
Лечо Ѓошев Настев е роден во селото Церово (денес Клиди), Леринско.
Се школувал во Битолската гимназија, а по завршувањето на образованието, во 1899–1900 година, работел како учител во костурското село Апоскеп.
Истата година се приклучил кон редовите на ВМОРО. Од летото 1900 година преминал во илегала и бил четник во четите на Коте Христов, Стојан Преспанчето и Марко Лерински, а извесно време бил и секретар на Јордан Пиперката.
Како претставник на Леринскиот револуционерен реон учествувал на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ.
За време на Илинденското востание, по загинувањето на војводата Марко Лерински, ја презел командата над неговата чета. Учествувал во повеќе борби против турскиот аскер кај селата Трсје, Буф, Неволјани, Баница, Екши-Су и Горничево, како и во околината на Невеска.
Загинал при крајот на Илинденското востание, во борбите кај селото Пиперчино, Леринско, на 23 септември 1903 година, заедно со војводата Димитар Ташеминов.