. Јанков со неговата чета беше подолу, а ние се качивме погоре. Во текот на денот некои од нашите момчиња се доближиле до неговите и слушнале како тој им зборувал дека ние не сме се согласувале за востанието, дека сме коцкари, вагабонти и сл. и дека тие не треба да чекаат, но врз основа на дадената клетва (се заколнале негде патем) треба веднаш самостојно да дејствуваат, да се разделат и да почнат со агитацијата. Момчињата ни кажаа за неговиот говор. Чакаларов рече да одам и да му кажам да не брза зашто писмото од Битола не е стигнато. Јас не сакав да одам кај него. Чакаларов отиде сам. Јанков одговорил дека тој гледал оти ние не брзаме, а тој треба да се подготви, а кога ќе дојде писмото од Битола ќе видиме и сл. и дека ќе го викнел и Коте. Чакаларов му одговорил дека не е добро да го вика Коте, а Јанков рекол дека и Турчин да е, ако сака да помогне ќе го викне. Кога видел како стојат работите, Чакаларов им се обратил на луѓето на Јанков, објаснувајќи им ја состојбата во реонот, дека не се подготвени за востание итн. Луѓето на Јанков одговорија дека и тие не се согласуваат да го изложат нашиот крај на оган штом другите не се подготвени, дека претпочитаат да го убијат Коте отколку да работат со него штом е таков како што го опиша Чакаларов. Кога завршуваше Чакаларов стасав и јас таму и видов дека Јанков воопшто не мисли да се повлече, туку напротив, се подготвува да ги подели луѓето по пунктови за да го прогласат востанието. Ние со Никола Андреев, како против-мерка му јавивме на населението да не се поведе по агитацијата на Јанков, да не се собираат на собранија со него туку само да му даваат леб, колку да биде поддржан. Чакаларов по говорот, се врати кај нас. Тогаш Јанков излезе пред момчињата и им рече: „Бе луѓе, ќе ме оставите ли сосема? Не се сеќавате ли на клетвата и ветувањето дадени на Врховниот комитет дека ќе дигнеме востание”? Ова повторно влијаело врз момчињата и тие повторно му поверувале.

          27 април

          Кога се стемни двете чети заедно слегоа во Трифилина ливада, до Кономлади. Без наше знаење дојдоа по неколку члена од селските раководни тела од селата по Кономладската Река кои ги викнал Јанков. Ни донесоа јадење. Го поканивме и Јанков да јаде, но тој рече: „Благодарам, благодарам јас ќе јадам со момчињата”. Се плашеше да не го отруеме. На крајот почна да срка од чорбата. Јаде многу. По вечерата почна да ги распоредува момчињата по пунктови за да го подготват востанието и тоа – го определи својот аѓутант Јанаки Москов (братучед на загинатиот Москов) со 10 души да оди во Смрдеш за да ги дигне селаните од тоа село и од Косинец и Д’мбени; Петар Гајков, родум од село Жеравна (Котл. околија во Бугарија), бивш унтер-офицер со околу 12 души требаше да оди во Загоричани и да ги дигне тамошните луѓе, а Нако од Шестеово, бивш четник од нашите чети (Нако замина од Москов поради еден престап, потоа Јанков го зел со себе) го испрати во своето село, а оттаму да замине во Сетома (турско село) за да го потпали кога ќе се дигне востание. Кога заминаа Москов и Гајков, Јанков им се обрати на членовите на раководните тела што беа дојдени по негова покана, со прашањето дали се подготвени за востание, зашто кај што поминал биле подготвени, сè било организирано и по 4 дена ќе имало востание, а тој лично дошол точно за тоа. Меѓу присутните беше и Марко Пандов, селанец од Кономлади, деморализиран, осуден претходно на смрт. Кога Чакаларов виде дека присуствува и тој човек кој беше сосема расипан, му рече на Јанков: „Ти забранувам да зборуваш понатаму, зашто не ги познаваш луѓето, а зборуваш такви работи. Ти забранувам да зборуваш или да му ја мислиш.” Момчињата на Чакаларов кога го видоа толку возбуден се повлекоа неколку чекори и легнаа. Јанков се исплаши и викна: “Убијте ме, господа. убијте ме!”. Чакаларов одговори: „Нема да те убиеме, но нема да ти дозволиме да правиш неред и да не туркаш во востание. Слободата ние ќе си ја извојуваме, не ја сакаме од тебе. Немој да мислиш дека ако си полковник и со еполети, дека ќе дозволам да го повлечеш народот и заради тебе да изгори!”. Потоа Чакаларов се сврте кон членовите на раководните тела: “Кој ве викна тука? Ние ве избравме, нас само треба да не слушате и сега ви наредувам да се разотидете!” И сите заминаа. Во тоа време едно од момчињата, Атанас поп Николов (заврши петти клас во Битола) дојде кај Јанков и му рече: „Ние, господине Јанков, си имаме свои началници кои досега раководеа со нас и го подготвуваа народот и Вас нема да ве слушаме. Тие еполети и таа униформа ние не можеме да ги почитуваме” – и почна да му ги кине еполетите.

          Јанков: „Ве молам господине, не ми ги уништувајте еполетите!” – „Вие не сте работеле тука и сега доаѓате само да го уништите народот…” Почнаа и други да вреват, па и јас и Хр. Силјанов. Му се префрли дека не молчел, дека не чекал одговор од Битола и сл. Се зафати долга расправија. Јанков се тргна на страна и седна до Митре Влашето, кој мирно молчеше. Му рече: „Митре, овие луѓе викаат против мене и велат дека не сакаат слобода од Бугарија, а Делчев праќа луѓе да ме убијат”. Тој преку Грција испратил неколку души, но Господ е со мене, тие се издавија, а тие ќе ме убиеја”. Митре му одговори: „Жалам, госп. Јанков, вие сте полковник, а јас прост овчар, па не знам што да ви кажам кога му благодарите на Бога што оние луѓе се удавиле. И да знаевте сигурно дека, доаѓаат да ве убијат пак не требаше да му заблагодарите на Бога што се удавија”. По ова Јанко се тргна на страна. Дојде време да одиме. Некои од леринските четници го викнаа на страна Силјанов да го прашаат дали не е подобро, доколку се дига востание на 7 септември, да одат во својот реон. Силјанов ги разубедуваше. Во тоа време Јанков го викна на страна Чакаларов и му рече: „Василе, бе, Коте ме викна на разговор, што викаш, да одам ли?” Чакаларов се насмевна и му рече: „Ништо не можам да ви кажам, јас ви го опишав Коте и ако почнете да работите со него, ние ќе ви бидеме непомирливи непријатели, а тој ќе ве искомпромитира пред целото население.” Јанков додаде: „Ама не, јас мислам бе, да појдам, а утревечер пак да се сретнеме.” Чакаларов му рече: „Правете како сакате, но помнете ги моите зборови”. Откако се разделивме, Јанков отиде да се види со Коте.

          Тоа се случуваше на 3 септември 1902 година. Ние се вративме во планината кај што добивме одговор од Битола според кого – нигде и ништо не е подготвено за востание. Од нас се бараше да го принудиме Јанков да не вреви наоколу.

          Јанко и Коте се зближија и станаа најдобри пријатели – откако Коте нас нè оцрнил со најцрни бои, а Јанков му се пожалил употребувајќи ја вообичаената фраза „коцкари”. Тогаш Јанков испратил 10 момчиња од својата чета, под водство на Димитар Дебарлијата (бивш обичен мајстор од Варна) преку Преспа во Ресенско, за да одат секој во своето родно место – Охридско или Дебарско, зашто многу негодувале – сакале кога ќе биде востанието да бидат во своите краишта и, во исто време, да агитирале за востание.

          Тие разгласиле низ Преспа дека Јанков дошол да дига востание и, според зборовите на учителот од Бесвиње, Башев, роден во Ресенско, некои селани, меѓу кои и тој, излегле да го „пречекаат востанието”. Тие почнале да се простуваат и се скриле во папратите 2-3 дена, кога им застудело, се вратиле назад.

          Ние се преместивме околу селото Статица, од каде што му испративме писмо на Јанков дека добивме одговор од Битола,. според кого за никакво востание ништо не е подготвено и дека не треба ништо да преземаме. Баравме да одреди место за средба, за да поразговараме околу тоа прашање. Тоа беше на 5 септември.

          Јанков одговори дека тргнал за Смрдеш и дека можеме таму да се сретнеме. Вечерта во Статица направивме собрание на кое на селаните им ги објаснивме последиците од Јанковата агитација и ги замоливме да не се поведуваат по него. Истиот ден и по другите села имаше возбудувања. Лазар Бицанов, зеленички фирар и бивш работник на Организацијата, заедно со Петар Погончев, кој дојде уште на Велигден како агент на Врховниот комитет и десна рака на Јанков – на коњи трчаа како луди по селата од Пополе кон Рула, кај што беше Јанков, секаде зборувајќи дека Лефтеров дошол во Леринско со 130 души и дека таму огнот е веќе пламнат, а дека останало само Костурско, кое уште молчи: „зашто вашите раководители не сакаат востание, туку само да јадат и да грабаат”. Возбудените селани се собираа во групи, доаѓаа кај нас и бараа објаснување. Прашуваа дали да дигаат востание штом „Леринско веќе пламнало”. Со долги разговори ние ги разубедувавме и ги праќавме да ги разубедат селаните.

          Лазар Бицанов должеше 80 лири кои ги имаше добиено од битолското раководство за пушки. За нив требаше да приложи сметки. Кога слушнал дека востанието наближува се израдувал мислејќи дека со него ќе ги израмни сметките. Се рашири и друг глас – дека Саракинов дошол во Воденско и дека таму било прогласено востание. Голема заслуга што селаните од Кономладска Река тогаш не тргнаа по Јанков има Циљо Котев Кономладски, член на раководното тело од Кономлади. Тој одеше по селата понекогаш ги убедуваше, понекогаш ги заплашуваше селаните. Имаше големо влијание во тие села. Циљо беше голем патриот, беше човек на Касим-бег, но кога влезе во Организацијата стана најдоверливиот и нејзиниот најсилен столб. Во селото беше најзафатен. Заедно со син му влегоа во четите и заедно дејствуваа. Циљо в затвор лежеше од јули до јануари 1901 година, а син му по Иванчовата афера беше осуден во отсуство на 101 година и имаше порака да се убие. Во текот на востанието Циљо беше убиен на 8 октомври 1903 година. Во весникот „Ден”, од ноември или декември 1903 година, Силјанов, во статијата под наслов: „Жртви на востанието” пишува за истиот Циљо Котев Кономладски.

