
Кирил Глигоров (Келешов) е роден во Штип во 1903 година. Потекнувал од сиромашно семејство. Уште млад се вклучил во редовите на ВМРО и добивал задачи поврзани со големи ризици.
Организацијата му ја доверила задачата да го ликвидира Стојан Мишев од Штип, отпадник и предавник на македонското ослободително движење.
На 30 декември 1924 година, околу пладне, Кирил со неколку куршуми го убил Стојан Мишев пред прагот на неговиот дом. По извршената акција успеал да се пробива кон бугарската граница, но при минувањето низ селото Костин Дол, Кочанско, бил предаден од селанецот Стоил Шанкев. По кратка престрелка бил заробен и во окови однесен во штипскиот затвор.
Во затворот поминал осум месеци, изложен на жестоки мачења. Додека бил затворен, дознал дека неговиот предавник Стоил Шанкев бил егзекутиран од ВМРО пред неговиот дом во селото Костин Дол.
По долги и тешки измачувања, на 30 август 1925 година бил застрелан од српските жандари.