Леонид Јанков

Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во селото Мачуково, Гевгелиско.

Под влијание на учителите и нивната агитација против турското ропство, уште како млад се вклучил во редовите на ВМОРО. За кратко време станал раководител на селскиот револуционерен комитет во родното село.

По убиството на шпионот Ристо Дојчинов бил принуден да премине во илегала. Најпрво станал комита, а потоа и десетар во четата на војводата Апостол Манасиев.

Учествувал во многубројни борби против турските власти. Со својата физичка сила, извонредна стрелачка вештина и исклучителна храброст станал еден од најпочитуваните и најомилени револуционери во Гевгелиско.

По Илинденското востание се префрлил во Бугарија. Во 1904 година, заедно со Тодор Донев и Михаил Таушанов, повторно се вратил во Македонија и развил широка организациска дејност. Од летото 1905 година бил гевгелиски војвода на ВМОРО.

На 31 август 1905 година бил заробен курир на неговата чета, при што турските власти дошле до шифрирано писмо. По делумното дешифрирање на писмото успеале да ги откријат трагите на четата на Леонид Јанков.

На 2 септември 1905 година четата била опколена кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско. Во нерамната борба, која траела цел ден против многубројна турска војска, загинале двајцата соборци на Леонид, додека турската страна претрпела големи загуби.

Останат сам, Леонид Јанков со претпоследниот куршум го ранил јузбашијата што ја предводел турската војска, а со последниот куршум си го одзел животот, за да не падне жив во рацете на непријателот.