„Спомени на Ангел Андреев“ – дигитално издание

Напомена

Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и распоред на поглавјата.

ПРЕДГОВОР

Спомените на Ангел Андреев ги дополнуваат сведоштвата за дејствата на ревизионата чета на капетан Давидов до неговата смрт, како и нејзината натамошна судбина. Освен тоа Андреев дава интересни детали за востаничката борба во Преспанско, кај што тој дејствувал во текот на востанието како војвода на дел од востанатите села, потчинет на преспанскиот реонски началник Кокарев. Во овие спомени е забележлива подготвеноста на бугарското население и во тој далечен крај, кај што грчкото влијание е многу силно, па многу села се гркомански, какво што е и родното село на Андреев – Рудари, исто и Герман итн. – да се борат за ослободување од Турците, жртвувајќн го најмилото.

          Љ.М.

I.

Биографски податоци. Стрелечко македонско друштво во Варна. Влијанието на Б. Сарафов. Со ревизионата чета на Давидов. Андреев доаѓа во Македонија. Детална маршрута на четата

21 март 1904 г.

          Роден сум во село Рудари (Преспанско), на 23 април 1867 година. Татко ми беше ѕидар. Учев две години во грчкото училиште во селото Герман. Учител ми беше Мијал, Цинцар од Псодери. И сега пишувам и малку зборувам грчки. Кога имав 15-16 години ме пратија на гурбет во Анадол, во градот Кнак (Пергамска околија). Татко ми таму умре. Тој животот повеќе го помина во Анадол, заедно со брата си. Во Анадол осганав околу 7 години и само еднаш, по 3 години, го посетив родниот крај. Работев, ѕидавме со нашинци, мои роднини. Имав 22 години кога се вратив. Тогаш и се оженив во своето село, а жена ми беше од Герман. Дома останав 4 години, а браќа ми одеа на гурбет. Четворица браќа сме. Откако се оженив, браќа ми го напуштија Анадол н почнаа да одат во Варна, Бугарија. По 4 години, 1892, и јас Дојдов во Варна. Веќе имав две девојчиња; сега се живи и жена ми е уште во Рудари. Околу 3 години работев во Варна, Каварна и Балчик. Во 1895 година се вратив дома и останав 6 месеци, а на Ѓурѓовден пак се вратив во Варна. Помалиот брат, Лазар Андреев во 1895 година бил во Крстовата чета која тргнала кон Македонија, но се вратила од граница. Точно тогаш го отепаа Стамболов. Тогаш од Варна во Македонија се вративме можеби 200 души мајстори. Се подготвував и јас да тргнам, но ја вратија четата. Тогаш сите бевме членови на македонското друштво во Варна.

          По повторното враќање, во Варна останав околу година и пол и повторно се вратив дома со најмалиот брат. Во своето село ја поминав зимата, а летото дојдов во Варна и останав 5 години. Кога Сарафов стана член на Комитетот, јас се зачленив во Стрелачката дружина во Варна. Набрзо, по двомесечно учење, ме назначија за командир на втората чета, втор вод. Најголемите команданти ни беа полковник Јанков (родум од Костурско) и покојниот Саев. Тие доаѓаа и само ја предаваа командата на Никола Лефтеров, кој тогаш беше постар стражар во Варна и кој ја обучуваше втората чета. Обуката се одвиваше во неделите и празниците. Се обучувавме во стари касарни кои беа празни. Бевме 4 чети по 100 души. Со голем мерак се обучувавме. Друштвото имаше набавено пушки и сабји. Таму учевме марширање, нишанење, гимнастика и песни, исто како и војската. Не однесоа 5 пати на гаѓање. Учевме од 1 септември до Ѓурѓовден. Во делници учевме двапати навечер, од 8 до 12 часот. Низ градот минувавме со песни. На парада излегувавме во празнвци, на пр. кога имаше панахида за Китанчев и за паднатите борци. Имавме униформа – бели кошули и сл.

          Најнапред се разбудивме кога Китанчев дигна востание, а кога Борис Сарафов неговото дело го заживеја, се разбудивме сосема. Тома Давидов дојде во Варна, ни одржа говор, исто и Сарафов. Со Сарафов не се познавав лично, но неговите дела ми влеваа доверба. Оттогаш јас него го почитувам и знам дека нашето дело од него зеде силен замав. Јас и натаму од него очекувам. Штом дојде тој во Комитетот, нареди да се исчистат шпионите во Македонија. Кога го затворија Сарафов и кога го растурија Стрелачкото друштво, јас си го работев занаетот, но едновремено и со голема ревност учествував во македонското друштво, држев предавања и имав наум и јас да се вратам во Македонија. Нашите – централистите, во Софија имаа таен конгрес, тогаш кога врховистите веќе го имаа зафатено востанието, односно кога Јанков веќе беше во Костурско. Тогаш нашите – Делчев, Сарафов, Ѓорче Петров, Давидов, Ковачев и Герџиков, по тајното советување одлучија да испратат 4 ревизори, да го подготват населението и да нм се спротистават на врховистите, зашто востанието кое тие го дигнаа беше пред време. Македонија не беше подготвена за востание. Затоа и ние го остававме за подоцна. Тие вака ја поделија Македонија: Делчев – во Солунско, Давидов – во Битолско, Герџиков – во Одринско, Ковачев – во Скопско и Кочанско. Ѓорче Петров и Јаворов, не добија никаква мисија. Тоа се случи по решението на Конгресот, на кого претседаваше Станишев.

