
Митре Панџаров – Влаот е роден во 1873 година во селото Кономлади (денес Макрохори), Костурско.
По потекло Влав, во младоста работел како овчар. Иако немал формално образование, во редовите на ВМОРО се описменил и постепено се издигнал во еден од најпочитуваните и најпредани револуционери во Костурскиот револуционерен реон.
Во 1901 година, во Кономлади била формирана првата чета на ВМОРО во Костурско, во која се приклучил и тој. Во четата на Марко Лерински се описменил и постепено напредувал до помошник-војвода на Георги Попанчев.
Кон крајот на 1901 година формирал сопствена чета, во која се вклучиле и неговиот татко и браќата.
Учествувал на Смилевскиот конгрес на ВМОРО во 1903 година, на кој била донесена одлуката за кревање на Илинденското востание.
Во мај 1903 година неговата чета водела борба со турската војска кај селото Руља, а на 26 јуни истата година извршила акција против петмина патријаршисти во селото Нере.
За време на Илинденското востание бил раководител на реонот Корешта во Костурско. Се истакнал со голема храброст во бројните судири со турскиот аскер. Во борбата кај селото Писодер бил тешко ранет, но благодарение на грижата и поддршката на месното население успеал да закрепне и да ја преживее тешката зима.
По неуспехот на востанието бил еден од ретките војводи кои не ја напуштиле Македонија. Во април 1904 година, заедно со Георги Попхристов, формирал нова чета. Подоцна бил прогласен за главен војвода во Костенаријата, а потоа и за реонски војвода на целиот Костурски револуционерен реон.
На 22 февруари 1907 година, кај селото Жупаништа (денес Левки), Костурско, по предавство бил опколен заедно со тројца свои четници. Во нерамната борба со турскиот аскер бил тешко ранет и, за да не биде заробен жив, извршил самоубиство.
На 13 март 1907 година, реонската чета на ВМОРО влегла во Жупаништа и ги казнила со смрт лицата што ја извршиле предавничката дојава.