Лука Џеров

Лука Џеров е роден на 27 октомври 1870 година во Битола.

Основното образование го завршил во родниот град, а потоа и Солунската егзархиска гимназија. Со револуционерна дејност започнал да се занимава уште пред создавањето на ВМОРО.

Во 1892 година, заедно со Даме Груев и Анастас Лозанчев, ја формирал револуционерната група „Учителски сојуз“. Истата година заминал во Софија, каде што работел како службеник во Окружниот суд. Се приклучил кон Младата македонска книжевна дружина и соработувал во списанието „Лоза“ и весникот „Глас македонски“ во периодот 1893–1894 година.

Во два наврата со чета влегувал во Македонија. Во есента 1896 година бил назначен за учител во демирхисарското село Цер, а потоа учителствувал во Кичево во периодот 1897–1898 година, каде што развил значајна револуционерна дејност во полза на ВМОРО.

Поради својата револуционерна активност бил затворен и поминал повеќе од една година во турските затвори во Кичево и Битола.

По ослободувањето во 1901 година станал член на Битолскиот окружен револуционерен комитет, заменувајќи го Ѓорче Сугарев по откривањето на Јосифовата афера.

На Смилевскиот конгрес во мај 1903 година бил избран за началник на Кичевскиот востанички реон.

За време на Илинденското востание, при нападот на Кичево, заедно со Ванчо Србаков командувал со одред од околу 200 востаници.

По востанието се повлекол во Бугарија, каде што се приклучил кон Серската револуционерна група. Во 1907 година повторно дејствувал како војвода со чета во Битолско.

По Втората балканска војна се населил во Бугарија. Учествувал во активностите на Временото претставништво на поранешната ВМОРО.

Починал во Софија на 20 септември 1948 година.