          Откако падна Сарафов, јас во Варна со врховистите се борев со најголем бес. Имавме работа со револвери и ками и со скршени стакла.

          Кога ќе слушнев некој да зборува против Сарафов, умирав од бес и не можев да останам ладнокрвен. Борбата најпосле ја завршивме, си го одржав зборот – го растуривме врховистичкото друштво во Варна и формиравме централистичко. Целта беше да го избереме Сарафов за конгресот, но задоцнивме, а во меѓувреме тој беше избран за делегат од Пловдив.

II.

Давидов со четата во Битолско. Средба со војводите. Геле и Коте, отцепени од Организацијата. Давидов со четата ги посетува селата по цела јуѓозападна Македонија

     Од Неготино поминавме покрај Кавадарци и Прилепско. Дојдовме во селото Крстец. Нè пресретна војводата Толе. Оттаму се упативме во Крушевско, кон селото Горно Дивјаци, па во Демирхисарско, кај што не сретна Пиперката и најпосле во Смилево. Таму спиевме. Останавме неколку дена. Од битолското раководство ни донесоа кошули, фанели, гуни. По целиот пат кај што минувавме покрстувавме, окуражувавме. Во Битолско агитацијата беше систематска. Задачата на ревизионата чета беше да провери што е направено, да ги отстрани недоразбирањата меѓу четниците и војводите, меѓу селаните и војводите. Сменувавме војводи, разместувавме четници, држевме воена обука. Ги прегледувавме сметките на војводите. Се правеа белешки за планините, местата, каде и како може да се крие храна, брашно и др. Кога стигнавме во Леринско, Давидов имаше расправија со Димитар Дечев, кој беше со нас, и со Георги Асенов, братучед му Иван Асенов и со Петар Тинев (родум од Девња – Варненско). Дечев беше многу храбар, но и многу пиеше. Тогаш Давидов, со одлука на битолското раководство, ги разоружа Дечев и неговите тројца другари, кои не сакаа да се одделат од него и по тајните канали ги врати во Бугарија. Нив ги прифати Сарафов, освен Георги Асенов (железничар од Варна). Потоа влеговме во селата на Леринско. Заедно со реонската чета ги поминавме поглавните села. Војвода на леринската чета беше Георги Попанчев. Преминавме во Кајларско, кај што војвода беше Никола Андреев. Четите на Попанчев и Андреев беа по 5 души. Бидејќи од Кајларско не можевме да поминеме директно во Костурско, кај Чакаларов зашто имаше многу аскер, се вративме назад – во Екшису-Баница-Пополжани кај што ги осгавивме двајцата месни војводи – Папанчев н Андреев и на ден Јордановден, стасавме во село Арменско. Многу време загубивме низ битолското поле, одејќи ннз селата. Бнтолската чета ја водеа Георги Сугарев и Цветков. Таму, по селата одевме околу 1 месец.

          Во Арменско го сретнавме Геле војвода, другар на Коте (Котева група). Тој ги држеше селата – Арменско, Трсе, Кономлади, Статица – овие 5-6 села беа негово реонче. Со себе ја носеше и жена си. Тој беше од Кономлади. Беше одметник од Организацијата, исто како и Коте. Геле се плашеше да не го отепаме, па по многу тактизирање не прими. Најпосле, по 24 часа, влеговме во селото. Геле беше одметник – немаше во него друго чувство. Ги симпатизираше врховистите, а всушност беше крадец. Од Арменско, со курири од ова село, тргнавме кон Желево. Геле не нè испрати со четата, како што беше ред. Давидов беше премногу добар: „Оставете го, велеше, тие ќе се поправат, не ги тормознте”. Подоцна, кога помина Сарафов, Геле беше осуден од Организацијата и отепан. Во Желево беше Коте. Предупреден од Гелета и тој се плашеше да не прими, сè додека не доби гаранции од моите познати во селото. Влеговме и пред нас дојде Коте. Тој се жалеше од центристите, од Сарафов и Чакаларов. Давидов и за него рече дека ќе се поправи. За врховистите тогаш таму никој не знаеше и само Коте со нив ги лажеше селаните и им даваше надеж. Ние велевме дека не знаеме никакви врховисти и гледавме народот да се подготви за борба, да си набави леб, гуни, патрони и пушки. Со Коте се смиривме: Давидов кон Коте се покажа добар и мек, многу му се допадна на Коте, па уште го споменува.

          Коте не испрати до Желево и се префрливме во Рудари – во нашето село, кај што по 5 години се видов со жена ми, со мајка ми и со најстариот брат Коте Андреев, кој беше селски раководител на Организацијата. Во нашата куќа Давидов ни беше гостин. Кога ме видоа, домашните почнаа да плачат. Седевме два дена и случајно наиде аскер, кој бараше комити. Јузбашијата со 60 души од турското село П`пле, го праша нашиот кмет дали има комити во селото. За да се увери дека нема го натера да го бакне крстот и потоа да го згази. Кметот и тоа го направи – аскерот си замина, а ние останавме дома скриени.​

          Другиот ден вечерта бевме во Љубојно. И таму неочекувано, од Наколец, се јавија 80 души аскер. Проверија само една куќа од која имаше само едно момче излезено комита. И тукашниот кмет го натераа да бакне две вкрстени дрвциња, но афера немаше. Од Љубојно отидовме во Подмочани. Тука се сретнавме со Пенчо, другар на војводата Славејко Арсов. Продолживме кон Болно, од Болно во Лева Река итн. Од Болно одевме заедно со Арсов. За другото Арсов ви кажувал.

