Статистика на ѕверствата и опустошувањата за време на Илинденското востание

Статистички преглед на жртвите и опустошувањата во Македонија и Одринско по задушувањето на Илинденското востание во 1903 година.

Битолски вилает: востанието ги опфаќа: Битолската, Костурската, Леринската Охридската и Кичевската околија.

Битолската каза, најголемата во вилаетот, се состои од четири нахии (подоколии) – Битолска, Демир Хисарска, Ресенска (Горно Преспанска) и Долно Преспанска – и брои: 3 града и 265 села со 25.252 куќи и 154.910 жители. Од селата 198 се христијански, 21 муслимански и 46 мешовити. Од куќите 18.286 се христијански, 6.399 муслимански и 567 од други вери. Од жителите 116.615 се христијани, 35.315 муслимани и 2.980 други.

          Од 198 христијански села 33 беа потполно опожарени, 5 – делумно и околу 20 ограбени. Од 18.286 христијански куќи опожарени беа 2.424 (13,70%) и останаа без покрив 14.096 души. Бројот на искланите жители се искачува на 513 души, а на обесчестените моми и жени на 1.092.

          – Ресенска нахија: од 21 христијанско село 16 беа опожарени. Жителите на 711 куќи (од вкупно 3.691) – 4.182 души (од вкупно 19.765 христијански жители) – останаа без покрив, без покуќнина, без добиток, само со една глава на голите рамена. Обесчестени се 610 – повеќе од половината во целата околија! Има села, како Крушје, опожарувани, ограбувани и обесчестувани по два три пати. Во с.Петрино, мало село од 13 куќи, беше обесчестена целата женска челад – 25 жени и моми. При нападот на логорот, каде што беа сместени семејствата од Дупени и Ехла, аскерот одвлече 200 жени и моми и откако ги обесчести преку ноќтта, гин одведе во Ресен.

          – Битолска нахија: опожарени се само 3 села – Ѓавато, Метимир и Смилево, со масовни измачувања и обесчестувања. Најмногу настрадаа смилевци при нападот на нивниот логор. Неколку смилевски и ѓаватски бебиња беа фрлени од аскерот во огнот. Во Метимир, село од 25 куќи, беа обесчестени 60 жени и моми – скоро целата женска челад.

          – Демир Хисарска нахија: од 2.099 христијански куќи изгореа 555. При нападот на Слепчанскиот манастир „Св. Иван Претеча“ војската искла, освен калуѓерите, селските слуги и работниците, уште и десетина луѓе, слепи и болни, засолнети во манастирот.

          – Долна Преспа: од 32 христијански села беа опожарени, целосно или делумно 8, од 1.649 христијански куќи – 291

          Битолската околија го држи второто место по бројот на опожарени христијански куќи, прво по бројот на искланите жители и прво по бројот на обесчестените моми и жени.

​

          Костурската каза, брои 128 села (заедно со Костур) со 13.223 куќи и 74.272 жители. Од селата 98 се христијански, 12 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 10.554 се христијански и 2669 муслимански. Од жителите 62.338 се христијани и 11.884 муслимани.

          Од 98 христијански села, 18 беа опожарени целосно и 6 делумно. Од 10.554 христијански куќи 2.750 беа опожарени (26.20%) и и останаа без покрив 15.650 души. Исклани и отепани жители 413, обесчестени моми и жени 396, запленети жени и моми 30.

          Костурската околија го зазема првото место по бројот на опожарени куќи (26.20%), трето по бројот на искланите и испотепани жители, прво по бројот на запленетите жени и моми и второ по бројот на обесчестените.

          Леринската каза, брои 78 села со 10.391 куќи и 60.025 жители. Од селата 40 се христијански, 20 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 6.458 се христијански и 3933 муслимански. Од жителите 37.505 се христијани и 22.520 муслимани.

          Од 40 христијански села, 12 беа опожарени целосно или делумно. Од 6.458 христијански куќи изгореа 902. Без покрив останаа 5.096 души. Убиени и исклани 229 души, обесчестени моми и жени 227.

          Леринската околија по бројот и процентот на опожарени куќи (13.90%) и исклани жители, како и по бројот на обесчестени моми и жени, го држи претпоследното место во вилаетот.

          Охридската каза, брои 101 село со 8.893 куќи и 60.305 жители. Од селата 75 се христијански, 14 муслимански и 12 мешовити. Од куќите 6.112 се христијански и 2.781 муслимански. Од жителите 43.368 се христијани и 16.937 муслимани.

          Од 75 христијански села, 32 беа целосно опожарени, а 10 делумно. Од 6.112 христијански куќи изгореа 2.064. Од 16.937 христијански жители 13144 останаа без покрив. Бројот на искланите и отепани жители се искачува на 419, а на обесчестените моми и жени 362.

          Охридската околија го држи процентно првото место во вилаетот и по бројот на опожарени куќи (38.80%) и по бројот на обездомените жители (30-40%) и по бројот на испотепаните и искланите (1%). По бројот на обесчестени жени и моми (362), е на трето место: после Битолската (1894) и Костурската (396); меѓутоа процентно, и во тој однос е на прво место.

