Георги Баласчев (/-)

Роден е во Охрид.

Основното и трикласното прогимназиско образование го завршил во родниот град, а Бугарската егзархиска гимназија во Солун. По матурирањето работел како учител во Охрид.

Заедно со група свои другари заминал на стручни подготовки во Белград, но по согледувањето на вистинските цели на српската буржоазија се вратил во родниот град. Потоа заминал во Софија, каде што студирал и завршил историски науки.

Во 1890 година, на македонски дијалект, ја објавил својата прва книшка „Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци“.

Георги Баласчев бил еден од основачите на Младата македонска книжевна дружина во Софија, која во почетокот на 1892 година почнала да го издава списанието „Лоза“.

Автор е на повеќе трудови од областа на историјата и археологијата. Бил редактор на списанието „Минало“ и како научник и македонски патриот бил мошне познат и почитуван меѓу своите современици.

Георги Баласчев оставил значаен придонес во македонската историска, културна и научна мисла.