          Од Ресенско се префрливме во Смилево, а отгаму низ полето во Цапари. Се сретнавме со битолските чети, повторно со Сугарев. Потоа повторно во Демирхисарско, заедно со Пиперката и најпосле во Кичевско. Одевме по селата и од Подвис се префрливме во Поречието – во селото Козичино. Таму за првпат во Македонија наидовме на неколку србомани. Влеговме во селото – околу 100 души, со нас беше и Пиперката. Точно тогаш се случи да донесат двајца сувари, еден српски поп и да го избркаат бугарскиот, кој беше поп и во Дупјани.

          Оттаму се вративме назад – во Демирхисарско, па во Охридско, кај што загина Давидов. Тука не придружуваа војводите Тасе и Дејан. Давидов беше отепан од еден Арнаутин, по име Даут-ќаја.

III.

Движењето на ревизионата чета по смртта на Давидов. По Смилевскиот конгрес, Андреев е назначен за војвода на 15 села во Преспанско, а Кокарев за началник на Долна Преспа. Вооружување на селата

  По убиството на Давидов, се собраа жените од селата и околу 200 востаници, вкопани во позициите над селото Слатино, во „Градиште”. Дојдоа 60-тина души аскер, но откако видоа дека не можат да направат ништо, се вратија, а потоа дојде известување секој да се врати во селото. Тогаш ревизионата чета под водство на секретарот Настев се врати во Смилево. Таму не најде Стојков Димитар, поручник, братучед на Б. Сарафов, кој беше испратен да го замени Давидов. Тука беше и Цветков, учител, кој подоцна загина кај Могила. По два дена, ревизионата чета под раководство на Стојков Димитар се врати во Охридско, за да ја заврши ревизијата. Четата мина низ Демирхисарско. Меѓу Злести и Лешани, во реонот на Никола Митрев, пред да стигне неговата чета, не стигна еден аскер. Четата зазеде позиција, но аскерот помина без да нападне. Потоа се упативме во Скребатно и Опеница, реон на Митрев, а оттаму во Велгошти -точно на втор ден Велигден. Во Велгошти охридскиот аскер ни ја откри трагата, па моравме да избегаме в планина, а оттаму назад, во Скребатно. Точно тогаш еден аскер го бркаше Сарафов, кој тогаш се наоѓал во Герман. Мислејќл дека доаѓа зад нас, ние се повлековме во една клисура, кај што гладни останавме цел ден, а потоа повторно назад во Брежани, па во Кичевско, преку Караорман. Дојдовме во селото Поповец и Јованчишта, блиску до Галичник (Дебарско). Таму не придружуваше Наке војвода.

          Тогаш стаса известување дека ќе има конгрес во Смилево. Тргнавме назад. Во селото Вирово не оставија војводите Наке, Стојков и Настев. Останавме само четници. Другиот ден се вратија војводите, рекоа дека конгресот завршил, дека било решено тоа што било решено и донесоа писмо дека сум назначен за војвода за Преспанско, во моето родно место. Имаа испратено двајца курири за да ме однесат во Смилево. Таму ги најдов Сарафов и Груев, со кои се договорив за сè. Ми дадоа патрони за манлихерка, за мојата пушка, а ми дадоа и една чанта. По 2-3 дена, со неколку другари, отидов во Преспа. На истиот конгрес Кокарев беше определен за началник на Долна Преспа. – од Подмочани до Љубојно и Герман. Јас него требаше да го признавам за началник, сметките да му ги предавам нему, а тој пак на Штабот.

          Пенчо беше војвода и негов помошник од Дупени до Подмочани, додека јас бев војвода на вториот реон на Кокарев. Имав 15 села – Герман, Раби, Медово, Штрково, Рудари, Опаја, П`лпи (турско, со 20 рисјански куќи), Оровник, Лак, Дреново, Буковик, Бесвиња, Трново (отаде Езерото) Граждено, Орево, Нивици, Дробитишта (5-6 куќи) и Ахил.

          Во Брајчино се сретнав со Кокарев. Тој тргна со мене и ги посетивме сите мои села во кои тој ме препорачуваше за војвода. Држевме говори. По селата имаше оружје. Коте пред мене дошол во овие села и им наметнал да купат пушки. Имал интерес – ги купувал по една, а ги продавал по две лири. Арсов до Љубојно и Герман беше дошол само еднаш. Дух за востание меѓу народот уште немаше. За Организацијата имаа слушнато, но малку и нејасно. Требаше одново и многу да се работи за да се подготват за востание. Коте два-три пати беше покануван да дојде на конгресот во Смилево, но не дојде, не сакал да им се покори на „централистите” во Софија. Поради тоа Коте беше осуден на конгресот. Тој не знаеше кога ќе биде востанието. Сакаше да купи нешто од нас, но ние криевме од него. Кога првпат со Кокарев минав во селата, имаше околу 300, а потоа се докупија уште 100-тина пушки, па пред восганието во Герман имаше 100, во Рудари 32, во Штрково 12, во Медово 15, во Раби 20, во Опаја 2, во Оровник 10, во Лак 30, во Дреново 6, во Буковик 15, во Бесвиња 45, во Трново 14, во Граждено 35, во Орево 26, во Нивици 55, во Дробитишта 42 и во Ахил 9 – вкупно 420 пушки.

