Никола Каранџулов

Никола Каранџулов е роден во 1880 година во Прилеп.

Се школувал во Прилеп, Битола и Ќустендил, а образованието го завршил во Педагошкото училиште во Загреб.

Во редовите на ВМОРО се вклучил уште во 1898 година. По завршувањето на образованието се вратил во Македонија и активно се посветил на револуционерната дејност.

Додека учителствувал во Прилеп, во учебната 1898–1899 година, бил раководител на Прилепскиот околиски револуционерен комитет. Во учебната 1899–1900 година работел како учител во Куманово, а од 1900 до 1902 година бил учител во Крива Паланка. Таму бил претседател на Околискиот комитет на ВМОРО и активно учествувал во организирањето на каналите за пренесување оружје од Бугарија во Македонија.

Во март 1903 година бил уапсен од турските власти и осуден на шест години затвор. Бил испратен во Битолскиот затвор, од каде успеал да избега во март 1904 година.

По бегството преминал во илегала и станал војвода на чета, а истовремено бил и инструктор и ревизор на четите во Прилепско. Истата година учествувал на Прилепскиот конгрес на ВМОРО.

На 28 јули 1904 година неговата чета и четата на Пере Ацев биле откриени од турскиот аскер во околината на селото Селце, Прилепско, кај месноста „Црвена Стена“.

Во нерамната повеќечасовна борба Никола Каранџулов бил тешко ранет. Свесен дека нема да може да се извлече и за да не падне жив во рацете на непријателот, побарал од својот соборец Коце од Велмевци да го застрела.

Така, на 28 јули 1904 година, загинал еден од истакнатите револуционерни дејци на ВМОРО во Прилепско и Кривопаланечко.