
Роден е во Котел, Бугарија.
Бил еден од првите организатори на ослободителната борба во Леринско и Костурско и еден од најистакнатите војводи на Македонската револуционерна организација. Како искусен револуционер и воен инструктор, имал големо влијание врз формирањето и подготовката на многу познати војводи од Битолскиот револуционерен округ.
На 26 јули 1902 година неговата чета влегла во селото Пателе, Леринско, со цел да ги казни селаните кои претходно ги предале револуционерите на турските власти. По дојава од предавник, турската војска го опколила селото и четата на Марко Лерински.
Во нерамната борба што следела, Марко Лерински наредил пробив на непријателскиот обрач. Акцијата била успешно изведена и поголемиот дел од четата успеал да се извлече. Меѓутоа, за време на јуришот, еден куршум смртно го погодил прославениот војвода.
Марко Лерински останал запаметен како еден од најспособните воени организатори и инструктори на македонското револуционерно движење.