          Пушките повеќето беа грчки и турски мартинки. Имаше малку патрони, но до пред востанието успеавме да направиме до 55 патрони на пушка.

          Кога Кокарев се врати назад, јас по вторпат ги обиколив селата – за обука, за патрони, за гуни, торби, пушки, кај што немаше. Во црквите или во некоја голема куќа ги собирав ноќно време, при што ги покрстувавме сите. Пред востанието собравме и малку пари: од Герман 30 лири, од Рудари 20, од Штрково 3, исто толку од Медово, од Нивици 5, од Граждено 4.5 и 5 бели миџидии од Оровник за помош за затворените во Битола од селото Буковик. Овие пари им ги предадов на Кокарев и Пенчо. Кокарев ми даде 10 наполеони да ги трошам за четата. Другите пари останаа кај него и кога ги отепаа заедно со Пенча на 16 август, ги зедоа Турците.

IV.

Првите дејствија по ирогласувањето на востанието. Напад на Наколец и другите турски села. Чести судири со аскерот, првите човечки жртви

Мојата чета до востанието имаше 8 души: Петар Христов од Герман; Вангел Христов од Бесвиња; Васил Крапчето од Крапи; Даме Смиловче од Смилево; Пандо Наумов Башов од Ресен; Наке Миов од Нивици; Наум Геровски од Герман и јас. Кога наближи времето добивме писмо од Штабот – од Груев и Борис, со кое ни соопштува за востанието. Го добивие една недела пред востанието во љубојнска планина, во месноста Водици, кај што бевме заедно со Кокарев. По добивањето на писмата направивме распоред и план за напад. Секој четник се назначи за раководител на селските чети како селски војвода. Во писмо се бараше да се групираат силите во неколку чети, а првата вечер кај што има аскер да се нападне, а ако се наиде на Турчин по пат, да се убие. Полјаците по селата да се отепаат.​

          Решивме јас со 200 души првата вечер да го нападнам П`пле кај што имаше 150 души аскер и башибозук, а Кокарев да го нападне Наколец, кај што имаше 200 души аскер. Планот јас го направив. Кога отидов во Рудари, ги пуштив четниците по сите села, а останав само со Пандели Наум Башов. На 18 јули од П`пле го викнав мојот братучет Георги Чолаков, за да направиме план како да го нападнеме селото. Во тоа време Вангел го пратив во Бесвиња, а Дамета од Смилево во Лак, Оровник и Буковик да ги подготват селаните на 20 вечерта заедно да го нападнеме П`пле. Знакот беше една запалена свеќа да се дигне на ридот. Прво да се запали селото, а потоа да пукне пушка. За жал Коте, пред да стаса Вангел во селото, бил таму и разбрал дека ќе го дигаме востанието па дигнал голема врева. Им викал на селаните да не ми помагаат мене, туку нему. На тој начин тој ги спречи луѓето од Бесвиња, Оровник, Лак, Буковик и Дреново. Без тие 60 души што ги планиравме од овие села не можевме да го запалиме селото, па планот ми се растури. Таа вечер седевме без работа, јас бев очаен. Но, брзо ги слушнавме пушките од Наколец. Кокарев го опколил. Попладне на 21 добив писмо од Кокарев да му помогнам за да заврши со Наколец. Половина час пред да стигнам во Наколец, Кокарев се повлекол. Тоа го оневозможи палењето на Наколец. Го нападнале ноќе. Кокарев загубил 5 души, селани убиени во битката. По ова се вратив во својот реон.

