Владислав Славчо Ковачев

Роден е во Штип на 5 јануари 1875 година. Во 1895 година завршил Воено училиште во Софија. Истата година учествувал во Четничката акција на Македонскиот комитет во Мелничко. Од 1899 до 1901 година бил секретар на Врховниот комитет.

Во 1902 година се определил против врховизмот и со чета заминал во Македонија, каде што водел борби против врховистите за спречување на Џумајското востание. Како штипски војвода зел учество во Илинденското востание во Штипско, Кочанско и Кратовско. Во 1904 година учествувал во работата на Времениот комитет на Борис Сарафов во Софија.

Од 1904 до 1909 година студирал правни науки во Париз, а во 1911 година докторирал во Брисел.

Зел активно учество во Балканските војни во редовите на бугарската армија, верувајќи дека се бори за независноста на Македонија. Подоцна ќе изјави: „Со создавањето на спорна и неспорна зона, почна поделбата на Македонија меѓу нејзините алчни соседи.“

По Првата светска војна работел како адвокат и судија. Во 1919 година ја издал брошурата „Автономна Македонија“, во која се залагал за самостојна и независна Македонија. Тој бил еден од водачите и главен идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација во Бугарија, формирана на 4 декември 1921 година. Од 1923 година бил член на раководството на Илинденската организација.

Убиен е на 13 септември 1924 година во Софија од Мирчо Кикиритков, егзекутор на ВМРО.