          Јанков собра луѓе од Рула, Оштима, Желево и Трново кои заедно со неговите 25 момчиња направија околу 70-мина вооружени со разни пушки, некои со само 4-5 патрони, а 20-тина со лопати и дикли – и со таа армада тргна кон Лерин, да го запали. Тоа беше на 7 септември. Се доближил до Лерин и бидејќи не можел уште првата вечер да влезе во него, останал на 8-ми, недела, во месноста Калуѓерица, Трсјанско. Дента им напишал писмо на познаниците на Коте да излезат, да го пречекаат и да му донесат газија. Уште им порачал да им јават на сите христијани, дека вечерта Лерин ќе биде запален. Пред да тргне во Лерин, му напишал на Гркот, д-р Киро Карабина: „Госп. д-ре, поддржете го духот на граѓаните додека влезам во градот. Погответе храна за кога ќе дојдам”. Му кажува како стојат работите, каде дејствува Цончев, каде Саракинов итн. Писмото требало да го однесе некој си Ламбро Порјазов, опинчар во Костур, во чија куќа го читала учителката Ана Николова. Писмото не му го однесле на докторот, зашто нашите потписи не били исти, па почекале да видат што ќе се случи, Подоцна, при еден претрес писмото го уништиле.

          Грчкиот владика во Лерин, кога дознал за намерите на Јанков, й кажал на власта, која пак, по телеграф побарала кавалерија од Битола. Таа стасала уште вечерта и го опколила градот.

          Кај Јанков дошле луѓе од Организацијата од градот и му ветиле помош. Но, точно кога се одморал во неделата, на 8 септември, ја видел војската која дошла и видел колку е слаб. Од Битола му напишале строго писмо во кое се вели: ,Или ќе застанеш, или ќе бидеш одговорен за последиците” Јанков збеснал, му се развикал на курирот, но немало што да прави. Исплашен од писмото и од аскерот, вечерта тргнал назад во Желево.

          Ние во тоа време од Статица минавме во Смрдеш, кај што саботата вечерта, на 7 септември, направивме собрание со луѓето од околните села. Селаните од Смрдеш толку се повлекле по Јанков што му дале барут, му ветиле дека ќе прават востание и почнале да се подготвуваат. Жените почнале да пискаат, да ги кријат алиштата, да се подготвуваат за утрешниот ден. Ние го отепавме предавникот Лазо Кирчев (на 27 јули), гркоман, душевно нестабилен човек. Тој нè предал на владиката во Костур и тоа кога дојде Папанчев. Тогаш Папанчев првпат изврши убиство. И јас пукнав двапати во него, а Чакаларов го доврши.

          Поради ова убиство, роднините на убиениот почнаа да зборуваат против нас, па селаните почнаа да се однесуваат постудено. Затоа се доближиле до Јанков. Вечерта го направивме собранието со цел да ги смириме духовите и да ги разубедиме селаните дека нема да има востание. Имаше викање и спротиставување од селаните: „Како може Јанков, еден полковник да биде поткупен и да ни мисли лошо…?” Ние одговаравме: „Од каде да знаеме дека Јанков не е поткупен од Турците, штом внесува таков раздор во Организацијата…” На крајот селаните се убедија, првпат формиравме селска чета и по ова тргнавме за Д’мбени, кај што беа свикани на заедничко собрание по два члена од раководните тела од околните села и сите д’мбенци. Истата вечер Јанаки Москов се врати во Смрдешка Планина. Тука го нападнале 32 души од жандармеријата, кои се разбегале. Имало еден наш мртов, а кај Турците тројца.

          На собранието зборував прво јас, потоа Чакаларов. Им кажавме сè за Јанков. Се одлучи да не се слуша Јанков и уште се избра една четиричлена делегација, да оди кај Јанков и да му каже или тој да престане, или народот ќе го запре, дури и со оружје. На 9 септември делегацијата тргна кај него. Од името на четворицата, учителот Кирјако Тарповски од Д’мбени решението му го предал во Рула, кај што го нашол Јанков. Овој пак му се пожалил дека сме биле коцкари, социјалисти, анархисти итн. Учителот му одговорил. Кога станало збор за неуспехот во Лерин, Јанков рекол дека погрешил кога датата им ја кажал на „коцкарите” – Чакаларов и другите, зашто божем тие ја кажале на бугарската агентура во Битола и дека агентот телеграфирал во Софија, кај што веднаш во Бугарија биле поапсени неговите другари Цончев, Саракинов. Поради тоа востанието било осуетено, и тој почнал да се оддалечува од планот. Се пожалил дека не можел да го запали Лерин, зашто повторно, намерно испратени луѓе од нас, коцкарите, му ги скриле двете канти со газија кои ги добил од Лерин и со кои сакал да го запали градот.

          Учителот се врати. Во Д’мбени со нас се соединија момчињата на Јанков кои беа во четата на Јанаки Москов оти беа разбиени од жандармеријата. Докрај разочарани што никој не им се приклучил за востание, станаа наши луѓе. Тие ни кажаа дека Јанков уште на првата средба имал намера да не разоружа.

          Турците го зеле трупот на загинатиот Јанков четник на Смрдешката Планина, Васил Пашов од Д’мбени и го сликале. Потоа пратиле потера која во Смрдеш измачувала 12 чорбаџии кои се ослободиле со поткуп. На тој начин селаните од Смрдеш први ги почувствуваа последиците од лудориите на Јанков.

          Од Битола дојде известување дека е уапсен Поп Трајков кој бил испратен од Софија да ни помогне против Јанков. Тој доаѓал преку Србија, но во Скопје го затвориле. В затвор остана до амнестијата -16 февруари 1903 година.

          И Јанаки Москов, аѓутантот на Јанков се предомисли и се обиде да го предомисли својот дотогашен претпоставен. Но Јанаков му одговори дека тој продолжува до крај.

          Кога Јанков дојде во Смрдеш селаните не сакаа да го примат велејќи му да се смири со нас. На 13 септември вечерта, се сретнавме во месноста Арамиски Падини. Бидејќи не му верувавме, презедовме мерки на претпазливост и го викнавме преку Силјанов. Јанков дојде: „Е, господа, треба да се смириме! Народот вика, со камења ќе не истепа”! -„Убаво, му одговоривме Госп. Јанков, каде ви е востанието?” – „Ех, оставете го тоа, џанам, грешки има на двете страни. Но, треба да се смириме! Ќе се разберам со битолското раководство”. Сакал да ги остави момчињата кај нас и со 10 души и со Силјанов (зашто не можел на стари години да учи шифри) сакал да оди во Битола. На битолскиот комитет, Јанков сакал да му го изложи својот нов план: заедно со Коте да одат во Грција, да купуваат пушки и да ни ги испраќаат нам. – „Само ве молам, господа, пушките да ги плаќате, да не ги оставате на наш грб, зашто ние немаме средства”. Сите се согласивме со овој план. Требаше да се определи кои момчиња ќе одат со него, а кои ќе останат со нас. Другиот ден, на 14 септември, кога ги почнавме подготовките, Јанков го смени планот велејќи дека не можел да ги дели момчињата. Немал доверба во нас. Предложи друго: „А-бе, јас, Чакаларов и Силјанов да одиме во Бугарија, да ги убедиме Цончев, Сарафов и Делчев, да се смириме. Чакаларов да го убеди Сарафов, а Силјанов Делчева”. Му одговорија дека така не може. Јанков рече: „Ако не успееме да ги смириме, тогаш јас ви велам дека мајк…(ата) ќе одам низ цела Бугарија и сегде кај што има комитет ќе зборувам против нив, а мојот збор се слуша во Бугарија”.

          Јанаки Москов рече дека ќе си оди дома, во Д’мбени. Јанков го тргна на страна и му рече: „Биди подтотвен за 20 септември, ќе го нападнеме Костур; Русите од Шипка ќе дојдат и тогаш ќе биде што ќе биде”. И Москов веќе виде дека си има работа со мавнат човек.

          Истиот ден стигна известување дека од четата на Јанков водена од Гајков до Загоричани, во една битка загинале шестмина. Кога со помош на Петар Погончев отишол во Загоричани, Гајков ги собрал селаните в планина – ќе се дигало востание, мажи, жени, се причестувале, се проштевале, се бакнувале. Кога излегувале од селото отепале двајца спахии и 1-2 Турци кои продавале пиперки – луѓето го објавиле востанието. Кон нив се приклучил и нашиот човек, Михаил Николов кој на селаните, кога го прашале им одговорил дека востание и има и нема, но за него востанието веќе било прогласено. Но, на 10 – 11 септември, војската го изненадила Гајков и му отепала 6 души. Селаните се скриле во селото, а Гајков со 2-3-ца се упатил кон Прекопана. Оваа вест го потресе Јанков и затоа, без да не извести, ја собра својата чета и тргна низ Дреновени за Пополе.

