Напомена
Текстот е пренесен според достапното дигитално издание и го задржува оригиналниот јазик и распоред на поглавјата.
Предговор
При основањето на внатрешната македонска револуционерна организација многу значна ролја му попадна на д-р Христо Татарчев, претседател на првиот Централен револуц. комитет, што заседаваше во Солун. Додека се трудев да ги забележам спомените на други истакнати македонски дејци, водејќи грижа особено да не пропуштам некого од нив, поминаа години, и настапија војните, па мојата работа стана тешка и сама од себеси се прекина. Сметав дека е од особено значење празнината во моите записи поради немањето на спомени од д-р Хр. Татарчев, во времето кога се поставувала основата на ВО под негово претседателство. Затоа постојано имав на ум да искористам можност да го распрашам г. Татарчев за некои подробности, барем од тој почетен и мошне интересен период за историјата на ВО. Најпосле тоа ми појде од рака во јануари 1917 година, кога на две среќавања можев да ги запишам неговите спомени, заклучно со 1894 год. Постоеше согласност подоцна да продолжиме со започнатата работа, што по неопходност мораше да биде прекината, поради официјалните задолженија на докторот, што тогаш управуваше со една болница на фронтот. Туку, за жалење, после веќе не се укажа погоден момент за тоа. Се надевам дека самиот г. Татарчев, што сега живее во туѓина, еден ден ќе може да ги продолжи и доврши своите сеќавања.
Иако недовршени, спомените на г. Татарчев, што ги објавуваме тука, содржат интересни податоци, кои се скапоцено дополнување на материјалите што се однесуваат за почетниот период на револуционерното движење во Македонија. И во спомените од детството и од ученичките години читателот ќе најде успешна карактеристика на тогашната потисната состојба на духот на бугарското население во југозападна Македонија, како и на силното влијание што тогаш врз младежта го вршел слободниот живот во Бугарија и во светот, како жив контраст на ропскиот живот отаде турската граница, исполнет со паничен страв. Последиците од тој контраст, што ги бранувал душите на младинците, не можеле да бидат поинакви освен безграничен стремеж за ослбодување по секоја цена. Веќе ништо не можело да го попречи патот на ослободителното движење, и наспроти ризикот сите жртви да бидат залудни.
Љ.М.
I
Биографски податоци. – Хр. Татарчев во Цариград по завршувањето nа образованието. – Т. назначен за училиштен лекар во Солун. – Бугарите во Солун поделени на две партии. – Мачни сеќавања од детството nа Т. за турски и арнаутски зулуми. – Угнетената, ропска состојба nа народот силно влијае врз Т, вратен соинслирираност од слободољубиви идеи.
25 јануари 1917г.
Роден сум во Ресен на 16 декември 1869., од родителите Никола Татарчев и Костадина. Татко ми е од Ресен, а мајка ми од истакнато семејство од с. Јанковец (Ресенско). Поголемиот брат ми се вика Михал. Татко ми се занммаваше со банкарство и трговија, а делумно и со земјоделство, – имаше чифлици.
Со основно образование се здобив во Ресен, на бугарски. Потем, во 1882 год., заминав по суша преку Битола – Прилеп – Велес – Софија во Пловдив, и оттаму во Брацигово, каде брат ми Михал беше учител во петокласно училиште. Тука се запишав во III клас, за да се подготвам подобро за гимназијата. Следната година отидов во Пловдив, каде учителот Богданов ме подготвуваше по бугарски и по математика за да стапам во IV клас, што стана во 1883/4 уч.г.. Таму учев сè до 1887 г. – заклучно со VI клас. Бев претседател на ученичкото друштво. Меѓу учениците и учителскиот совет, што сакаше да го постави друштвото – предавањата и библиотеката – под учителска контрола, дојде до конфликт. Поради тоа „поради непокорство“ не ми допуштија да излезам на испит, и им се јави на своите власти да не земат за војници – мене, братучед ми Божирад Татарчев и др.. Поради оваа причина го напуштивме Пловдив, и преку Габрово отидовме во Ловеч кај Андреја Башев, адвокат, за да се извлечкаме од рацете на власта. Тогаш татко ми беше во Цариград. Тој се кандиса да продолжам со образованието во странство, но под услов да се определам да студирам медицина. Јас сакав да студирам филозофија, под влијание на политичките доктрини, на социјализмот. Тогашната моја лектира: Дарвин, Бокл, Шлосер и сл. влијаеше во таа насока. Повеќе се занимавав со читање на книги, руски одошто со учебните предмети. Заедно со Божирад, без пасоши (со туѓи пасоши) заминавме по Дунав преку Никопол во Турн Северин, каде затековме некои од емигрантите, меѓу кои беа и Св. Миларов и „Централниот“ Попов. Миларов ни укажа помош. Заминавме за Цирих, и се запишавме на медицинскиот факултет (со завршен VI клас.) Во Цирих учев три години, и потем преку сето време заедно со Божирад – во Берлин во 1890 год., каде по две години, во 1892 год., во текот на мај положив испит за доктор. Божирад го положи истиот испит во јули истата година. Од Берлин заминавме право во Цариград, каде положивме колоквиум. Со помош на лекарот на султан Хамид, со кого случајно се запознавме, присуствувавме на селамлукот, на кој беше и Стамболов. По тринеделно чекање во универзитетот, положивме пред професорите, повеќето Грци, испит на колоквиумот – положивме на француски и на германски, речиси по сите предмети, со исклучок на предметите од природните науки. Испитот за секој траеше повеќе од 3 часа. Не остана предмет по кој не нè испитуваа. Ние бевме првите Бугари што полагавме на колоквиум.
Потем отидовме во Ресен на отпочинување. Тоа беше во август 1892 год. Во Ресен останав до половината на септември, и со телеграма бев повикан од Васил К’нчев за училиштен лекар во Солун, а Божирад – за училиштен лекар во Скопје.
