
Никола Карев е роден на 23 ноември 1877 година во Крушево.
Како млад печалбар извесно време живеел и работел во Софија, најпрво како ѕидар, а потоа и како столар. По враќањето во Македонија во 1899 година се посветил на дообразување и во 1900 година ја завршил Битолската машка гимназија.
Истата година се приклучил кон ВМОРО и станал член на Битолскиот револуционерен окружен комитет. Во периодот од 1900 до 1903 година работел како учител во селото Горно Дивјаци и во Крушево.
Во почетокот на 1903 година застанал на чело на Крушевскиот револуционерен комитет. На Смилевскиот конгрес бил избран за раководител на Крушевското горско началство и добил една од најодговорните задачи во подготовките за востанието.
За време на Илинденското востание бил началник на Штабот на Крушевските востаници, главен организатор и идеолог на Крушевската Република.
Во деновите на Републиката, Привремената влада на Крушево, во име на Штабот, го испратила познатиот Крушевски манифест до муслиманското население во околината, повикувајќи го да се приклучи во борбата за слобода и правда на сите угнетени народи во Македонија.
По задушувањето на востанието илегално преминал во Србија, а потоа во Бугарија, каде извесно време бил активен во социјалистичкото движење.
На 16 март 1905 година, заедно со четата на Пере Ацев, преку Ќустендилскиот пункт на ВМОРО повторно влегол во Македонија.
На пат кон Крушевско, на 27 април 1905 година, кај селото Рајчани во Кочанско, бил опколен од турска војска. Во нерамната борба храбро загинал Никола Карев, претседателот на Крушевската Република.
Никола Карев останал запаметен како една од најзначајните личности во македонското национално-ослободително движење, водач на Крушевската Република и симбол на Илинденското востание.