Георги Богданов

Роден е во Велес во 1879 година, во богато семејство. Основното образование го завршил во родниот град, а потоа школувањето го продолжил во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, каде што се запишал во 1897 година. Не ја завршил гимназијата и се занимавал со трговија. Во Солун се запознал со анархистичките идеи и во 1901 година се приклучил на групата на Гемиџиите.

Како гемиџија учествувал во Солунските атентати. На 29 април 1903 година фрлил бомба пред грчката кафеана „Ноја“, а наредниот ден бил уапсен. На судењето дал информации со кои ги довел во неповолна положба останатите другари. Заедно со Павел Шатев, Марко Бошнаков и Милан Арсов бил осуден на смрт. Додека ја чекале пресудата во солунскиот затвор, казната им била преиначена во доживотен затвор, по што во 1905 година бил испратен на заточение во Фезан, Африка.

По Младотурската револуција бил помилуван и заедно со Павел Шатев се вратил во Македонија, каде што се занимавал со трговија во Солун и Драма.

Во 1914 година влегол во Комитетот на дезертери, кој се спротивставил на обидите на српските власти да мобилизираат Македонци во Првата светска војна.

Умира на 12 јуни 1939 година во Софија, Бугарија.