          Кога наближивме до Герман и соопштив на четата дека утре ќе го нападнеме П’пле. Моите другари Петар, Наум и Дине сметаа дека прво треба да се нападнат селата Шаовци (турско село со 30 куќи) и Бостанџиовци (исто, турско село со 20-30 куќи), Јас, пак, настојував тоа да биде П`пле, зашто беше поголемо и зашто имаше војска во него. Се согласивме. Но, и покрај тоа, вечерта другиот ден тие ми соопштија дека решиле да го нападнат Шаовци и јас требаше да ставам 20-30 души да внимаваат откај П’пле, за да им го штитат грбот. Отидов во Шаовци. Ги најдов нашите луѓе како го опколиле селото, но не знаеја како да го нападнат. Јас отворив оган, отворија и тие. Тоа беше на 22 вечерта. Луѓето од левата страна не можеа да го запалат селото, а едно време забележав дека почнаа да се повлекуваат. Минуваа покрај мене, велејќи дека веќе се разденувало и дека ќе продолжеле другата вечер. Јас се налутив дека на своја рака прават глупости и им реков дека ќе си одам во своето село, па да видам после што ќе прават. Тргнав, но им пишав писмо со кое им порачав дека ако не ја поправат грешката и дека ако не го нападнат веднаш, макар и дење Шаовци, да земат отров и да се отрујат. Писмото влијаеше и тие среде пладне го запалија селото. Турците се бранеа од две куќи во кои беа сите собрани. Цел ден се биеја. Јас внимавав откај П`пле. Вечерта Турците со семејствата успеале да избегаат во Бостанџиовци, кај што се собрале исто во 2-3 куќи. Шаовци изгоре. Во огнот изгореле три-четворица и 17 куќи. Утрото другиот ден, нашите го опколија Бостанџновци, на јуриш влегоа внатре да го запалат, при што четворица паднаа. По ова селаните дотрчаа кај мене да ме прашаат што да направат, како да постапат. Јас им реков да останат подалеку и да ги држат опколени додека не се предадат. Дојдоа други курири со молба јас да појдам и јас со 30 души отидов. Ги оддалечив на позиции. Другиот ден турскиот аскер го зема турското население и сите одат во П`пле. Нашите се држеа. Коте ми јави дека било добро тогаш да го нападнеме П’пле и дека и тој бил подготвен да ми помогне, зашто аскерот заминал од неговиот реон. Во меѓувреме нашите го запалија Бостанџиовцн, откако селото останало празно. Јас решив да ја прифатам помошта на Коте, зашто имав само 50 слободни луѓе, другите 150 требаше да внимаваат на месносга Горица, за не нè нападнат откај Наколец. Му пишав да Котета да дојде, дека со задоволство го чекам. И на 27 вечерта Коте дојде со 100 души од својот реон. Тој знаеше дека ќе има плен во П`пле. Тој од едната, јас од другата страна го опколивме и го нападнавме селото. Турците се исплашија, иако имаше 60 души аскер и башибозук. Бугарите од селото слободно излегоа и дојдоа во моето село Рудари, кое е блиску. Коте на Турците им предложи да се предадат. Рустем-ага, селскиот чорбаџија кој и наредуваше и на војската, одговори дека на христијани теслим не се прави. Тогаш ние со громогласно ура, со пукање и со газија почнавме да ги палиме куќите по ред. Турците се собраа во 10 куќи, а празните ги палевме. Така поминаа ноќта и другиот ден. Јас го зедов коњот од Рустем, а Коте коњот од влечкарот Сулејман-ефенди. Двајца наши загинаа и двајца беа ранети. Од Турците паднаа 12 души. Го држевме селото 12 дена. Коте со нас седеше седум дена, а осмиот си отиде, откако зеде со еебе 1050 овци и 600 говеда. Селото беше одвај половина изгорено. Откако не напушти Коте со 80-те души, случајно дојде Пенчо војвода со 10-тина души за да види што правиме. Котета случајно го пресретнала војската во Штрково, која доаѓала на помош во П`пле. Пенчо заедно со селаните од Рудари избега в планина, а јас со 30 души тргнав да му помогнам на Котета, кој беше опколен. Ние нападнавме силно така што Турците мораа да се повлечат. Од нашите тројца паднаа, а четворица беа ранети, а кај Турците 11 беа отепани. Тоа се случи на 6 август. Ги закопавме мртвите. Коте остана кај Штрково, а јас се вратив кај моите момчиња во П`пле, кои ги држеа пусиите. Коте се врати на пусијата кај П’пле, спиеше ноќта и утредента, без да ми се јави, си замина. Тој се налутил зошто четите од Герман кои тргнале да го сретнат во Штрково, не оставиле стражи за да му јават дека доаѓа турска војска. Коте всушност, низ Штрково тргнал за Герман, да се прошета и да побара патрони. Кога останав сам, ги повлеков позициите малку подалеку. Бев само со 60 души и, и покрај тоа, го држев селото опколено уште 4 дена. Дванаесеттиот ден дојдоа 800 души аскер, јас се повлеков, а војската влезе внатре. Го зедоа турското население, зедоа сè што можеше да се земе и ги однесоа во Наколец. Кога си заминаа, се вратив со четата во П`пле и го завршив започнатото – ги запалив речиси сите куќи. Тоа беше околу 10 август. Потоа се повлековме в планина.

V.

Воените дејствија се засилуваат. Турците го палат Љубојно. Големи битки кај селата Рудари и Герман и кај Биѓла. Чакаларов и Кљашев во Преспанско. Востанието од другата страна на Езерото

Опасноста доаѓаше од Наколец. Другиот ден во Рударн дојде Кокарев со четата. Вечерта наиде аскер кој беше пресретнат од една чета од Ахил и Нивици. Излеговме и ние да го пречекаме. Доаѓаше од Перово. Фативме позиција кај Штрково. Аскерот кога го виде нашето знаме и нашите позиции, си замина без да не нападне. Четите од Герман, според планот, требаше да го нападнат, но тоа не го сторија и аскерот слободно си отиде во Наколец. Слушнавме дека друг аскер доаѓал од Лерионско, па фативме позиции над Рудари, горе, кај месноста Бигла. Се плашевме дека ќе ни го изгорат селото. Цела ноќ се држевме – дури и без гуни. Се покажа дека истиот аскер се вратил. Кокарев тргна да го чува Герман, а кога видел дека нема аскер, спокојно си спиел во селото. Се вратив другиот ден. Вечерта дојде писмо од Кокарев дека аскерот од Наколец го нападнал Љубојно. Помошта да побрза, зашто Љубојно го запалиле! Кокарев и моите чети од Герман отидоа побрзо од мене. Тоа беше на 14 август. Јас пристигнав на пладне со 100 души. Заедно со Кокарев стасала и битолската чета со војводата Јован Кафеџијата, која тргнала од Битолско во Герман – тој беше раковски војвода (од селото Раково). Тие со Кокарев беа 200 и јас со моите 100 – направивме 300 души. Четата од Љубојно беше отстапила, па Турците го запалиле селото. Кога виделе дека аскерот навлегол во селото Кокарев и Јован, без да пукнат почнале да се враќаат назад. Јас ги сретнав моите чети од Герман со знамето како се враќаат назад. Се вратив и јас. Љубојно и Брајчино беа запалени. Се расправав со Кокарев зошто малодушно отстапиле. Бев подготвен да пукам во моите четници од Герман за да ги вратам, но кога разбрав дека началниците така наредиле, се смирив и јас. Штотуку се бев вратил во Рудари, а Етем-паша со 3000 души беше стасал и ги зафатил височините над нашето село. Но тој не нè нападна, селата не ги запали, зашто му дошол ферман да не го прави тоа.

