Павел Поцев Шатев (1882–1951)

Павел Поцев Шатев е роден на 2 јуни 1882 година во Кратово. Основното образование го стекнал во родниот град, а потоа учел во Скопје и во Солунската гимназија, каде матурирал во учебната 1899/1900 година.

Уште како ученик во Солун се запознал со револуционерното движење преку Пере Тошев и Христо Матов. Во 1898/1899 година, заедно со група млади анархисти, го формирал кружокот „Гемиџии“.

За време на Солунските атентати во април 1903 година, Павел Шатев го запалил францускиот параброд „Гвадалкивир“. По атентатите бил уапсен и осуден на доживотен затвор. Казната ја издржувал во затворот Фезан во Африка, од каде бил ослободен по општата амнестија во 1908 година.

Во 1925 година бил еден од основачите на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се вратил во Бугарија, каде работел во државната безбедност, а подоцна и како адвокат. Во тој период активно се занимавал и со публицистика.

Во 1942 година во Софија бил осуден на 15 години затвор.

На 27 октомври 1944 година бил делегат на АСНОМ. Во првата македонска влада во 1945 година бил избран за министер за правосудство, а во мај 1946 година за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Бил избран и за сојузен народен пратеник во Собранието на ДФЈ.

Во 1949 година, по Резолуцијата на Информбирото, бил уапсен како „потенцијален непријател на државата“ и отстранет од јавниот живот. Во истражниот затвор во Скопје бил задржан единаесет месеци, по што бил испратен во Битола, каде живеел во услови на домашен притвор.

Починал на 30 јануари 1951 година во Битола.

Павел Шатев останува запаметен како последниот жив учесник во Солунските атентати, револуционер, публицист и еден од учесниците во создавањето на современата македонска државност.