Во Солун ја затеков бугарската јавност поделена на два лагера од претходните борби, што биле водени на чело со Величков – против Егзархијата и за неа, главно против нејзиниот стремеж да ги централизира црковно-општинските работи во свои раце.
Уште кога стапив на должност, јас веќе бев подложен на агитација од страна на К’нчев, тогашен директор на гимназијата, и од учителите Дјакович, Ганов, Тенчев Хр., Мирчев Димитар (тој беше уште неопределен), Андон Димитров. Уште немаше никакви загатнувања за револуционерна дејност. Јас исцело и се предадов на својата работа во двата пансиона на училиштето. Ги изделив туберкулозните, се погрижив да се подобри сместувањето во просториите и храната, со целосна помош од директорот К’нчев. Во текот на распустот во 1893 год. решив да обиколам еден дел од Македонија, што не ја познавав, со цел да ја проучам положбата на земјата и главно на бугарштината.
Дојдов во Солун веќе со определени идеи во однос на задачите што се наложуваа пред интелигенцијата.
Уште во Ресен, како дете, растев под туѓо угнетување, постојано под терор, исчекувајќи со трепет да се врати жив некој од нашите кога одеше на пат. Овој терор го правеа особено Албанците. Мајка ми од уплав и поради губењето голем дел од богатството се разболе и почина. Албанците беа дојдени откај Охрид и заминувајќи за Битола беа навлегле во Ресен. Пискотници по поистакнатите куќи. Сакаа да бидат сместени на конак. Тоа значеше дека на своите коњи ќе кренат сè што е вредно од тие куќи, па дури со себеси во Албанија ќе одвлечат и луѓе. Беа запреле и пред нашата куќа. Нивниот главатар, со барјак, беше дојден пред нашата куќа. Дома голем уплав, затоа што дома сме имале и пари. Нашите ја затворија портата, за да има време во соседните куќи да се префрлат парите и други вредности. Албанците почнаа да ја кршат портата, и најпосле ја скршија, влегоа, и ја најдоа внатре само баба ми, а сите други – мајка ми, стрина ми и др. беа поминале во соседната турска куќа. Со вжештено железо тие извлекуваа пари, со запалени гламни, со ќотек. Штом ќе влезат, бараат да се јават мажите. Бидејќи немаше други, ја мачеле старата да ги повика мажите. Соседот Турчин дојде кај нив, ги скротуваше, велејќи им дека мажите од куќата не се во Ресен. Се разбира, им се носеа гозби од соседните куќи – пилиња, благи. Тоа се случуваше во куќата што сега ја има чичко ми Андреја (татко на Божирад). Бидејќи не се појавил никој од нас, се затворија во куќата, да тарашат. Сè поскапо, бакарно и др. натоварија на коњи, и го изнесоа. По 24 часа се тргнаа и ние се вративме дома. Мајка ми, штом се враќа, оди право накај сандаците, каде имаше нејзини пари, што заборавила да ги земе по бркотницата, го наоѓа сандакот отворен,, си ги скубе косите и со силно испиштување паѓа во несвест. По седум дена паѓа в постела, и во текот на три месеци (кашлање, бодежи, оган) починува.
Колку пари имало што ги зеле Албанците, не можев да узнаам; знам само дека имаше многу петолирки, златни пари и др.. Тоа беше во 1877 г., во време на Руско-турската војна. Овие ужаси ми беа запечатени во умот и срцето. Кога патував за Пловдив, по патот од Прилеп нашите кираџии, со кои требаше да патувам од Прилеп за наваму, биле обрани од Албанците, па ги чекавме три дена. Штом ја поминавме границата, во Ќустендил видовме слободен живот. Контрастот со ужасниот живот отаде границата, уште повеќе ја замелуши мојата детска душа. Кога стасав во Софија, во паркот свиреше воена музика, луѓето се движеа слободно и ноќе, по гостилниците множество свет и музики. Просто не можев да се доначудам, да поверувам на своите очи, дека е можен и таков слободен живот. Слободниот живот во Брацигово, политичките борби во Пловдив (казионисти обединисти и сл.), ученичките бунтови, социјалистичките идеи, слободно проповедани, соединувањето на Тракија со Бугарија, што го преживеав во Пловдив, – сето тоа влијаеше кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и на народите. Во време на обединувањето, како ученик зедов учество како доброволец. Заедно со множество други луѓе на покривот на еден вагон стасавме до Трново Сејмен, каде се задржавме 20 дена. Оттаму мене, и други помдади ученици како мене, не вратија во Пловдив, и не приклучија кон новоформираните единици, а накај половината на ноември, по голем студ, кога и Марица беше замрзната, нашата дружина тргна пеш накај Сливница. Кога стасавме во Пазарџик, штотуку беше склучено примирјето. По десетина дена се вративме назад во Пловдив. Соборувањето на Батемберг ме затече во Габровскиот манастир, каде бевме се вратиле од една екскурзија на Бозлуџа. Во тие околности, во текот на сето време на моето учеништво во Пловдив, постојано си мечтаевме за ослободување на Македонија, но во нашите глави немаше ништо поопределено оформено за тоа прашање. Записите на Захариј Стојанов и сета литература, што прикажуваше за востанијата и за ослободувањето на Бугарија, се голтаа на еден здив.
Со вакви впечатоци заминав да учам во странство. Во Швајцарија идеите за слободен живот, за правна држава, уште повеќе се зацврстија кај мене, особено кога видов, како може една држава, без војска, без жестока полиција, спокојно да напредува, и при наплив од најразновидни елементи. А пак во Германија културата и општествената и државната организација уште посугестивно влијаеја на мојот политички светоглед. Попаднат од ваква европска средина наново во бесправна Турција, беше природно што уште од првиот ден се разочарав. Си мислев дека ќе можам слободно да се движам, да дејствувам како лекар. Со себеси донесов множество лекарски инструменти, книги, илустрирани списанија. Туку измачувањата на турската граница пак ги воскреснаа во мене страшните дамнешни впечатоци од моето детство.
