Ѓорѓи Наумов – Пљакот

Роден е во с. Сланско, Крушевско, во 1851 година. Бил еден од најстарите дејци на Револуционерната организација и истакнат борец против османлиското ропство.

Во март 1901 година, заедно со Пиперката, се приклучил во четата на војводата Никола Русински, во која членувал и Васил Марков. На 30 јуни 1902 година Окружниот комитет во Битола го назначил за крушевски војвода.

За време на Илинденското востание, при подготовките и ослободувањето на Крушево, како стар и искусен војвода одиграл значајна улога во изработката на планот за борбените дејства и во организацијата на востаничките сили.

По Востанието останал во Крушевско, каде што активно учествувал во борбата против грчката и српската пропаганда.

Храбро загинал во борба со многуброен турски аскер на 23 септември 1904 година кај селото Слатина, Кичевско.