
Михаил Наумов Чеков е роден на 25 јуни 1873 година во селото Горно Врбени (Екши Су), Леринско.
Во 1892 година го завршил педагошкиот отсек на Солунската машка гимназија. Потоа работел како главен учител во селото Ваташа, Тиквешко, а подоцна и во родното Горно Врбени. Во тој период станал претседател на месниот револуционерен комитет на ВМОРО.
Во јануари 1902 година бил уапсен од турските власти и кратко време престојувал во Битолскиот затвор.
На 2 мај 1903 година, заедно со Георги Попанчев, учествувал на Смилевскиот конгрес како претставник на Леринскиот револуционерен реон.
Истата година организирал состанок на раководителите од Леринско во селото Баница. На 20 мај селото било опколено од турскиот аскер. Во борбите и повлекувањето од селото загинале војводата Георги Попанчев, неговиот помошник Васил Попов, секретарот на четата Стефан Партов и уште тринаесетмина четници.
По овие настани, Михаил Чеков се повлекол во Горно Врбени, а потоа, заедно со Георги Попхристов, се вратил во Баница и ги казнил лицата обвинети за предавството што довело до опколувањето на четата.
За време на Илинденското востание, заедно со Георги Попхристов и месните војводи Тале Хаџиев и Георги Чакров, со чета од околу 200 востаници ја нападнал железничката станица во Горно Врбени. По акцијата биле пресечени телеграфските врски во реонот.
Подоцна се здружил со четата на Васил Чакаларов, а на 12 август 1903 година заеднички ги нападнале и ги зазеле касарните во Невеска.
По задушувањето на востанието останал во Леринско до зимата, а потоа преку Грција се повлекол во Бугарија.
По Првата светска војна се населил во Велинград, каде што живеел до крајот на животот.
Починал во 1957 година во Велинград, Бугарија.