Во Солун постепено се разочарував поради меѓусебните гризења меѓу нашите граѓани и луѓето од интелигенцијата, што се засновуваа врз лични интереси. Кондовци, Самарџиевци и др., што й даваа поддршка на Егзархијата, беа лично заинтересирани, борбата се водеше повеќе за лични интереси, одошто за принципи. Овој впечаток делуваше на мене угнетувачки. Бугарското население, како тоа од градот така и она што доаѓаше однадвор, оставаше тежок впечаток со својата простотија и со својот измачен изглед на страдалник. Неговиот живот беше многу беден, без неопходните минимални услови да се одржува народното здравје. Од друга страна контрастот меѓу положбата на Бугаринот и положбата на Турците, Грците и Евреите, уште повеќе го засилуваше моето негодување од таквата положба на нештата. Тоа ме натера да посакам да излезам да направам обиколка низ земјата, за да ја проучам понепосредно вистинската состојба на нашиот народ во Македонија.
II
Обиколка низ Македонија. – Насекаде борба против централистичките стремежи на Егзархијатa. – Прво запознавање на Т. Со ДамјанГруев. – Истоветност на нивните погледи во однос на потребата да се дејствува за олеснување на народните маки. На средба на шестмината на 23 октомври 1893 год. се формира првата револуционерна група. На втора средба во почетокот на 1894 год. поопределено се разменуваат мислења и се поставаат основите на внатрешната македонска револуционерна организација. – Првиот статут на В.О. Се избира првиот Централен комитет на Организацијата. – Првите членови на Организацијата посветени во делото од Груев.
Тргнав за Гевгелија (во летото 1893 г.), каде се задржав два дена, оттаму во Дојран, потем во Костурско, Струмица, Радовиш, Штип, манастирот Св. Пантелејмон, Кочани, Кратово, Куманово, Скопје, Велес, и назад во Солун. Обиколката траеше околу три недели. Насекаде бев речиси разочаран од малубројноста на наши луѓе од интелигенцијата. Економската положба на поистакнатите беше поднеслива, но народната маса се покажа до немајкаде во беда. Грчкото население уште на прв поглед ја засенуваше бугарштината, се разбира во оние центри каде имаше Грци. Турската власт и турското население се однесуваа дрзосно и со презир спрема нашите. И најмалиот полицаец беше семоќен.
Насекаде низ бугарските центри на преден план се истакнуваше истата борба меѓу општините и Егзархијата. Некои поосвестени со горчина го сметаа пакосен тој стремеж на Егзархијата да посегнува по општините. Егзархијата се стремеше да ги замени сите општински училишни директори со егзархиски. Селското население оставаше тежок впечаток со својата беда и физичка немоќ. При тоа ми падна в очи големото робопоклонство и спрема последниот Турчин. На пр. во Кочанско селанецот, кога од спротива ќе види Турчин, се запира, се смраморува пред него, како романскиот селанец роб пред чокојот, што го забележав во Романија во 1895 год., при едно случајно наминување во Романија во врска со мојата женачка.
Откако се вратив од својата обиколка, не помина многу – некаде во половината на август – во мојот кабинет доаѓа Дамјан Груев, кој штотуку беше дојден преку летото во Солун како заменик на Никола Наумов, подоцнежниот уредник на в. „Право“, во книжарницата на Самарџиев како коректор. Дотогаш не го познавав Груева. Тој беше дојден кај мене за лекарска помош, – имаше егзем крај левото уво.
По овој повод заприкажавме за мојата клиентела, какви болни доаѓаат кај мене, па поминавме на егзархиските работи, и најпосле на општите работи. Се покажа дека во нашите гледања има многу допирни точки. По една недела Груев, пак под изговор за својот егзем што веќе заздравуваше, доаѓа кај мене. Пак заприкажавме за општествените работи. Јас бев покатегоричен, а тој, напротив, нарочно воздржан; се гледаше дека таи нешто, што се насетуваше од неговите зборови но немаше смелост да го каже отворено. Треба да забележам дека уште на својата прва средба со него ми падна в очи неговата особена итра насмевка, со која ме прашуваше дали имам многу работа или не. Воопшто таа негова особена тактика, итро – лукаво оддалеку да пристапува кон својата цел дури и кога немаше потреба од тоа, како во случајот со мене ми остави дури неубав впечаток, и чиниш доведе дури за мое заладување спрема него. На второто среќавање јас му реков дека моето решение да дојдам во Македонија, кога нема уште ниеден лекар Бугарин, зборува достатно за моите идеи. Груев пак сè така насмевнат, но очевидно задоволен од мене се збогува откако ми ја стегна раката, и ме запраша кога пак да се видиме. Не помина многу време, и Груев наново ме посети и овој пат веќе поотворено заприкажавме за дејноста, што ни претстои како на Бугари, за да се подобри политичката состојба на нашиот народ. Веќе стана збор да се привлечат и други другари, откако претходно бидат сондирани по тие прашања. Груев зеде врз себеси да го стори тоа. На 23 октомври 1893 год. дојде до првата средба на овој поширок круг луѓе, во одајата на книжарот Иван Хаџи Николов, во улицата Челеби – бакал. Присуствувавме јас, Груев, Поп Арсов, Хаџи Николов, Андон Димитров (учител по турски јазик во гимназијата, ми се чини род. од с. Ајватово), Христо Батанџиев, (од Гуменџе), тогаш учител во основното училиште, потем секретар во митрополијата; тој загина заедно со архимандритот Евлогиј во1913 год. Фрлен од Грците во морето).Само овие шестмина се бевме собрале. Тука веќе разменивме мисли за идната политичка активност, така што секој еден од нас ќе се труди да влијае врз други лица, и да ги привлекува за истата идеја, да се подготви организирана општествена дејност. Групата се конституира врз тие начела како друштво, без записник, и без да се избираат раководители сиреч претседател и сл..
