Блаже Крстев – Биринчетo

Роден е во селото Бирино, Крушевско, во 1873 година.

Рано се вклучил во редовите на ТМОРО, најнапред како основач, организатор и раководител на Организацијата во своето село. По убиството на крвникот Расим станал четник во четата на војводата Ѓурчин Наумов.

Непосредно пред Илинденското востание формирал сопствена месна чета составена од четници од неговиот крај и дејствувал во селата на Крушевскиот реон.

За време на Илинденското востание, на 2 август 1903 година, заедно со четата на Иван Наумов Алабакот учествувал во нападот и освојувањето на Крушевската касарна. По ослободувањето на градот, со својата чета се борел заедно со четите под раководство на Питу Гули.

По Востанието продолжил да дејствува како околиски војвода во Демирхисарскиот и Крушевскиот реон. Кон крајот на 1904 година се приклучил кон четата на Иван Наумов Алабакот и заедно заминале во Велешко, каде што се бореле против четите на Српскиот четнички покрет.

Загинал на 31 мај 1911 година во борба со турскиот аскер кај селото Журче, Демирхисарско.

Блаже Крстев – Биринчето останал запаметен како еден од истакнатите крушевски револуционери и учесници во Илинденското востание.