Манол Розов

Манол Розов

Манол Розов е роден во селото Бобишта (денес Верга), Костурско, во 1876 година. Бил брат на македонскиот револуционер Михаил Розов.

Основното образование го завршил во Костур, а потоа се запишал во Солунската машка гимназија. Во 1900 година матурирал во Битола и истата година се приклучил кон ВМОРО.

При враќањето од Грција со товар оружје, заедно со Васил Чакаларов бил уапсен и затворен во Корча. По ослободувањето, во октомври 1902 година, работел како учител во родното Бобишта.

Од пролетта 1903 година преминал во илегала. На Смилевскиот конгрес бил избран за член на Костурското горско началство.

За време на Илинденското востание, како војвода на Бобишката чета, учествувал во повеќе борби во Костурско, како и во заземањето на Невеска и Клисура.

Кон крајот на востанието, заедно со костурските војводи Иван Попов и Лазар Поп Трајков, со своите чети успеал да го пробие обрачот на повеќеилјадната турска војска и да се префрли во Мариово.

На 3 септември 1903 година, на врвот Сокол на Ниџе Планина, бил опколен заедно со својата чета. Во нерамната борба против турскиот аскер загинал херојски, пеејќи ја песната „Убава си, моја горо“.