Михаил Чаков

Михаил Чаков

Михаил Чаков е роден на 16 март 1873 година во Гуменџе (денес Гумениса), Ениџевардарско.

По завршувањето на шести клас во Солунската машка гимназија работел како учител во селото Тумба, Ениџевардарско. Во редовите на ВМОРО се вклучил во 1897 година.

Најпрво бил четник во четата на Михаил Апостолов – Попето, а во 1900 година станал војвода во Поројскиот реон на Серскиот револуционерен округ. Бил еден од најблиските приврзаници и соработници на Гоце Делчев.

Како војвода дејствувал во Петричко, Драмско, Серско, Кумановско и Велешко. Во текот на 1903 година бил во четата на Гоце Делчев и учествувал во борбите кај селото Баница, Серско, каде на 4 мај 1903 година загинал Делчев.

За време на Илинденското востание учествувал во повеќе борбени акции. На 30 август 1903 година, во Пиринскиот крај, четите на Михаил Чаков, Јане Сандански, капетан Јордан Стојанов и Стојан Малчанков воделе голема битка со бројна турска војска кај текето „Света Троица“ во Мелничко.

По востанието продолжил со револуционерната дејност. Во 1905 година бил војвода во Кумановско, во 1906 година во Серско, а во периодот 1907–1908 година дејствувал во Велешко.

На 23 април 1906 година, заедно со Атанас Спасов, отишол во Баница и ги извадил посмртните останки на Гоце Делчев, кои биле сокриени под светиот престол на селската црква.

Во јули 1907 година учествувал во познатата битка кај Ножот. По Младотурската револуција во 1908 година се легализирал и се вратил да живее во Гуменџе. Во јуни 1909 година бил уапсен и затворен во Солун.

Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна.

По војната му помогнал на Никола Мутафчиев да добие патна исправа и да ги пренесе коските на Гоце Делчев од Баница. До 1923 година ги чувал во својот дом, а потоа, по барање на Тодор Александров, тие биле изложени десет дена во црквата „Св. Недела“ во Софија.

Починал во Софија на 17 септември 1938 година.