Ламбе Блажев

Ламбе Блажев е роден во селото Опеница, Охридско, во 1880 година.

Како член на ВМОРО учествувал во Илинденското востание како четник. Во борбата кај месноста Рашани, Охридско, на 31 август 1903 година бил ранет во десната рака, по што останал инвалид.

По завршувањето на востанието се легализирал и почнал да се занимава со трговија. Во Охрид отворил колонијална продавница и живеел мирен живот.

Во 1915 година, при повлекувањето на српската окупаторска војска, неговиот дуќан бил ограбен и демолиран. Кога отишол да ја види направената штета, во продавницата затекнал двајца српски војници кои ја обивале касата. Во судирот што настанал успеал да им ја одземе секирата и со неа ги усмртил двајцата војници, по што нивните тела биле фрлени во реката.

Во 1918 година, по враќањето на српската власт во Охрид, бил уапсен и осуден на дваесет години строг затвор за убиството на двајцата војници.

Подоцна била поднесена жалба до Апелациониот суд со барање за намалување на казната. Наместо тоа, судот ја преиначил пресудата и го осудил на смрт.

На 2 август 1921 година, кај месноста Рача, Ламбе Блажев бил јавно застрелан.