          Во тоа време, околу 28 септември, дел од војската отишла кон Бапчор да бара комити. Го фатиле бугарскиот учител Јане Карајанев, родум од Велес (сега е во Плевенско). Тој, без многу мачење ги предал најдобрите работници, а тие, по мачењето предале околу 14 пушки, а 18-20 селани од Бапчор беа отерани во Костур. Учителот, исплашен дека ќе биде убиен од Комитетот заради предавството, го замолил аскерот да го земе со себе и да го испрати до родното место. Аскерот се префрли во Кономлади, друг аскер од Костур дојде на местото кај што претпоставуваше дека ќе нè најде нас и Јанков. Патем фатиле две момчиња од Турија кои носеле писмо за Циљо Кономладски во кое пишувало дека Јане е предавник, та да се внимава. Во Кономлади ѕверски биле измачувани четворица селани и двајца поранешни болни четници од Марковата чета. Тие ништо не кажале, велејќи дека се питачи. Заедно со нив аскерот фатил 12 души кономладчани (Циљо не бил во селото). Одејќи од Биглишта кон Кономлади, аскерот сретнал едно овчарче (Влавче), кое предало неколкумина од Црновишта кои имале пушки. Ги затворија Поп Танас, коџабашијата и др. Влавчето живееше во Брезница, па од Црновишта го донесоа во неговото село да покаже каде се скриени пушките. Ги однесло во црквата. Турците копале, но не нашле ништо. Селаните се пожалија во Битола, дојде до испитувања, дојде и рускиот конзул Ростковски. Конзулот отиде и во Костур и им порача на селаните да дојдат и тие и да дадат изјава пред власта. Отидоа Поп Крсто, егзархиски свештеник и коџабашијата Карола. Во Костур гркоманскиот чорбаџија Жапко ги убедил прво да одат кај грчкиот владика и со него да се посоветуваат. Отишле. Грчкиот владика ги убедил да не кажуваат дека црквата ја раскопале Турците, туку дека тоа сами го направиле, зашто во спротивно лошо ќе биде за селото. И тие дале таква изјава. И точно кога рускиот конзул се расправал во меџлисот за направеното сквернавење на црквата, ја прочитале изјавата во која се кажувало спротивното. Тогаш конзулот се налутил, ги прашал зошто му направиле така и си отишол. Во иднина не примал Бугари во конзулатот, дури и ги бркал.

          Од Д’мбени отидовме во Жупаништа, од каде што ги испративме Папанчев, Кољо Андреев и Митре Влашето во Желине (во селото има и Турци). Тие требаше да го казнат предавникот, гркоманот Васил како и гркоманскиот поп, кој набеден од владиката, со негови пари поткупил двајца Турци да го убијат бугарскиот свештеник Динко во ова село. Го убиле поп Динко на најѕверски начин – му го расекле стомакот и цревата му ги завиткале околу вратот. Затоа ние сакавме да им се одмаздиме на попот и на неговиот пријател Васил. Тоа се случуваше околу 1-2 октомври. Нашите отидоа, влегаа во куќата на Васила кој не сакал да излезе надвор, па го отепале внатре. При пукањето загинал и неговиот внук, а ќерка му била ранета и набрзо умрела. Потоа се вратија, но не се докажа ништо, иако се знаеше дека тоа го направи Комитетот.

          Силјанов замина од нас – преку Грција отиде во Софија, а ние, вознемирени од аферата во Бапчор и Црновшта, одлучивме да ги собереме пушките од селаните и да ги складираме в планина, на посигурно. Со таа работа четата се занимаваше цела есен.

XV.

Полковник Јанков продолжува да внесува раздор меѓу селаните. Јавна полемика со Јанков. Јанков преку Грција оди во Бугарија. Војската се сместува по селата. Четите се делат на помали групи

28 април

          По обиколката на селата во Пополе, околу 5-6 октомври, аскерот го открил Јанков на Бобишките стени (кај селото Бобишта). Дошло до битка во која Турците загубиле околу 30 души, а четата на Јанков имала само еден ранет. Неговите луѓе имаа манлихерки. Битката траела 3 часа. Јанков потоа се упатил во Корешта, кај што во близина на селото Статица случајно се сретнавме и случајно се прибравме сите во Кономлади. Таму тој пред селаните нè напаѓаше и нè навредуваше. Отиде до таму што бараше од селаните да нè предаваат и да нè убиваат. На четникот Кузинчев му предлагал да се вовлече во нашата чета и да ги убие Чакаларов и Кљашев. Тоа ни го раскажа самиот четник. Ни дојде и нам преку глава и сакавме да завршиме со Јанков, но не ни дозволија од Битола. По ова го задолживме Папанчев да ги собира пушките во Корешта.

          Во Д’мбени дојде Иван Попов. Го задржавме 2-3 недели за да го запознаеме со селаните.

          Околу 12 октомври во Леринско го испративме Папанчев, бидејќи таму се покажа потреба за зачувување на состојбата, по убиството на војводата Дине Екшисулијата во Крушоради, а кое се случи по убиството на Марко.

          Јанков ги обиколуваше селата во Корешта, а Гајков остана во близина на Загоричани, кај што околу 18 октомври повторно имаше битка. во која Турците имаа 4 мртви, а Гајков немаше ниедна жртва.

          На 22 октомври Чакаларов, јас и Попов бевме во Смрдеш. а четата ја водеше Митре Влашето. Тука го сретнавме Јанков кој, по обичај, пак навредуваше и лажеше тврдејќи дека Чакаларов од Врховниот комитет добил 5000 наполеони за делото, дека ги злоупотребил заедно со некои 700 лири од Загоричани итн. Селаните кога ги слушнаа тие работи сакаа јавно да се сретнеме и да се објасниме пред народот. Средбата беше договорена за 24 октомври, во Косинец. На неа требаше да присуствуваат 20 селани од раководните тела од Д’мбени, Косинец, Лобаница, Смрдеш и В’мбел. Прв зборуваше Јанков. Тој сметаше дека никој не може да му го земе правото да се бори за својот крај и за народот, дека никаква внатрешна организација не може да му наложува да ја слуша и да й се потчинува, дека внатрешна и надворешна организација нема, туку имало само лични судири, дека луѓе пратени од Делчев се примаат, а оние пратени од Врховниот комитет не се примаат… Потоа изнесе низа самоволни оценки за Организацијата и најпосле се сврте кон селаните и ги праша дали тие сакаат тој да работи, зашто тие се сè – тие ги хранат четите, ги кријат, поради што тие треба да им наредуваат ним, а не обратно итн. итн. – надроби уште многу работи. Го заврши своето зборување без да ги спомне нападите и клеветите на сметка на Организацијата, особено на Чакаларов. Потоа зборуваше Чакаларов. Откако им објасни на селаните дека постои Внатрешна организација, дека таа може да ја наложува својата власт на сите и дека секој кој влегува во Организацијата од каде и да е, треба да го почитува нејзиниот устав. На крајот Чакаларов праша за клеветите кои ги ширеше Јанков, а најмногу за злоупотребата на некои пари. И откако појасни дека нему лично од Врховниот комитет му биле дадени само 25 наполеони, за кои има потврда и за кои му доставил сметка на Делчев и дека никакви пари не собирал по селата, освен третината од потврдите за кои има сметка, го замоли Јанков да донесе сведоци за да потврдат за злоупотребените пари во Костурско и да докаже дека тој земал 5000 наполеони од Врховниот комитет. И, ако Јанков докаже дека тој ги зел тие пари од Врховниот комитет, Чакаларов ќе му поднесе сметка за нив.

          Јанков одговори дека никогаш не рекол оти Чакаларов зел 5000 наполеони од Врховниот комитет, но дека слушнал оти Комитетот имал некаква сметка со Чакаларов, а за злоупотребите по селата рече: „Така бе, брате, сум слушнал дека така зборуваат”, а тој и за тоа не зборувал. Чакаларов донесе двајца сведоци да посведочат дека Јанков зборувал такви работи, но тој и пред нив одрекуваше. Бидејќи Јанков не можеше ништо да докаже за сè она што го зборувал по селата, селаните се убедија дека сето тоа било од злоба и молеа да се заборави што било и да се смириме. По ова Чакаларов го обвини Јанков дека, според кажувањето на Петар Погончев, тој на костурчани во Цариград им зел 400 лири. Јанков се сврти кон Погончев, но тој тоа го потврди. Тогаш Јанков се раскара со него и призна дека зел околу 150 лири и дека му ги дал на Врховниот комитет. На крајот од собранието не излезе ништо и бидејќи на Јанков му беше страв да остане со нас, стана да си оди. Кога излегуваше селаните го прашаа: „Што сега, каков е крајот?” Јас одговорив: „До никаков крај нема да дојдеме додека овие господа не ја признаат и не й се потчинат на Внатрешната организација”. Гајков, кој се прибра кај Јанков, одговори; „Ние сме луѓе на Врховниот македонски комитет”, на што јас му одговорив дека ние сме луѓе на Внатрешната организација, која ќе знае да ја наложи својата власт. На ова Јанков почна да вреска дека тие биле луѓе на Врховниот македонски комитет, избран од целиот бугарски народ и признат од цела Европа. Кој не го признавал него, тој (ја заниша пушката)… Чакаларов му се обрати на Гајков: „Не мисли дека пилиња ќе бркаш, зашто јас имам бир-парче брада, зашто додека кажуваш ова-она, јас ќе завршам со тебе”. Со тоа заврши средбата. Излеговме сите и секој отидовме во свој правец. Во Д’мбени Јанков повторно се расправал со учителот Кирјак Трповски кој ги убеди селаните да не одат по Јанков, па неговата чета не ја примија во селото, туку само тој со 5 души.

          Оттука Јанков отиде во Нестрамско, а потоа во Грција. Во Атина се сликал со двајцата најголеми предавници кои работеа за грчката власт и поради кои настрадаа многу наши луѓе, меѓу кои и Ив. Попов.

          Јанков замина, но го остави П. Гајков со 7-8 души да сее раздор во реонот. Другите четници на Јанков му се придружија на Коте, кому тој му ја даде манлихерката. Коте ги однесе до граница, а Јанков од Грција отишол во Софија.

          Во Косинец за водач на четата, која по заминувањето на Папанчев ја водеше Митре Влашето, го одредивме Попов.

          Кога дојде зимата, аскерот се смести во селата – за да може да ги собере пушките и да го уништи Комитетот. Во Смрдеш имаше 120 војници, во Рула 70, во Поздивишта 90, во Кономлади 110, во Вишени до 150 души; во Загоричани од 150 до 200 души, во Костур 500, во Хрупишта 300, во Нестрам 100 и во Биглишта 200 војници. На овој начин беа блокирани главните пунктови, па движењето на четите не беше можно. Падна и снег и престојот во планините исто не беше можен, а во селата, како што реков, групното движење беше крајно отежнато, зашто турската војска во една ноќ обиколуваше по неколку села и ја претресуваше, речиси, секоја куќа. Од студот, при ноќните марширања многумина од аскерот измрзнаа и се разболеа.