26 јануари 1917 год.
На оваа средба не беше утврдена никаква формалност -заклетва или нешто слично, за да се сметаат членовите лично задолжени да дејствуваат за ослободителното дело. Меѓутоа, се разделивме со увереност дека ни претстои сериозна и тешка задача. Презедовме задолжување заедно да дејствуваме меѓу наши познати и секој еден од нас гледаше при погоден повод да го искористи престојувањето на учители, еснафи, свештеници и трговци во Солун, дојдени од провинцијата, за да агитира меѓу нив за идејата. Така помина до крајот на 1893 година. Во почетокот на 1894 година во време на празниците, пак споменатите шестмина се собравме пред Водици во живеалиштето на Андон Димитров (спроти куќата сега на браќата Дамјанови, бившиот бугарски пансион), за да го поставиме темелот на една револуционерна организација. Долго расправавме за целта на таа организација, и најпосле се задржавме врз автономија на Македонија со предимство на бугарскиот елемент. Не можевме да го прифатиме ставот за „директно присоединување на Македонија кон Бугарија“, затоа што увидувавме дека тоа ќе сретне големи тешкотии, поради спротивставувањето на големите сили и аспирациите на соседните мали држави и на Турција. Ни поминуваше низ мислата дека една автономна Македонија потем би можела полесно да се обедини со Бугарија, а во краен случај, ако не се постигне тоа, дека ќе може да послужи како обединувачка алка на една федерација на балканските народи. Одринско, колку што се сеќавам, отпрвин не влегуваше во нашата програма, и мислам дека после беше дојдено до замислата и таа област да се вклучи кон автономна Македонија. Откако се согласивме за целта на нашата организација – на истата средба се зафативме да изработиме статут на Организацијата. Прирака ми беше еден том од „Записите“ на Захариј Стојанов, и од нив го зедовме за урнек статутот на „Бугарскиот револуционерен комитет“. Го задолживме Поп Арсов, врз основа на тој статут, да изработи нацрт за нашиот статут. На истата седница долго се разгледуваше прашањето какво име да носи Револуционерната организација и Комитетот Ова прашање ни одзеде прилично време, и најпосле, колку што се сеќавам, усвоивме да се наречат: „Македонска револуционерна организација“, а Комитетот – „Централен македонски револуционерен комитет“, а скратено „Ц.М.Р.К.“. На други средби статутот беше дефинитивно примен, се така од истиот тој состав на шестмината. Тогаш веќе, во согласност со усвоениот статут, беше конституиран првиот Централен комитет, при што мене ме избраа за претседател, а Дамјана Груев за секретар и благајник. Потем веќе започна практичното организирање на револуцијата, што тргна многу позабрзано.
Во Солун Дамјан ги посвети првите дејци – со заклетва, се разбира, – учениците Славејко Стрезов (родум од Ресенско, убиен подоцна кај Криволак во 1915 год. како поручник;) Хаџи Панов (родум од Прилеп, потем студираше во Брисел инжењерство, – умре подоцна во Солун од болест на грбникот); Алексо и Тончев (од Велес, тогаш работник кај Саздов Ризов, сега во Софија, парализиран); Алексо Часовникаров (работник); Васил Мончев (што го држеше Бошнак – ан; кај него престојуваа сите дејци на Организацијата, држеше и гостилница); Стефан Матлиев (од Охрид, имаше работа со царинарниците и се плеткаше со Турците) и свештеникот Пол Стаматов (од с. Бугариево, тогаш при црквата Св. Димитар во Солун).
III
Првиот револуционерен конгрес nа В.О. во Ресен. -Внатрешен правилник на Организацијата. – Хр. Матов станува член на В.О. – Михаил Сарафов доаѓа за директор нa Солунската гимназијa. – Борбата меѓу двете струи меѓу учителите и граѓаните се засилува. – Конфликт меѓу Татарчев и М. Сарафов. – Поради интриги од противниците и положбата на Т. како лекар и општествен деец станува тешка.
Истата таа 1894 год., на 15 август, стана осветувањето на новоизградената бугарска црква во Ресен од владиката Григориј, и таму се одржа првиот револуционерен конгрес, на кој беа дојдени 12 до 15 мина делегати од месните комитети. Таму бевме јас, Груев, Пере Тошев, Лозанчев, Ѓорѓи Пешков, Александар Чакаров и др.. Три дена едноподруго продолжија седниците во нашата куќа. Делегатите известија за состојбата на Организацијата. Тука беше уточнето однесувањето што требаше да го имаме спрема Егзархијата, општините и др.. Беше решено Организацијата да се труди за учители во сите училишта, општински и егзархиски, да протурка по можност свои луѓе. Исто така беше решено на истиот начин да ги преземеме општините и училишните управи во свои раце. На секој му беше дадено задолжение да дејствува за јакнење на месните комитети, а исто така и за снабдувањето со оружје. Паричните средства на Организацијата се состоеја само од членски влогови.
По конгресот Централниот комитет почувствува потреба да биде изработен и еден внатрешен правнлник, според кој ќе се раководат месните револуционерни комитети. Задачата да го состави тој правилник му беше поставена на Хаџи Николов, и овој правилник беше усвоен од Централниот комитет, сè така во истиот состав од шестмината, во дефинитивна форма, до крајот на истата година.
