
Ѓорѓи Сугарев
Роден е во Битола во 1876 година. Завршил Егзархиска гимназија во родниот град и учителствувал во повеќе места низ Македонија. Во редовите на ТМОРО се вклучил во 1901 година.
Како окружен војвода со својата чета дејствувал во Битолско, Демирхисарско, Ресенско, Крушевско и Прилепско. Во мај 1903 година бил делегат на Битолскиот револуционерен округ на Смилевскиот конгрес.
За време на Илинденското востание активно учествувал во борбите и се истакнал во повеќе судири со турскиот аскер и башибозукот. По Востанието останал на теренот и посветено работел на обновувањето и зацврстувањето на Организацијата.
На 23 март 1906 година, по предавство од шпионот Петар Лигушев, секретар-благајник на Битолскиот револуционерен комитет, неговата чета била опколена во заседа кај селото Паралово, Мариовско. Во тешката и крвава борба загинала целата чета. Не сакајќи жив да падне во рацете на турскиот аскер, Ѓорѓи Сугарев извршил саможртва.
Така завршил животот на еден од најистакнатите битолски војводи и организатори на ВМОРО.