Крсто Гермов – Шаќир Војвода

Крсто Гермов, познат како Шаќир Војвода, е роден во Прилеп во 1875 година. По професија бил шнајдер.

Рано се вклучил во редовите на ВМОРО. Во 1902 година го убил шпионот кој ја предал четата на Марко Патчев во Кадино Село. Во почетокот дејствувал како четник во четата на Петар Ацев.

До Илинденското востание и за време на востанието бил секретар на мариовската чета на Толе Паша. По смртта на Толе Паша, кон крајот на 1903 година, станал реонски војвода во Мариово.

За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борби против турскиот аскер. По востанието, во пролетта 1904 година, го придружувал Ѓорче Петров, а потоа ја обиколувал Македонија заедно со Никола Каранџулов.

Во 1906 година бил уапсен заедно со Иван Ѓуров и осуден на доживотен затвор. По Хуриетот, на 24 јули 1908 година, бил амнестиран. За време на разоружителната акција на Младотурците во 1910 година бил изложен на мачења, по што избегал во Софија, каде отворил свое кафуле.

Како војвода на чета учествувал и во Првата и во Втората балканска војна, за што бил одликуван со орденот „За храброст“ – IV степен.

По Првата светска војна живеел во Бугарија. Во периодот 1935–1936 година, заедно со Анастас Динев, соработувал во списанието „Македонски вести“. Во септември 1944 година бил потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“.

Во Македонија се вратил во ноември 1944 година. Бил избран за народен пратеник од Прилепско во Народното собрание на Македонија, а првата седница на Собранието, одржана на 1 септември 1946 година, ја отворил токму Шаќир Војвода.

Починал во Скопје на 17 декември 1962 година и со највисоки почести бил погребан во Прилеп.