Во септември 1894 година Хр. Матов, што ја беше завршил својата учебна година како наставник во Серез, и заминуваше за Скопје, каде беше назначен за директор на гимназијата, се задржа во Солун. Тука за првпат Матов стапи во контакт со Груев, што му раскажал за постоењето на В.О. и го повикал и тој да стапи во Организацијата. Матов изјавил согласност, и беше заколнат од Груев, во присуство на Хаџи Николов. Потоа Матов замина за Скопје, откако му беше поставена задача да делува во полза на Организацијата во Скопскиот округ. Таму веќе имаше местен револуционерен комитет, на чело со учителот Кандиларов.
Вo 1894 година на местото на К’нчев за директор дојде Михаил Сарафов, со претензии да биде не само директор на гимназијата, туку еден вид губернатор на цела Македонија. Тогаш веќе започнува борбата меѓу нашите сомисленици и оние наши граѓани, што ја поддржуваа Егзархијата. Михаил Сарафов беше приврзаник на Егзархијата и на нејзините централизаторски стремежи. Како последица на тоа се засили и прогонувањето на учителите од струјата противна на Егзархијата, особено на учителите Македонци. Пред ние да стапиме во вистинска борба против Сарафов и неговите луѓе еден ден јас и Христо Тенчев, што беше послушно орудие на Сарафов, а потем и на Егзархијата, отидовме на рашетка во с. Киречќој. Јас го искористив сето време да го убедувам во потребата и правината на нашата револуционерна идеја, сугерирајќи му притоа да дејствува да го наговори и Сарафов, бидејќи ако неговата положба не му дозволува да стапи како член на В.О., тогаш барем да биде толерантен спрема нас, при што, од своја страна земавме обврска да бидеме лојални, да го поштедуваме црковно-училишното дело, што и ние го сметаме за многу скапоцено за нашето ослободително дело. Тенчев не одговори ништо, ниту пак подоцна заприкажа со мене за тоа прашање. Напротив, забележав дека по овој разговор постапките на Сарафов против нас станаа уште попровокативни. Нашите сомисленици, македонските учители, беа лошо третирани, ги навредуваа, ги насаскуваа граѓаните против нас со различни интриги. Сарафов стаса дури дотаму, да ме обвинува за неморалност, за божемни врски со учителки и сл., поради што морав да прекинам со него секакви врски и со пансионот. И до денес моите односи со Сарафов оттогаш не се променети. Поради оваа противакција нашето дело почна да наидува на сопки во бугарското општество, особено сред богатиот сталеж, што мачно се подаваше да биде под влијание на различни „коректори“ и „даскалчиња“, луѓе без истакната општествена положба.
Сето тоа беше во 1894 година. Ако не се мамам, тогаш јас бев заминал за два дена, – беше зимно време – во Воден, каде прогонувањата и неслогите меѓу двете струи се беа мошне заостриле. Сакав да ја проучам положбата, и истовремено да се обидам да влијаам во наша полза на оние, што беа расположени против Егзархијата, на чело на кои беше истакнатата, многузаслужна фамилија Занешеви. Кај нив гостував два дена. Пред нив, меѓу другото, отворено заприкажав и за нашата организација. Се разбира, не ги повикав отворено да станат наши сомисленици, но тоа се подразбираше. И навистина ова семејство потем помина исцело на располагање на Организацијата, заедно со множество граѓани во Воден и во околноста на Воден. Може да се каже дека подоцна воденско стана примерен револуционерен реон.
Потоа во Солун, по борбата против Сарафов и граѓаните, мојата положба стана потешка. Особено бидејќи не бев женет, насекаде во нашето повисоко општество, имаше натпреварување да ме привлечат поблиску во својот семеен круг. Но по споменатите интриги мојата положба како лекар и општественик ме тераше да се решам да се задомам, што и го сторив, по подолго размислување со своите другари. Во почетокот на 1895 година се бев запознал со семејството на бившиот грчки конзул Логотети, и во мај месец 1895 се свршив за ќерка му Софија Логотети. Меѓутоа, тоа крена цела бура во грчката јавност, а пак во нашата доведе до заладување на односите спрема мене, поради интригите на нашите идејни противници. Целата куќа на мојата свршеница, во која живеев и јас, беше нападната од џган Грци, со намера да ја запалат. Благодарејќи на англискиот конзул Блонд, добар пријател на семејството и семоќен пред турската власт, беше издејствувано еден кордон од војска да ја пази куќата во текот на три недели. По негово настојување јас и мојата свршеница со мајка й потоа заминавме за Виена, со цел да се венчаме таму во руската црква. По долги обиди тоа не ни успеа, поради различни црковни формалности, и ние заминавме во Романија, кај вујко й на мојата свршеница, Форанга што тогаш живееше во својата вила „Трендафил“ меѓу Браила и Плоешт. Таму останавме три недели, и потем мојата свршеница со мајка си замина за Атина, а јас за Солун. Најпосле тука, беа велики пости 1896 год., се венчавме во куќата на бугарскиот свештеник Маџаров.