          Во меѓувреме, аскерот двапати го напаѓаше Герман, на 18 и 21 август, и на двата пати беше одбиен од четите. Имале големи битки, но нашите позиции беа добри, па Турците се повлекоа. Етем-паша нареди селаните да се приберат во селата, објавувајќи дека нема да ги гори и дека ќе ги прогонува само лошите луѓе.

          По палењето на Љубојно, Кокарев се врати да си ја бара четата. На одење во Дупенска планина, Турците го отепаа заедно со Пејчо – мислам на 16 август.

          Етем-паша замина и пак се врати со 6000 души, ги зазеде сите места и ги нападна германската и битолската чета кои беа засолнети меѓу Рудари и Герман, во месноста Штрковска Стена. Наместо да дојдат кај мене, нивните раководители, Наум и Дине, останале таму да спијат. Утрото аскерот ги нападнал. Почнала голема битка во која паднале 45 души од битолската чета и 16 од германската. На 28 август, кај месноста Бигла, Турците повторно ги нападнале избеганите од битолската чета. Тука најмногу паднаа, а меѓу нив и војводата Јован. По ова, жените во Герман се беа собрале; Турците сакале да ги отепаат, но дошол бегот од Герман и ги спречил во колежот. По 3-4 дена, кога замина аскерот, јас отидов со четата, ги собрав селаните, па ги закопавме мртвите. На Бигла закопавме 24 души од битолската чета. По ова битолската и германската чета се растурија.

          При уништувањето на битолската чета на Бигла, Турците користеа артилерија. Потоа тие наредија топови околу Езерото и го гаѓаа островот-селцето Ахил, но не можеа иишто да сторат – избеганиот народ беше скриен во трските – покрај езерото. Другиот ден отидоа Турците во Нивице и таму отепаа 18 души – мажи, жени и деца.

          Чакаларов дојде во Герман на 21 август, кога аскерот беше опколен од нас кај Црвена Стена и кога уште траеше нашето царство. Чакаларов се чудеше како се зачувала нашата Преспа, додека во неговиот реон – Костурско, селата веќе биле изгорени и тој избегал кај нас поради аскерот. Чакаларов се сместил над Рудари, на планината Мочарта со 800 души костурчани. Ги осгави своите луѓе и слезе со Кљашев и со уште 5-6 души во Герман околу пладне. Точно тогаш битката беше завршена, па можевме да го поздравиме со „ура!” и со знамињата. Четите маршираа пред него.

          Пет-шест дена пред востанието испратив 4 четници да агитираат и да раководат со восганието во селата од другата страна на езерото: Нивици, Граждани, Орово и Дреново, зашто знаевме дека нема да можеме лесно да контактираме. Во случај на потреба тие можеа да се кријат на островот Ахил. Имаше 100-тина пушки во тие села. Три дена пред востанието ги предадоа селани – кајакџии од Нивици, кои ги пренесуваа преку езерото. Аскерот ги опколи во пештерите во Нивичкото Езеро, кај што се криеја и отепа двајца – Дине од Нивици, еден од најдобрите работници од четата на Кокарев и Крстета, исто од Нивицн, мој четник, Наке Илов, од истото село, остана жив, а се спаси и четвртиот. Бндејќи Дине, назначен за војвода падна, во тие села востанието не беше успешно. Јас, налутен, не им испратнв друг четник и тие беа принудени да побараат од Коте. Тој им го даде Георги, од Штрково. И покрај тоа, востанието во тие села беше многу слабо – се држеа неколку денови, не можеа да го затворат патот покрај езерото, патот од Перово, од кај што доаѓаше војската против нас од Албанија.

          На островот Ахил испратив тројца свои четници: Димитар Крстов, Андреја Спиров и Трајко Сотиров – заедно со 10-тина востаници од Ахил да го запрат патот од Перово. Тне успеаја да ја изгорат кулата во Перово, од кај што избегале 5-6 џандари.

          Во почетокот на востанието низ Граждане мина една толпа од 600-700 души башибозук и го нападна. Селаните се исплашија. Попот со 5-6 мина отишол да се моли да ги поштедат, ветувајќи дека ќе бидат покорни. За жал, Турците сите ги отепале, знаејќи дека се меѓу највовлечените во делото. Тоа им послужи за пример и на другите да не се предаваат, туку машки да се борат.