          Кичевската каза, брои 118 села со 5.880 куќи и 39.590 жители. Од селата 81 се христијански, 21 муслимански и 16 мешовити. Од куќите 3.248 се христијански и 3.632 муслимански. Од жителите 21.800 се христијани и 17.790 муслимани.

          Од 81 христијански села, 10 се целосно или делумно опожарени. Од 3.248 христијански куќи 506 се опожарени. Од 21.800 христиојански жители 3.620 останаа без покрив. Исклани и отепани христијани 204, обесчестени моми и жени 73.

          Кичевската околија го држи последното место во вилаетот по бројот на опожарените куќи и обездомените жители, по бројот на испотепаните и искланите, како и на обесчестените моми и жени. Меѓутоа процентно, таа е на трето место (по Охридската и Костурската) по бројот на опожарените куќи (15-50%) и на второ (по Охридската) по бројот на искланите жители.

          Вкупно, во востанатата област на Битолскиот вилает од 21 јули до 20 септември, беа:

          Опожарени целосно или делумно 122 села со 8.646 куќи и останати без покрив 51.606 жители; убиени и исклани 1.779 души; обесчестени 2.152 жени и моми и запленети 37.

          Одрински вилает: востанието опфаќа делови од Лозенградскиот санџак: целата Малко Трновска каза, дел од Лозенградската, неколку села од Василикоската и 3 од Визенската.

          Од 24 христијански и 14 мешовити села во Лозенградската каза, опожарени беа целосно или делумно 16. Од 9.000 христијански куќи изгореа 1.090. Испоклани и испотепани беа 1.025 (13,30%!). Обесчестени жени и моми 241, запленети 91. Без покрив останаа 5.213 души. Две третини од населението во настраданите села побегна во Бугарија.

          Од 3.590 христијански куќи во М. Трновската каза изгореа 1.020 (28,40%!). Бројот на испокланите и испотепани 950, го достига невероватниот процент 5% од целото христијанско население. 611 жени и моми беа обесчестени и 36 запленети. 5.239 души (27.40% – повеќе од ?) избега во Бугарија.

​

          Василикоската околија брои само 10 христијански села. Од нив изгореа 5. Тука се случија најмалку обесчестувања, но пак најмногу клања. Само во месноста „Узун буџак“, беа стигнати од аскерот и отепани 130 души од семејствата на с.Пиргопуло, кои бегаа кон Бугарија. Процентот на испотепаните во Василикоско го надминува и тој во М. Трновско: 5.70%! (Во Охридско, најокрвавената околија во Битолскиот вилает е 1%). Воопшто, М. Трновско и Василикоско го држат првото место по жртви во текот на востанието од 1903 година.

          Вкупно, во Одринскиот вилает, или поточно во четирите кази, беа:

          Од 92 христијански села 66 беа целосно или делумно опожарени. Од 17.754 христијански куќи изгореа 2.610. Испоклани и испотепани – 2.565 души (во Битолскиот вилает – 1.779). Обесчестени жени и моми 920, запленети 135. Обездомени 12.880 души. Избегани во Бугарија 20.000 души.

          Во Солунскиот вилает, најмногу пострада Серскиот санџак, каде се случија и повеќе четнички напади и борби со аскерот. Разлошката околија, каде што се крена и вооруженото население, понесе страдања и даде жртви, кои се равни со некои околии од Битолскиот вилает. Опожарувања и клања се случија во Мехомија, Бачево и Белица. Други села беа ограбени. Стотици селани беа подложени на измачувања. Од 3.580 христијански куќи во таа околија изгореа 612 (12.50%), беа обездомени 2.500 души, 207 испотепани и испоклани (1%), 35 жени и моми обесчестени и 4 запленети.

          Во Неврокопската околија, најмногу пострадаа селата Обидим и Кремен, а во Мелничката – Пирин.

          Во целиот Серски санџак, беа опожарени во 10 села – 1.090 куќи, испоклани 290 души, обесчестени 50 жени и 4 запленети. Без покрив останаа 5.772 души.

​

          Во Солунскиот санџак на систематски терор беа подложени Тиквешката околија, а од селата во другите околии се случија палежи и убиства во Балинци (Дојранско), Под (Воденско), Смоквица (Гевгелиско) и др.

​

          Во Скопскиот санџак, главно после борбите со четите, беа опожарени и подложени на поголеми или помали клања селата: Долно Трогерци (Штипско), Ново Село, Витоша, Вранинци, Просек (Кочанско), Луково (Штипско) и др. Вкупно во санџакот беа опожарени 94 куќи и испоклани 60 души.

​

          Рекапитулација:

​

          Во четирите вилаети пострадаа повеќе или помалку 16 околии, во кои:

          201 село беа целосно или делумно опожарени, 12.440 куќи во тие села опожарени, 4.694 души беа испотепани, испоклани и живи изгорени. 3.122 жени и моми беа обесчестени, 176 жени и моми беа запленети, 70.835 души беа обездомени, 30.000 души избегаа во Бугарија.