Спомени од минатото
Револуционерното дело, замислено уште есента 1892 у год. во Солун конечно се оформи на 23 октомври 1893 година. Изникнато, како секоја конспиративна организација во тесен круг – таа беше основана од Даме Груев од с. Смилево, Иван Хаџи Николов од Кукуш, Христо Баранџиев од Гуменџе, Андон Димитров од с. Ајватово (Солунско), Петар Поп Арсов од с. Богомила (Велешко) и д-р Хр. Татарчев од Ресен. Тоа револуционерно дело уште во својот почеток требало да се справува со многу големи пречки и мачнотии, од политичко-социјалниот режим од една страна и од друга од расниот антагонизам, како и со доминантни тогаш сфаќања на одделните народности во врска со иднината на татковината, бидејќи секоја одделна нација под влијание на своите религиозно-духовни фактори и на соодветните соседни племиња, и културни врски и политика се стремела самата за себе да ги сочува претензиите врз оваа земја. Освен тоа требаше да се разбива скептицизмот на интелигенцијата, која напумпана од сфаќањата на своите духовно-религиозни претставници, револуционерното дело го пречека со непријателство, иако големиот дел од неа беше убеден во неговото брзо пропаѓање како работа на неколку запалени младинци. Впрочем, оваа интелигенција се обиде уште во зародиш на делово да го задуши и на таков начин да го спаси црковно-школското дело од неуспех. Од своја страна широките маси, кои до тогаш живееле само за задоволување на своите биолошки потреби – чијашто инертност и апатија беа вознемирувани од слабите зраци на школата и борбите за завладување на цркви и училишта од патријаршистите или егзархистите – лесно не се повлекуваа по новото струење, бидејќи уште веруваа во силата на турската моќ, иако во проповеданиот од овие егзалтирани младинци низ социјален строј го гледаа својот спас од политичко и социјалното ропство. Затоа и интелигенција и народ, бидејќи и немаа можност да ја трошат својата енергија во политичкиот живот на земјава, обично своето учество и појави ги ограничуваа во црковно-училишното дело.
Од своја страна иницијаторите, занесени од идејата за слобода, делумно ја сфаќаа сериозноста на делото, ширината на последиците од него, како и средства потребни за тој толку сложен македонски проблем. И ете така, тие се запреа на принципот на автономијата како негово најрационално решение.
И покрај сè, овие промотори со редок ентузијазам и нечуено самочувство се втурнаа сред народот, со ретка упорност и самоодрекнување да го проповедуваат новото учење. Потфатот навистина им беше еден од најдраматичните и можеби тоа е единствен случај во историјата на поробените народи. Првите работници беа регрутирани меѓу најдолните слоеви на нашето општество, а имено: Алекси Келеш – часовничар во солунскиот „Мирчев ан“ од гр. Прилеп, Васил Панчев, служител во бирото на трговецот С. Ризов, Атанас Мурџев, сметководител на Мурџев и Кусетасе, и некои од учениците на солунската гимназија, како Александар Хаџи Панов од гр. Прилеп, Славејко Стрезов од гр. Ресен и др.
Таа положба фактички го оправдуваше песимизмот на идејните противници, кои покрај конспиративниот карактер на делото мирно од близу можеа да го следат неговиот развој; меѓутоа, ова ни малку не ги разочара авторите на делото. Воодушевувањето и вербата во триумфот на идејата толку го беа отапиле нивното расудување та тие не беа во состојба да ја сфатат грубата реалност, иако потполно беа свесни за опасноста што им се заканува, впрочем тоа е својствено на секое револуционерно дело.
Нема сомневање, во почетокот повикот против овие авантуристи беше доста оправдан, но тоа не ги поколеба последниве, туку уште повеќе ги поттикнуваше безогледно и бестрашно да се втурнат сред народот, зашто секој од нив си беше поставил за задача, во склад со донесените решенија на основачкото собрание од 23 октомври 1893 год. да се обрати кон своите лично познати, за на таков начин да врбуваат луѓе за Организацијата, патувајќи со сопствени средства по градови и села.
Така Даме Груев талкаше по анови и хотели, за да впрегнува учители и трговци во револуционерната мрежа; Иван Хаџи Николов, како книжар покрај своите книжиња ги информираше младите учители и ученици со новото учење; Христо Батанџиев, како секретар на Солунската општина приклучуваше адапти помеѓу посетителите во општината -учители и попови; Петар Попарсов со својата упорност отстојуваше во борбата со нашите идејни противници; Андон Димитров многу придонесуваше со својата опитност во познавањата на месните услови во избегнувањето на грешките во револуционерните потфати и мерки, а д-р Хр. Татарчев кој през летото 1893 год. ги беше обиколил градовите Гевгелија, Дојран, Струмица, Радовиш, Штип, Кочани, Кратово, Скопје и Велес, и кој користејќи се од положбата на лекар секоја седмица през 1895-1896 год. го посетуваше Кукуш, создаваше врски со луѓето од тие краишта.
За кратко време оваа трескава активност даде поразувачки резултати, ја скрши тврдоста на интелигенцијата да се заслушува во религиозно-духовните претставници на земјата – и од коренот ги растресе широките маси, разбудувајќи го во нив сознанието за една поубава – во зависност од трудот и жртвите, човешка судбина.
Воопшто новото учење со жар се голташе, а образот на слободна Македонија до егзалтација ги раскрилуваше. Во Солун и соседните села бројот на борците брзо се зголеми, особено со доаѓањето на поп Стамат од с. Бугариево во вардарската црква, во лицето на кого, со неговата оданост кон делото, со неговата срдечност и решителност кон најопасните револуцнионерни акции, со својата снаодливост и умешност во решавањето на најзаплетканите работи, Организацијата доби една ретко влијателна личност. На тој начин, од една страна, вардарската црква, која од храм на богомолци се претвори во сврталиште на револуционери а, од друга – книжарницата на Иван Хаџи Николов – еден од најскромните и непретенциозни дејци – место на средби каде комотно се добивала и продавала револуционерна кореспонденција, беа најважните пунктови на револуционерната мрежа.
За кратко време земјата беше прошарана со мали револуционерни гнезда – огништа на идната моќна организација, – а Солун – срцето на ослободителното дело, од каде сјаеја зраците на идната слобода и се покренуваше сложниот механизам на оваа страшна сила. Во овој Витлеем, каде цело време престојуваше Централниот комитет од сите краеви на татковината се слеваа учители, попови, трговци и др. за инструкции.
