Кузман (Кузо) Стефов

Кузман (Кузо) Стефов е роден на 25 септември 1875 година во селото Загоричани (денес Василиада), Костурско. Основното образование го завршил во родното село, а потоа школувањето го продолжил во Костур и Цариград. Во 1894 година се запишал во Битолската машка гимназија, а образованието го завршил во Солунската машка гимназија во 1898 година.

За време на школувањето во Солун се спријателил со Лазар Поптрајков и Ламбро Москов. Истата година се вклучил во редовите на ВМОРО. По завршувањето на образованието учителствувал во Хрупишта.

По апсењето на Лазар Поптрајков во 1899 година, Кузо Стефов станал еден од раководителите на Костурскиот револуционерен округ. Заедно со Павел Христов и Михаил Николов развил широка револуционерна дејност во регионот.

Во почетокот на 1901 година, по наредба на Организацијата, бил ликвидиран Нуредин ефенди од селото Света Недела, познат како еден од најголемите злосторници во областа. Во документ изгубен за време на атентатот, кој паднал во рацете на турските власти, било споменато и името на Кузо Стефов, по што бил уапсен. Додека бил спроведуван на судење во Корча, успеал да им избега на турските стражари и повторно преминал во илегала.

Во почетокот на 1902 година Гоце Делчев го посетил Костурскиот револуционерен реон и за раководители на Пополската област ги определил Кузман Стефов, Лазар Поптрајков, Ламбро Москов и Павел Кљашев.

На 24 февруари 1902 година, кај селото Шестово, Костурско, во судир со турскиот аскер бил тешко ранет. Иако успеал да се извлече од непријателскиот обрач и да се засолни во домот на својата свршеница, по извесно време им подлегнал на раните.

Неговата свршеница, учителката Василка Иванова, не можејќи да ја преболи неговата смрт, извршила самоубиство над неговото мртво тело.

За да го заплашат населението, турските власти им ги отсекле главите на Кузман Стефов и Малиот Наке и два дена ги држеле изложени пред конакот во Костур.