
Менча Карничева е родена на 16 март 1900 година во Крушево. По националност била Влаинка.
По Илинденското востание, нејзиното семејство се преселило најпрво во Цариброд (денес Димитровград), а потоа во Софија. Во септември 1918 година заминала на школување во Минхен, Германија, но по завршувањето на Првата светска војна го прекинала образованието и се вратила во Бугарија.
Во Софија се вклучила во женското движење на македонската емиграција и извесно време била блиска до кругот на Тодор Паница. Подоцна се разочарала од неговите политички ставови и дејствување и на 15 март 1924 година се приклучила кон десното крило на ВМРО.
На 8 мај 1925 година, во виенскиот Бургтеатар, извршила атентат врз Тодор Паница, кого раководството на ВМРО го сметало за одговорен за убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов. При апсењето изјавила:
„Тој беше лош Македонец.“
Австрискиот суд ја осудил на осум години затвор. Поради сериозната здравствена состојба, Врховниот суд на Австрија ја прогласил за неспособна за издржување на казната, па кон крајот на 1925 година била ослободена и протерана од Австрија.
На 25 декември 1926 година стапила во брак со водачот на ВМРО, Иван Михајлов.
Последните години од животот ги поминала во емиграција. Починала на 12 септември 1964 година во Рим, Италија.