Брзиот развој на револуционерното дело ги изненади и неговите основачи. Потребата од една планирана дејност се осеќаше од сите, и пред се од првите раководители, пред кои дневно се поставуваа за решавање сè понови и потешки задачи.
Таа положба ја налагаше потребата од средба на раководните сили од земјата – за да се размисли за идниот развој на делото.
Згоден момент за таа цел беше осветувањето на 15 август 1894 год. нова црква „Св. Кирил и Методиј“ во Ресен. Раководителите што присуствуваа беа; Даме Груев, Ат. Лозанчев, Гл. П-ов, Георги Петков, Алекса Хаџи Панов и пишувачот на овие редови. Сите тие по завршувањето на церемонијата околу осветувањето на црквата од владиката Методи (подоцна член на Организацијата) отидоа во куќата на татко му на докторот, за да разменат мисли и да ја разгледаат тогашната состојба на револуционерното дело, и да донесат решенија за мерките и средсгвата потребни за неговото зајакнување и зацврстување Тоа можеше да се смета како прв конгрес на Внатрешната организација. На прв поглед прашањата што се подигнаа на него, навистина беа сосема обични, меѓутоа, во суштина тие беа од судбинско значење за успехот на делото. Секој од присутните ги изнесуваше впечатоците од досегашната своја дејност и препорачуваше потребни мерки што во случајот треба да се преземат.
Бидејќи не се водеше сметка за мислењето на одделните лица, записници не се водеа, ниту пак на некого му паѓало на ум за некои идни полемики – кој што рекол. Главно се водело сметка работата да биде платформа а донесените решенија во случајот беа со полно единство и доверба. По тридневна работа се реши:
1. Земјата да се подели на револуционерни реони, а на чело на реонот да се постави соодветен човек со потребниот авторитет;
2. Материјалните средства да се соберат и меѓу оние што не се членови на Организацијата – од оние што го симпатизираат делото;
3. Во црковно-школските институции колку што е можно да се постават повеќе луѓе симпатизери на делото;
4. Да се зајакне пропагандата со месни весници и револуционерна литература.
Охрабрени од оваа првична револуционерна средба, се разделивме со искрени желби, со тоа што секој од нас се обврза уште поактивно да заработи во горниот дух. Д. Груев, Гл. П-ов и Ал. Хаџи Панов заминаа за Охрид, а другите назад во своите места.
Не многу потоа настапи силно раздвижување на силите по градовите и селата. Во тој поглед најизразит подем се забележуваше во гр. Кукуш. Ова мало градче, кое секогаш се наоѓало во првите редови на секое културно и патриотско дело, стана јатка на целиот солунски крај. Овде во лицето на Туше Делииванов, Кољо Бучков, Христо Влахов, Туше Петков и Туше Гугушов делото најде најоддадени борци, кои го поставија на здрави основи. Кон нив овде подоцна се приклучија и учителите Хрлев, Христо Стојанов и Христо Динков, како и многу граѓани. Кукуш имаше изглед на непристапна тврдина на Организацијата. Граѓаните без оглед на својата социјална положба доброволно ги отвораа своите кесиња со кои Централниот комитет ги задоволуваше своите потреби во прв ред со средствата од Кукуш. Првата сума е на пример, што беше внесена во касата на Комитетот, околу 314 лири, беа донесени во август 1895 г. од видниот кукушки трговец Иван Јанев, а до тогаш потребите на Организацијата се задоволуваа лично од нејзините основачи. Овде му е местото да се нагласи, дека Кукушани никогаш ниту пак побараа, собраните од нив парични средства да се употребат за локални потреби, како што тоа во последно време чинеа некои други реони. Кукуш живееше за цела Македонија и своите жртви ги правеше за доброто на целата земја. Кај него не беше познат локалниот патриотизам: за него идејата за слобода беше живот или смрт. Револуционерот овде, во Кукуш, беше најсигурен и се радуваше на вистинско гостопримство.
Во овој центар најрељефно се согледа користа од четничкиот ииститут и одовде потоа потекна решението во целата земја да се воведе.
Воопште подемот на делото одеше незапирливо та песимизмот што го имаше македонската интелигенција доживеа разгром, отстапи пред виорот и притисокот на новиот идеал.
Во октомври 1894 г. во Организацијата се зачлени и Пере Тошев, кој до тогаш се држеше далеку од револуционерното дело, иако често покануван да влезе во него, но тој секогаш откажуваше, без за тоа да ги каже причините. Од неговото однесување, можеше да се насети дека тој не верувал во сериозноста на ослободителното дело. Како соработник на Захари Стојанов и Дим. Ризов при прокламирање на присоединувањето на Источна Румелија со Кнежевство Бугарија тој имаше поинакви разбирања за конспиративните организации.
Како раководител подоцна, со авторитетот од минатото, со својот тивок, молчалив и некомуникативен карактер, со своето кусо зборување, но со прецизно изјаснување по прашањата, тој на своите соговорници делуваше мистериозно и можеше да се пројави само во тесен круг на другари.
