
Милан Матов
Милан Матов е роден на 8 ноември 1875 година во Струга. Бил брат на истакнатиот револуционер и идеолог на ВМОРО, Христо Матов.
Основното образование го завршил во родниот град, каде што во 1896 година се приклучил кон ВМОРО. Истата година се запишал во Битолската машка гимназија. Уште во првата година од школувањето, под раководство на Пере Тошев, организирал Младински револуционерен кружок.
Во септември 1900 година станал член на Околискиот револуционерен комитет во Струга, а подоцна бил назначен и за началник на вооружените чети во реонот.
Во пролетта 1902 година бил уапсен од турските власти и затворен во Охрид. Во затвор останал до март 1903 година, кога бил ослободен по општата амнестија.
За време на Илинденското востание бил четник во четата на војводата Лука Групчев и дејствувал на подрачјето на Струшко.
По востанието дошло до несогласувања со раководствата на Организацијата во Охрид и Струга, па во периодот 1904–1905 година работел како учител во Струга.
Во 1905 година, по препорака на Даме Груев, заминал во Битола и станал член на Битолскиот револуционерен округ. Од 1907 година ја извршувал должноста битолски окружен војвода.
Во периодот од 1909 до 1911 година бил училишен инспектор во Струга.
Во септември 1913 година учествувал во раководењето на Охридско-Дебарското востание против нововоспоставената српска власт во Македонија.
По Првата светска војна бил активен во Илинденската организација и во Македонскиот научен институт. Се залагал за надминување на поделбите и за прекин на меѓусебните судири меѓу Македонците.
Починал на 21 мај 1962 година во Софија.