          За да не ја загубиме четата во некоја бесмислена битка во тие ташки услови создадени од глупостите на Јанков, решивме на 3 ноември да ја поделиме на помали групи кои ги испративме на неколку места по селата. Пред тоа им јавивме на селаннте да направат скривници, во случај на опасност. Тоа беа дупки, ископани во земјата, надвор од куќата, со отвор за воздух. Во скривницата се влегуваше од внатре, низ зимникот.

XVI.

Нови предавнички афери. Војската ги претресува селата. Положбата станува неподнослива. Кураж од Битола. Жените помагаат во сè – и со стражарска служба и дење и ноќе. Духот заживува. Однесувањето на рускиот и на австрискиот конзул

29 април

          Откако ги поделивме нашите чети во Корешта, му пишавме на Никола Андреев, кој се беше загнездил во своето село Мокрени и таму ја мина речиси целата зима, истото да го направи и тој со својата чета која се состоеше од 9 души. Бидејќи зимата дојде, наврна многу снег, и бидејќи аскерот заседна во селата и правеше чести претреси, селаните беа во многу тешка положба. На 8 ноември, во селото Бобишта ноќеваше четата на Јанковиот војвода, Петар Гајков со 6 души. Гајков се подготвуваше со своите луѓе преку Грција да си оди во Бугарија и затоа барал од селскиот коџабашија пари за нивните пушки што сакал да ги остави. Коџабашијата којзнае од кои причини му ветил на Гајков дека ќе му ја исполни желбата и дека за да се заврши работата ќе треба да остане уште еден ден во селото. Ноќта коџабашијата му јавил на аскерот во Загоричани (на 40-тина минути од Бобишта) и утрото четниците биле опколени. Пред да станат, аскерот предводен од коџабашијата и од селскиот аза се упатил кон куќата и дури успеал да влезе внатре со цел живи да ги фати. Но, вревата го разбудила Коста Чаушот, наш поранешен добар четиик, подоцна проврбуван од Јанков. Кога видел дека коџабашијата влегува во куќата пукнал и го отепал со што ги разбудил другарите кои го зеле оружјето и почнала борба која траела до пладнето. Кога виделе дека Турците ја испрскале куќата со газија и дека ја запалиле, Гајков со 4-ца излегол и почнал борба гради в гради. Го минал првиот ред, но веќе во вториот паднал заедно со тројцата другари: Демир Кономладски {тој беше од првата чета, водена најнапред од Коте, потоа од Марко), Кузо Погончев (брат на Петар Погончев) и Георги, момче од Загоричани. Коста Чаушот се качил на покривот од кај што пукал, но брзо бил погоден и паднал во огнот. Четникот Фани (Теофан), родум од Бобишта, поранешен пренесувач на пушки, бидејќи го знаел своето село, одејќи од куќа во куќа успеал да се извлече. Тогаш изгореа 4 куќи и беа затворени две жени. Аскерот имаше 14 мртви.

          По овој случај Јанков и компанија го обвинија учителот Манол Розов, кој од затвор беше излезен само пред 7 дена, дека тој го поттикнал коџабашијата да ги предаде, иако беше повеќе од сигурно дека Розов воопшто не беше замешан во целата работа.

          Истиот ден војската ги опколи селата Дреновени, Рула, Корчишта, Косинец и Д’мбени. Во Косинец бевме и јас и Чакаларов со четворица четници, но бевме скриени во една скривница и нè не најдоа. Не предал Дине Куцото од истото село, кој подоцна самиот призна. Подоцна, во текот на востанието, беше убиен од аскерот. Не предал бидејќи Турците му ветиле 200 лири за Чакаларов, а 100 за мене.

          Честите претреси, како и последиците од агитацијатата и расцепот што го предизвика Јанков, ја разнишаа вербата кај селаните за скоро востание. Честите претреси придонесоа народот да го опфати апатија кон делото и раководителите, така што нè прифаќаа и поддржуваа само нашите најдобри пријатели и роднини и тоа само во Д’мбени, а подоцна и во Косинец.

          Ние увидовме дека може сè да пропадне ако така продолжи, дека може случајно да загинеме, па решивме да се разделиме со Чакаларов. Тој остана во Д’мбени, а јас отидов во Смрдеш, кај што мислев дека ќе биде побезбедно, иако имаше аскер. Попов во тоа време со 4-ца четници беше во Жупаништа, а Митре Влашето со петмина беше останал во планините, „меѓу мечките”. Живееле под една плоча, во шуплина од карпа. Околу нив спиеле мечки, а храна не им носел никој. Затоа Митре отиде во Долна Преспа, кај што беше и Коте, и во тамошните села Трново, Граждано, Орово и во други, во кои дотогаш ништо не беше направено, Организацијата ја постави на здрава основа. Таму Митре остана до крајот на јануари. Во текот на востанието овие села беа целосно изгорени. За да ја докаже својата доследност, Митре со својата чета наумил да го ликвидира злогласниот Селфо-бег, кој имаше чифлици во Долна Преспа (Буковик, Оровник и др.). Го пресретнале меѓу Буковик и Лак и по едночасовна битка, четниците отепале двајца сејмени, бегот и другар му, исто бег, тешко ги раниле. Бегот остана жив. Со тоа Митре се покажа како народен деец.

          Пред да се разделиме јас и Чакаларов испративме писмо во Битола во кое напишавме дека состојбата станува многу тешка и баравме да ни објаснат дали ќе има некакво движење напролет и воопшто што да се прави натаму. Ни одговорија да ги испратиме четите во Леринско и Воденско, а ние да заминеме преку Грција и да оставиме само неколкумина легални кои ќе контактираат со Битола и ќе им јавуваат за вкупната состојба. Ние со тоа не се согласивме. Им одговоривме дека ние сме тука родени, дека тука ќе умреме и дека претпочитаме и да станеме жртва на мачната состојба. Тогаш од Битола стаса едно циркуларно писмо упатено до сите села со кое на селаните им се влеваше верба и надеж, дека треба да имаат трпение, дека часот на борбата наближил и сл. Писмото дојде пред Божик, а пред тоа, во текот на ноември ни јавија да определиме човек за окружниот конгрес, кој бил планиран за коледарските празници. Им одговоривме дека делегати можеме да бидеме само јас и Чакаларов. По ова долго не ни се јавија, а кога ние повторно се заинтересиравме ни одговорија дека конгресот се одржал без нас. Конгресот навистина се одржал во Солун, но тој не бил окружен, ниту општ македонско-одрински, како што било планирано, туку конгрес на неколкумина градски раководители и учители, кои малку ја знаеја вистинската состојба на теренот. Од Кукуш имало само еден претставник, а Битолско го претставувал Лозанчев, исто градски раководител. Пред Божик од Битола ни испратија шифрирано пмсмо со препорака да заминеме само ние и со ветување дека пролетта нема да помине без настан. Во придружба со луѓе од окружниот комитет, бидејќи сами не можевме да се движиме по селата, им објаснивме на луѓето дека тешката положба нема долго да трае и дека набрзо ќе дојдеме до крајната цел. Во текот на ноември војската во Статица го фати Коле Славчето, бивш четник на Коте, кој им кажа за пушките, имаше вкупно 30. Аскерот ѕверски измачуваше 12 души кои подоцна лежеа в затвор во Костур, сè до амнестијата, во февруари. Пушките беа скриени в планина, за да не дојдат во рацете на Турците. Но, Геле Трсјански, другар на Коте, една ноќ, по Трсјанската афера (19 мај 1902) влегол во селото, ги фатил нашите луѓе кои беа задолжени за пушките и со сила ги зел и ги оставил пушките кај Коле Славчето. Потоа Коле ги предаде на Турците. Геле околу 25 март 1903 годива беше убиен од луѓе испратени од Сарафов, зашто селото Арменско проплакало од истиот тој Геле.

          Селаните малку се окуражија. Аскерот се замори од претресувањата и малку се повлече. Во тоа време се рашири глас дека во текот на февруари ќе има некакви реформи. Турците сами зборуваа дека султанот ќе дели правда и сл. Се слушна дека Австрија и Русија се заложувале за реформите, дека рускиот цар пратил парична помош за бегалцитње. Сето тоа ги заживеа надежите.

           Во овој период особено се активираа женските друштва, раководени од селските учителки, особено во Д’мбени и Косинец. Жените не само што не им пречеа на мажите, туку во текот на претресите ги криеја пушките и четниците. Бидејќи мажите не можеа да стражарат, зашто аскерот без двоумење ноќе ги убиваше ако ги сретнеше на пат, стражареа жените и тоа по 2-3 жени на крајот од селото од каде се очекуваше да дојдат Турците и веднаш јавуваа во селото. Стража се чуваше и дење – мажи и жени мешано.

          Околу средината на јануари времето се поправи. Ние повторно се собравме, 12 души и продолживме да ги обиколуваме селата. Тогаш јас со четата на Митре првпат во Врбник формирав раководно тело, членови, десетници. Селаните за еден месец купија 30 пушки – толку беа и членовите. Правевме собранија, на кои говоревме и објаснувавме, а на крајот се пееја песни и се извикуваше „ура”. Дотогаш нзвикот „ура” не беше познат и тоа правеше впечаток. Ги заменивме и песните кои дотогаш се пееја, кои имаа арнаутски припев, со бугарски воени и училишни песни. Луѓето ги прифатија. Тоа се случуваше до мај.