Под раководството на Пере Тошев, Атанас Лозанчев, Гл. П-ов, Г. Пешков и др. битолскиот крај се развиваше бавно, меѓутоа планомерно, и затоа достигна до онаа морална и материјална подготвеност, која со својата издржливост и самопожртвуваност го задиви светот во историскиот момент. Илинден 1903 год. со што создаде славна епопеја како Македонецот-востаник знае да умира за слободата на својата родина. Не малку таа епопеја е последица на јуначките костурчани кои на чело со своите бесмртни војводи Чакаларов, Лазар П. Трајков, Пандо Кљашев, Иван Попов бестрашно одеа кон смртта пред турските полчишта. Патриотизмот и безграничната љубов кон својата земја многу помогна на првите организатори, како што се Апостол Дим. Грежов од с. Куманичево, Михаил Гегов од Костур, Дамјан Марков, Курјак Трповски од с. Дмбени, Иван Шишков од с. Зрелца, Григор П. Димитров од Шестеово и Григор Бакрачев, а подоцна Павел Христов, во овој далечен јужен крај да се создаде моќна опора против Грци и Турци. Исто така брзо се револуционизира и штипскиот крај, којшто од левата страна на Вардар стана душа на Внатрешната револуционерна организација. Тоа е последица на поставувањето на Туше Делииванов во Штип како главен учител, кој поминувајќи 1894 год. низ Софија за своето назначување со себе го повлекол и Гоце Делчев за учител во истиот град. Последниот го напушти Кнежевството Бугарија со модните тогаш социјалдемократски идеи со намера да ги насади во Македонија, не сакајќи дури ниту да слушне за револуционерното дело. Меѓутоа, по првиот контакт со масите во Ново Село, се разубедил, бидејќи неговите социјалистички идеи се развивале во малку подруги услови од оние во родната земја. Ги отфрлува како непотребни во ропскиот крај, исцело го прифаќа револуционерното дело и станува најизразитиот и незаменлив негов боен апостол. За таа гранитна карпа на револуционерното дело во штипскиот крај немалку помогна престојувањето на Даме Груев во 1894-1895 год. како и активноста на некои поистакнати граѓани: Тодор Лазаров, Арсо Лазаров а подоцна и учителот Петар Попарсов, Мише Развигоров и Христо Попкоцев. На тој начин создадено од првите раководни сили револуционерното дело во овој крај ја сочува својата сила во времето на сите перипетии низ кои помина.
Во 1894 год. Христо Матов беше поставен за директор на педагошкото училиште во Серез. При неговото заминување од Солун за Серез упорно му се предлагаше да земе учество во Организацијата, но тој како сфинга остануваше непоколебан кон нашиот апел.
За него црковно-школското дело имаше најголемо значење. Одвај дури во 1895 год. кога беше преместен во Скопје, на 25 август таа година Дамјан Груев и Ив. Хаџи Николов во куќата на последниот, – еден ден пред заминување за Скопје го покрстија во револуционерното дело. Меѓутоа уште долго потоа тој не можеше да се ослободи од поранешните погледи поради што страдаше делото. Тоа го принуди Даме Груев да постапи не толку колегијално кон него. Во Скопскиот реон го испрати Ив. Кандиларов таму да работи во нашиот дух. Меѓутоа кога Матов беше затворен (во Куршумли-ан) тој потполно го промени својот однос и своите поранешни сфаќања и стана не само теоретичар туку и смел решителен деец дури кон најекстремните потфати, доволно да можеше да се убеди во нивната потреба.
Како раководни сили тогаш во серскиот крај биле: Лука Теофилов, од почеток во Неврокоп, а потоа во Серез, и Лазар Бенин исто во Неврокоп; книжарите Атанас Ников во Серез подоцна учителите Велко Думев и Калејчев, Лука Теофилов и Ников – тоа беа едни од првите и најпостојани верни работници во овој реон.
Кон крајот на 1896 год. на ослободителното дело му се приклучи и Ѓорче Петров, кој до тоа време беше голем противник на Организацијата иако бил во пријателска врска со нејзините промотори, и ништо не можело да помине не видено од неговото остро око. На прашањето за неговото учество во делото, тој поминуваше со спокојна и молчелива насмевка во која меѓутоа се откриваше неговата готовност да земе учество во ослободителното дело, но во исто време и да ја сочува својата слобода во натамошните активности. Штом зеде место во Организацијата Ѓорче Петров со сета своја ерудиција и конспиративност й се стави на услуга на ослободителната кауза.
Воопшто еволуцијата во редовите на македонската интелигенција се оствари многу побрзо од секое предвидување. Градовите веќе регрутираа млади, интелигентни раководни сили: така на пример во Солун – Лазар Димитров и Ив. Васков; во Воден – Дим. Хлебаров и Хр. Шагаманов; во Ениџе Вардар – Јордан Свеќаров, Захари Ѓорев и граѓанинот Андон Граматиков; Минго Тодев во Банско, Иван Каназирев во Мехомија, Илија Калиманцалијата во Мелник, Костадин Илиев и попот Саев во Горна Џумаја, во Дојран – Андон Костов; во Негован – Зарово – Ат. Мацаров; во Гевгелија – Аргир Манасиев, Христо Стојанов; во Кавадарци – Иван Влков, а подоцна Пане Иванов; во Струмица – Стојан Георгиев; во Велес – Михов; во Прилеп – Неделко Дамјанов и граѓаните Јордан Гавазов, Панто Карамбулев и др., во Охрид Чакаров и Л. Огненов; во Кичево – трговецот Насте Бунчаров, архимандрит Софрониј, игумен во манастирот „Пречиста“, учителот Лука Џеров и учителката Донка Чешмеџиева; во Дебар – ѓакон Тома, учителите Филип Чочков и Трифун Ушанков; во Кратово – Даскалов; во Паланка – Миразчиев; во Куманово – Симидчиев, во Одринско – Петар Васков, Лазар Маџаров и др.
Оваа прелудија, што ги опфаќа поглавните раководни сили на земјата до пред Виничката афера од 1897 год. веќе ја навестуваше идната моќ на Организацијата, што и се оствари. И навистина оваа организација подоцна се претвори како држава во држава. Таа пред општествената свест и пред дипломатскиот ареопаг ја изнесе македонската ослободнтелна кауза, нејзиното морално и политичко значење, ја создаде и историјата и традицијата на македонскиот народ и можеби епското Илинденско востание од 1903 г. на овој поробен народ пак со голема сила ќе воскресне зашто духот на паднатите борци уште живее во овој заборавен крај.