Силунски атентати (1903)

Солунските атентати од април 1903 година претставуваат еден од најпознатите и најдраматични настани во историјата на македонското револуционерно движење. Тие биле изведени од група млади револуционери, познати како „гемиџии“.

Гемиџиите биле под влијание на револуционерните и анархистичките идеи што се ширеле меѓу младите македонски дејци во Солун, Софија и Женева. Во нивниот кружок влегувале Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Тодор Богданов, Илија Тричков, Владимир Пингов, Милан Арсов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Георги Богданов и други.

Целта на атентатите била да се привлече вниманието на европската и светската јавност кон положбата на Македонија под османлиска власт и кон македонското ослободително движење.

Подготовките траеле подолго време. Гемиџиите најнапред планирале акции во Цариград и Солун, меѓу кои и копање канал под Отоманската банка. По низа неуспеси, откривања и заплени на експлозивен материјал, тие сепак успеале да обезбедат дел од потребниот динамит и да ја довршат подготовката за акциите во Солун.

На 15 април 1903 година Павел Шатев го запалил францускиот параброд „Гвадалкивир“ во Солунскиот Залив. Истата ноќ бил извршен и напад врз железничката линија Солун – Дедеагач.

На 16 април 1903 година биле изведени главните акции. Со експлозија биле оштетени гасоводните и водоводните цевки, по што градот останал во мрак и без вода. Потоа следувале бомбашки напади низ Солун. Најзначајниот удар бил уривањето на Отоманската банка, извршено од Јордан Поп Јорданов – Орцето, кој претходно го предупредил директорот на банката да ја напушти зградата.

Во текот на акциите и судирите со турската војска загинале повеќе гемиџии, меѓу кои Димитар Мечев, Илија Тричков, Владимир Пингов, Константин Кирков, Јордан Поп Јорданов – Орцето и Цветко Трајков.

По атентатите следувале масовни апсења. Биле уапсени околу 2.000 лица, од кои 353 биле изведени пред суд. Дел од обвинетите биле осудени на смрт, а други на долги затворски казни и заточение.

Четворица од преживеаните атентатори – Павел Шатев, Марко Бошнаков, Георги Богданов и Милан Арсов – биле испратени на заточение во Фезан. Бошнаков и Арсов починале во заточение, а Шатев и Богданов биле амнестирани по Младотурската револуција во 1908 година.

Солунските атентати предизвикале силен одек во европската јавност. Иако донеле тешки последици за Организацијата и за населението, тие го свртеле вниманието на светот кон македонското прашање и останале запаметени како чин на крајна саможртва на младите револуционери.

Извор: Христо Силјанов – Ослободителните борби на Македонија.