          На 23 февруари, аскерот замина од Смрдеш во Д’мбени, кај што имаше еден таен предавник. Поради неговите информации Турците правеа чести претреси. Заморен од честото одење во Д’мбени за проверки и претреси, аскерот одлучи да се смести во ова село. Д’мбенци поучени од нас не им ги давале на војската подобрите куќи, но таа се обидела на сила да влезе во нив. Поради тоа на 24 февруари се случија нереди: жените се степаа со аскерот во обидот да ги избркаат од една куќа. Имено, кога војниците сакале да влезат во куќата тие ги собрале жените од целото село. Сакале да му јават на јузбашијата дека не сакаат војниците да бидат сместени сред село, зашто нема да можеле слободно да одат по вода, по работа и сл. Затоа би било подобро војниците да бидат на крајот од селото. Војниците не ги пуштале кај јузбашијата и почнале да ги туркаат. Жените се спротиставиле. а една викнала: „Што ги гледате тие кучиња, земајте камења и удрете!” Почнале жените да фрлаат со камења. Тогаш на војниците им било наредено да пукаат. На жените им се придружиле и некои мажи и тие почнале да фрлаат со камења. Кога жените виделе дека Мисовица Влаинката (Бугарка, жена на Мико Влашето) е тешко ранета, дека Јумбруковата жена исто така, иако полесно, дека и едно момче било рането – се повлекле. Другиот ден околу 300 души од селото отишле во Битола да се жалат. Рускиот конзул ги искарал, велејќи им, дека нема милост за нив сè додека ги кријат четите. – „Нашиот цар ќе го остави турскиот цар да ве заколе”, им рекол. На тоа учителот Кирјак Трповски му одговорил: „Ние никогаш нема да ги предадеме четите, зашто сите ние сме комити”. Потоа отишле кај австрискиот конзул, кој ги пречекал пољубезно, ги посоветувал да не ги предаваат пушките зашто само со нив ќе можат да се ослободат и на крајот им дал два наполеона за пат.

          Аскерот остана во Д’мбени. Дојде комисија, обвини некои војници затоа што пукале, а потоа испратија лекар за да ги излечи ранетите. Селаните за инает не колеа никаков добиток, ништо не даваа и затоа аскерот беше принуден сè да набавува од Костур.

XVII.

Помирување меѓу егзархистите и Гркоманите. Борис Сарафов со четата доаѓа во Костурско

2 мај

          Поради агитацијата која беше во тек и како последица на апсењата на многу костурчани во Грција, потоа поради прогоните на Бугарите, пречките при пренесувањето оружје, однесувањето на владиката итн, – сето тоа многу придонесе селата да се отцепат од патријаршијата. На 24 февруари се сретнавме со Кокарев, војвода од Ресенско и со него отидовме во Смрдеш, во моментот кога аскерот си одеше. Сакавме да го подигнеме духот на населението, прилично паднат поради долгиот престој на војската во селото. На собрание на 28 февруари се донесе одлука да се смират егзархистите и гркоманите, кои повеќе од 12 години меѓу себе беа непријатели. Егзархистите немаа цркви. Се молеа во школото; немаа камбана итн. Борбата беше жестока. Смирувањето значеше гркоманите да ја отворат црквата и за егзархистите и тие да можат да ги задоволуваат своите црковни лотреби, така исто и поповите да можат да им служат в црква, да ги пеат мртвите и сл. Двете страни се обврзаа да го исплатат селскиот долг кој беше поголем од 500-600 лири. Во спомен на денот на смирувањето, 28 февруари се празнува како значаен ден.

          Две недели по воспоставувањето заедништво, целото село ја призна Егзархијата. По примерот на Смрдеш тргнаа и другите села. Повеќето од нив изјавија кај власта дека ја признаваат Егзархијата. Тоа се случуваше во март и тогаш егзархиски станаа Косинец, Смрдеш, В’мбел, Врбник, Жупаништа, Апоскеп, Габреш, Кономладн, Бапчор и др.

          На 17 март дојде Сарафов со четата. Името на Сарафов беше доволно да ги одушеви селаните и да им ја врати надежта во востанието. И враќањето на печалбарите, што уследи по наша иницијатива (а по наредба од Битола) ги увери селаните дека подготовките за борба се сериозни. Треба да се каже дека во декември во Мокрени дојде Давидов. Му напиша на Чакаларов да дојде да се видат, но до средба не дојде поради познатите околности. Затоа Давидов, преку Арменско, отиде во Преспа и Ресенско.

          Енергичниот тон и динамичноста на Сарафов многу влијаеше врз селаните, така што се зацврсти нивната верба во делото. Сарафов им зборуваше и на жените дека не треба да офкаат за своите мажи, дека не треба да ги спречуваат во работата и сл. Сите викаа „ура”, восхитени до немајкаде. Само со тоа одушевување кое тогаш царуваше, може да се објасни помошта што околните села му ја пружија на Смрдеш во битката која се случи додека таму беше Сарафов, и која ви ја опишал Ив. Попов.

          На 16 февруари во Апоскеп се одржа состанок на централните раководители на кого се обмислија подготовките за востанието и акциите што ќе се преземат првиот ден. Има зачуван и записник од состанокот. Духот се зацврсти по амнестијата, зашто се ослободија значајни луѓе како што беа Поп Трајков, Мих. Николов, затворен поради глупостите на Јанков. Поп Трајков штотуку стана постојан раководител, му облековме четничка облека, а другиот ден – на 28 февруари, се случи битката во Смрдеш.

          Откако мина аферата и по делењето на четите, со Сарафов на 3 април отидовме во Смилево, на конгрес.

          Раководителите на четите Поп Трајков и Манол Розов, кој се префрли во илегалност (до тогаш беше учител во родното село Бобишта) се нафатија сериозно да го подготват населението за борба. Ги обиколуваа селата, формираа селски чети, вежбаа со нив… Попов ја водеше својата чета.

XVIII.

Смилевскиот конгрес

Конгресот беше свикан од битолското раководство, на инсистирање на Сарафов. Според објаснувањата кои беа изнесени за претстојното востание, се виде дека Организацијата малку го подготвила востанието не само во Битолско, туку и во другиот дел на Македонија. Речиси половина од присутните рекоа дека воопшто не се подготвени за востание и кога се постави прашањето зошто на Солунскиот конгрес се донесла одлука за дигање на востанието, без да се сослушаат реонските раководители, Лозанчев не можеше да даде вистински одговор. Всушност, нивната одлука била мотивирана со неподносливата состојба што ја изнесувале во писмата некои реонски раководители. Затоа Лозанчев сметал дека не е потребно да свика окружен конгрес. Кога некои од присутните категорично изјавија дека нема да учествуваат во планираното востание зашто не сакаат да го водат народот во касапница (тоа беа – Петар Ацев, реонски војвода во Прилепско, Никола Петров, од Мариовско и др.), Лозанчев рече: „Господа, и да не сакав јас да се дигне востанието, мнозинството на конгресот тоа ќе го наложеше.” Кога во ваквите убедувања Сарафов виде дека востанието е многу избрзано, а од друга страна знаеше дека во некои места не може да се запре, им се обрати на Лозанчев, на неговите другари и на Груев: „Се гледа дека народот не е подготвен за борба и грев да ви е на душата што ќе го уништиме. Ете, до каде дојдовте држејќи ги луѓето во неизвесност за вашата работа и за подготовките. Знајте дега востанието е избрзано и тоа побрзо е престап отколку дело за почитување. Иако сето ова е точно, ние не можеме да се враќаме назад – печалбарите дојдоа од туѓина, агитацијата е засилена и затоа сме принудени да го прифатиме, да ги забрзаме подготовките, зашто во спротивно ќе ни ги земат пушките и срамно ќе завршиме.”

          Груев (претседателот на конгресот), возврати: „Луѓе, не го губете времето за одговор на прашањето дали ќе има востание, зашто тој е познат – бит ти давас! Зборувајте за востанието, како и кога да го направиме, не за денот и часот.” Со ова дебатата по дилемата за востанието заврши. Се предомислија и оние кои не беа согласни поради неподготвеноста. Тие побараа упатства што да преземат за да ги подготват своите реони колку што е можно подобро. Потем заминавме. Не ги кажувам деталите од Смилевскиот конгрес, зашто ви ги раскажал Славејко Арсов.

          Се организираа месни конгреси во Д’мбени, а подоцна и во Блаца, на кои беа соопштени некои од решенијата на конгресот. Сите знаеја дека востанието ќе почне наскоро и затоа ги забрзаа подготовките. Но, тогаш се случи несреќната Смрдешка афера, која лошо влијаеше врз луѓето.

XIX

Палењето на Смрдеш. Турските суровости во Смрдеш и околните села. Тешки последици за делото. Битка со Турците кај Желево

