Крсто Асенов – Мечката

Крсто Асенов, познат како „Мечката“, бил Бугарин по националност, роден во 1877 година во Сливен, Бугарија. Гимназиско образование завршил во Варна, а високо образование во Софија. Под влијание на Гоце Делчев се вклучил во борбата за ослободување на Македонија и Одринско.

Дејствувал во Серскиот револуционерен округ како војвода на чета и бил близок соработник на Христо Чернопеев и Јане Сандански. Бил еден од иницијаторите и непосредните учесници во грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун во август 1901 година. Тој ги водел и преговорите со протестантската мисија околу висината на откупот.

Се истакнувал со исклучителна физичка сила и голема храброст, поради што ги добил прекарите „Мечката“, „Черкез“ и „Огнениот даскал“.

Пред почетокот на Илинденското востание бил војвода во Кукушко и учествувал во борбите кај селата Неманци и Постол. На Илинден 1903 година, во селото Корнишор, се обединиле четите на Крсто Асенов, Апостол војвода, Тодор Ѓотов и Иван Карасулијата, каде пред околу 250 четници било осветено востаничкото знаме.

По овие настани Асенов решил да се ожени со Ана Малешевска, ќерка на Никола Малешевски. Дел од четниците не го одобрувале тоа, особено десетарите Георги Бегинин и Димитар Битраков.

На 8 септември 1903 година, додека Крсто Асенов престојувал во колиба заедно со сопругата и еден курир, бил убиен на спиење од Мицо Големанов, по налог на Георги Бегинин.

По убиството бил формиран суд составен од истакнати револуционери. Физичкиот извршител Мицо Големанов бил осуден на смрт и казната била извршена. Подоцна и потстрекачот Георги Бегинин бил осуден на смрт, но пресудата не била извршена по барање на братот на Крсто Асенов.