          На 18 и 21 август се биевме со турската војска кај Герман. Битката беше посебно жестока на 21 август кога ги принудивме Турците да се повлечат, а ние свечено го пречекавме Чакаларов, како што веќе кажав погоре. Чакаларов одржа говор пред селаннте, ги куражеше, потоа говореше Кљашев, а на крајот говорев и јас. Истиот ден Чакаларов отиде во својата чета на Мочарта. Му испративме околу 800 оки леб, а вечерта уште толку, потоа опинци и 80 овни. Мислев дека заедно со луѓето на Чакаларов, со кои бевме околу 1000 души, ќе можеме да го нападнеме Наколец. Јас организирав да печат леб по селата и да ги подготват коњите пак да му пратиме храна на Чакаларов, но другиот ден, на 22 дојде писмо од него дека требало веднаш да се врати назад, во Костурско. Лебот ние си го изедовме.

          Кога Турците беа принудени да се повлечат на 21 аскерот и башибозукот (беа околу 500-600 од П`пле и Наколец) одејќи на враќање низ планината отепале неколку жени, дупенскиот поп, кого случајно го сретнале, како и татко му на Наума, началникот на четите од Наколец. Наум беше во уќуматот, вилаетски аза и тој едновремено беше член на Организацијата и началаник на Организацијата во Наколец. Во селото има 20-30 бугарски куќи. Имавме 15 пушки. Турците во планината фатија 40 жени.

          Околу 14-15 август Турците од инает ги изгореа бугарските куќи во Наколец. Потоа им помагаа да ги поправат куќите.

          Кога замина Чакаларов, Етем-паша другиот ден со 5000-6000 души, како што кажав погоре, ги нападна битолската и германската чета и ги совлада. Во планината, над Герман, во месноста „Елата” Турците го фатиле Никола Топалов, четник од гермаиската чета, жив го одрале, му ги извадиле очите и така го оставиле да умре.

          По оваа катастрофа нашите селани од Рудари, се префрлија во Желево, во реонот на Коте. Јас исто дојдов во Желево. Останав само со 10-тина души, другите се разотидоа. Се беа обескуражиле. Се одморив 2-3 дена во Желево. Аскерот мина по џадето и им испрати абер на нашите селани да си се вратат во селото, дека нема да ги тормозат, а дека ќе ги гонат само лошите луѓе. Јас исто им советував да се вратат во селото. Пашата одеше во Лерин и мислевме дека нема да се врати. Се прибраа луѓето. Отидов и јас со селаните на Бигла, кај што ги закопавме паднатите 24 борцн од битолската чета. Потоа во црквата отслуживме молитва за нив, а јас одржав говор. Реков дека од нивните коски ќе изникне слободата, да не очајуваат. Ги почестив гробарите за покој на душата на закопаните. Тоа се случи околу 1 септември, а битката на Бигла беше на 28 август, па труповите веќе мирисаа.

VI.

Коте дејствува против востаниците. Предавства. Турците убиваат многу жители од Рудари и го ограбуваат селото. Востаниците се растураат. Андреев низ Грција се спасува во Бугарија

          Во тоа време Коте со нашиот чорбаџија од Рудари, Наум Мијалов и брат му Коте Мијалов, наумиле да ме предадат на Турците во Наколец за да се успокоело селото. Чорбаџиите беа наклонети на спогодби со Турците. Тие беа мои четници и добро се однесуваа зашто мислеа дека востанието ќе успее, но откако видоа дека нема да успее, ја свртија колата наопаку. Наум Мијалов беше отишол кај Цафо-бег (тој беше од П`пле, чифлик-сајбија, кому сè му имавме изгорено) и му кажал во каква состојба се наоѓам и каде се наоѓам. На 3 септември истиот тој Наум отишол во Наколец и кажал дека јас на 6 септември ќе ги пуштам момците на неколку дена за да ја соберат пченката и да површат, како што навистина планирав.

          На 6, кога ги пуштив 30-те момчиња, уште во текот на ноќта силна војска не опколи. Јас останав со 6 души. Кај мене беше и Александар Ефтимов со 4 свои другари – останати од битолската чета. Случајно бев отишол до дома да земам ракија и малку јаболка, за да го почестам Александар. Во тоа време момци од четата ми јавија дека кон селото доаѓаат Турци. Скокнав и со 6-мината другари, низ дожд од куршуми успеавме до дојдеме до една шумичка. По мене беше тргнал и братовиот син, 13-годишно момче. Него Турците го фатија и штом разбрале дека ми е внук, го стрелале. Јас чудесно се спасив, скриен во една грмушка. Поминаа покрај мене, а јас назад низ шумата и дури до Желево, во реонот на Коте. Во исто време кога бегавме ние, во паниката почнале да бегаат и жени и деца. Турците пукаа во секого, па многумнна беа убиени. Еве ги имињата: Русе Атанасов – 80 години; Гроздан Калев -80; Георги Јанков – 80; Митре Георгиев – 70, (ми беше стрико); Ничо Георгиев-18; Богоја Котев – мојот внук на 13 години; Павле Сотиров, ва 12 години; Алексо Спиров -18; Андреја Спиров – 25 години -тој ја запали кулата во Перово, на Ахил, оженет; Дамо Георгиев – 35; Ставре Василев – 30; Јован Крстев – 26, неженет; Миле Василев – 26, женет; Ничо Гелев – 25, женет; Неделко Иванов – 35, женет; Митре Георгиев – 25; Васил Кочов (од П`пле)- 40; Стојан Георгиев (од П`пле) – 25 години. Од битолската чета паднаа двајца – Панде и уште едеи. Истиот ден Турците однесоа во Битола 20 селани од Рудари, меѓу кон и мојот најстар брат Коте (38-годишен), чие момче беше отепано. И тој умре во битолскиот затвор по 1-2 месеци измачување. Го фатија на 6 септември заедно со другите. И другите деца – едно 7-годишно и едно 5-годишно починаа во планините, кога живееја в шума, од настинка и шарлах.

