
Роден е во 1878 година во Сан Франциско, Калифорнија, САД. На 21-годишна возраст (1899) учествувал во американската експедиција за освојување на Филипините. Како бунтовник и хуманист, преминал на страната на месните востаници.
Како резултат на таа авантура, во 1901 година ја објавил книгата „Десет месеци заробеник на филипинските острови“, а потоа и други дела, меѓу кои и „Морските разбојници“.
По Илинденското востание, кога интересот кон македонското прашање се засилил, Сониксен се поврзал со македонски емигранти и активно се вклучил во поддршката на ослободителното движење во Македонија и Одринско. Како секретар на Македонскиот комитет во Њујорк, решил непосредно да се запознае со македонското револуционерно движење.
Како македонски четник, во состав на чети на ВМРО, прекрстарил низ повеќе делови на Македонија. Се среќавал со селани, печалбари, четници, војводи и раководители на Организацијата, меѓу кои и со Даме Груев.
Во 1907 година објавил бројни написи во американскиот печат и се јавил како еден од најзначајните заштитници на македонската ослободителна кауза пред американската јавност.
Автор е на познатата книга „Исповед на еден македонски четник“, која претставува едно од највредните сведоштва за македонското револуционерно движење од почетокот на XX век.
Починал во 1931 година.