3 мај

          Тоа беше меѓу 8 и 9 мај. Ние тргнавме кон Блаца да го ваправиме вториот местен конгрес. Чакаларов и Поп Трајков заедно со уште четворица, дојдени од Грција, беше тргнале обратно, од Блаца кон Д’мбени. Ова се случуваше на 8 мај. Околу пладне д’мбенските стражи забележале околу 150-200 војници кои оделе од Св. Недела кон Косинец. Некои орачи й кажале на четата во Д’мбени дека војската има и два топа. Чакаларов и Поп Трајков се разделиле за да ги известат во Косинец и во Смрдеш за да ги преземат навреме неопходните мерки. Доколку центровата чета е таму да се повлече в планина, селаните да бидат спокојни за да не се случат претреси и да се откријат пушките. Точно кога стасало известувањето, центровата, Смрдешката чета била во селото, водена од Дичо Андонов. Штотуку ги собрала селаните за да се формираат селските чети. Во Смрдеш беа планирани 3 чети, секоја по 50 души. Му јавиле на војводата, а тој поставил посебна стража за да можат да продолжат со работата. И селаните спокојно си работеле. Час и половина пред стемнување, дотрчал говедарот од патот за Косинец и јавил дека аскерот наближува. Војводата со тројца четници излегол од селото и низ Пецеровскиот дол отишол в планина. Аскерот пред да влезе во селото, се поделил ва два дела – едниот го зазел врвот Шестје (таму народот се собира на Спасовден, пее и игра и бере здравец), а другиот се разместил над џадето, за да ја опфати долната страна на селото. Војводата уште не успеал да стаса до планината, бил виден од аскерот што бил на врвот кој веднаш почнал да пука. Долниот дел од аскерот почнал по него да пука и со топовите. Кога видел војводата Дичо дека патот за Шестје е блокиран, се свртел накај чешмата Бели кладенци. На чешмата веќе имало неколкумина Турци, слезени од врвот да фатат пусија во карпите од кај Бели кладенци, но момчињата биле побрзи – отвориле оган и ги принудиле да се повлечат, така што патот бил слободен, а веќе и се стемнило. Тие се упатиле кон планината Бучје и се спасиле. Аскерот до стемнување не успеал да го заобиколи селото од сите страни – во текот на ноќта слободна останала страната кон Брезница. Неколку часа по првите истрели, Турците престанале да пукаат, а по полноќта почнале повторно врз селото – прво со пушки, а потоа и со топовите. Селаните, кои откако отишол војводата се прибрале во своите куќи, не очекувале дека Турците ќе го запалат селото, па ноќните пукања ги сфатиле како заплашување, дури и гранатите (топовите биле планински) не направиле никакви штети. Утредента на разденување. Турците ги повториле истрелите од пушките и од топовите, опколувајќи го селото и од кај Брезница. Не поминало многу време, а се слушнала трубата – аскерот, веќе имал околу 700 души, почнал да влегува во селото. Селаните-работници не можеле веднаш да сфатат за што се работи – некои од нив биле во скривниците, не очекувале ништо, а и немало никаква наредба. Кога влегле во селото, Турците почнале да ги кршат вратите и да влегуваат во куќите. Со себе носеле газија што ја разлевале по штиците од куќите. Набрзо бувнал огнот од сите страни, кого ветрот, што тие денови силно дуваше, уште повеќе го разгорувал. Пламените јазици ги зафатиле сите куќи. Луѓето исплашени се растрчале по селските патишта. Аскерот и башибозукот, кој во текот на ноќта дошол од арнаутските села од Деволта, почнале да убиваат сè по ред – со пушки, со секири, со камења. Додека селаните успеале да се соземат и да преземат мерки, речиси целото село било во пламен. Од куќите не можело да се излегува од чадот, огнот и од башибозукот и војниците кои не штеделе никого. Жените се собрале на неколку места во групи за да можат заедно да се заштитуваат. Зоја, сестрата на Чакаларов, го везела знамето, а кога дошла војската го прибрала и заедно со тетка си Софија отишла во племната да го скрие. Кога се вратиле назад се преоблекле во селска облека и, бидејќи нивната куќа беше на крајот, отишле во куќата на Репацов, кон средината на селото. Тука нашле 7-8 жени кои бегале од смртта. Кога почнало да гори селото од крајните во истата куќа дошле и други така што се собрале 20-тина жени. Кога дошле и до таа куќа, влегле внатре одеднаш 10-тина Турци за да ја ограбат. Ги виделе Зоја и братучетка и Динка Митрушева, ќерка на тетка и Софија, ги фатиле и почнале да ги влечат со себе. Тие се спротиставиле и викале по другите жени да им помогаат. Притрчале мајка и на Динка и поголемата сестра. Им ги истргнале од раце. Потоа Турците излегле од куќата, но по некоја минута пак се вратиле и пак ги фатиле истите. Почнале да ги влечат, но со помош на жените тие пак се извлекле. Еден од војниците ги заштитувал момите и викал по војниците да не посегаат по нивната чест, но тие не го слушале. Тогаш се обиделе да ги обесчестат двете моми, но имало дрва и тие се засолниле зад нив и од таму се бранеле. Ги тепале по рацете, но тие со голема сила се заштитувале. Еден ги посакал чевлите на едната девојка, таа му ги дала, но и тоа не било доволно – почнале да зборуваат безобразни работи и, најпосле, успеале да ја отгргнат од дрвото и да ја изнесат на патот. Почнала да вика на помош и мајка и на Динка со поголемата ќерка притрчале да помогнат. Тогаш, со еден истрел ја раниле мајката на Динка, а со удар на нож и го пресекле малиот прст на Динка. Таа се развикала, но друг пукнал и ја убил на место. Други се пуштиле по сестрата на Чакаларов, излегла една баба да ја заштити, пукнале и таа паднала. Пукале и во Зоја и ја удриле во раката и таа повредена и исплашена паднала меѓу труповите. Еден Турчин ја фатил за косата, ја дигнал и ја пуштил, мислејќи дека е мртва. Ова се случувало на чардакот, во куќата. Потоа Турците се повлекле. Една жена исто лежела меѓу труповите, преправајќи се мртва. Откако заминале војниците, Зоја се освестила, й помогнала на тетка й и двете се довлечкале во една бавча, блиску до куќата. Излегувајќи од куќата Турците го фатиле мажот й на Софија и го заклале. Жена му, на излегување од куќата, го видела трупот од својот маж. На тој начин се спасиле Чакаларовата сестра и тетка й.

          Кога Турците влегле во друга куќа да ја ограбат и во која имало исто неколку жени, една од нив им викнала на своите другарки: „Што ги гледате овие кучиња, земете колци и да ги тепаме!” И само што сакала да земе колец, еден Турчин ја удрил со секира по темето и й ја расцепил главата. Влегле Турците, собрале сè и барале пари од жените. Тие немале, а Турците се заканувале дека ќе ги убијат. Една млада невеста, во очај, извикала: „Удри и отепај ме, ама пари нема!” Турчинот пукнал и ја погодил под десната града. Но и таа, како и мајката на Динка, подоцна се спаси.

          И во другите куќи Турците правеле злостори. Во една веднаш отепале три јатрви, потоа една невеста, ќерка на една од убиените, две девојчиња, едното 8-годишно, а другото 12-годишно, и едно момче на 11 години – вкупно 7 мртви од семејството на Дулови – Гаковица, Василица и Крстовица Дулови; Софија-невестата и Мара, Динка и Сотир. Еден 80-годишен старец, излегол со двегодишно внуче в раце. Турците му барале пари, тој немал. Почнале да го колат, а тој викал: „Колете, колете, ама ете го московјанинот зад Бугарија!” – „Московјанинот ли?” – Пукнале и ги отепале и него и детето. Старецот е дедо Тасето Костанин.

          Во куќата на Узунови го отепале домаќинот Наум, жена му, ќерка му, 12-годишниот син подоцна ја преживеа раната, откако лежеше во болницата во Битола.

          На некои за да дадат пари им ги исекле ушите, а потоа ги убивале. Други се заклани со секири. Башибозукот со камења убивал и 12-годишни деца. Имало загинати и од догорените чатии кои паѓале на пат. Некои живи изгореле, или пред тоа биле отепани, па изгореле, цели или половина. Христовица Чолакова била погодена од граната во стомакот, цревата и се растуриле – 24 часа се мачела и барала помош. Некои се задушиле во скривниците, зашто се случило да падне стреата пред да излезат. Некои изгореле на лицето, по рацете, но останале живи. Шесттодишниот Васил Малчов останал жив, додека сите негови – мајка му, три баби и една помала братучетка, биле отепани. Додека Турците биле зафатени со грабежот, поголемиот дел од населението успеал да избега. Добитокот го оставиле. Подоцна малите Турчиња, кои дошле со татковците да учествуваат во грабежот, го терале по арнаутските села.

          Мајка ми и сестра ми се прибрале во една од погорните куќи, која ја ограбија на 28 март, во првиот судир, па не отишле пак таму. Лесно можеле да се извлечат, зашто е на крајот. Сите бегале в планина. Жените ги пуштале – некои по кошули, ограбени, а некои сосема голи. Огнот по 7-часовно беснеење, го голтнал селото – од 300, останаа само 67 куќи. Едно маало остана цело, но кога кајмакамот видел 7 мртви само во една куќа, за да не дојде до испитување, ја запалил. Целото маало изгорело.

          Вкупно убиени беа 85 души, ранети беа околу 50, многумина останаа сакати. Во пожарот пропаднаа околу 80 пушки и 12-13000 патрони. Имавме околу 30 кг. динамит кои заедно со 25-те бомби ги спаси една жена. Турците се повлекоа вечерта. Војводата Дичо бил оддалечен 2,5 часа од селото. Кога ги слушнал пукотниците пратил абер во Брезница да јават на околните села дека во Смрдеш нешто се случува, и ако има некоја чета во близина, да дојде на помош. Брезничани не јавиле никому. И селаните од В’мбел од страв ништо не презеле иако гледале што се случува во Смрдеш. Едно момче од четниците, кое не успеало да замине со Дичо, кога заминал аскерот, отишло во Д’мбени и им кажало на Чакаларов и Поп Трајков дека Смрдеш е изгорен. Чакаларов веднаш ги зел центровата чета од Д’мбени водена од Кршаков, како д’мбенската и селска чета и се упатил кон Смрдеш. Во планината ги сретнале избеганите семејства и почнале да ги собираат на едно место. Дури вториот и третиот ден можеа да видат кои се живи, а кои умреле, мајки што ги оставиле децата итн. Четите слегле во селото да го земат житото што не изгорело и да го однесат во Д’мбени, Габреш и Брезница, кај што се сместија несреќните жители на Смрдеш. На 10 мај околу 800 души башибозук, пак од Деволта, повторно влегоа во селото да го продолжат грабежот. Четата, 15 души, отвори оган и тие се вратија, а другиот ден го направија истото. Мртвите не беа закопани 3 дена, поради што селото се смириса. Четата не дозволуваше да се погребаат зашто чекаше да дојде комисија. Комисијата дојде, турска, од Битола. Таа виде, прегледа и – ништо. Убиените беа закопани таму кај што паднале. Ужасна слика. Некои ги оплакуваа умрените, други закопуваа, некој откопуваше закопани пари и алишта, некои нè колнеа што сме се родиле во нивното село, други не можеа да си објаснат од каде дошла толкава несреќа, трети велеа дека без тоа не се можело.

          Откако помина сè, селаните од Смрдеш се растурија по другите села – гладни, голи, боси и им станаа товар. Тоа ги парализира работниците – четите тешко навраќаа во селата, зашто тешко се прехрануваа. Смрдеш беше голем удар за сета околија. Исплашени, селаните не ги примаа четите во селата, за да не ги снајде несреќата на Смрдеш. Четите повеќе престојуваа в планина. Ентузијазмот се повлече пред очајот, се гледаше мрачно пред иднината – загриженоста беше општа. Со четите одевме по селата. Отидовме во Псодери и Желево да казниме некои предавници. Поп Трајко и Митре отидоа во Желево, а јас, Чакаларов и Попов во Псодери. Но, се вративме бидејќи Митре и Поп Трајков беа предадени и ние им притекнавме на помош. Во битката од наша страна падна Крсто од Статица, а ние отепавме 10-12 Турци, меѓу кои и неколку кавалеристи кои сакаа да ни дојдат зад грб.