          Турците го ограбија селото, а посебно настрада нашата куќа. Со брат ми беше затворен н Вангел Граматиков, 70-годишен старец од нашето село. И тој умре во затворот во Битола.

          Згора на се, аскерот ни се насели во селото, рашири шатори до него. Јас бев останат сам и за мене враќање назад немаше. Им пишав во селото, од моето жито 20 кила[1] да им поделат на жените на паднатите.

          Во Желево дојдоа Чакаларов и Кљашев. Тие заминаа и беа разбиени. Чекав писмо од Штабот, да знам што да правам, да седам ли, да бегам ли. И жена ми беше во Желево, со ќерките. Јас ги вратив назад, во Рудари и не им кажав каде ќе одам. Чакаларов дојде со чета од 250 души. Тој ми рече да се прикривам до пролетта со моите 5 души. И тој сакал истото да го направи. Тој замина, а го остава Митре Влавчето со 4 души. Коте со желевчани беше нè предал на аскерот од Псодери. Но, други желевчани ни јавија дека аскерот доаѓа. Ние со Митрета се скривме во една куќа и кога се стемни, не изнесоа надвор од селото. Митре Влавчето отиде во Кономлади да го бара Чакаларов. Јас отидов во месноста Калуѓерица, во нашата планина – меѓу Рудари и Желево. Жена ми отиде во Рудари. Од Калуѓерица, со другар ми Пандо Наум Башев, отидов во Бесвиња.

          Во Бесвиња го викнав својот бивш четник Вангел Христов. Веќе беше 25 септември. Отидов во Грција со тројца другари. На 28 септември тргнавме преку езерото. Спиевме во албанското село Пљаса. Тука ги оставивме пушките. Манлихерката им ја продадов на куририте за 3,5 лири. Кога видов на влезот во Грција дека и револверите ќе ни ги земат, својот револвер, од типот „лебел”, му го подарив на еден нашинец. Патував со Апостол Чакаларов, братучед на Чакаларов, кој беше дојден во Желево. Само што ја минавме грчката граница, не фатија во градот Калабака и не однесоа во Трикала, кај што лежевме в затвор. Додека не испитуваа, останавме пет дена. Не тераа еден по еден да одиме врзани со синџири на рацете и требаше да поминеме покрај турскиот конзулат, двајца по двајца, врзани на еден синџир. На испитувањата реков дека сум Бугарин, а не Грк, дека бевме под патријаршијата – селото Рудари – не дека сега не знам под кого сме. Им кажав и дека учествував во востанието. Не прашаа – кој ни купува(л) оружје – дали бугарскиот комитет, па каде сум роден. Не ми веруваа дека сум Македонец.- „Ти си од Бугарија” – велеа. Јас им реков дека имам жена и деца и им реков да проверат. Тие пак не веруваа: „Ти лажеш, вие не се боревте за слобода, туку против нас, против елинизмот, убивавте попови и учители грчки”. Одговорив дека убивавме шпиони во името на револуцијата и во името на нашиот закон и ништо друго. Ни посочија грчки весник во кого се опишувале наши ѕверски дела! Ние одговоривме дека сето тоа е лага. Потоа не фрлија во големиот затвор во Трикала, кај што останавме 30 дена. Дванаесет дена си купувавме храна со наши пари, потоа ни даваа по 300 драма леб на ден, а за манџа ни бараа по 10 пари на ден. Потоа со војводата Иван Попов не испратија во Волос, а оттаму во Пиреј. Во ужасен затвор останавме 24 часа. Од Пиреј не испратија во Атина. Тука повторно испитувања. Во Атива Апостол Чакаларов го пуштија на слобода, заедно со неговите другари.

          Во затворот дојдоа и новинари. Се чудеа како под диктат на Бугарите од Бугарија сме се нафатиле да правиме востание. Ние одговоривме дека не работиме ниту за Грција, ниту за Бугарија, ниту за Србија, туку само за Македонија. Не само едно лето, туку 10 години се подготвувавме и налет нивната ученост штом поверувале дека за едно лето можело да се подготви едно такво дело – револуција, која ги обединн и гркоманите и Власите и Бугарите против заедничкиот непријател. Се гледа колку се интересирале Грците за Македонија кога слушнале за востанието… Одвај сега кога пукнала пушката и сл. и сл. Не прашаа кого сакаме за кнез во Македонија; ние сме биле историски повразни со Грција и требало да сакаме грчки кнез. Ние одговоривме дека сега не мислиме на тоа – нека ни помогнат Грците да се ослободиме, па потоа лесно за тоа…

          Ни рекоа дека оној што има пари ќе оди во Варна, а оној што нема ќе оди во Волос. Не вратија во Пиреј, два дена многу не мачеа, дури по нужда не нè пуштаа. Другарот ми Пандели Наум Башев го вратија во Волос. Ние со Попов тргнавме преку Цариград и стасавме до Бургас. Од Бургас јас дојдов во Варна. Добредојде ми посака – македонското друштво. Го имам најмалнот брат, Ноле – инжинер во Русија, во Батум.

1. Мерка за храна. Едно кило во Преспа имало околу …5 оки. (б. на р.)