Мирче Ацев – Оровчанецот

Мирче Ацев – Оровчанецот е роден во 1859 година во селото Ореовец, Прилепско.

По завршувањето на основното образование работел како овчар, земјоделец и кираџија. Откако Турците му го убиле таткото, решил да им се одмазди и се приклучил кон четата на Коне Павлов.

По извесно време бил фатен од турските власти и во 1885 година бил испратен во познатиот солунски затвор Беаз Куле, каде што поминал повеќе години. Успеал да избега од затворот и да се префрли во Софија.

Во Бугарија бил обвинет за учество во убиството на Стефан Стамболов и бил осуден на три години затвор.

По излегувањето од затворот, заедно со своите браќа Петар и Ѓорѓи Ацев, активно се вклучил во револуционерната дејност на ВМОРО против османлиската власт во Македонија.

Во 1899 година формирал сопствена чета и заминал во Неврокопско, каде што водел повеќе успешни борби против турските власти.

Во 1901 година, на пат кон Прилепско, кај селото Уланци во Тиквешијата, неговата чета била откриена и опколена од турскиот аскер. По тешка и нерамна борба, четата била разбиена, а загинал и самиот војвода Мирче Ацев – Оровчанецот.

Тој останал запаметен како еден од раните војводи и борци на македонското револуционерно движење од Прилепскиот крај.