          Разгневени од неуспехот (тоа се случи на 22-24 мај) Турците – беа околу 1500 души, аскер од Лерин – влегоа во Статица, Поздивишта, Кономлади, Црновишта и Дреновјани. Безочно ги измачуваа селаните, ограбуваа сè и сешто, најдоа и 100-тина пушки. Во Кономлади толку бездушно го тепале поп Сотир, егзархиски свештеник, што му попаѓале месата од нозете, па останале само коските, а Христо азата од Кономлади бил обесен со главата надолу, но пак ништо не кажал. Бидејќи многу ги измачуваа не ги затворија, а собраа дури 24 души од овие села и ги однесоа во Битола, кај што ги осудија и ги испратија во Дијарбекир. Таму ги ослободија, на 5 април 1904 година. Сега и се враќаат, уште се на пат. Многумина умреле.

          Кога почнаа измачувањата, за да ја спречиме бурата, одлучивме да го нападнеме аскерот, но се предомисливме зашто имаше многу војска и се плашевме да не испадне потоа полошо. Наместо тоа, им јавивме на сите села четите да излезат да ноќеваат в планина за да не бидат фатени и измачувани, па да мораат да ги предаваат пушките. Но, и таа мерка траеше кусо, зашто аскерот почна и планините да ги претресува. Селаните требаше или да се бијат со војската, или да бегаат. Состојбата беше неподнослива. Јас, Чакаларов и Поп Трајков, на 26 и 27 мај бевме во Д’мбени, со четите на Кршаков и Дичо. Точно тогаш во селото од Грција дојдоа околу 30 четници, за да земат учество во востанието. Тие беа од Костурско, а меѓу нив беше и Нако од Шестеово (Јанков го испратил да го запали Сетома, но не успеал, аскерот почнал да го брка, па избегал во Грција. Пред да замине во Грција шура му го убил Спасо од Шестеово, другар на Вељо, и подоциа заедно со Нако избегале во Грција). Ние ги знаевме неговите дела и го викнавме за да го испитаме. Одредивме двајца и им рековме да го доведат, а ако не доаѓа да го стрелаат јавно, пред целата чета. Тој откажал и бил застрелан сред село, пред неговите другари – 30 души.

XX.

Битката кај Локвата и Вињари

4мај

          На 31 мај, во саботата имаше битка на Локвата и Вињари (врвови на планините над Смрдеш и Д’мбени. Кога видовме дека мерката што ја презедовме – селаните да одат в планина за да се спасат пушките додека мине аферата – ве помогна, одлучивме да ги собереме пушките од Косинец, кај што имаше исплашени луѓе подготвени да го дадат оружјето и привремено да ги складираме в планина. Вечерта отидовме во Косинец, собравме околу 50 пушки, имаше повеќе, и ги однесовме в планина. Коџабашијата, испратен од селото од еден гркомански предавник, нè предал во Биглишта. Аскер од Костур и од Биглишта, околу 250 души, во исто време се упати кон Косинец. Ние се одморавме на Косинско Кале (место оддалечено педесеттина минути од Косинец), го забележавме аскерот, сфативме дека сме предадени и навлеговме повнатре, в планина. Бевме 22-ца. Дојдоа и двете селски чети од Д’мбени, едната ја водеше Динко Шиперков со 25 души, а другата Јането Ристовче Прешленков која исто така беше составена од 25 четници. Се собравме околу Локвата (езерото). Јас бев против, но Чакаларов беше за битка и се согласивме да се биеме доколку Турците по претресот на Косинец тргнат по нас. Утредента, кога ги разместивме момчињата (околу 50 души) по врвовите, а другите беа резерва, дојде уште една чета со 30-тина четници. На разденување не известија дека го забележале аскерот од страната на Смрдеш. Јас и Поп Трајков јадевме кога почнаа пукотниците. Нашите веднаш возвратија со оган. Се качивме и ние горе, разместивме уште борци на пусијата. Се вратив назад да го викнам Чакаларов да дојде на помош со повеќе луѓе. Аскерот доаѓаше од Арамицката Падина и Мали Вогли (арнаутски зборови, значат – голема планина). Се доближи. Чакаларов дојде заедно со Лаки (Нако) Поповски, родум од Смрдеш, леар на бомби, и уште со десетина момчиња. Лаки тргна пеејќи, почна да им се заканува на Турците. Јас останав во средината, за да ја одржувам врската меѓу позициите и резервите. Чакаларов отиде на предните позиции кај Дичо, а Поп Трајков кај левото крило. Турци имаше околу 600 души кои добро се притиснаа. Нашите одлучно одговорија. Турците кога видоа дека не можат фронтално да нè разбијат, удрија лево и откако го убија Трпо Цуцулев (роднина на Чакаларов и мој тетин) ја зазедоа височината. Тоа се случи по 4-часовна битка. Момчињата кои беа таму, почнаа да бегаат надолу – се збунија кога загинаа двајца од нив. При повлекувањето Чакаларов со еден другар бил пресретнат од група Турци. Легнал и во судирот отепал триесетина од нив. Лаки беше убиен, братот на Чакаларов ранет и на негово барање убиен од едно момче. Дичо, пресретнат од Турците се самоуби, а на првите позиции загинаа уште 11 души. Кога отстапија на првата, на втората позиција бев јас. Од таа позиција Турците беа избркани. Битката траеше 11 часа, при што паднаа уште тројца наши, а имаше и ранети. Вкупно имавме 14 мртви, додека Турците загубија околу 220 војници.

          Како резултат на тоа прекина борбата, а војската до востанието се смести во нашите села.

XXI.

По битката кај Локвата доаѓаат Груев и Сарафов

Лаки Поповски, кој беше убиен во битката кај Локвата, беше нашиот леар на бомби. Тој прво ги лееше во Смрдеш, и тоа некои од гугуч, а некои од туч (од камбаните кои се собраа од цело Костурско). Бомбите се полнеа со динамит, што го донесовме од Грција, а еден дел го донесе Сарафов. Лаки сам ги полнеше. Бомбите со динамитот од Сарафов беа подобри. Се лееја во Смрдеш, до неговото опожарување, а потоа во Д’мбени. Имавме стотина бомби, Искористивме дваесетина.

          По оваа битка, војската, откако се насели по главните села почна одново да ги измачува селаните за пушките, сега во Пополе. Во Загоричани јузбашијата премногу ги измачи селаните, па некои ги предадоа пушките, а некои избегаа. Имаше едно момче од четата на Андреев кое ја предало пушката. Чакаларов и Розов го казнија – го обесија блиску до Загоричани, а на грбот му ставија една белешка на која пишуваше дека истото ќе го снајде секого кој ќе ја даде пушката. Мајката на обесеното момче го обвини јузбашијата за смртта на нејзиниот син. Се отвори процес во Костур, јузбашијата се исплаши од одговорноста, ги запре измачувањата и избеганите селани се вратија во селото. Ентузијазмот – исчезна. Многумина ја загубија вербата дека ќе има востание. Состојбата беше неподнослива – имаше и глад. Оние кои не можеа да го платат данокот не знаеја што да направат – ако избегаат требаше да дојдат во четите, ако останеа во селото – ги чекаше ќотек, поради кого можеше и пушките да ги предадат, а ако се случеше тоа можеше да бидат казнети од комитите. Навистина – неподносливо. Печалбарите исто се бунеа, сакаа да се вратат во туѓина. Така течеше јуни.

          Кон крајот на јуни во В’мбелска Планина дојдоа Груев и Сарафов. Оттаму се гледа Смрдеш. Со нив се сретнавме – јас, Чакаларов, Поп Трајков и Розов. Груев имаше недоверба кон костурчани така што меѓу нас се случи едно мало недоразбирање. Груев и на конгресот во Смилево рече дека нема доверба во костурчани. Овде Груев тврдеше дека Коте не бил толку лош човек, дека тој не е агент на грчкиот владика и бараше писмени докази дека е предавник. Јас се налутив и дојде до кавга, поради која на Груев не му ја објаснивме состојбата во реонот, а одделно сè му кажавме на Сарафов.

          Сарафов потврди дека Коте и него го предавал и дека Груев не треба да инсистира. Се спречкаа и Сарафов и Груев. Груев рече: „Коте е светост, но вие го расипавте со клевети. Но, бидејќи инсистирате да се убие, се согласувам, нека се убие.” Тоа беше смртна навреда за нас, кои се боревме со Коте, знаевме каков е тој, а сега еден началник така да се изрази за него.

          Груев и Сарафов заминаа, а ние со Чакаларов и Попов отидовме кон Костенерија. Тие денови Кршаков го отепа коџабашијата од Косинец, кој нè беше предал на 31, а во Желево запали три куќи на предавниците кои нè предадоа на 21.

          Кршаков на 8 јули беше пречекан од луѓето на Коте и беше тешко ранет во половината. Во текот на целото востание беше болен во Смрдеш, жените го лекуваа. Сакаше да умре, но којзнае како оздраве.

XXII.

Илинденското востание. Несреќен крај. Кљашев и Чакаларов низ Грција доаѓаат во Бугарија

5 мај

          Кога ние на 23 јули се биевме во Клисура, Поп Трајков се смирил со Коте, без наша согласност. Отишол кај него со 4 знамиња и со околу 600 души, свечено му простил, братски се прегрнале, зашто во текот на востанието не требала да има делби. Поп Трајков пратил чети во помашкото село Жервени, за да ги натера селаните-помаци да го предадат. оружјето. Тие не го предале, а четите отвориле оган и го изгореле цело село, отепале неколку мажи, а другите избегале. Од истото село беа фатени и убиени 50-тина селани, како што ви раскажал Попов. Нема да ви кажувам подробности за востанието, кое се прогласи на Илинден, 20 јули 1903 година – тие ви ги раскажал Попов. На 26 јули, аскерот од Костур дојде во Шестеово, за да ги прифати семејствата од Жервени. Тогаш Турците запалија едно маало во Шестеово и 4 куќи во Црновишта.

