
Љубомир Весов е роден во 1892 година во Велес. Неговото семејство рано се преселило во Софија, но никогаш не ја прекинало врската со Македонија и македонското ослободително движење.
Целото свое образование, вклучително и универзитетското, го стекнал во Бугарија. Во редовите на ВМОРО се вклучил уште како ученик и неколку години дејствувал како четник во Македонија.
За време на Првата балканска војна бил доброволец во Македонско-одринското ополчение, во четите на Иван Попов и Христо Силјанов. Во април 1913 година бил во четата на Петар Чаулев, која водела жестоки борби во Криволачко. За покажаната храброст бил одликуван со сребрен медал.
Од 1913 година започнал да објавува свои стихови и да преведува дела од руски поети.
На 20 март 1915 година учествувал во Валандовската акција заедно со војводите Велко Стојанов, Петар Овчаров, Петар Чаулев и Петар Карамфилович. Во акцијата, со околу 1.000 четници, биле поразени српските воени сили и накратко било ослободено Валандово.
Учествувал и во Првата светска војна, а по нејзиното завршување дипломирал право на Софискиот универзитет.
Во март 1920 година бил еден од основачите и раководителите на Македонското студентско друштво „Вардар“.
Од 1920 година бил крушевски војвода на ВМРО.
На 3 ноември 1922 година, кај селото Острилци, Крушевско, бил опколен од српската полиција. За да не падне жив во рацете на противникот, извршил самоубиство.