          Кога бевме на Шестеовскиот врв, започна борба помеѓу четата на Козничев (Дреновската и Поздивската чета). Само еден четник од страв се повреди и умре.

          Откако на 27 август се разделивме со Попов, останавме јас и Чакаларов со околу 450 души. Одморавме во Орманчето. блиску до Брезница. Нè виде аскерот и ние се оддалечивме. На 29 слеговме во Брезница, ја изгоревме куќата на Стојан Жојков и ги казнивме татко му и брат му. Тие го убија Лавро Гацов, еден од најдобрите работници од Брезница, а друг дел од Котевата чета, го отепа Дине Јанев, под влијание на грчкиот владика. При палењето на куќата, го обесивме селскиот кмет Георги Карола и селскиот падар Доно Јутов, кој беше еден од убијците на Лавро.

          Продолживме над Апоскеп, во месноста Дулите (дуло – вдлабнато место, цилиндрична дупка во земјата). Овде другиот ден. на 30 август, имаше 9-часовна битка. Околу 200 војници уште во мугрите го опколија Апоскеп барајќи од селаните да го предадат оружјето. Околу пладне стотина војници однесоа во Костур петмина старци. Другите војници се упатија кон планината да најдат место за правење логор. Кога ни се доближија, ние брзо се разместивме и отворивме оган, па нив 100-тина војници успеавме да ги избркаме. Пукотниците се слушнале и во Костур и тргнала 4 илјадна војска да нè нападне. И една група од 200 турски војници од селото Тиолишта, која беше тргнала да ги брка нашите другари Розов и Кузничев, кои ги запалија оние 4 куќи на предавниците, тргна од левата страна, за да нè нападне в грб. Еден час пред стемнување бевме нападнати од три страни. Во текот на битката нашите момчиња ја напуштија првата позиција, зашто не можеа да издржат и со големи маки можевме да ги задржиме на новата позиција, кај чешмата Ковачо. Турците окуражени, со големи напори се обидуваа да ги заземат позициите, но залудно. Чакаларов на долната позиција кај Ковачо успеа да ги задржи и од задната позиција. Тука употребивме 4 бомби кои многу ја исплашија војската. Се стемни, но истрелите продолжија уште еден час.

          Се разделивме со Чакаларов. Во битката паднаа многу Турци – велат дека загинале 200, но всушност загинаа околу 81, а од нашите двајца. Ние бевме вкопани во позициите и тие во групи трчаа да ги заземат. Разгневени од исходот од битката, другиот ден целосно го изгореа селото Апоскеп, околу 120 куќи и убија 14 селани, меѓу кои и поп Мишо, егзархиски свештеник и Лазо Лукаров. Ги одраа на мстото на битката и ги оставија да се мачат. Тие тоа го направија за да не се каже дека иие сме немале жртви.

          Чакаларов со 120 души отиде во Нестрамско, за да го одвлече вниманието на аскерот, а јас со 220 души останав во Кономладско. По два дена аскерот ме заобиколи од сите страни, но го избегнав судирот. Исплашени од тешката положба, востаниците почнаа да ме напуштаат и да си одат во селата. Тоа беше во почетокот на септември. Беа објавени два прогласа од Турците – се повикуваа сите да се предадат со ветување дека нема да бидат казнувани. Грчкиот владика со 600 души војска одеше низ Пополе и во Олицкиот манастир за да ги убедува семејствата да ги викнат востаниците да се предадат, а тој ќе ги заштител – ако станат гркомани. Неколку села се излажаа – Апоскеп, Габреш, Загорачани, Олишта ја прифатија патријаршијата. Подоцна, кон крајот на септември сите кои сакаа да одат во туѓина, требаше од грчкиот владика да добијат дозвола за пасош. Инаку, не им се издаваа пасоши.

          Откако се извлеков од аскерот ја разделив четата на помали делови, за да се скриеме полесно во шумата. Јас со 80 души отидов во Косинец, кај што останав 4 дена, од кои два гладувавме – леб немаше, жито немаше, водениците беа изгорени. Жените беа принудени на грб да носат по два шиника жито на 2-3 часа растојание за да го сомелат, а потоа и нам да ни дадат леб, да се прехраниме.

          Во тоа време аскерот се беше сместил во: Клисура, Врбица, Блаца, Черешница, на планината Вич во Бапчорско, во месностите Дулите, Ковачо (над изворот Габрецки, во камењата), на планината Лисец, во Рула {околу ливадите), во Бесвиња (кај чешмата Крајков) и во Д’мбени.

          Имаше околу 25.000 – 30.000 војници. Ги претресоа сите планини, дрво по дрво: отепаа над 50 овци од едно стадо во месноста Црна Гора. Ги бркаа семејствата од Кономлади, Дреновени, Поздивишта и Габреш, ги раселуваа и обесчестуваа, меѓу кои и 14-годишното девојче Дочка Никова Постолева од Жупаништа, која ја силуваа 40 Турци. Девојчето не можеше да стане.

          Како последица од ваквата, неподнослива состојба, селаните почнаа да се враќаат по селата и да подигаат крпи, наместо бели знамиња во знак на потчинетост (по препорака на пашите кои ја водеа војската). Тогаш и почна масовното предавање на оружјето. Тоа беше итрина на Турците: да се предаваат пушките масовно, од целото село, за да не падне одговорноста врз одделни лица, со што полесно ќе се дадат. Така и се случи. Дури некои селани почнаа да се договараат со Турците како да се казнат оние кои уште се колебаа да се предадат. Така се случи во Д’мбени учителот Христо Цеманов со двајца соселани, по сугестија од јузбашијата, на 7 септември вечерта го пресретнале учителот Кирјако Трповски и го стрелале, божем зборувал против оние кои се помируваа и го предаваа оружјето.

          Околу 1 септември Чакаларов во Нестрам изгорел три куќи на вжештени гркомани и противници на Комитетот. Војска со 200 души го сретнала во Нестрам, почнала борба, но војската срамно се повлекла. На 3 септември отишол во селото Тухли, мешано со Турци и Грци. Турците избегале в планина, откај што почнале да пукаат во востаниците. Овие разгневени го запалиле селото -15 турски куќи. Фатиле една баба и едно детенце и му ги дале на коџабашијата, Грк, да ги чува.

          Со Грци-курири, отишле во турското село Ливаѓа. Во него живеат богати бегови и јатаци на арнаутите, разбојници по хрисгијанските села. И селаните од Ливаѓа избегале в планина и исто почнале да пукаат по четниците, но овие ги протерале и им го запалиле и селото. Уште истиот ден 6тргнале востаниците конарнаутското село Ленотеј (арнаутски: Загар – св. Захарија). И селаните од ова село, заедно со селаните од двете претходни, од една височинка пукале во четниците. Тогаш Чакаларов одвоил едно одделение под водство на Коста Здролјов и му наредил да го нападне селото Вртеник (исто арнаутско). Арнаутите залудно се спротиставувале – и двете биле изгорени. Повторно обединети, востаниците се упатиле кон арнаутското село Фуша, го запалиле и него и вечерта се прибрале во Вртеник. Од таму – се упатиле кон селото Грамос, а патем запалиле една пилана со околу 15.000 штици. Под Грамос останале до 5 септември и кога испраќале едно одделение да им донесе храна од селото, ги нападнале околу 150 разбеснети Арнаути. Почнала борба и арнаутите биле избркани, се прибрале во селото Грамос, а таму нашите четници ги опколиле. Во тоа време од едно блиско арнаутско село доаѓала сила од 400-500 души Арнаути, собрани од другите арнаутски села за да ги ослободи опколените. Кога виделе дека Арнаутите се побројни, нашите се повлекле кон планината. Турците ги бркале. Чакаларов формирал две крила, кои ги опколиле Арнаутите и ги нападнале од грб. Арнаутите изненадени почнале да бегаат, влегле во селото и заедно со чорбаџиите кои ги фатиле по патот, се затвориле во црквата. Нашите ги стигнале и ја опколиле црквата со намера да ја нападнат со бомби и со динамит. Паднале десетина Арнаути, а од нашите еден. Не се решиле да ја бомбардираат црквата, зашто внатре биле и повидните чорбаџии (Грамос е влашко село).

          Вечерта нашите се повлекле и на 6 септември отишле во влашкото село Денско. Од Денско се префрлиле во турското село Мирославица и го запалиле.

          Потоа минале низ грчкото село Котелци и Пчелско. Чакаларов отишол да го нападне кајмакамакот „Бурбоцко”. Извидникот на враќање не можел да каже ништо друго освен дека нема аскер, но подоцна навистина дошле околу 200 души аскер, а потоа и повеќе – па Чакаларов се вратил назад во Костенаријата и се сместил зад Жупаништа.

          Почнаа да нè гонат. Од 17 септември до 17 октомври, Турците немилосрдно нè прогонуваа. Следуваа провали, предавање на пушките, складирање на пушките. Во една пештера во В’мбелската планина се скриле 18 души од в’мбелската чета. меѓу кои неколкумина без пушки. Турците ги откриле, а тие сите внатре се самоубиле. Само едно момче скокнало од пештерата, паднало рането од еден истрел и се преправало дека е мртво. Му отсекле едно уво; Турците на секој убиен му сечеа по едно уво. По ова, момчето се лекуваше во Битола заедно со мајка си, која исто беше ранета.

          Тогаш јас пратив околу 800 жени од битолските села да протестираат кај конзулите. Не ги примиле во Битола, туку останале на Крстофор, кај што англискиот конзул двапати ги фотографирал.

          На 17 октомври со Чакаларов, сестра му и со 20 души ја минавме грчката граница десно од селото Велемиш. Чакаларов беше облечен во влашки алишта. Минавме низ Трикала. Момчињата ги фатија, ги затворија и по две недели ги пуштија, па преку Варна дојдоа во Софија. Јас и Чакаларов поминавме низ Арта-Левкос-Крф-Трст-Фиуме и стигнавме во Белград. На 8 октомври јас дојдов во Софија, а два дена подоцна стаса и Чакаларов. Брат ми отиде во Дијарбекир.